Архимандрит Рафил [Карелин]

 

[За страшниот грев на абортусот]

Насекаде го слушаме зборот „мир”, но тоа е лага. Тоа е гнасно лицемерие. Тоа е едно од ѕверските гримаси на современиот, цивилизиран свет. Околу нас се води војна, непрекината и жестока, каде што нема ниту помирување ниту крај, каде што нема победници и победени, туку само џелати и нивните жртви. Таа војна го зафати сиот свет, а особено оние држави кои се гордеат со својата цивилизација, култура и прогрес. Таа војна е нечовечна, методична борба, геноцид, кој нема преседан или споредба во современата историја на човештвото. Тоа е војна на родителот против своите деца. Тоа е војна во која се леат потоци крв, во која убиството е впрегнато со мачењето. Тоа боиште, кое секоја година носи многу десетици милиони жртви, со лицемерието, карактеристично за денешниот човек, од некаква причина не се нарекува со своето вистинско име губилиште на невини и незаштитени, садизам, озаконето право на убиство и злочин, туку со замаглениот, замаскиран и несовесен лицемерен термин абортус. „Да се исфрли надвор”, како да станува збор за непотребен отпадок што се исфрлува од куќата на ѓубриште, а не за живо суштество, детенце. Во поранешниот Советски Сојуз годишно се извршувале 7-8 милиони абортуси, регистрирани во медицинските установи. Бројот на тајните абортуси е неизмерно голем. Огромен број жртви однесе Втората светска војна, но во просек, за исто тоа време, убиени деца од страна на родителите имало многу повеќе отколку загинати војници на фронтот. Таа темна страна во животот на современото човештво јасно покажува дека цивилизацијата се претворила во ескалација на суровост. Ние го слушаме повикот за мир, но околу нас не само што се продолжува туку и расте крвавото војување, кое по количината на жртвите ги надминува сите инвазии на Хуните и Монголите, а по суровоста ги надминува тираните и џелатите во концентрационите логори и гулазите. Има повеќе жртви во таа невидлива војна отколку од сите војни заедно земени, од сите убивства и казни. Со тој злочин се прецртува cѐ, не само Божјиот Закон туку и човечкото право. Веќе од моментот на зачнувањето се оформува жив организам, кој во себе го носи сиот потенцијал на човечка личност. Експериментално се докажани сложените и целосни реакции на плодот спрема средината што го опкружува. Тоа создание поседува чувство за болка и желба за живот.

Со озаконувањето на абортусот се обезвреднуваат сите морални и правни кодекси, чија цел е навистина човечкиот живот. Нашиот прв заклучок: плодот како човечка личност треба да се заштити, плодот како човечка личност не е за уништување. Принципиелна разлика меѓу убиство на плодот и другите видови убиства не постои. Правото или неказнувањето за абортусот ги исполнува родителите со право кое не припаѓа на ниту еден човек, со право на тиранин, кој може по своето уверување и произволност да ги остава во живот или да ги убива своите поданици. Неказнувањето на абортусот, отсуството на морален и правен закон за заштита на плодот и неговото неотуѓено право на живот ги прават лицемерни и бесмислени сите декларации за заштита на достоинството и слободата на човекот.

Убиство на незаштитен е најподол, најодвратен вид убиство, па затоа родителите решавајќи се на убиство на незаштитеното младенче можат, при некаков случај на околности, да направат каков било злочин. Афоризмот на древните судии гласело:„Подобро е да се оправдат десет виновни отколку да се казни еден невин”. Овде невин се казнува на смрт, при што садистички се распарчува на парчиња.

Некогаш не му се пружала рака на џелатот и не се седело на иста маса со него, а кон современите џелати родителите коишто ги убиваат децата и лекарите што можеби и несвесно во оваа ситуација стануваат професионални убијци јавното мислење не искажува несогласување. Значи, целото општество учествува во убиство. Должноста на лекарот е да помага  дури и на непријателите, додека во оваа ситуација станува сличен на наемен убиец.

Убиството на детето е злочин против Божественото и против човечкото право, против самата идеја за семејството и сопружништвото, против самата човечка природа, против самиот народ и целото човештво. Убиството на дете е згуснат егоизам, суровост, кукавичлук и лицемерие.

Семејството според христијанското учење е мала домашна црква, а абортусите ја претвораат во разбојничко дувло. Семејството е взаемна помош и општо право во минливиот и во вечниот живот, а во овој случај луѓето се вовлекуваат еден со друг во престапништво, во морална погибел: наместо дружење и потпомагање, постапуваат едни спрема други полошо од најлути непријатели. Семејството е взаемна љубов. Може ли да се сака убиецот на своето дете, дури и ако двајцата родители се виновни за тоа? Злочинот и човечката крв никогаш не соединуваат, туку само разединуваат, па затоа и бројот на разводите е еднаков на бројот на абортусите. Убиството на дечиња ги профанизира сложените и разгранети меѓусебни односи на сопружниците, сведувајќи ги само на секс, кој не може да даде ниту среќа, ниту душевна топлина; сведувајќи ги на култ на насладување, во кое постои нешто сурово и безобразно.

Докажано е дека децата ги наследуваат не само физичките карактеристики туку и одредените душевни квалитети на своите родители. Емотивниот живот на родителите се одразува при наследувањето и преминува во вид на предодреденост кај децата. Родителите што се одлучиле на убиство на детето, веќе во својот генетски фонд внеле предодреденост за убиство, со што се обременува психата на идните деца, а понекогаш душевното својство се предава индиректно, т.е. преку поколението. Затоа родителите коишто се одлучиле на убиство на своето дете вршат злочин не само над него туку и пред децата што ги оставиле во живот. Родителите кои им предале на своите деца потенцијал на суровост и потсвесно стремење кон убиство, често и самите стануваат жртви на жестокоста на своите деца и се чудат откаде, по нивното мислење, таква неправда.

За христијанинот, убиството на младенче не само што е морален пад и деградација на човекот туку и страшна духовна бездна. Во Библијата пишува: „Не убивај“. Таа заповед е непроменлив услов за сојуз на човекот со Бога. При нарушена заповед, човекот еднострано го раскинува сојузот, тој останува без Бога... Во Картагена постоел идол по име Молох. Бил направен од бакар и сребро. Внатре во него палеле оган до усвитување. На испружените раце на идолот ги полагале децата коишто родителите доброволно ги принесувале. Убиството на детето се сметало за најголема жртва на демонот. За да ги придушат детските крици, жреците свиреле, пееле и играле. Молох важел за идол на богатството. И сега на тој демон на богатството [насладувањето] и хедонизмот му се принесуваат на жртва деца. Некои се правдаат и зборуваат: „Го направивме тоа од потреба”. Парадоксот е во тоа дека побројни се сиромашните семејства отколку богатите. Истребувањето на хананејското племе псламопевецот Давид го објаснува како Божја казна за принесените човечки жртви. Во вештерските и магиски ритуали на средниот век, кулминацијата била - убиството на дете, па затоа, од мистичка гледна точка, абортусот може да се гледа како несвесно поклонување на демонот, како општосветска хекатомба [масовни убиства] во чест на божицата Хеката, божица на волшебништвото и смртта која ја изобразуваат обвиткана со змии. Тоа е несвесно повикување на демонот и демонот неодвоено се наоѓа во таквите луѓе.

II

За време на војната меѓу Англичаните и Французите, кој се нарекува и стогодишен, еден од најуспешните војсководители на Франција бил баронот Де Ре. Животот на овој човек личел на страшна приказна, но на несреќа и на срам на човештвото, тоа не е приказна ниту кошмарна легенда, туку вистина забележана во судските списи и историски хроники.

Како дете останал без татко, а мајка му го оставила на грижата на дедо му. Добил најблескаво светско школување, но без никакви морални основи. Веќе на 25 години станал маршал на Франција и блескал не само со воените подвизи туку и со своето префинето воспитување, манири, познавање на уметноста и филозофијата. Наследил огромен имот и неговиот двор во раскошот се споредувал со кралскиот. Од сите краишта на Франција се слевале потоци гости. Во неговите замоци наоѓале засолниште несебична помош музичари, пеачи, уметници и трубадури. Но, таквиот живот не можел долго да трае. Сандаците со богатство почнале да се празнат.

Bo тоа време се запознал со еден маг алхемичар, кој му ветил дека ќе стане уште побогат одошто бил: ќе му ја открие тајната на правење злато од човечка крв. Алхемичарот пред Де Ре поставил услов: да му ја продаде својата душа на ѓаволот, без која немало да има успех. Де Ре го исполнил условот на алхемичарот. Фатиле 1О-годишно детенце, на кое прво му ја отсекле десната рака, потоа му ги извадиле очите и срцето, кое cé уште чукало, од градите. Со крвта на тоа срце Де Ре ја напишал потврдата дека ја предава својата душа на демонот. Потоа баронот и магот ја отпеале свечената песна на сатаната. Де Ре ги избркал од својот двор жената и ќерката. Толку ги намразил што ги затворил во еден од оддалечените замоци. После тоа, заедно со магот, се зафатил со магиски експерименти. Во блиските села почнале да исчезнуваат деца. Исчезнувале без трага и неповратно.

Непогрешливиот мајчински инстинкт посочувал на бароновиот замок, кој се возвишувал над рамнината како огромна, мрачна гробница. Баронот мислел дека cѐ ќе помине неказнето, освен што повремено го мачела совеста. Во таквите моменти сакал со остатокот на парите да подигне црква, или да прими монашки постриг, или да ги посети како беден скитник светите места. Но, тие пориви без трага поминувале и тој повторно се предавал на убиства на деца, кои ги извршувал со невидена суровост и садизам.

Најпосле гласините стигнале и до месниот епископ. Тој го повикал баронот на суд, но овој не се појавил. Епископот се обратил на кралот и војската на јуриш го освоила дворецот. Во тајните одаи и подземни простории најдени биле многу скелети и осакатени детски трупови, а исто така и садови наполнети со детска крв.

На судот баронот cé признал: 700 - 800 деца ѕверски ги убил. Судот го осудил на клада. Пред смртта, осудениот со солзи во очите молел за простување од родителите на децата и Го молел Бога да му даде помилување. Заедно со него е изгорен и алхемичарот, кој се смеел на солзите на баронот, како на негова слабост, и умрел проколнувајќи го Бога.

Кога читаш за злочините на Де Ре, сакаш да мислиш дека тоа е само кошмарна легенда или сон, но сепак е стварност.  Уште пострашно е тоа што злочините на Де Ре ги продолжуваат оние што треба да станат мајки. Нивните деца не ги крадат сатанисти, туку самите ги крадат своите деца Од Бога. Ги убиваат со таква суровост како што правел баронот што ја продал душата на ѓаволот. Ги убиваат главно поради земноматеријални сметка, т.е. и тие сакаат да ја претворат во злато крвта на своите деца. Некои се каат поради злочинот, како Де Ре пред спалувањето на клада, но повеќето жртви умираат без покајание, со сурово ладно срце, како учителот на баронот. Умираат откажувајќи се од Бога, затоа крвта на детето, неизмиена со покајание, се претвора во огнена река која во вечноста ги дели убијците од Бога.

Ниту едно животно, ниту еден лазач, ниту змијата, ниту скорпијата не ги убиваат своите деца заради наслада. Човекот во епохата на цивилизацијата, просветувањето и хуманизмот, ги надмина по суровоста сите суштества коишто живеат на земјата, стана понемилосрден од змијата и скорпијата. Додека убиството на децата не биде објавено како најголем злочин и ставено вон закон, дотогаш сите повици на мир и праведност ќе бидат само маска на лицето на човекојадецот. Во хагиографската литература е опишан примерот на најдлабокиот морален пад кој се случил со еден пустиннк, по име Јаков. Тој пијан, направил три грева: прељуба, убиство, а потоа го сокрил телото на својата жртва, лишувајќи ја од христијански погреб. Во тоа житие исто така е опишан необичен подвиг на покајание, што на себе го наложил тој паднат подвижник, оттурнат од Бога прељубник и убиец. Во текот на десет години се молел во подземје, во комора ископана под куќата во која живеел свештеник, неговиот духовен отец. Не го видел сонцето, се хранел само со леб и вода и тоа подземје било толку тесно и ниско, што не можел ниту да се исправи ниту да се испружи, туку седел згрчен. По десет години се појавил знак дека му е простено. Сопружниците коишто се одлучуваат на убиство на своето дете го повторуваат гревот на Јаков, воопшто не размислувајќи за какво било покајание.

Планираното убиство на дете, тоа што во нашето лицемерно општество го нарекуваат, гнасно по својата лага, со научен термин „планирање на семејство", ја содржи во себе прељубата, т.е. голиот секс. Тоа е уривање на семејството и личноста; убиство, притоа ѕверско и цинично, лишување на човечкото битие дури и од тоа да биде предадено на земјата. Името на првата жена Ева означува „живот”. Името на жената којашто врши детеубиство е смрт. Тие мајки стануваат демони на сопственото тело, т.е. таа создадена од Бога палата во која се раѓа и развива човечкиот живот тие го претвораат во мачилиште во кое џелатот го кине на парчиња нивното дете, синот или ќерката. Потоа телото се фрла на ѓубриште. И тие жени-вампирки ќе се сметаат за навредени доколку некој се посомнева во нивната чест.

Jаков го извршил својот грев во пијана состојба. Во состојба на душевно пијанство во гнев или љубомора, убиецот бидејќи е вон себе, може во настап на безумие да ја лиши од живот својата жртва. А овде се случува нешто полошо и пострашно; родителите спокојно, како со сметалка во раката, расудуваат дали детето да живее или не. Оттаму не е далеку до нацистите кои расудувале колку килограми сапун може да се направи од труповите или колку вреќи коса може да се истриже од стреланите или задушени жртви во гасните комори.

Ладнокрвното убиство, убиството од корист, е најгнасен вид убиство и најстрашен пад на човекот. Голема е несреќата во војна; во него се вотеловува сатанската енергија на гревот што ја собира човештвото. Во војната се вршат злочини, на бојното поле убиваат непријатели и самите гинат. А овде, убиецот го убива беспомошниот. Тој е обезбеден од отпорот. На бојното поле војникот го решава исходот од битката, а родителите коишто ги убиваат своите деца се многу полоши од бандити и разбојници. Во краен случај, и бандитот и разбојникот сметаат на ризикот, барем пред законот, додека овде законот молчи, овде убиецот однапред е оправдан со нашиот закон, законите на државата која декларира право на живот, но не го штити. Тој е оправдан од својата развратена совест, оправдан е со мнението на современото либерално општество, кое не протестирајќи против тој злочин, во суштина станува солидарно со убијците.

III

Многумина зборуваат за својот патриотизам и љубовта спрема татковината, но татковината е пред сѐ луѓето. Татковината не се само минато, туку сегашност и иднина. Тие родители коишто ги убиваат децата, ја убиваат иднината на својата татковина. Тие вршат геноцид против сопствениот народ.

Развратот, распаѓањето на семејството и cѐ поголемиот број абортуси се процеси што взаемно се поврзани. Во последно време отворени се многу храмови, обновени се многу стари, се градат многу нови, бројот на верници расте. Но, во исто време статистичката линија на абортусот не паѓа. Со што да се објасни ваквиот парадокс? Изгледа дека бројот на дејствителни цркви и бројот на верниците коишто ги посетуваат Богослужбите се надворешна одредница за духовноста на народот; може да се каже, видливи ориентири. Но, темниот свет на злото не отстапил од борбата со христијанството, а доколку и отстапил, тоа е затоа да заземе нови стартегиски позиции. Црквата тоа е духовна средина каде што човечката душа стапува и општи со Бога. Без тоа, храмовите, колку и да ги има, остануваат надгробни споменици на гробиштата на духовноста. Се отвараат храмови, но паралелно на тоа, уште поинтезивно се отвараат места каде се трујат со порнографија и секс; се издава религиозна литерарура, но истовремено и во многу поголем број се издава развратна порнографска литература, филмови, видеофилмови и останат духовен отров, што подлабоко, отколку што наркоманијата го труе современото општество, ги претвора децата во старци што ги искусиле сите видови разврат, а старците кои заборавиле на годините ги прави слични на развратни јунци.

Луѓето живеат во атмосфера на цинизам и разврат, дрзок разврат, што го објавил целомудрието и срамот за темен остаток, некаков атавизам. Разврат што нѐ гледа од излогот на продавниците, од рекламите, од страниците на весниците. Луѓето потонати во пороци стојат во храмот како мртовци. Микробот на развратот е најстрашен микроб; потребни се многу години на покајание и 6op6a за да се избавиме и очистиме од таа зараза и да станеме способни за богопштење. Затоа храмот, во тоа море на кал, расипани чувства, цинизам и суптилно див разврат, само за некои останува лечилиште, а за повеќето мртовечница, каде што грешните луѓе, што не му објавиле борба на развратот, личат на распаднати трупови. Сатаната знаел што прави: разградувајќи го внатрешниот храм на човечките души и лишувајќи го човекот од покајание, повеќе не се плаши од тие исти храмови пред кои толку многу пред тоа треперал. Ние личиме на луѓе за кои се гради болница, a во исто време во околината има десет атомски реактори што го испуштаат своето смртоносно зрачење. Добиваш смртоносна доза на радијација, а потоа оди и лечи се. Развратената душа без долго, искрено покајание, не може да ја добие благодатта на Светиот Дух; таа е неспособна за самоодрекувачки духовен труд; стигнува до клучка.

Секој грев поминува неколку фази од својот развиток. Пред да го убие своето дете, жената внатрешно извршува низа гревови, поврзани еден со друг како алка во ланецот. За да го убие своето дете, таа пред сѐ мора да ја убие љубовта спрема тоа дете. Тоа е внатрешно одрекување од Христос, Кој е љубов и Кој рече: „Не забранувајте им на децата да Ми приоѓаат”. Како второ, таа треба да го уништи во себе она што ѝ припаѓа на жената, инстинктот за мајчинство, т.е. да стане полоша и од ѕверка. Потоа треба внатрешно да се отуѓи себеси од детето, да гледа на него не како на дел од себе, туку како на туѓо тело во својот организам, како израсток, оток што мора да се отстрани. Треба да се одрекне од вредноста на вечниот живот и да го одрекне детското право на личен живот, лишувајќи го од Тајната на Светото Крштевање и оставајќи го неприопштен на Црквата. Таа Му го одрекува правото на Бога на тоа дете, сметајќи дека може да располага со него како со предмет. Таа ја одрекува Божјата промисла за тоа дете, мислејќи дека не може да го воспитува. Таа се одрекува од Стариот и Новиот Завет, кои велат: „Не убивај”.

Претпоставувајќи го животот на детето на сопствената благосостојба, таа се откажува од својот крст. И повеќе од тоа, убивајќи го детето, таа го поништува и гази својот крст. Убивајќи го детето, таа ја задушува сопствената совест. Таа морално станува самоубиец. Убивајќи го детето, таа се смета себеси за најголема вредност, т.е. со тој чин се покажува, во најконцентриран и најрафиниран вид, егоизам и егоцентризам.

Убивајќи го детето, таа станува ист дух со демонот, за кој Спасителот рекол: „Тој, сатаната, е човекоубиец од самиот почеток”.

Пред физичкото убиство на детето, таа го убива во своето срце и своите мисли, а детето, бидејќи органски е поврзано со својата мајка, инстинктивно тоа го чувствува. Уште пред физичкото мачење и смрт, тоа веќе го чувствува ужасот на смртта.

Родителите што ги убиваат децата се виновни пред сегашноста, пред денешниот ден на човештвото, затоа што ги уништуваат созданијата што припаѓаат на целото семејство на човештвото. Тие се виновни пред идното човештво, затоа што моралниот престап на родителите се трансофрмира во нервни болести и изроди во потомството. Тие се непријатели на човештвото, затоа што со својот злочин го зголемуваат и го згуснуваат мрачното поле на демонските сили, кои како облаци што носат град веќе се надвиле над земјата. Крвта на невините безгласно повикува кон небото за одмазда. Тие хекатомби дечиња, соединувајќи се со другите гревови на човештвото, ќе се одразат во страшни потреси и катаклизми: атомски војни, општосветски глад, неизлечливи и мачни болести....

Во Соломоновите изреки е кажано:„Од она од што се плаши грешникот тоа и ќе му дојде”. Оној што мисли дека со детската крв ќе ја купи својата привидна среќа, правото на наслада, за кое не сака со ништо да плати, тој ја доближува светската трагедија, кога земјата напоена со крвта на жртвите пишти во пламенот на пожарите, грчевите од гладот и агонијата од војните.

IV

Луѓето имаат различни карактери, различни вкусови и различни потреби. Она што некои го сметаат за важно во животот, за другите тоа истото може да биде туѓо и неприфатливо. Но, постои нешто што лежи зад границите на материјалното, што му е потребно на секој човек, па дури и ако тој тоа не го признава отворено, дури и ако е тоа тајна на неговото срце. Она што му треба на секој човек е љ у б о в т а. Тоа е таинствено чувство, со чија топлина сака да се згрее душата на секој човек, дури и на разбојникот. Возвишена форма на љубовта е мистичната љубов на човечката душа спрема Божеството. Љубовта во најсовршен и најнепосреден вид, во својот краен облик, се јавува во монаштвото, каде што љубовта спрема Бога станува цел на сиот човечки живот. Духовната љубов не познава ниту разочарување, ниту измама:

таа бара многу, но дава многу повеќе. Загубата на љубовта кон Бога го направило човештвото несреќно и сите достигнувања на цивилизацијата надгробни споменици на гробиштата на душата. Денес има малку среќни луѓе. Постојаното внатрешно незадоволство, чувството на оставеност и отуѓеност, постепено се претвараат во злоба и желба за уривање и уништување. Надворешните манифестации на тоа имаат различни форми: наркоманија, алкохолизам, семеен садизам, национализам, тиранија над својата околина, бесмислена појава на суровост, црн хумор, како човекот да му се одмаздува на светот, на и на самиот себеси. Освен тоа, душевната опустошеност на човекот и студенилото на околината предизвикува чувство на постојана внимателност, непрестајно очекување на морални удари од страна на најблиските луѓе. Чувство на незаштитеност и беспомошност раѓа цели комплекси на нервни и психички болести, така што човекот од реалноста посакува да побегне во болест. Духовната опустошеност на човекот и современото општество прават од човекот или примитивно бескарактерно суштество лишено од моралните основи, во суштина многу несреќно, или насилник над послабите од себеси, или човек кој во овој свет живее како во шума исполнета со ѕверови, во вечен страв пред очекуваната несреќа. Нашето општество е тешко болно и длабоко несреќно. Ние тврдиме дека почетокот на хистеријата и депресијата е егоцентризмот, дефицитот на љубов, катастрофална неспособност да се љуби.

Големата љубов, љубовта кон Бога, речиси и е изгубена. Љубовта спрема Бога може да се освои во борбата со гревот и страстите. Освен монаштвото, кое по својата идеја се јавува како концентрирана љубов кон Бога, постои и друга форма на љубов, љубовта како одраз на светлината тоа е христијанското семејство. Семејството устроено на принципите на Евангелието, на почитување и взаемна љубов, обединето со една вера, е жива оаза во мртвата пустина на нашата бездушна цивилизација. Ако храмот е огнен столб, тогаш христијанското семејство е мала свеќичка, запалена од тој оган.

Семејството Свети Апостол Павле го нарекол „домашна црква”. Во семејството се воспитува чувството за долг и смирение, се служи еден на друг. Христијанското семејство треба да биде соединето со вера, молитва и милосрдие. Таа e вистинско училиште за христијанските деца. Демонот се грижи да ја разруши Црквата и Однадвор и одвнатре; или воопшто да го уништи семејството како форма на човечки однос, или оставајќи го како надворешна обвивка, да го уништи самиот дух на семејството, христијанската љубов и онаа душевна топлина, без која животот се претвора во трагедија или бесмислица. Еден од најстрашните облици на уништување на семејството, како благословен од Бога сојуз за помош на еден со друг, e уништувањето на децата од страна на самите родители, т.е. поништување на Божјата волја, изопачување на идејата и смислата на семејството. Семејството од домашна црква се претвора во соживот на разбојници.

Господ Исус Христос рекол дека љубовта ќе исчезне, ќе пресуши поради беззаконието. Двајца убијци не можат да се сакат еден со друг. Двајца убијци не можат да почитуваат еден во друг човечка личност, затоа што во нивните меѓусебни односи се раѓа семеен егоизам, каде што секоја страна во другиот гледа само инструмент којшто му е потребен, а не човек, кој ако не е потребен, спокојно се отфрла.

Убиството на децата ја уништува љубовта меѓу сопружниците и семејството се распаѓа како разбиено. Егоизмот и злочинот се внатрешна борба за власт, борба за своите привилегии внатре во самото семејство. Убиството на детето од страна на родителот обично преминува и продолжува во постојано морално убивање еден на друг. Убиството на детето ги привлекува кон себе духовите на адот, духовите на злото и злочинот. Во таквите семејства се појавуваат некакви полиња на црна демонска сила, кои ја разјадуваат човечката душа, како да ја истеруваат од своето место.

Домот престанува да биде мил за членовите на семејството. Тие често имаат чувство на злоба еден спрема друг и ја бараат непостоечката среќа некаде на друга страна.

Законот го озаконил беззаконието што крика - одземањето на животот. Во весниците се објавуваат цинични огласи препорака како најлесно да се пресметате со своето дете. Во весниците, на пример, имаше известување дека француски фармацевтски концерн измислил ефективно средство кое неповратно и безбедно за мајката го убива плодот. Со суровоста на текстот може да се спореди единствено неговото лицемерие.

Убиството, лукаво сокриено под фарисејската замаглена фраза: „Привремено откажување од мајчинството"; дури е ставен и цртеж-реклама: во отворената забеста уста, таблета што носи неминовна смрт на детето.

Во Библијата стојат поразувачки зборови. Господ му вели на Каин: „Гласот од крвта на твојот брат повикува кон Мене од земјата”. Крвта на невините деца, како и крвта на Авел, повикува кон небото. Не само во идниот живот туку и во земниот живот убијците ја добиваат својата плата. Нечистата совест го лишува човекот од најважното, духовниот мир и духовната радост. Само преку покајанието тие можат да се вратат на душата.

Древните преданија, одразени во светската литература, кажуваат за нечистата совест, за внатрешните маки што ги искушува убиецот. Можеби денес злочинот толку емотивно длабоко не се доживува, но човечката крв како и претходно се осветува за себе. Убијците на нашето време, избегнувајќи го судот на земјата, уште пред судот Божји, ја убиваат сопствената душа, го губат човечкото срце и живеат во духовен студ и пустош. Гревот никогаш не соединува, туку само отуѓува.

Браќа и сестри! Одвратете се од тој одвратен грев, кој го затемнува во нашето срце Божјото подобие и кој го убива во нас сѐ што е чисто и добро. Да запамтиме дека е безгранично Божјото милосрдие. „Он не се гневи до крај, ниту вечно се лути”

[Псалм. 102 ,9]. Toj само го чека нашето покајание, од искреното и отворено, скрушено срце, кое е и вистинската жртва: „Жртва на Бога е духот скрушен, срцето скрушено и смирено Бог не ќе го презре” [Псалм 50].

Преку Светата Тајна Исповед во Црквата Божја, почнува патот на очистување и ослободување од гревот, од нашите престапи. И Светата Црква го чека нашето враќање со љубов и надеж за нас.