Црквата не ги прифаќа како мерило на своето учење и проповед човечките сфаќања. Таа не зборува од земјата. Црквата е носител на вистината што ја проповедал Господ Исус Христос. Нејзините ставови се одозгора, тие се израз на божествената премудрост. Нејзините ставови се секогаш во согласност со вистинската наука за човекот, но не и со псевдонауката, со приземната и демонизираната “научност”. Во cѐ, насекаде и секогаш важи словото на Св. апостол Павле: “Бог е вистинит, а секој човек е лажливец”.

Резултатите од антропологијата,биохемијата и биологијата денес водат кон заклучокот дека абортусот е убиство, со обзир на тоа дека со него се прекинува самостоен живот кој постои во полн степен.

Овие современи резултати на науката се идентични со древното учење на Црквата, која вели: плодот е самосвоен и самопостоен живот, индивидуалност со сите права “од моментот на зачнувањето; прецизното разликување на “оформен” и “необразуван” [плод] за нас нема значење, вели Св. Василиј Велики. Резултатот на ова начело, кое силно го подвлекуваат Светите Отци и учителите на нашата Црква: Св. Григориј Богослов, Анастасиј Синаит, Максим Исповедник, е следниот:

а] “Онаа која намерно го уништува [плодот] потпаѓа под вината за убиство" [Св. Василиј Велики, канон 2].

6] “Оние што даваат треви за абортус се убијци како и оние што примаат детеубиствени отрови” [Св. Василиј Велики, канон 8].

в] Соработката во абортусот е соработка во убиство. Св. Јован Златоуст го смета за соучесник во гревот на убиство дури и мажот кој ја оплодил жената што врши абортус. Еве што кажува учителот на Црквата:

“Зошто сееш таму каде што земјата сака да го уништи плодот, каде што има многу бесплодност, каде што е унишувањето пред раѓањето? Зошто дури ни блудницата не ја оставаш да биде макар само блудница, туку ја правиш и човекоубиец! Зар не гледаш како од пијанството доаѓа блудот, од блудот прељубата, од прељубата убиството? Дури и нешто полошо од убиство, не знам ни како да го наречам. Зашто не само што го уништува родениот туку го спречува и да се роди неродениот! Значи што? И Божјиот дар ли го презираш? И против неговите закони ли се бориш? И она што е проклетство како благослов ли го прифаќаш? И работилницата за раѓање во кланица на деца ли ја претвораш? И жената дадена за раѓање деца за убиство ли ја подготвуваш?” [Св. Јован Златоуст, омилија 24, на посл. до Римјаните, 4, ПГ. том. 60, 626]. Не треба да заборавиме дека епитимијата [мерка пропишана од Црквата за исцелување на душата на грешникот] е најтешка за убијците, и во поглед на траењето и во поглед на строгоста.

За Црквата Христова отстранувањето на плодот или абортусот или прекинот на бременоста не е едноставно недозволен етички чин. Без никакво заобиколување и разубавување, тоа е убиство. Убиство од најтежок вид, бидејќи со него се лишува од живот едно човечко битие пред да го вкуси, и пред да се удостои за Крштавање.

Луѓето што пристапуваат кон абортус на своите деца личат на Ирод, кој заклал 14.000 доенчиња за да биде мирен и спокоен во животот. Би можело да се каже дека се дури и полоши и од него, бидејќи оние 14.000 деца не биле негови родени деца. И секој оној што учествува на каков било начин во страшниот чин на абортусот, без обзир што мисли самиот за тоа, соучествува во дело на убиство и носи голем грев пред Бога, кој дава апсолутна заповед: Не убивај!

Што треба да се прави?

Можеби многумина ќе нѐ осудат дека со ова сакаме да ги наметнеме христијанските сфаќања во врска со овој толку сериозен проблем, и тоа на еден свет кој не ги прифаќа и кој ги одрекува. Никому ништо не наметнуваме, ниту го презираме кого било пишувајќи вака. Секој има свои уверувања и секој има право да се бори за нив. Но, и Црквата има свое уверување и свое илјадагодишно искуство. Никој не може да ја лиши Црквата од правото да си го изнесе својот став и да го брани, како што ги бранат своите ставови и другите. Притоа, света должност на Црквата е:

а] првенствено, колку што може поисцрпно да му го објасни и да го изнесе својот став за абортусот на црковниот народ и своето вековно духовно искуство, врз основа на кое таа и оние што се нејзини не можат да се однесуваат спрема абортусот на друг начин, освен како спрема убиство;

б] должна е да им го насочи вниманието на духовниците [свештениците исповедници] кон овој толку сериозен проблем да не пристапуваат со неодговорна снисходливост. Духовниците се должни, во согласност со учењето, духот и вековниот опит на Црквата, да ги воспитуваат своите верни, будејќи кај нив сознание за светињата на секое поединечно човечко суштество, од моментот на неговото зачнување до смртта и по смртта. Исто така, должни се кај оние кои на каков било начин ќе згрешат против таа светиња на животот, посебно со чедоубиство [абортус], да разбудат дух на покајание, употребувајќи притоа не само исповед и поуки туку, кога ќе затреба, и строга епитимија. Главна цел на сето тоа треба да биде будењето на совеста и вистинското поправање на таквите, да престанат да грешат;

в] пред оние што донесуваат закони и кои се општествено одговорни Црквата е обврзана да го посведочи својот став и макар да го насочи вниманието на последиците за човечноста и за човечкото достоинство воопшто, од озаконувањето на чедоубиството и од какво било утилитаристичко манипулирање со основните и најсвети сфери на човечкото битие и животот;

г] Црквата не би била она што е кога не би подвлекувала и истакнувала дека каков било метод на чедоубиство [абортус] е рамен на злосторство, зашто последиците се секогаш исти: лишување од живот на едно човечко суштество;

д] Црквата е посебно должна да ги потсетува лекарите и бабиците болничарки на страшната и света одговорност пред Бога и пред човечкиот род и пред сопствената совест на светињата на животот на секое поединечно човечко битие, родено и неродено, кое им е доверено, без обзир на неговата возраст;

е] со самопожртвуваната љубов, откриена и посведочена со Личноста на Богочовекот Христос и со Неговиот богочовечки дел, како со своја суштина и содржина, Црквата е должна непрестајно да повикува на себежртвување и на својот живот за ближните свои како на единствен вистински и достоен начин на човековото постоење на земјата и на небесата, и во сите светови. И да ги потсетува сите и секого дека со жртвување на другите за себе и за свое сопствено задоволство, независно кои се тие други и на која возраст припаѓаат, всушност, се сатанизира човековата свест и совест и се расчовечува боголикото човечко битие. На тој начин, трагичните човечки проблеми стануваат уште потрагични и понеразрешливи.

Исполнета и вдахновена со таа самопожртвувана богочовечка љубов, Христовата Црква, наместо на егоизмот на абортусот, како на разрешување на социјалните, економските и други проблеми, сега и секогаш, укажува првенствено на богољубивата и чедољубивата невиност и воздржување. И на големата светиња на Тајната на целомудрениот Брак, како символ на сепреобразувачката тајна на Црквата.

Длабочината на верата, стравот Божји, подготвеноста на жртва и на вистински христијански живот се најдобар патоказ на верните за практично решавање на овој толку сериозен проблем. Очигледно, преку она што е залудно во очите на светот, посебно на денешниот, заслепен од похотливоста и од гордоста на умот, Бог му ја дарува на човекот и му ја разоткрива најдлабоката вистина и мудроста на животот.