1 Беседи за животот по животот (pdf)

2 Беседи за животот по животот (pdf)

3 Беседи за животот по животот (pdf)

Архимандрит Сераафим

Глава 3

Библијата содржи многу откровенија за идниот живот, кој нѐ очекува по сегашниот. Кон тој иден живот таа ги насочува нашите мисли, кога на еден или друг начин ни зборува, било за бесмртноста на човековата душа, било за Воскресението на мртвите, било за справедливиот Божји суд, кој ќе се изврши над нас по нашата смрт, кога секому ќе му се даде според неговите дела, мисла, која се повторува и во Стариот и во Новиот 3авет [Псал.61,13;Мат.16,27;Рим.2,6;0ткр. 2:23]. Завршните зборови од Символот на верата: „Го очекувам воскресението на мртвите и животот во идниот век“, се синтеза на библиското учење за Животот по животот.

Да се негира учењето за вечниот живот по времениот тоа значи да се одрекува не само Светото Писмо како слово Божјо, каде што таа вистина е откриена, но и Самиот Бог, Кој ја открил. Штом има бесмртен Бог, тогаш има и вечен живот за разумните твари, создадени по образ Божји. Вечниот живот неизбежно претполага не само бесмртност на човечката душа, но и нејзино исправање на суд пред Бога, по зборовите на свети апостол Павле: „Зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“ [2.Кор. 5,10]. Taa возвишена вера била интимната надеж на сите богопочитувачи во текот на целата човечка историја. Таа и денес ги бранува верните во Христа и ќе постои до крајот на светот.

Но, покрај верните има и такви, кои ја одрекуваат вистината за бесмртноста на телата. Уште во времето на Христа имало такви негатори. Тоа биле садукеите, кои образувале една силна политичко-религиозна партија, која го отфрлувала спротивно на фарисеите духовниот свет на ангелите, бесмртноста на душата, воскресението на телата и последниот Божји суд. Во Делата Апостолски читаме: „...Садукеите велат дека нема ни воскресение, ни ангел, ни дух; а фарисеите го признаваат и едното и другото" [Дела 23,8].

Христос ја соборил заблудата на садукеите само со неколку кратки зборови, земени од Стариот Завет. Според Мојсеевиот закон, ако некој умре бездетен, брат му требало да се ожени за жена му, за да го продолжи потомството на брата си. Ползувајќи се од овој закон, садукеите посакале да го постават во безизлезна ситуација Спасителот со Неговото учење за воскресението на мртвите и за живот во идниот век. За таа цел, Го запрашале на кого од седумте браќа, кои редум се ожениле за една и иста жена, зашто умреле без деца, ќе биде таа сопруга при воскресението на мртвите? „...Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја им одговорил Христос, зашто при воскресението луѓето ниту се женат, ниту се мажат, туку се како ангели Божји на небото. А за воскресението на мртвите, не сте ли читале што ви рекол Бог, велејќи: ,Јас сум Бог Авраамов, Бог Исаков, и Бог Јаковов'. Бог не е Бог на мртвите, туку на живите” [Мат. 22, 23-32].

Блажениот Теофилакт објаснува: „Бог не е Бог на оние што не постојат, а... на оние што живеат, на продолжувачите на своето битие. Тој не рекол: „Јас бев“, но вели: „Јас сум“. Макар праотците и да умреле, тие продолжуваат да живеат со надеж во воскресението... Бог не е Бог на сосема исчезнати, но Бог на живи, т.е. на такви, кои имаат бесмртна душа и некогаш ќе воскреснат, макар сега и да се мртви по тело“.

Овој разурнувачки одговор на Христа ја одземал желбата кај Неговите непријатели да го продолжат спорот со Него.

По разрушувањето на Ерусалим во 70-та година по Христа, садукеите исчезнале од историјата како партија, но не исчезнало, за жал, нивното лажно учење, кое се објаснува со непознавање на Писмата и на силата Божја [според Мат. 22,29]. Тоа постои и се распространува дури и до денес под формата на разни видови секти и рационалистички учења. Денес особено адвентистите упорно ја одрекуваат бесмртноста на човековата душа, а разни рационалисти, воопшто, го отфрлаат постоењето на душата како бесмртно духовно начело во човекот. Некои западни богослови, заразени од слободоумие, го споделуваат неправилното мислење, дека во Стариот Завет од Библијата, божем, немало учење за бесмртноста на човековата душа, ниту вера во воскресението на телата. Според други, таму, постои претставата, дека оној што умрел одел со својата душа во шеолот [адот], каде што скитал како сенка, кое не било вистинско живеење. Едвај по вавилонското ропство изникнало, божем, определено учење за воскресение на телата, со кое, задгробниот живот добивал целосна вредност.

Сите тие сфаќања не ја издржуваат критиката пред судот на самата Библија. И во Стариот и во Новиот Завет има јасни укажувања за бесмртноста на човечката душа, за воскресението на мртвите и за Божјиот суд, кој нѐ очекува сите. И тука и таму Божјото откровение е едно и исто, макар што Стариот Завет отстапува пред Новиот Завет по јаснотија и полнота. Бог не си противречи, та да учи во Стариот Завет едно, а во Новиот Завет - друго.

Во расказот за создањето на венецот на творението, авторот на битието вели: „А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“ [1.Мојс. 2,7], т.е. доби бесмртна душа нешто, кое не е кажано за никоја друга земна твар! Зошто Бог дувна во човекот жива душа, каква што немаат животните и за која подоцна Спасителот ќе каже, дека е повредна од целиот свет? [спореди Мат. 16,26]. Зошто Творецот дава на човекот нешто како Божествена искра, нешто -така да се каже од неисцрпната полнота на Својот вечен живот? Зошто Бог создава во душата на човекот толку високи заложби, како самосознанието, разумот и совеста, и зошто само него го повикува помеѓу сите земни созданија да Му служи? Зошто вложува во неговото срце толку возвишени и свети копнежи? Зарем да преживее само кратко време и потоа, слично на мушичката што танцува во воздухот, засекогаш да исчезне? И најважното: зошто Бог ветил, а потоа и Го испратил на земјата за искупување на грешниот човечки род Својот возљубен Единороден Син? Зошто умрел Спасителот на Крстот? Зошто преку Својата Голготска смрт го платил гревовниот долг за сите нас, ако ние и по ова големо Искупување сме осудени според заблудата на садукеите и денешните нивни последователи да умреме засекогаш и да се претвориме во грст пепел?

Ете на какви основни и без одговор недоумици повикува садукејското сфаќање, дека небаре, во Стариот Завет немало учење за бесмртноста. Ова сфаќање е сосема неточно. Уште за најдревните старозаветни Божји угодници патријарси, смртта не била исчезнување засекогаш, а преселување кај нивните блиски претходно преминати во тамошниот живот. „... Умре Авраам - читаме во Стариот Завет - во добра старост... и се прибра во родот свој” [1.Мојс. 25,8; 35,29]. Писателот на битието не вели: „Почина Авраам и сѐ со него заврши. Душата му исчезна како пареа, a телото му изгни“. Не! Тој вели: „Авраам се прибра во родот свој“, т.е. при починатите свои роднини.

Изразот „умре Авраам и се прибра во родот свој“, не се однесува до неговото погребение, како што толкуваат некои рационалисти, зашто овој израз би се покажал потполно неточен. Авраам не бил погребан таму, каде што биле гробовите на неговите луѓе. Неговите прадедовци живееле и умреле во Ур Халдејски. Неговиот татко Тара умрел во Харан, каде бил  и погребан, а самиот Авраам бил погребан во новото место за погребение, a имено, во пештерата на нивата Макпела... во Хананската земја [1.Мојс. 23,19; 25, 9-10]... Макар и да не бил погребан при своите луѓе, тој, сепак, се прибрал при нив; макар неговото тело да не почивало кај нивните тела, она, кое го составувало самото негово битие, имено, неговиот бесмртен дух, се прибрал при душите на неговите луѓе и стапил во тесно единство со нив. Неговата душа, жива и по смртта, отишла при живите покојници.

И за Исаак читаме, дека и тој се прибрал кај родот свој [1.Мојс. 35,29]. Јаков, пак, излажан од своите синови, дека саканиот му син Јосиф е изеден од див ѕвер, одговара на нивните беспредметни утешувања: „Со тага во адот ќе појдам по синот мој“ [1.Мојс. 37,35].

Тука треба да се обрне внимание на две работи: 1] Јаков не мисли дека неговиот син Јосиф е уништен по дух. Тој се надева да го види во адот [шеол] и 2] со зборот„ад“ тој го означува таинственото задгробно живеалиште на умрените, определено со еврејскиот збор „шеол“, каде што до Христа сите луѓе, дури и праведниците слегнувале со своите души, бидејќи рајот бил заклучен како резултат од човековиот гревопад.

За Јаков, исто така, читаме: „И престана Јаков да им говори на синовите свои, ги повлече нозете во постелата, па умре и се прибра кај предците свои" [1.Мојс. 49,33].

Озарен одозгора, премудриот Соломон, уште пред Вавилонското ропство ги изрекол бележитите зборови: „Сето ова Он го направил да биде прекрасно во свое време, и го вложи во срцата нивни [на луѓето]“ [Проп. 3,11]. Истиот рекол: „И ќе се врати правот во земјата, како што си бил; а духот ќе се врати кај Бога, Кој го дал“ [Проп. 12,7].

Расудувањата во спротивна насока, како расудување на неверни, се окарактеризирани од подоцнежните книги на словото Божјо како неправомислие. Садукејското неверие во задгробниот живот таму e осудено како тежок грев. Еве што читаме во книгата Премудрост Соломонова: „Оние што мислат неправилно, вака мудруваат во себеси: краток и жалосен е  нашиот живот човекот не може да се избави од смртта; уште никој не познава таков човек кој ослободил некого од пеколот. Случајно сме родени, а потоа ќе биде како воопшто да не сме биле; дим е она што го дишеме, а зборот искра од движењето на нашето срце. Кога душата изгасне, во пепел ќе се претвори телото, а духот ќе се загуби како редок воздух; ...животот наш ќе помине како трага од облак, ќе испари како магла гонета од зраците на сонцето“ [Муд. Сол. 2, 1-4].

Сите тие мисли се осудени како погрешни и со нив како да се вели: Та тоа ли е човекот, создаден по Божји образ? Затоа ли меѓу сите твари е награден со творечки божествени заложби, за да исчезне како пареа при појавувањето на смртта и да не се појави веќе никогаш? Не! „Бог го создаде човекот за нераспадливост и го направи слика на Своето вечно битие“ [Мудр. Сол. 2,23].

Вистина е, дека во Стариот Завет Бог не сосема јасно ја откривал преку богоозарените мажи вистината за бесмртноста на човековата душа и за идното воскресение на телото. Bo првите страници на Библијата Он само ја загатнува тајната на човечкото бесмртие, а подоцна преку пророците ја разоткрива таа тајна сѐ појасно, за да го добие [таа] своето полно објаснување во Новиот Завет преку Искупителот Христа и Неговите Богоизбрани апостоли. Како голем воспитувач Бог знае кому, кога и колку да открие. Светиот Дух, Кој, во Стариот Завет дејствува преку пророците [2.Петр. 1, 21], им откривал само толку, колку што било потребно според прекрасниот Божји план за спасението на огрубените од својата злоба, луѓе. Паднатите во грев и постојано наклонетите кон идолопоклонство старозаветни луѓе, можеле уште повеќе да се огрешат пред својот Создател, ако вистината за бесмртноста наполно им беше откриена во нивната духовно незрела возраст. Од верата во бесмртноста тие можеле лесно да стигнат до лажната вера на идолопоклониците, кои обожаваат „бесмртни“ луѓе. Со такви обоготворувани луѓе е полна грчката митологија. Затоа Бог, штедејќи го Својот народ, го воспитувал на посебен начин, преку долга подготовка за примање на Божествените Откровенија за бесмртноста на душата, воскресението на телата и сеопштиот Божји суд.

При овој несомнен Божји план, за побивање на рационалистите треба да кажеме, дека многу пред Вавилонското ропство блескаат сјајно во напишаните по Божјо вдахновение старозаветни книги немалку откровенија за идната вечна судбина на човекот, та, кој ќе го чита завршеното Божествено откровение, кое се содржи во Стариот и Новиот Завет, да се убеди, дека Еден и Ист Бог од почеток зборувал преку Мојсеја и пророците, а на крајот преку овоплотениот Син Божји [Eвp. 1, 1-2] и преку апостолите [1.Сол. 4,15]. Бог премудро го класирал изобилието на испраќаните одозгора зраци на Своето откровение, за од прекумерната светлина неподготвените за неа луѓе да не ослепат, а без неа да останат во длабок мрак.

Еве, на пример, што вели далеку пред Вавилонското ропство многустрадалниот Јов: „Но јас знам, Искупителот мој е жив, и Он во последниот ден ќе ја крене мојата гнилежна кожа. И јас во телото мое ќе го видам Бога“ [Јов 19, 25-27].

Божјиот угодник кој уште за време на својот живот се распаѓал од лута рана [Јов 2,7], не се надевал дека ќе оздравее, зашто во она време лепрата била неизлечива болест. И иако покрај ова изјавил, дека самиот ќе го види Бога, и тоа во последниот ден, тој, со овие зборови ја изразил големата и вистинита надеж во идното воскресение на мртвите тела. Откаде Јов имал таква надеж, ако не од Бога, кој му ја открил како на праведник вистината за сеопштото воскресение? - Таа навидум „безумна“, а всушност, надразумна надеж ја имале и имаат сите вистински верни старозаветни и новозаветни. Наизглед апсурдна [зашто воскреснувањето на распаднатите тела противречи на природните закони], верата во идното сеопшто воскресение се потпира на Божјата семоќност. Та, токму затоа е и вера, бидејќи безрезервно се доверува на Бога, за Кого и невозможното е возможно [Лука 18,27] и тешкото е лесно [1.Мојс. 18,14].

Токму таа вера ги воодушевувала најголемите старозаветни праведници. Озарен од Светиот Дух, Псалмопевецот уште 500 години пред Вавилонското ропство зборува за смртта не како за вечно уништување, а како за почивање во надеж [спореди Псал. 15,9]. Каква може да биде таа надеж, ако не надежта во идното воскресение на телата [Псал. 15, 10-11], почеток и залог за кое е Христовото воскресение [Дела 2,31]. За свети цар Давид, животот на земјата е сон, а смртта разбудување [Псал. 72,20]. Поткрепа на неговата вера во вечниот живот е неговата исповед; „Но Бог ќе ја спаси душата моја од раката на пеколот, кога ќе ме прими“ [Псал. 48,15].

A Соломон, неговиот премудар син, кој имал cѐ во изобилство и живеел среќно, ја установил целата бесмисленост на човековиот живот, ако би се допуштило, дека нема бесмртност. Тој ги кажал бележитите зборови: „Суета над суетите - сѐ е суета!“ [Проп. 1, 2]. Истиот наоѓа, дека единствениот излез од таа суета над суетите е насочувањето на нашиот поглед отаде границите на земното и преодното кон сферите на вечното и непреодното. Во заклучок тој вели: „А суштината на сѐ е: бој се од Бога и пази Ги Неговите заповеди, зашто сето тоа е за човекот; оти Бог ќе Изведе на суд секоја работа и што е тајно, било да е добро или лошо“ [Проп. 12, 13-14].

Надежта за воскресението на мртвите човечки тела е објавена многу јасно од свети пророк Исаија со зборовите: „Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат... и земјата ќе ги даде мртовците!” [Иса. 26,19].

Исто така, за сеопштото воскресение јасно се искажал и светиот пророк Даниил, кој пишува: „И многумина од оние што спијат во земниот прав ќе се разбудат едни за живот вечен, а други за вечен срам“ [Дан. 12,2].

Во величественото, пак, видение на светиот пророк Езекиил е опишано со чија сила ќе се случи ова воскресение на мртвите. Буквално го предаваме тој бележит извадок: „И се спушти раката Господова врз мене и Господ ме изведе преку духот, ме постави среде полето а тоа беше полно со коски... И ми рече: „Сине човечки, ќе оживеат ли овие коски?“ И реков: „Господи Боже, Ти го знаеш тоа". Па ми рече: „Изречи пророштво за тие коски и кажи им: ,Коски суви, чујте го словото Господово!'... Ете, Јас ќе внесам во вас дух и вие ќе оживеете. Ќе ви дадам жили, ќе направам на вас да израсне месо, ќе ве покријам со кожа и ќе вдахнам во вас дух, па ќе оживеете и ќе познаете дека Јас сум Господ“. Јас го изреков ова пророштво... и, кога пророкував, се чу шум, и, ете, движење, па почнаа коските да се зближуваат, секоја коска до својата коска. И видов, ете, имаше жили на нив, и месо израсна, кожа ги покри одозгора, но дух немаше во нив. Тогаш Тој им рече: „Изречи пророштво за духот, изречи пророштво, сине човечки, и кажи му на духот, вака вели Господ Бог: ,дојди од четирите ветра, духу, и дувни врз овие убиени и тие ќе оживеат“. И јас го изреков ова пророштво како што ми заповеда Тој и влезе во нив дух и тие оживеаја и се исправија на нозете свои многу, многуброен народ. Тогаш Тој ми рече сине човечки, овие коски се сиот дом Израилев... вака вели Господ Бог: „Еве, Јас ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши... И ќе познаете дека Јас сум Господ, кога ќе ги отворам гробовите ваши и ќе ве изведам, народе Мој, од гробовите ваши!“ [Езекиил 37, 1 13].

„Бог го создаде човекот за нераспадливост читаме во книгата Мудрост Соломонова и го направи слика на Своето вечно битие; но поради завист од ѓаволот смртта влезе во овој свет, а неа ја доживуваат оние што му припаѓаат. А душите на праведниците се во Божја рака; до нив нема да се допре никаква мака“ [Мудр. Сол. 2, 23-24; 3,1]. „...Надежта нивна полна е со бесмртност... Бидејќи малку казнети, тие ќе добијат големи добра" [Мудр. Сол. 3, 4-5].

Кога и каде ќе добијат големи добра праведниците? Се разбира, во идниот живот, а не тука и не сега. Зашто тука се умира, сѐ се менува и подлежи на уништувања, а за праведниците е кажано, дека ќе живеат засекогаш и уште: „... Нивната награда е во Господа, за нив се грижи Севишниот. Затоа тие ќе го добијат царството на славата и венецот на убавината од раката Господова“ [Мудр. Сол. 5, 15-16].

За Јуда Макавеј читаме, дека, откако ги поразил во победоносна војна непријателите на еврејскиот народ, се погрижил не само да ги погреба телата на паднатите во битка јудеи, но се погрижил и за нивните души преку молитва за нив, особено откако разбрал, дека тие умреле во тежок грев грабање на предмети, посветени на незнабожечки божества, што Законот строго им забранувал на јудеите. „Тогаш собра околу две илјади сребрени драхми, според бројот на убиените свои војници -сведочи за него Писмото, ги испрати во Ерусалим за да се принесе жртва за грев; со тоа направи убаво и благородно дело, зашто мислеше за воскресението на мртвите. Оти, ако не веруваше дека убиените војници ќе воскреснат, ќе беше неразумна и залудна молитвата за умрените. Но тој мислеше дека на оние што умреле во побожност им е приготвена голема награда... Затоа за покојниците принесе жртва за милост да бидат ослободени од својот грев“ [2.Мак. 12, 43-45].

Несомнено проповедана во Стариот Завет вистината за бесмртноста на човечката душа и за идното воскресение на мртвите тела е уште подлабоко разоткриена во Новиот Завет, како во учењето на Христа Спасителот, така и во посланијата на светите апостоли.

Пред сѐ, убедливо сведоштво за бесмртноста на душата имаме во Евангелскиот расказ за Христовото Преображение. Ако душата не постоеше како одделна од телото бесмртна супстанца, како е можно да се јави на Тавор светиот пророк Мојсеј, кој умрел околу 1500 години пред тоа? И ако немаше задгробен свет, како што мислат денешните садукеи, од каде дошол светиот пророк Илија, за кого Писмото вели, дека бил земен жив на небото [4. Царс. 2,11]?

Господ Исус Христос во тамошниот живот го поставува центарот и смислата на човековото постоење. За задгробниотсвет треба секој да се подготвува. Спасителот учи, дека добродетел, вршена за да бидеме видени, со мисла тука да се добие награда за неа, или вршена без вера во Бога, Кој по смртта ќе му даде на секој според делата негови [Мат. 16,27], не е богоугодна добродетел. Тој постојано напомнува, дека наградата на праведниците не е во овој свет, а во идниот, „при воскресението на праведните“ [Лука 14,14]. Toj им ветува на оние што плачат тука за своите гревови, оти ќе добијат таму утеха; им ветува на кротките, зашто тие ќе ја наследат новата земја и новото небо [2.Петр. 1,13]; им ветува на оние кои пројавуваат милост кон ближните, оти ќе се удостојат со милост на Страшниот суд; им ветува на целомудрените, оти тие вечно ќе Го соѕерцаваат Бога; им ветува на трпеливите и гонетите заради правдата Божја, зашто тие ќе ја добијат во Царството Божјо својата справедлива оценка и голема награда [Мат. 5, 3-12]. Со еден збор, Господ постојано напомнува, дека отплатата на оние што се трудат во Божјо име не е во овој, а во идниот живот.

Спасителот ја започнува Својата проповедничка дејност со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно“ [Мат. 4,17]. Во Него Царството небесно [Божјо] и вечен живот се синоними. Тој ветува во „идниот век живот вечен“ [Марко 10,30], на оние кои заради Него оставиле сѐ во овој свет и за оние кои прават добро вели, дека „ќе воскреснат за живот“ [Јован 5,29], се разбира вечен.

Бесмртноста на човечката душа е класично јасно изразена во следните Христови зборови: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат“ [Мат. 10,28]. Јасно е, дека Спасителот учи за две страни на човечката природа: едната телесна, што подлежи на смрт и гниење, a другата -духовна, која живее вечно. Истото се потврдува и од други Негови зборови: „Каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, a на душата своја ѝ напакости?...“ [Мат. 16,26]. Душата е најскапоцена во човекот. Таа треба да се запази неповредена од гревот и усовршувана во добродетелта, зашто ја очекува „вечен живот“ [Јован 12,25].

Многу Христови приказни зборуваат за вечниот живот во Царството небесно. Спасителот го споредувал тој свет со нива, каде што Тој сее добро семе, а ѓаволот лошо семе. И едното и другото се оставени да растат до жетвата, т.е. до Страшниот суд, кога Христос ќе им каже на Своите жетвари [ангелите]: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да изгори; а, житото приберете го во мојата житница“ [Мат. 13, 24-30].

Приказната, пак, за талантите, ја опишува наградата, која Небесниот Цар ќе ја даде во идниот живот на оние што се потрудиле на полето на добродетелите. Тоа ќе се случи по враќањето на Царот, т.е. по Второто доаѓање на Господа Исуса Христа [Мат. 25, 14-30].

За нас, кои поверувавме во Искупителот, смислата на животот не е во нашето добро устројство тука на земјата, а во наследувањето на вечните блага, приготвени за праведниците во Царството небесно [Мат. 25,34]. Вечен живот и вечна светлина за нас е Самиот Господ Исус Христос [Јован 1,4]. „Јас сум Светлината на светот”, „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ вели Тој [Јован 8,12; 11,25]. Исус Христос е за нас „вистински Бог и живот вечен” [1.Јн. 5,20]. Вечниот блажен живот не може да се придобие преку никој друг, освен преку Богочовекот, распнат за нас. „...под небото нема друго има дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме“ [Дела 4,12]. „...Бог ни дарувал живот вечен; и тој живот е во Неговиот Син“ [1.Јн. 5,11]. „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот” [Јован 3,16]. Со полнотата на Својата Божествена власт, Христос дава вечен живот на Своите овци [Јован 10,28]. Тој блажен живот се придобива, пред сѐ, со вера, но со правилна, a не со еретичка изопачена вера. „Кој верува во Синот, има вечен живот; а кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји ќе остане врз него“ [Јован З,36].

Освен верата, за придобивање на вечниот блажен живот се неопходни и добри дела. На Страшниот суд Господ ќе ги испита луѓето за нивните дела и ќе ги награди оние верни, кои гладни нахраниле, жедни напоиле, туѓинци прибрале, голи облекле, болни и затвореници посетиле, натажени утешиле, беспатни упатиле на правиот пат, неопитни просветиле итн. Сите кои пројавиле активно милосрдие кон своите ближни ќе бидат наградени со вечен блажен живот, а оние, кои пројавувале жестокост и егоизам, ќе бидат осудени на вечни маки [Мат. 25, 31-46].

Истото учење го проповедале и апостолите. Како што Исус Христосја започнал Својата проповед со повик за покајание, така и светите апостоли повикувале, пред сѐ, кон покајание [Марко 6,12]. „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исус Христос“ говорел светиот апостол Петар на Педесетница, започнувајќи ја апостолската проповед [Дела 2,38]. Покајание и Крштение ете ги средствата за влегување во Царството Божјо и следствено, за наследување на вечен блажен живот. Крштението е израз на верата во Христа [Марко 16,16]; Покајанието, пак, е првото дело, со кое се започнува христијанскиот живот.

Според светиот апостол Петар, целта на верата во Бога е „спасението на душата“ [1.Петр. 1,9], т.е. достигнување на она „наследство нетлено, чисто, што не увенува“, а е сочувано на небесата за сите верни, кои со Божја сила преку вера се пазени за спасение, готово да се открие при свршетокот на светот. Според светиот апостол Петар, Христос ќе суди живи и мртви [1.Петр. 1, 4-5]. Да судиш живи е познато, но да судиш мртви од гледиште на земниот живот е беспредметно. Кој човечки суд суди покојници? Никој! Умре ли некој обвинет, дури и да бил најголем престапник, делото против него се прекратува. Во духовниот свет е поинаку: умре ли некој човек, токму тогаш се започнува делото против него. А тоа покажува, дека за Бога мртвите се живи и по погребението на телото. Тоа судско дело конечно ќе заврши на Страшниот Врховен суд, кога обвинетите ќе добијат или вечно оправдување, или вечна осуда [Мат. 25,46].

Кај свети апостол Петар имаме и друг силен доказ, дека мртвите се живи. Тоа се оние два текста, каде се зборува за Христа, дека Тој, по Својата крстна смрт слегол во адот, проповедал на духовите, кои биле во темница [1.Петр. 3,19]. Другиот текст гласи, дека „и на мртвите им беше благовестено“ [1.Петр. 4,6]. Мртовците ниту слушаат, ниту примаат. Според некои адвентисти, тие спијат, а според други сосема не постојат, зашто немало бесмртност на душата. Но Христос, слегувајќи во адот со цел да го зароби и уништи, проповедал токму на затворените во него покојници. Јасно е, дека тие биле мртви по тело, но живи и будни по дух, штом можеле да го чујат Христовото благовестие.

Така, според посланијата на светиот апостол Петар, Христос дошол, за да нѐ одведе при Бога [1.Петр. 3,18], и го извршил семирното Искупување како непорочен и чист Агнец Божји, преку проливање на Својата скапоцена крв [1.Петр. 1,19].

И навистина, ова искупување ги опфаќа сите: и современици, и преминати и идни поколенија. Современиците може да се спасуваат преку слушање и читање на Христовата и апостолската проповед. Оние кои се раѓаат по Христа, можеле и можат да се спасуваат преку читање и слушање за извршеното од Христа спасително дело, а оние кои живееле пред Христа, кои не можеле да чујат ништо за Него, ја добиле таа можност при слегувањето на Спасителот во адот.

Светата православна Црква и до денес на секоја своја Литургија го проповеда тоа Богооткриено учење, фалејќи ја Христовата прекрасна љубов, која ги опфатила сите луѓе, и пee: „Христе, во гробот Си бил со телото Свое, во адот со Својата душа како Бог, во рајот - со разбојникот, а на Престолот - со Отца и Светиот дух сѐ исполнувајќи, Неопислив!“

Како човек, светиот апостол Петар не можел да го знае она, што се случило при слегувањето на Христа во адските длабочини. Недостижно и невидливо за човечките очи, тоа му било откриено одозгора. Божествениот Спасител, уште додека бил на земјата ја покажал Својата власт над адот, откако ги извлекол од адските бездни душите на воскреснатите со Неговото Божествено слово. „Лазаре, излези надвор“ [Јован 11,43] извикал Христос кон Својот умрен пријател, и покојникот навистина излегол со тело од гробот и со дух од адот. „Шест дни пред Пасха читаме во една од стихирите на Цветници во адските длабочини беше слушнат Твојот глас, Господи, со кој оттаму си го извлекол четиридневниот Лазар“.

Воскреснатите тела на мнозина починати светии, се јавиле по Христовото Воскресение, сведочејќи за семоќноста на Распнатиот, Кој можел дури во минутите на Својата видлива немоќност да ги извикува од адот таму држаните души [види Мат. 27,52-53].

Оној, Кој ја извикал душата на Лазара од адските длабочини, Кој го разбудил од смртен сон синот на Наинската вдовица и ќерката на Јаир, Кој ги воскреснал телата на мнозина починати светии, Тој истиот, по Своето издивнување на Голгота, проповедал и на старозаветните покојници -јудеи и многубожци, за да им го благовести извршеното од Него искупително дело и да ги спаси оние кои со вера Го прифатиле.

Овој настан пророчки е предвиден уште во Стариот Завет. Свети цар Давид говори за Месијата: „Ти се возвиси високо, плени плен, прими дарови за луѓето...“ [Псал. 67,18]. Овие зборови светиот апостол Павле вака ги толкува: „Се возвиси“, што означува, ако не тоа, дека Тој најпрвин слегол во најдолните места на земјата [со цел да го плени адот и оттаму да ги изведе душите на оние кои поверувале во Него-бел. на авт.]. Слегнатиот е Истиот, Кој и се возвиси погоре од сите небеса, за да исполни cѐ [Ефес. 4, 9-10].

Искупувањето на сите, вклучително и на оние кои се наоѓаат во адот, е претскажано многу јасно уште од свети пророк Осија, кој ги предава следните зборови на Господа: „Од власта на пеколот ќе ги откупам, од смртта ќе ги избавам. Смрт каде ти е силата? Каде ти е тебе, пеколу, победата” [Осија, 13,14].

Светата Православна Црква сето ова го изразила во своите богослужбени песнопенија, каде читаме: „Ти си слегол во адските длабочини на земјата и си ги уништил вечните вериги, кои ги држеа врзаните заробеници“ [Пасхален канон, ирмос на VI песна]. И уште: „Денес Владетелот го плени адот и ги изведе затворениците, кои таму беа држани во маки отсекогаш” [Пасхален канон, припев на IX песна].

Да минеме кон свети апостол Павле, кој не бил непосреден ученик на Господа, но покрај тоа, го проповедал истото благовестие за Животот по животот што го проповедале и останатите апостоли. На пример, тој пишува: „Знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор, ќе се разруши, тогаш ќе имаме од Бога здание, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата“. „...Овде немаме постојан град, туку го очекуваме оној што ќе дојде“ [Евр. 13,14]. „А нашето жителство е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот..., Тој ќе го преобрази нашето понизено тело да стане подобно на Неговото славно тело...“ [Фил. 3, 20-21]. Ha Солуњаните, пак, Тој им напомнува за воскресението на мртвите со зборовите: „Браќа, не сакаме да бидете во незнаење за оние кои се упокоени, за да не тажите како и другите, што немаат надеж. Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така Бог и упокоените преку Исус, ќе ги доведе со Него. Ова, пак, ви го велиме преку словото Господово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да стигнеме пред упокоените, бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што смe останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господа" [1.Coл. 4, 13-17].

Големиот апостол на незнабожците со нескриена возбуденост ги осудува оние кои поверувале, а кои што тврделе дека нема задгробен живот и воскресение на телата [1. Кер. 15,12]. Тој подробно ја докажува неубедливоста на нивното тврдење, како и вистината на Богооткриеното учење, дека сите ќе воскреснат [1.Кор. 15,22]. Како инаку, луѓето би добиле отплата за она, што го извршиле со зборовите и co своите дела [2.Кор, 5,10].

На прашањето, како ќе воскреснат мртвите и во какво тело ќе дојдат, свети апостол Павле одговара: „Безумниче, тоа што го сееш ти, нема да оживее, ако не умре. А кога сееш, не го сееш телото, кое треба да настане, туку голо зрно, на пример, пченично или некое друго, но Бог му дава тело, какво што сака, и тоа на секое семе негово сопствено тело... се сее за распаѓање; воскреснува во нераспаѓање; се сее во бесчестие воскреснува во слава; се сее во немоќ воскреснува во сила; се сее тело душевно воскреснува тело духовно" [1.Кор. 15, 36-44].

За да станеме достојни за тоа славно воскресение, ние треба да сме едно со Христа, да Го примиме во своите срца, да бидеме „вкоренети и утврдени во Него“ [Кол. 2,7]. Само така Бог, „...Кој Го воскресна Господа Исуса и нас ќе нѐ воскресне преку Исуса“ [2.Кор. 4,14], за вечен блажен живот. Услов за тоа е: во животот и смртта да бидеме едно со Христа, да не се делиме од Него и од Светиот Дух! Тогаш ќе учествуваме во гозбата на Царството небесно и ќе бидеме во бројот на воскреснатите за вечна радост. „Ако Духот на Оној, Кој Го воскресна од мртвите Исуса, живее во вас пишува светиот апостол Павле, тоа Оној, Кој Го воскресна Христа од мртвите, ќе ги оживотвори и вашите смртни тела преку Светиот Дух, Кој живее во вас“ [Рим. 8,11]. Ако некој се дели од Бога, живеејќи гревовен, телесен живот, нема да се спаси, согласно реченото: „Кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот" [Гал. 6,8].

Последната книга на Библијата Откровението на свети Јован Богослов, каде се опишани во страшни откровенија настаните пред свршетокот на светот, ги содржи Господовите зборови, кои постојано не повикуваат кон покајание и верност на Христа: „...биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот“ [Откр. 2,10]. Кон оние, кои го пазат учењето на верата среде нечестието кое ги опкружува, и кон оние, кои го следат високиот евангелски морал среде примамливите искушенија, Самиот Спасител упатува охрабрувачки зборови: „На оној, што победува, ќе му позволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Jac победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол“ [Откр. 3,21]. На својата сакана Филаделфиска црква, која се истакнувала со својата мала сила и голема верност, Тој утешно ѝ говори: „Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението, кое ќе дојде над целата вселена, за да ги искуша оние што живеат на земјата“ [Откр. 3,10]. Во оние најужасни дни во дните на Антихристот, верните ќе го издржат судбоносниот испит со помошта на Господа и ќе влезат во Небесниот Ерусалим, каде што Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и каде смрт не ќе има веќе, ни црнина, ни пискот, ниту болка [спореди Откр. 21,4]. Ho во него нема да влезе „...ништо нечисто, ни оној кој врши гнасни работи и лаже, а само оние кои се запишани во книгата на животот на Јагнето“ [Откр. 21,27].

И така, гледаме, дека целото Свето Писмо е исполнето со проповед за Животот по животот. Од првата книга - битие, каде што е дадено првото ветување на грешните луѓе за доаѓањето на Спасителот [1.Мојс. 3,15], до последната книга Откровението, каде се насликува Христовото славно Второ доаѓање, сѐ стои под знакот на ветувањата за вечен живот на небото.

Христијанину, сакаш ли со право да го носиш своето возвишено име на православен Христов последовател, не биди садукеј, не ја одрекувај бесмртноста на душата, воскресението на мртвите и страшниот Христов суд, а подготвувај се, засилено подготвувај се за претстојниот наш вечен живот по кратковремениот, врши ја Божјата волја и повторувај ги со сите верни, зборовите кои сведочат за нашата љубов кон Спасителот: „Да, дојди, Господи Исусе!“ [Откр. 22,20].

Архимандрит Сераафим