Архимандрит Серафим

Глава 2

Богооткриеното слово на вистината [Ефес. 1,1З] нѐ учи,  дека Триединиот Бог, го створил човекот по Свој образ.  Тој вложил бесмртна душа во неговото тело создадено од земја [1.Мојс. 1,26; 2,7]. По тело човекот е сличен на четириножните животни, а со својата душа е подобен на бестелесниот Бог. Додека при стварањето на различните твари Создателот се служел само со Своето семоќно творечко слово, така што, како заповедал, така и станало [Бит.1,З,7,9,11,15,20,24], при создавањето на човекот, Предвечниот Совет на Божествената Троица решил: „Да создадеме човек според Нашиот образ [и] според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над морските риби, над небеските птици, [над ѕверовите] и над добитокот над целата земја и над сите гадинки што лазат по земјата“ [1.Мојс. 1,26]. „И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде...“ [1.Мојс. 1,27]. Малку понатаму се објаснува како поточно Бог го створил венецот на Својата творба: „И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“ [1.Мојс. 2,7], т.е. стана богоподобна личност и го доби дарот на бесмртноста. Во душата, а не во телото се крие Божјиот образ во човекот, зашто „Бог е дух“ [Јован 4,24].

Човекот е создаден не само на посебен начин, но и со особено предназначување. Со својата душа, која го носи белегот на богоподобието, тој е ополномоштен да господствува над видливиот земен свет [Псал. 8, 6-9] како некаков мал бог. „Вие сте богови" [Псал. 81, 6] читаме во Псалтирот. Ова облекување на човекот во власта да господари на земјата, подобно на Бога, Кој господари над целата вселена, како и возложувањето на задачата врз него да се труди целосно кон одредената цел, како што ја обработува и пази Едемската градина [1.Мојс. 2,15], даваат силен поттик на вложените во него дарби за нивното понатамошно развивање и усовршување.

Свети апостол Павле во три аспекти го разгледува животот на човекот телесен, душевен духовен. Тој им пишува на христијаните: „А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос!“ [1.Сол. 5,23].Еве како ги разбира термините дух, душа и тело блажени Теофилакт: „Дух тоа е дарот на Светиот Дух, кој, ние сме го добиле преку крштението. Ако го запазиме Неговиот светилник светол и неугаснат, ние ќе влеземе во чертогот [одајата] на Женикот; и душата и телото тогаш ќе бидат непорочни, ако во нас сјае духот“. Но, да ги разгледаме поопстојно во нас духовните, душевните и телесните пројави.

По своето тело, човекот многу не се разликува од животните. И тој ги има истите органи, какви што имаат и тие, како нив чувствува глад, жед, замор, физички болки, потреба од сон итн. Меѓутоа, остане ли на нивото на своите телесни преживувања, тој го загубува своето високо предназначување на човек, создаден по Божји образ со цел да го постигне Царството небесно. Според зборовите на Писмото, кое најдобро го познава човекот и неговата основна задача-богоуподобувањето [„Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен!“ Мат. 5,48], човекот треба да ги надминува своите ниски инстинкти и да биде господар на своето тело и на неговите многообразни стремежи. Тој не треба да го задоволува само гладот и другите свои телесни потреби, а да помни, дека „Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога“ [5. Мојс. 8,3; Мат. 4,4].

Ниедно животно не чувствува потреба од духовна храна, зашто никое животно не е создадено по Божји образ. Откако ќе го засити својот глад, тоа е веќе презадоволно и ништо друго не сака. Тоа им е познато на сите. По оваа животинска карактерна особина, која често се среќава и кај некои ниско паднати луѓе, обично се суди за духовното скалило на кое стои одреден човек. Идеалот на древните чревоугодници „да јадеме и да пиеме, бидејќи утре ќе умреме!“ се оценува како крајно низок не само од христијаните [1.Кор. 15,З2], туку и од поиздигнатите помеѓу јазичниците. И за денешните материјалистички настроени луѓе, кои го одрекуваат божественото потекло на човекот и воопшто верата во Бога, е навредливо да го чујат за себеси обвинението, дека живеат само за своите стомаци. И тие претендираат, дека имаат повисоки идеали. Неразделно е сраснат со човекот Божјиот образ, вложен од Творецот во него. Оттаму и стремежот на секого да се издигне над грубо материјалистичкото и да служи на нешто повозвишено. Секој чувствува потреба да си има „своја вера“, макар таа да е и неправилна. Секој сака да се усовршува, да се надраснува себеси и да се стреми кон подоброто. „Човек бескрајно го надминува човекот" длабокомислено рекол Паскал, имајќи ја предвид таа особина на човечката духовна природа.

По својата душа, човекот високо се издигнува над животните со своите забележителни душевни квалитети, наведувајќи се кон трите основни пројави: ум, чувство и волја. Создаден од Триединиот Бог, човекот ги носи трагите на Божјата Троичност во својата душа, поконкретно во нејзините пројави ум, чувство и волја. „Во тие три сили -пишува свети Амвросиј Медиолански нашиот внатрешен човек, по силата на својата духовна природа, восхитувачки го одразува Божјиот образ“.

Бог е еден по суштина, но истовремено троичен по Лица. И човечката душа е една по својата суштина, но во себеси ја одразува Божествената Троичност. Како што во Бога разликуваме Отец, Син, и Свети Дух, без да ги сливаме трите Пребожествени Лица и без да ги разделуваме на три божества, така и во човечката душа разликуваме ум, чувство и вoлјa, без да ги смешуваме помеѓу себе, но и без да ја разделуваме едната човечка душа на три души. Оваа необична појава е некаков длабок, неспорен и неискоренлив психолошки доказ, како за постоењето на Триединиот Бог, така и за нашето духовно сродство со Него [види дела 17,28-29].

Верните православни христијани, крстени во Светата Троица [Мат. 28,19], ја започнуваат и треба да ја започнуваат секоја своја молитва, секое свое дело и секоја решителна постапка во својот живот со зборовите: „Во името на Отца и Сина и Светиот Дух. Амин“. Bo името на Светата Троица ние живееме и дај Боже во нејзино име да умреме! На Бога верниот во овој свет ја има радоста да биде во вечно блажено општење со вечно живиот Бог.

Елементарните животински преживувања, кои се сведуваат до нивото на некакви инстинкти и на секојдневни физички и физиолошки чувства, не можат да се споредуваат со душевните пројави на човекот, а имено, неговиот творечки, пронаоѓачки и прониклив ум, со неговите најсложени, разнообразни, истанчени и возвишени чувства и најпосле, со неговите волеви пројави, предизвикани во соработка со умот и чувствата врз површноста на душевноста разните науки, техниката, искуствата, музиката, поезијата, философијата итн.

Меѓутоа, колку и фини да се душевните квалитети на човекот, тие не можат да се сметаат за највисокото нешто во него. Многу повисоко од нив стојат пројавите на неговиот ум. Што е духот? Според епископот Теофан Затворник, тоа е „онаа сила, која Бог ја вдахнал во лицето на човекот, завршувајќи го неговото создавање": Карактеристичните црти да духот се: стравот Божји, совеста и жедта за Бога. „Ништо тварно не може да го задоволи нашиот дух. Од Бога излезен, тој Го бара Бога... Колку и многу тварни нешта и блага да има некој, тој чувствува дека, сепак, нешто му недостига. Сите... бараат и бараат. Бараат и наоѓаат; но тоа што ќе го најдат, го зафрлуваат и почнуваат повторно да бараат, за да го зафрлат и тоа што го нашле. И така без крај... Не покажува ли тоа сетилно, дека во нас има некаква сила, која од земното... не влече нагоре кон небесното!“ Таа сила е духот. Даден на сите, тој се возобновува во светото Крштение, по зборовите на блажени Теофилакт, кој пишува: „Ако ние го запазиме тој светилник сјаен и незгаслив [„Не гаснете Го духот!” - 1.Сол. 5,19], ние ќе влеземе во чертогот на Женикот. Тогаш и душата и телото ќе бидат непорочни, штом Духот сјае во нас“.

Гледан само како тело, човекот не е повеќе од животно, особено по катастрофата на гревопаѓањето. Гледан, пак, како носител на бесмртна душа, т.е. како разумна твар, надарена со чувство, ум и волја, паднатиот во беззаконија човек, кој се оддалечил од Бога и кој се противи на сѐ божествено, не се разликува многу од демоните. Та, нели, и тие се истакнуваат со своите високи дарби, кои, меѓутоа, потполно неповратно се потчиниле на злото, кои Му свртиле грб на Бога. Единствено во здравите пројави на духот, човекот грешник, искупен од Спасителот, обновен преку благодатта, осветен од Светиот Дух и кој непрестано жеднее за Бога, станува подобен на ангелите [Псал. 8,5].

Денес многу се говори и пишува за душевноста на човекот. И нашата Православна Црква гледа на душевноста како на висока заложба во човекот, но не запира тука, бидејќи знае, дека при злоупотреба со неа, човекот може да падне пониско и од животните и да заприлега на демоните.

Светото Православие сето човечко достоинство на човекот го поставува не во душевноста, туку во неговата духовност, која не е ништо друго, освен облагородување на целокупниот човек, од кое, резултатите се конечно раскинување со гревот и вечно соединување со Светиот Божји Дух [види 1.Кор. 6,17]. Често во современата култура зборот „духовност“ неправилно се употребува, гледјаки во него пројави, макар и највисоки, на душевноста. Во таа смисла се зборува за „духовна култура", за „духовен напредок...“ Меѓутоа, христијански учители и мудреци чувствувале, дека душевноста без вистинска духовност не е доволна за создадениот по Божји образ човек. Душевните заложби, колку и да се високи од почеток, можат да се изродат, како што и се изродуваат, кога ќе бидат откинати од Бога и од Неговата света волја. Науката и техниката, на пример, може да се стават во услуга на злото наместо на доброто. Откривањето на тајните на атомот и вложената во него енергија, тоа е епохално постигнување на науката на нашиот век, кое би можело да го олесни материјалниот живот на човештвото, не ли се използува денес, токму поради недостиг на духовност, за подготовка на неговото целосно уништување? Исто така, и уметностите можат да добијат најбогопротивни насоки и да започнат да разградуваат, наместо да воздигнуваат. Музиката, поезијата, ликовната уметност итн., можат да се демонизираат и раѓани од душата, да ја погубат душата.

За да не се случи сето ова, човекот треба по секоја цена да се стреми кон единствениот за него достоен идеал - од плотски [телесен] и душевен да стане духовен. Ова не значи дека, откако ќе достигне духовност, тој ќе престане да биде телесен и душевен човек. He! И духовните луѓе имаат душа и тело. И тие имаат телесни и душевни потреби, кои, меѓутоа, веќе не господарат, туку се потчинети на духот кој над нив има власт. Душевните изјави на духовните луѓе се контролирани од благодатниот дух на човекот. Вистинскиот христијанин е должен да владее над своето тело, да ги скротува неговите животински похоти, ниски желби и ненаситни нагони, држејќи ги во потполно потчинување на својата облагодатена преку крштението духовна природа. Тој треба и сите свои душевни заложби ум, чувства, волја, себесознание, сфаќање, вообразба, памет итн. да ги впрегне во творечка насока кон постигнување на заповеданото богоподобие. За таа цел, ако сака да премине од душевност кон духовност, тој е должен да напредува во верата и во стравот Божји, да воспитува во своето срце побожност, љубов кон Бога и кон луѓето и често преку исповед да ја очистува својата совест, стремејќи се кон сѐ подлабоко богопознание, постигнувано преку смирување на умот [т.е. на телесното мудрување [Рим. 8,6] пред богооткриените вистини. Кон ова, човекот треба да придодаде усрдно изучување на Божјото слово и исполнување на Божјите заповеди, горешт и чест разговор со Бога во молитва и грижлив интерес за светоотечките творби, тие најдобри раководства за духовен живот. Тој треба да жеднее за Бога и сѐ повеќе да ја умножува благодатта во себе преку примање на светите Тајни, предадени во светата Православна Црква. Така, преку остварување на постојано молитвено богоопштење, тој ќе го проширува и задлабочува својот духовен живот, ќе постанува се подуховен и ангелоподобен. На овој начин, тој ќе го започне својот вечен живот уште тука на земјата, според реченото: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ [Јован 17,3].

Таков духовен човек може без опасност да се занимава и со неопходните за тукашниот живот земни работи и со наука, и со техника, и со искуство, и со разни занаети, како и со музика и со поезија, откако ќе бдее и внимава да не се гордее со сето ова. Се возгордее ли, од духовен, тој може пак да стане душевен. Човек треба да се стреми преку своите дела да Го прославува Бога, а не себеси. Да земеме за пример еден дрводелец верник, искрено благочестив човек. Со дрводелството тој си ја вади прехраната. Во својот занает тој е да речеме не само голем мајстор, но и уметник. Ако неговото умеење да изработува од дрво разни уметнички предмети, го предрасположува постојано да Му благодари на Бога, затоа што му ја дал таа дарба, тој ќе ја запази својата духовност при својата висока душевност. Но, во случај, ако тој се возгордее со своите убави производи и започне насекаде да се фали со нив, тој ќе отпадне од блискоста на Бога и ќе слезе на ниското скалило на душевноста. Ова може да се случи со сите видови душевни занимања, со секој човек, нешто што постојано и го гледаме во животот. Колку големи според дарбите луѓе, поради гордост не можат да достигнат духовност, и си остануваат душевни! При својата голема душевна надареност таквите луѓе робуваат на своите најниски страсти! Ете, сретнувате голем уметник, а пијаница; даровит лекар, а среброљубец; виртуоз виолинист, а разбојник; бележит научник, а гневлив; талентиран писател, a завидлив. Сјаен пример на висока душевност без духовност претставува Ниче, тој истанчено душевен, но апсолутно недуховен човек. Со својата демонско надарена душевност, тој напиша необично оригинални книги, со кои погуби многу души. Во неговото лице најочевидно се пројави вистинитоста на Христовите зборови: ...она што меѓу луѓето се цени пред Бога е одвратност [Лука 16,15].

Образци за подражавање за нас треба да бидат светителите, тие најдуховни претставници на човечкиот род. Тие, понекогаш, и co малку дарби постигнале највисоко богопознание и, со Божја помош, од најобични луѓе постанале образци на целомудрието и смирението, херои на трпението и олицетворение на совршени луѓе.

Навистина, секој не може да стане исклучителен светител. Меѓутоа, духовен човек во еден или друг степен треба секој да стане, зашто во тоа е неговото предназначување. Елементарната духовност се изразува во секојдневното покајание за гревовите, во сеќавањето на Господа и Страшниот суд, во честите горешти молитви кон Создателот, во усрдните занимања со словото Божјо, во себесмирувањето, во поднесување без негодување на сите непријатности и несреќи, кои, Бог ги допуштил, во љубовта кон Бога и ближните, во воздржувањето од лоши зборови и особено од осудување на околината, во ограничување на очите од погибелни соблазни, во борбата со своите ниски склоности, како и во искоренувањето на злобата, гневот, омразата, гордоста, чревоугодието, среброљубието и сите други душевни страсти.

Христијанството е подвиг. Духовниот живот е постојана војна со страстите во нас и со демонските напади [Ефес. 6, 11-12]. Христијанинот треба да се стреми да стане, ако не голем во армијата на Христа, тогаш, барем прост, но верен Нему војник, кој не го зафрлува плашливо пред непријателот даденото му од Спасителот оружје, туку го пази и употребува во секојдневните судири со темните сили на злото... Така секој христијанин може да се издигне до елементарна духовност, која дава пристап до Царството небесно. Не го постигне ли тоа, тој напразно живеел во овој свет и според изразот на Псалмопевецот станал сличен на животните што загинуваат“ [Псал. 48,20].

Достоинството на човекот, како што гледаме е, не во душевноста, туку во духовноста. Епископ Теофан мудро размислува: „Макар душевноста да е природна, не е природно за човекот да биде плотски. Грешката тука е во преовладувањето на тоа, кое треба да се наоѓа во потчинетост“. Човек, пред сѐ и над сѐ, треба да се стреми кон Бога. Затоа, покрај телото и душата, во него власт треба да има духот. „Духот е вишата страна на човековиот живот. Тој е силата, која го тегне од видливото кон невидливото, од временото кон вечното, од творението кон Творецот; духот го карактеризира човекот и го разликува од сите други живи земни твари“. Затоа, „кога во некого господствува духовното начело... тој е на прав пат... бидејќи духовноста е норма на човековиот живот и следствено, бидејќи духовен, тој е суштински човек, додека душевниот, како и телесниот човек не се суштински луѓе... Ако душевните пројави на некого не се високи [во научните знаења, во искуствата и другите дела] и ако неговата телесна дејност е силно ограничена, тој, сепак, е вистински човек [ако е духовен]. А душевниот [многузнајниот, човекот на искуствата, мајсторот], уште повеќе, пак, телесниот човек, не е вистински човек, колку и прекрасен да е на изглед... Оттука простиот, кој се бои од Бога, стои повисоко од многуобразованиот и од елегантниот, кој меѓутоа, не се стреми кон највисоката цел да угоди на Бога...“

Духовните луѓе ја постигнуваат целта на својот земен живот и се спасуваат, a душевните загинуваат! Душевниот човек, ако се бори против Бога и духовноста, се покажува плен на темните сили. Тие преку гордост го замаглуваат неговиот разум и тој повеќе не може да ја почувствува надмоќноста на духовноста над душевноста, а понекогаш дури се подигрува со духовните пројави на скромните богопочитувачи.

Тој се бори и против Бога и против Божјиот закон и така самиот го соборува столбот, по кој би можел да се искачи до сферите на високата духовност. „Телесниот човек по зборовите на свети апостол Павле не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита" [1.Кор. 2,14]. Така, возгордеаниот телесен човек паѓа од својата возгордеана висина долу, а смирениот духовен човек, дури и најбеден да е според душевните пројави, се покажува далеку повисоко над душевните луѓе. Бог ги изобличувал и изобличува често возгордеаните телесни луѓе преку смирените духовни луѓе, како што е напишано: „Бог го избра она што е безумно за овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она што е слабо во светот за да ги посрами силните; Бог ги избра и неугледните и презрените на овој свет, и оние што не значат ништо, за да ги уништи оние што значат нешто, та никој да не се пофали пред Бога” [1.Кор. 1, 27-29].

Најстрашната последица од недостигот на духовност е загубувањето на вечното спасение. Духовниот ја добива привилегијата да биде обиталиште [живеалиште] на Светиот Дух, Кој е, според свети Симеон Нов Богослов, „душа на нашата душа“. Од таа привилегија се лишени телесните луѓе. Ако некој го нема во себеси Светиот Дух, тој, по зборовите на светиот апостол Павле, „не е Христов“ [Рим. 8,9]. Таквиот човек може да ја потчини и својата душевност на најниското во човекот на телото и да почне со своите дарби да го воспева и возвеличува само телесното во човекот. Тогаш, на местото на духовно умудреното познание, кон кое сме призвани сите, се добива таканареченото „телесно мудрување", за кое светиот апостол Павле пишува: „Зашто оние кои живеат по тело, копнеат по телесното, а кои живеат по Дух - зa духовното. Копнежот на телото е смрт, а копнежот на - духот живот и миp. Зашто копнежот на телото е непријателство против Бога, тој не му се подредува на законот Божји затоа што не може. А оние, кои живеат по телото, не можат да My ce допаднат на Бога... Но ако Духот на Оној Кој Го воскресна Исуса од мртвите живее во вас, тогаш Оној Кој Го воскресна Христос од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во вас“ [Рим. 8, 5-11].

Во ова радосно воскреснување за вечен живот, т.е. во вечното спасение, ќе земат учество само оние, чиишто души оживеале уште во текот на својот земен живот за верата и благочестието и коишто станале духовни. Тие ќе имаат вистински радосен небесен Живот по својот живот на земјата. Тоа чудо во човекот го извршува Самиот Свет Дух со Својата благодат, според зборовите на свети Симеон Нов Богослов, кој пишува: „Токму ова била крајната цел на воплотениот домострој, т.е. токму затоа се воплоти Божјиот Син, Бог Слово и стана Човек, за да ја примат во душите на оние кои веруваат во Него благодатта на Светиот Дух како душа [на нашата душа заб. на авт.]... и на тој начин да се пројават како преродени, пресоздадени и обновени преку светото Крштение и да станат она, што бил првиот човек до гревопадот, осветувајќи се од благодатта на Светиот Дух во умот, совеста и сите свои чувства, така што, по ова, сосема да нема растроен од паѓањето живот, кој ја привлекува душата кон плотски и светски похоти“.

Човекот е вистински венец на Божјото творење само ако е духовен, т.е. ако во неговата душа живее Светиот Божји Дух. Го нема ли таму Духот Божји, тогаш, при сета своја висока душевност таквиот човек е мртов по дух, зашто да се послужиме тука со прекрасниот израз на епископ Теофан „како што без душата нема живот во телото, така и без Божјиот Дух нема духовен живот во душата“.

Оваа мисла се потврдува во следниот антифон од воскресната служба на 4-ти глас: „Преку Светиот Дух секоја душа се оживотворува, преку чистота се возвишува и се озарува од Троичното единство по свештенотаинствен начин“. Така оживотворениот човек воскреснува за вечно блаженство.

Недуховните луѓе, пак, неоживеани тука за благодатен живот во Христа, ќе воскреснат за осудување [Јован 5, 29].

Меѓу кои ќе бидеме ние?

Архимандрит Серафим