Владимир Димитриевиќ

Бог е Љубов затоа што е Пресвета Троица Отец и Син и Свет Дух. Со Својата љубов, Отецот сиот е во Синот и Духот, Синот сиот во Отецот и Духот, а Духот во Отецот и Синот. Од љубов Бог го создал светот, ангелите и луѓето, сета видлива и невидлива природа, изведувајќи ја од небитие во битие. На љубов со повикани и ангелите и луѓето: на љубов спрема Бога и на заемна љубов. На љубовта, значи, почива светот, а гревот, смртта и ѓаволот војуваат против љубовта. Нив ги победил Христос Богочовекот, Распнатата и Воскресната љубов, Кој како Син Божји станал Син Човечки за да ги направи со благодатта синовите и ќерките човечки посвоени чеда на Својот Небесен Отец.

Секоја љубов е плодна, ако e љубов - а тоа значи ако има извор и влез во Бога на љубовта. Од брачните врски, благословени со Светата Тајна Брак се раѓаат деца кои со крштавањето стануваат членови на Црквата. Затоа децата во нашиот народ секогаш се сметаат за Божји благослов и за најголема радост во домот, селото, во државата. Нашиот Бог е Жив Бог и Животодавец затоа секој родител, давајќи му живот на детето и воспитувајќи го како Божји слуга, сметал дека му се приближува на Царството на Бога Живиот. Деца и пари никогаш многу, зборувале нашите стари колку на шега толку и сериозно пресериозно. Имало потомци и за војна, и за војска, и за нива; синови и ќерки, ризница на побожни христијански куќи, почитувајќи ги своите родители и поминувајќи низ училиштето на честа, и сами се подготвувале за идниот подвиг на татковство и мајчинство... Па, и монасите кои се откажале од телесниот брак и поитале по Небесниот Богомладенец, Христос, со својата љубов биле плодни, како и многу Христови девственици пред нив. Апостол Павле им зборувал на христијаните: “Дечиња мои, кои повторно во маките ги раѓам” и “Јас вас во Христа ве родив преку Евангелието”; Свети Климент Охридски, достојниот наследник на Св. апостол Павле, сиот македонски народ го роди со Евангелието и на крајот од својот земен живот имаше полно право да рече:, “Еве ме мене и децата што ми ги даде, Господи”. љубовта, значи, мора да биде плодна: инаку не е љубов, туку саможивост.

КОЈ ЌЕ СТРАДА­?

Денес има сто педесет илјади абортуси во Србија 11 тоа според официјалните податоци [а неофицијално којзнае колку]. Сто педесет илјади луѓе се убиени во мајчината утроба пред да се родат: без суд и пресуда, без обвинители и бранители, без сведоци и порота во земна смисла. А овој грев и злосторство, меѓутоа, повикува за одмазда пред Небесниот Судија, Христа Богочовекот. За овој грев и злосторство тужител е совеста и Божјиот закон, а бранители нема, сведоци се небесните ангели, а небесниот Рај со светиите кои се страшни е непоткуплива порота. Бидејќи првпат во својата историја Србите на најбесрамен начин го убиваат своето потомство и спроведуваат автогеноцид. Разумниот човек може да се замисли: ако секоја година на гинеколошките столови се ликвидираат 150.ООО души, за десет години тоа е еден и пол милион, а за дваесет три милиони. Вкупно три милиони Срби загинаа во Првата и во Втората светска војна, а ги убија непријателите на Православието и нa нашиот крстоносен род. Зар некој што нема наполно согорена совест може и да помисли дека Бог Животодавецот ќе го гледа тукутака колежо на децата во мајчините утроби? Зар нема да дојдат [и веќе дојдоа] ужасни последици на нашите недела?

Кој сѐ ќе страда од гневот на Животодавецот? Ќе страдаат како прво и прво таткото-нетатко и мајката-немајка, кои во брак не се соединиле од љубов [бидејќи да било така, би го засакале животот кој е плод на таа љубов], туку од похот и саможивоста; ќе страда и нивното потомство, кое по сопствена волја го оставиле да живее [едни деца убиваат, а други негуваат!]; ќе страдаат “лекарите” извршувачи на убиството, и “сестрите” [чии?] што помагаат во тоа; ќе страдаат, и тоа многу, властодршците безбожници кои не мрднаа ниту со прст за да ги спречат тие злосторства,туку и ги поттикнуваат,озаконувајќи го беззаконието. И никој од оние што не се покајуваат за детеубиството нема да влезат во Царството на Животот, во прегратката на Бога Живиот. Последицата на детеубиството е “плач и чкртање на забите”, темнина на самозамрзнатоста во која ќе се најдат сите што го мразат животот.

ШТО УШТЕ НЕ ЗНААТ МАЈКИТЕ - ДЕТЕУБИЈЦИ?

Многумина, леле, страдаат од незнаење, а незнаењето е плод на непобожниот живот, живот кој е смрт пред смртта. Еден познаник му раскажа на потписникот на овие редови за девојката која извршила абортус, а потоа заминала в црква за да се причести [!] “за здравје”. Веројатно, искористила некој од големите празници кога во храмот има многу луѓе што се причестуваат и кога свештениците не стигнуваат да ги исповедаат сите... Таа не знаела многу и многу: прво, не знаела дека христијанинот, оној што се причестува со Телото и Крвта Христова, не смее да блудничи, т.е. да стапува во телесна врска со лице од спротивниот пол надвор од брак благословен од Бога; второ, не знаела дека детето во утробата не смее да се убие, бидејќи зачетокот и не го сметала за дете, туку за некој “израсток” сличен на тумор што треба да се отстрани; трето, не знаела дека жената која абортира не само што не смее да се причести "за здравје“ туку таквата мора да си понесе и епитимија, т.е. да прими духовен лек на покајание, плач и молитва, па дури тогаш така очистена, со благослов на Црквата, да пристапи кон Светата Чаша. Ваквото незнаење е кобно и покобно не може да биде: блуд, детеубиство и непокајаност се нашле пред огнените и страшни Христови Тајни, кои ги очистуваат и просветуват покајниците, а ги горат грешниците закоравени во беззаконието. Меѓутоа, од овој пример е јасно колку христијанскиот народ затапел духовно и, навистина, според зборовите на Свети Сава, “се изедначил со неразумната стока и се измешал со неа”.

Колкава е неразумноста на чедоубијците може да се види и од дадените изјави во книгата на д-р Мирјана Рашевиќ “Кон разбирањето на абортусот во Србија”. Готвачка [43 години], која извршила ДВАЕСЕТ И ЕДЕН абортус, вели: “Полесно ми е да ја прекинам бременоста отколку да одам на забар”; службеничка во сметководство, 29 години, вели: “Побргу одам да абортирам отколку да вадам заб”. Абортусот за повеќето од испитувачките е многу “подобар” од контрацепција, бидејќи контрацепцијата е “штетна за здравјето”. Келнерка која извршила десет абортуси вели дека по контрацепција “постојано се разболува”.

Секако, не се само жените виновни за детеубиството. Виновни се и мажите-блудници, кои Свети Јован Златоуст ги запрашува: “Зошто сеете во утробата која има намера да го уништи плодот?”, предупредувајќи ги дека стануваат соучесници не само во блудот туку и во убиството. Блудот очигледно како уживување на најниските похоти е првиот чекор во борбата против Бога Живиот, Кој е Бог на девственоста и чистотата; вториот чекор мора да биде убиството.

И на блудот и на убиството најмногу се радува ѓаволот, кој со сето свое битие го мрази Бога и човекот, секогаш претставувајќи му се како човечки “пријател” кој му нуди “полесен” и “поудобен” пат отколку Господ Човекољубецот. Ѓаволот многумина ги наговара да се правдаат со божем недостиг од средства за одгледување деца, како сиромаштијата да е оправдување за УБИВАЊЕ. [Според таа логика, очигледно демонска, би требало да се ликвидираат сите “непродуктивни” членови на општеството од инвалиди и душевно болни до пензионери].

ˮАХ КУТРОТО ЗГАСНАТО ХРИСТИЈАНСТВОˮ

Бог Кој им заповедал: “Плодете се, множете се, наполнете ја земјата и господарете со неа" на нашите предци, секогаш им давал онолку колку што е потребно за да опстанат и тие и нивните деца: па зар нас, само да сме достојни потомци на тие предци, би нѐ оставил без Својата помош? Секако, не. Но, ние не му веруваме на Бога, туку на ѓаволот, кој вели: “Колку повеќе деца, толку помал стандард”. Всушност, ние не ги сакаме децата, туку стандардот и уживањето. Колку само православни христијани повеќе ги сакаат кучињата отколку децата. Кучињата се набавуваат по највисоки цени, се хранат со најскапоцена храна, се носат на ветеринар; за кучињата се плетат џемпери и чорапи за шепите, кучињата се шетаат и се хранат со кременадли, се галат по цел ден, спијат во постелите на своите газди! На многумина им е тешко кога ќе видат колку малку Срби има во Косово, па се чудат затоа што Албанците, вековни непријатели на Христовиот Крст, господарат [не формално, туку суштински] со Косово. Одговорот е еден: Бог ја остава земјата на оние кои се “плодат, се множат и ја полнат” за да владеат со неа. Кој ни е крив што го погазивме заветот со Христа? Кој ни е крив што повеќе го сакаме стандардот и кучињата отколку децата? Секако, не се без вина, и тоа голема и ужасна, властодршците кои не прават ништо за духовното просветување на народот, не дозволувајќи веронаука во училиштата, ниту обезбедувајќи материјални услови за раѓање повеќе деца. Многу мајки и татковци со своето маловерие се грижат како ќе ги прехранат и облечат малите. Државата не се интересира за нивната грижа, туку како да се труди да го оневозможи размножувањето на христијанството и победата на животот над умирањето. Тоа не е чудо кога знаеме дека безбожните и богоборците во себе немаат живот, ниту го сакаат а со нас повеќе од половина век владеат бесни непријатели на сѐ Божјо во човекот. Во книгата на д-р Мирјана Рашевиќ многумина го искажуваат својот страв пред лицето на сегашноста. Студентка по историја, 26 години, по извршувањето на три абортуси, за падот на наталитетот вели: “Тежок е тој проблем гледајќи го Косово”; по петтото чедоубиство службеничка во банка вели:

“Ke исчезнеме како Хазарите. Нема иднина за нас”; Готвачка исто така, по петтиот абортус додава: “Албанците по дванаесет деца, а ние по едно”.

Сите како хипнотизирани ја повторуваат причината, а ретко кој ја променува состојбата на подобро.

Сепак, кај повеќемина совеста не мирува, и мајките кои самоволно го одземаат животот на неродените чувствуваат што прават. Тоа ги боли, им ја пече совеста, им ја товари душата. Една медицинска сестра во веќе спомнатата книга изјавува: “Ужасно понижувачки. Те понижуваат сестрите и докторите, a сам си крив што си во таква состојба која, исто така, е понижувачка”. [А колку, пак, демоните ја понижуваат душата на мажот и на жената, кои се виновни за абортусите, кога душата по таквата телесна смрт излегува од телото и оди кон Христа!]. Асистентка на факултет, 36 години, по третиот абортус, вели: “Јас сум вистински убиец”. Работничка, 31 година: “По секој абортус се чувствувам грозно. Тешко ми е на душата. Размислувам за себе како за морална нула”, “Сега, кога имам две деца и кога се одлучив на прекин на бременоста, се чувствувам ужасно, бидејќи сега сум свесна дека го уништувам своето дете”, се исповеда шефица на експозитура на банка, која пред бракот не го чувствувала абортусот како грев. “Грев е прекинот на бременоста, и тоа НАЈГОЛЕМ. Мора да се плати тоа. Ke ме стигне казна”, вели 24-годишна фризерка, која прв пат се подложила на абортус.

Она што се случува кај нас кога станува збор за абортусот е присутно речиси во целиот свет: современото човештво, отпаднато од Бога и побунето против Христа, настојува на секој можен начин да го уништи животот дури и пред да се појави животот на свет. Стратезите на “новиот светски поредок”, нудејќи “рај на земјата”, но без Бога и против Бога, го пропагираат абортусот како едно од средствата за “среќа” на човештвото, бидејќи за да го достигнеме вистинскиот “животен стандард”, мора да го намалиме бројот на оние што ќе уживаат во ветениот стандард. Комунистите како директни претходници на “новиот светски поредок предничеле во развратувањето на поробените народи и во ликвидацијата на неродените. Во Русија има 8 милиони абортуси годишно! Но, ситуацијата не е многу подобра ниту во “демократиите на Запад”. Во САД има 1,6 милион абортуси, а законодавците направиле сѐ за да го направат детеубиството подостапно. Во 1988 година Врховниот суд на САД донесол одлука со која му се забранува на мажот да ја спречи жената ако таа сака да абортира. Сер Френсис Крик, медицинско лице од Британија, по убедување социјалист, потписник на еден од значајните идеолошки документи на “новиот светски поредок” наречен Хуманистички манифест ХХ, сето ова го оправдува на следниот начин: “Ниту едно новородено бебе не може да се прогласи за човек додека не помине одредени тестови што се однесуваат на неговите генетички својства. Доколку не ги помине овие тестови, го губи правото на живот”. За тоа, секако, нема да одлучуваат родителите, туку државната власт... Во светот годишно на крвавите жртвеници на саможивоста се убиваат околу триесет милиони неродени...

ЛЕК ЗА ОВОЈ УЖАС

Има ли лек за оваа несреќа и ужас? Има и мора да го има, бидејќи Христос, Распнатата и Воскресната љубов, во ист миг е и “Лек на Бесмртноста” [како што причеста со Него ја нарекува Св. Игнатиј Богоносец]. Животот во Христа е тој лек и нема болест која Тој не ја лекува, само ако болеста се признава и препознава. За сите оние кои на каков било начин учествувале во колежот на неродените важи правилото: покајанието и исповедта се првите чекори на патот кон Небесниот Отец и тоа искрено покајание, од срце, и исповед без премолчување, за Христовите лекари, Неговите свештеници, да можат да препишат најпогодно средство за очистување на гревот; потоа е неопходно одрекување од блудничењето, прељубата и секоја врска на мажот и жената која ќе биде трајна да се зацврсти со Божјиот благослов во Светата Тајна Брак, а секоја минлива, саможива врска да се прекине; во бракот да се раѓаат деца и да се подигнуваат во науката Господова, во љубовта спрема Бога и ближните, угледувајќи се на нашите свети и чесни предци. Дури тогаш ќе нѐ огрее зората на спасението и народното воскресение.

Црквата не може и не сака да осудува: таа е Мајка што сострадува и повикува на покајание.

Сите учесници во детеубиството се несреќни, заслепени со некој вид саможивост, ранети со маловерие и неверие, збунети и исплашени од времето во кое живеат... Некогаш, кога нивото на христијанскиот живот и етос било високо, чедоубијците се одлачувале од причест и на дваесет години. Денес во времето на сеопшта слабост, епитимијата, лековите за покајание се поблаги, но Црквата и понатаму бара од покајниците да станат свесни за својот грев, а тоа значи да се оддалечат од злото што го правеле и да творат добро што не го направиле порано да престанат со абортусите и да раѓаат деца, воспитувајќи ги во Божји Дух.

Мајчинскиот глас на Црквата и денес е најпрекрасно сведоштво на љубовта Божја спрема човекот, за кого Христос беше распнат и воскресна. Секој што ќе го слушне тој нежен глас, тивок, мајчински глас, нека поита со радост кон својот Небесен Отец, Живиот Бог и Животодавецот, на Кого со Синот и Духот Му е слава и пофалба во сите векови. Амин