Архимандрит Серафим

Глава 2

Во нашиот век, во кој човекот со сите свои морални недостатоци е издигнат во култ, сосема е неприфатливо да се зборува за грешници, ниту за нивната крајнотажна  судбина зад гробот. Низ цел свет денес се забележува една нескриена тенденција да се омаловажува поимот грев, да се оправдуваат, речиси, сите морални слабости на човекот, особено слабостите во неговиот интимен живот и да се одрекува верата во постоењето на вечен ад. Честото истакнување на правата на секого на земна среќа, како и постигнувањето на што е можно повеќе задоволства, се закануваат не само да го засенат во сознанието на луѓето Божествениот морален закон, но и да ги направат апсолутно неверојатни опишаните во словото Божјо адски маки за непокајаните грешници. Оваа појава е колку плод на оддалечувањето од Бога, толку и последица од поставувањето на човекот во центарот на вселената. При оваа положба, сосема разбирливо е енергичното оспорување на постоењето на адот, како и лекомисленото фалсификување на Евангелието преку претолкување и пренебрегнување на Божјите казни за грешниците што го вознемируваат модерниот човек. Со ова се објаснува фактот, дека на едни денес многу им се допаѓа одрекувањето на секаков живот по смртта, зашто тоа ослободува од секакви одговорности пред Бога, а на други, многу им се допаѓа лажната проповед, која што сето од светот отаде го претставува во најрозова светлина. Свети апостол Павле добро рекол: „Зашто ќе дојде време кога луѓето нема да го слушаат здравото учење, но, водени по своите похоти, ќе си изберат учители да им го залажат слухот; тие ќе го одвратат слухот свој од вистината и ќе се свртат кон бајки“ [2.Тим.4,3-4].

Бајкитe, за кои со толкава болка и загриженост зборува големиот апостол на многубожците, денес се облекуваат во формата на „научни“ испитувања, сврзани со прашањата за смртта. Едни сметаат, дека со своето неверие можат да ја соборат верата во каков и да било задгробен живот, а други ја изопачуваат таа вера, додавајќи ѝ пријатен, за грешните луѓе, карактер. Таков е и современиот американски психијатар Рејмонд Моуди, кој во 1975 г. публикувал книга, во која навидум си поставува за цел да биде апологет на верата во задгробниот живот [кој, тој го нарекува „Живот по смртта“], а всушност, ги воведува читателите во судбоносни еретички заблуди по ова важно прашање. Германскиот превод на книгата излегол во Хамбург 1977 год. и носи наслов ,,Leben nach dem Tod”.

Најнапред, д-р Моуди предупредува, дека неговото изложување било изградено врз строго документарна основа биле испитани 150 души, паднати во состојба на клиничка смрт. Потоа, авторот ги воопштува расказите на своите соговорници и ја запознава широката публика со преживувањата на оживените луѓе, цртајќи ја следната шема, општа за, речиси, сите случаи на враќање од смрт кон живот.

„Човек е пред издивнување. Додека неговото телесно истоштување се приближува кон својата врвна точка, тој слуша како лекарот го објавува за мртов. Ненадејно тој чувствува непријатен шум, едно остро звонење или бучење и истовремено го има чувството, дека се движи многу брзо по еден долг тунел. Потоа, одеднаш, се гледа надвор од своето тело, но во истата состојба како порано. Како некој набљудувач, тој отстрана го погледнува своето сопствено тело и присуствува... на обидите за неговото оживување. По извесно време, тој започнува да се навикнува на својата туѓа состојба и открива, дека сепак има „тело“, кое меѓутоа, суштински се разликува од неговото физичко тело како по својата структура, така и по своите својства. Брзо со него се случуваат нови нешта. Други суштества се приближуваат до оној што умира, за да го поздрават и да му помогнат. Тој ги распознава душите на веќе починатите роднини и пријатели; пред него се јавува едно суштество, што излачува љубов и топлина, суштество од светлина, какво тој дотогаш не видел. Тоа суштество, без да зборува, кон него упатува прашање, имајќи за цел да го натера да го оцени целиот свој живот. Тоа при ова му помага, правејќи возможно да мине молскавично пред неговите очи, како на филмска лента, панорамата на најважните случувања од неговиот живот. Одеднаш, на оној што умира му се причинува, дека се приближува до некаква преграда или граница, што претставува разделувачка линија меѓу земниот и тамошниот живот, но му станува јасно, дека тој треба да се врати на земјата, како уште да не дошло времето на неговата смрт. Тој се противи, зашто неговото општење со животот отаде така го пленило, така што, тој не сака повеќе да се врати назад. Тој е исполнет со чувства на радост, љубов и мир. Покрај неговото внатрешно противење, без да знае како, тој, повторно се соединува со своето физичко тело и го продолжува својот живот [цит. дело, 27-28].

Во своето понатамошно изложување д-р Моуди доследно и детално ги разгледува елементите на горното резиме, запирајќи се на секој момент поодделно, разработувајќи го во одделна глава. Колку и да се задлабочува во описите на доверените „задгробни“ доживувања, тој не спомнува никаде, неговите пациенти да споделиле со него, дека биле исплашени од гледањето на демони, ад или огнена геена, од некакви маки што ги очекувале за сторените од нив и неизмиените со солзите на покајанието гревови. Ако се зборува за мачни шумови при клиничкото „умирање“ [стр.36], тие траат сосема кратко време и немаат ништо општо со адот. Минувањето на душата преку некаков тунел или темен премин е поскоро кратко доживување на душата, а не трајна адска мака [види стр. 3738]. Сите што умирале, доживувале чувство на мир, радост и љубов при средбата со „светлото суштество“. Една жена, која поминала преку таква времена „смрт“, предавајќи што преживеала, вели: „Веќе сум умрела. Колку е убаво!“ [стр.47].

Заслужува да се одбележи, дека д-р Моуди насекаде зборува само за „живот по животот” и никаде не спомнува за смрт по смртта. А таа „смрт по смртта" е така наречена од свети Јован Богослов „втора смрт“ [Откр. 21,8]. Таа не е некакво уништување на душата, а вечна тага на непокајаните грешници во адот!

Врската „награда и казна во идниот живот“ според д-р Моуди не се појавува дури ни кај луѓе, кои пред ова мислеле и верувале така. „За свое големо зачудување тие опитно доживувале, дека дури, кога нивните сосема лоши и гревовни дела се откривале „пред суштеството од светлина“, тоа суштество реагирало не со гнев и омраза, но секогаш со разбирање и дури со хумор" [стр. 105]. На друго место во својата книга д-р Моуди одбележува, дека сите, кои се сретнале со „суштеството од светлина“, се чувствувале сакани и прифатени од него [стр. 100]. Следствено, според д-р Моуди, отаде нема суд, а само љубов и добрина [стр.68]. Не со страшни изобличување, а со разбирање се пресретнувани умрените [стр. 70]. Затоа тие, веќе не чувствуваат страв од смртта, ниту на неа гледаат со ужас [стр.101, 103].

Тука се сретнуваме со една сосема нова проповед за светот отаде и за вечниот дел на грешниците. Пред нас се разоткрива едно досега непознато „евангелие", очигледно несовпадливо со досегашното, вечното Христово Евангелие [Откр. 14,6] и директно противречно на него. Ова ново еретичко „евангелие“ сака да го измести вечното автентично Евангелие, базирајќи се не на испитани и докажани Божествени откровенија, туку врз опитот на обични грешни луѓе, преминати за кратко време „отаде“. Тие сведочат, дека отаде прагот на смртта, божем, сѐ било среќно, дека немало вечен ад и маки. Но тие луѓе не претпоставуваат, дека се мамени од ѓаволот!

Пристапувајќи кон критика на предложеното искривено „евангелие", ние треба најпрво да истакнеме, дека оние што преживеале клиничка смрт, всушност, не се враќаат од вистинска смрт кон животот. Тие биле сметани за умрени, но уште потполно не прекинале со тукашниот свет. Bo медицината се познати случаи, кога срцето запира, но животот уште тлее некаде во телото. Кога мозочните клетки ќе започнат да умираат, тогаш дури, може да се зборува за настапена вистинска, биолошка смрт. Значи, оние што се наоѓаат во состојба на клиничка смрт не се враќаат од оној свет, та да сведочат за него, не воскреснуваат од мртвите, а пo подолго или пократко замирање се враќаат, преку реанимациони манипулации, кон поранешниот свој живот, откако, само се доближиле до крајната линија, што го разделува животот од смртта. Според тоа, доживувањата и виденијата на паднатите во клиничка смрт се само предсмртни, а не посмртни. Тие не можат да бидат сметани за сведоштва на вистински умрени луѓе, а само за виденија, давани од темните адски сили со цел, преку нив да се насадат разни душепогубни лажни учења.

Самиот д-р Моуди дава да се разбере, дека испитаните од него пациенти не биле потполно умрени луѓе. Тој го тврди следното: „На оној што умира му се присторува, дека се приближува до некаква преграда или граница, што претставува разделувачка линија меѓу земниот и светот отаде. Но му постанува јасно, дека тој треба да се врати на земјата, зашто уште не дошло времето на неговата смрт“ [стр.28].

При оваа состојба сосема е јасно, дека средбата на оној што умира со некакво „светло суштество” не е средба со Бога Судијата, која неизбежно ќе се случи, по нашата физичка смрт. Согласно учењето на Светата Православна Црква, пред Бог кој суди правилно, се исправа душата на конечно одделениот од земниот живот човек за да ја добие на т.н. „Посебен суд” својата времена пресуда. Но, штом тоа не е средба со Бога, се прашува: кој се крие зад „добронамерната фигура" на „светлото суштество“? Ете ова е големото прашање. Д-р Моуди не уточнува кое е тоа „светло суштество“. Тоа било, според него, различно означувано во зависност од неговата припадност на луѓето и од нивното религиозно воспитание. Повеќето христијани го идентификувале со Христос. Двајца евреи во него виделе „ангел“. Еден, пак, кој порано немал никакви религиозни убедувања, прв го нарекол „светло суштество" [стр.66]. За нас, прашањето, кој се јавува како „светло суштество“ е нагласуваме од посебна важност. Тоа не може да биде „ангел“, зашто е претставено какво такво, кое божем, ја „решава“ вечната судбина на луѓето нешто, кое ги надвишува прерогативите на ангелите. Тоа не може да биде ни Христос или Бог Отец, зашто, како е возможно Бог со хумор да ги пречекува луѓето, обременети со гревови, кога Самиот ни всадил со страв и трепет да се однесуваме кон своето вечно спасение [Фил. 2,12; Псал. 2,11]. Ако на обичен суд човекот се јавува со стегнато и тревожно срце, колку посериозно треба да гледа на Божјиот Суд, кој му ја определува неговата вечна судбина. Штом не е ни ангел, ни Бог, останува да прифатиме, дека тоа суштество е, или еден од демоните, кој се претставува за Христос, или самиот сатана! Та, нели за него свети апостол Павле сведочи, дека „се преобразува во ангел на светлината“ [2.Кор. 11,14], со цел да ги измами лековерните!

Во нашето антихристовско време, ѓаволот засилено работи и среде неверни и среде верни, само што сега тој ја променил својата тактика. Отпрвин им се јавувал често во својот страшен вид дури и на праведници, за да ги фрли, ако е можно во очај, особено во нивниот претсмртен час и така да ги придобие. Сега тој најчесто се крие зад маската на некакво „светло суштество“, кое ги пресретнува душите многу „хумано“ на замрените луѓе, т.е. не со строгост, туку со разбирање и дури со хумор! Целта e, откако ќе се вратат кон земниот живот, замрените луѓе да почнат да го проповедаат лажното „евангелие“, дека отаде смртта нема адски ужаси, туку само радост, љубов и мир! За таквото лажно „евангелие", кое противречи на одамна познатото Христово благовестие, свети апостол Павле рекол: „Но ако и ние самите, или пак ангел од небото ви проповеда нешто спротивно од она што ви благовестевме ние, нека биде анатема!“ [Гал. 1,8]. Непомирливоста меѓу едното и другото појасно ќе се забележи од следните споредби:

1. Оние што преживеале клиничка смрт почувствувале, според д-р Моуди, чувства на мир, радост и љубов при својата средба со „светлото суштество", зашто тоа реагирало крајно снисходливо и дури одобрувачки кон нивните немоќи.

Не така Спасителот ја опишува средбата на човекот со Бога при смртта. Безумниот богаташ, кој се чудел каде да го стави неговиот преумножен имот [Лука 12, 16-20], кога го чул Божјото известие за крајот на неговиот земен живот и особено обраќањето „безумнику!“, не почувствувал мир, радост и љубов, ниту насетил во разнесениот над него глас нота на некаков добродушен хумор, туку отворено преживеал смртен ужас, откако разбрал, дека неговата душа задолжително ќе биде подложена на тешки испитувања за своите зли дела.

Истото го потврдува и свети апостол Павле, пишувајќи: „јарост, пак, и гнев на оние што ѝ се непокорни на вистината...“ [Рим. 2,8].

Според лажното учење на д-р Моуди, смртта не е нешто повеќе од шега, а според црковното благовестие таа е најстрашниот испит за нас!

2. Според д-р Моуди, дури и при најлоши и грешни дела „суштеството од светлина“ секогаш реагирало со разбирање [стр.105]. Сите грешници се чувствувале сакани и прифатени од него [стр.100], без да се води сметка дали се покајале или не, Немало никакви изобличувања! [стр.70]. Затоа требало веќе на смртта да не се гледа со страв! Тенденцијата тука е, да се отстрани природниот човечки трепет пред очекуваниот ужасен смртен час.

На ова погрешно гледиште, треба да ги спротивставиме Божјите зборови, упатени кон самозаборавениот богаташ: „Безумниче, ноќва ќе ти ја побараат душата твоја!“ [Лука 12,20]. Зборот „безумник“ зарем не е изобличување?! Во согласност со ова, свети апостол Павле пишува: „Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог!“ [Евр. 10,31]. Страшно е, зашто беззакониците се испраќаат во адот на вечни маки, каде што „нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува“ [Марко 9,44], согласно строгите зборови на Христа.

3. Врската „награда и казна во идниот живот“ е неформално одречена од д-р Моуди. Тој вели, дека таа врска не се пројавувала дури ни кај луѓе, кои пред тоа мислеле и верувале така. За сите имало спасение! [стр.105].

Ете ги резултатите од подлите лаги на човекоубиецот сатана: Се објавува, дека грешници без секакво покајание „се примаат“ во рајот! Кој од оние што поверувале во овие лаги, така привлечни за современиот, лишен од здрави духовни сфаќања човек, по сето ова ќе помисли да се кае во животот за своите гревови! Одрекувањето на врската „награда и казна“ е отфрлање на основниот принцип на Божјата справедливост, согласно која, Бог секому ќе даде според неговите дела [Псал.61,13; Мат.16,27; Откp. 2,23 и др.]. А резултатот од ова е поткопување на основите на и онака осиромашената човечка моралност и вечна погибел за безброј човечки души.

4. Д-р Моуди вели: „Исклучително ретко некој Од моите слушатели [при неговите јавни предавања на таа тема] се зафатил да го објасни опитот на оние кои се доближиле до смртта со присуството на демони“, т.е. да ги припише на темни сили виденијата на оние што умираат. Мешањето на демони, според д-р Моуди било исклучено, бидејќи сите испитани од него луѓе се враќале кон животот со решението да ја следат добрата насока - да бидат полни со љубов и мирољубиви луѓе, нешто, кое според него не би можело да биде, ако тие се наоѓаа под влијание на сатаната, сејачот на омразата и уништувањето [стр.158].

Токму тука се крие лукавоста на лукавиот ќе возвратиме ние. Од оние, на кои се налага да ја проповедаат лагата, дека божем, немало вечни маки, ѓаволот изискува да бидат не пијаници, не силеџии, не човекомрзци, не престапници, зашто никој не би поверувал на сведоштвото на луѓе со скандалозно поведение. Но како „пристојни“ луѓе, тие можат да вршат многу слична услуга на сатаната, пропагирајќи го неговото погибелно за душата лажно учење, дека божем, немало никаков ад.

Тука треба да одбележиме, дека т.н. „пристојни“ луѓе, можат да бидат далеку од Бога и да загинат, ако зад нивната „пристојност“ се крие не смирение, туку гордост. Едно надворешно пристојно поведение сосема не е доволно пред Бога за добивање на Царството небесно, согласно зборовите на Христа: „ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно!“ [Мат. 5,20]. Надворешно чесниот човек може внатрешно да е прогниен од скриени душевни страсти и недостатоци. Според словото Божјо, човек треба да се роди духовно, за да влезе во Царството Божјо [Јован 3,3-5]; Тој треба да стане нова твар во Христа [Гал. 6,15], целиот да се преобрази преку благодатта на Христа, да се вкорени и утврди во Него [Кол. 2,7], зашто само оној „кој е во Христа, тој е ново создание“ [2.Кор.5,17], тој е Христов [види Рим. 8,9]. „Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите“ [Г ал. 5,24].

Колку попристојни луѓе има, кои, присвојувајќи го сатанското својство на гордоста, ја сметаат за „човечко достоинство“! Тие се далеку од Царот на смирението Христа [Мат. 11,29]. Kолку христијани има, кои не ја сметаат суетата за грев, а ja присвојуваат како „морално задоволување“, кое ги исполнува со повисоко самочувство! Колку себеповикани изобличувачи на злото има, кои постојано се хранат со помијата на туѓите гревови и токму кога ја нарушуваат строгата Божја заповед за неосудување [Мат. 7,1] мислат дека „принесуваат служба на Бога“ [Јован 16,2]. Ако такви луѓе орудија на ѓаволот проповедаат, дека нема вечен ад, зарем може да им се верува, кога Самиот Бог ги отфрла според реченото во Писмото: „Бог се противи на горделивите“ [1.Петр. 5,5].

Наивно е да се мисли, дека сатаната како дух на омразата и разрушувањето, може да проповеда само омраза и разрушување. Напротив, тој полесно стигнува до реализирање на омразата и разрушувањето преку пропагирање на своите погибелни лажни учења. Тој е лукав [Мат. 6,13] и прави од грешните луѓе свои жртви, кои стигнуваат до трагичната положба да заблудуваат, откако самите се заблудени [2.Тим. 3,13]. И самиот д-р Моуди е, според нас, заблуден од сатаната заблудувач. Тој ги развратува верните во Христа со своето лажно учење, дека не постои вечен ад. При склоноста на човечката природа кон грев [1.Мојс. 6,5], заклучокот од разгледуваното лажно учење може да биде само следниот: штом гревовите така лесно се простуваат во светот отаде и се земаат на шега, можеме неказнето да си грешиме!

Наместо во библиски и светоотечки дух, со голема претпазливост да пристапиме кон разгледување на случаите на клиничка смрт и да ги подложиме на строга оценка, откако ги поставиме под светлината на словото Божјо и на црковното барање, д-р Моуди ги зема здраво за готово измамите на оној, кој од Христа е наречен „лажливец и татко на лагата” [Јован 8,44].

Некои може да возвратат: не е ли д-р Моуди сепак полезен на верните со тоа, дека во нашиот материјалистички век докажува ако не друго, тогаш барем постоењето на еден духовен свет надвор од материјалниот? Вистина е, дека изнесените од д-р Моуди сведоштва потврдуваат ама само за верните, но не и за неверните постоењето на нематеријалниот свет, неверните упорно си го сметаат сето за фантазија, себеизмама и халуцинација. А, пак, вистинските верни во словото Божјо немаат Потреба од такво потврдување на својата вера, како што им подготвува д-р Моуди, кој, едно потврдува, а друго разрушува; Утврдува и тоа мошне несигурно верата во постоењето на задгробен живот, а истовремено ги разрушува богооткриените догмати за вечните казни за непокајаните грешници, за Постоењето на вистински ад и за неможноста грешникот да Пројави спасително покајание по својата смрт. На тој начин, Наместо да се утврдуваат, верните се збунуваат и оддалечуваат Од својата вистинска вера во задгробниот живот.

Ползата од книги како таа на спомнатиот американски автор е минимална, а штетата голема! Божем, ѓаволот им прави некаква „услуга“ на оние кои веруваат, но таа „услуга" се наплаќа со цената на пожртвуваните спасителни вистини. Нешто повеќе, таа се наплаќа со преголемата цена на многуте соблазнети човечки души, погинати заради своето вовлекување по ѓаволските лаги.

Православниот христијанин не треба во никој случај да се ориентира во разгледаните судбоносни прашања по кажаното од д-р Моуди и по спроведените од него „анкети“, така, како што свети апостол Павле, не само што не се ползувал од навидум полезната објава, што му ја правела пред народот слугинката гатачка во гр. Филипи, но дури го истерал од неа гатачкиот дух [Дела 16, 16-18]. Со ова, апостолот ни покажал, дека е голем грев да се ползуваш од „услугите" на ѓаволот, зашто секоја демонска услуга се наплаќа скапо и прескапо со вечното спасение на душата!

Промовираните во оваа книга тенденции наидуваат на сеопшто одобрување среде денешните непросветени душевни луѓе. Колку е утешувачко си велат тие, што нема отаде демони, вечни маки, ниту некакви казни за гревови! Cѐ се простува!

„Светлото суштество“ сите ги прима! Човек заминува таму не за да се мачи, туку да се развива, усовршува и „себеостварува“ [стр. 105]...

Но, што разбира д-р Моуди под „себеостварување“? Не е ли тоа алузија, дека и без Бога човекот може да се усовршува - нешто што е одречено од Христа! [Јован 15,5]. Човекот е создаден за да достигнува богоуподобување [1.Мојс. 126], а не некакво „себеостварување“, кое го отстранува Бога како непотребен. Та тоа е всушност теософското гордо себеистакнување и јогиското себевосхитување и себезадлабочување во личното „јас". Преку ова, демоните ги оттргнуваат луѓето од највозвишената и поставена им од Бога цел да постигнат богоуподобување [Мат. 5,48], преку благословениот од Него пат на правилна вера и свет живот.

При оваа состојба, јасно е зошто демоните никаде не се јавуваат во својот вистински вид пред замрените пациенти на д-р Моуди. Та, тие сознателно се кријат, зашто покорисно е за нив да дејствуваат преку свои верни орудија!

Сосема друга слика ни претставуваат расказите на вратените од оној свет православни луѓе, за кои ќе зборуваме понатаму. Дури и големи праведници, пред својата смрт гледале демонски сили, дојдени да ги попречат во нивниот пат кон тамошниот свет. На пример: големата подвижничка на Дивеевскиот манастир Елена Мантурова, пред својот овоземен крај опкружена од чудесни небесни виденија, одеднаш извикала кон својата послушничка: „Ох, Ксенија, што е тоа?“ И во смртен страв се притиснала кон неа. „Што е тоа? Какви безобразни се тие двајцата! Тоа се демони!... Но тие демонски измами не можат веќе ништо да ми сторат". Откако го кажала тоа, таа спокојно се отпуштила на својот одар и издивнала.

Под формата на „ново гледање” и нов начин на мислење, всушност се поткраднува старата Оригенова и одамна осудена од Црквата ерес за сеспасението, според која и ѓаволот, и антихристот и сите непокајани грешници ќе се спасат и нема да има вечни маки за никого.

Ова модерно сфаќање, толку пријатно за духовно раскинатиот современ човек, може само да ги успие христијаните и уште повеќе да ја ослабне нивната духовност, Сега веќе сосема е јасно кој се крие зад овие нови, либерални и примамливи сфаќања - тоа е ѓаволот со своите многубројни сотрудници. Христос не попусто прорекол, дека ќе се појават многу лажни пророци и лажни учители [Мат. 24,11]. Со своето ново разбирање д-р Моуди навистина се јавува во тажната улога на лажен учител. Тој ја поткопува довербата кон Евангелието, каде што се зборува за геена огнена и вечни маки [Мат. 25,46; 18,9]. Неговото повикување на нехристијанската тибетска „Книга на мртвите" [стр. 126], која ги потврдувала резултатите од неговите испитувања на вратените кон живот клинички умрени луѓе, ја докажува демонската суштина на разгледаните од него измамувачки преживувања и покажува кон каква збрка на верите и изедначување на религиите водат сфаќањата, слични на неговите.

Откако кон сето ова ќе го додадеме и фактот, дека д-р Моуди не го негира антихристијанското лажно учење за преродувањата на душите, a поскоро го прифаќа [стр. 145], сосема јасно станува, дека православниот христијанин не може да се радува на разгледуваната книга како на документ, кој ја потврдува неговата вера во бесмртноста на душата и во задгробниот живот.

Заразата, распространувана од книги како таа на д-р Моуди, започнала да се шири со брзината на најопасните епидемии. Делото на американскиот психијатар се прифаќа и од други лекари, кои божем, сакаат да му помогнат на модерниот човек во пречекувањето на смртта, а всушност, му причинуваат најголеми зла. Во германското списание „Квик“, број 30 од 17 јули 1975 год. [стр. 50-51], е отпечатена статијата „Има ли нов живот по смртта? Како изгледа оној друг нов свет, во кој се враќаме по својата смрт?“ Во таа статија се дадени исказите на д-р Елизабет Кјублер Рос, по раѓање Швајцарка, мажена за американски лекар, 49-годишна, меѓународно призната за експерт по танатологија [наука, која ги испитува процесите при умирањето]. Повеќе години по ред таа посетувала болница по болница, стоела до креветот на неизлечиво болните до последниот нивни здив и ги забележувала нивните зборови, нивните стравови и чувства. Таа собрала и проучиле 750 сведочења на лица, кои поминале извесно време во состојба на клиничка смрт и вратени потоа повторно кон живот. Еве некои Од тие случаи, поместени во списанието „Квик“:

Американецот Виктор Д. Солоу, филмски продуцент со сопствено ателје во њујорк, раскажува како умрел и оживеал, откако срцето престанало да му пулсира 23 минути. При една прошетка со автомобил, тој, одеднаш се почувствувал лошо и и рекол на жена си: „О, Луси, јас...” но не ја довршил реченицата и паднал во несвест. Се собрале луѓе. Веднаш биле повикани лекари, кои ја констатирале смртта. Со брза помош Солоу бил однесен во најблиската клиника и таму успеале да го оживеат со методите на модерната реанимација. Откако дошол на себеси, замрениот раскажал што преживеал во текот на времето, кога го пречекорил прагот на светот отаде. Тој се движел молскавично кон некаква блескаво светла мрежа, во која паднал и се преобразил. Почувствувал, дека едно ново „јас“ го заменило неговото прво „јас“. Тоа ново „јас“ било чист дух. Неговото најкарактеристично чувство било неопислив спокој и претчувство на големи случувања, на понатамошно преобразување“.

Филмската актерка Елизабет Тејлор, исто така раскажува за аналогни доживувања. При едно тешко заболување, таа се нашла пред прагот на смртта и еве што почувствувала, според нејзиниот сопствен исказ: „Ме обзеде прекрасно чувство на спокојство и мир. Одеднаш се видов самата себеси легната долу на леглото. Бев потполно одделена од своето тело. Тоа веќе не беше дел од мене...“

А еве и друг случај, кој поради неговата драматичност го предаваме подетално. Настанот се случил во Чикаго, каде што една пациентка лежи во одделот за интензивно лекување во една приватна клиника. Bo собата се наоѓа само дежурната сестра. Пациентката е на околу 40 години и боледува од рак. Околу 4 часа по ручекот сестрата забележува ненадејна промена во надворешниот изглед на болната. Лицето и станува восочно бело, очите и ce втренчуваат во таванот, од усните и излегува задушено офкање и таа веќе не мрда. По две минути лекарот е веќе кај нејзиниот кревет. Тој востановува запирање на дишењето и немање на било каков пулс, потполно прекинување на дејноста на срцето, отсуство на секакви мозочни биотокови. И така, жената паднала во состојба на клиничка смрт. Преземените енергични обиди за реанимација не ја враќаат болната кон живот и е однесена во мртовечницата. По 3 часа и 30 минути служителот во мртовечницата го преживува најголемиот ужас во својот живот. Мртвата се раздвижува под покривката, повиканите лекари ги повторуваат обидите за реанимација, овојпат со успех. Жената е вратена во живот. По околу 48 часа таа повторно е во потполно сознание. Нејзините мозочни клетки, кои обично започнуваат да умираат само неколку минути по запирањето на достапот на кислород, не покажуваат никакви белези на оштетување, нешто што ги зачудува лекарите. Таа им раскажува што видела и преживеала за тоа време, но лекарите љубезно се насмевнуваат и сето тоа го објаснуваат со зборовите „смртна халуцинација“.

Две седмици подоцна, болната жена е посетена од лекарката психолог Елизабет Кјублер Рос, пред која, таа го раскажува следното: „Длабоко воздивнав и одеднаш почувствував како лесно се извлекувам надвор од сопственото тело и се искачувам нагоре... Можев да видам како лежам долу на креветот како старо зимско палто, зафрлено преку пролетта во аголот, и одеднаш разбрав: бев мртва! Веднаш потоа видов како лекарите влегоа во собата и почнаа да се занимаваат со моето безживотно тело. Го разбирав секој нивни збор, го слушав нивното дишење и како еден од нив тивко ждригнува. Можев да ги распознаам секој еден од нив поодделно. Сето ова го набљудував одозгора, како да се носев над нив во воздухот и тој воздух целиот беше исполнет со блескава, сјајна, величествена светлина. Се обидов да влезам во контакт со лекарите и да им кажам: оставете, нема веќе никаква смисла. Зарем не гледате, дека не сум веќе жива? Најпосле разбрав, дека тие не можат да ме видат, ниту да ме слушнат. Тогаш ме завладеа едно неописливо убаво чувство на апсолутен спокој и задоволство... Следното, за кое можев да си спомнам е, дека лежев на една маса во мртовечницата, а лекарите се беа надвисиле над мене. Бев вратена во живот, но чувствувам силно разочарување Од тоа..."

Пациентката понатаму вели: „Откако знам што е всушност смртта, не се плашам веќе од неа!"

Чудно ли е, дека по таква ѓаволска пропаганда, бројот на самоубиствата брзо нарасна? Каква ужасна бестрашност, кога сите Свети Отци врз основа на словото Божјо нѐ учат на страв Божји и ни всадуваат да не гледаме лекомислено на смртта, а со голема внимателност да се подготвуваме за неа!

Приближно такви се и сите слични раскази, што ги опишуваат преживувањата на различни други луѓе, паднати во клиничка смрт. Едни гледаат сонце и полјани, чувствуваат дека се во рајот, чувствуваат голема радост и внатрешно задоволство. Други се гледаат опкружени од светлина и слушаат тивка музика. Трети се чувствуваат сосема лесни, радосно-спокојни и од секаде заобиколени со некаква блескава атмосфера. Четврти, гледаат свои блиски покојници, кои ги приведуваат кон некаков чуден, расцветан во розово свет, кон некаква волшебна градина, исшарана со чудни цвеќиња и исполнета со детска смеа.

Веќе нам познатиот американски медиум Артур Форд, со чијашто јавна противхристијанска дејност како медиум се запознавме во претходната глава, самиот ги опишува доживувањата на својата душа, која се одделила од телото при тежок срцев удар: „Летав, пишува тој, над креветот и го гледав своето тело оптегнато под мене. Потоа, паднав во една зелена, заобиколена од планини долина, потоната во светлина и неверојатни сјајни цветови. Одеднаш од сите страни кон мене се насочија познати луѓе, за кои знаев, дека се мртви“.

Како што видовме, Артур Форд се занимавал со строго забранетото во Библијата [5.Мојс. 18,11] повикување на духови на умрени луѓе, под чиј образ, всушност, се јавувале демони. Фактот, дека еден таков јавен служител на сатаната во текот на својата клиничка смрт гледал „зелена долина, потоната во светлина и неверојатно сјајни цветови", јасно го покажува демонско измамувачкиот карактер на сите виденија и доживувања од тој вид.

Сумирајќи ги изводите од сите случаи, слични на раскажаните, психологот д-р Елизабет Кјублер Рос изјавува: „Повеќето луѓе гледаат на смртта не како на крај, а како на нов почеток. Јас самата секогаш сум набљудувала, како оние кои се наоѓаат на смртна постела во последните минути од својот живот, како да зборуваат со луѓе, починати пред нив, кои очигледно веќе ги очекуваат радосно отаде... за мене е надвор од секакво сомневање, дека нашата душа ја надживува смртта" [списание „Квик“ посочената статија].

Читајќи слични соопштенија на разни луѓе, што преживеале клиничка смрт, читателите според тоа, дали се верни или неверни ги примаат различно. Неинформираните верници восхитено во нив откриваат „потврдување“ на својата вера во светот отаде, без да забележат, дека од вера застрануваат во кривоверие, зашто им се сугерира, дека од онаа страна нема веќе ад, дека сите среќно заминуваат кој помалку, кој на посветло место. Заразените од скептицизам луѓе, сите слични доживувања ги објавуваат за халуцинации. И во двата случаја печали сатаната. Ниту „верните“, ниту неверните даваат правилна преценка на разгледаните случаи. „Верните“ грешат, примајќи ги демонските измами за „ново благовестие“. Неверните, пак, грешат, откако мошне лесно го ликвидираат прашањето за животот по смртта со неубедлива изјава, дека тоа се просто халуцинации.

За нас, православните верници, прашањето стои сосема поинаку. Тука имаме работа не со вообичаени халуцинации, не со фантазирање, не со самоизмама, а со нешто многу пострашно, со ѓаволска измама, со лукава замка на сатаната, за кога во Откровението е речено, дека „ја мами целата вселена“ [Откр. 12,9]. Со други зборови, тука се судруваме со една од пројавите на таканаречените „длабочини сатански“ [Откр. 2,24].

Советскиот автор А. Черњаховски, проучувајќи ги разгледаните од нас раскази, им спротивставува документирани записи, направени во советски болници. Резултатот е обратен. Паднатите во клиничка смрт советски граѓани, по нивното оживување изјавуваат, дека ништо не виделе, дека по настапувањето на клиничката смрт, загубувале свест и дека доаѓале пак во сознание дури по своето разбудување.

Како да се објасни таа разлика меѓу сведочењата на американските и советските болни? Черњаховски наоѓа, дека доволен одговор дава советскиот психолог М. Нилин, кој вели: „Испитаните американци почувствувале, дека од нив ги очекуваат соодветните „божествени“ детали и неволно, потсвесно исполнуваат некаква социјална нарачка" , т.е. зборуваат не како што е, туку што се бара од нив. Тој одговор е сосема неубедлив, така што, тој може да биде приведен и од спротивната страна за објаснување на поведението на советските граѓани, паднати во клиничка смрт...

А. Черњаховски го задржува вниманието на читателот врз состојбата на главниот мозок кај смртно болните. „Опитно е докажано пишува тој, дека уште пред да настапи клиничката смрт, се гледа паѓање на биотоковата активност на главниот мозок и длабоко потискање на животната дејност на централниот нервен систем... Субјективно, таа состојба се оценува како „потфрлање на паметот“... Зошто тогаш Моуди..., Кјублер Рос и некои други прашува Черњаховски - така упорноја заштитуваат антинаучната хипотеза за особените форми на активност на човечката свест по запирањето на крвотокот во кората на главниот мозок?“

Читајќи ги американските и советските описи на доживувањата, испитани од луѓе во состојба на клиничка смрт, ние, застанати врз позициите на Православната вера, изјавуваме, дека не можеме да се согласиме ниту со едното, ниту со другото гледиште. На американските истражувачи ќе им се спротивставиме, дека нивните привлечни за верните луѓе заклучоци противречат на библиското и христијанско учење за вистинската состојба на душите во тамошниот свет, каде што има не само рај, но и вечен ад. На Черњаховски, пак, ќе го одговориме следното: ние, православните, сосема не тврдиме, дека по замирањето на мозочната дејност, паднатите во клиничка смрт продолжуваат преку својот мозок да примаат јавувања од тамошниот свет. Ние излегуваме од претпоставката, дека човекот се состои од материјално тело и нематеријална душа. Како што телото има свои очи, така и душата има свој вид „духовни очи". Изворот на мислите не е телото и не е мозокот, туку душата на човекот, која се служи со мозокот како со инструмент. Според познатиот биолог Клод Бернар „да се тврди, дека мислата не е ништо друго, освен продукт на мозокот, е исто да се каже, дека времето било продукт на часовникот“.

Вистина е, дека без мозокот нема душевна дејност во рамките на земниот човечки живот, преку кој, мозокот е орудие на душата. Но без душата мозокот не може да пројавува никаква дејност. „Мозокот е микрофонот, преку кој зборува ораторот, душата. Ако нема оратор, микрофонот не може да предаде никакви мисли“. Ораторот може да зборува и без микрофон. Тоа значи, дека душата може да се обрати од тамошниот свет без посредништво на телото се разбира, не во спиритистичко демонската, туку во библиската смисла на зборот.

Со своите физички очи, човекот го гледа околниот свет, а со духовните очи го „гледа“ она, кое е невидливо, духовно, нематеријално, вечно. Библијата потврдува, дека такви очи постојат во човекот, но тие, не секогаш дејствуваат [види 4.Царс. 6,17].

Блажени Августин го потврдува постоењето на духовни сетила во човекот. Познат е раскажаниот од него прочуен случај со картагинскиот лекар Генадиј, кој сонувал, дека му се јавил некаков блескав младич и го запрашал:

- Генадиј, спиеш ли сега или си буден?

- Јас спијам одговорил Генадиј.

- Ме гледаш ли? Пак прашал младичот.

- Те гледам.

-  Се што ме гледаш? Со твоите телесни очи?

- Не со нив. Тие се затворени. Не знам со што те гледам. Младичот продолжил да поставува прашања:

- Генадиј, ме слушаш ли?

- Да.

- Со што ме слушаш? Со твоите уши?

- Не со нив. Не знам со што те слушам.

- Младичот запрашал повторно:

- Генадиј, зборуваш ли сега со мене?

- Зборувам.

- Со што зборуваш? Со твојата ли уста?

- Не со неа. Не знам со што зборувам.

- Гледаш ли! -  рекол ангелот. - Твоите сетила сега почиваат и покрај тоа, ти гледаш, слушаш, зборуваш... И кога ќе умреш, и покрај тоа што сетилата ќе ти почиваат, ти ќе продолжиш да гледаш, да чувствуваш, да зборуваш и да слушаш.

И така, да се гледаат во текот на земниот живот нешта од тамошниот свет, начелно е возможно, зашто тоа „гледање“ се припишува не на телото, туку на душата, која е нематеријална. Штом човек може покрај своите физички очи да има и духовни, тој може со нив да ги гледа не само материјалните, но и духовните нешта! Меѓутоа, гревот го однесол јасното духовно гледање на човекот и тој од таков што може да гледа, станал слеп. Праведниците, кои ги очистиле своите души од грев, прегледуваат, но и тие не секогаш и не сѐ гледаат, зашто само Бог е Оној Кој cѐ гледа [Псал. 138,б]. Тие гледаат само дотолку, доколку Бог благоволи да им открие.

Грешници, исто така, може понекогаш да „гледаат“. Такви се јасновидците. Меѓутоа, типично за нив е, дека тие ја придобиваат јасновидската способност, без да прекинат со своите гревови. Нивната способност, без сомневање, е од сатаната, а не од Бога, зашто Спасителот го поставува задолжителниот услов да бидеме чисти по срце, за да го видиме Бога [Мат. 5,8]. Ѓаволот не бара од луѓето подвизи за очистување од гревот. Тој брзо им дава „дарови“ на своите служители и така ги приврзува уште повеќе кон себеси, а преку нив придобива и други следбеници. Такви се ѓаволските „дарувања“ носат суетна земна слава, развиваат рој од страсти во поробената душа и неизбежно водат кон вечна погибел.

Бог не дава брзо, ниту на секого слични благодатни дарови, за да не се возгордееме и да не погинеме преку нив.

Во црковните песни Он често е нарекуван Срцевидец, зашто ги познава и најскриените длабочини на секоја човечка душа и секогаш ја води кон духовно издигнување по патот на смирението.

По овие кратки објаснувања, можеме најправилно да ги оцениме од каков карактер се предсмртните виденија на американските пациенти. Тие луѓе очигледно не се свети, та да се достојни за благодатни откровенија од тамошниот свет. Како може тогаш да се верува и гради светоглед врз основа на всадуваните од злите духови виденија за „рајски“ радости и „небесни“ награди, сосема несоодветни на нивните земни дела?!

Писмото вели: „И кога праведникот одвај се спасува, тогаш што ќе стане од безбожниците и грешниците!?“ [1.Петр, 4,18]. Ако тие имаа правилна вера, би требало како луѓе грешни, слични на нас, да треперат и плачат за својата вечна судбина.

Ете тука е големото прашање може ли обични грешници да бидат удостојувани да „општат“ со светли духови и притоа да чувствуваат леснотија и радост, необично спокојство и мир, кои се наследство само на праведниците во Царството небесно [Рим. 14,17]. Православната традиција не познава такво јавување. Како што веќе спомнавме, православните христијани пред својот смртен час неретко пред своето издивнување сведочат, дека гледаат духови на злобата, темни бесови, кои сакаат да ги грабнат и одведат со себе. Ние го опишавме случајот со Елена Мантурова. Сега ќе спомнеме и за прекрасната праведничка, прозорливка и голема страдалница за Христа јуродивата Пелагија Ивановна [+30.01.1884г.], блиска по дух на свети Серафим Саровски. Во нејзиното житие се раскажува, дека пред својата смрт таа имала таинствени виденија ту страшни за неа, ту радосни и светли. Монахињите од Дивеево што ја опкружувале на нејзиниот смртен одар, ја набљудувале како реагирала на страшните виденија. Одеднаш, ќе ја сврти главата кон ѕидот и ќе каже со остар тон: „Не, јас не сум го правела тоа!“ Било очигледно, дека непријателот на човечкиот род пристапил дури кон неа, праведната, со своите лаги и клевети. Пред самата смрт таа ги подигнала своите раце нагоре и извикала: „Мајко Божја!“ Лицето радосно и сјаело. Таа целата треперела од возбуда, потоа, бессилно ги отпуштила рацете и по малку издивнала.

Се знае, дека мнозина православни христијани што умираат, доживуваат вистински ужас пред стравотната задгробна вистина што им се откривала за нивните непокајани души. Некои трпат од страв во темнината која ги опкружува, други чувствуваат неопислива паника од вечните маки; пред мнозина од нив се јавуваат демони. Кај д-р Елизабет Кјублер -Poc нема ниту збор од сето ова. Собраните од неа сведоштва на пациенти, ја имаат јавната тенденција да ја претстават смртта како сосема бестрашна. Ова не само што се проповеда, но дури и дебело се потцртува од апологетите на нејзината дејност како психолог и танатолог. „За да ги ослободи луѓето од предвечниот страв пред смртта читаме за неа, танатологот се обидува научно да го испитува процесот на умирањето. Зашто, ако не ни се даде фактички да откриеме што се случува по смртта, ние би го олесниле преминувањето на милиони луѓе во светот отаде“.

Но, се прашуваат ли тие што така мислат, дали ја олеснуваат, или всушност отежнуваат положбата по смртта на оние што умираат, претставувајќи ја во сите случаи, без исклучок, сѐ во најпријатни слики? Навистина е блажена смртта, но на праведниците, што умираат во Господа [Откр. 14,1З]! Тие преминуваат од смрт кон живот [Јован 5,24], од земни маки - кон небесни радости, од мрак кон светлина, од плач кон вечно веселие! Но, за да наследиш таква судбина, треба да си светител [Евр.12,14], или најмалку, човек кој длабоко се покајал, т.е. таков, кој решително ја отфрлил гревовноста и ја прегрнал праведноста. Ако, пак, не си таков, туку грешник, за тебе важат зборовите на Псалмопевецот: „Зла смрт го снаоѓа грешникот..." [Псал. 33,21], како и зборовите на Христа: „Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби“ [Мат. 22,1З]. Писмото, вдахновувано од Светиот Дух, вели, дека во Царството небесно нема да биде допуштено ништо нечисто [Откр. 21,27].

Во издаваните од рускиот атонски манастир „Свети Пантелејмон“ поучни брошури [бр. 54 од 1901 год., IX издание], го читаме следниот познат случај. Благочестив руски православен свештеник го раскажува следното: „На времето, кога мајка ми била млада девојка, во нивната куќа умрела тетка и во многу напредната возраст. Поставена во ковчег, таа, следниот ден требало да биде однесена во храмот и потоа погребана. Печката горела уште од утрото. Мајка ми учествувала во подготвувањето на погребната трпеза. „Одеднаш видовме раскажува мама, дека покојната широко ги размавна своите раце, кои беа крстообразно сложени на нејзините гради, ги отвори очите, подигнувајќи ја главата, се мачеше да се исправи, но не можеше. Тоа така нѐ порази сите, така што, готвачката ја испушти тавата и ние ни живи, ни мртви, ужасно се исплашивме.

- Приближете се, мили мои со едвај чуен глас се обрати оживеаната. Не плашете се! Јас сум жива! Дојдете поблизу!

Ние на прсти се доближивме до ковчегот, а оживеаната ги подигна рацете, нѐ замоли да ја потфатиме и да и помогнеме да излезе од ковчегот. Не знам како се осмеливме да ја извадиме од погребниот ковчег.

- Заборавив еден тежок грев, мили мои рече таа. Побрзо повикајте го свештеникот! Треба да се покајам!

Откако дојдовме малку на себеси, ние со нетрпение ја прашаме воскреснатата:

- Како е на оној свет? Што виде таму?

- Горко на грешниците, мили мои! рече тетката. Горко! Живејте со страв Божји и не се навредувајте еден со друг! Молете се поусрдно и покајте се за сите свои гревови! Не заборавајте: горко на грешниците! Страшно е таму за нив!

Таа не ни кажа ништо повеќе, но толку нѐ уплаши, така што, ние се плашевме повеќе да ја распрашуваме. Свештеникот дојде, ја исповеда и ја причести. Откако тој си замина, таа успеа само да каже: ,Простете ми, заради Христа, мили мои!' и веднаш го предаде духот на Бога.

Таков страв нѐ обзеде, така што, никаков помен не успеавме да направиме. Ја погребавме едвај на третиот ден“.

Ете како изгледа во стварност враќањето од оној свет.

Bo тој дух свети Јован Лествичник раскажува еден потресен случај за некој монах, познат под името Исихиј Хоривит. Овој брат го поминувал своето време во мрзливост и не се грижел за спасението на својата душа. Така, заболел тешко и издивнал. По околу еден час, неочекувано оживеал и ги замолил сите, кои биле околу него да излезат, а самиот се заклучил во својата ќелија однатре и поминал во неа 12 години, така што, во текот на целото ова време молчел, никогаш и со никого не разговарал и јадел само леб и вода. Тој, така се задлабочил во она, кое го преживеал и видел за време на својата кратка смрт, каде што, де од ужас се скаменувал, де од плач се растопувал и без одговор стоел пред Господа. Кога му дошло времето да умре, монасите на сила ја отвориле вратата на неговата ќелија, влегле кај него и почнале да го распрашуваат. Многу прашања му поставувале тие, а тој им го рекол само ова: „Простете браќа! Никој од оние, кои го придобиле постојаното сеќавање на смртта, не може да греши!” Знаејќи го неговиот поранешен нетрудољубив живот, браќата се зачудиле од неговата блажена промена. Тој починал како праведник. Го погребале како што доликува во братските гробишта до оградата и по некои знаци се убедиле, дека Бог го примил во Царството на спасените.

Свети Григориј Двоеслов, папа Римски [+ 604 г.], го раскажува следниов поучен случај: Еден високо духовен свештеник по име Севир, маж богоугоден според животот, бил посетен од неколку луѓе, кои го замолиле да исповеда и причести нивен близок, кој лежел на смртен одар. Дојдените го нашле свештеникот во неговото лозје, каде што берел грозје.

- Одете вие напред - им рекол Божјиот служител и јас ќе ве стигнам.

Откако видел, дека малку грозје останува необрано, тој решил да го добере. Откако ја завршил својата работа, тој, брзо се упатил кон оној што умирал. Пред да дојде до куќата, го пресретнале блиските на болниот и му рекле:

-Зошто задоцни, отче? Не труди се веќе! Човекот умре!

Свештеникот се растреперил од таа вест и заплакал со висок глас. Тој почнал горко да се себеобвинува, се нарекувал убиец и облеан во солзи, влегол во домот, каде што лежело телото на покојникот. Се фрлил на земјата пред одарот, си ја удирал главата од подот и рекол: „Јас сум виновен за неговата погибел!“

Плачејќи така, одеднаш видел дека умрениот оживеал. Оние кои стоеле околу него се ужасниле и истовремено се зарадувале на неговото воскреснување, а некои го запрашале:

- Каде беше? Како се врати со душата во телото?

Тој одговорил:

-Некакви страшни и грди црни суштества, од чија што уста и ноздри излегуваше оган, ме пресретнаа и поведоа кон некакви темни места, што предизвикуваа страв и трепет. Ненадејно се појави еден пресветол младич, опкружен од други, слични на него, и им рече со власт на оние што ме водеа: „Вратете ја таа душа, зашто свештеникот Севир плаче за неа! Заради неговите солзи Господ му ја подари!“

Тогаш Севир станал од земјата и со неискажана радост упатил благодарност на Бога. Потоа, седнал до оживеаниот, го поучил како да се покае, основно го исповедал, му ја прочитал разрешителната молитва и го причестил со Божествените Тајни. Воскреснатиот живеел уште 7 дена, кои ги поминал во постојана покајна молитва и на осмиот ден со мир ја предал на Бога својата душа.

Каков е заклучокот од споредувањето на оние 750 случаи на клиничка смрт, собрани и истражени од д-р Ел. Кјублер-Рос, со случките, предадени во житијата и прераскажани од нас? Заклучокот може да биде само следниот: 750-те случаи сведочат за вештата измама на сотоната, кој преку испитаните од д-р Моуди и д-р Кјублер-Рос пациенти, претставува одделувањето на душата од телото како сосема нестрашен премин од едно во друго битие. Со розовите описи на светлини и радости, доживувани, божем, во задгробниот свет, непријателот на човечкото спасение цели да ги успокои и успие луѓето, слушајќи ги тие описи, та да не се исплашат од претстојната смрт и да не сметаат за потребно преку покајание и исповед да се подготват за неа. Тенденцијата е јасна преку измамнички утехи да се фаќаат наивни души во замките на лукавиот.

Истата тенденција ја спроведува, како што видовме, и медиумот Артур Форд. Тој, исто така тврди, дека смртта не е страшна и ја предава следната мисла на јавена „душа“ од тамошниот свет: „Нема испраќање ниту во рај, ниту во ад. Ние просто продолжуваме да живееме“. Последната фраза широко ги отвора вратите за едно друго опасно лажно учење прераѓањето на душите, кое ќе го искритикуваме во една од следните глави.

Голем „хуманист“ е ѓаволот. Тој се покажува многу милостив кон луѓето! Но со своето „човекољубие“ тој погубил најмногу луѓе. Да се пазиме од неговите „хумани” проповеди!

Архимандрит Серафим