1 Беседи за животот по животот (pdf)

2 Беседи за животот по животот (pdf)

3 Беседи за животот по животот (pdf)

 

Архимандрит Серафим

Глава 6

Смртта на Христа Спасителот и Неговото Воскресение од мртвите ја сочинуваат суштината на онаа голема тајна на благочестието [1.Тим. 3,16], која ние ја нарекуваме тајна на спасението. Смртта на Христа е откуп за грешниците, а Неговото воскреснување е залог за нашето вечно спасение и идното воскресение. Последната мисла прекрасно е изразена во еден стих од воскресниот канон, каде читаме: „Вие кои не верувате во воскресението на телата, појдете кај Христовиот гроб и научете се, дека телото на Животодавецот беше умртвено и пак воскресне, за да не увери во последното [сеопшто] воскресение, на кое ние се надеваме“.

„Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век“ гласат завршните зборови од Символот на верата. За да го наследи тој вечен живот во Царството Божјо, човекот пред се, треба да поверува од се срце во Воскреснатиот Христос, да Го возљуби и да тргне по Него [Мат.16,24]. Спасителот за нас ја победи смртта, та да бидеме ние вечно живи со Него, откако ќе бидеме воскреснати. Верата во таа победа на Христа ќе се потврди како очигледен факт за сите при Неговото Второ доаѓање. Претскажано така јасно, тоа задолжително ке се случи, така, како што се случиле толку други Христови пророштва.

Последиците од Христовото искупително дело се неизмерливи и исполнети со сепобедни надежи. Воплотената Божествена Правда нашиот Господ Исус Христос не беше задржан во гробот! Верата и добродетелта избавуваат од вечна смрт! Подвизите во името на Христа Искупителот не умираат со човекот. Високите пориви, благородните постапки и себепринудувањето кон добро, преземани во Христово име, не се бесцелно извршени, ниту загубени! Има вечен живот! Следствено, во се се крие смисла! За секое добро, Бог дава прекрасна небесна награда!

Таа вера свети апостол Павле им ја вдахнува на христијаните, охрабрувајќи ги со зборовите: „И така, браќа мои возљубени, бидете постојани, непоколебливи и секогаш богати во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господ нема да биде залуден" [1.Кор. 15,58].

Колку светли се последиците од Христовата смрт за нас, христијаните, ние можеме да разбереме, откако ќе ја споредиме смртта на старозаветните луѓе со онаа на новозаветните, Бидејќи смртта е последица од гревот и бидејќи до Христа немало искупување од гревот, проклетството и смртта, сите старозаветни покојници, дури и најголемите праведници, биле лишени од радоста да ја созерцуваат Божјата слава во рајот. Нивните души слегувале во адот, очекувајќи го со вера и надеж ветеното им од Бога избавување. Поради неискупувањето на човечкиот род од гревот, старозаветните Евреи на смртта гледале како на некакво проклетство. Оној кој се допирал до мртовец се сметал за осквернет [нечист] [3.Мојс. 15,2]. Недопустливо било да се погреба некој, дури и најголем праведник, во дворот на Ерусалимскиот храм, зашто тоа би значело да се оскверни светилиштето. Причината за ова, добро е разјаснета од Московскиот митрополит Филарет: „Смртта била нечиста од Адама натаму, како нечист плод на неговиот грев. Но Христосја очистил и осветил смртта со Својата пречиста и пресвета смрт... За нас, христијаните, смртта може да биде исто така чиста, како и животот; и умрените, секако, со живите може да припаѓаат кон Господовиот храм, така што тие, слично на живите, припаѓаат на Господа. „Зашто никој од нас не живее за себе и никој не умира за себе; туку, било да живееме или да умираме, за Господ живееме и за Господ умираме, ние Му припаѓаме на Господ. Според тоа живееме ли, умираме ли Господови сме“ [Рим. 14,7-8]. Поради оваа припадност на сите кон Единиот Господ, живите стојат во Господовиот храм, а умрените, како да продолжуваат да пребиваат во црковно општење, почиваат околу храмот. А некои... чијашто смрт е „скапа во очите на Господ“ [Псал. 115,6], како што се, на пример, светите маченици... со своите тела почиваат под самиот олтар на храмот, согласно реченото: „... под жртвеникот ги видов душите заклани, заради словото Божјо...“ [Откр. 6,9].

Сето ова нашето избавување од адот и нашето очистување од наследената нечистота го извршила светлата смрт на Христа и особено Неговото чудесно Воскресение од мртвите. Затоа тие два настана стојат во центарот на Православната христијанска вера и се почитуваат толку торжествено. Bo Светата Православна Црква нема поголем празник од Христовото Воскресение. Не случајно овој празник е наречен Велигден! Во негo ce чувствува најголемата победа, каква што светот познава победата над смртта! Во тој ден Светата Црква радосно пее: „Денес го празнуваме умртвувањето на смртта, разрушувањето на адот, почетокот на нов Живот“.

Од историјата знаеме колку торжествено народите ги чествувале своите цареви победители. Но колку бледи се тие чествувања во споредба со торжеството на големиот Празник над празниците Пасха, во која учествуваат не само верните на земјата, но и целата триумфална Небесна Црква. На крајот на краиштата, царевите победници сами биле скршени од сепобедувачката смрт. Нивните успеси биле краткотрајни и неполни. Александар Велики, кој покорил многу царства и победил многу владетели, на крајот, самиот бил поразен од смртта. Чувствувајќи ја својата немоќ пред овој последен победител, тој наредил, кога ќе умре, да ја подигнат од ковчегот пред сите присутни неговата бессилна десна рака, за да видат луѓето, дека оној, кој го држел во својата десница победоносниот меч, сега го испушта мечот и самиот засекогаш е победен! Така е со сите земни властодржци.

Но, има Еден, Кој не носеше меч и Кој му рече на Петар, кој се обидуваше да го заштити со меч: „Врати го ножот на неговото место. Зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат!" [Мат. 26,52]. Toj Единствен вистински Победител очигледно беше бессилен и незаштитен. Тој беше дури срамно распнат на крст, на кој и умре. Тој беше погребан и со Својата душа слезе во адот, но го разруши со блесокот на Својата Божествена сила. Тој воскресна како Победител на смртта!

Затоа Црквата и до денес Го воспева вака: „Иако Ти, бесмртен, си слегол во гроб, Ти си ја поразил силата на адот и си воскреснал како Победител, Христе Боже! На жените мироносици си им рекол: ,Радувајте се!' и на Твоите апостоли си им дал мир, а на паднатите [во грев] луѓе воскресение!“

И така, смртта е победена! Некои ќе речат: „Како смртта е победена, штом, ете, сите луѓе умираат?“

Во медицината се уште се познати многу неизлечиви болести. Меѓу нив до неодамна се вбројуваше и една од најподлите туберкулозата. Кога најдоа лек против неа, започнаа да пишуваат со голема свеченост: „Туберкулозата е веќе победена!“ Ho, што значи „победена?“ Значи ли тоа, дека веќе никој не умира од неа? Не! Кој е немарен и не се лекува, тој и ceгa, кога се најдени лекарства против туберкулозата, може да умре од таа болест.

Така е и во духовната област. Со Воскресението на Христа ни е дадено лекарство против вечната смрт. Употребувајќи го со вера тоа лекарство, болниот од грев е веќе во состојба да ја избегне. За таа цел, тој треба да го употребува даденото од Спасителот лекарство. Тоа лекарство е верата во воскреснатиот Христос и исполнувањето на Неговите заповеди. Спасителот за секој кој верува во Него и ги исполнува Неговите заповеди рекол, дека таквиот човек „и да умре, ќе оживее“ [Јован 12,26].

Bo тој дух и светиот апостол Павле говори, дека со сите сили се стреми да Го придобие Христа и да Го познае Него и силата на Неговото Воскресение, трудејќи се да биде сличен на Него во Неговата смрт, та, барем, некако да го достигне воскресението на мртвите [Фил. 3, 8-11].

За оние кои веруваат и активно одат по Христа, смртта веќе не е страшна. Таа е само врата, зад која се открива вечниот живот. Така гледале на неа сите новозаветни праведници. Вратата е место за преминување од една во друга област. Никој не живее, не стои вечно на вратата. Така и смртта, наречена „врата за вечноста“, е само преодна, a не постојана состојба на човекот. Оној кој верува не останува под властта на смртта засекогаш, а преминува од смрт кон живот [Јован 5,24].

Неверникот, исто така, минува од областа на временото во областа на вечното постоење, но тоа негово вечно постоење е пострашно од секоја смрт, зашто претставува вечна мака, т.е. вечно живеење во една крајно болна, неизлечива, адска состојба. Имено, тоа е втората смрт [Откр. 21,8] смртта по смртта.

За да се избегне вечната мака, човекот треба од себеси да го отстрани она кое ја предизвикува, т.е. гревот. Оној кој цел живот се бори со гревот во себеси, тој, всушност, се бори со смртта во себеси, зашто, како што видовме, гревот е смрт [Рим. 5,12; 6,32; Јаков 1,15].

Вистински присоединетите со Христа придобиваат убав покој и тука и таму. Тие се истргнале од насилната власт на смртта и го придобиваат дарот на двојното воскресение: едното уште во овој времен живот, преку поверувањето во Христа; второто кога телата на починатите во Господа ќе воскреснат за вечна радост, при Второто Христово доаѓање на земјата.

Самиот Спасител јасно го предал Своето учење за сеопштото воскресение, кога рекол: „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“ [Јован 5, 28-29]. Ова го покажуваат и други значајни Христови зборови, изречени малку пред воскреснувањето на четиридневниот смртник Лазар: „Јас сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ [Јован 11,25].

Попусто се обидуваат оние кои послабо веруваат во Христа, да ги обессилат овие зборови на Спасителот, спротиставувајќи ги со фактот на сеопштата смртност. Христос не тврдел, дека по Неговото воскресение, оние кои поверувале во Него, нема веќе да преминуваат преку вратите на физичката смрт. Тој само ја истакнал најважната вистина, дека оној што поверувал нема да умре од втората смрт, која ја означува вечната погибел во адот [Откр. 20,6; 21,8].

Клучот на нашето воскресение е верата во Христовото Воскресение. Штом Христос воскреснал и ние ќе воскреснеме, доволно е достојно да живееме за Него и да умираме во Неговото име. Зашто кажано e: ,,A ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме, знаејќи дека Христос, откако воскресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него“ [Рим. 6,8-9]. Така и над нас, доволно е да сме верни на Христа, вечната смрт нема да има никаква власт ни во тукашниот, ни во идниот век. Меѓутоа, за таа цел „гревот нема да господари над вас“ [Рим. 6,14]. Откако сме се ослободиле од гревот преку покајание и исповед, треба да станеме „...робови на праведноста“ [Рим. 6,18]. Каков плод принесуваат оние, кои не трпат да бидат робови на праведноста, а доброволно му робуваат на гревот? Такви дела, од кои луѓето се срамат и чијшто крај е смртта. На оние, пак, кои се ослободиле од гревот и станале робови на Бога, плодот е „светост, а крајот живот вечен“ [Рим. б, 21-22].

Вистинитоста на христијанството се состои во воскреснувањето за вечен живот. Има ли воскресение, има и христијанство! Блажени Теофилакт добро вели, дека Спасителот затоа умре и воскресна, „за да го устрои сеопштото воскресение“.

Бесмртниот благоволи да стане смртен и Самиот да мине преку смртта и воскресението, та, преку ова да ни го отвори патот кон блажената вечност. Тој не лекува од гревовите и како лекарство ни се предлага Самиот Себеси во Своето пречисто Тело и скапоцената Крв, т.е. во светата Причест, која не без основа свети Игнатиј Богоносец ја нарекува „лекарство на бесмртноста".

Тоа, дека Господ Исус Христос е и Лекарот и Лекарството, ја сочинува срцевината на христијанството, каква што не се сретнува во никоја друга религија. Се во нашата света Православна вероисповед е сврзано со Христовото Воскресение и co вepaтa во нашето лично воскресение. Без таа вера, христијанството се испразнува од дух и содржина и се претвора во сув кодекс од неисполнети со човечки усилби заповеди. И навистина, што ни носи едно такво „христијанство“, кое не го издига знамето на Христовото Воскресение и не го осигурува нашето сопствено воскресение? Таквото „христијанство“ би било апсолутно бесмислено, зашто би ни го предлагало крајниот напор на моралниот подвиг, без да ни дава надеж за лично воскресение. Навистина, вистинити се зборовите на свети апостол Павле: „...ако, пак, Христос не воскреснал, празна е верата ваша... И, ако само во овој живот се надеваме на Христос, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе“ [1.Кор. 15,17,19]. „Но, ете, Христос воскресна од мртвите, и со тоа стана првина за упокоените“ [1.Кор.15,20].

Во врска со овие зборови блажениот Теофилакт прекрасно пишува: „Откако покажал колку неубави нешта се раѓаат од неверувањето во воскресението, апостолот како да вели: Ете што следува, ако нема сеопшто воскресение и ако Христос не воскреснал. Ho Христос воскресна! Затоа ќе има и општо воскресение и тие неубави нешта нема да се случат... Ако Тој е првина за упокоените, тогаш, без сомневање и тие треба да воскреснат. Зашто Првината има и следни по Него“. Инаку, каква првина е онаа, која нема никакво продолжение?

Објаснувајќи ги зборовите на свети апостол Павле: „Христос воскресна од мртвите и за умрените стана првина“, епископот Теофан Затворник пишува: „Христос воскреснал како првина на умрените, ,Првороден помеѓу мртвите' [Кол. 1,18], по Кого и сите други ќе се родат од смртта за вечен живот. И како што во Стариот завет преку принесување во храмот првини на Бога, на пример, првите снопови од жетвата [Левит. 23,10], ce осветувале сите снопови и целата жетва, така и Христос Господ, откако воскреснал, ги осветил, благословил и утврдил воскресението на сите, кои ќе воскреснат од земјата како класје од житни зрна“.

Сите големи морални достигнувања и христијански подвизи во овој грешен свет се плод на верата во Христовото Воскресение и во нашето сопствено идно воскресение. Со Таква светла вера во воскресението, апостолите ги преземале и извршиле своите прекрасни благовеснички дела. Со вера во Воскресението свети апостол Павле секој ден умирал, секој час доброволно се изложувал на смртна опасност за Евангелската проповед [1.Кор. 15, 30-31]. „Ако во Ефес пишува тој човечки речено, се борев со зверови, каква е мојата полза, ако мртвите не воскреснуваат?“ [1.Кор. 15,32].

А великиот свети апостол Петар бил исправен пред своето распетие и под напорот на длабоко смирение и покајание за своето некогашно откажување од Христа самиот ги замолил своите мачители да го распнат со главата надолу. Во неговото срце, кое Го сакало Господа, треперела големата надеж на воскресението. За таа надеж тој им напишал на оние кои поверувале: „Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој по својата голема милост не прероди преку воскресението на Исуса Христа од мртвите за жива надеж, за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас“ [1.Петр. 1, 3-4].

Вдахновувани од верата во воскреснатиот Христос, светите маченици велеле: „Удостој не, Господи, да го замразиме својот живот заради животот во Тебе!“ Св. Кипријан Картагински [трети век], самиот свештеномаченик, ги поттикнувал христијаните кон маченички подвиг со пламени зборови: „Кој не би ги активирал сите свои сили, за да премине од тукашната темнина кон онаа светлина, да стане Христов пријател и секогаш да се радува со Христа? Во страдањата се затвораат очите, но небото се отвора. Антихристот гони, но Христос заштитува. Се предизвикува смрт, но следи бесмртност... Времениот живот изгаснува, но вечниот изгрева. Какво блаженство оттука да излезеш од теснотијата на широк простор, да преминеш од тагата кон радост, моментно да ги затвориш своите очи, со кои си ги гледал луѓето и овој свет, и да ги отвориш за созерцување на Бога и ангелите, да ја оставиш земјата и да отидеш во Царството небесно!“

Свети Игнатиј Богоносец, исполнет со вера во воскресението, жеднеел да биде растргнат од лавовите во Рим.

Според пресудената негова казна, и топло молејќи ги римските христијани да не се застапуваат за него пред властите и да не му пречат да ја достигне посакуваната цел преку устата на зверовите да отиде при својот возљубен Владика и Господ. Тој им пишувал на римските христијани: „Јас сум Божја пченица. Нека бидам сомелен од забите на зверовите, за да се претставам пред Бога како чист леб! Нас'скајте ги зверовите, тие да станат мој гроб и ништо да не остават од моето тело, за да не бидам никому на тежина кога ќе умрам! Тогаш ќе бидам вистински Христов ученик“. Тој го завршил својот живот така, како што посакувал.

Трогателна и поучна е историјата на светиот маченик Лонгин Стотник, кој лично Го видел и преживеал Христовото Воскресение и насекаде смело сведочел за него. Испратен од Пилат да стои под Крстот за време распнувањето на Господа, тој бил очевидец на знаците во оној страшен ден: на земјотресот, потемнувањето на сонцето, отворањето на гробовите и воскреснувањето на многу мртовци. Потресен од сето ова, тој исповедал: „Навистина Овој бил Син Божји!“ [Мат. 27,54]. Toj бил и сведок на Христовото Воскресение, бидејќи се наоѓал меѓу стражарите, определени да го пазат влезот на пештерата, каде што бил погребан Исус. Откако на полноќ видел заслепувачка светлина која излегувала од гробот и ангелот, кој го оттргнал каменот, возвестувајќи го Христовото Воскресение од мртвите, Лонгин целосно поверувал во распнатиот и воскреснатиот Богочовек. Тој не се согласил на поткупот да лаже, дека учениците на Христа, божем, дошле преку ноќта и дека, додека стражата спиела, го украле Исусовото тело [Мат. 28, 12-13]. Напротив, тој започнал смело да ја проповеда вистината за Христовото Воскресение. Евреите и Пилат го мразеле заради таа исповед. Тој смело низ цела Кападокија ја распространувал благата вест за победата на Спасителот над смртта и злото. Откако разбрал, дека евреите го бараат, за да го погубат, Лонгин се оддалечил на еден свој имот со двајца верни војници, кои, исто така, поверувале во Христа и co нив се предал на пост и молитва. Озлобените евреи го наклеветиле пред римскиот император Тибериј, дека го зафрлил својот војнички чин, дека се одделил од римската власт и го вознемирувал народот во Кападокија, божем, проповедајќи за некаков нов цар. Веднаш била издадена Наредба од императорот: Лонгин да биде обезглавен и неговата глава да биде предадена на еврејскиот синедрион во Ерусалим Како доказ, дека царската наредба е исполнета. Испратените Bo Кападокија војници тргнале да го бараат. Бог му открил на стотникот, дека му се подготвува маченички венец. Лонгин радосно ги пречекал своите непријатели.

- Каде живее Лонгин, бившиот стотник? го запрашале Тие, сметајќи, дека зборуваат со обичен, локален човек.

- Зошто го барате?

- Чувме, дека е добар човек и сакаме да го посетиме - го иалажале тие. - Ние сме војници, а тој беше стотник. Посакавме да го видиме.

- Ве молам, дојдете во мојот дом! - ги поканил Лонгин. - Одморете се од патот и јас ќе ви го покажам.

Војниците влегле во неговиот дом. Лонгин ги нагостил богато. Предрасположени од љубезниот домаќин, тие се развеселиле, се расприкажале и на крајот му се довериле за што се испратени. Притоа, го заколнале никому да не ја издаде таа тајна, за да не дознае Лонгин и да избега.

Цела ноќ, додека гостите спиеле, Лонгин бил во молитва, подготвувајќи се за својата маченичка смрт. Утредента, на своите двајца верни војници тој рекол:

- Радувајте се, слуги Христови! Да се радуваме заедно, зашто се приближи нашата веселба. Дојде времето за нашето ослободување од оковите на телото. Набргу ќе застанеме пред нашиот Господ Исус Христос и, откако Го видовме во страдања, распнат на крст, погребан и воскреснат во слава, сега ќе Го видиме да седи оддесно на Бога Отца и ќе се насладуваме Од видението на Неговото величие!

Лонгин им објаснил, дека дошле римски војници да ги убијат, затоа што сведочат за Христовото Воскресение. Потоа, заедно со нив, тој отишол кај војниците и им рекол:

- Јас сум Лонгин, а тие двајцата се мои пријатели и истомисленици.

Војниците се избезумиле откако го слушнале ова, но Лонгин ги замолил да го извршат нареденото, велејќи им:

- За љубовта, која ви ја укажав, вие не можете со ништо друго да ми возвратите, освен со тоа, да ме испратите кај мојот Господ, Кого одамна посакувам да Го видам!

Од страв пред императорската наредба, војниците не се колебале долго и ја исполниле смртната казна над Лонгин и неговите соподвижници. Телата на светите маченици биле погребани наблизу, а главата на Лонгин, согласно наредбата, била однесена во Ерусалим.

Ете како вистинските христијани гледаат на смртта не како на тажен крај на човечкото битие, а како на врата кон Бога, со Кого посакуваат вечно да бидат. Додека за мнозинството луѓе смртта е страшна, за христијаните таа е радосна, зашто, нејзината грозна маска еднаш засекогаш е симната од нејзиното лице.

По светите маченици, најмногу со своите подвизи не восхитуваат, таканаречените, бескрвни маченици, светите и преподобни отци и мајки. Тие постигнувале необични морални висини, зашто секогаш Го имале пред очи воскреснатиот Христос и од Него добивале нови сили за својот духовен живот. Раководени од верата, дека ќе дојде денот, кога и самите ќе воскреснат, тие, беспоштедно се бореле со своите човечки страсти, ги очистувале своите души и тела од секаква гревовна нечистота и се претворале во живи храмови на Светиот Дух. Смртта не ги плашела. Тиеја очекувале како посакувана преселба во вечноста.

Добро ни го опишува ова, прекрасното житие на преп. Марко Трачески, кој, полни 95 години се подвизувал среде најсурови услови во една пештера на Траческата планина во Африка. По Божја Промисла, во денот на својата смрт бил посетен од преподобен Серапион, и кога го видел дека плаче поради нивната скорешна разделба, тој му рекол: „Не плачи во денот на мојата веселба! Денес мојата душа се ослободува од телесните страдања и заминува да се упокои во небесните живеалишта!“ При овие зборови, пештерата се исполнила со необична светлина, сејавиле мноштво ангели и ја понеле душата на праведникот нагоре кон светлите рајски населби.

Света Богородица, исто така, требало да мине преку дверите на смртта, за да влезе во вечниот живот. Големиот проповедник митр. Филарет Московски живо ги опишува необичните настани што го придружувале земниот крај на Божјата Мајка како светите апостоли носени врз облаци, пристигнале од разните краишта на светот во Ерусалим за нејзиното погребение, како Самиот Господ Исус Христос во Своите прегратки ја зел нејзината душа, како нејзиното тело по положувањето во гробот воскреснало и било вознесено на небото итн. Во заклучокот, светителот вели: „Ги гледате ли тајните и чудата, поврзани со Успението на Божјата Мајка? Го гледате ли ова земно и истовремено, небеско торжество? Ја гледате ли лесната краткотрајна магла на смртта, преку која јасно и величествена сјае вечниот живот? Го гледате ли гробот, претворен во прозорец, отворен кон невидливиот свет, кон пренебесната светлина?“

За Светата Православна Црква денот „Успение Богородично" не е мрачен, не е тажен погребален празник, туку светло и радосно торжество [свеченост]! „Луѓе се вели во тропарот на претпразненството, со љубов соберете се денес! Радувајте се, воскликнувајте и ликувајте со веселба! Зашто Божјата Мајка преминува славно од земните кон небесните живеалишта!"

Така го празнува Светата Црква крајот на сите Божји угодници, а особено на светите маченици, кои не ја пожалиле својата сопствена крв, за да го стигнат брегот на спасението. Зашто Црквата ги гледа не толку нивните маки, колку нивните торжества, не толку нивните времени страдања, колку нивната вечна победа и нивното крунисување! Со Христа умрени, со Него тие и оживуваат! Трпеле маки за својот Господ, тие царуваат вечно со Него [2.Тим. 2, 11-12].

Толку е голема победата на Христа над смртта и толку е големо торжеството на блаженото воскресение на праведниците, така што, со право црковниот химнограф пее: „Господи, пред Твојата крстна смрт, смрта беше страшна за луѓето; но по Твоите страдања [и Воскресение] човекот е страшен за смртта".

Архимандрит Серафим