Нивниот основен аргумент е израз на општото начело на основните човекови права. Секоја жена велат тие има право да господари-со своето тело. Не е дозволено волјата на некој трет, било да станува збор за поединец или за општеството, да се меша и да одлучува за такво лично прашање какво што е располагањето со сопственото тело. За време на еден протест на жени на иницијативното движење за озаконување на абортусот во Грција, демонстрантките ритмички ја повторувале паролата: “Сите закони подалеку од нашето тело!" Овој аргумент се облекува во облека на “напредност” и ги презира спротивните мислења како “мрачни”, “застарени”, “назадни", “средновековни”...

Но, бидејќи раѓањето е создавање живот, кој по одредени стадиуми не може да биде негиран, приврзаниците на ова движење тврдат дека до моментот на раѓањето плодот не е човек, бидејќи не поседува самостоен живот! Ембрионот велат таквите е парче од телото, бездушна и безживотна материја, чие исфрлање од мајчиното тело претставува чисто лична работа на жената. Какво било соочување со неа не е етички проблем, а пред cѐ, тоа посебно го подвлекуваат, не е злосторство.

Но, дали е прашањето толку едноставно како што го прикажуваат овие “прогресивни” жени?

На сите ни е лесно разбирливо дека мислењето на поединци овде нема никаква посебна вредност. Зашто прашањето за животот и за одземањето живот не е исто што и политичките идеи, кои секој може да ги прифати како што сака.

Ако постои живот, личен живот, тогаш неговото прекратување е убиство, злосторство, вина, извршување смртна казна.

Кој може да ни одговори на ова прашање? Во секој случај, не се во состојба да го направат тоа неодговорните мислења и сфаќања, кои еден толку сериозен проблем, каков што е животот и неговата заштита, го претвораат во предмет на политиканство. Тоа можат да го направат само одговорните ставови на специјалистичките науки што се занимаваат со ова прашање, како што се медицината и биологијата, како и ставот на носителот на божествената вистина, т.е. Црквата.