Црквата низ целата своја историја, и пред и по големиот раскол во 1054 година, го осудува убиството на невините деца, родени и неродени. Раната Црква била во судир со тогашното доцноантичко општество, многу слично на денешното, каде што абортусот и чедоубиството повеќе биле правило отколку исклучок. Од самиот почеток Црквата непоколебливо и категорично го бранела животот на невините неродени деца. Во “Учењето на дванаесеттемината Апостоли”, т.н. Дидахи, од 80 година по Христа на верниците им е речено: “Не смеете да вршите абортуси. Не смеете да ги уништувате новородените...”

Дионисиј, епископ александриски, пишувал во 224 година во писмото до Хермамон, за паганското варварство против кое Црквата неумоливо станувала: “Црквата може, бидејќи е присутна и гледа... и зборува храбро, да ги расипе плановите на злите духови, ѓаволските обреди, одвратните измами и незнабожечките жртвувања, во кои на несреќните деца им се сечат гркланите, во кои децата на несреќните родители се користат како жртва за принесување и им се вадат виталните органи на новородените бебиња и така се уништува Божјата творба”. Тогаш, во т.н. цивилизирано човештво во доцната антика владеела клима на изопаченост, многу слична на оваа наша современост, кога чедоубиството, абортусот и принесувањето човечки жртви биле обична работа, а против што црковните отци и на Исток и на Запад одлучно станувале. Со таквиот непоколеблив и конечен став Црквата во голема мера успеала да го потисне ова зло, инсистирајќи на јавна морална одговорност на човекот.

Свети Василиј Велики во 4 век пишувал: “Жената која смислено го уништила плодот мора да плати долг за убиство... А тие кои даваат средства што предизвикуваат абортус се убијци, како и оние кои го примаат отровот што го убива плодот...” Црквата отсекогаш сметала дека личноста на нероденото дете постои од зачнувањето, т.е. од моментот на соединување на душата и телото на детето. Ставот на Православната црква за абортусот не се изменил ниту за јота од нејзиното основање со Христос и со апостолите.

ШТО ВЕЛИ СВЕТOTO ПИСМО?

Вo Светото Писмо се пронајдени во различни извадоци многубројни потврди за совршено човечките својства на неродениот живот посебно кога станува збор за Самиот Богочовек на степен на ембрион и плод. Како што забележал Тертулијан, “Господ за Кого се претскажуваше секогаш во минатото слезе во назначената Дева и во Нејзината утроба беше формиран како човечко тело и роден како Бог и човек. Човечко тело родено од Духот, одгледано, прерасна во човек кој зборува, поучува - тоа е Христос”.

Свети Кирил Ерусалимски вели: “Свети Јован Крстител заиграл во утробата на својата мајка, препознавајќи го Бога, т.е. Богомладенецот, исто така во утробата, не со телесни очи туку со Духот научен. Сета вера на Црквата во Христа Спасителот се заснова на случките поврзани со Неговото зачнување и раѓање. Свети Григориј Богослов [382 г.] вели: “Ако некој не се согласува со тоа дека е Дева Марија - Мајката Божја, тој е скаран со Бога. Ако некој тврди дека Христос поминал преку канал и дека не бил создаден во Неа на божествен и човечки начин [на божествен - бидејќи е создаден бессемено, без мажчовек, и на човечки - бидејќи е создаден според законите на бременоста], таквиот е сличен на незнабожец”.

Црквата на нашиот Спасител Исус Христос гледала како на Бог соединет со својствата на совршената човечка природа од моментот на Неговото зачнување и секое човечко битие го сметала како Христова икона, како драгоценост вредна за љубов и заштита од мајчината утроба.

Таквите сфаќања недвосмислено се присутни и во Стариот и во Новиот завет: “Пред да те обликувам во утробата, Јас те познав, и пред да излезеш од утробата, те посветив: те поставив за пророк на народите” [Ерем. 1, 5]: “Господ Ме повика уште од утробата, од мајчината ми утроба го нарече името Мое” [Исаија 49,1]: “A кога Бог, Кој ме избра од утробата на мојата мајка и ме призва преку Својата благодат...” [Галат. 1,15]: “Твоите раце ме создале и ме оформиле... Со кожа и плот ме облече” [Јов 10, 8, 9-11].

Ha доказот дека плодот има наполно човечки карактеристики, па дури и свој духовен живот, како што документираат и модерните научни студии за брановидното дејство на мозокот [генетика, хромозомални проучувања и фетологија], прво укажале библиските автори: “А Марија, како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин... Штом го чу Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина [Лука 1,39,41]. Во овој извадок зборот за нероденото дете што го носи Елисавета е “детето во пелени” [цицалче, бебе], а истиот збор се употребува и за Христа во јаслите [Лука 2,12]. Новиот завет, всушност, и нема збор за плодот, плодот е детето. Конечниот доказ за високото вреднување на човечкиот плод од страна на Црквата е нејзиното учење за Воплотувањето: “Денес е почеток на нашето спасение и откривање на вечните тајни: Синот Божји станува Син на Дева, а Гаврил ја благовестува благодатта. Да воскликнеме сега и ние со Него кон Богородица:

Радувај се, благодатна, Господ е со Тебе!

СПОМНУВАЊЕ НА НЕРОДЕНИОТ

Три личности спомнува и прославува Православната црква во својот календар како сѐ уште неродени - нашиот Господ и Спасител Исус Христос - кој беше зачнат нa Благовештение, ПресветаБогородица - на празникот 3ачнување на Пресвета Богородица од Света Ана и Свети Јоаким, и најпосле, Свети Јован Крстител - на празникот Зачнување на Св. Јован Крстител од Светите Елисавета и Захариј.

Тропарот на празникот Благовештение не пее дека Пресвета Дева Марија, Богородица и Богомајка, носела грутче од безначајно ткиво во својата утроба! Ниту пак дека плодот во Нејзината утроба еден ден ќе стане Христос! Напротив, Црквата го прославува Христос како Христос од самото зачнување: “Денес е почеток на нашето спасение и откривање на вечните тајни Синот Божји станува Син на Дева, а Гаврил ја благовестува благодатта... О, чудо! Бог дојде помеѓу луѓето, Несместивиот се смести во утробата, Безвремениот во времето влегува...” Христос се нарекува “Бог помеѓу луѓето” додека cѐ уште бил зачеток. Да направиме една неприлична претпоставка, доколку Христос би бил подложен на пометнување, според тежината, тоа не би било помало злосторство на богоубиство од Неговото Распетие на Крстот подоцна.

Архимандрит Ѓеорѓиј Григоријатски

САМОЖИВОСТ И СЛОБОДА

Прифаќањето и озаконувањето на абортусот како нешто природно и нормално значи наградување и прифаќање на саможивоста, а не на слободата, како принцип на животот. А секој трезвен човек ќе се согласи дека вистинската слобода не се состои во егоистичното задоволување на себеси, уште помалку во робувањето на слепиот инстинкт, туку во откривањето и здобивањето на длабоката безгранична смисла на животот. За нас, христијаните, тоа значи откривање на волјата Божја за нас и нејзино исполнување на нас и на светот околу нас. Да се постигне тоа е можно единствено преку почитување на светињата на животот и преку нашето надминување на нас самите и преку подвижничкото исполнување на нашите обврски спрема Бога и ближните. Не сум вистински слободен тогаш кога го исполнувам и го работам она што ми го наметнува егоизмот и самољубието, туку само кога го работам она што го бара од мене саможртвената љубов. Единствено така се оправдува и добива смисла жртвувањето на самиот себеси за големата цел, за вистината, за ближниот и татковината, вистинската човечност, чесноста. Далеку од какво било морализирање, уверен сум дека нашиот современ духовен безизлез доаѓа од тоа што во нашето општество cѐ повеќе преовладува самољубието и саможивоста. Според црковните отци, самољубието е болна љубов спрема нас самите и корен на сите зла. Цивилизацијата што се засновува на саможивоста полека, но сигурно станува цивилизација на безизлез.

Ако е оправдано да се извршуваат абортуси во името на слободата, т.е. убивањето на најнезаштитените битија, тогаш зошто да не биде слободно и извршувањето на други злосторства?

Со своите сопствени раце ги поткопуваме темелите на нашето општество и создаваме предуслови за разорување и обесветување на сѐ. Нашето младо поколение денес најмногу страда и пати поради тоа што ние, постарите, му предаваме и оставаме во наследство едно заболено “општество”, обезбожено и материјализирано, затруено со саможивост и безнадежност.