Архимандрит Серафим

Глава 1

Во словото Божјо јасно и определено се зборува за два живота [1.Тим. 4,8], за две умирања [Откр. 20,14] и за две воскресенија [Јован 5,28-29; Откр. 20,6].

Двата живота се: првиот - земниот, времениот живот, кој сега го живееме, а вториот задгробниот, вечниот живот, во кој се влегува преку вратата на смртта. Сите кои живееле на земјата и праведни и неправедни заминуваат во задгробниот свет, каде што има огромна разлика во нивната задгробна вечна судбина [Мат. 26,46; Лука 16, 22-23].

Двете умирања се: првото-земната смрт, која ќе го снајде секого и поставува крај на земното постоење, и второто вечната смрт, која, за разлика од земната, претставува полно умирање за благодатта на Светиот Дух и вечен тажен живот во маки. Таа вечна смрт, наречена уште втора смрт, е дел само на богохулниците [Марко 3,29] и на упорните во својата непокајаност грешници, кои се противат на Бога и на верата во Него. Додека сите умираат телесно, не сите умираат духовно. Оние кои умираат со вера во Христа и особено умрените за Христа, се избавуваат од втората смрт [Откр. 20,6], т.е. од вечната погибел. Ова нивно избавување од втората смрт зависи не само Од Божјата благодат, но и од нивната слободна волја. Тие живееле праведно, затоа нема да дојдат на суд и да бидат осудени на вечни маки, а ќе минат од смрт кон живот [Јован 5,24].

Двете воскресенија се: првото воскреснувањето на душата за духовен живот преку верата во Христа, додека уште живееме во телото [Ефес. 5,14]. Во ова воскресение земаат учество не сите луѓе, а само оние, кои од сѐ срце ќе поверуваат и кои преку таинствата на Црквата ја добиваат благодатта што ги закрепнува во духовниот живот; и второто воскреснувањето на телата на сите што живеат на земјата, кое ќе се случи при Второто Христово доаѓање, кога сите ќе го добијат заслуженото според своите дела.

Од кажаното се гледа дека, додека двата живота се неминовен дел на сите луѓе и праведни, и неправедни со двете умирања и со двете воскресенија не е така. Сите минуваат преку првата смрт, но не секого го заплашува втората смрт. Таа е само за непокајаните грешници. Сите ќе учествуваат во сеопштото воскресение, т.е. во воскреснувањето на телата. Но во првото воскресение, т.е. во воскреснувањето на душата за верата во Христа, кое се случува и треба да стане пред настапувањето на телесната смрт [Кол. 3,1], не сите земаат учество. Некои се противат на верата свесно и упорно [2.Тим. 3,8]. Затоа е кажано: „Блажен и свет е оној кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт“ [Откр. 20,6].

Во своето толкување на Откровението [гл.20, стих 5-6], свети Андреј Кесариски го изложува токму ова учење на Црквата, велејќи: „Од Писмото ние сме научени, дека има два живота и две умирања... Првиот живот... е нашиот сегашен, времен, телесен живот; а вториот, при запазување на Божествените Христови заповеди, е ветениот на светиите вечен живот. И умирањата се две: едното е познатата на сите времиња смрт на телото, a другото умирање е онаа смрт, која се одредува во вечноста како отплата за гревовите. Тоа е вечната смрт, или огнената геена [пекол]. Ја знаеме и разликата меѓу смртните луѓе: едни од нив треба да ги избегнуваме... Тоа се оние, кои со своите лоши дела си навлекуваат порано времена смрдеа и смрт. Другите, пак, се достојни за пофалба; тие се оние, кои преку Христа ги умртвуваат делата на телото, се сораспнуваат со Христа и се умртвуваат себеси за светот [Гал. 5,24]. Очигледни мртовци се оние, кои не се сораспнале со Христа и не воскреснале со Него во крштението, но пребиваат во мртвилото на гревовите. Тие нема да оживеат со Него, додека не се навршат илјада години, т.е. полнотата на бројот од години, кои ќе изминат од Неговото прво до Неговото второ славно доаѓање... но како родени само од земјата, а не и возродени oд Духот, тие ќе се вратат во земјата. Смртта им е почеток на нивното идно мачење. А оние, кои учествуваат во првото воскресение, т.е. во издигнувањето над умртвувачките гревовни помисли и мртви дела на човекот, се блажени, зашто втората смрт, т.е. бескрајното мачење, не ќе има власт над нив [Откр. 20,6]. Тие ќе свештенодејствуваат и ќе царуваат со Христа во текот на илјадата години, до времето, кога ќе биде разврзан Сатаната и ќе започне да ги опрелестува [измамува] сите народи. Впрочем, и тогаш не ќе се одземе од нив [блажените] царството, но тие ќе го спечалат уште посигурно и поочигледно кога ќе премине временото и настапи вечното. Зашто нема да мине многу време од моментот на разврзувањето на ѓаволот до неговото осудување и казнување во геената... Бидејќи се две умирања, треба да се прифатат и две воскресенија. Првата смрт е телесната, испратена како казна за човечкото непослушание. Втората смрт е вечното мачење. Првото воскресение е оживување од мртвите дела, а второто е, претворањето на телото од гнилежно во негнилежно".

Спомнатите 1000 години се исползуваат од многу секташи за поткрепа на лажното учење, наречено хилијазам. Меѓутоа, треба да одбележиме, дека 1000-та години тука се еден символичен број, кој определува, согласно символичките слики на Откровението, полнота од време, познати само на Бога, а не некакви си календарски измерени и уточнети по број 1000 години, како што, сосема погрешно учат хилијастите, осудени уште на || Вселенски собор како еретици. Точно така и за спасените помеѓу израилскиот народ луѓе, обележани со Божјиот печат, е речено, дека бројот им излегува На 144.000 точно по 12.000 од секое колено [Откр. 7, 4-8]. За секого е јасно, дека и тука се работи за символичен број. Не може да се смета, дека само 144.000. ќе бидат спасени и тоа точно по 12.000 од секое колено ни повеќе, ни помалку. Тука боговдахновениот автор, исто така, се занимава со символи, изразувајќи ја мистичната полнота, а не определувајќи некаков точен број на спасените.

Такво е јасното и точно учење на Светата Православна Црква по прашањето за двата живота, за двете умирања и за двете воскресенија. Во ова библиско и светоотечко учење, се разбиваат не само хилијазмот, но и редица други неправилни гледишта, од кои, едните, воопшто, го отфрлаат животот по смртта и заедно со ова и учењето за двете умирања и двете воскресенија, a други ја изопачуваат вистината за Животот по животот.

Ние, не ќе имаме можност да ги разгледаме сите тие заблуди, а накратко ќе се запреме на поглавните од нив.

Против црковното учење за двата живота, за двете умирања и за двете воскресенија, особено енергично се издига неверието, кое воопшто, Го негира Бога, душата, бесмртноста и задгробниот живот. Неверие имало секогаш, но тоа особено се засилило во нашиот век. Неверните признаваат само еден живот и едно крајно умирање, по кое, според нив, засекогаш настапувал крај на човечкото битие. Без да спориме со неверните, бидејќи верата е прашање на совест, само ќе одбележиме, дека во зависност од верата или неверието, човек ја определува својата етика на земјата. Верниот се грижи да ги сообразува своите постапки со Божјите заповеди, зашто знае каков страшен дел го очекува по смртта за неговите гревови. Од тие стравови неверниот се смета слободен, зашто тој си мисли, дека со смртта сѐ се завршува. За него сѐ е тука, на земјата, затоа тој гледа тука да си подреди, тука да си поживее, тука да ги испита сите можни задоволства. Тамошното никако не го интересира, бидејќи за него тоа е непостоечко. Верните, пак, ја поставуваат смислата на своето постоење во тамошниот свет.

Од тие две категории луѓе верни и неверни треба да се оддели групата на оние кои неправилно веруваат во задгробниот живот. Тие луѓе се, едвај ли, не полоши во духовен однос од неверните, зашто оние кои го негираат Животот по животот, растревожени од својата совест, можат во даден момент да ја побараат вистинската вера и преку неа да најдат спасение. Во исто време, неправилно верните, сметајќи, дека ја нашле „верата“, не ја бараат вистинската и во своите заблуди загинуваат.

Тука ќе разгледаме неколку типови на правци на неправилна вера.

На прво место, ќе го задржиме нашето внимание на адвентистите, кои имаат сосема неправилни сфаќања за двете умирања и двете воскресенија. Тие учат, дека човекот нема бесмртна душа, дека во часот на смртта се прекратувале сите животни функции; тогаш, воопшто, престанувало човечкото постоење. Воскреснувањето на умрените било Божјо благоволение [волја], Божји дар за праведниците. Отфрлувајќи го јасното и категорично библиско учење за двете воскресенија, адвентистите сметаат, дека праведниците порано ќе воскреснат од грешниците [тоа било првото воскресение!], за да царуваат со Христа во продолжение на 1000 години и да ги судат во текот на тоа време сатаната и непокајаните грешници. Грешниците ќе воскреснат, едвај, по свршувањето на 1000-та години [тоа било второто воскресение!].

Во изложеното адвентистичко учење има редици заблуди и несообразности, кои накратко ќе ги посочиме:

1. Против тврдењето, дека човек нема бесмртна душа, доволно е да ги спомнеме зборовите на Спасителот: „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат...“ [Мат. 10,28]. Нешто живо, кое е невозможно да биде убиено или уништено, е несомнено бесмртно.

2. Против заблудата, дека по завршувањето на земниот живот умрените, божем, не постоеле [според едни], или спиеле [според други], ќе го спомнеме расказот на Исус Христос за богатиот и сиромавиот Лазар, кои се претставени и по својата смрт, дека продолжуваат да постојат, и притоа, не како оние што спијат, а како разумно будни [Лука 16, 24-31]. Противењето, дека тоа било приказна, сосема не помага на адвентистите, зашто во сите Свои приказни Спасителот зборува неменливи вистини!

3. Против лажното учење, дека до настапувањето на илјадагодишното царство, во светот отаде немало ни праведни, ни грешни души и дека, едвај, по Второто доаѓање и откривањето на илјадагодишното царство праведниците ќе воскреснат, за да царуваат со Христа во текот на тие, божемни, илјада години и да ги судат демонските сили и нечестивите луѓе, ќе кажеме: според словото Божјо веднаш по својата смрт и по произнесениот над него суд, човекот оди во определеното за него сообразно со Неговите дела светло или темно место [Лука 16, 22-23; спореди Eвp. 9,27]. Значи, светот отаде е исполнет со живи души, од кои, едни се во темнина [1.Петр. 3,19; 4,6], а други - во рајот, каде што не спијат, а говорат [Откр. 6,10], или пеат [5,9], или, воскликнуваат со висок глас, велејќи: „За спасението наше слава на нашиот Бог...“ [Откр.7,10]. Ако во светот отаде не беа живи душите на покојниците, како можеа да се јават на Тавор при Христовото Преображение пророците Мојсеј и Илија и да разговараат со Христа за Неговата претстојна смрт [Лука 9,З1].

4. Против произволното мислење, дека праведни и грешни ќе воскреснат во различно време, ќе истакнеме две работи:

а] Христос вели, дека праведните и грешните ќе воскреснат заедно: „...Сите [не само праведниците – бел. на авт.], коишто се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување” [Јован 5, 28-29; спореди Даниил 12,2]. „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава... и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите“ [Мат. 25, 31-32].

б] Се прашува: каде се, според адвентистите, грешниците во текот на тие 1000 години, штом не воскреснуваат заедно со праведните? Тие, или спијат, според едни адвентисти, или просто, не постојат, според други, бидејќи немало бесмртност на душата. Што се добива? Нешто сосема несообразно: Воскреснатите праведници ќе седат или длабоко спијат, или воопшто, грешници што не постојат. По истекувањето на 1000 години, нечестивите, божем, ќе воскреснат за малку, само да ја чујат својата пресуда и да бидат веднаш уништени! Тие глупости не можат да се објаснуваат на никаков начин со библиски текстови, колку и грижливо последните да се приспособуваат кон претходно изработената неправилна слика.

Грешката на адвентистите доаѓа од нивното буквално разбирање на 1000 години. Светото Писмо може да биде правилно протолкувано, но, не содржи до буквата или тенденциозно да се избираат одделни текстови, туку кога се разгледува даден текст во сеопфатен контекст и се води сметка за духот на словото Божјо. Последната книга на Библијата Откровението не може да се толкува без Евангелието. Инаку, се јавуваат, како што видовме, неприродни „противречности“ меѓу Христовото благовестие и Откровението. Никаде во Евангелијата не се спомнува Христос да учел за илјадагодишно царство, било на земјата, било на небото! Тој проповедал за Царството небесно, кое, согласно архангелското благовестие, „не ќе има крај“ [Лука 1,33]. Самиот свети Андреј Кесариски сосема јасно потцртува, дека 1000-та години не треба да се разбираат буквално, а како символичен број, кој сликовито го објаснува периодот „од Воплотувањето на Господа до појавувањето на Антихристот“.

Според православното учење, првото воскресение е воскреснување на душата за духовен живот, а второто е воскреснување на телото при Второто Христово доаѓање. За вразумување на адвентистите ќе им ги спомнеме следните библиски вистини: Човекот е грешен како по раѓање [Псал. 50,7], така и по личен живот. „Сите се под грев“ [Рим. 3,9,23]. Штом е така, човекот пред Бога е мртов, зашто казната, што ја дава гревот, е смрт [Рим. 6,23]. Ние се раѓаме живи по тело, но грешни и, следствено, мртви по дух. „Носиш име дека си жив, а си мртов” [Откр. З,1] читаме во Откровението што се однесува до оние, кои живеат само телесен живот. Единствено верата во Христа и благодатта, давана во таинствата, можат да нѐ воскреснат со духот и да нѐ направат живи членови на Царството небесно.

Ова разбирање за духовното оживување преку верата и благодатта, наречено прво воскресение, се потврдува насекаде од словото Божјо. Според Спасителот, дошол веќе часот, кога мртвите по дух, ќе го чујат гласот Негов, т.е. проповедта Негова, и ќе оживеат за благодатен, духовен живот [Јован 5,25]. Блудниот син, кој се „вратил при Бога", „мртов беше и оживе“ [Лука 15,24]. Светиот апостол Павле им зборува на Колосјаните, дека, додека биле јазичници, тие биле „мртви во гревовите“, а сега Бог ги оживеал, преку Крштението, простувајќи им ги сите гревови [Кол. 2,13; спореди Рим. 6, 9-11].

Човек и по своето прво воскресение може пак да умре со духот, ако се врати кон своите поранешни мртви дела и смртни гревови [1.Јн.5,16; Евр.10, 26-27]. Само оној кој ќе достои во своето прво воскресение, нема да ја вкуси втората смрт. Тоа значат зборовите: „Блажен и свет е оној, кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт...“ [Откр.20,6].

Најпосле, од името на науката психологија, таканаречената парапсихологија, започна смело да навлегува во областа на таинственото и да се обиде да го разгатнува по научен пат, служејќи се со методите на психологијата. Што е всушност парапсихологијата? Таа претставува „дел од науката за душата, занимавајќи се со наоѓање израз на оние појави, кои не можат да се објаснат со познатите природни закони. Овие појави се нарекуваат парапсихолошки; со предлогот „пара“ покрај, се изразува мислата, дека тие се јавуваат покрај оние феномени, кои ни се добро познати и разбирливи преку обичајните категории на нашето светоразбирање".

Меѓутоа, кон оваа дефиниција треба да се додаде, дека парапсихологијата регистрира појави од областа на таинственото, без да биде во состојба да го посочи нивното духовно својство дали тие се од Бога или од ѓаволот. Нешто повеќе. Токму преку парапсихологијата сѐ почесто се прават обиди да се образложува и да се претставува во позитивна светлина темниот духовен опит на гатачи, јасновидци, екстрасенси, кои се во реална врска со мрачниот свет на поднебесните духови на злобата. Инаку, парапсихологијата ги има своите претставители како меѓу оние кои веруваат во Бога, така и меѓу неверните научници. Едните ги објаснуваат парапсихолошките појави со постоењето на душата како одделна супстанца во човекот, а другите се стремат да најдат материјалистички објаснувања на загадочните и непобитни појави од областа на таинственото.

Така, на пример, советскиот научник и член кореспондент на Академијата на медицинските науки на СССР проф. Леонид Л. Василиев, напишал цел состав, со наслов „Сугестија на растојание“, издаден на бугарски од издавачката куќа „Медицина и фискултура“ во Софија од 1963 г. Откако го негира постоењето на Бога, душата, задгробниот свет и демонските суштества, авторот во својата книга ги раскажува токму најнеобјаснивите по материјалистички пат факти и појави, кои всушност, му ги поткопуваат неговите атеистички позиции. Неговиот обид да ги објасни тие факти со телепатијата, т.е. со предавањето на мисли од растојание, се покажува неубедлив, така што, конкретните мисли се предаваат од луѓе кои се веќе умрени. Така, на пример, тој го раскажува случајот со познатиот научник Михаил Сергеевич Ломоносов:

„При враќањето по море во својата татковина [од Германија], еднаш му се присонило, дека го гледа татка си мртов и исфрлен по бродолом на ненаселен остров во Арктичкото море, кон кој остров самиот Ломоносов во својата младост некогаш бил однесен од бура заедно со него. Видението се запечатило во неговите мисли. Со своето пристигнување во Петербург, првата грижа му била да се информира за татка си од архангелци и холмогорци. Тој го нашол својот роден брат и чул од него, дека татко им истата таа година при првото одмрзнување на мразот се упатил, како обично, во морето по риболов; оттогаш поминале четири месеци и ниту тој се вратил, ниту некој друг од неговото здружение, помеѓу тргнатите со него. Спомнатиот сон и зборовите на брат му го исполниле Михаил Ломоносов со големо неспокојство. Тој решил да замоли за отсуство и да тргне да го бара татка си на истиот тој остров, на кој го видел во својот сон, за да го погреба како што доликува, ако навистина го најде татко му таму. Меѓутоа, околностите не му дозволиле да ја оствари својата намера. Тој бил принуден да го испрати брата си во Холмогор со писмо до тамошното здружение на рибарите, давајќи му пари за пат, со молба упорно да ги замоли при првото излегување на риболов да отидат до островот, чија што положба и изглед на бреговите точно и детално ги опишал. Да побараат насекаде и ако го најдат телото на татко му, да го погребат. Тие луѓе не одбиле да ја исполнат неговата молба и во текот на истата есен, навистина, го нашле телото на Василиј Ломоносов точно на тој пуст остров, го погребале и врз гробот поставиле голем камен...“ [стр. 6-7].

Се прашува, кој му ги соопштил во сон сите тие нешта на Михаил Ломоносов околу смртта на татко му, ако душата и духовниот свет воопшто не постојат и штом телепатските појави се објаснуваат само со предавања од живи на живи, како што тврди самиот автор [стр. 11-12]. Очигледно самиот тој ја почувствувал неизбежноста на ова прашање и неговата неразрешливост од материјалистичко гледиште, та пишувал: „По толку години тешко е да се суди дали тој случај имал карактер на мисловна сугестија и од кого произлегла таа сугестија“ [стр. 7]. За нас е јасно, дека душата на покојниот татко се јавила на синот, за да помоли неговото тело да биде погребано на христијански начин.

Уште потипичен е следниов случај, кој, Леонид Василиев го прима за потполно автентичен поради неговата добра аргументираност. Борис Б. Шабер, 15-годишен гимназијалец од гр. Витебск, за својата добра пријателка Н. А. Невадовска, која живеела со својата мајка во Петроград, го соопштува следното: „На 17 декември 1918 год. во 8 часот и 30 минути наутро, видов на ѕидот, до кој се допираа моите нозе [јас лежев во креветот], светла дамка со јајцевидна форма, која започна да расте пред моите очи и ce претвори во светла фигура на девојка. Во тоа видение јас ја познав својата најдобра пријателка Надежда Аркадиевна Невадовска, која во тоа време се наоѓаше во Петроград. Насмевнувајќи ми се, таа произнесе некаква фраза, од која јас го запамтив само последниот збор - „тление“. По ова, фигурата на девојката започна како да потонува во зидот и исчезна. Мојот точен расказ за ова, кое се случи, во истиот ден беше запишан на хартија и потврден со потписите на 6 луѓе... На 23 декември 1918 година, јас добив писмо од мајката на Надја, Евгенија Николаевна Невадовска, во кое, таа ми соопштува за смртта на Надја, која настапила во 8 часот и 25 минути утрото на 17 декември истата година. Последните зборови на покојната биле: „Борја, нема прав, нема тление“. Фактот на добивањето на писмото и неговата содржина се потврдени со потписите на шесте пораноспомнати лица... Студент Борис Шабер“ [цит. дело, стр. 20-21].

Ако не постоеше никаква душа, како би можела мртвата Надја да се јави 5 минути по својата смрт на Борис Шабер и тоа на мошне голема оддалеченост на Петроград од Витебск и да му ги каже зборовите „нема прав, нема тление“, кои не значат ништо друго освен -„нема смрт, има бесмртност!“

За нас, православните христијани, чудата, виденијата, појавите од тамошниот свет и воопшто општењата со душите на покојниците, од самиот почеток се возможни, зашто, ние сме убедени, дека по овој видлив свет постои и еден невидлив свет, каде што се наоѓаат душите. Штом последните, при смртта на телата, не се загубуваат, туку заминуваат од овој свет во невидливиот свет, како да не е понекогаш возможно, кога Бог ќе го допушта ова, тие да ни се јавуваат? Та тие се живи! И како живи во состојба се да се појавуваат. Се прашуваме: може ли безрезервно да се верува на сите појави од сличен вид како на чисти, божествени и благодатни?

Ова прашање е потполно умесно, бидејќи се знае, дека во духовниот свет покрај светлата сфера, има и темна сфера. Освен Бог и светлите ангелски воинства, постојат и духови на злобата, раководени од сатаната. Ете токму, тие нечисти духови, како што ни објаснуваат Светите Отци, често се претставуваат како души на покојници и божем, како наши блиски разговараат со нас, за, преку своите измамливи одговори да не втурнат во погибелни религиозни заблуди.

За нас, тука е важно да истакнеме, дека поради мешањето на ѓаволот, кој може да се преобразува во ангел на светлината [2.Кор. 11,14], не сите мистични појави од другиот свет можат да бидат сметани за чисти, оти повеќето од нив се демонски, така што ние, поради нечистотата на нашата душа имаме повеќе сродство со нечистите духови, отколку со Бога и со ангелите и дека во интерес на нашето спасение е, да не се доверуваме наивно и избрзано на возможните спиритистички појави. Словото Божјо категорично забранува секакви спиритистички сеанси, повикување на духови и прашување на мртви [5.Мојс. 18,4]. Причината за таквата забрана е многу јасна: кој се вовлекува во слични дејства, потпаѓа под влијанието на ѓаволот и загинува. За да нѐ избави во таа област од влијанието на демоните, Создателот строго забранува секакво општење со духови, за да не се распространува така демонослужењето среде верните во вистинскиот Бог.

Строго забранувајќи го претскажувањето како демонска појава, Самиот Бог испраќал пророци среде Својот народ. Тие пророци, за разлика од самоповиканите претскажувачи, биле вистински Божји гласници, претскажувајќи ја иднината со цел да го насочат народот кон вистинската вера и спасение. Додека пак ѓаволот секогаш ги имитира Божествените појави со цел да ги оттргне верните од спасението. Исползувајќи ги наклоностите на човекот кон мистика, тој ги заменувал пророците со лажни пророци, чудотворците со илузионисти, благодатните помошници со магионичари, апостолите со лажни апостоли, светителите co лажни праведници. Како што вистинските Божји угодници имаат различни дадени од Бога дарби, така и ѓаволските орудија неретко имаат свои натприродни дарби и со ѓаволска сила вршат чуда. Мојсеј го фрлил пред фараонот својот стап и тој станал змија, но и египетските магионичари ги фрлиле своите стапови и тие станале змии [Исход 7, 9-11]. Светиот апостол Петар вршел прекрасни чуда, но и Симон маѓепсникот го зачудувал самарјанскиот наред со своите магии, така што и мали и големи го величале како „голема сила Божја" [Дела 8, 9-10].

Како тогаш да се претпазиме, та да не ги прифатиме за дадени од Бога натприродните појави, зад кои, всушност, стои ѓаволот? Господ Исус Христос ни посочил дека „по нивните плодови ќе ги познаете“ [Мат. 7,1б]. Ако некој е полн со гордост и корист, со страсти и гревови, биле тие и најмали и скриени под маската на зачудувачка надворешна добродетелност, ако пропаднал во религиозни заблуди, ако ги изневерува православните догмати тие, дадени од Бога сигурни белези за распознавање на вистината од лагата, тој јавно е медиум на ѓаволот. Грешниците немаат духовно сродство со Бога, та да можат од Него да добиваат благодатни чудотворни дарби. Тие се сродни со демоните и затоа од демоните ги добиваат своите необични, но погибелни дарби на медиуми, способни, божем, да општат со светот отаде.

Според тоа, ако при обични грешни луѓе, какви што сме ние, се среќаваат зачудувачки натприродни појави, тие се задолжително, демонски имитации на Божествените мистични појави. На такви демонски појави не треба да се обраќа внимание. Ризикот, дека на тој начин можеме да отфрлиме и некое Божествено чудо, не е фатален, зашто по зборовите на свети Григориј Синаит, „Бог не се прогневува на оној, кој со крајна претпазливост се пази и плашејќи се од измама, не го прифаќа испратеното од Бога, додека не го проучи со големо внимание. Напротив, Бог го пофалува таквиот за неговата благоразумност“.

Во 1973 год. излезе една мошне опасна книга од американскиот автор Артур Форд, преведена на многу јазици и која стекна голема слава. Германскиот превод, кој дојде до нашите раце, е со наслов ,,Bericht vom Leben nach dem Tode” [Вест за животот по смртта]. Авторот опишува како во состојба на транс разговарал со повиканите од него духови. Сите тие разговори се запишувале на магнетофонска лента. Веднаш по сеансата, секогаш крајно заморна за медиумот, последниот дознавал што разговарал за време на разговорот со духот. Тогаш авторот немал желба да коментира, чувствувајќи се крајно истоштен од напнатоста за време на сеансата.

Тука веќе се забележува демонскиот карактер на мистичната појава што е предмет на нашето интересирање. Во тоа нервно истоштување, водено од губење на сознанието, ние откриваме една извонредно важна предавничка црта на нечистата сеансна црта, која, несомнено покажува, дека во случајов имаме работа со појава на поднебесните сили на злобата, со јасновидство, раководено од ѓаволот. Вистинските пророци и Божји угодници, никогаш не се чувствувале изнемоштени и уништени по мистичното општење со Бога и со тамошниот свет, а секогаш од својот допир до Божјата благодат добивале голема сила, необичен прилив на енергија и бодрина за нови подвизи. Притоа, тие не губеле сознание во текот на својот разговор со Небото, a напротив, cѐ добро запамтувале и буквално предавале, согласно дадените им од Бога упатства, без да имаат потреба од некаков магнетофонски апарат.

Колку повеќе понатаму ќе се зачита човек во книгата на Артур Форд, толку повеќе и појасни противречности со словото Божјо ќе открива. Форд пројавува штетна ширина на теософите, доближувајќи ги сите религии. Против покажаниот од Господа Исуса Христа тесен пат [Мат. 7,14], тој го следи широкиот и не препорачува никаде покајание, пост, засилена молитва, смирение и борба со своите страсти и пороци за достигнување на светост. Тој ја обвинува Црквата, дека преку своите догми и канони кај оние што веруваат ја задушила слободата да се ползуваат од можностите за постојано општење со мртвите преку посредништво на медиуми. Уште повеќе, тој и го зема за грев она, дека учела, на натприродните појави при спиритуалистичките сеанси да се гледа како на „ѓаволска работа" [стр. 75]. Според неговите чудни од библиски и светоотечки аспект сфаќања, големите пророци и праведници на Стариот Завет, како и апостолите од Новиот Завет го истакнувале јасновидството и спиритуализмот. Меѓутоа, тука тој фатално греши. Старозаветните праведници, кои, тој ги нарекува „медиуми“, не истакнувале никаков спиритуализам, никакво јасновидство и никакво прашување на мртви. Токму обратното, оние што пророкувале, како благодатни Божји угодници, енергично го претпазувале лековерниот народ од лажните пророци, маѓепсниците и од бесовските „чудотворци“. Во името на вистинскиот Бог тие го забранувале општењето со скриените во незнабожечките божества бесови [Псал. 95,5]. Свети пророк Мојсеј и свети пророк Илија особено ревносно се бореле против маѓепсниците и демонските [Ваалови] „пророци“ [5.Мојс. 18, 10-12; З.Царс. 18, 17-40]. Севишниот љубоморно преку Своите свети гласници ја пазел чистотата на верата во вистинскиот Бог и на здравиот религиозен однос кон Него и не му давал на Својот народ, наместо Нему, да им слугува на идоли, ниту да се обраќа кон бесови, ниту да разговара со мртви [5.Мојс. 18, 10-12].

Во Новиот Завет Господ Исус Христос, строго забранува следење на било каков вид медиуми, велејќи: „Пазете се од лажните пророци...“ [Мат. 7,15]. ,,Mногy лажни пророци ќе се појават и ќе прелажат мнозина“ [Мат. 24,11]. „ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните“ [Мат. 24,24].

Свети Јован Богослов, исто така, ги предупредува вистинските верници да не се вовлекуваат по разни лажни учители. „Возљубени пишува тој, не верувајте му на секој дух, туку проверувајте ги духовите; дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија во светот” [1.Јн. 4,1; Откр. 2,2].

Свети апостол Павле, маѓепсникот Елима го нарекува „...сине ѓаволски, ти кој си полн со секакво лукавство и злоба, непријатели на секоја праведност...“ [Дела 13,10]. Во Филипи тој од слугинката гатачка го истерал нечистиот дух, преку кој таа пророкувала [Дела 16,18]. Укорот, упатен кон некогашните лажни учители и лажни пророци, дека ги „...искривувале правите Господови патишта“ [Дела 13,10], со сета сила се однесува и кон денешните секакви пророкувачи, маѓепсници, духовидци и медиуми, кои служат на сатаната и го изопачуваат вистинското Православно вероисповедание.

Според А. Форд Исус Христос бил „медиум со многу големо излачување и сила“ [цит. дело, стр.72]. Поголем од Него немало меѓу медиумите! Како медиум Тој го устроил на Тавор и јавувањето на Мојсеј и Илија [стр.73]. Сметаме за излишно да објаснуваме, дека Христовото Преображение на Тавор и јавувањето на Мојсеј и Илија околу Христа, немаат ништо општо со бесовските сеанси, строго забранети од Библијата [5.Мојс. 18,10-12]. Христовото Преображение на Тавор е Божествено чудо, a ceaнситe се демонски имитации. Тавор ги води душите кон спасение, а сеансите кон погибел. Тавор го утврдува општењето со Бога, Кој заповеда послушание кон Исуса Христа, Божјиот Син [Мат. 17,5], а сеансите се општење со демони, кои се оттргнуваат од послушанието кон Христа. На Тавор од светот отаде се јавиле вистинските Мојсеј и Илија, а при сеансите се јавуваат не души на покојници, туку демони во нивни лик.

До што стигнува Артур Форд со своите сеанси и забранети од Бога прашувања на мртви? До тоа, да го „поправа” и изопачува Евангелието, дополнувајќи го со спротивни за него многубожечки, бесовски учења. За Форд, не словото Божјо, а неговите сопствени виденија се извор на божествени откровенија. Тој не си го поставува прашањето, дали духовите што му се јавуваат, кои се објавуваат себеси за души на мртви, се навистина такви, или се измамувачки духови, кои го лажат. Тој, лекомислено зема сѐ здраво за готово, бидејќи на сеансите биле искажувани поразителни вистински работи. Медиумот, вовлечен од заблудата и поласкан од својата слава, сосема не размислил, дека и демоните може да знаат многу подробности од нашиот земен живот и да ги истакнуваат, за да ги сокријат под нив своите погибелни сугестии за оние што ги слушаат. Така, тој се оддал на влијанието на бесовите и врз основа на кажаното од бесовските сили што му се јавуваат, си изработил свое „евангелие“, според кое, немало вечен ад, а само времени душевни маки, кои го „очистувале“ духот. Евангелската претстава за адот тој ја нарекува фантазија и дури садизам, кој оттргнувал од верата [стр.76] нешто, што е апсолутно невистинито. Вистината за адот таму, каде што убедувачки била исповедувана, побудувала страв Божји и спасување од вечните маки, а не оттргнување од верата.

Според Форд, сите покојници отаде се, кои повеќе, кои помалку среќни [стр. 168], или ако уште не се, ќе станат среќни преку своето развивање. Смртта ги води не кон полоша, a кон подобра состојба. Така Форд ги успокојува своите следбеници. Тој не изискува од верните покајание. Христијаните се „успокоени”, но и демобилизирани. Откако го чуле учењето на Форд, тие повеќе не чувствуваат потреба од борба со гревот во себеси, каква што изискува апостолот [Гал. 5,24], ниту од борба со демонскиот свет [Ефес. 6,12]. Тие немаат потреба да ја напрегаат својата волја, ниту да се присилуваат себеси кон спасение [Мат. 11,12]. Тие можатда си живеат како што сакаат. Смртта ќе дојде и ќе ги одведе во „поубави“ услови од тукашните. Тие ќе бидат од онаа страна во „светлина" и на „слобода'?.

Форд уверува, дека ги видел сите покојници во соодветна на нивната духовна состојба аура, т.е. во некаква, божемна светлина. Само што боите на различните покојници биле различни [стр. 221]. Меѓутоа, ние знаеме дека единствено светителите излачуваат вистинска светлина и затоа се сликаат со ореоли. Како лукаво ѓаволот се обидува да ја профанизира светоста! Излегува, дека нема темни грешници во светот отаде. Божем, секој таму има свој „ореол“, своја повеќе или помалку сјајна „светлина“. Но, тогаш што претставува умрениот непокајан престапник? Според Форд, и тој треба да излачува своја „светлина", само поразлична од таа на другите! Тогаш излегува, дека има ореол на пијанството, ореол на блудството, ореол на среброљубието, ореол на омразата, ореол на одмаздата, ореол на гордоста итн. Да не се залажуваме -тие дури се демонски „светлини“, претставувани од ѓаволот за воведување во заблуди. Штом „самиот сатана се преобразува во ангел на светлината“ [2.Кор. 11,14], зa да ги измами лековерните свои жртви, тогаш и неговите потчинети демони, што лажат дека се душите на тие или оние покојници, можат да се јавуваат со измамувачка светлина. Вистинската, благодатната, божествената светлина е друга. Таа не озарува грешници. Само за праведниците и за длабоко покајаните луѓе, Спасителот рекол, дека ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец" [Мат. 13,43].

Тука доаѓаме до едно друго лажно учење на А. Форд. Тој предлага една сосема нова претстава за тукашниот и за задгробниот свет, обединувајќи ги во една единствена и обединета вселена [стр. 209 и сл,]. Божественото откровение, пак, нѐ учи, дека има два света: видлив, во кој сега живееме, и невидлив, духовен свет, во кој ќе влеземе по својата смрт. „... Бидејќи видливото е времено, а невидливото вечно“ [2.Кор. 4,18]. Видливиот свет ќе се разруши [2.Петр. З,11], за да се појават ново небо и нова земја, на кои ќе се всели правдата [2.Петр. 3,13].

Гледиштата на Форд не се совпаѓаат со тоа библиско учење. Тој никаде не зборува за катаклизмите, кои му се закануваат на овој свет, што целиот лежи во зло [1.Јн. 5,19], ниту за некаков близок крај на гревовната човечка историја. Тој нема никаков есхатолошки поглед кон идното. Неговите очекувања се крајно „оптимистички“. Според него, оние што умираат не се оддалечуваат од оние што живеат на земјата. Тие живеат во истиот свет, во кој живееме и ние [стр. 210], само што е невидливо за нас. Не учи така словото Божјо. Оттаму дознаваме, дека сиромавиот Лазар и немилостивиот богаташ, по нивната смрт се одведени во сосема друг свет [Лука 16, 22-23], каде што има рај и ад, Авраамово крило и огнени маки [Лука 16,24]. Свети Јован Златоуст вели: „Очигледно е, дека душите што излегле од телата не остануваат тука, но веднаш се одведуваат, и тоа слушни како: ,Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово' [Лука16,22]... Душата на богаташот, пак, била земена од некакви страшни сили... зашто душата сама по себеси не заминува во другиот живот“.

Од тоа библиско и светоотечко учење, кај Форд нема ни збор. Според него, праведни и грешни не се делат од нашиот свет, туку се само околу нас и ползувајќи се со повеќе слобода, отколку ние, се „усовршуваат“. Смртта, според Форд, е ослободување од еден живот на маки и навлегување во една пријатна вечност на слобода и постојан духовен растеж. Според него, луѓето кои се одделиле од своето тукашно тело, во светот отаде се чувствувале лесни како птички во своето „ѕвездено“ тело. Заклучокот му е крајно лекомислен: „Зошто да се вознемируваме, штом тоа е смртта?“ [стр. 219-220].

Сфаќањата на Форд се полна противречност со православното учење по прашањето за слободата на мртвите зад гробот. Умрените праведни души може да имаат слобода и навистина ја добиваат, со кое се објаснува, дека тие можат да им помагаат на земните луѓе што им се молат. Така помагала мајката на свети Симеон Дивногорец - Марта, која била голема праведничка. Се одликувала со големо воздржание, со тежок пост и подвизи, со трпение и верност кон Бога во сите Негови заповеди и највеќе со необичната љубов кон Спасителот и Неговата пречиста Мајка. Непосредно по својата смрт таа им се јавила на двајца Симеонови ученици жива, во светла облека и во небесна светлина. Тие се исплашиле, бидејќи ја знаеле умрена, а таа им рекла: „Не плашете се! Господ ме приброи не кон мртвите, а кон живите. Дојдов да ви помагам против ѓаволот да го победите и да добиете вечен живот!" Откако го рекла тоа, одеднаш станала невидлива.

Непокајаните, упорни грешници се лишени од слобода зад гробот. Согласно Божјата определба, тие се во темнината на адот [1.Петр. З,18], сврзани со оковите на мракот [1.Петр. 2,4]. За оној без свадбена облека, т.е. без покровот на Божјата благодат е речено: „Врзете му ги рацете и нозете... и фрлете го во крајната темнина!“ [Мат,22,1З].

Преподобен Амвросиј Оптински пишува: „Грешните души, согласно учењето на Православната црква, се заклучени во адот и немаат власт не само да ги учат другите, но и да излегуваат оттаму, очекувајќи го во ужасни офкања Страшниот Божји суд. Следствено, се повикуваат и се јавуваат [при сеансите], не душите на умрените, туку духовите на гревовната темнина и измамниците на човечкиот род“.

Преку своите медиуми бесовите ги успокојуваат луѓето, дека немало потреба од покајание на земјата и дека не бил умесен стравот од смртта, така што, отаде сите биле подобри, кои повеќе, кои помалку... Кому му ползува таа лажлива проповед, освен на ѓаволот? Неподготвените, непокајани, измамени луѓе, паѓаат во замките на лукавиот, за да бидат поставени во вечни окови.

Светителите, убедени дека има вечни маки, се плашеле од нив, како и од гревот, кој ги раѓа. Со своите постојани покајни солзи, како и co непрекинатите духовни трудови, тие ги гаснеле за себеси пламените на адот.

Кога настапил последниот час на свети Арсениј Велики, браќата што го опкружувале виделе, дека тој горко плаче и го запрашале: „Отче, зарем и ти се плашиш?“ Тој им одговорил: „Се плашам. Стравот, кој го чувствувам во овој час, беше цело време со мене, откако станав монах“.

Се раскажува и за познатиот подвижник ава Агатон, дека цели три дни пред својата смрт лежел неподвижен, со отворени очи, насочени во една точка. Браќата го поттурнале и го запрашале: „Авва, каде си ти?“ Тој одговорил: „Стојам пред Божјиот суд“. Браќата му рекле: „Зарем и ти се боиш?“ Тој возвратил: „Макар и да сум се грижел со сите сили да ги исполнувам Божјите заповеди, но јас сум човек и не знам дали моите дела се угодни на Бога“. Браќата го запрашале: „Зарем не си убеден, дека делата ти се угодни на Бога?" Старецот одговорил: „Невозможно е за мене да сум убеден во тоа, додека не отидам при Бога. Зашто еден е човечкиот суд, а друг е Божјиот!" Кога браќата посакале пак да му постават прашања, тој им одвратил: „Пројавете љубов кон мене! Не зборувајте ми, бидејќи сум зафатен”. Откако го кажал тоа, тој замолкнал и по кратко време издивнал со радост. Браќата виделе, дека при последното негово издивнување тој се радувал така, како да поздравувал сакани пријатели.

Целото дело на Форд претставува скриена борба против Библијата и спротивставување на забранетото во неа извикување на духови и прашување на мртви. Заштитниците на Форд ќе речат: Како да не веруваме во сеансите на Форд, кога духовите што му се јавиле прават претскажувања, кои се случуваат? Од сличен вид е опишаниот од Форд случај со убиството на познатиот борец за човекови права М. Л. Кинг. Ние буквално ќе го опишеме, за да видиме од каков вид се демонските „претскажувања“. Ова „пророштво“ самото по себеси го содржи своето побивање.

На 16 април 1967 год. бил запишан следниот разговор, воден меѓу Флечер [духот, што се јавувал при сеансите на Форд, кој му помагал во неговото општење со „мртвите“] и присутниот на сеансата, американецот Џон. По извикувањето на духовите Флечер рекол, имајќи ги во предвид жителите на светот отаде што се јавиле на сеансата: „Тука има различни луѓе... Некој си Карлсон вели, дека тој ќе претскаже нешто, кое треба многу внимателно да се протолкува. Се однесува на некојси црнец Мартин Лутер [Кинг]. Постои план, кој веќе е разработен и ќе биде исполнет. Тоа е зол план. Едно духовно лице по име М. Л. Кинг треба да биде убиено и тоа скоро“.

Џон: Може ли Карлсон да ми каже, кој ќе го убие Кинг?

Флечер: Не!

Џон: Гледа ли тој кога ќе се случи тоа?

Флечер: Не, не точно! Тој гледа само дел од сликата. Претскажувања од тој вид се примаат само во груби црти. Само планот!

Џон: Но, дали ќе се случи тоа?

Флечер: Да!

По една година, на 4 април 1968 год. М. Л. Кинг бил убиен.

Лекомислените и неинформирани луѓе извикуваат од восхит: какво точно пророштво! Како да не веруваш на спиритуалистичките сеанси! Всушност, тука немаме вистинско Божествено пророштво, туку демонско набљудување на лошите планови и поврзаното со нив предвидување што ќе се случи. Целта била да бидат измамени лековерните луѓе. Бог единствен знае сѐ пред неговото случување [Дан. 13,42], а демоните немаат такво сезнаење. Тие не можат со точност да ја претскажуваат иднината. Тие само ги набљудуваат случувањата, ги следат плановите на луѓето и ги претставуваат своите предвидувања на своите медиуми како „пророштва“. Таков е случајот со убиството на М. Л. Кинг. Скриен зад името Карлсон, демонот го претскажува убиството само поради тоа, дека дознал за злобниот план на убијците. Но кој и кога ќе го изврши убиството, тој самиот признал, дека не е во состојба да претскаже, зашто „гледал само дел од сликата“.

Свети Антониј Велики добро објаснува: „Демоните не знаат ништо сами по себеси, но, како измамници, што ќе видат кај другите, тоа разгласуваат, зашто тие предвидуваат, а не знаат ништо однапред. Затоа, ако и претскажат нешто вистинско, никој да не им се восхитува на тоа!“ „Така тие гордо понекогаш објавуваат, дека ќе има поплава на реката Нил, бидејќи виделе, дека паднале многу дождови во етиопските земји“, каде што се изворите на Нил. Бидејќи тие бргу ги прелетуваат пространствата, неколку денови порано ја „претскажуваат“ поплавата, пред водите да го изминат својот долг пат од горниот Нил до долниот и навистина да ја предизвикаат поплавата.

Меѓутоа, понекогаш претскажувањата на бесовите не се случуваат. Свети Антониј Велики и ова им го објаснува на браќата, откако им рекол? „Неретко демоните претскажуваат со неколку денови порано, дека ќе пристигнат [во манастирот] гости, браќа и тие навистина пристигнуваат... Но понекогаш се случува, тргнатите на пат да се вратат назад и тогаш демоните се покажуваат како лажговци”.

Понатаму, Форд во својата книга признава, дека медиумските задачи не се за секого и сепак тврди, дека „основните задачи никому не би можеле да му наштетат" [стр. 253]. Напротив, според него, тие ја развивале „духовноста“ на човекот, и тоа без било каков пост и молитва, без некакви подвизи за придобивање на смирение. Според Форд, „аскетскиот живот не се покажал резултатен пат за духовно усовршување“ [стр. 253]. За усовршувањето при паѓањето во транс и при општењето со покојниците, според него, човекот требало да се ослободи од својот страв пред смртта [стр. 258]...

Некои може да прашаат: сепак, не одат ли бесовите против себеси, утврдувајќи ја преку медиумите вистината за бесмртноста на душата и верата во задгробниот живот? - Да, навидум тие не одат против себеси и ние би можеле, надитрувајќи ги, така да се каже, да ги исползуваме нивните јавувања како доказ, дека постои духовен свет. Всушност, демоните добро си ја направиле сметката и на крајот на краиштата, тие пак печалат од човечкото неразумие. Зашто, како компензација за всадувањето, божем, вера во бесмртноста на душата нешто, од кое би можело да произлезе загуба за нив тие ги насадуваат кривоверијата на многубожечките религии: дека, божем, имало преродување на душите во нови тела, дека адот бил времен и допуштан за усовршување на душите. Освен тоа, тие го распространуваат лажното тврдење, дека древните пророци и дури свети апостоли биле, божем, големи медиуми, дека Христос бил учител, мудрец, но не и Спасител и Искупител на човештвото, дека покрај христијанските светци - имало множество големи индуски јогини и факири, зачудувајќи го светот со своите големи „духовни“ постигнувања [стр. 23]. На тој начин верата, искривена во кривоверие и насадувана од сатаната, по друг пат доведува пак при него и тоа уште посигурно од безверието. Затоа, во никој случај не треба да ги истакнуваме спиритуалистичките сеанси под благовидниот предлог, божем, на тој начин да се докаже постоењето на духовниот свет!

Ние, православните христијани, треба да си даваме сметка за опасностите, кои ни се закануваат и од левата страна, каде нѐ привлекува атеистичкиот рационализам, и од десната страна, каде што ни кимка широкото по опфат кривоверие. Гледајќи го сето ова, треба цврсто да им го кажеме своето „не” на искушенијата што доаѓаат и од лево и од десно. Ние треба строго и посветено да го следиме препорачаниот од Спасителот тесен пат [Мат. 7,14] на Божественото откровение, верувајќи во Животот по животот. Не треба да ги заслушуваме ниту атеистичките проповеди, дека немало задгробен живот, ниту ветувањата на лажните пророци, дека сѐ отаде гробот било среќно за сите. Треба да се пазиме и од привлечните фантазии на многу лажни учители, дека наскоро ќе настапи времето, кога медиумските и парапсихолошките способности ќе сакаат неизбежно да се вовлечат среде луѓето и немало веќе да бидат сметани како ненормални. Тоа ќе ги довело луѓето на XXI век до голем „напредок“, до нови „духовни“ постигнувања и до откривањето на нови димензии [стр.227]. Наскоро ќе настапел моментот, кога сите ќе можеме „да зборуваме за она, што лежи зад границата на нашиот живот, така јасно, како што зборуваме за пределите, кои се зад хоризонтот пред нашата куќа“.

Да, возможно е во нашите апокалиптични времиња, кога сатаната ќе „биде пуштен од затворот свој“ [Откр. 20,7], да настапи наскоро таков момент, кога извонредно многу ќе се зголемат служителите на бесовите и кога сите ќе се залажуваат, дека успешно надничат во забранетата од Бога област на таинствениот задгробен живот. Тој момент не ќе дојде, додека не се оствари потполно отпаѓање од вистината [2.Сол. 2,З]. Кога отпаѓањето ќе зацари во сета своја полнота, развратните луѓе ќе стигнат во своето непослушание кон Бога дотаму, што сосема ќе се покорат на влијанието на демоните и на даваните од нив дарби за нездрави духовномистични занимања. Бог да нѐ пази од сето ова!

Да го спомнеме и следното. Никогаш, додека сме, така да се рече, приврзани кон телото и гревот, тамошното нема да ни стане уште во овој свет сосема достапно, зашто е речено, дека на земјата „според верата живееме, а не според гледањето" [2.Кор. 5,7]. Да го спомнеме, исто така, и оставениот ни завет од светиот апостол Павле: „Браќа, пазете некој да не ве заведе со философија [теософија бел. на авт.] и со празна измама што се потпира на човечкото предание, на стихиите на светот, a не по Христос“ [Кол. 2,8].

Bo црковните канони се предвидува да бидат лишувани на шест години од Света Причест оние христијани, кои се занимаваат со спиритизам. Ова не е случајно. Секое занимање од сличен вид е демонизам! Уште во Стариот Завет, како што видовме, Бог строго им забранува на верните да се вовлекуваат вo разни видови бесовштини, велејќи, дека меѓу нив не треба да се наоѓа ниту еден „што претскажува, да гата, или како маѓепсник, чародеец... ни гледач на утробата, ниту таков кој извикува духови... ни таков што повикува мртви; зашто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа“ [5. Mojc. 18,10-12]. „Маж или жена, ако извикува духови на мртви, да бидат убиени; со камења да ги убиете, виновни се“ [3.Мојс. 20,27].

Бесовски лажни учења има бескрајно многу во светот, но Божествената вистина е една! Бесовските заблуди како поток ја поплавуваат нашата планета, но тие ќе свршат како срам при свршетокот на светот. А „вистината Господова ќе пребива вечно“ [Псал. 116,2]. Врз неа треба да го градиме својот светоглед и за овој и за идниот живот. Таа ќе нѐ спаси и воведе во блажената вечност!

Архимандрит Серафим