1 Беседи за животот по животот (pdf)

2 Беседи за животот по животот (pdf)

3 Беседи за животот по животот (pdf)

 

Архимандрит Серафим

Глава 5

Вo младоста, кога бев сосема неопитен млад богослов, еден мој познат, што не веруваше ни во Бога, ни во Царството небесно, ниту во бесмртноста на душата, ми постави прашање: „Каде е Царството Божјо? Каде се душите на умрените?“-Јас се збркав од неочекуваното прашање и не знаев што да одговорам. Тој се почувствува победник, а јас останав со мачно чувство на притиснат до зид.

Оттогаш, постојано ме интересираше ова прашање: каде е навистина Царството небесно? На физичкото небо ли е? Ho свети апостол Павле пишува за сосема духовно Царство Божјо, велејќи, дека тоа не е јадење и пиење, нешто материјално, опипливо, кое предлага физички наслади, туку „праведност и мир и радост во Светиот Дух“ [Рим. 14,17]. Меѓутоа, што значи сето ова? Јас не можев да си одговорам. Каде се душите на умрените по нивното одделување од телата? Околу нас ли? Некаде на друго место по нашата земја, или на некоја планета, или уште подалеку на некој друг сончев систем? Но и тие фантастични претпоставки не ме задоволија, зашто јас откривав длабоки противречности во нив: сите звездени светови се материјални, а душата е нешто нематеријално.

Поминаа години. Прочитав и научив доста работи. Се задлабочив во тајните на верата и постепено разбрав колку неправилно е поставено прашањето за Царството небесно и зa душите со прашањето: Каде се? - во неговото површно-сетилно, опипливо просторна димензија. И душата, и Царството небесно се надвор од опсегот на нашите земни просторно временски категории. Самиот Христос за Царството Божјо рекол, дека не може за него да се зборува: „Еве, овде е, или: Ене, онде е“ [Лука 17,21]. Тоа е вечно, нетукашно, тоа „не е од овој свет“ [Јован 18,36]. Затоа, не е умесно за него да се праша каде е.

Материјалниот свет, расположен во времето и просторот, се одликува со своите димензии: должина, широчина и височина. Но тие димензии не важат за светот отаде. Таму има, по овоземски кажано, сосема други „димензии“ духовни, недостапни за нас, додека сме во тело. Но, сепак, како суштества, создадени за вечноста, ние не сме сосема лишени од можноста да го чувствуваме тамошниот свет и да влегуваме во контакт со него. Творецот не устроил така духовно, додека уште се движиме во материјалниот свет, да можеме да го чувствуваме со своите души и нематеријалниот. На пример, молитвата е начин за општење со светот отаде. Молитвениот опит на искрено верните луѓе, потопени во вистинскиот благодатен живот е доказ, дека тие се наоѓаат во сферата на Царството Божјо. Доживувањето на највозвишените чувства: на правда, т.е. на слобода од гревот, на мир во совеста, т.е. на хармонија во нашите односи кон Творецот и кон сите твари, и на благодатната рајска радост, т.е. на блаженството, кое ја надминува секоја земна среќа, се состојби, при кои опитно се доживува од достојните Царството Божјо [Рим. 14,7].

Кон душата, таа небесна граѓанка, наградена со бесмртност, не можат да се применат грубите просторни димензии. Исто така и кон преживеаните од душата небесни чувства, овие димензии се неприменливи. Без да се служи со било какви и да е земни категории, човекот сам по себе знае и чувствува што е правда, што е радост, и што е мир. И така, јасно е, дека невидливото, без да се покорува на земните сфаќања и категории, некако навлегува во видливото и живее во свеста на човекот.

Правдата, радоста и мирот, тие највисоки белези на Царството Божјо, се дадени во зачеток на секого од нас во душата. Сите ние имаме, макар и во најнесовршен вид, некакво чувство за нив, зашто секој го носи Божјиот образ во себеси и секој е поканет да стане граѓанин на небото. И оние, кои не веруваат во Царството Божјо, имаат некакво познавање за тоа што е правда, мир и радост. Макар што кај нив тие познавања и да носат земен карактер, сепак и за нив тие си остануваат високи духовни нешта, на кои не може да им се припишуваат материјални белези. Тие се од сосема друг поредок.

Човекот е составен од физичко тело и нематеријална душа. И оние што најмногу знаат, не разбираат како е поврзана душата со телото во човекот. А душата од своја страна е сврзана со ред невидливи свои пројави.

Човекот е таинствен сам за себеси. Паскал многу добро го изразил ова, откако рекол: „Не знам... што сум самиот јас... Не знам што претставува моето тело, сетилата, душата и оној дел од моето суштество, кој ги обмислува моите зборови, кој расудува за сѐ и за себеси, но е познат толку малку, колку што го познава сето останато... Знам само едно, дека набрзо треба да умрам; но од сѐ, најмалку ми е позната смртта, која не можам да ја избегнам”.

Човекот во телото свое и во душата своја носи тајни, пред кои стои во молк. Тој ја има способноста да расудува, но самиот не знае како се раѓаат неговите расудувања. Тој е во состојба да има разни чувства, но нем е пред загатката од каде се појавуваат тие. Тој е способен да пројавува разни желби, но не може да си одговори во какви тајни катчиња на неговата душа се земаат решенијата на неговата волја. Тој ја има дарбата на фантазија, но необјасниво е за него како се појавила таа фантазија и како со нејзина помош тој е во состојба да повикува пред себеси разни слики, со духот за еден миг огромни растојанија, да оди молскавично брзо во туѓи земји, кои порано ги посетувал, и со истата брзина да се враќа назад. Тајната на разумот во човекот, чудото на неговата крилеста фантазија, што ги победува сопките на времето и пространството и што му дава можност со духот да лета непречено над нив, како и многу други чуда на неговиот телесен и душевен свет сето ова нека го смири човекот и нека го доведе до благопријатен трепет пред загатките на неговото сопствено суштество!

Такви и слични на нив набљудувања, секој човек што размислува го доведуваат до заклучокот, дека, покрај материјалниот свет и материјалните нешта, несомнено, постојат и многу нематеријални нешта и цел еден нематеријален свет, за кој е неприменливо прашањето: каде се тие? Во неговата површно сетилна просторна рамка, производ на нашето земно битие.

Физичкиот свет е во просторот и времето. Тварниот духовен свет е исто сврзан со тие категории, меѓутоа, без да е подвластен на нивните земни, достапни за нас димензии.

Царството небесно, а исто и ангелите, тие бесплотни, но реално постоечки духовно разумни суштества, како и преминатите веќе отаде човечки души, што припаѓаат кон создадениот од Бога невидлив, духовен свет, за кој уште во првите редови од Библијата читаме: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ [1.Мојс. 1,1], т.е. невидливиот и видливиот свет. Во таа смисла и Символот на верата говори: „Верувам во Единиот Бог Отец, Седржител, Творец на небото и земјата, на се видливо и невидливо".

Засега, ние живееме на видливата земја. Но идниот живот, кој така јасно ни е ветен од Господа Исуса Христа [Јован 17,2] и постојано спомнуван во словото Божјо, ќе биде не на оваа земја, која е времена [2.Петр. 3,10], туку на новото небо и нa новата земја, на која ќе има правда [2.Петр. 3,13] и кои ќе бидат вечни. До второто Христово доаѓање, душите на покојниците пребиваат во таканаречениот задгробен свет. Сега завесата од телото од нас го сокрива тој свет, но тој постои. Кога грубото тело ќе отпадне од нашето суштество, а тоа се случува при смртта, со својата душа ќе влеземе во невидливиот свет и ќе го видиме со своите духовни очи. Тој таинствен свет е недостижен за плотските сетива. Ние сме бессилни да го опишеме, зашто за него немаме ниту претстава, ниту соодветни зборови на земјата. Меѓутоа, ние треба да знаеме барем нешто основно за него, затоа што, сите натаму сме се упатиле и по подолго или пократко пливање по океанот на животот ќе запреме на брегот на вечноста.

Свети апостол Павле, удостоен да биде грабнат и пренесен со духот уште за време на животот во светот отаде, таму чул прекрасни зборови, кои „човек не може да ги искаже” [2.Кор. 12,4]. Каква била содржината на овие зборови, тој не ни предал, зашто нештата од невидливиот свет се неизразливи со јазикот на тукашниот свет. Во еден друг случај, истиот апостол ни обраќа внимание, дека има разлика меѓу човечки и ангелски јазици [1.Кор. 1З,1]. Какви се тие ангелски јазици? Со нив можеби би било возможно да се опишат тајните на невидливиот свет, но ние не ги владееме. Неизразливото со овоземен јазик донекаде станува достапно за духовниот ум по патиштата на верата и на духовниот опит, кој, секој може да го има, бидејќи ние сме составени не само од тело, но и од душа. Инаку, ако за никого и при никакви услови таинствениот свет отаде беше недостапен, никој не би бил во состојба да верува во него.

Што ни говори верата?

Еден е Творецот на небесниот и на земниот свет, на cѐ видливо и невидливо. Преку Него и во Него невидливото и видливото стојат во врска.

Едно е Предвечното Слово, преку кое сѐ стана [Јован 1,3]. Тоа Слово, Божјиот Син, Второто Лице на Триединиот Бог, „стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина [т.е. Он ни ја донесе спасителната благодат и ни ја откри вистината]; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ [Јован 1,14]. Со Своето јавување како Бог во тело на земјата [1.Тим. 3,16], Исус Христос ги соедини небесното и земното, спушти мост меѓу невидливото и видливото битие. А откако ја соедини по недостижен начин Својата Божествена суштина со нашата природа и ја пројави Нејзината полнота во време на Својот човечки живот [„земајќи лик на слуга и се изедначи со луѓето...“ Фил. 2,7], Тој направи возможно за човечката природа, ослободена од гревот, да учествува во Божествената природа [2.Петр. 1,4].

Еден е Светиот Дух, Кој ги озарува како Дух на вистината [Јован 15,26] небото и земјата и Koj дава живот и на мртви и на живи, бидејќи е Живототворен.

Едно е Телото Христово - Црквата, која го сврзува горниот свет со долниот, т.е. ангелите и „ духовите на праведниците, што достигнаа совршенство“ [Евр. 12,23], со светот на луѓето, што живеат уште тука на земјата. Црквата обединува и живи и мртви, бидејќи во неа од вечно живиот Бог, како од вечен Извор, се излеваат струи на вечен живот врз сите верни во Христа како патници уште по земјата, така и веќе одминати во Царството на бесмртноста. На овој начин „се соедини cѐ небесно и земно под една глава во Христос“ [Ефес. 1,10]. Така оние што веруваат во Бога и ги запазуваат Неговите заповеди станаа „сообразни со ликот на Неговиот Син, та Тој да биде првороден меѓу многуте браќа“ [Рим. 8,29].

На таков несфатлив начин Христос го зближи земниот живот со небесниот и го направи невидливото битие донекаде достапно за земните луѓе, та да може свети апостол Павле да каже, дека преку Христа се обогатуваме „во секое слово и во секое знаење" [1.Кор. 1,15]. Патот кон разбирање на невидливото е верата. „Преку верата разбираме“ [Евр. 11,3]. „според верата живееме, а не според гледањето“ [2.Кор. 5,7].

Кој верува спасително? Оној, кој Го сака Бога и ги следи Неговите заповеди [Јован 7,17]. Не попусто е речено: „љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови“ [1.Јн.5,3]. И уште: „Кој е од Бога, тој ги слуша Божјите зборови“ [Јован 8,47]. Оној, кој ја бара само Божјата слава, а не својата сопствена слава, тој го чувствува тамошниот свет. Зашто, кој ја бара својата ништожна слава, не само што фактички не верува во Отца, но и не е во состојба, поради својата заплетеност во земни гревовни нешта, вистински да верува нешто, кое Спасителот строго го нагласил со зборовите: „Како можете вие да поверувате кога примате слава еден од друг, а славата што е од Единиот Бог, не ја барате?“ [Јован 5,44].

Што означува сето ова во врска со нашето прашање, поставено за разгледување во таа глава? Тоа означува: живеј по христијански, имај чиста совест, не Го натажувај со лоши дела Бога и ти ќе се доближиш уште во овој живот до Царството Божјо и ќе ги вкусиш неговите радости. Но ако постојано ја срамиш својата душа со гревови, сугерирани од демоните, ти уште тука ќе го предвкусиш адот. Адот и рајот не се некакви грубо просторни сфери, слични на земните царства, туку се состојби на душите. Меѓутоа, нагласувајќи го ова, треба да ја истакнеме и опасноста од спротивната крајност, претерано да се психологизира поимот за рајот и за адот, да се загуби чувството за нивната реалност како реални сфери, тие да се сведат единствено на севкупност од определени душевни состојби. Рајот и адот се и состојби на душата, и „место", но место од друг реален поредок, место, кое не потпаѓа во координатите на нашиот земен, материјален, просторно временски систем. Ете зошто еднакво се погрешни, како наивните опити за грубо просторна „топографија“ на рајот и адот, така и крајниот спиритуализам, кој ги лишува од секаква идеја за просторност и објективност и ги сведува единствено до состојба на човечката душа.

Од аспект на нашето спасение, пред сѐ, нашиот однос кон Бога, нашата љубов кон Него и нашето послушание кон Неговите заповеди, за секого од нас ја определуваат разликата меѓу адот и рајот. Кои Го сакаат Бога, среќни се со Него. Кои Го мразат, бескрајно се несреќни. Тие не можат да го поднесат Неговото присуство, a нe можат и да побегнат од Него, бидејќи Тој е насекаде [Псал. 138,8-10]. Така било и со Адама. Тој бил блажен, додека не се одделил од Бога преку своето непослушание. За него и за неговата рајска состојба до неговиот гревопад свети Василиј Велики рекол: „Високо некогаш стоел Адам не по местоположбата, туку по добрата волја“.

Кој се збогатува со духовен опит, тој започнува да сфаќа каде е рајот, и каде е адот. Кој се научил да молчи пред тајните на својата душа и нејзините чудни способности, тој не се збунува од својата немоќност да си одговори на прашањето: „Каде одат душите, по напуштањето на телата?“ Тој гледа, дека, додека е во телото, душата донекаде е потчинета на времето и просторот, но не сосема. Зашто, телото може да е во окови, а душата слободно да лета кон Бога во молитва. Телото може да е затворено, и во исто време душата да се чувствува слободна. По смртта на телата, душите се покажуваат веќе во сосема други услови и се независни од земните просторновремени категории. Душите на праведните, според општоприфатениот израз, одат на „небото“, при Бога. Тие се во Царството Божјо. Ho пред да сме отишле на „небото“, ние можеме и треба да го придобиеме небото во самите нас. Ова се случува, кога од земни ние се стремиме да станеме небесни, духовни. Само оние, кои за време на животот го внедриле небото во своите души, по својата смрт одат на „небото“.

Бог е насекаде и Царството Божјо е таму, каде што е и Бог. Ако Бог е во твоето срце, Царството небесно ќе биде исто во твоето срце. Но, ако си туѓ на Бога, ти си далеку и од Царството Божјо не просторно, туку духовно, далеку си од него по своето лошо умно расположение, по лошата насока на твојата волја, по расипаноста на своето срце.

„Суштинското Царство небесно се состои во тоа, прекрасно определува великиот Златоуст, преку добар живот да ја спечалиме благонаклоноста и милоста на Господа“. А свети Димитриј Ростовски вели: „Царството небесно не е ништо друго, освен ослободување од страстите и соединување со Господа преку љубовта“.

Забележително е, дека Спасителот запрашан искушувачки од фарисеите, кои очекувале земно царство, кога ќе дојде Царството Божјо, им одговорил по сосема за нив неочекуван духовен начин: „Царството Божјо нема да дојде забележливо, ниту ќе кажат: Еве, овде е или: Ене, онде е. Зашто царството Божјо е во вас внатре“ [Лука 17,20-21].

Толкувајќи го овој цитат, блажени Теофилакт прекрасно појаснува, дека Христовото Царство нема ништо општо со земните држави, дека тоа „не е од овој свет“ [Јован 18,36], та да може да се каже за него кога и каде ќе се појави. „Божјото Царство нема определено време, но за оној што има желба, тоа е достапно во секое време. Зашто Царството Божјо... претставува живот и поведение по образец на ангелите. Бог тогаш царува [во нас], кога во нашите души нема ништо гревовно... А тој начин на живот ние можеме да го имаме во себеси, се разбира, ако сакаме. Зашто за него не е потребно ниту долго време, ниту патешествија, туку вера и cooбpaзeн со верата богоугоден живот. А сега ова е блиску до нас. Ете зошто апостолот вели: „Блиску до тебе е словото, во твојата уста и во твоето срце, односно словото на верата, што го проповедаме“ [Рим. 10,8].

Многу карактеристично е, дека Исус Христос никаде не дал разумна дефиниција на Царството небесно, колку многу и да зборувал за него [Мат. 4,17; 6,10; 6,33; 12,28; 13,24-47; 25,34; 26,29 итн.]. Спасителот се служел со приказни кои на побожно настроените умови им откривале многу нешта, а од дрските очи на неверните го сокривале она, кое тие поради својата глувота се покажале недостојни да го чујат. Во сите тие приказни Господ нѐ доведува до мислата, дека Царството Божјо не е ништо друго, освен благодатта на Светиот Дух. Кој ја придобил благодатта и стои цврсто во неа, тој е во Царството Божјо. А оној што се противи на благодатта се себеисклучува од прекрасното Царство небесно. Загадочните споредување на Царството Божјо, ту со добро семе [Мат. 13,24], тy со квас [Мат. 13,33], ту со богатство, сокриено во нива [Мат.13,44], ту со скапоцен бисер [Мат. 13,45-46] итн.,имаат за цел да ја поттикнат човечката волја непрестајно да го бара драгоценото Царство небесно, т.е. да ја придобива и преумножува благодатта, обогатувајќи се во Бога [Лука 12,21]. Таа благодат се дава не на високоумните и гордите, а на смирените [Јак.4,6;1.Петр.5,5].

Царството небесно приличи, вели Христос, на синапово зрно, кое човек го зема та го посеа на својата нива, кое е најмало од сите семиња, но кога ќе израсне, станува поголемо од сите зелени растенија и станува дрво, така што, птиците небесни прелетуваат и се засолнуваат под неговите гранки [Мат. 1З,31-З2]. Толкувајќи ја таа приказна, свети Јован Златоуст се восхитува, како може Спасителот да го споредува најголемото со најмалото! „Што е повеличествено од Царството небесно и што е понезначително од синаповото зрно?“ Ho колку и да е чудно, оваа споредба најмногу прилега на загадочното Царство Божјо. Тоа, само по себе е убаво, но во очите на неопитните е ништожно. По зборовите на Златоустиот проповедник, Самиот Христос е Царството Божјо. Што е поголемо од Христа по Божество? И што е понезначително од Христа во тајната на Неговото смалување? Понизноста на Спасителот, започната уште во Витлеемската пештера и продолжила преку целиот Негов земен живот, особено добро е истакната од светиот пророк Исаија со зборовите: „Ние Го видовме, и во Него немаше изглед, што ќе нѐ привлекува кон Него. Он беше презрен и понизен меѓу луѓето... и ние за ништо не Го сметавме“ [Иса. 53, 2-3].

Но, од ова Божествено зрнце на Царството Божјо, што се јавило во смирените Витлеемски јасли, каде што лежеше Божјиот Син, изникна величественото дрво на Христовото Царство, кое е Царство на правдата, на мирот и на радоста, и кое завладеа милиони и милијарди срца, така што, со својата круна вистински достигна до небесата. Душите на безброј праведници, слични на птици небесни, си свија вечни гнезда во неговите вечни неовенливи гранки.

Имајќи го сето ова предвид, како и јасната изјава на Христа: „Моето царство не е од овој свет“ [Јован 18,36], станува јасно, дека не можеме со човечки зборови да ја искажеме надвремената и натпросторна суштина на Царството небесно. Каде е Царството Божјо? -Toa He e тука или таму. Тоа е насекаде, каде што оние кои веруваат во Спасителот го зидаат во себеси со градивото на добрите дела и на цврстата Православна вера, спојувајќи ги делата и верата со цементот на љубовта и постојано ползувајќи се од помошта на сесилната Божја благодат, која ни се дава, за да ја вкусиме нејзината сладост, та потоа, уште поусрдно да се стремиме кон неа како кон највисоко духовно благо. Без неа никој не може да го изгради во срцето свое Царството небесно, според реченото: „Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини...“ [Псал.126,1]. Но и без сопствените усилби, поткрепувани само од истата таа благодат, никој не може да го направи своја сопственост тоа небесно Царство. Православниот христијанин не се прашува: Каде е Царството небесно? Каде се душите на нашите покојници? Туку побожно наведнува глава пред тајните на тоа благодатно Царство и со топла вера, како и со исполнување на Божјите заповеди, постојано се присилува самиот себеси да влезе во него [Лука 16,16].

Cвети Серафим Саровски, слично на свети апостол Павле бил удостоен да го соѕерцува во текот на животот Царството небесно. Тој, ова му го раскажал на еден послушник: „Јас се насладив од словото на мојот Господ Исус Христос, Кој вели: „Во домот на Мојот Отец има многу места“ [Јован 14,2]. Јас, бедниот, застанав на овие зборови и посакав да ги видам оние небесни живеалишта и Го молев мојот Господ Исус Христос да ми ги покаже, и Господ не ја откажа Својата милост кон мене бедниот. Тој ја исполни мојата прозба... Јас бев грабнат во тие небесни обители [населби], но не знам со тело ли, или без тело, Бог знае, a зa оваа радост и небесна сладост, која ја вкусив, невозможно е да ти се раскаже!"

При овие зборови свети Серафим замолкнал и ги затворил очите. Лицето постепено почнало да се менува и да станува се посветло. Послушникот го набљудувал побожно и се чудел од оваа благодатна состојба на светителот. Самиот послушник паднал во некаков тивок восхит и радост, какви што не почувствувал преку целиот свој живот. Свети Серафим не бил во состојба со зборови да го изрази своето прекрасно видение на небесните обители, но затоа, пак, го покажал со чудесната светлина на своето лице и преку своето таинствено молчание. Така поминал половина час. Кога дошол малку на себеси, светителот повторно проговорил со најрадосни чувства и рекол: „Ах, кога ти би знаел, каква радост, каква сладост ја очекува душата на праведникот на небесата, ти би се решил во времениот живот да поднесеш секакви маки, гонења и клевети со благодарност. Ако беше и оваа ќелија полна со црви, и ако тие црви го гризеа нашето тело преку целиот свој времен живот, и тогаш со полна желба би требало да се согласиме на ова, доволно е, само да не се лишиме од онаа небесна радост, која Бог ја подготвил за оние што Го сакаат. Таму нема ни болест, ни тага, ни воздишка. Таму има само сладост и радост неискажана... И ако самиот свети апостол Павле не можел да ја искаже онаа небесна слава и радост [2.Кор. 12,24], тогаш, кој друг човечки јазик може да ја објасни убавината на небесното Царство, во кое ќе се населат душите на праведниците!“

Заклучокот е следниот: Кога говориме за Бога, за Царството небесно, за ангелите, за вечниот живот и за состојбата на човечките души во светот отаде, треба секогаш да памтиме, дека не располагаме со соодветни изразни средства и поими, за да ги искажеме и објасниме тие недостапни за нашите сетила надземни нешта.

Ние не би знаеле ништо, ниту за животот што нѐ очекува по смртта, ни за Царството небесно, ако Севишниот не беше се смилил над нас и не беше ни ги дал преку Своите избраници откровенијата, односно, задгробниот свет. Благодарение на тие откровенија ние знаеме, дека Царството небесно може да биде внатре во нас, во нашите души. Ако, пак, Царството Божјо е во душата, тогаш и таа ќе е во него. Така и печурката е во водата, и водата е во печурката. Ама, за да се случи тоа прекрасно проникнување, душата треба да биде слична на печурка, способна да ја вшмукува небесната благодат. Ако, пак, душата наместо на печурка, прилега на камен, нема да биде способна да ја прими во себе Божествената благодат и Царството Божјо не ќе може да се всели во неа. Таквата душа се исклучува себеси од Царството Божјо.

Бог ја поставил душата во телото и ја сврзал со него. Колку и природна да е оваа врска, таа не треба да биде обврзувачка за душата. Телото треба да биде зауздувано од духот. Тој треба да го управува, како што јавачот го управува коњот. Се случи ли спротивното, ако коњот се разбесни и започне тој да го управува јавачот, последниот е загубен. Тешко на онаа душа, која е поробена од телото! Таа нема да ја види вечната Божја светлина, кога по смртта на телото, ќе излезе од обвивката на земните услови. Блазе на онаа душа, која господари над телото и постепено го одухотворува. По својата разделба со телото, таа ќе легне над земните условености што ја сврзуваат со времето и просторот и ќе влезе радосна во другиот свет, невидливиот, неопфатниот, нематеријалниот, вечниот! А по сеопштото воскресение, таа ќе се соедини со своето обновено тело, за да го прими на последниот Христов суд она што го заслужила од Бога за своите добри дела, кои ги вршела со помошта на телото [2.Кор.. 5,10].

За верниот православен христијанин, смртта не е повеќе од раскршување на обвивката на телото, по што душата летнува кон невидливиот свет, за да ја наследи вечноста!

Да си ја претставиме следната слика: Квачката ги квачи своите јајца. Со мајчинска нежност таа ги ги превртува одвреме навреме под своите крилја и тивко им шепоти: „Не бојте се, мои рожби, што ве вознемирувам! Јас ве размрдувам, јас, мајка ви. Јас го нарушувам вашето спокојство, но за ваше добро. Ако се залежите на една страна, вие ќе излезете од вашите обвивки телесно недоразвиени, како сакати пиленца и ќе умрете. Јас ве сакам, и ако го вознемирувам вашиот сон, тоа не е за да ве мачам, туку за да ви дадам можност да се развиете сестрано, та, откако ќе излезете од вашите обвивки, потполно да се покажете подготвени за новите услови, во кои ќе се најдете и да се радувате на слободните пријатни движења во еден чудесен сончев свет, кој никогаш не сте го виделе. Да, има друг свет! Вие не го познавате. Но тој ве опфаќа отсекаде. Тој постои. Во него има многу поубав, почист, попријатен воздух, отколку што е воздухот, кој, вие сега го дишете во своите обвивки. Во него има многу посовршени движења, отколку ништожните движења, кои, сега можете да ги правите при ограничувањата во своите обвивки. Во него има многу повеќе светлина во споредба со онаа, која сега проникнува до вас преку порите на обвивката. Вашата сегашна мала светлинка, споредена со онаа, е вистински мрак! Верувајте им на моите зборови! Верувајте ми мене, вашата мајка, која ве сака и се грижи за вас! Вие не ме гледате, но тоа не значи, дека јас не постојам. ќе дојде ден кога ќе ме видите. Помислете: ако јас не постојам, од каде сте произлегле вие? Кој ве топли и прибира под своите крилја? Кој ве размрдува одвреме навреме? Можеби ви е познато сето ова, што сега ви го зборувам и како вие, навикнати во своите удобни обвивки, можете да излезете од таа ваша природна средина и да влезете во сосема непозната, нова, вам туѓа средина, и таму да продолжите да живеете! Но, јас затоа сум над вас, за да ве подготвам за новиот живот, кој ве очекува. Вие само доверете се на моите зборови и слушајте ме! О, мои пиленца, најважното сега за вас е, да бидете под моите крилја. Зашто секое од вас, кое не е под моите крилја, нема да види живот и ќе умре пред да се роди. Растете во надежта која ви ја дошепнувам и сакајте ја својата мајка, како таа што ве сака. Опитот на вашата блиска иднина ќе ве увери во вистинитоста на сето ова, кое сега ви го зборувам...“

Така приближно ни шепоти и нам, кои се наоѓаме во обвивката на телото, нашиот Небесен Отец, нашиот Творец и грижлив Промислител. Тој нѐ создал со бесмртна душа, нѐ закрилува со крилјата на Својот Свет Дух, како што квачката ги топли јајцата под себеси [1.Мојс. 1,2]. Со Евангелието на Својот Божествен Син, Тој нѐ просветува и подготвува за новиот живот што нѐ очекува. На земјата ние сме времени. Нашето вистинско и вечно живеалиште е на небесата [Фил. 3,20]. Таму ќе бидеме вечно живи во сосема други, нови за нас услови и ако сме биле послушни на Бога, ќе бидеме бескрајно среќни во еден бескраен свет.

Како што квачката одвреме навреме ги раздвижува јајцата под своите крилја, та да не би тие, откако ќе се залежат на една страна, да станат непогодни за вистинскиот живот што ги очекува, така и Бог ја раздвижува нашата совест, ги расклатува основите на нашите лажливи земни надежи, за да нѐ развие духовно и сестрано и да нѐ подготви за идното наше живеење, кое е вистинскиот Живот по земниот живот кој поминува како сон. Бог е Оној, Кој го „вознемирува” често, и тоа со најблаги намери, нашето земно спокојство. Со ова Он цели да нѐ изведе од состојбата на духовна летаргија, та да не се предаваме безгрижно на гревови. Сето ова Он го прави од љубов кон нас, за да нѐ направи пригодни за оној прекрасен свет, каде што ќе влезат само трпеливите, смирените и чистите по срце. Среде слатката дремка во обвивките на земните удобства, Он нѐ буди и нѐ повикува постојано: „Стани, ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!“ [Ефес. 5,14]. Какво ќе биде тоа просветлување од Христа, ќе видат опитно удостоените со Него праведници и искрено покајаните грешници, кога ќе блеснат како сонце во Царството небесно [Мат. 13,43]. Тие ќе преминат од смрт кон живот [Јован 5,24] и од сон кон будење. Зашто, според свети Јован Златоуст, „каква е разликата меѓу соништата и реалноста, таква е разликата меѓу тукашната и тамошната состојба“. Не ова ли го изразува и народот, нарекувајќи го овој свет „лажлив свет"! Нечестивите лажливо блаженствуваат во него, зашто, „како што сонот исчезнува кога човек се разбудува“, така ќе биде и со нив: откако ќе ги разбуди преку смртта, Бог ќе ги уништи нивните фантазии [Псал. 72,20].

За вистинските верни во Господа не се потребни разни научни, рационалистички и философски докази, дека невидливиот свет постои, макар што и такви може да се приведат. Опитот на секој човек во свое време му ја докажува вистинитоста на она, кое сега се проповеда од нашата света вера. Пак, уште и во овој времен живот, човек може донекаде да се приопшти кон тамошниот свет и да добие претстава и зa адот и за рајот, во зависност од својата духовна состојба на грешник или праведник. За престапникот адот започнува уште тука. Макар што на многу грешници животот им се чини весел и пријатен, но сето ова е измамливо. Оние кои имаат разбирање чувствуваат, дека во душите на злосторниците дури и најсјајниот пролетен ден е мрачен. Уште потемно за таквите души ќе биде во светот отаде, ако тие не се покајат тука. Таа темнина ќе биде адот од Христа наречен „крајна темнина“ [Мат. 8,12]. А Царството небесно е светло пребивање во вечна светлина, на која ќе се радуваат очистените од грев души [1 Јн. 1,5-7].

Во Царството небесно не ќе има потреба од физичко сонце, „зашто Божјата слава го осветлува, а светило му е Јагнето“ [Откр. 21,23; 22,5].

Честопати оние што умираат, сведочат како за задгробната светлина, така и за задгробната темнина.

Една моја позната, ми раскажа за татка си, голем верник, дека преку ноќта, пред да умре, откако се почувствувал многу лошо, ѝ рекол:

- Станке, јас веќе си заминувам! Станувај!

- Таа се збунила од неговите зборови и рекла во својата збунетост:

- Сега ќе го запалам светлото.

А тој се зачудил:

- Зошто ќе го палиш, кога е светло?!

И по неколку минути издивнал.

Ми раскажаа и обратен случај. Една жена неверник, умирајќи среде бел ден, се жалела, дека пропаѓа во длабока темнина и беспомошно барала светлина со зборовите:

Дајте фенер!...

Јасно е, кој уште тука е со Бога ќе се радува на вечна светлина, бидејќи „Бог е светлина“ [1.Јн. 1,5]. А кој е далеку од Бога, наследува вечна темнина.

Bo тукашниот свет, посеан со радости и маки, Божјите угодници често се чувствуваат како во мачен затвор поради гревовната состојба што ги обиколува и викаат кон Господа: „Изведи ја од темнината душата моја“ [Псал. 141,7]. Тие, навистина, често се радувале на Божјата благодат, разлеана во тој времен и многу убав Божји свет и велеле, како што читаме кај Псалмопевецот: „Ти ме развесели, Господи, со Твоите созданија и од делата на Твоите раце се зарадував. Колку се големи делата Твои, Господи! Многу се длабоки Твоите помисли!“ [Псал. 91,45]. Ho, истовремено, озарени од небесно просветление, тие го предвидувале крајот на сѐ видливо и велеле за разнобојната земја и прекрасните сини небеса: „Во почетокот Ти, Господи, ја основа земјата, небесата се дело на Твоите раце; Тие ќе пропаднат, а Ти ќе пребиваш; сите тие како облека ќе изветвеат и ќе се изменат; но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да завршат“ [Псал. 101,25-27].

Свети апостол Петар, пак, смело пророкува, имајќи го предвид Второто Христово пришествие: „Тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, a земјатa, и cѐ што е на неа, ќе изгори" [2.Петр. 3,10]. Пред Божјата семоќна власт, целата вселена не е нешто потврдо од обвивката на јајце, кое Бог ќе го скрши, за да се открие новиот свет, неспоредливо поубав од стариот. Во него, најпосле ќе царува Божествената правда [2.Петр. 3,1З]. Среќни ќе бидат тогаш оние, кои до крај биле верни на Бога: правеле добро, се воздржувале од зло, искрено се каеле за своите минати прегрешенија и ги умртвувале „своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство“ [Кол. З,5]. Тие ќе влезат во одаите на вечноста и таму ќе преживуваат безбројни чуда, за кои светиот апостол Павле пишува: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои го сакаат“ [1.Кор. 2,9].

Она, кое тие ќе го наследат, е нешто многу повеќе од рајот, кој, Адам и Ева го загубија како резултат на својот гревопад. Ова ни го открива свети Јован Златоуст велејќи: „Дарот е повеќе од гревот, поради кое, апостолот говори: ,Ho, co дарот не е исто како и со престапот' [Рим. 5,15]. Благата таму се многу повеќе, отколку злобата тука. И тоа е правилно! Слугата [Адам] ја донел несреќата, а Господ, Творецот, ги дарувал благата; затоа тие се многу повеќе. Ете зошто е кажано: „Дарот не е како престапот“. Ова јас го зборувам, за да не се сметаш ти онеправдан од прародителите. Го истера ѓаволот Адама од рајот. А Христос таму го вовел разбојникот! Оцени ја разликата! Го истерал ѓаволот човекот, кој, немал друг грев освен дамката на непослушанието, а Христос го вовел во рајот разбојникот, кој бил обременет со безбројни гревови... И не само што му допуштил на разбојникот, но го вовел во рајот пред сите други, дури пред апостолите, за да не може никој потоа, да ја оспорува можноста за влегување во рајот и да не се очајува за своето спасение, откако ќе види, дека оној кој извршил безбројни гревови веќе живее во Царските одаи... За еден збор, за една пројавена вера тој влегол во рајот пред апостолите, за да знаеш ти, дека, не праведноста имала некакво значение, но дека се извршило Божјото човекољубие”.

И така, Господ Исус Христос дошол на земјата, за да ни го дарува Царството небесно. Тоа не е тука или таму, туку е внатре во нас, ако ние живееме по Божјата правда, или е далеку од нас, ако тргнеме во гревови. Исполнувај ја Божјата волја, и ти ќе бидеш во Царството небесно уште во овој живот! Зашто, Царството Божјо е правда! Барај радости не во гревовни веселби, a во добродетелите, кои Христос ги препорачува, и ти ќе вкусиш уште тука од вечната радост на Царството небесно. Зашто, тоа е не само правда, но и радост! Смири ја својата немирна од страсти и пороци душа, а војувајќи со демоните, и ти ќе имаш мир со Бога, сладок мир во својата совест и мир co ближните, т.е. оној необичен мир, кој го надминува секој разум [Фил. 4,7]. Зашто, Царството небесно е не само правда и радост, но и мир во Светиот Дух [Рим. 14,17]. Ако тргнеш и врвиш непоколебливо по тој пат, ти ќе вкусиш колку е благ Господ [Псал. ЗЗ,9], и нема да прашуваш: „Каде е Царството небесно?“ зашто ќе го имаш во себеси, по зборовите на Христа: „Царството Божјо е внатре во вас“ [Лука17,21].

Архимандрит Серафим