АрхимандритСерафим

Глава 4

Соломон вели: „Нема ништо ново под сонцето. Иако за нешто се рече: ,Види, ете, тоа е ново'; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас“ [Проп. 1,9-10]. Овие зборови на премудриот Давидов син се верни и во однос на повторуваните човечки заблуди. Тие го наоѓаат своето потполно оправдување и во усрдно денес распространуваното хиндуско учење за прераѓање на душите. Христијаните, кои практично раскинале со својата вера, Го изневериле Господа, го заборавиле духот на Светото Евангелие, во барањето да си објаснат некои неразрешливи на прв поглед загатки во човечкиот живот, сметаат дека го откриваат посакуваниот одговор во баснословното учење за превоплотување на душите во нови и нови тела. Ова учење денес е заштитувано од јогисти, окултисти, теософи и други.

Примамливоста на ова темно учење се крие во три негови привидни „предности“:

1. Тоа ги негира вечните маки, зашто Бог не можел да казнува така жестоко, бидејќи е љубов.

2. Тоа им ветува на сите - и на најзлосторните луѓе, и на најтажните во духовниот живот постојано усовршување преку редица последователни превоплотувања.

3. Тоа претендира потполно да го објасни целосно постојано задаваното прашање: зошто честопати добри луѓе страдаат во овој свет, а зли луѓе добро живеат? Во доктрината за превоплотувањето оваа противречност меѓу моралност и судбина на луѓето се објаснува со кармата, т.е. соделата, извршени во „поранешните постоења“. „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее" [Гал. 6,7] сакаат да кажат теософите, злоупотребувајќи ја таа апостолска сентенција, која ќе ја разгледаме подолу.

Произлегувајќи од претпоставката, дека Бог е љубов и дека не може да постои вечен ад, денешните пропагатори на идејата за преродувањето учат, дека основен закон во духовниот живот било развивањето на душата, за кое нешто еден живот бил недоволен. Бидејќи не можела во краткиот период на едно земно постоење да достигне совршенство, душата по смртта на телото се вселувала по повеќе или помалку продолжително време во друго, ново тело, за да го продолжела во него патот на своето себеусовршување. Преродувањата следеле едно по друго и го имале за цел обогатувањето на оној што се преродува со духовен опит со оглед, да се возвиши тој до високо сознание и голема мудрост. Кармата го условувала не само превоплотувањето, но и неговиот квалитет: добрите дела воделе кон идното среќно преродување, а лошите кон несреќа и превоплотување во пониска состојба, дури во животно.

Смислата на човечкиот живот, според тоа лажно учење, се состоела во следното: преку многу преродувања човекот да се издигнува кон потполно себеочистување, кон повисока разумност и да постигнува сѐ поголемо развитие на сите свои способности, остварувајќи, божем, сѐ поголемо ослободување од своите животински инстинкти. Лажното учење за преродувањето претендира да ја поддржува надежта за сеопшто спасение. Макар што, тоа „спасение“ од индуско теософски аспект не претставува никакво индивидуално од онаа страна блаженство, а вливање во некаква си вечна нирвана или дури, cпopeд некои, растопување во небитието.

Разгледаното лажно учење бара поткрепа во следните „основи“: 1. некои имале спомени за свои поранешни постоења; 2. мнозина при прва средба со некој човек или предмет го доживеале чувството, дека го гледале и порано; З. некои деца се раѓале со предиспозиции, дарби и склоности, какви што кај родителите и прародителите немало; 4. идејата за справедливоста претпоставува преродување, оти различноста на човечките судбини, забележана уште од раѓањето, но можела да се објасни без справедливото допуштање за нивното добродетелно или порочно поведение во некој поминат нивен живот. Учењето за преродувањето ги преодолеало сите тие несообразности и недоумици.

Ова лажно учење има изглед на нешто многу привлечно и многу слично на вистината, но ако човек се задлабочи во неговата суштина, ќе открие во него лукаво сплетена ѓаволска измама и префинета безбожност. Со помошта на Севишниот, ние ќе се потрудиме да го докажеме тоа.

Најнапред, за оние христијани, кои си дозволуваат да го изедначуваат христијанството со учењето за преродувањето, треба нагласено да истакнеме, дека тоа лажно учење, што доаѓа од многубожечка Индија, нема ништо заедничко со христијанството! Христос никаде ништо не спомнувал за превоплотувањето на душите. Ако доктрината за преродувањата одговараше на вистината, Спасителот ќе сакаше да ни ја разоткрие доволно подробно, како што ни го открил и Своето спасително учење за покајанието како пат за спасение [Мат.4,17; Лука 13,3-5; 15,10-24]. Според Божественото благовестие, по смртта се очекува не преродување, туку воскресение и суд Божји [Јован 5,26-29; ; Мат. 10,28 и др.]. И светите апостоли не спомнуваат ништо за преродување на душите, туку за суд над нив [Евр. 9,27]. Bo својот говор пред ефеските презвитери свети апостол Павле јасно нагласува, дека во текот на неговото тригодишно престојување среде нив, тој не пропуштил да им ја соопшти „целата волја Божја” [Дела 20,27], нешто што, впрочем, го вршел насекаде, каде што проповедал. Но тој никаде ништо не спомнува за било какво преродување.

Како што видовме, Божественото Откровение нѐ учи, дека има само два живота: првиот времен, а вториот вечен. Земниот живот ни е даден, за да се подготвиме во него за вечниот. Го пропуштиме ли времето на тукашниот единствен живот, ние сме загубени засекогаш! Затоа словото Божјо нѐ предупредува: „Барајте Го Господа, кога можете да Го најдете; викајте Го додека е близу. Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот помислите свои и нека се обрне кон Господа, нашиот Бог и Он ќе го помилува, зашто е многу милостив" [Иса. 55,6-7].

Против овие зборови на Писмото, лажното учење за преродувањето лукаво ни нашепнува: „Не плашете се! Не брзајте да се каете! Ако сега грешите, ништо уште не е загубено. По својата смрт ќе се превоплотите во ново тело и тогаш ќе имате можност да се поправате. Сега поживејте си како ви е угодно! Пред вас лежи бескрајна вечност преку која вие можете да се превоплотувате безброј пати! И сепак на крајот ќе стигнете до совршенство!...“ Излаганите од лукавиот христијани се оддаваат на тие сатански сугестии, грешат, не се каат и по својата смрт се исправаат не пред можноста за некакви нови превоплотувања, а пред Божјиот неумолив суд!

Свети апостол Павле ова ни го открил по најнедвосмислен начин, пишувајќи под вдахновение на Светиот Дух: „И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа суд“ [Евр. 9,27]. Тука особено е важен изразот „еднаш“. Големиот апостол го употребува овој израз, за да ја означи и нагласи со него не само еднократноста на човечкиот живот на земјата, но и на неповторливоста на Христовата Голготска жртва. Тој пишува за Искупителот: „Зашто Христос не влезе во ракотворно светилиште..., туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас; и не да се принесува Себе како жртва повеќепати..., а сега еднаш засекогаш, до крајот на вековите, се јави за да го однесе гревот, откако се принесе Сам Себе како жртва. И како што им е на луѓето определено да умрат еднаш, а потоа суд, така и Христос, откако еднаш се принесе Самиот Себе како жртва, за да ги однесе гревовите на Мнозина, вторпат ќе им се јави... на оние што Го очекуваат... за Нивно спасение“ [Eвp. 9,24-28].

Ете во каква сугестивна и возвишена паралела со Христовата еднократна Жртва на Голгота е поставен еднократниот човечки живот на земјата! Како што Христос еднаш се принесол Себеси во жртва, така и човекот еднаш умира, за да се јави веднаш потоа пред Божјиот суд, т.е. пред т.н. посебен суд. Ако можеше да се зборува за многу Христови жртвоприноси, за кое, впрочем, и најпознатите еретици не учат, тогаш би можело да се зборува и за многу човечки постоења на земјата. Ho бидејки првото е незамисливо, тогаш и второто е недопустливо.

Теософи и окултисти сакаат да го зближат своето лажно учење со Христовото Евангелие, но тие не согледуваат, дека нивната доктрина за превоплотувањата ја прави апсолутно излишна Голготската жртва на Христа! Штом човек може сам да ги искупи своите гревови, доволно е да има на располагање многу „животи“, во таков случај сосема му е непотребен Христос. Негирањето на искупувањето, пак, го прави без смисла христијанството, зашто искупувањето е неговата јатка. Преку својот неуспешен опит да Го омаловажи Христа и Неговото доброволно Голготско жртвопринесување, теоријата за преродувањата ја издава својата демонско -богоборна суштина.

Со ова не се исцрпуваат разликите меѓу доктрината за преродувањата и христијанството. Лажното учење за преродувањата ја презира Божјата милост, и тоа токму тогаш, кога божем, излегува во нејзина заштита. Во пракса, тоа лажно учење ја објавува Божјата љубов за непотребна, зашто и без нea, преку своите преродувања, човекот можел сам да се усовршува и себеспасува. Во словото Божјо читаме, дека Севишниот„сака сите луѓе да се спасат“ [1.Тим. 2,4] и дека благодатно им помага во тоа важно дело, особено преку Боговоплотувањето и Искупувањето. Заради искупителната крстна смрт на Господа Исуса Христа, оние кои правилно веруваат во Него, ја добиваат благодатта на Светиот Дух, со чијашто преродувачка и укрепувачка сила тие се искачуваат по патот на духовното усовршување. Да се мисли, дека такво усовршување е возможно без Божјата благодат, само по силата на некаква верига од мноштво преродувања, е апсурдно. Ако ред преродувања можеше, навистина, да доведе до некакво усовршување, тогаш, тоа би можело да биде само „усовршување“ во злото. Христос нѐ искупи и спаси „не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост“ [Тит 3,5]. „Зашто по благодат сте спасени преку верата...“ [Ефес. 2,8]. Бог е благ и милосрден и нема да го одврати Своето лице од нас, ако се обрнеме кон Него [2.Петр. 30,9]. Toj е готов сѐ да ни прости, доволно е само во длабоко покајание да ја побараме Неговата љубов и да Му ги принесеме како жртва нашите смирени и скрушени срца [Псал. 50,19].

Од сите тие основни вистини на христијанството во доктрината за преродувањата нема ниту трага. Приврзаниците на ова погибелно лажно учење ветуваат лесно „спасение“, постигнато божем, по патот на превоплотувањата. Но тој измислен начин за спасение е механички. Тој не може сам по себеси да го прероди човекот, да ја промени неговата душа, да го скруши неговото срце, да ги облагороди мислите, макар колку и преродувања да предлага. Ако расипаниот човек не се покае и преку Таинствата на Светата Православна Црква не ја прима и подгрева во себеси Божествената благодат на Светиот Дух, тој никогаш нема да стане од лош добар. Ако, пак, се покае, тој нема потреба од преродувања, зашто праведниците и покајаните грешници веднаш по својата смрт може да наследат вечен живот во Бога.

Против бездушниот, фатален и слеп „закон“ за некаква си карма, словото Божјо ја издигнува вистината за Божјата жива прошка и го охрабрува грешникот, кој се стреми покајно кон спасение, истакнувајќи ја пред него Божјата љубов и Божјата справедливост. „Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив вели полниот со љубов Господ и продолжува, потцртувајќи ја Својата справедливост: „Праведноста нема да го спаси праведникот во денот на неговиот престап, и грешникот поради беззаконието свое нема да падне во денот, кога ќе се откаже од гревот свој...“ [Језек. 33,11-12].

Со овие Свои зборови Бог истакнува три работи: 1] Својата грижа за грешниот човек полна со љубов; 2] Својата непоткуплива справедливост, и 3] човечкото слободно самоопределување. Тие три фактори го извршуваат спасението. Седржителот на секој начин ни помага во нашиот духовен напредок, давајќи ни ја Својата сестрана благодатна помош. Но и човекот треба да се потруди, за да ја прими таа подавана помош. Ако тој сака, ќе се спаси, зашто Божјата помош е секогаш подготвена, но ако тој не посака, никогаш нема да стигне до спасение, било колку пати и да „се преродува“.

Bo перспективата на човечката слобода на волјата јасно се гледа целата неубедливост на лажното учење за превоплотувањата. Бог не го присилува човекот во делото на спасението, но човекот сам нека се присилува себеси кон добро [Мат. 11,12]. Ако човекот би се преродувал и милион пати и пак не сака да се поправи, каква слепа карма може да му помогне да се усовршува? И обратното, без секакви превоплотувања, а само по силата на Божјата љубов и справедливост, обратениот кон Бога беззаконик може да се спаси и навистина се спасува, доволно е од сѐ срце, во длабоко покајание, да ги оплаче пред духовникот своите гревови и решително да раскине со нив. По силата на слободната волја, ниту грешникот може да биде спасен ако не сака, ниту праведникот може да очекува спасение врз основа на својата поранешна праведност, ако скршнал од неа во престапи. Ова се Божјите патишта патишта на грижа полна со љубов и на непоткуплива правда. А лажните учители теософи велат: „Не е прав патот Господен“ и си дозволуваат да го коригираат со своите басни за некакви си преродувања, кога токму нивниот пат не е прав [Језек. 33,17].

Тука е многу умесно да си го поставиме прашањето:„Зошто се потребни многу преродувања?“ -Можни се два одговора: или затоа што Бог веројатно престанал да се интересира за човекот и препуштил на слепиот „закон" на кармата постепено да го усовршува преку постојани превоплотувања, или, оти Бог веројатно е бессилен да очистува гревови, да проштева беззаконија и да спасува. И двата одговора се сквернавење и апсолутно неубедливи. Бог не престанал да се интересира за човекот. Напротив, постојано се грижи за него, промислува и за времениот, и за вечниот негов живот и Сам му зборува на Својот народ: „Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам!” [Иса. 49,15]. Како може да престане да се интересира за нас Оној, Кој „толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен!“ [Јован3,16] ,,He плаши се вели Господ, зашто Јас те откупив, те нарекоа според името твое; ти си Мој. Преку води ли ќе минуваш, Јас сум со тебе, ако тргнеш преку оган, нема да се изгориш..., Зашто Јас сум Господ, Бог твој...“ [Иса. 43,1-3].

Исто така е неубедливо и допуштањето, дека Бог, божем, е бессилен да проштева гревови и затоа остава луѓето сами да се спасуваат преку многукратни преродувања. Илјада пати Бог ја докажал Својата власт да очистува гревови и да спасува грешници. „Јас, Јас сум Господ и нема Спасител освен Мене!” [Иса. 43,11] вели Тој за Себеси. „Јас Сам ги бришам твоите престапи“ [Иса. 43,25; 44,22]. A псалмопевецот потврдува: „Од Господа е спасението” [Псал. 3,8]. „Но во тебе има простување“ [Псал. 129,4]. „Бог нѐ спаси... по Својата добра волја...“ [2.Тим. 1,9].

Бог во еден миг ги проштева сите гревови на човекот кој се кае, но и откако простил. Тој често ги остава луѓето уште да страдаат, за да ги запази од нови паѓања и да ги утврди во добродетелта.

За силата на Христа да спасува најочајни грешници и тоа само за неколку мига искрено покајание од нивна страна, убедливо зборува случајот со благоразумниот разбојник. Овој престапник имал ужасни гревови кои го довеле до смртна пресуда, како што и самиот признал, откако му кажал на својот собрат, распнат од лево на Исуса: „Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела“ [Лука 23,41]. И ете, овој злосторник, откако се покајал и поверувал во Христа, ги чул од Спасителот убавите зборови: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“ [Лука 23,43]. Што му помогнало да влезе во Царството на спасените? Некакви негови многу превоплотенија ли? He! My помогнале: 1] неговата вера во Христа и длабоката скрушеност, која го растревожила во последните минути од неговиот живот и, 2] Божјата недостижна милост, Божјата сеочистувачка благодат, кон која тој се присоединил преку своето смирено покајание.

Има ли посовршен христијанин од свети апостол Павле, удостоен уште за време на животот да се издигне до третото небо [2.Кор. 12,2]? Со помошта на колку превоплотувања стигнал тој од состојба на грешник до состојба на исклучителен праведник? Тој, не само што не се превоплотувал, туку бил решително против слични суеверија. Имено, во неговите писма се сретнува онаа веќе спомната од нас мисла, која е најубиствениот аргумент против измислицата за преродувањата: „На луѓето им е определено да умрат еднаш, а потоа суд!“ [Евр. 9,27]. Павле бил гонител на Христа! Тој ги прогонувал Исусовите следбеници. Пројавувал жестокост поради бескрајно неразумната ревност [Рим. 10,2]. Ho Бог му притекнал на помош и за еден миг од лут гонител го направил најревносен распространител на Христовата вера. Ако беше вистина учењето за преродувањата, илјада превоплотувања не би биле доволни за Павле да ги измие своите гревови против Христа. Но во Бога, а не во преродувањата е прошката. „При Господа... има милосрдност и проштевање!" [Дан. 9,9].

Примерите со покајаниот разбојник и со помилуваниот Павле не се единствени, та да се сметаат за некакви ретки исклучоци. Во минатото, а и денес постојат многу случаи на помилувани закоравени грешници, какви што биле разбојникот Мојсеј Мурин, [житие 28 август], убиецот Варвар [6. мај], развратната Марија Египетска [1. април], блудницата Евдокија [1. март], маѓепсникот Кипријан [2. октомври] и многу други. Тие сите искрено се обратиле кон Христа и станале свети, без да имаат потреба од некакви превоплотувања за искупување на безбројните свои гревови. Откако ја нашле патеката на благодатта, за нив бил доволен еден краток човечки живот и една бескрајна Божја милост, за да ја постигнат за кратко време благословената цел на нашата вера спасението на душата [1.Петр. 1,9].

Лажното учење за преродувањата е полно со противречности, макар што претендира, дека може да објасни, зошто честопати добри луѓе страдаат во овој свет, а лоши луѓе живеат убаво. Ова, божем, се должело на нивната карма, т.е. на нивните дела од нивните „поранешни постоења“. Тука наместо јаснотија се добива длабока магловитост и наместо разрешување на прашањето, изникнуваат нови недоумици. Еве два случаја на типични противречности.

1. Според приврзаниците на теоријата за преродувањата, добрите луѓе страдале поради своите минати гревови. Но ако во својот поранешен живот биле грешници, на кој начин, одеднаш, се родиле праведни, та да се има за нив недоумици, како тие како добри страдаат?

2. Уште подлабоко се самоизобличува во лага обидот на теософите со преродувањата да ја објаснат земната среќа, кое го доживуваат нечестивите. Среќата се дава - велат тие за добар минат живот. Да се радуваат нечестиви, тоа значи, дека тие со своите минати добри дела ги заслужиле тие сегашни радости. Штом, пак, во својот минат живот биле добри луѓе, како одеднаш се родиле грешни? Нели основен закон на животот е, божем, „развитокот“, „усовршувањето“. Каде останува овој закон во таков случај?

Заштитниците на лажното учење за преродувањата сосема неосновано се ползуваат од павловата мисла: „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ [Гал. 6,7]. Тие ја приспособуваат оваа мисла кон својата преземена идеја за преродувањата, идеја потполно туѓа на големиот апостол. Тој ги използува посочените зборови, за да го нагласи со нив учењето на Христа за Божјиот праведен суд, кога секому ќе му се даде според неговите дела [Мат. 16,27]. Тој крај недостасува токму во доктрината на превоплотувањата. Таму не се допушта никаков последен и безапелационен Божји суд и никакво крајно воздигнување. Тогаш, што заедничко може да има меѓу христијанството и теософијата?

Теософите и окултистите го внесуваат своето лажно учење во наведената мисла, која свети апостол Павле самиот ја објаснува сосема поинаку, велејќи: „Кој сее во телото свое, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот. Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, ако не се измориме“ [Гал. 6,8-9]., Од алузии за некакво си преродување тука нема ни трага. Напротив, големиот апостол пишува, дека оние, кои ги извршуваат делата на телото и не се каат, ќе бидат вечно казнети, откако ќе бидат лише и од Царството небесно [Гал. 5,19-21]. Вечниот блажен живот, пак, е награда за оние, кои се потрудиле на полето на добродетелта! „Ти си посеал милостина вели свети Јован Златоуст - тебе те очекуваат небесни богатства и вечна слава; си посеал целомудрие те очекуваат чест и награда“. Кога? „Во свое време“ -одговара свети апостол Павле, со ова насочувајќи ја мислата кон Второто Христово доаѓање и кон Страшниот суд, кога Бог секому ќе даде според неговите дела [Рим. 2,6]. Овој есхатолошки аспект совршено е туѓ на окултистите.

Целта на преродувањата според нив била, обогатувањето на човекот со духовен опит и неговото издигнување до највисоко сознание и мудрост. Во таков случај, би требало да се очекува, дека по секое свое ново преродување, човек се опаметува и станува се посовршен. Применето во широка смисла кон целото човештво, тоа значи, дека сите луѓе кои се дел од ова човештво по силата на законот за еволуцијата -треба да станат сѐ подобри, посвесни, поразумни, помудри. А што забележуваме?-Додека во техничката и научната област има голем напредок, во моралната област се забележува страшно назадување, претскажано од словото Божјо. Во Своето пророчко слово за свршетокот на светот Христос вели, дека беззаконијата ќе се умножат, љубовта ќе олади [Мат.24,12], страстите ќе се намножат и предавствата, дури и меѓу најблиски, ќе бидат честа појава [Мат. 24,9]. Cѐ почесто ќе се дигаат народите еден против друг [Лука 21,10]. Ќе се јавуваат многу лажни пророци и ќе прелажат мнозина [Мат. 24,11]. Сето ова го гледаме дека се случува во наше време.

Еве како сликовито во детали ги претставува свети апостол Павле карактерите на „усовршуваното“ човештво во последните дни: „Во последните денови ќе настанат тешки времиња. Зашто луѓето ќе станат себељубиви, среброљубиви, самофалци, горделивци, хулители, непокорни кон родителите, неблагодарни, неправедни, безбожници, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољубиви отколку богољубиви“ [2.Тим. 3,1-4].. И кога ќе се дојде до такво „совршенство“ во злото и во пороците, ќе настапи крајот на сѐ... Зашто Божјата промисла не може да допушти едно бескрајно умножување на кандидатите за адот! За целата таа апокалиптичност на деновите што настапуваат, теософите и окултистите немаат никаков поглед.

Но, не само врз површината на општочовечката историја се гледа неусогласеноста на учењето за преродувањето со Христовото учење за последните судбини на светот. И во тесните рамки на посебниот човечки живот се гледа лажноста на разгледаната доктрина. Мудроста доаѓа со возраста. Општо познато е, дека младите прават многу и фатални грешки поради лекомисленост и незнаење. На стари годинитие жалат за сето ова. Ако имаше преродување, тие би требало да се ползуваат од веќе придобиената мудрост во поранешните свои земни постоење, кога достигнале старост и следствено некаква зрелост и да не ги повторуваат своите фатални грешки. А сега што гледаме? Младите сѐ повеќе се креваат против старите и не сакаат да се ползуваат дури и од на готово дадените им мудри совети. Каде им е сопствениот опит и мудрост од „минати постоење“?

Против лажното учење за преродувањето зборува и следната мисла: секој човек кој здраво мисли се осознава себеси како одделна индивидуа и ја сврзува својата личност не само со својата душа и нејзините квалитети, но и со своето тело и со неговите особености. По своите физиономии луѓето се разликуваат еден од друг. Душите, исто така, се различни. По смртта на телото, бесмртната душа продолжува да постои, макар и надвор од полнотата на човечкото битие, очекувајќи го денот на сеопштото воскресение, кога таа полнота ќе се востанови преку повторното соединување на душата со обновеното тело. Тогаш праведната душа крајно ќе ја прими наградата за своите добри дела, кои ги вршела во своето тело, а грешната душа ќе биде казнета заедно со своето тело, со кое грешела. „Зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло“ [2.Кор. 5,10]. Не е кажано со телата, зашто тоа е апсурд! Со кое од своите тела ќе биде казнет или награден човекот, ако имал многу тела? И со кое од тие „многу тела“ повторно ќе се соедини неговата душа при Второто доаѓање? Што ќе се случи со другите нејзини тела?... Не! Нема согласност меѓу окултизмот и христијанството! Христовото учење ја утврдува неповторливата личност на секој посебен човек, кој се состои од душа и тело. Во исто време окултизмот се обидува да ја разруши човековата личност, негирајќи го нејзиното психофизичко единство и учејќи за вливање на душите во океанот на некаква нирвана или дури за нивно растопување во некакво небитие.

Теоријата за преродувањето го обесмислува не само Христовото учење за воскреснувањето на телата, но и православното почитување на светите мошти. На пример, ние ги почитуваме моштите на свети Јован Рилски и го воспеваме чудото на нивната илјадогодишна нетленост како предобраз на идното воскресение на телата. За нас, скинијата на светата душа е исто света, зашто светата душа го осветува и телото, како и обратното извалканото со гревови тело ја извалкува и душата. Кај светителите сѐ е свето и духот, и душата, и телото [1.Сол. 5,23]. Почитувајќи ги моштите на преп. Јован Рилски како храм, во кој пребивала неговата света душа, ние истовремено, ги почитуваме и душата, и телото, зашто тоа нетлено тело е осветено од подвизите на неговата душа. Приврзаниците на преродувањата не ги почитуваат светите мошти, зашто на нив гледаат како на случајно живеалиште, во кое времено пребивала душата на светителот. Според нив, пред влегувањето во тоа тело и по напуштањето, душата се превоплотувала во многу тела и сите тие имале само преодно значење. Ете како вдахновеното од ѓаволот учење за преродувањето се обидува да го поткопа православното учење за почитувањето на светите мошти.

Заштитувајќи го учењето за превоплотувањата, окултистите тврдат:

1. Некои, божем, имале спомени за своите поранешни постоења. Ако учењето за превоплотувањата беше вистина и ако целта на превоплотувањата беше сѐ поголемо духовно усовршување на луѓето, би требало да се зборува не само за некои луѓе, дека имале „спомени“ за своите поранешни постоења, a би требало сите добро да си спомнат, барем, за последните свои превоплотувања, за да имаат полза од горчливото искуство на минатото и да не ги повторуваат старите грешки во иднина. Инаку, преродувањата се обесмислуваат, претворајќи се во некаква вртелешка, што ги повторува старите грешки...

Здравиот човечки опит е туѓ на такви „спомени” за минати постоења. Милионите и милијардите луѓе немаат подобни спомени. И ако, сепак, има некои луѓе, кои тврдат, дека, божем, си спомнуваат за своите поранешни постоења, тие исклучоци треба да ги приброиме кон тажните случаи на психичка растроеност, при која, демоните можат јасно да влијаат врз свеста на човекот и да му претстават илузорни нешта како факти.

2. Што се однесува до чувството на некои, дека божем, виделе луѓе и предмети, кои им се исправаат пред очите за првпат, треба да кажеме, дека психолозите ја објаснуваат таа појава со особен асоцијативен процес, при кој, еден спомнуван детаљ од минатото е способен да повикува во памтењето комплекс од спомени, кои ја создаваат илузијата, дека ние, веќе еднаш сме биле во таа состојба.

За воведените во дејствијата на лукавиот [Мат. 6,13], кој е способен да се вселува во човечки души, не е чудно, дека тој може да го раздвојува сознанието на своите жртви, да им нашепнува најчудни идеи и да им всадува најчудни чувства. Тој може да им ги натрупува сликите на некои лица и предмети, кои тие, по негово предвидување, по малку време ќе се сретнат, за да ги увери, дека тие не за првпат сега ги гледаат тие нешта, а ги виделе веќе во „своето поранешно постоење“. Така ѓаволот гледа да ја докаже својата лажна доктрина за „превоплотувањата на душите“.

3. Ако некои деца, пак, се раѓаат со предиспозиции, дарби и склоности, какви што кај нивните родители и прародители недостасуваат, тоа не е никаква појава, што зборува во полза на фантастичното учење за превоплотувањата. Таквите појави може да се објаснат со законот за наследноста. Се знае, дека често се случува некои дарби, што се притаени кај родителите или прародителите во латентна состојба, неочекувано да избијат на површина кај децата. Кај родителите овие дарби не се појавиле поради недостиг на благопријатни услови, затоа и родителите дури и не се посомневале, дека во нив има слични дарби. Но ете, кај децата условите се менуваат и наследените дарби неочекувано испливуваат.

4. Различната карма ги условува велат различните човечки судбини. Од добродетелното или порочното поведение во минатиот живот зависело и превоплотувањето и неговиот квалитет. Справедливоста на лошите луѓе пресудувала лошо преродување, сврзано со страдања и несреќи, а на добрите луѓе среќно превоплотување, сврзано со земни задоволства и радости. Тука повторно се навракаме на несообразноста на учењето за кармата од аспект на Библијата, во која го читаме токму спротивното: „Господ го казнува оној кого го сака; го кара секој син што го прима“ [Евр. 12,6]. Ако Бог казнува од љубов, јасно е, дека казната е нешто добро, зашто води кон смирување, кон доаѓање на себеси и спасение, а кармистите страданијата ги сметаат, тие вразумувачки средства на Божјата промисла, за зло. За нив добра е благосостојбата, животните радости, задоволствата, забавите итн. Што произлегува? - Oнa, што Писмото го нарекува добро, тие го сметаат за зло и обратно. Во согласност ли се двете учења?!...

За да ги придобијат христијаните за својата теософска вера, приврзаниците на доктрината за преродувањата се трудат и во Светото Писмо да најдат основа за неа, но се покажува, дека во целата Библија изразите „превоплотување” или „преродување“ во окултна смисла не се сретнуваат ниту еднаш! Таму се зборува за „преродување“ [Тит 3,5, 1.Петр. 1,2З], но не и за преродување во смисла на превоплотување. Покрај ова, теософите бараат и „наоѓаат“ извесни „основи“ за своите тврдења, дека апостолите, составувачи на новозаветните свештени книги, верувале во превоплотувањето. Најглавните „поткрепи“ се случаите со слепородениот [Јован 9,2] и со свети Јован Крстител, сметан од теософите за прероден пророк Илија [Мат. 17, 10-13]. Да ги разгледаме овие случаи!

1. На патот на Христа застанува еден слеп од раѓање човек. Учениците Го прашуваат Спасителот: „Рави, кој згрешил тој или родителите негови, та се родил слеп?“ [Јован 9,2] „Ова прашање изгледа туѓо, пишува во своето толкување на ова место блажени Теофилакт, и продолжува, како можел да згреши тој пред своето раѓање? Апостолите... не го споделувале многубожечкото суеверие, дека душата пред своето соединување со телото живее, божем, во друг свет и казната за својот грев, слегува во телото. Како прости риболовци, тие не можеле да чујат слично учење, зашто таквите мисли им припаѓале на учените. И така, прашањето изгледа неразумно, ама само за оние кои не гледаат. Всушност, апостолите чуле како Христос пред тоа му рекол на болниот: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“ [Јован 5,14]. Сега тие го гледаат слепиот и не сфаќаат. Тие како да велат: „Допуштаме, дека оној пострадал од раслабеност поради своите гревови. Но што ќе кажеш Ти за овој? Та зарем и тој згрешил? Но така не може да се рече, бидејќи тој е слеп од раѓање“. Така, во разгледаниот случај, апостолите толку не прашуваат, колку што не разбираат". Следствено, тука немаме никакво учење за преродувањето. Таква смисла неприродно му придаваат приврзаниците на ова лажно учење.

2. Што се однесува до прашањето, дали свети Јован Крстител не е прероден Илија, треба решително да го кажеме нашето „не"! Еве ги нашите основи за ова:

а] Во Евангелието го имаме директното сведоштво на свети Јован Крстител, кој, запрашан: „Илија ли си ти?” одговорил: „Не сум“ [Јован 1,21]. Кој може подобро од самиот него да ни каже, кој е тој?

б] На Тавор при Христовото Преображение се јавил заедно со Мојсеј општопознатиот на верните Израилци древен пророк Илија, a не некакво негово „превоплотување” во лицето на свети Јован Крстител. Апостолите, особено свети Јован Богослов, кој бил негов ученик, го познавале по лице Христовиот Претеча. На Тавор тие го виделе не него, туку светиот пророк Илија, како што го нарекол свети апостол Петар [Мат. 17,4]. Ако беше вистина учењето за преродувањата и ако светиот пророк Илија навистина се беше превоплотил во свети Јован Крстител, тој не можеше по никаков начин да се јави на Тавор во својот стар образ, одамна веќе исчезнат по многуте божемни преродувања, а требаше да се јави во своето „последно превоплотување“ во образот на свети Јован Крстител, дотолку повеќе, што немало веќе пречки за Христовиот Претеча да се јави како дух од тамошниот свет, зашто во тоа време тој веќе бил обезглавен од Ирод [Мат. 14,10].

в] Најважната основа е следната: се превоплотуваат, според самите окултисти, умрени луѓе. А свети пророк Илија не бил умрен и следствено, припишуваното му преродување е злобна измислица. Тој бил земен жив со своето тело на небото [4. Царс. 2,11].

Ама, ќе ни се возврати: А зошто Исус Христос вели за Јован: „Тој е Илија, кој треба да дојде" [Мат. 11,14]? Спасителот тука зборува, како и на многу други места не буквално, туку алегорично [сп: Марко 8,15; Лука 22,36]. Свети Јован Претеча се јавил не како „прероден" Илија, туку како што јасно е нагласено во Евангелието: „Во духот и силата на Илија“ [Лука 1,17], т.е. подобен [сличен] по ревност на свети пророк Илија.

И така, Библијата исклучува секаква мисла за карма. Учењето за кармата е во непомирлив антагонизам со христијанството. Ова треба многу добро да го запомнат оние христијани, кои се вовлекуваат во современите окултни учења и си мислат, дека можат да ги усогласат со својата вера во Христа. Тие две нешта се противречни: или човек е христијанин и како таков верува во Богочовекот Христа како свој Искупител и Спасител, или, ако се надева сам да се усовршува преку многу превоплотенија, тој не е никаков христијанин.

Вистината и лагата се противречни. Тргнеш ли со заблудите, ти го напушташ патот на вистината. Го прифатиш ли лажното учење за преродувањата, ти го отфрлаш богооткриеното Божјо слово за Искупувањето и се откажуваш од Христа, Кој ја пролеал Својата крв за нас! Да го памтиме советот: „Да го држиме исповеданието на надежта цврсто!... Зашто, ако, откако ја познаеме вистината, своеволно грешиме, тогаш нема веќе жртва за гревови, туку некакво страшно очекување на суд и јаростен оган, што ќе ги проголта противниците... колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној, што Го подгазил Синот Божји и ја сметал за нечиста крвта на заветот, преку која е осветен, и Го похулил Духот на благодатта|“ [Eвp. 10, 23-29].

Од таква судбина Бог да нѐ чува!

АрхимандритСерафим