Д-р  Ханс Килијан

( извадок од книгата: “Зад нас е Бог”)

Млада жена го посетила писателот на книгата, познат лекар-хирург, барајќи помош од него. Нејзиниот сопруг бил лекар, имале две деца, едното на петгодишна, а другото на тригодишна возраст. Време: Втора светска војна, маж ѝ ce наоѓал на Источното боиште. Била во четврт месец од бременоста. По прегледот лекарот, криејќи го запрепастувањето, установил дека станува збор за рак на двете дојки, ракот нагло се развивал. Еве што пишува лекарот во врска со тоа:

Додека се облекуваше по прегледот, размислував како да ѝ ја соопштам горката вистина на најдобар начин... Штом седна на столот, и реков:

-Госпоѓо, дека работата е многу сериозна - и сами знаете. Ниту можам ниту смеам да скријам од вас дека се наоѓаме пред тешка одлука.

Ниту се помрдна, ниту се исплаши...

-Треба веднаш да разговарам со Вашиот маж! Нужно е веднаш да го повикаме од боиштето!

Овојпат таа заплака.

-Не знам каде се наоѓа мажот ми. Co месеци нема никакви вести од него.

Ова ја направи состојбата уште потешка, зашто сега бедната жена мораше сама да донесе одлука, одлука што значеше смрт или живот за детето, кое го имаше под срцето. Требаше да ѝ објаснам дека е неопходно да донесе одлука, па строго продолжив:

-Тешко сте болна, госпоѓо, и без сомнение се наоѓате во голема опасност. Промените на Вашите гради наполно зависат од вашата бременост. Вашите вени не се нормални поради влијанието на одредени хормони на бременоста и се дегенерирани. Треба да ме разберете, тоа е причината поради која морам да ви предложам прекин на бременоста. Во ваква состојба не можам да Ви го оставам детето. Мора да се обидеме да го запреме туморот на дојките. Но, не може да се случи тоа додека низ вашиот организам кружат големи количини хормони на бременост кои се корисни за детето, но претставуваат смртна опасност за Вас. Затоа треба да се прекине бременоста. Немаме друг избор!

Ме погледна исплашено, одречно заврте со главата и одлучно ми кажа:

-Не! Никогаш! Детето не ми припаѓа само мене туку и на мојот маж. Никогаш нема да се согласам да ми го земат. Совршено ми е сеедно што ќе биде со мене! Тоа е потомството на мојот маж, не можам да се откажам од него. Знам дека ми е животот во опасност. Да го кажеме тоа мирно: знам дека сум изгубена. И самата го чувствувам тоа, затоа ве молам, одржете ме во живот додека се роди детето. Ве преколнувам!

Долго молчев потресен од нејзините зборови. Потоа се обидов повторно да ја убедам. Подвлекувајќи ги зборовите, и реков:

-Не треба да зборувате така. Се наоѓате во голема опасност, тоа е сигурно, но cѐ уште не сте изгубени. Такво нешто никој не смее да Ви тврди. Постои една можност. Би можел вака да ја искажам: постои можност да Ве спасиме ако го намалиме дејството на хормоните на бременоста, со нејзин итен прекин, или да ги запреме, па потоа да извршиме операција. Ако не го направиме тоа, ќе бидете во сигурна опасност, па дури да ги отстранам и двете дојки...

Кога завршив, ме погледна право в очи и ми одговори речиси непријателски:

-Не сакам да дојде до тоа! Не можете да ми го земете детето! Не смеете да го убиете моето дете! !!

Во својата долгогодишна хируршка практика не сум сретнал нешто слично. Трогнат, ја фатив за рака: Добро, победивте! Ќе Ви ја исполнам вашата желба. Ве молам, средете ги колку што можете побргу сите работи дома, на веднаш дојдете на клиника. Не смееме да губиме време.

Два дена подоцна беше на нашата клиника, сама во една убава соба. При првата посета ја затекнав мирна, речиси радосно спокојна. За жал, бев принуден да ѝ ги соопштам новите непријатности. И реков дека не се осмелувам да и ги отсечам двете дојки. Следниот ден во 7 часот ќе ја оперираме едната страна, па ако се одвиваат работите добро, тогаш по две-три недели ќе ја оперираме и другата страна, со подлабок зафат...

Организмот на младата жена засега беше во релативно добра состојба. Израстоците кои нагло зајакнуваа, иако предизвикуваа слабеење, уште не влијаеја неповолно на целокупната нејзина состојба. Поразговарав со помошникот исцрпно за операцијата, избрав најдобри соработници, cѐ co цел да ги зачуваме по можност и мајката и детето...

По грижливо извршената операција, првиот ден го поминав покрај болната. Во повеќе наврати го обиколував нејзиниот кревет за да се уверам дека ништо не се случило со детето. За среќа, поминаа првите четири дена и детето беше в ред. Така, оваа опасност засега беше ограничена...

Тие денови чувствував како во воздухот лебдее едно прашање. Еден ден, наивно насмевнувајќи се, таа ми го постави:

-Професоре, уште колку приближно ми останува да живеам?

Веднаш сфатив: сакаше да знае дали останало доволно време да го донесе детето живо на свет. Не можев ниту сакав да ја тешам на евтин начин. Затоа само ѝ реков:

-Драга госпоѓо, не прашувајте ме за тоа.

Со текот на времето забележував со страв дека станува cѐ послаба... Постојан предмет на нашите разговори беше детето што го очекуваше и секогаш кога ќе се обидев да ја сменам темата на други работи, упорно се враќаше на тоа. Очигледно, мислата ѝ беше окупирана само со тоа. Со вистинска возбуденост јасно сфатив дека сета беше обземена од мислата да му го остави детето на својот маж како дар на својата љубов, кога ќе се врати од војната.

Не можев да ѝ допуштам да заклучи дека не сум во состојба да ја поделам нејзината надеж. Тајно се распрашував каде се наоѓа нејзиниот маж. Дознав од општата команда дека целата група на која ѝ припаѓал се изгубила некаде на Источното боиште.

Еден ден ѝ реков дека идното утро ќе следува другата операција. Само кимна со главата. Втората операција бараше многу повеќе напор и беше многу поопасна од првата, бидејќи нејзината состојба се влошуваше. Опасноста и за мајката и за детето стана двојно поголема. Работевме брзо и колку што е можно повнимателно. Co многу повеќе труд го запирав крварењето за да ѝ ја заштитам циркулацијата. Беше шести месец и доколку се роди предвреме, детето нема да може да преживее. Но, и покрај сите напрегања, беше потребно многу повеќе време за да ја отстранам дојката и да ја исчистам, а потоа и вените. Ткивото се згрутчуваше и cѐ подлабоко се покажуваа нови зафатени маси од рак.

Завршив, ја зашив големата рана и ставив одвод. Продолжив без компликации, но се сомневав дека може да дојде до целосно исцеление, бидејќи бројот на белите крвни зрнца во крвта, и покрај сите наши напори, се намали. Кога ја изнесоа болната од операционата сала, останавме длабоко растажени. Беше страшно: чувството дека сите наши напори биле залудни нѐ притискаше сите.

Мене ме мачеше уште една грижа од друг вид, која грижливо ја криев од неа: детенцето можеше да умре во неа! Затоа веднаш по операцијата отидов кај неа во собата и го наслушував срцето на детето. Отчукувањата беа слаби, но чујни. Така остана и во следните денови. Едно утро ме извести блескајќи од радост: детето во неа се помрднало! Јасно ги почувствувала ударите на неговите мали ножиња!

Се наближуваше седмиот месец од бременоста. Започна последниот натпревар со времето. Ѝ предложив зрачење за уништување на преостанатите канцерогени клетки. Знаејќи дека ќе се уплаши за детето, ја уверував, макар што не ме прашуваше, дека можеме да го изолираме детето од влијанието на ултразраците. Не се согласи, туку ми рече:

-Зошто? Знам каде сум.

Од ден на ден изгледаше cé поуморно. Раната не зараснуваше. Обновувачките сили на нејзиниот организам исчезнуваа. Влезе во седмиот месец. Еден ден ѝ реков:

-Ако се роди детето сега, може да се одржи.

Никогаш нема да ја заборавам нејзината реакција на оваа вест: солзи-радосници заблескаа во нејзините очи, а пожолтеното изнемоштено лице изгледаше одвнатре осветлено од среќа! За неколку дена се подобри и нејзината состојба. Ѝ се поврати бојата на лицето, меѓутоа потоа почна неумоливо да слабее. Во осмиот месец ѝ предложив да извршиме предвремено раѓање. Одби. Сакаше да замине во својата куќа. Така дојде и денот кога ја напушти клиниката. Дојде сестра ѝ да ја земе... Чувствував дека се бори самата со себе, на крајот ѝ помина преку усните прашањето од кое се плашев:

-Уште колку ќе живеам?

Избегнав да ѝ одговорам, немо климнувајки ѝ со главата. Не сакав да ја лажам во последниот момент.

-Известете ме кога ќе се роди детето, ја замолив.

Таа ми го вети тоа.

Очекував известување и се изненадив кога еден ден добив писмо напишано од нејзина рака.

“Драг г. професоре, - пишуваше - бидејќи со толку љубов ја поделивте мојата мака со мене, ќе бидете единствен што ќе ја дознаете радосната вест од мене. Многу сум слаба и треба да го штедам остатокот од своите сили. Значи, пред десет дена детето дојде на свет. Машко... Малечко чедо мое...

Срцето ми е толку исполнето со благодарност што не е можно да ги преточам моите чувства во зборови. Благодарение на Бога и на Вас, возљубен г. професоре!

Последните недели беа многу тешки и понекогаш ми се чинеше дека нема да можам да издржам докрај. Се молев на детски начин, на кој најверојатно би се насмеал некој учен богослов: Ако Те има горе - повикував - и ако си љубов, тогаш подари ми го ова дете! Така Му се обраќав на Бога и Тој, во своето бескрајно милосрдие, го услиши мојот повик кој личеше на изнудување!

Ова за мене значи бескрајно многу. Тоа е најголема утеха на последното делче од патот што ми преостанува. Доаѓа смртта... Крајот се приближува. Не сакам да изгледам дека сум подобра отколку што сум: и мене често ме фаќа страв од смртта. Длабок страв на битието пред да замине од овој живот, особено ноќе, кога ќе останам сама во мракот со отворени очи. Ho, тогаш ме теши помислата на детето кое ќе живее по мене како доказ на љубовта Божја...

Вчера бев принудена да го прекинам писмото тука. Дојде сестрата и ме искара, сакаше да ме увери дека морам да останам во живот заради детето. Но, сега, освен што тоа не зависи од моите сили, ме теши ова: на крајот на краиштата, и најнежните родители можат да направат многу малку за своите деца. Нивната судбина, како и нашата, се наоѓа во Божји раце, Во неговите татковски раце ги доверив целосно сите оние што ги оставам зад себе...

Се трудев на своите деца, кои ми се најпрекрасен дар, да им бидам добра мајка. Цели десет години бев врзана за својот маж со љубов над која ниеден момент не се надви ни најмало облаче. Да се остави сега сето тоа, не е ни најмалку лесно. Но, би сакала уште еднаш да Ве уверам, бидејќи бевте со мене и ми помогнавте во најтешките часови, дека заминувам со најдлабоко уверение дека повторно ќе најдам cѐ, таму горе, осветлено со светлина и сјај и ослободено од земната тага и беда. Збогум засекогаш!

Н. Н.!”

 

Додаток:

“Кога ќе се врати мојот маж, дајте му го, ве молам, ова писмо”.

* * *

Четиринаесет дена подоцна добив писмо со кое ми јавија дека се упокоила. Писмото не можев да го предадам, бидејќи нејзиниот маж никогаш не се врати од боиште.