Нашето време кое се нарекува време на просветеност, преплавено со прогласи за вредноста на животот, како врвен критериум за решавање на овој толку важен проблем не ја постави самата вистина на животот, односно потребата за негова заштита, туку псевдополитиката, и тоа на прво место:

а] страв од пренаселеност [прифаќајќи ги на тој начин абортусите како средство за ограничување на раѓањето];  

б] индивидуални права [апсолутизирајќи ги, како што видовме претходно, на ненаучен начин, правата на бремената жена].

Како последица на тоа во некои земји е дозволен абортус во ограничена мера [поради вонбрачни и предбрачни зачнувања или до трети месец], а во други без никакви ограничувања. Се смета дека во 1985 година на 20 зачнувања имало девет абортуси. Во тој поглед водат земјите што го озакониле абортусот [Куба, Полска, Романија], во кои процентот на абортусите надминува 60% од зачнувањата. Се смета дека во Полска на 1.000.000 абортуси има 702.000 раѓања!

Во Грција се смета дека 56% од жените вршат абортуси. Последиците од ова не се само индивидуални. Грција станува земја на старци и постои страв од исчезнување на грчкиот народ. Претседателот на Грција истакнува дека ако продолжи оваа состојба во 2000 година ќе има 85 милиони Турци, а само дванаесет милиони Грци!

По cѐ што беше кажано претходно, засновано на научни резултати, останува отворено следното прашање: како е можно многу луѓе да не го сметаат прекинот на бременоста за убиство? Врз основа на што? Еве како одговара на тоа прашање г-ѓа Марангопулу, приврзаничка на абортусот: “Абортусот не е веќе злосторство, бидејќи не ги навредува основните етички чувства на општеството, зашто го вршат толкав број жени”. Со други зборови, според г-ѓа Марангопулу, правото на живот е поврзано со ставот на мнозинството и претставува работа на лична потреба, а не прашање на етички сфаќања и на самата светиња на животот.

ЛИЦЕМЕРСТВО НА ОПШТЕСТВОТО

Едноставно е несфатливо, ако не и знак на крајно лицемерство, истите луѓе кои, од една страна, се борат за човековите права и се чукаат в гради поради нив, од друга страна, стануваат заговорници на абортусот, кој претставува газење на најелементарните права на раѓање и живот на најнезаштитените човечки суштества! Несфатливо е за здравата логика некој во име на човештвото и правото на живот да се бори за укинување на смртната казна, а истовремено да бара озаконување на абортусот!

“Ни е жал за човекот што го убиваат на електричен стол, на бесилка или го стрелаат, но не и за оној кој cѐ уште не се родил, бидејќи не сме го виделе и cѐ уште не сме воспоставиле емотивен однос со него. Како што се гледа, разликата е само во емотивноста. Чувствуваме одвратност спрема мајката која го фрлила штотуку роденото дете во канта за ѓубре, a ѝ носиме цвеќе на онаа која абортирала и го уништила детето во достоинствената атмосфера на операционата сала” [П. Нелас, Симадја, св. 11].

Заговорниците на озаконувањето на абортусот тврдат дека еден таков закон решава многу големи проблеми. Но, да не заборавиме дека со слични оправдувања и злокобниот Хитлер го решавал прашањето за Евреите. Ова отворено го истакнал кардиналот Вашински во својот говор пред студентите во Варшава, кажувајќи: “Ние сме гробари што дозволиле повторно да се запалат ужасните крематориуми во нашите земји. Денес во една полска болница постои крематориумска печка за спалување на телата на децата кои не стигнале да се родат... Немаме право да ги проколнуваме поробувачите кои во минатото ја потпалиле печката на крематориумот во Полска [Аушвиц] кога и денес го правиме тоа. Да престанеме да зборуваме за илјадниците луѓе убиени од непријателите во моментот кога бројот на убиените во последните години го надминува бројот на жртвите во концентрационите логори на смртта”. [Зои, 20. 6. 85].

Всушност, нели потсетува на хитлеровската практика обвинувањето на хесенскиот пратеник Ројслер дека на некои клиники во Германија и во Франција им плаќаат на жените зa да вршат абортуси со царски рез, со цел да употребуваат живи ембриони за опити и за правење козметички мириси [Доркофики, стр 65]?

Природно, не ги занемаруваме бројните проблеми [социјални, економски, здравствени итн.] за чие полесно решение се предлага абортус. Меѓутоа, сметаме дека никогаш нема да биде можно да се решат тие проблеми со нечовечност од таква димензија. Страшно е, подобро кажано, се граничи со животинска несвесност, дури и да се помисли да се вршат абортуси за да се употребат децата за експерименти или во козметички цели!

Исто така, ужасно е да се помириме со фактот дека причини за озаконување на абортусот за некоја држава можат да бидат интересот и заработката [оданочувањето на огромните печалби на лекарите од абортусите], бидејќи тогаш би се нашле пред апотеоза на краен цинизам. Неприфатлива е дури и помислата дека е можно да се дојде до степен на таква неморалност.

На крајот, тврдењето дека озаконувањето донесува намалување на бројот на абортусите е дури и смешно во моментот кога статистиките потврдуваат дека во земјите каде што се озаконил прекинот на бременоста дошло и до нагло покачување на бројот на абортусите. Така, на пример, во Јапонија од 140.000 абортуси годишно бројот се поканил на 200.000. Во Скандинавија и во Романија бројот станал тројно поголем, а во Америка се зголемил шестпати. Во еден американски весник го прочитав следното: “Bo гинеколошка клиника влетува некоја жена. По неколку минути предвреме се раѓа дете, старо сѐ на cѐ 22 недели [околу пет месеци]. Оваа мајка сака нејзиното дете да биде живо! И цела болница е во паника за да го одржи детето во живот. Познати лекари неуморно работат на тоа, се трошат огромни суми пари...

Истиот ден и истиот час во друго одделение во истата болница друга жена врши абортус, бидејќи не сака да роди друго дете. И лекарите ѝ тврдат дека детето од четири месеци не е човек, туку излишен израсток во мајчиното тело....”

Што е она што на едното одделение го прави човекот вистински и достоен за живеење, а на другото одделение го прави излишен израсток кој сам по себе е без сопствен живот? Одговорот е едноставен: субјективниот суд на лекарот и на мајката. А најлошо од cѐ e тоа што овој субјективен суд е плод не на незнајна, туку на намерна социјална хипокризија.

Карактеризирајќи ја оваа социјална хипокризија, претседателот на САД, Роналд Реган, му забележува на еден лекар приврзаник на абортусот, кој тврдел дека со мирна совест ја работел оваа работа, бидејќи не се уверил дека ембрионите имаат сопствен живот: “Докторе, кога не сте сигурен дали еден човек е жив или умрел, не смеете да дадете дозвола за погреб. Тогаш како денес лекарите даваат дозвола за погреб на лица за кои не се сигурни дали се живи? Бидејќи денес, по толку изјави на лекари, научници, никој не e во состојба авторитативно да тврди дека не знае дали е плодот жив или не е. Зошто тогаш не само што се даваат дозволи за погреб туку свесно се убиваат и се погребуваат невини деца”.

Одговорот се наоѓа во пророчките зборови на познатиот италијански законодавец од минатиот век Рафаил Балестрини. Балестрини пред речиси сто години запишал: “Најсилен доказ дека еден народ ја постигнал крајната линија на моралниот пад ќе биде времето кога абортусот ќе се смета за социјално прифатлив и нормален".

Абортусите не претставуваат само сведоштво на морален гнилеж, пад и декаденција. Тие се и причинители на сето тоа, доведуваат до тоа и му даваат поттик.

ПОСЛЕДИЦИ НА ОЗАКОНЕТИОТ АБОРТУС

Последиците на абортусот се сериозни и големи. Тоа може да се заклучи од меѓународната лекарска библиографија. Последиците за мајката се:

а] голема смртност [од повреда на матката, септикемија, емболија итн.] значителна болежливост [воспаленија, тромбофлебитис итн.], намалување на можноста за раѓање: “една третина од жените што вршат абортус остануваат неплодни” [во Грција];

6] за следните деца: “процентот на смртност и предвремено раѓање двојно се зголемува кај жените со претходен абортус" [станува збор за Грција од 1971 година]. Разбирливо,се зголемува и бројот на деца со недостатоци поради абортусот;

в] за младината: се олеснува неодговорното сексуално однесување и се зголемува бројот на вонбрачни мајки. За демографскиот проблем и за истребувањето на одделни народи и да не зборуваме;

г]најтешко од сѐ е тоа што со абортусот не може да се помири човечката совест, дури ни совеста на најголемиот аморалист. Затоа, или предизвикува ужасни психички проблеми, чиј одглас допира до исповедалницата, или ја одведува трагичната мајка во социјално лицемерство и цинизам.