Жељко Которанин

Чедоубиството е намерно убиство. Убиство на своето дете. Дете кое мајката - убиец немала можност да го види, да го запознае, да го засака. Бидејќи повеќе ја засакала сладоста на удобниот живот. Животот во блуд, во прељуба, разврат. А воздржувањето, а достоинството, чесноста и светоста?... “Помалку Црква, повеќе презервативи", повикуваат “Жените во црно”.

Божиќ е празник на Раѓањето на Богодетето Христос, Спасителот од гревот и смртта. Божиќ е Раѓање. Во него се слави Мајката Богородица и секое раѓање во него се прославува. Како што на Божиќ се радува вселената на Раѓањето на Оној Кој на Благовештение се воплотил во зачеток, таква треба да биде и радоста кога се раѓа секое дете. Бидејќи секое дете се раѓа за Него, за воплотениот, за Исус, за да седне со Него на трпезата во Божјото Царство. Со тоа секое дете е икона на живиот Бог уште од своето зачнување.

Во деновите по зачнувањето Марија ја посетила Елисавета [Лука 4.39-45] и нероденото чедо на Елисавета заиграло од радост, исполнувајќи се со Светиот Дух поради близината на Воплотениот, во зачетокот, Логосот, Христа. Ова е сведоштво дека детето, иако неродено, има душа, има дар да го познае Бога и својот Спасител и да се зарадува, бидејќи не се раѓа за смрт, туку за живот. Ова е сведоштво дека Логосот се воппотил од зачеток, дека првите делби на клетката се тело и дека секое дете стекнува душа тогаш кога добива и свое посебно [генетско] тело. Бидејќи Бог не се воплотил во бездушно месо, туку во човек, во тело и душа. Со настанокот на зачетокот, воедно, настанува и Божјата икона. Кога ќе се изврши абортус, не се отстранува чир или што било слично. Се убива човек, дете. Ако жената не само што не искажува волја да го зачува детето, кое по Божја промисла е доверено на чување во нејзиното тело, туку и дига раце на детето и го убива, зар може непокајаната да се надева не само на Царството Небесно туку и на земен мир?

Наместо да роди дете, жената ја свртува главата и го убива. Таа, како Пилат, ги мие рацете од убиството. А притоа, според зборовите на Апостолот... “а жената измамена станува престапница; но ќе се спаси со раѓање деца, ако останат во верата и љубовта и во светињата со чесност” [1 Тим. 14.15], убивајќи го своето дете, жената го убива својот спасител. Не во смисла дека нејзиното дете е Христос, туку во смисла дека, кога ќе го отфрли раѓањето и кога го убива најмалото, сѐ уште неродено, го убива и Христос, се одвраќа од Божиќ и од Воскресението за живот вечен...

Црквата во првите три века од своето постоење го осудувала чедоубиството со тешки казни, во согласност со суштината на тој чин. Така, на пример, на Елвирскиот собор со 63 правило се одредува жената која свесно го убива зачетокот во својата утроба да се лиши од црковно општење и да ѝ се скрати причестувањето пред смртта. Елвирскиот собор [306 г,] не е прогласен за задолжителен во православието, па тоа правило е повеќе споменик, илустрација. Подоцна е донесено општо и задолжително правило [13 канон и Всел. собор], според кое секој што се кае по исповедта се причестува.

“Жените кои се оддале на блуд, па го убиваат зачетокот во утробата, или се занимават со правење лекови што можат да го уништат, претходната наредба одлучува до крајот на животот, и тоа општо земено се следи. Ние, пак, со намера да бидеме човекољубиви, во овој случај наредуваме таквите да издржат десет години на покајание...” [21 канон Анк. собор]

Оваа одлука ја поддржува 91 канон на Трул. Собор.

“Жените што даваат лекови за пометнување и кои земаат отрови што го убиваат плодот, ги подложуваме на казна за убиец”.

Отците на Анкирскиот собор прво го наведуваат општиот обичај во Црквата, според кој таквите жени се лишени од црковно општење cѐ до смртта, а дури пред смртта можат да се причестат. Овој обичај бил последица на тоа што таквите жени биле убијци а тогаш казната за намерното убиство била во согласност со обичајот [в. 22. канон Анк. соб.]. Самите зборови од канонот “па го убиваат зачетокот во утробата” упатуваат на тоа дека тие жени се убијци и, немајќи што да му префрлат на обичајот, речиси извинувајќи му се, Отците од човекољубие, ја намалуваат казната на десет години. Причината на ова човекољубие се наоѓа во тоа што жената во таквите случаи се изложува на смртна опасност, како што забележува и Св. Василиј Велики [в. 2 канон Вас. Бел.]. Нам ни се чини дека причината може да биде и во тоа што за време на тие десет години жената не можела ниту да се мажи [чедоубиството, почнувајќи од царот Јустинијан, било бракоразводна причина, а така е и денес] ниту да ужива во која било друга духовна црковна потреба. Само оваа казна, со нарушено здравје, та уште и ставот на општеството спрема неа, на и притисокот на совеста, биле причини што многу жени се решавале на самоубиство. За ова Св.Басилиј Велики зборува во својот 34 канон. Според цитираниот 91 канон на Трулскиот Собор, и жената која свесно се решава на абортус и онаа што ѝ ги дава лековите, отровите, кои доведуваат до смрт на плодот се подложени на казна за убијци, не одредувајќи го траењето на одлачувањето. Со ова не се нарушува односот помеѓу обичајот, снисходењето и многу и различни одредби за должината на траењето на казната за убијци. Сосема исправно, бидејќи ако жената која го убива плодот во себе и може да ужива некаква снисходливост, онаа која дава отрови не може да ужива таква снисходливост. Ваквата неопределеност на Отците од Трулскиот Собор дава слобода во истиот случај да се применат различни казни, со различно траење, за онаа која ги дава отровите и за онаа која ги зема.

“Таа која смислено ќе го убие зачетокот во утробата ќе биде подложена на казна за убиство. Ниту ние овде лесно разбираме дали зачетокот веќе добил облик или cѐ уште е без облик, бидејќи во овој случај не се налага казна поради оној што треба да се роди, туку затоа што таа жена се изложила себеси на опасност, бидејќи поголемиот дел од жените умираат при таквите обиди. А кога ќе се додаде на ова и усмртувањето на зачетокот, тогаш за оние кои смислено се одлучуваат на тоа, тоа се смета за второ убиство. Всушност, не треба да се продолжи до крајот на животот времето на нивното покајание, туку треба да се примат по десетгодишниот рок и да не се суди за нивното излекување според времето, туку според начинот на покајание” [2. канон на Св. Василиј Велики].

Разликувањето на жените - мајки од оние што ги прават и даваат лековите, отровите, што го убиваат детето во утробата, во наведениот канон е целосно. Канонот не ја спомнува онаа другата, туку во целост се посветува на жената - мајка. Но, Свети Василиј Велики не заборава да ја изобличи и онаа што се занимава со лековите, отровите. А во осмиот канон таквата жена ја истакнува како пример на намерен убиец.

Интересна е забелешката на Свети Василиј Велики дека кај чедоубиството станува збор за две убиства. Па, ако е јасно дека едното убиство е на “оној што треба да се роди”, кое е второто убиство всушност, тоа е самиот чин на изложување себеси на смртна опасност, “бидејќи поголемиот дел од жените умираат при таквите обиди”. Навистина, кога некој свесно, а, сепак, неразумно, се изложува на толкава опасност, тогаш неговиот дух е во состојба која кривичното право ја нарекува евентуална умисла, и во срцето претставува евентуална осуда на себеси на смрт. Во духовна смисла тоа веќе и е самоубиство. И наспроти cѐ, ценејќи го обичајот и слабоста на жените мајки, Св. Василиј Велики се согласува со човекољубието на Отците од Анкирскиот Собор. Дури оди и понатаму и допушта десетгодишниот рок да се скрати според искажаното покајание.

Можеби се чини чудно да се искаже толкава снисходливост за жената која извршила две убиства. И воопшто, Св. Василиј Велики изложувањето себеси на смртна опасност при чедоубиството истовремено како да го смета и за достојно на посебна казна и за причина за снисходливост. Светителот не се занимавал со собирање, туку духовно го разделил злото. И со спомнувањето на изложувањето себеси на смртна опасност и идентификувањето на тоа со [само]убиството, тој го употребува за да поучи дека тие беднички, кои се подложиле на абортус, тешко можат да се надеваат на спасение на душата, како и другите самоубијци. Сепак, императивот на спасението, на оние кои ќе преживеат бара снисходливост. А допуштањето уште поголема снисходливост ги поттикнува жените на покајание. Бидејќи последиците на непокајанието за чедоубиството се погубни за душите, како на Божјиот суд така и на овој свет!

Следејќи ја состојбата на Црквата, Свети Василиј Велики не прави разлика помеѓу староста на детето-зачеток, дури за него вели дека тоа е она што “треба да се роди”. Значи, зачетокот треба да се роди! Тоа е неговиот императив од првиот ден. Тоа треба да се роди! И првиот ден, кога cѐ уште не се знае за него, исто така, и деветтиот месец.

Свети Василиј Велики истакнал три личности при чедоубиството. Ако детето и мајката секако ги спомнал и ги разјаснил нивните улоги, жената која прави и дава отров ја осудува како намерен убиец. Би рекле двоен, на ист начин како што Светителот го кажал тоа за мајката. Само што за мајката наоѓа и оправдани причини, додека во своето човекољубие кај оваа не наоѓа.  

Ставот на Црквата е дека жената која го убива детето во својата утроба и оној кој ѝ помага во тоа, т.е. лекарот - се убијци, без обзир на староста на детето, зачетокот. Уште повеќе затоа што тоа злосторство фатило корен, така што годишно во нашата земја се убиваат до двесте илјади деца. Тоа е геноцид на сопствениот народ, пред кој народот ги затвора очите.

Доктори! Тие немаат ниту дилема ниту покајание, освен поединци! Лекарите се завладеани со духот на Пилат. Тие, како Пилат, со своите убиства вршат леге артис, засолнувајќи ја својата одговорност и свест зад граѓанскиот закон, кој го допушта абортусот. Дали мислат дека се виновни народните пратеници што го донеле законот? Дали кога го вадат детето од утробата и кога тоа им се спротивставува на инструментите, дали тогаш велат крвта на овој праведник на вашите глави, пратеници? Дали се сеќаваат на Хипократ. Бил незнабожец, пример на лекарската етика, но во лекарската заклетва забранил абортус!

Иако граѓанскиот закон допушта абортус, сепак, не му наредува на ниеден лекар да го изврши. Ниту може да постои закон кој наредува чедоубиство. Затоа лекарите-детеубијци не можат да се скријат зад граѓанскиот закон. Нека не се лажат лекарите-детеубијци, тие се ладнокрвни убијци! Убијци на деца! Ако мајките не умираат често, како во времето на Свети Василиј Велики, често остануваат неротки, со уништени утроби. Убиени...

Денес изгледа на сите “совеста им е чиста”! Лекарите се засолнуваат зад граѓанскиот закон. Жените-мајки се измамуваат со недефинираното право на располагање со своето тело, при што детето до старост од 10 до 15 недели го сметаат за свое тело. Секој ги истакнува своите т.н. права, единствено детето молчи. Засега!

Што се случува со детето во тие први недели? Дали е тоа дел од организмот на мајката? Го видовме ставот на Црквата, но се плашиме дека луѓето повеќе ѝ веруваат на науката. Црквата не е против науката. Напротив, науката ни ја открива Божјата творба. Поради тоа не сметаме дека е неумесно, покрај црковните вистини, заради уверување на маловерните, да ги истакнеме и научните сознанија.

ШТО ВЕЛИ НАУКАТА?

Она што го прави еден човечки организам единствен, автентичен, е неговата наследна основа, генетичкиот запис. Не постојат двајца со ист генетички запис. Овој запис се наоѓа во секоја клетка, во органелите хромозомите. Од него зависат развојот и особините на организмот. Сите клетки имаат еднаков број хромозоми, диплоиден [48], освен расплодните клетки, кои имаат хаплоиден број хромозоми [24]. При оплодувањето машката и женската клетка меѓусебно ги разменуваат своите генетички записи во рамките на заедничката клетка зигот. Ова се изведува така што два хаплоидни броја хромозоми се собираат во еден диплоиден број. Собирајќи се, хромозомите стапуваат во односи, а резултат на сето тоа е нова наследна основа различна од основата на таткото или на мајката. Сите карактеристики што ќе ги има човекот произлезен од тој зигот, веќе се одредени со наследниот запис на зиготот.

Значи, зиготот, имајќи различна наследна основа од мајчината, не е дел на нејзиниот организам. И уште, чувајќи ги во себе идните карактеристики на човекот, како организам, и понатамошниот развој на фетусот детето, зиготот претставува многу повеќе од потенцијал. Бидејќи сите понатамошни фази [бластула, морула, гаструла итн.] се одредени со зиготот. Детето и кога ќе се роди, не е целосно формирано. И понатамошното формирање ќе се врши според записот што е во зиготот. Тој е активен потенцијал на зачетокот на детето и, според тоа, веќе е дете!

Осумнаесеттиот ден по образувањето на зиготот, додека детето се уште не се ни знае, тоа има свое срце, свој крвоток одвоен од крвотокот на мајката, а може да има и своја крвна група. Ако зиготот, поради едноклеточниот состав, е неразбирлив, детето на осумнаесеттиот ден е впечатливо самостоен организам во однос на организмот на мајката: јасно е дека фетусот не е дел од телото на мајката, макар што се храни од него и се наоѓа во него.

Детето на возраст од седум недели [по зачнувањето] има диференцирани внатрешни органи. Се регистрираат мозочните импулси. Самото лице на детето има очи, нос, уста, јазик... А дека сето тоа не е нешто нефункционално, сведочи фактот дека детето при изложување на мајчината утроба на голема светлина се брани со покривање на очите со раката.

Всушност, од дваесет недели [по зачнувањето] кај детето се формирани сите органи, чиј развој завршува неколку години по раѓањето и целосно личи на дете, т.е. на човек. А за чудо, абортусите во некои земји се вршат и до четвртиот месец!

Што ни покажува овој мал приказ на научните сознанија? Во основа, науката го искажува тоа што го вели и Црквата, само со свој јазик.

Минималниот заклучок кој се наметнува е со двојно значење. Прво, од зачнувањето детето во однос на мајчиниот организам е наполно самостојно, во таа смисла дека не претставува негов дел. Второ, детето не е пасивно суштество што вегетира, туку битие кое се стреми со преминувањето од фаза во фаза да се развие до крај, а во тој стремеж тоа и ја запознава околината со која во зависност од возраста има комуникациски однос. Како поинаку отколку како убиство да се оквалификува и нарече насилниот прекин на животот, прекинот на промената на фазата на развојот со следната фаза на развојот, со раното искуство на детето, со подоцнежното и со уште подоцнежното. Лекарите се сведоци дека детето при абортусот се брани од нивните инструменти. Тоа прво гледа да побегне од нив, а потоа веќе фатено се спротивставува. Зошто луѓето избегнуваат да кажат детеубиство или едноставно убиство? Најчесто затоа што детето не се гледало, не се запознало, светот cѐ уште не го запознал. Сепак, ако не се гледа и не се знае, би било добро и науката која знае, како и Црквата, отворено и поучно да каже дека станува збор за убиство. При абортусот мајката не располага со своето тело, туку го убива туѓото.

Како изгледа правото на жената за располагање со сопственото тело во светлината на ова сознание? Како изгледа правото на жената на абортус, кое се изведува од претходното? Како изгледа правото на планирање семејство, кога тоа се зема како основа на правото на абортус? Зад сите овие прашања стои еден факт, а тоа е дека зад сите овие права, всушност, се крие правото на блуд. Се прави обид да се натера Црквата да го признае правото на блуд, да се легализира блудот со крвта на детето. А блудот е толку силна страст што луѓето кои се опиени со него не го препознаваат убиството како убиство, туку лудуваат во своите срца и мисли, смислувајќи различни права, изнесуваат многу сентиментални причини за да го оправдаат правото на чедоубиство и за да си обезбедат право на блуд.

ПРАВОТО НА ЖЕНИТЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРОТЕГА

ПРЕКУ ПРАВОТО НА ДЕТЕТО НАЖИВОТ

Правото на жената да располага со своето тело, да планира семејство и сите други слични права не се загрозени со осудата за детеубиството. Но, оваа осуда го потполнува токму тоа право на жената да располага со своето тело. На прв поглед, тоа го зема во заштита животот на детето, но истовремено ја штити и онаа определба на женското тело, од Бога дадена на жената, да раѓа. Од друга страна, правото на жената да располага со своето тело, ако и ја прифатиме смислата во која жените го употребуваат, се исполнува со одлуката на жената дали ќе се оддаде на блуд или нема. Елементарната слобода сфатена во граѓанска смисла е во тоа што правото на едниот не може да се протега против еднаквото или посилното право на другиот. Правото на жената да располага со своето тело, да ја прекине понатамошната бременост или пораѓањето не може да се протега преку правото на детето на живот. Многумина ќе речат дека е абортусот неопходен. Покрај сѐ! Дека е неопходен при бременост предизвикана со кривично дело или при бременост при која ќе се утврди дека е плодот оштетен. Ако е бременоста предизвикана со кривично дело, зар да се допушти ново злосторство-детеубиство! Ова е главно прашање. Вистинскиот одговор се наоѓа во повикот на Господ Исус Христос до сите да го понесат својот крст. Не се носи каков било крст, апстрактен, туку сета неправда и болка во животот. Трпењето на таа болка во животот, триењето на таа болка, е она што гради искуство, а искуството надеж, а надежта не посрамува. Не би требало со абортусот од лошо да се прави полошо, како што не би требало жената да се гади од зачнатото дете на таков начин. Всушност, бидејќи тоа секогаш не е можно да се постигне во животот, поправилно би било да се допушти детето да се роди, па ако мајката не може, бидејќи е психички повредена, да води грижа за детето, да го препушти на грижа на Црквата, на државата или на поединци.

Доколку се утврди дека детето во утробата е оштетено, зар треба поради тоа и да се убие? Зошто да не му се дозволи прво да се роди, па тогаш да се убие? Во што е разликата: да се потсетиме на една евангелска случка, кога апостолите виделе еден сакат од раѓање, го запрашале Господа: “Рави, кој згрешил? Тој или родителите негови, та се родил слеп?” Исус им одговорил: “Ниту тој ниту родителите негови згрешиле, туку за да се јават делата Божји на него”. [Јов. 9. 2, 3]. По некоја промисла, во која е невоможно да се влезе, за која можеме да се надеваме дека е спасителна, Бог допушта да се раѓаат деца со нарушен развој, монголоидни, на пример, и тоа е крст на родителите и тоа е повик за нив на подвиг, за кој веруваме дека е спасителен “3a да се јават делата Божји”. Се зборува дека доколку абортусот се забрани, ќе има повеќе смртни случаи, бидејќи тие ќе се извршуваат нестручно. Тоа би било еднакво на тврдењето дека на наркоманите треба да им се даваат наркотици со чисти игли од страна на стручни лица и сето тоа на трошок на државата, бидејќи така би се совладале сидата, криминалот и смртните случаи. И овде претпоставката е дека ќе има наркоманија, како што во нашиот случај е тврдењето дека ќе има блуд.

Велат, не треба да се раѓаат деца за војна. Но, не прават ли жените војна во својата утроба?

Кажуваат разни работи. Наоѓаат изговор на секој начин за да докажат дека е оправдано да се убие дете. На овие изговори е непотребно да се одговори. Во нив се гледа прагматизмот во кој се губи од вид што е добро, а што зло. Секоја желба, секое движење на срцето е опфатено со правото. Така, тие права во основа се индивидуалистички и егоцентрични, што е спротивно на црковниот, соборниот карактер на човековата личност. Во Црквата не се зборува за правата. Таа не е збир на права. Во неа се зборува за суштинската слобода. Таа е Царство на слободата. Царство на оној Исус Христос, кој нѐ ослободи од ропството, гревот и од смртта, Кому сме должни да Му ги дадеме деловите на телото во послушноста на правдата, не заради Негова корист, туку заради нашата слобода. Бидејќи на оној на кого ќе му се даде човекот во послушност, нему и ќе му служи. “Треба да ја извршиме секоја правда”, рекол Господ Исус Христос на своето крштавање од Св.Јован Претеча, како одговор за тоа кој има право од нив двајцата кого да крсти. Наместо да се повика на правото, Господ ја истакнува правдата. Патот кон слободата не води преку правото, туку преку правдата! А критериумот на правдата е Господ Исус, бидејќи Тој ја открил и ја извршил.

Сега тој критериум е изгубен. Да бидеш слободен, значи да бидеш жив! Од животот потекнува секоја слобода и секоја правда. Зошто правда, зошто слобода, ако водат во смрт и ако се смрт. Значи, го нема тоа право кое би ги надвишило правдата и слободата на детето да живее со живот даден од Бога.

Затоа со голема сесрдност ги молиме најпрвин лекарите и другите да не вршат абортуси. Потоа мајките да не се одлучуваат на абортуси, ниту своеволно ниту по наговор. Ги молиме и девојките да се држат до својата девственост и невиност, далеку од блуд. Ги молиме и момчињата да не бидат повод за искушување на девојките.

                                         Ѓорѓи Т. Вуковиќ

УШТЕ НЕШТО ЗА АБОРТУСОТ КАЈ НАС

За полагање испит од социјална медицина е потребно да се напише една работа за некој медицински проблем. Јас го избрав анкетното истражување за абортусот. На тој начин сакав да ги дознам ставовите и мислењето на своите колеги [студенти] за овој трагичен феномен на денешницата.

Испитувањето е спроведено во првата половина на септември 1993 година. Анкетирани се 84 студенти на Медицинскиот факултет, од кои 31 од машки пол [36,9%] и 53 од женски пол [63,1 %]. Само девет студенти [10,7%] се изјаснија како атеисти. Меѓу верниците убедливо најмногу има православни христијани [69 студенти, односно 82,1%]. Се забележува и фактот дека верските определувања на испитаниците и на нивните родители се идентични. Секој петти студент нема ниту брат ниту сестра. Половина од испитаниците изјавиле дека немало абортуси во нивната фамилија, четвртина знаат за абортусите во својата фамилија, дедека четвртина се збунети со ова прашање и не знаат што да одговорат.

Како почнува човечкиот живот? Тоа е основното прашање од кое зависат сите следни одговори. Повеќемина студенти [60,7%] мислат дека оплодувањето на јајце-клетките е тој пресвртен момент, 34,5 % изјавуваат дека почнува со раѓањето, а само 4,8 % не знаат што е точно. Никој не ја прифати тезата за пубертетот како почеток на човечкиот живот. Како ја објаснувате желбата за потомство? Ова прашање им беше најтешко на студентите, бидејќи немаа понудени одговори. Мораше да се намачат и да смислат некое свое објаснување. Еден дел од испитаниците [15,5 %] веднаш се предадоа. Напишаа не знам. Незначителен дел [33,4%] претставуваат одговорите во кои е истакнат нагонот како извор на желбата за потомство. За продолжување на животот како “главен винивник” гласеле 30,9% студенти. И љубовта имаше своите поклоници неа ја поддржаа петмина анкетирани [2О,2%].

Овде морам да застанам за момент. Еден одговор заслужува да се запамети: “Потребата да создадеме битие кое ќе прима и ќе дава многу љубов”. Ми се чини дека оваа непозната студентка погоди во самата суштина. Се засрамив зашто ваква идеја не ми падна на памет. А толку е убава, едноставна и вистинска.

А фетусот, што е тоа? Тоа е дел од телото на мајката, сигурни се 4,8% од испитаниците. Не, за 35,7% тој е дел од телото на двајцата родители. Но, повеќето [55,7%] се одлучни тоа е посебен организам во телото на мајката. Само 3,6% анкетирани се неодлучни.

Сега доаѓаме до клучното место во целото испитување. Абортусот како еден посебен гинеколошки зафат го доживуваат 63,1% [така се изјаснуваат и сите девет атеисти], за 33,3% од испитаниците тоа е убиство на уште неродено дете, додека 3,6 % се неодлучни.

Тоа беа четирите основни прашања, Четирите носечки столбови на мојата анкета. На нив го применив тестот Х2 [x - квадрат]. Резултатите покажуваат дека не постои статистички значајна разлика во формулирањето на одговорот на понудените прашања во однос на полот ниту во однос на студентите-верници и студентите-атеисти. Ќе ви наведам уште неколку податоци за да се добие целосна слика.

Дека e абортусот штетен за жената сметаат 88,1 % 7.1% мислат дека не е штетен, а 4.8% се неодлучни. За законска забрана на абортусот се изјаснија 3,8% од студентите, против 89,4%, додека 7,1 % се неодлучни.

Неверојатно, но вистинито! Сите студенти знаат за штетноста на абортусот, но никој не сака да го забрани. Зошто? Нивните објаснувања беа идентични. Забраната не би поправила ништо. Би дошло до “експлозија на илегалните абортуси”.

Како нешто интересно овде ќе наведам дека само една студентка сметала дека жените немаат право да одлучуваат за абортусот, додека двајца студенти останале неодлучни.

Дневниот печат [редовно, често или повремено] го читаат 95,2%, стручната литература 92,2%, а верската литература [и тоа главно, повремено] 46,4% од испитаниците.

Од досегашното излагање, како неминовен се наметнува следниот заклучок: религиозните студенти не ги застапувале ставовите на својата Црква. Објаснувањето на оваа појава, веројатно, треба да се бара во недоволната информираност на студентите за важните верски догми. Од познати причини во училиштето не се предавала наука, а верската литература е малубројна и се печати во ограничен тираж. Самиот народ има низок степен на образование, барем што се однесува на прадедовската вера. Впечатливо е малото интересирање на студентите за религијата. Само 4,8% од студентите [редовно или често] го следат верскиот печат. Постои некој вид незаинтересираност за пошироки општествени акции меѓу нашата образована младина. Свесен сум дека ова мое мало студентско испитување не е совршено и дека можат да му се упатат секакви забелешки. Сепак, такво какво што е тоа ни дава некоја рамка, некоја претстава за разбирање на клучните ставови и мислења на нашата младина во ова матно време.

Старите Египтјани, Асирци, Индијци, Германи, Евреи, Римјани строго забранувале абортус и применувале сурови казни за да го спречат. Аристотел и Платон недвосмислено заговарале примена на абортусот од демографски причини. Оригиналната Хипократова заклетва му забранува на лекарот да ѝ даде средство на жената за “пометнување на плодот”, а Женевската формулација на таа иста заклетва од 1948 година содржи обврска за апсолутно почитување на човечкиот живот “од самото зачнување”. Припадниците на феминистичкото движење истакнуваат дека фетусот e дел од телото на жената и дека секоја жена, како слободен граѓанин на демократската држава, има право да одлучува за неговата судбина. Православната црква посебно го забранува намерниот абортус, бидејќи “Бог го забранува убиството на невиниот човек, а никој не е поневин од детето во утробата”. Според тоа, “убиството на таквото дете e дури и поголем грев од убиството на некој злосторник” [Лазар Милин]. Свети Ефрем Сирин, зборувајќи за својата визија за Страшниот суд, опишува: “На грешницата која го исфрлила во себе зачнатиот плод за да не го види овој свет, тој плод нема да ѝ даде да го види новиот век... Како што таа се решила да го турне својот плод од утробата предвреме и да го скрие во подземниот мрак, исто така, таа, како мртвиот плод од утробата, ќе биде исфрлена во крајната темница. Бог ќе ја казни со вечна смрт, протерувајќи ја “во бездната на мачењето, исполнета со смрдеа на гнилеж”.

НЕДОСЛЕДНОСТ НА МЕДИЦИНСКИТЕ ЛИЦА

Па добро, што e тогаш абортусот - прашање сосема природно и логично кое на човекот му излегува од дното на душата. Медицинската енциклопедија го дефинира абортусот [лат. Абортио - пометнување] како исфрлање или одвојување на оплодените јајца до 28 недела од бременоста. Како критериум се користи “способноста за преживување надвор од мајчината утроба”. По тој рок плодот e способен за живот, барем така велат книгите.

Дури и за љубов на материјалистите и на атеистите да го направиме невозможното, т.е. “да заборавиме дека постои душа”, останува поразителниот факт дека без оплодено јајце нема фетус. Без фетус не може природно да се роди бебе. Без бебе нема ни дете, а без дете нема ни човек. Тоа е вообичаениот биолошки пат на развиток на човечкиот организам.

Според тоа, секое насилство врз оплоденото јајце е насилство врз човечкиот живот. Секое убиство на оплоденото јаце, макар да е крстено и како “исфрлање или одвојување”, е убиство на мало, живо и беспомошно човечко битие. Ниту земањето како критериум на “способноста за преживување на плодот надвор од мајчината утроба” не ја подобрува општата слика. И кога бебето ќе се роди во терминот без какви било компликации, тоа не е способно да преживее. Покрај родителите, за неговото здравје се грижат обучени лица во специјализирани медицински установи. Во првите десет години од животот на детето му е потребна безусловна љубов, нега и внимание. На сите им е познат фактот, кој се нашол и во законот дека детето до полнолетство е под будното око на родителите [или старателите]. Сосема е јасно дека ниту предвремено родените деца не би можеле да преживеат, а медицинската грижа е посебна приказна.

Пред љубопитните луѓе веднаш се поставува прашањето, што велат етичарите за овој проблем? Во “Медицинската етикаѐ од Димитриј П. Миловановиќ можат да се прочитаат следните редови: “Здравствените работници ги сметаат абортусите биолошко-медицински, психички и социјално штетни. Од формулацијата, научно точно формулирана, произлегува потребата за забрана на абортусот”. Човек би помислил дека авторот е лут противник на абортусот. Но, изгледа дека недоследноста е општа особина на медицинските лица како на професорите така и на студентите. Повикувајќи се на искуството на Јапонија, Скандинавија, Источна Европа и САД, нашиот етичар го поддржува “вештачкиот прекин на бременоста” и искрено го брани отстапувањето “од основниот став недвосмислено изразен против намерниот абортус во Хипократовата заклетва”. Интересно е [да не кажам смешно] неговото оправдување: “Меѓутоа, сексуалниот живот ја носи во себе онаа најинтимна привлечност според која претставува постојан предизвик за доживување пурпурни моменти во секојдневниот живот. Меѓутоа, право на секој субјект е изборот на модус за организирање на овој сегмент од животот, а лекарот е етички и деонтолошки должен апсолутно да ја почитува психолошката и физичката интимност на секој пациент”. Неверојатно, но вистинито! Самото авторско перо не можело да најде за родителите што му прават штета на своето дете друг збор, освен “секој пациент”. Ех, човечкиот живот е преполн со чудни нешта!

ПОРАДИ СЕБИЧНОСТ И ТЕСНОГРАДОСТ

Поради некои“пурпурни моменти”луѓето се подготвени да ја пролијат невината детска крв. Уште нероДено, а веќе маченик. Исто како и витлеемските дечиња кои ги уби Ирод крвавиот Идумеец. А сѐ поради себичност и тесноградост...

Самите крвници со право се деградирани од перото на заштитниците на абортусот, од личности до “извесен субјект” кој има тука итаму некое право на “избор на модусот на организирање на овој сегмент од животот”. Ја заборавија и познатата мисла на његош: “Крвта човечка е храна отровна".

Својот живот го зазидаа со детска крв. И во таа Вавилонска кула, во таа Келе кула на нашите денови тие го живеат својот живот. Тука и ќе умрат ако не се покајат, без љубов, вера и надеж, во бескрајното сивило на секојдневниот живот под праведниот воденички камен на времето кое Бог го благословил. Ќе умрат опфатени во своето животинско варварство без Христа Распнатиот и Воскреснатиот. Ќе умрат со празни зеници и со отапени умови. Ќе умрат со пусто срце и со уште попразна душа. А нивните нема ни чесно да ги оплачат. Кој да го сака детеубиецот? Тие самите се презираат себеси, но немаат сили да го признаат тоа.

За да сфатиме колку ниско паднала медицинската етика, мораме да ги изнесеме на виделина и следните факти. Вирусите долго време ги збунувале научниците. Во клетките на домаќинот се однесувале како живи едноклеточни организми, како паразити. Надвор од клетките се кристализирале, исто како да се мртва, безживотна материја. Што е со нив? Каде да се стават? На крајот е пронајдено решение - сепак се живи. А кој аргумент преовладеал? Па, се размножуваат, оставаат некое свое потомство. Од еден вирус во клетките на домаќинот се создаваат голем број нови вирусни честички.

И клетката на туморот има посебна чест кај научниците. Поради нејзините брзи делби, ја добила почесната титула “бесмртна клетка”. Значи, и таа е жива. Тумор, па тоа е поим за размножување. И вирусите и туморите, кои се толку штетни за нашиот живот, имаат право на живот. Тие се уважувани, тие се чествувани, за нив се предава и се пишува, тие се предмет на докторски и магистерски дисертации!

Само на човечкиот ембрион му го забрануваат правото на живот во првите месеци од неговото постоење. Само човечкиот ембрион е презрен, а според својот потенцијал на размножување го надминува дури и туморот. Што прават луѓето од себе и од своето потомство!? Го мразат уште неродено. А, зошто? Најчест изговор: постигнатиот планиран број деца и материјалните причини. Поради браќата, братот ќе ја изгуби главата, поради сестрите, сестрата нема да ја види светлината на денот. Поради пари, родителите се доброволно виновни и подготвени да најдат платен убиец. А зошто не се откажат од “пурпурните моменти” ако во срцето им е детската “подобра и посветла иднина?" Зар тие да се откажат од нешто? Зар да се помачат и потрудат? Зар мајката да ја расипе добрата става и витата линија? Зар мажот да се лиши и воздржува од нешто? Зар да се помачат?

“Ете, наследство од Господа: деца, крупен пород од него. Она што се стрелите во раката на силниот, тоа се младите синови. Блажен е оној човек, кому му е исполнет тегарчикот со нив!”, воскликнувал богоотецот Давид во своето видение. O Давиде, Божји угоднику! Погледни и види го живиот песок во човечките души. Песокот во кој тонат штотуку зачнатите. Ниту збор проговориле, ниту мисла помислиле, ниту чекор направиле, ниту солзи засолзиле. Штотуку почнале да се развиваат, а веќе се овенчани со маченички венец. Венец кој штедро им го подарила родителската рака.

Мали маченици, благувајте таму во Небесната црква, во Царството на Благиот Христос. Радувајте се таму со сите жртви што паднаа од Авеловите, па до денес. И тагувајте поради пропаста на оние кои по тело и крв ви беа најблиски.