Марија Милошевиќ

Препродажбата и извозот на фетусите и ембрионите за експериментални цели или за козметичката индустрија не се озаконети, нема официјален договор, а стручњаците го сметаат тоа за неспојливо со етиката. Сепак, приказните кружат...

Се тргува со бели и со црни луѓе, со возрасни и со деца, со човечки органи... Во последните години дури и со неродените бебиња, со фетусите и ембрионите. Така, патуваат замрзнати човечки зачетоци од едниот до другиот крај на светот, полуилегално.

Оние што знаат нешто за тоа ги изнесуваат своите сомневања со шепот, бидејќи [зло]употребата на ембрионот официјално не е против законот. Всушност, законот никогаш и не се изјаснил за тоа.

Првпат таква трговија е спомната пред тринаесет години, кога Јапонците објавиле дека Јужна Кореја извозува во САД четири илјади фетуси годишно за 25 долари за парче за лабораториите на американската војска, во кои се експериментира за да се утврди дејството на бактериолошката војна врз човечкиот организам. Подоцна како причина за извоз на ембрионите сѐ почесто се наведува потребата на науката и на козметичката индустрија. По тоа пред неколку години беше позната една француска куќа од Кан која произведуваше крем, чија основна состојка беше направена само од фетус, а се рекламираше како исклучително средство за подмладување на старата кожа, против брчки и за сјај на косата. Околу тоа излезе и книгата во Швајцарија под наслов “Трговци со неродени бебиња” .

НА СПИСОК И ЈУГОСЛАВИЈА

Во неа сеспомнува и Југославија како една од земјите извозннци. Всушност, во март 1981 година на швајцарско-француската граница е запрен камион со ладилник полн со замрзнати фетуси од Југославија и од Унгарија. Товарот бил наменет за француските фабрики. Меѓутоа, производителите на козметика што користат фетуси тврделе дека овие фетуси не се човечки, туку телешки. Сепак, во Франција постои и банка со човечки ембриони, која е основана во почетокот на 1982 година при Националниот институт за агрономско испитување. Таквата банка дава можност за голем бизнис.

Во Франција и во Австрија човечките ембриони се чуваат во големи фрижидери заедно со телешките. Инаку, експериментите насекаде во светот се финансираат од фондовите за испитување на животинските фетуси. Посебно во Германија. Меѓутоа, Друштвото за заштита на животните, кое е многу моќно, ги забранува таквите опити, па на тој начин само човечките фетуси останаа незаштитени, а изгледа дека се и најевтини. Всушност, уништувањето на говедското месо значи губиток на возрасното говедо, кое чини многу. “Човечките фетуси не чинат ништо, а како суровина се уште подобри” [!?]. Фетусите можат да се користат и за лекување од разни заболувања. Меѓу другото, се спомнуваат и Хочкиновата болест, Паркинсоновата, потоа се употребуваат за производство на вакцини против беснило, кои се добиваат од ткивото на белите дробови на фетусот.

Во Југославија се произведува препаратот “плацентал”, кој служи за зараснување на раната, а се прави од постелката на абортираните фетуси, кажува билогот Олга Гембачев од Институтот за примена на нуклеарна технологија во земјоделството “Инеп” во Земун. Инаку, тие се фрлаат. Јас ги собирам во разни болници, а служат за изолирање на факторот на растот. Ги користам само постелките од абортусот, бидејќи единствено од нив може да се направи овој препарат. Постелките од пораѓањата се употребуваат само во козметиката.

Еден американски лекар пред неколку години изјави дека абортусот е една од најголемите светски индустрии, бидејќи носи огромен приход.

Немаме писмен договор со “Инеп”, но неговите претставници повремено доаѓаа и чекаа пред операционата сала кога беше во тек некој царски рез и ги носеа фетусите, вели д-р Невенка Деу-Јужниќ, днректорка на Гинеколошката клиника на Медицинскиот факултет во Белград. Можеби тие и ги користеле само постелките, но не знам што правеле со фетусите, бидејќи не ни ги враќаа. Тоа се случуваше пред неколку години. Денес фетусите ги испраќаме на Интерна клиника, каде што на дијабетичарите им се пресадува панкреас.

МОЖНИ МАНИПУЛАЦИИ

Што се случува со остатоците од абортусот? Дали во Белград се чуваат или, како што се мисли, се фрлаат?

Вистина е дека може да се манипулира со ембрионите, бидејќи тие во раниот стадиум може да се замрзнат и така да се зачуваат, но во Белград е практично невозможно тоа, бидејќи во гинеколошките клиники нема такви замрзнувачи, вели професор Жељко Живановиќ, директор на Гинеколошката клиника “Народен фронт”.

Што се однесува на остатоците од абортусот [!?], чиј број кај нас во клиниката изнесува околу педесет дневно [помеѓу шест недели и три месеци], тие се фрлаат, а за поголемите фетуси и за ампутираните органи имаме договор со Заводот за погребување и тој е одговорен за нивното погребување. Навистина е недозволиво каде било во светот да се употребува тој хуман материјал [!?] во хемиската индустрија. Не можам да поверувам во такво нешто и се сомневам дека нашите лекари се впуштаат во тоа.

Во Гинеколошката клиника во Белград, која му припаѓа на Медицинскиот факултет, тој “материјал”, како што го нарекуваат гинеколозите, од пред две години се чува во најлонски ќеси во замрзнувачи.

Смрзнатиот материјал и можеби некој мал фетус ги носиме во капела со која имаме писмен договор. Потоа тоа се погребува. Нема некое друго обележје, бидејќи, сепак, тоа е само абортус [!?], вели д-р Јужниќ. 

Двете клиники имаат договор со Институтот за имунологија и вирусологија “Торлак” во Белград, на кој веќе со години му испорачуваат постелки по породувањата. На институтот му се потребни постелките за производство на гамаглобулин. Оттаму велат дека одамна не собираат фетуси. Ги собирале порано. Оние кои и денес се сомневаат во тоа велат дека cѐ престанало по претресувањето на ладилникот на француско-швајцарската граница пред десет години. И тогаш се зборуваше дека божем не станува збор за ембриони, ниту за фетуси, туку за култура на клетките. Ниту во една белградска клиника не го пронајдовме тој фамозен договор за испорачување ембриони и фетуси во Институтот “Торлак”, а се зборува дека постоел:

-Тоа беше одамна. Мислам дека веќе десет години не се прави ништо на тоа поле, вели д-р Драгољуб Настиќ, генерален директор на Институтот “Торлак”. Не знам точно кои одделенија ги склучуваа тие договори, но тоа сигурно веќе долго не функционира.

-Ние работевме нешто порано, но се покажа дека не е доволно ефикасно, па не работиме повеќе на тој план, вели професор Хорват од истиот институт.

Го запрашавме кога го правеле тоа и за што, всушност, станува збор.

-Па, тоа беа говедски фетуси. Работевме можеби пред пет години, но повеќе немаме врска со тоа испитување. Веројатно, погрешно ве упатиле, вели професор Хорват.

Ако професор Хорват собирал говедски фетуси м-р Брана Кесеровиќ од истиот институт работела на човечки:

Јас земав фетуси и правев култура на клетки, вели таа [тоа беше, како што се зборува, товарот на оној камион], но тоа не беше замрзнато, туку мораше сѐ да биде свежо, живо [!?]... А зошто би пишувале воопшто за тоа? Тоа се работеше кај нас многу одамна. Не е нешто ново. Во нашата лабораторија се земаа разни органи: бели дробови, кожа, бубрег, она што беше потребно за да направиме клетки кои потоа растат и се размножуваат. Но, јас не знам воопшто која е вашата намера. Утре ќе прочитам во весниците и ќе паднам во несвест. А мислам дека од овој наш разговор не сфативте ништо.

За да сфатиме подобро, ја прашавме Брана Кесеровиќ за што служат тие фетуси и, всушност, што прават со нив?

-Служат за правење вакцини, за контрола... И веднаш по некој абортус, бргу трчаме за да го земеме фетусот стар три месеци или повеќе [!?].

Несудените мајки не се известени за овој експеримент. Секако, тие не можат ниту да претпостават што се случува со фетусите, а, секако, имаат право да одлучат што ќе биде со нив ако некој воопшто ги праша. За возрасниот починат човек е потребно да се согласат членовите на блиската фамилија за да се прават опити на неговото тело доколку тој пред смртта не го ветил своето тело на медицинскиот институт. А фетусот, очигледно, се смета за отпадок.

ПОНУДИ И ПРEГОВОРИ

За продажбата на фетуси во странство како никој да не знае ништо, а југословенската влада уште пред три години од Интернационалниот институт за биолошка медицина од Лос Анџелес добила понуда за нивна продажба. Станувало збор за нов начин на лекување - клеточна терапија [клетките на ембрионот]. Познато е дека во Швајцарија постои клеточна терапија веќе долго време и дека на тој начин е своевремено лекуван и Винстон Черчил. Официјално се зборувало дека се употребуваат тимуси од неродени овци, но познато е дека ништо животинско не може да се всади во човечкиот организам. Меѓутоа, со таа работа може да се занимава само голема државна установа. Затоа и овој калифорниски институт во ноември 1988 година писмено им понудил на хрватската влада и на загрепската болница “Д-р Јосип Кајфеш“ откуп на седум илјади фетуси годишно, што по двегодишни преговори е одбиено. Постоела идеја и една сараевска болница да се осовремени за производство и употреба на фетуси. Инаку, клеточната терапија е многу добра за подмладување поради хормонот на растот. Се верува дека богатите луѓе во светот даваат големи пари за да ја продолжат својата младост или животот.

-Читав за тоа порано и мислев дека станува збор за фантазија на изопачени луѓе, вели д-р Миленко Пророчиќ, гинеколог од клиниката “Народен фронт", кој е запознаен со ембрионалната проблематика, бидејќи пред неколку години успеал да направи прво и единствно дете од епрувета во Белград. Програмата in vitro може да дозволи таков вид манипулација, но не сме на тоа ниво за да можеме и да го продадеме тоа. Но, теориски е cѐ можно. Ако се прави трговија со тоа, тие луѓе би требало да се затворат. Тоа е неспојливо со човечката етика, а не само со лекарската. Ембрионот се смета за човечко битие со кое не смее да се експериментира. Точно е дека тој содржи хормон на растот кој ги мултиплицира клетките и таа логична врска постои, но не можам да верувам дека се стигнало дотаму. Cѐ личи на некои хитлеровски, односно менгелевски методи. Ако се прави такво нешто, тогаш ниту Бог не може да ни помогне... Единствено што знам дека се правело, а и денес се прави, е собирањето ембриони или фетуси за некое научно испитување.

Во Гинеколошката клиника “Народен фронт” веќе со месеци една докторка собира мали мозоци и ги чува во формалин на прозорецот! Тие ѝ се потребни за некое испитување што треба да го спроведе со еден англиски и со еден белградски институт.

Гинеколошките клиники во светот, секако, многу се поподготвени од белградските и од југословенските. Таа опременост со современа технологија овозможува разни манипулации со ембрионите и фетусите, а и со ембрионите кои се направени во епрувета и се чуваат во замрзнувачи на температура од минус 180 степени. Како што тврдат стручњаците, може да се чуваат со години. Така, еден ден внуците ќе можат да ги раѓаат децата на своите баби!? Колку и да е голема користа од непредокот на медицината, сепак, тој ја донел и опасноста за идното човештво. Прв човек кој почнал да се занимава со тој чуден вид експерименти е англискиот биолог д-р Едвардс, кој го создал првото бебе од епрувета во светот во 1978 година - познатата Лујза Браун.

Писмена трага за тоа дека Југославија извезува свои неродени деца од фармацевтските индустрии во светот засега не постои. Останува отворено прашањето кој работи, каде и кој заработува на тоа? Многумина шепотат за тоа, од педијатри, гинеколози до правници и “обични” луѓе. Каде слушнале за тоа и дали фамозни камиони cѐ уште ја преминуваат југословенската граница како што беше оној од пред девет години? Очигледно е само едно, дека сето тоа, ако постои е нелегално. Да не е така, за евентуалната продажба би морало да се прашаат за согласност и сите оние несудени мајки...

Засега се останува енигма. Енигма која трае со децении, можеби и повеќе. За неа најмногу зборуваат лекарите и не прават ништо за да ги демантираат тие приказни. Напротив, ги шират.

НЕМА ЗАКОН

Тоа може да се претвори во доходовен бизнис, бидејќи техниката напредува брзо. Очигледно е дека оваа правна празнина мора што побргу да се пополни, бидејќи ваквата работа е можност за голем криминал, вели д-р Оливер Антиќ, професор на Правниот факултет во Белград. Секоја трговија со деловите на човечкото тело е забранета, независно дали се живи или мртви. И секој таков договор е спротивен на јавниот поредок и морал [член 10 во облигационото право]. Во секој случај, се поставува прашањето што е фетусот? Дали е дел од телото или човекот? Човечкиот зачеток е кривично-правно заштитен. Но, ако е плодот мртов, тогаш правно се третира како мртов човек и се применува истиот закон како за земање делови од човечкото тело за пресадување заради лекување, при што секој надомест е забранет. Кршењето на тој пропис носи казна со закон од една до три години. А што се однесува на граѓанското право, секој таков договор е ништовен.

Но, факт е дека живееме во време на нецелосно право. Ова прашање е сложено, бидејќи за него правото молчи, односно недостасува правна регулатива, вели професор Антиќ.

Очигледно е дека она што не е забрането, за оние што се занимаваат со таа работа, е исто како да е дозволено. Ниеден таков случај не сме имале во практика, вели стручњакот Миодраг Костиќ, долгогодишен началник на Одделението за крвни и сексуални деликати во Белград. Единствено човечкиот плод e заштитен од моментот на зачнување, во законот никаде категорично не ја забранува таа трговија. Законодавецот, веројатно, ниту претпоставувал дека воопшто би можело да постои такво нешто.