1 Беседи за животот по животот (pdf)

2 Беседи за животот по животот (pdf)

3 Беседи за животот по животот (pdf)

 

Архимандрит Серафим

Беседи за животот по животот

 

„ Она што е тајно, Му припаѓа на Господ, нашиот Бог, а она што e јавно нам и на синовите наши довека, за да ги извршуваме сите зборови на овој закон“

[5. Мојс. 29, 29]

„Јас сум Патот, Вистината и Животот " вели Христос

[Јован 14, 6]

-Еден млад грчки трговец од градот Драма разговарал со своите блиски:

-Утре со својот автомобил тргнувам за Истанбул. Таму ќе склучам погодна зделка. Уверен сум, дека ќе ми донесе голема печалба.

-А колку време ќе се задржиш во Истанбул? го прашале неговите пријатели.

-Само два-три дена. Сѐ е договорено претходно.

-Кога ќе се вратиш за да го прославиме твојот успех?

-Во недела сум веќе тука. Ќе ве соберам во било кој ресторан.

Неговите пријатели му посакале добар пат и се разделиле со него.

Утредента тој тргнал на пат. Ho пo неколку часа пријатно патување неочекувано доживеал сообраќајна несреќа и загинал. Тој не успеал да ја исполни својата намера, зашто бил пресретнат од смртта, која го однела не во Истамбул, а во оној свет...

„Човекот предлага, а Господ располага“ гласи често употребуваната, но секогаш, речиси, заборавена народна мудрост. Ние планираме многу нешта, се вознемируваме, се гневиме, полагаме надеж на иднината, но одеднаш, една невидлива Рака ги избришува сите наши проекти и нѐ одведува таму од каде што нема враќање.

При оваа фактичка состојба на работите се прашуваме: Припаѓаме ли на себеси? Одговорот е: Не! Безбројните примери од животот околу нас секојдневно го потврдуваат ова. Токму кога некој ќе помисли дека сѐ подредил, дека сега ќе може да си поживее, доаѓа смртта како крадец и го грабнува, за да го одведе во задгробниот свет...

Мнозинството луѓе живеат со илузиите на земниот живот и забораваат дека се смртни. Тие ги градат своите домови и среќи врз несигурна основа. Затоа нивните планови често им се рушат пред да бидат исполнети [Според Мат. 7, 26-27]. За изградување, пак, на свој вечен дом, тие, дури и не помислуваат. Го сметаат за празна фантазија. Ова е трагичното во нивните судбини.

Оние кои веруваат во Христа Спасителот не треба да забораваат, дека се создадени за вечен живот и дека тој претставува најскап Божји дар за нас. Творецот, во Кого е „изворот на животот“ [Псал. 35, 9], „ја вложил вечноста во срцето на човекот“, по зборовите на премудриот Соломон.

По гревопадот блажената вечност била изгубена за нас.

Меѓутоа, копнежот по неа останал. Ете, тој копнеж е првичен и неискоренлив. Тој не е илузија, не е вообразба, туку реална жед, која не нѐ лаже, според зборовите на Фридрих Шилер. Со тој копнеж живееле сите луѓе. Во него верувале и најголемите умови. На него одговара една загубена вредност. Тој е изразен во следната трогателно проста и искрена детска песничка, составена од нам непознат автор:

„Секогаш нека биде сонце! Секогаш нека биде небо! Секогаш нека биде мама! Секогаш нека бидам јас!“

Да, убаво е сето ова! Но ова „јас", кое копнее за вечност, ќе умре! И мама е смртна! И „сонцето ќе потемнее!“ [Мат. 24,29]. И „небото и земјата ќе минат!“ [Лука 21,33]. Тогаш, што останува од сите тие прекрасни желби за вечност? Само еден празен копнеж ли? Не! Зад него се крие нешто длабоко реално!

За оние кои не веруваат, вечниот живот е илузија, а за духовно мудриот човек времениот живот е илузија; зашто, кога сѐ градиш врз него, тој ти се извлекува од рацете и те остава излажан во твоите надежи. Ако ние често гледаме на него како на единствено вистинит, тогаш, тоа е поради нашето неправилно гледање на нештата и поради типичниот за нас земен кусоглед, при што планините наоколу ни се гледаат големи, а звездите мали.

Ние не можеме, а честопати не сакаме да се издигнеме до височините на вечноста и оттаму да погледнеме врз сликите на животот кои брзо протекуваат и постојано се менуваат. Каде се оние, кои играле некаква улога на земната сцена пред неколку години? Исчезнале засекогаш! Други се јавуваат на нивно место, за да исчезнат наскоро и тие. Напразно си вообразува човек додека е жив, дека е некаква величина! Неговиот крај му ја покажува неговата вистинска вредност.

Смртта е неизбежен дел на секој Адамов потомок.

„Ниеден човек нема власт над духот, и нема власт над смртниот ден нема избавување од таа работа“ вели библискиот мудрец [Проп. 8, 8]. Медицината се труди да го продолжи земниот живот, но таа не го нашла и нема да го најде лекот против смртта. Ние се лажеме дека долго ќе живееме на земјата. Смртта нѐ демне од секој агол. Многу луѓе биле изненадени од неа. Од смртта не се изненадува само оној, кој свикнал секој ден да мисли за својот последен час и се подготвува да го пресретне похристијански, т.е. со вера во Христа, Единствениот Победител на смртта. Знаејќи дека деновите му се избројани, таквиот човек сам ја демне смртта, за да не го издемне таа. Таквиот човек е мудар, зашто, ползувајќи се разумно од земниот живот, кој не е негова сопственост, тој ја прави блажената вечност своја сопственост.

Словото Божјо нѐ учи, a и искуството го потврдува тоа, дека не сме господари ниту на својот живот, ниту на својот имот. Ние сме тука времени управители на времено доверените ни блага. Поставени сме не по наша волја во еден привремен престој во големата необична сечовечка чекална. Во неа сите сме привремени наемници, макар што некои се мислат дека се „сопственици“. Штом ќе ни истече рокот, треба cѐ да оставиме тука. Дали ќе се осознаеме или не, ние сме слуги на Господарот на вселената. Тој ни возложува разни служби и ќе ни побара сметка како сме Му служеле. Секој од нас, порано или подоцна ќе го чуе строгиот глас на Судијата: „Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник“ [Лука 16, 2], т.е. да управуваш со Мојот имот.

Себеизмама е, ако не помислуваме на смртта „дека таа нема да се доближи до нас. Напротив, таа се доближува секоја минута, и притоа, колку понезабележано, толку поопасно. Неволен благодетел за оние кои ја очекуваат со вера и покајание, затоа што ги воведува од долината на маките во блажената вечност, смртта се претвора во зол непријател за оние кои ја превидуваат, зашто ги турка во адот. Ако си се подготвувал за неа, таа, во замена на овдешниот тажен живот ќе ти донесе бескрајна радост и вечно блаженство. Меѓутоа, ако не си мислел на неа, тешко и горко на тебе! Кога најмалку ја очекуваш, таа ќе дојде и ќе те грабне од сите блага и времени, и вечни. Затоа, плачи во покајание, пред таа да дојде, за да не плаче за тебе твојот Ангел - Пазител, кога таа ненадејно ќе се јави и ќе те грабне.

Запомни: нема во овој свет град без гробишта и дом без некролози! Гробиштата, тие градови на мртовците, се помногубројни градови по земјата. Смртта е универзална. Темата за неа не старее и сите некролози се вознемирувачки вести. И оние кои веруваат и оние кои не веруваат се интересираат по прашањето за смртта. Каде што се раѓа дете, таму се отвора нов гроб. И нашиот ред доаѓа. Патот на животот е пат кон смртта. Тоа е дел на сѐ живо по земјата. Но, додека другите живи суштества ниту знаат зошто живеат, ниту знаат дека ќе умрат, луѓето знаат дека ќе умрат. Но, дали сите знаат зошто живеат?

На еден млад човек, кој прашал, што треба да прави, за да ја спаси душата своја, Христос му одговорил: „Ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите" [Мат. 19, 17]. Што значат зборовите: „Ако сакаш да влезеш во животот?" Та нели, младичот влегол во животот уште со своето раѓање?! Нели тој е жив, штом разговара со Спасителот? Да, жив е, но е предопределен да умре. А прашањето на младиот човек е, не како да се подреди во овој живот, како да се себеозалажува со неговите забавни измами, а како да го наследи вечниот живот, вистински реалниот и бесмртниот! Исус Христос му одговара: „Ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите!“ Тој не рекол: „Ако сакаш да влезеш во вечниот живот“, но го употребил само зборот „живот", т.е. го нарекол вистински живот само оној, кој ќе дојде по смртта и ќе биде вечен! Зашто сегашниот живот е подобен [сличен] на сенка, која се губи, и на сон, кој исчезнува при нашето разбудување за вечен живот [Псал. 72, 20].

Во земниот живот се стапува преку телесно раѓање, а во вечниот живот се влегува преку духовно раѓање од вода и Дух [Јован 3,5], т.е. преку примање на Божествената благодат во тајната на Крштението. Но, тајната Крштение, колку и да е неопходна како услов за влегување во вечниот живот, не му е сигурност против времената и вечна смрт што го демне. Тоа не е доволно за влегување во животот, освен ако некој умре веднаш по своето крштевање, без да се огрешил. Колку крстени христијани загинувале и загинуваат за Бога, за верата и за вечниот живот! За да влезеш во вистинскиот живот, треба согласно советот на Христа да ги запазуваш Божјите заповеди, црпејќи сили од добиената во тајните Крштение и Миропомазание, Божја благодат. Запазувањето на Божјите заповеди му осигурува на човекот пристап до Царството небесно.

Сите заповеди се сведуваат на две најглавни: првата е верата во Бога и љубовта кон Него, а втората заповед е љубовта кон ближните и сврзаните со таа љубов добри дела кон нив. Ова во словото Божјо е изразено вака: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“. Таа е првата и најголема заповед. А втората, слична на неа е: „возљуби го својот ближен како себеси!" [Мат. 22, 37-39]. Човек не може да Го сака Господа, ако не верува во Него, ниту може да има вистински добри дела кон ближниот, ако не Го сака.

Вечниот блажен живот според Христа е сличен на богатство сокриено во нива [Мат. 13,44]. За придобивање на ова богатство ние треба да жртвуваме cѐ; и земните задоволства, и гревовните страсти, a понекогаш дури и целиот свој земен живот. Кој ќе го најде сокриеното во нивата богатство, тој ќе биде блажен во вечноста.

Да си ја претставиме следната слика: пред нас застанува еден Севластен Господар [Бог], нѐ воведува во чудна градина и ни вели: „Тука Јас сум сокрил големи богатства, кои, вие треба да ги откриете копајќи насекаде. Ви давам само еден час. Колку богатства ќе соберете за ова кратко време, со толку богатства ќе располагате преку целиот свој живот!“

Како би ја искористил мудриот човек дадената можност да се збогати така брзо со бесценети богатства? Зар би легнал под сенката на дрвјата да почива! Зар би се предал на празни забави и глупави разговори? Зар би се шетал и скитал бесцелно низ паркот? He! Toj веднаш би се фатил за мотиката и би почнал насекаде да ги бара сокриените скапоцености, зашто, колку повеќе ќе собере, со толку ќе излезе од необичната градина, за да го осигура со нив целиот свој понатамошен живот.

Ете, таква градина е земјата. Во неа сме пуштени за малку, не повеќе од еден час. Сокриените богатства се добродетелите, со кои, Христос нѐ поканува да се обогатиме, за да влеземе подготвени во животот, наречен рајска вечност. Исполнетиот живот со добрини, смртта го ослободила од стравови и ужаси. Со радост ја пречекува смртта само оној, кој Го сака Господа. Светиот апостол Павле ја нарекува благодетелка, која ветува да го соедини со Христа [Фил.1,21].

Ако секој ден за време на својот живот умираме за своите гревови, преку нашата смрт ќе оживееме за вечната радост во Бога. Затоа, пред ние да умреме, нека умрат во нас нашите гревови и беззаконија! Останат ли тие да живеат, ќе умреме ние за нашето спасение засекогаш! Зашто, штом гревот оживее во нас, ние умираме [спореди Рим. 7, 9-10]. Да запамтиме, дека оние што умираат на земјата се раѓаат отаде или за небото, или за адот.

Времето лета, a вечноста останува и ние ќе живееме вечно во неа. - Но, за радост или за мака? Кој тука гревовно се веселел и не се покајал, тој вечно ќе плаче таму. Кој, пак, тука плачел, каејќи се за своите гревови пред Бога, таму вечно ќе се радува. „Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат!“ [Мат. 5,4].

Земниот живот е сличен на сон. Свети Јован Златоуст добро пишува, што се однесува до грешниците кои лакомат за лажни наслади: „Што претставува сонувањето во текот на една ноќ во споредба со целиот останат живот, тоа означува и [краткото] насладување со овдешните блага во споредба со долготрајноста на идните. Ќе се најде ли човек, кој, само за да види еден пријатен сон, би се решил да трпи казна цел живот?“

Сонот е нешто нереално. Тој исчезнува со разбудувањето. Така е и земниот живот, колку и реален да ни се чини, штом заврши, ќе ни се види нереален слично на сон исчезнат како оптичка илузија, одлетал засекогаш како призрак, неуловлив како сенка, кој се лизнал од наша власт како ветар. Единствено вечниот живот е реален, зашто никогаш не завршува, а е вечна сопственост на човекот. За него треба да се потрудиме!

Така погледнати,сосема неубедливи се покажуваат прашањата на мрзливите и природно неактивните луѓе: „Зошто е ова задолжителен услов, да се трудиме напорно за своето спасение? Можеби и без усилби ние некако ќе се спасиме?“ Оваа надеж се покажува суетна. Исто е некој да си рече [бидејќи не му се работи]: „Зошто да се трудам на нивата? Зошто ќе ја орам и сејам? Можеби ќе роди жито и без орање и без сеидба, просто, по Божја благодат!“ Таков мечтател за нереални нешта ќе остане излажан и ќе умре од глад... Ако сакаш да влезеш во животот на вечното изобилие, пази ги Заповедите, т.е. потруди се на духовната нива! „...Кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот" [Гал. 6, 8].

Друг, обратно, си вели: „Јас задолжително ќе сејам духовно, ќе се трудам постојано и ќе го наследам вечниот живот!“ Таков човек, исто така, замислува неисполниво нешто: сам преку својот труд да го заслужи дарот на блажената вечност. Христос директно ги учи таквите: „...без Мене не можете да направите ништо“ [Јован 15,5]. „...Никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене“ [Јован 14,6]. „Ако Господ не ја изѕида куќата - вели Псалмопевецот, попусто ќе се трудат градителите нејзини“ [Псал. 126,1]. Себенадевањето мнозина погубило. Без благодат никаде не се стигнува, освен до адот.

Вистината е една, изразена од свети апостол Павле со следните мисли: 1]„...со страв и трепет градете го своето спасение!“ [Фил. 2,12] и 2] „Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас туку дар Божји! Не е од дела, за да не се пофали некој“ [Ефес. 2, 8-9]. Во тој дух прекрасно се изразува свети Марко Подвижник, кој пишува: „Господ, сакајќи да покаже, од една страна, дека секоја заповед е задолжителна, а од друга, дека восиновувањето нам ни е дарувано преку Неговата крв, зборува: „Па така и вие, откако ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: „Ние сме слуги бесполезни, зашто го извршивме она што бевме должни да го извршиме“ [Лука 17, 10]. И така, Царството небесно не е награда за нашите дела, а голем дар на Господарот, приготвено за верните чеда“.

Човек не треба да се предава ниту на мрзливост, ниту на себенадевање по патот кон Царството небесно! Ние не можеме сами да се спасиме, како што не е возможно за еден патник кој пропаднал во кал, сам да се извлече оттаму со сопствени сили. .,Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја“ [Фил. 2,13]. Со Божјата благодат, но и со труд од човечка страна, се извршува спасението.

Вообичаено, луѓето страсно го сакаат земниот живот, зашто „слатка е светлината дневна за гледање, и пријатно е да се биде жив“[Проп.11,7].Сепак, овој живот е сврзан со толку многу непријатности, болести, несреќи, усилби, маки и трудови! Колку многу грижи носи секој ден! Колку главоболки! Колку досади! Колку умор! А ете, се разболе ли човек, веднаш бара лекар и лекарства, за некако да не се лиши од земниот живот. Впрочем, и ова е нормално. Меѓутоа, кон вечниот живот се забележува рамнодушност, дури и немање желба, бидејќи кон него се врви по патот на духовните подвизи и во него се влегува преку вратата на смртта. Да умира, пак, не сака никој од приврзаните кон земјата луѓе, особено оние, кои не веруваат во вечниот живот!

Некои чувствуваат тежина од животот, божем сакаат да умрат, но, се покаже ли смртта, бегаат од неа. Позната е приказната за оној старец, кој требало да носи тежок товар дрва на својот грб. Крајно истоштен, тој го симнал својот товар и седнал да се одмори. Длабоко воздивнал и извикал: „О, смрт, каде си?“ Одеднаш смртта се покажала и му рекла: „Еве ме! Зошто ме бараш?“ „За да ми го подигнеш товарот“ одвратил исплашениот старец... '

Секому му се живее. Секому му е мил животот. Секој се грижи да го одржува. И тоа е природно и нормално. Меѓутоа, колку повеќе треба да ни е мил вистинскиот живот кој нема крај! Ама, кој мисли за Животот по животот? Кој се подготвува за него како што треба?...

Знаејќи ја нашата приврзаност кон земното, Господ Исус Христос нѐ советува: „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и р'ѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ниту молец, ниту р'ѓа ги јаде, и каде што ни крадци ги поткопуваат, ниту крадат. Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше”. [Мат. 6, 19:21].

Свети апостол Павле сака да нѐ откине од земното и да нѐ види среќни во вечноста, затоа советува: „Мислете за небесното, а не за земното“ [Кол. 3,2]. Зашто, вистинскиот живот е таму. За да се радуваме на Животот по животот, треба со сите сили да се пазиме да не паднеме во власта на смртта по смртта. Смрт по смртта, пак, во Светото писмо [Откр. 20,14; 21,8] ce нарекува не некакво уништување на душата, туку втората смрт, вечната оддалеченост од Бога, вечните маки во адот [Откр. 21,8], кои се последица од нејзината нераскајана гревовност.

Покајното мислење за смртта нѐ запазува од втората смрт. Ние во себеси си ја носиме смртта, бидејќи во себеси го носиме гревот. Платата, што ја дава гревот, е смрт [Рим. 6,23]. Богочовекот нѐ избави од гревот и од неговата најгорчлива последица смртта. Верата нѐ соединува со Господа и со Неговиот извршен за нас искупителен подвиг. „Кој се соединува со Господ, еден дух е со Него“ [1.Кор.6,17] и постанува храм на Светиот Дух [1.Кор. 6,19]. Смртта засекогаш ќе биде истерана од тие живи храмови на Божјата благодат.

Она, кое го одржува во нас духовниот живот, е словото Божјо. Тоа е „нераспадливо семе" [1.Петр. 1,23]. Прифатено еднаш од нас и оделотворено, тоа, не пропаѓа при нашата смрт, но е всадено во нашите души, „во свое време“ [Гал. 6,9], принесува животворен плод, доста е само да сме го полевале со солзи на покајание. Тоа самото не умира, а и нас нѐ избавува Од вечна духовна смрт.

Ние не знаеме кога ќе дојде крајот на нашиот живот. Затоа, секој ден треба да одделуваме барем малку време, за да се подготвиме за вечноста. Таа подготовка се состои главно во следното: 1] да мислиме за смртта; 2] да се каеме за нашите гревови; 3] да се молиме често и 4] да вршиме секаков вид добрини [спореди Гал. 6,10]. Мудрите Свети Отци советуваат: „Остави ги своите гревови, додека е време! Инаку, животот ќе те остави кога не очекуваш, и ти со своите гревови ќе се јавиш отаде“.

Ние треба да го ползуваме, зашто „дните се лукави“

[Ефес. 5,16]. Дните се навистина лукави, бидејќи нѐ лажат, нѐ Воведуваат во заблуда, што се однесува до проценката на нашето земно патување и нѐ тераат страсно да се приврзуваме кон тој свет на променливостите, каде што задоволствата се лажни, а радоста непостојана, каде стравот нѐ мачи, а желбите создаваат неподнослива жед и каде што тагата по суетниот свет нѐ исушува. Но и покрај лукавштината на нашите земни дни, никој не сака Тие да се прекратат. Напротив, луѓето усрдно се молат да им се даде долг живот. На имендени и родендени и особено на Нова година ние взаемно си посакуваме долги среќни години, а Бог го гледа нашиот близок крај и нашето тажно себезалажување. Среќен не е оној кој се себеизмамува со многуте среќни години по кои мечтае, туку оној кој гледа трезвено, како христијанин, на животот и смртта и кој се подготвува за својот неизбежен излез од овдешниот свет.

Нашите сметки за животот и земните успеси обично се погрешни. Ова, особено, добро го истакнал блажениот Августин, кој пишува: „Кога децата растат, навидум им се додаваат дни, a всушност, тие дни се намалуваат. Обично, нашите пресметки во такви случаи се покажуваат неправилни... Да претпоставиме, дека за некој човек е определено [од Бога] да живее 80 години. Колку години ќе проживее, со толку се намалува нивниот заеднички број. Овој свет така нѐ освојува, така што, никој не го сака прекратувањето на својот беден живот. А вистинскиот, блажениот живот ќе настапи само тогаш, кога ќе воскреснеме и се зацариме со Христа...“

Не само христијанските мислители, но и некои многубожечки философи стигнале до мудроста за тажната променливост и за брзотечната скоропреодност на нашиот живот. Сенека, например, рекол: „Ние умираме секој ден, зашто со секој ден ни се одзема дел од нашиот живот. Во времето, кога ние растеме, животот ни се скусува и намалува. Отпрвин ние се лишуваме од детството, после од младоста, потоа од зрелоста и на крајот од староста. Сето ова време, кое одминува и пропаѓа секој ден, кое ние го преживуваме, се предава на смртта."

Светото писмо со право тврди: „Секој човек е трева, сета убавина негова е како полско цвеќе... Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно" [Иса. 40, 6,8; 1.Петр. 1,24]. Но, што ни говори ова слово? Тоа вели, дека човекот е создаден за вечност од Вечниот Бог. Смртта е негација не на вечниот, туку на времениот живот. Таа е служителка на вечноста, зашто нѐ воведува во неа.

Бидејќи секому од нас му претстои да мине преку таинствената врата на смртта, заслужува да ја разгледаме старата и вечно нова тема за животот и смртта, или поточно за Животот по животот и за смртта по смртта.

Архимандрит Серафим