Архимандрит Серафим

Глава 3

Вo книгата на светиот пророк Језекиил ги читаме зборовите на Господа: „Кога праведникот ќе отстапи од својата праведност и почне да врши беззаконие, тој ќе умре заради тоа. Кога, пак, грешникот ќе се поврати од гревот свој и ќе почне да врши суд и правда, заради тоа тој ќе остане жив“ [Језек. 33, 18-19].

Човекот е менлив. Тој може од грешник да стане праведник и обратно, од праведник грешник. Ова треба сите да го помниме, та оние помеѓу нас, кои се сметаат праведни, да не се потпираат на своите добри дела, зашто можат еден ден да ги загубат. Така и грешните не треба да очајуваат поради своите гревови, зашто со Божјата помош во еден ден можат да се покајат и да бидат примени во Царството небесно. Таисија била блудница. Но, обратена од свети Јован Колов на правиот пат, оставила сѐ и блудниот дом, и неправедно натрупаните богатства, и решително тргнала по преподобниот до еден манастир, за таму да ја спасува својата душа. Меѓутоа, пред да стигне таа до светата обител, Бог ја примил во Царството небесно, и покрај тоа што не поминал дури ни еден ден откако се покајала. Ова со чудење го исполнило праведниот старец, кој ја видел нејзината душа, носена од ангел нагоре во слава... Јуда Искариотски, пак, од почеток бил добар Христов ученик и секако, со другите апостоли ги добил даровите на чудотворсгвото [Мат. 10,1-8], но отпосле се расипал и стигнал дотаму да стане предавник на својот Божествен Учител!

Човек треба многу да внимава над себеси, за да не се разврати и да тргне по лош пат. Ако, пак, е паднат во гревови, не треба да очајува. Мислата треба непрестајно да биде зафатена со тоа, како поскоро да раскине со своето гревовно минато и да се покае. „Во што ќе те затекнам, во тоа и ќе те судам“ гласи светоотечкото воопштување на цитираните во почетокот на таа глава Господови зборови, предадени од светиот пророк Језекиил.

Целиот наш живот е борба. Ние треба да се бориме со бесовите и со гревовите до самата смрт. „Најглавната и решителна борба по зборовите на свети Никодим Светогорец нѐ очекува во часот на смртта. Кој ќе падне во тој момент, тој веќе не може да стане. Не чуди се на ова! - продолжува истиот светител. Ако непријателот се дрзнал да пристапи кон безгрешниот Господ вo крајот на земните Негови дни, како што посведочил Самиот Тој: „Иде кнезот од овој свет, и во Мене тој нема ништо“ [Јован 14,З0], тогаш што може да го задржи да не напаѓа нас, грешните, на крајот на нашиот живот? Како што ги толкува зборовите на 7-от псалм: „Да не би некогаш непријателот да посака да ми ја истргне душата; ќе трга, a ќе нема кој да спасува“ [Псал. 7,2]. Свети Василиј Велики пишува дека, дури и најнеуморните борци, кои цел живот непопустливо се бореле со демоните, избегнувајќи ги нивните замки и се одбраниле од нивните напади, при крајот на својот живот се подложуваат... на проверка, да не има во нив нешто грешно. Оние, кај кои ќе се најдат рани или дамки, или отпечатоци на гревот, биваат задржувани, а тие, кај кои нема да се открие ништо такво, поминуваат слободно и наоѓаат спокој во Христа. Штом така стои работата, човек треба однапред да се подготвува да го пречека смртниот час, за да го премине успешно. Целиот живот треба да послужи за подготовка кон тоа. Ти ќе се покажеш добро подготвен за оној час, ако во текот на целиот даден времен живот се бориш храбро со непријателите на твоето спасение. Штом за време на својот живот си придобил добра навика успешно да ги победуваш своите непријатели, ти лесно ќе го добиеш венецот на победата и во часот на смртта. За таа цел, почесто обрнувај внимание на својата мисла за смртта советува свети Никодим Светогорец, откако ќе си претставиш што тогаш ќе се случи. Ако така постапуваш, оној час нема да те изненади и нема да те исплаши... Твојата душа, неослабена од стравот, ќе се покаже посилна да ја преземе борбата и да преодолее на непријателот. Светските луѓе избегнуваат да мислат за смртта, за да не се пресечат нивните сетилни радости и наслади, противречни на помнењето на смртта. Од тоа во нив, сѐ повеќе и повеќе расте и се развива приврзаноста кон богатствата на овој свет... Затоа, кога ќе дојде времето за разделба со животот и со сите сакани работи и радости, тие бескрајно се мачат, тревожат и ужасуваат.. За да го принесе твојата мисла својот плод за смртта, ти треба да си претставиш, дека си на смртна постела, дека си во душевни болки и претсмртни маки, живо да си ги замислиш оние демонски искушенија, кои тогаш ќе те нападнат, како и да си ги пресоздадеш оние мисли и чувства, кои ќе бидат доволно силни, за да ги одбијат”.

Четири се, според свети Никодим Светогорец, главните и најопасни искушенија, на кои нѐ подложуваат демоните во часот на смртта: 1] колебања во верата, 2] очај, 3] суета, 4] разни бесовски виденија и слики, во кои се претставуваат непријателите, за да нѐ опрелестат.

1. КОЛЕБАЊА BO BEPATA. Тие обично се дел на оние што го започнуваат духовниот живот, но ете, тие доаѓаат и пред завршетокот на животниот пат. Она што не можеле да го придобијат демоните во почетокот, тие на секој начин се стремат да го спечалат на крајот. Свети Отци од опит и набљудувања ги познаваат тие дрски пристапи на злите духови, навестувајќи сомневања во верата, или дури, директно неверие и истакнувајќи во умот разни „причини" против верата. Се разбира, тие „причини“ се неубедливи, инаку, никој човек кој здраво размислува не би верувал во Бога и во бесмртноста на својата душа. Меѓутоа, пред умот што изгаснува, тие „причини“ можат одеднаш под ѓаволско дејство силно да го растревожат човекот. Што треба да се прави тогаш, за да не се падне во замките на лукавиот? Свети Никодим советува: „Не влегувај во спор со ѓаволот, а спомни си за верата во тоа, што тој го напаѓа, и кажи му со своето негодување: Бегај од моите очи, сатано, татко на лагата! Не сакам да те слушам! Секогаш сум верувал и верувам од целата си душа во сето она, во кое верува и мојата мајка Светата Црква“.

Простотата, со која се верува не поради некакви научни причини, туку зашто Бог, Нелажниот, ни заповеда да веруваме така, а не поинаку, е во случајот, најсилното оружје против бесовите. Тие сејат маловерие, а ти, спротивстави им ја полнотата на евангелската и апостолската вера. Тие сакаат да добијат власт над душата, лизнувајќи те кон неверие. Ти, пак, избегај од нивните раце, откако ќе викнеш кон својот Бог и Создател: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ [Марко 9,24], Помисли, колку горчливи се плодовите на неверието во текот на животот и колку многу грешници засекогаш загинале поради него! Во тој одлучувачки час фати се за верата како за спасителна котва! Загубувајќи го својот времен живот по силата на општиот природен закон, внимавај веќе да не го загубиш и вечниот живот поради твоја вина! Неверниот, запомни! задолжително загинува! За да го предизвика токму тоа, ѓаволот сее неверие. Кон неверието тој додава и малодушие, и нетрпение и негодување. Од сето ова, треба да се пазиме, за да се спасиме...

Има доволно примери за ова, дека, кој ја пази својата вера при живот, тој не ја изгубува и пред смртта и обратното кој при живот не се трудел да ја зацврсти својата вера, тој лесно може да ја изгуби при тешките испитанија на својот смртен час.

Една моја блиска, позната на сите како длабоко верна христијанка, цел живот се беше грижела за поддржување и распалување на својата света вера. Со оваа вера таа и почина. Кога ја посетив во нејзиниот дом, неколку дена пред нејзината смрт, таа веќе лежеше сосема беспомошна. Штом ме виде, кротка насмевка го озари нејзиното лице. Таа се израдува. Во очите ѝ гореше огнот на верата. Беше болна од рак, и макар што го криеја од неа тоа, таа чувствуваше, дека крајот и наближува.

Како сте? - тивко ја запрашав.

My благодарам на Бога! уште потивко одговори таа. Можам да дишам. А само пред два дена без многу лошо. Ме гушеше, едвај дишев. Мислев, дека ќе ми дојде крајот... Само за синот ми е жал, дека се преуморува за мене. По цели ноќи ме прислужува. Тој ме гледа дека страдам, и ме прашува: „Мамо, како си? Имаш ли болки?“ А, пак, јас, за да не го тревожам, му велам: „Подобро сум“. Навечер кога се враќа од работа, доаѓа да ме види. Јас се преправам дека сум заспала и го гледам со крајот на своето око, како тој стои до вратата, набљудувајќи ме, и како ги брише своите солзи. Јас си велам во умот: „Ти благодарам, Господи, дека си ми дал таков син!" И продолжувам да се преправам дека спијам, иако болките понекогаш не ми даваат да трепнам.

- А вие, се помолувате ли! - и сугерирав јас.

- Не можам веќе... Од слабост не сум во состојба да ги следам зборовите на молитвата и ја губам нишката.

- Но, Вие, шепнете си ја од срце најкратката молитвичка: „Господи, помилуј ме!“... Скоро читав, дека, кога некој од срце ја кажува оваа молитва, Бог невидливо од небото веднаш одговара: „Чедо, ти се простуваат гревовите!“

На очите на болната се појавија солзи.

- А со верата како сте? Имате ли колебања? Гледајте да не ве збуни ѓаволот со неверие или маловерие!

Кога ми доаѓа такво искушение, одговори таа, јас си спомнувам за големите Божји добротворства во мојот живот и маловерието исчезнува.

Повторувајте ги често, ја замолив јас зборовите на свети Јован Златоуст: „Слава на Бога за сѐ!“ Благословувајте Го Бога и за радостите, и за маките, за радостите, дека ве воздигнуваат кон Бога, а за маките, дека преку нив растете во духовниот живот. Тогаш ќе бидете со ангелите! Тие постојано Го славословат Бога и секогаш се околу Него. И вие ќе се наредите кај нив, ако заедно со нив Го славите Бога за сѐ, дури и за болките... Демоните, тие темни духови на злобата и на бунтот, ни всадуваат неверие кон Бога и непокорност на Неговата блага волја. Тие нѐ подучуваат и да негодуваме. Но Вие за сѐ прославувајте Го Бога и ќе бидете ангел.

- Како убаво ми зборувате се тргна таа. Јас гледам да не негодувам, но вие уште повеќе ме убедувате да трпам.

- Да, потрпете! - и потврдив јас. - За трпението Бог ветил спасение.

Ах, како ме утешувате! Колку е убаво сето ова! Да се надеваме дека Бог ќе ми даде трпение до крај! Јас често си мислам за смртта... Лежејќи така, особено откако ќе стивнат болките, толку ми е убаво и умилно! Со мислата си ја обиколувам природата, ги посетувам оние места, цркви и манастири, каде што сум била како здрава и си велам: „Слава Ти, Боже!“ Го фалам Творецот. А сега ќе ги додадам и овие зборчиња, на кои ме научивте: „Слава на Бога за сѐ!“ Да се надеваме дека тие ќе ме утврдат при почнувањето на болките!

- Да, тие ќе вe утврдат! Поточно, Самиот Бог ќе Ви дава сили да трпите, откако ќе види колку сте Му верна. Ако се оддадете на малодушие и на неверие, каква полза? Од тоа ќе се отстранат ли Вашите болки? Не! ќе се добие само штета - раскинување со Бога и вечна погибел за душата, вечно мачење при демоните... Бог многу Ве сака. Преку болеста на телото, Тој ја лекува душата и се грижи татковски за Вашето спасение. Содејствувајте Му и вие со вашето трпение! Cѐ скоро ќе заврши и ќе започне радосната вечност!

- Ох, дали ќе ме удостои Бог со ова? Кимна таа со главата. Јас верувам во сето ова, кое ми го кажувате, но се чувствувам крајно недостојна. Јас сум грешна!...

- Заради трпението, Бог ќе Ви го даде дарот на спасението. Тоа не е наше дело, а Божји дар. Но, Бог го дава овој прескап дар токму на оние, кои, при сета грижа да бидат добродетелни и трпеливи, се сметаат за недостојни. Свети Јован Златоуст јасно вели: „Кој се смета себеси за достоен, тој е недостоен...“

- А како сте сега со снаата? Ја запрашав јас по кратко молчење.

- Добро - одговори таа. Јас ја сакам. Многу ми е мила. Отпрвин, во себеси ја осудував за некои нејзини недостатоци, но сега жалам за ова. Кога ѝ посакувам прошка ѝ велам: „Прости ми сѐ, со кое сум ти погрешила“, a таа ми одговара: „Со ништо не си ми погрешила. Ти прости ми!“ И така, имаме мир и љубов.

Ете зошто е толку убава атмосферата кај вас, истакнав јас. Вие си проштевате и се сакате, а каде што има љубов, таму е и Бог. Нели Исус Христос вели: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Jac посреде нив“ [Мат. 18,20]. Не попусто е речено „во Мое име”. А кое е името на Бога? Свети Јован Богослов ни го открива, пишувајќи: „Бог е љубов!"

[1Јн.. 4,8]. Сакајте се со снаата, проштевајте си, верувајте во Бога, молете Му се и Тој секогаш ќе биде посреде вас'!

Кога го завршивме разговорот и јас си тргнав, чувствував таков мир и таква радост во мојата душа, како да излегуваа од храм по Божествена служба...

По неколку дни, добрата многустрадална душа се прибра мирно при Бога...

2. ОЧАЈ. Второто искушение во часот на смртта, со кое ѓаволот се обидува да нѐ порази, е ужасот при спомнувањето за нашите многубројни гревови. Не можеме да минеме без овој ужас пишува свети Никодим Светогорец. Но тој треба да биде омекнуван со помош на верата во искупувањето на нашите гревови преку крстната смрт на Христа Спасителот. Заматувајќи ја таа вера, ѓаволот го раздувува нашиот страв до таков степен, така што, последниот губи секаква надеж за спасение и нѐ крши со безнадежност и очај. Затоа, претходно подготвувај се, советува Атонскиот духовен писател, да го одбиеш тој напад и отсега уште мисли како треба при твоето приближување до вратите на смртта да го држиш поздраво победното знаме-Христовиот крст, т.е. силната вера во искупителната сила на Господовата крстна смрт... Пред сѐ, побрзај да осознаеш, дека нападите на очајот се демонски дејствија [зашто Христос, проповедајќи смирение, никогаш не проповедал очај], а не се природни породи од спомнувањето за нашите гревови. Такво спомнување обично произведува смирение, скрушеност и срдечна тага, затоа што сме го натажиле праведниот и семилостив Бог. Ова спомнување навистина доведува до страв, но таков страв не ја изгаснува надежта за Божјата милост. Тој дава место на личното надевање, дека ќе се спасиме, и надминува секакво чувство на отфрленост. Знаејќи го ова, ќе се согласиш, дека, штом спомнувањето за твоите гревови те задушува и фрла во очај... тој е поттикнуван од ѓаволот. Откако ќе го осознаеш ова, ти ќе придобиеш силна надеж дури и при безнадежност. А тоа ќе го прогони очајот“.

„Никогаш пишува свети Јован Кронштатски не очајувај во Божјата милост. Од било какви гревови и да си сврзан по ѓаволско искушение, моли се од сѐ срце со надеж, дека ќе бидеш помилуван! Тропај на вратите на Божјото милосрдие и ќе ти биде отворено!“

На оние, кои лесно паѓаат во очај, може да им помогне и мислата, изречена од Светите Отци, дека ѓаволот го претставува гревот пред погрешувањето како ништожен и опростлив, особено при Божјото големо милосрдие, а по паѓањето го насликува истиот грев како неопростлив и го претставува Бога како неумолив, со цел да го донесе оној што згрешил до очај. Блазе на оној христијанин, кој, исправен пред искушението да згреши, не се подлизнува лекомислено, надевајќи се на Божјото милосрдие, а мисли за адот, во кој, ќе го вовлече неговиот грев, ако тој не се покае; таа мисла го претпазува од паѓање. Погреши ли, пак, волно или неволно, вистинскиот христијанин, колку и да тажи, што Го огорчил и разгневил Бога, не се оддава на очај, a се смирува длабоко и си вели: „Христос дојде да ги спаси токму таквите грешници, каков што сум јас. Каква полза за небото и за мене, ако паднам во очај? Ќе го израдувам само сатаната, a Бога ќе Го огорчам уште повеќе. Затоа, ќе станам и ќе се вратам пак кај својот Создател. Тој е љубов. Нема да ме отфрли... Самиот Тој рекол, дека голема радост чувствуваат ангелите Божји за еден грешник што се кае“ [Лука 15,10].

Свети Јован Златоуст искажал позната мисла, дека не толку гревот нѐ погубува, колку очајот. Тоа е, според неговите зборови, најстрашниот, најпогибелниот грев, зашто, штом малодушно очајуваш, ти самиот засекогаш си ја затвораш вратата на спасението. Ако, пак, не очајуваш дури и тогаш, кога се гледаш како непоправлив грешник, а се трудиш по секое свое паѓање да стануваш и да се стремиш пак кон спасението, за тебе има надеж, дека ќе отидеш кај Бога. Промислителот може утре да ти испрати најнеочекувани благопријатни услови за спасението,смрт на близок човек, која ќе те потресе и одврати од твоите гревови, загуба на имот и доведување до крајна беда, која ќе те смири, гонења за верата, кои ќе те доближат до саканиот ти Спасител, тешка болест, која ќе те фрли во прегратките на покајанието итн. Затоа, незнаејќи што ни носи утрешниот ден, не треба никогаш да очајуваме.

Очајот е погибел. Тоа доведува до самото дно на гревот и не му дава на паднатиот да стане. Според свети Јован Златоуст, очајот е најсилното оружје на ѓаволот против нас. „Ние го радуваме не толку кога грешиме, колку кога очајуваме". И обратното, надежта, кога не е сврзана со себенадежност, туку со смирено покајание, е силно оружје против ѓаволот.

Свети Исаак Сириски советува и најпропаднатиот човек да не ја заборава љубовта на Небесниот Отец, дури и кога тоне во безнадежни гревови. Тој треба и покрај сѐ, да се залага за доброто „и кога е победуван, за да успее, отпрвин, во борбата со своите противници и секој ден да полага одново основи на разрушеното здание и така до самото свое излегување од овој свет, повторувајќи го пророчкото слово: „Не радувај се за мене, непријателко моја! Иако сум паднат, јас ќе станам" [Михеј 7,8].

Кој не ја прекинува борбата со своите гревови и посебно со гревот на очајот до самата смрт, тој и на смртниот одар не ќе се оддаде на бесовите, кои го туркаат кон очај, а ќе им каже: „Јас сум христијанин, според тоа, сум Христов. Зошто да очајувам? Христос умре за такви како мене!“

Co својот очај мнозина христијани ја обесмислувале за себеси големата Христова Голготска жртва. А со својата надеж мнозина оддавале чест на Бога и на Неговото несфатливо, полно со љубов и спасително дело.

Секој вистински христијанин, макар и напаѓан во последните дни на својот живот од тешки помисли на очај, треба да си вели: „Ете, јас веќе умирам. Не ќе можам повеќе да грешам. Ако го завршам својот живот во очај, тоа ќе биде мојот последен и најпогубен грев. Зошто да не си отидам оттука со покајание и со надеж, кои можат да ме спасат. Нели е речено, дека „надежта не посрамува!“ [Рим 5,5].

„Таа надеж над секоја надеж, по зборовите на свети Никодим Светогорец, го потопува верниот во соѕерцание на Божјото милосрдие и тој го отфрла преголемото множество свои гревови во бездната на тоа милосрдие со крепкото убедување, дека Бог го сака и бара нашето спасение, a нe нашата погибел”.

Еве каква молитва му препорачува свети Никодим на оној што умира, искушуван од очај, која, при невозможност да ја прочита сам, неговите блиски треба тивко да ја прочитаат над неговото уво: „Господи, јас имам многу причини да се плашам, дека ќе ме осудиш по Твојата правда и ќе ме отфрлиш за моите гревови. Но, уште поголема смелост имам да се надевам на прошка поради Твоето бескрајно милосрдие во Христа Исуса, Нашиот Искупител и Спасител. Затоа ја молам Твојата безмерна благост поштеди ме мене, бедната твар, за да Те славам вечно! Целиот се предавам во Твоите раце! Постапи со мене по Твојата Милост! Ти си единствен Владика на мојот живот!”

Во средината на минатиот век на Света Гора се подвизувал еден голем грешник. Тој бил дојден тука да ги искупи многуте свои беззаконија и престапи, извршени на млади години. Постепено добивајќи го дарот на умилението, тој непрестајно се каел и плачел. Се плашел од неизбежната смрт и од митарствата што го очекувале. Понекогаш, пак, стигнувал до очај за своето спасение. Но, откако бил научен од својот опитен духовник, тој разбрал, дека тој очај е навестен од бесовите и започнал да им се спротивставува на нивните пеколни сугестии. Секој ден тој се трудел во своето срце да ја затоплува надежта, дека Бог ќе му ги прости беззаконијата, извршени некогаш во светот и ќе го прифати неговото покајание.

По извесно време тешко се разболел. Тогаш си напишал една белешка и често во текот на денот ја прочитувал. Тоа го правел особено усрдно во последните денови од својот живот. Сосема наскоро потоа, тој, тивко починал. Кога го подготвувале за погребение, ја нашле белешката. На неа било напишано: „Јас се надевам на Божјата милост и на заслугите на Спасителот. Тој е мојот Судија, a не вие, кутри демони! Јас пред Него згрешив, пред Него и се каам. А вие немате ништо заедничко со мене, лукави бесови! Бегајте од мене и одете кај вашиот сатана!“ На сите им станало јасно, дека таа грешна душа придобила вечно спасение, благодарение на своето покајание, сврзано со цврста надеж на Бога.

Корените на очајот се кријат во немарноста, или, со други зборови, во безгрижноста за спасението. Таа безгрижност ги отвора вратите на душата за севозможни гревови. Кога, пак, таа се преполни со нив, не гледа веќе како може да се спаси, и очајува. Оној што живее безгрижно, и стигне до очај, задолжително се отуѓува од Бога. И ако смртта го затекне во отуѓеност од Бога, во рамнодушност кон верата и спасението, ќе загине за навек. Затоа секој христијанин треба да се пази од опасната немарност за спасението.

Денес кај оние христијани што се на умирање, очајот не се сретнува толку често, колку тапата рамнодушност, предизвикана од пројавената во текот на целиот живот безгрижност за спасението. Повеќето луѓе умираат не во очај, туку во рамнодушност кон верата. Очајот претпоставува извесно задлабочување во вистините на христијанството, какво што кај незаинтересираните не се сретнува. Тоа претпоставува, исто така, поголема или помала чувствителност на совеста. Просветениот христијанин, макар и грешен, може полесно да се оттргне од власта на очајот и да стапи на брегот на спасителното покајание. Но, рамнодушниот кон верата е неспособен за покајание и загинува, без да пројави никаков очај.

Има и такви христијани, кои паѓаат во спротивната крајност на очајот во прекумерна надеж. Тие лекомислено си велат: „Вистина е, грешни сме! Но Бог е милостив. Тој задолжително ќе ни прости!“ Таквите луѓе треба да знаат, дека лекомислената надеж е исто така погубна, како и очајот. Тие треба да памтат, дека спасението, кое се наоѓа меѓу стравот од Бога и надежта во Бога, се извршува со страв и трепет [Фил. 2,12]. Тие две чувства го запазуваат човекот како од себенадежноста, така и од очајот. Христијанинот треба секогаш да се движи меѓу стравот и надежта, така што, кога го заплашува очајот, веднаш да побара духовна поткрепа во надевањето на Бога; и обратно, падне ли во внатрешно раслабнување и себеуспокоение, да се запази од немарност, помислувајки си, дека сите немарни ги очекува погибел.

И така, стравот не треба да доведува до очај, но и надежта не треба да води кон безгрижност.

3. СУЕТАТА [празна слава] е третото подло ѓаволско искушение во часот на смртта. Може човек да има тешки гревови, кои го водат кон очај. Ho и напротив, може да има многу добри дела, на кои може да смета во тие решителни минути на разделбата со тукашниот живот. Но, ако тие добри дела се сврзани со суета и самозадоволство, таквиот човек загинува, и тоа токму кога се смета себеси за спасен.

Христијанинот треба да биде на јасно што ја спасува душата. Ја спасуваат не делата сами по себе, а Божјата благодат и Божјото милосрдие, обилно излевани врз смирените срца, како што Самиот Господ посведочил со зборовите: „А еве на кого ќе погледам: на смирениот паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово“ [Иса. 66,2].

Неосветените од Божјата благодат дела, можат од привидно богоугодни да станат најбогопротивни. Штом мотивот, по кој тие се извршуваат, е суетност и желба за прослава, тие ја загубуваат својата способност да потпомогнат во спасението на душата. „Бог се противи на горделивите“ [Јаков 4,6]. Toj не ги прифаќа ниту нивните молитви, ниту милостините, ниту постењето, ниту целомудрието, ни какво и да било друго дело, извршено за показ [Мат. 6,1-18]. Фарисејот ги загуби сите свои добродетели, бидејќи со нив се пофали во храмот. Тој истакна самозадоволство во своите молитви, дека не е грешник како другите луѓе и ја истакна јавно својата чесност, својата праведност, своето целомудрие [Лука 18,11-14]. Но сите тие негови добри квалитети, како и добрите дела пост, милостина итн. одеднаш овенаа и се згорчија како есенски зеленчуци, попарени од сланата на суетата.

Трагедијата на суетниот се состои во следното: Кога надевајќи се на себе се мисли за добар, тој е лош пред Бога; кога смета, дека врши богоугодни дела и дека преку нив се издига пред очите на Оној Кој сѐ гледа, токму тогаш тој греши длабоко и пропаѓа судбоносно. „Доброто“ за него се претвора во зло. „Секој што се воздига, ќе биде понижен, а кој се понижува ќе биде воздигнат“ [Лука 18,14]. Обичниот грешник преку непокајаните свои зла си го навлекува Божјиот гнев, а пак, суетниот преку покажаните свои добрини, распаднати поради проникнатата во нив мувла на суетата.

Ако човек цел живот бил суетен и не се трудел да се оттргне од тој свој порок, тој и на својот смртен одар продолжува да биде зафатен со суетни самољубиви чувства. Тој сака и ceгa, кога гасне во болки и страдања, да го фалат за еден или друг негов добар квалитет. Ненаситен на пофалби, тој жеднее и по неговата смрт да го величаат и можеби во неговата фантазија се насликуваат слики како ќе биде оплакуван и прославуван во надгробната проповед.

Се раскажува за еден роб на суетната страст, дека, откако му дошол крајот на неговите земни денови, тој ги собрал своите чеда и им рекол: „Вие знаете колку многу пофалби сум пожнеал во својот живот. Тоа не е без основа. Јас бев член на друштвото за помагање на сираците. Јас учествував во групата за борба со детската престапност. Јас сум давал помош и на Сојузот на слепите. Јас жртвував голема сума за ремонтот на нашиот храм. Јас ја организирав собирната акција за изградбата на училишната гимнастичка сала. Јас имам и други општествени заслуги, кои, сега немам сили да ги избројам. За сето ова, јас добивав медали, крстови и звезди. Гледајте тие да бидат при моето погребение, пришиени на перничка, за поука на младите! Наредете да има и музика! Сакам сѐ да биде тажно торжествено. И да не заборавите голем споменик да издигнете на мојот гроб со натпис, кој сум ви го завештал!“

Мислите ли, дека таа суетна душа, што ги уништила сите свои добрини во ненаситно себељубие, ќе добие нешто од нив во светот отаде? Нема ли, поскоро и таа да ги чуе таму тешките зборови на праведниот Авраам: „Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив“ [Лука 16,25]. За таквите, Спасителот рекол, дека нема што да очекуваат во вечниот живот, зашто тие, тука ја добиваат својата награда [Мат. 6,2].

Свети Отци до крв се бореле со суетата. Тие воделе суров покаен живот, а некои од нив по сведоштвото на свети Јован Лествичник, кога ќе почувствувале, дека крајот им се приближува, ги заколнувале своите блиски да не ги удостојуваат со човечко погребение, но да ги фрлат нивните тела како трупови на умрени животни во реката, или да ги остават за раскинување од крвожедни ѕверови во некој дол.

Ете такви луѓе, кои во длабоко смирение се самоказнуваат, отаде ќе добијат најголема награда. Имајќи ги предвид опасностите од суетните искушенија во претсмртните часови, свети Никодим Светогорец мудро советува: „Никогаш, a особено во часот на смртта, не допуштај да обрнуваш внимание врз себеси или врз своите достоинства, ниту да пројавуваш задоволство од себеси и од своите дела, макар и да си ги надминал по добродетели сите светии. Целата твоја благодарност да биде насочена кон Бога. Надевај се само на Неговото милосрдие и на страдањата на Господа Спасителот и за да се спасиш, на секој начин понижувај се себеси во своите очи до последното издивнување! Ако се случи да ти дојде на ум некое твое добро дело, мисли си, дека Бог го извршил во тебе и преку тебе, а не ти... Секогаш пребивај во спасителен страв, искрено исповедувајќи, дека сите твои активности, усилби и подвизи би биле попусти и бесплодни, ако Бог не беше ги зел под крилјата на Својата благонаклоност и ако Тој не беше им содејствувал... На таа милостива Божја благонаклоност и сега положи ги сите свои надежи“.

Колку спротивни на тие мудри совети се постапките на обземениот од суетна слава христијанин! Тој се потпира на своите дела, за да го добие Царството небесно. Тој си мисли: Ако не мене, заслужниот, на кој друг му прилега да влезе во рајот? Против оваа самозаблуда многу енергично се спротивставуваат Светите Отци. Така, на пример, великиот свети Марко Подвижник строго ги укорува оние, кои претендираат да добијат Царство небесно како награда за вложениот од нив труд. Тој пишува за таквите наемници: „Кој врши добро и бара награда, служи не на Бога, а на своето себеугодување“. Само оној, кој работи како роб на Бога и се чувствува како неисплатив Негов должник, тој ќе добие Царство небесно, и тоа не како награда, a како Божествен дар. Истакнувајќи ја таа основна Евангелска вистина, свети Марко пишува: „Господ, од една страна, сакајќи да покаже, дека секоја заповед е задолжителна, а од друга страна, дека восинувањето е дарувано на луѓето преку Неговата крв, говори: Па така и вие, кога исполните сѐ, што ви е заповедано, речете: ,Ние сме слуги негодни, оти го извршивме она, што бевме должни да го извршиме' [Лука 17,10]. Затоа Царството небесно не е надомест за извршените дела, но дар од страна на Владетелот дар, приготвен за верните раби“.

Ова треба да го памтиме во текот на животот, та, откако ќе ни дојде смртниот час, да не нѐ затекне исполнети со погубна суета! Кој се простува со тукашниот живот и токму во последниот момент се подлизне во суетни проценки на своите земни напори и постигања, тој засекогаш ќе го загуби сето добро, за кое се трудел.

Затоа, брате, ако сакаш да го запазиш како свое вечно богатство твоето добро, препиши го на Бога и Тој, по Својата милост, ќе го припише на тебе.

4.БЕСОВСКИ ВИДЕНИЈА И ОБРАЗИ. Едно од најопасните искушенија во претсмртниот час се виденијата, кои, ѓаволот ги испраќа, за да ја опрелести и да ја придобие душата што заминува оттука. Од тој вид се, како што видовме, многу од виденијата на оние што преживеале клиничка смрт, за кои веќе детално зборувавме [види дел 2, глава 2]. Виденија и образи можат да бидат испраќани не само од ѓаволот, но и од Бога. Севишниот ги испраќа виденијата со добра цел да поучи, да смири, да утеши, да поткрепи. А ѓаволот ги праќа со лукава цел да измами со празни надежи, што водат кон безгрижност, да воведе во заблуда, да возгордее, да погуби или да фрли во очај. Најважните белези, по кои може да се распознаат испраќаните од темните сили виденија, се следните:

а] Ако човек од овој свет си заминува непокајан, неисповедан, грешен, а гледа само утешителни виденија, јасно е, дека тие не можат да произлезат од Бога. Такви се виденијата на грешните луѓе што преживеале клиничка смрт, сведочејќи, дека оттаму виделе само светли и радосни нешта, кои ги очекуваат...

б] Ако оној што умира се одликувал со суета и гордост и ни најмалку тука не ги искоренил тие свои пороци, а пак, убедува дека е удостојуван со светли виденија, последните се отворена замка на лукавиот за крајно погубување на неговата душа.

в] Ако виденијата учат на нешта, спротивни на Божествените Писма, ако сугерираат јавни религиозни заблуди, ако насочуваат кон распространувањето на погубни лажни учење и ереси, тие исто се од лукавиот. Кон тие задгробни сведоштва и случаи може да се однесуваат јавувањата на разни духови, викани од медиуми, како и прашувањето на мртви [5.Мојс, 18,11], за кои исто така, веќе зборувавме [види дел 2, глава 1].

Господ, Кој сака да ја спаси грешната душа и затоа и сугерира страв од вечните маки, не испраќа виденија, кои ќе го успијат покајното расположение, токму кога тоа е најпотребно, ниту ги изострува преку пријатни слики суетните и горди мисли на оној што умира, ниту, пак, ги поткрепува заблудите и ересите преку всадување на идеи, туѓи и дури отворени непријателски на спасителната Православна вера.

Но, зошто Бог допушта ѓаволот да испраќа виденија? За да стане очигледно кај сите, кој е смирен и кој горд, кој е расудителен и кој безрасуден. При некои подвижници се јавувале бесови, убедувајќи ги, дека божем, се ангели. Но духовно умудрените слуги Христови обично ги прогонувале со смирените зборови: „Јас не сум достоен да гледам Ангели“. И демоните веднаш исчезнувале.

Оној кој за време на животот се вежбал на смирение и секогаш бил вооружан со чувството за недостоинство, тој ги оттурнува демонските привиденија и на својот смртен одар и со тоа ја зголемува својата награда на небото. А кој сакал да биде фален за своето благочестие, тој самиот си навлекува ѓаволски искушенија пред своето издивнување. Не секој што верува умира со виденија. Оние кои правилно веруваат, гледајќи ги своите гревови, искрено се каат за нив и со тоа се спасуваат.

Опасни бесовски измамувачки виденија пред својата смрт обично имаат оние верни, кои се занимавале со такви нешта уште за време на животот. Оној, кој, додека е здрав, не се бори со својата суета, тој и на смртниот одар не може да ја победи и си заминува со неа во светот отаде. Така е и со бесовските виденија: кој за време на животот не ги отфрлал, тој и во часот на својата смрт се утешува со нив. Затоа, додека не стигнал до судилиштето, a e уште по патот на земниот живот [Мат. 5,25], христијанинот треба да се обгради со смирение против острите демонски втурнувања во душата, без да се оддава на самозалажувањето, дека неговите мистични претсмртни доживувања, божем, го учеле на убави нешта... Сите треба добро да запамтиме, дека сатаната многу внимателно избегнува да нѐ плаши со својот страшен изглед и обично нѐ опрелестува со привидно убави сугестии, „бидејќи самиот... се преобразува во ангел на светлината“ [2.Кор. 11,14].

Светите Отци самите се пазеле од виденија, a и нac нѐ предупредуваат од нив. На пример, свети Јован Златоуст пишува: „За нас веќе не се потребни сетилни виденија, бидејќи наместо сите знаменија, доволна ни е едната вера“. А епископ Игнатиј [Брјанчанинов] предупредува: „Кој сетилно гледа духови, лесно може да биде излажан на своја штета и за своја погибел. Ако ли тој, при гледање на духови, пројави доверба кон нив, задолжително ќе биде измамен, задолжително ќе биде запечатен со печатот на страшното повредување на духот, при кое, често се загубува можноста за поправање и спасение“.

Затоа, многу правилно зборува свети Никодим Светогорец, кога загрижено ги советува оние што лежат на смртниот одар и искушуваните од разни ѓаволски виденија, учејќи го секого од нив вака да му вели на искушувачот: „Врати се, кутри, во твојата темнина! Јас сум недостоен за виденија и откровенија. Едно ми е потребно бескрајната милост на мојот Господ Исус Христос, како и молитвите и  застапништвото на нашата Владичица Богородица... и на сите светии“. Светогорскиот писател понатаму вели: „Дури и да ти се пристори, поради некои јавни признаци, дека гледаш благодатни виденија, дадени од Бога, и во тој случај, не брзај да им веруваш, а потопи се во сознанието за своето недостоинство и ништожност! Не се стеснувај, дека на тој начин ќе Го натажиш Бога, зашто за Него нашите смирени чувства, никогаш не се непријатни. Ако тие виденија се нужни за тебе, Бог знае како да постапи, за да не ги затвораш пред нив своите очи... Оној, Кој на смирените им дава благодат, нема да ја одземе заради дејствија, вршени од смирение“.

Со изброените четири точки не се исцрпуваат сите оружја, кои сатаната ги употребува против нас во нашиот претсмртен час. Тој за нашето погубување се служи и со секоја друга наша страст, од која сме биле поседувани во својот живот. Целта му е, ние да умреме во гревови и отаде да се јавиме со своите страсти, та, да има тој во што да нѐ обвинува. „Затоа треба сугерира свети Никодим, пред да дојде часот на онаа голема борба, да се вооружиме против нашите најсилни страсти, мажествено да влеземе во војна со нив, да ги преодолееме и да се очистиме од нив, за да ја направиме полесна нашата победа во оној последен час, кој може да настапи секој миг... Господ му говори на секого: „Војувај против нив, сѐ додека да ги истребиш“ [1.Цар.15,18].

Архимандрит Серафим