Авва Евагриј (pdf)

Авва Евагриј

Добротољубие (том 1)

Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј

10. Поуки за девствениците монахињите

1. Сакај Го Господа, и Он ќе те засака; служи Му, а Он ќе го просвети твоето срце.

2. Почитувај ја твојата духовна мајка (игуменијата) како Мајката на Господа; не навредувај ги седите коси на онаа што те родила духовно.

3. Сакај ги твоите духовни сестри како што ги сакаш ќерките на твојата мајка; не оставај го патот на мирот.

4. Сонцето кога изгрева нека го види молитвеникот во твоите раце, а по вториот час започни ја твојата рачна работа.

5. Одбегнувај собранија на мажи, за да не стане некој идол во твојата душа и тој да не стане препка во твојата молитва.

6. Моли се непрестајно и спомнувај си за Христа, Кој одново те родил.

7. Ти Го имаш саканиот Христос; отфрли ги сите мажи, и животот твој посрамен нема да биде.

8. Лутината и гневот оддалечи ги од себе; памтењето на злото, што ти го направиле другите, да не се допре до срцето твое.

9. Не вели: “Денеска добро ќе се најадам, а утре строго ќе постам”. Зашто не знаеш што ќе ти донесе утрешниот ден.

10. Да јадете месо - не е добро, а пристојно не е да пието вино. И едното и другото само на болните им е дозволено.

11. Неуспокоената девственица нема да се спаси, а онаа што живее според својата волја -  Младоженецот свој нема да Го види.

12. Не говори: ”Ме навреди сестрата - послушница; ќе и се одмаздам.“ Знај дека нема ропство меѓу ќерките Божји.

13. Не слушај празни и несмислени зборови и бегај од разговори со старици што талкаат без работа.

14. На гозби, каде пијат и се опиваат - не гледај и на свадби не оди; нечиста е пред Господа девстеницата која го прави ова.

15. Отворај ја устата твоја само за зборовите Божји, а не давај ѝ да зборува многу.

16. Смирувај се пред Господа, и десницата Негова ќе те издигне.

17. Не одвраќај се од сиромавиот тогаш кога си му потребна, и не ќе се потроши елејот во светилката твоја - тогаш кога ти е потребна.

18. Сѐ што правиш, прави го заради Господа, и не барај слава од луѓето; славата човечка е како полскиот цвет, а славата од Бога останува довека.

19. Кротката девственица Господ ја љуби, а гневливата - омразена му е на Господа.

20. Послушната девственица бива помилувана, а непослушната е крајно неразумна.

21. Девственицата што мрмори, Господ ќе ја погуби, а благодарната за сѐ - од смрт ќе ја избави.

22. Срамна е смеата и достојна за прекор бесрамноста на очите; неразумните паѓаат во нив.

23. Онаа што се украсува со облека - ја загубува и срамежливоста на погледот.

24. Не останувај долго со мирјанките и со мирјаните, за тие да не го одвратат твоето срце од Бога и да не ги обезвредат вистинските совети.

25. Со солзи моли се ноќе, така што никој да не дознае дека се молиш и како се молиш, и ќе добиеш голема благодат.

26. Пријатните прошетки и посетите на туѓите домови ја растројуваат добрата состојба на твојата душа и ја колебаат одлучноста на твојата волја.

27. Верната девственица не е плашлива, а неверната се плаши и од својата сенка.

28. Онаа што ја презира својата слаба сестра, таа ќе биде оддалечена од Христа.

29. Никогаш не вели; ”Ова е мое, а она е твое“, зашто во Христа сѐ е заедничко.

30. Не испитувај како живеат другите, и на паѓањето на твојата сестра не радувај се.

31. Послужи им на посиромашните сестри, и со славата на своето потекло не вознесувај се.

32. Во Божјиот храм на испуштај зборови од твојата уста и кон никого не погледувај зашто Господ го знае срцето твое; Он ги гледа сите твои помисли.

33. Одгонувај ја од себе си секоја лоша желба; и нема да те победат твоите непријатели.

34. Пеј со срцето свое, а не само со јазикот да ги изговараш зборовите на псалмите.

35. Како што силниот оган тешко се угаснува, така и душата на девственицата, која е добро ухранета, одвај може да се спаси.

36. Не предавај ја твојата душа на лоши помисли, за да не се оскверни твоето срце и чистата молитва да не ја оддалечат од тебе.

37. Тешка е жалоста и неподносливо е унинието, но солзите пред Господа - посилни се од нив.

38. Гладот и жедта ги истоштуваат лошите похоти, а доброто бдеење го очистува разумот.

39. Гневот и лутината ја слабеат љубовта, а паметењето на злото што ни го направиле другите ги посрамуваат дарбините.

40. Онаа што тајно ја озборува својата духовна сестра, таа ќе остане надвор од свадбената палата на Младоженецот; ќе чука на вратите Негови, но никој нема да слушне.

41. Kе изгасне светилото на немилосрдната девственица, и нема да го види доаѓањето на својот Младоженец.

42. Стаклото, кога ќе падне на камен, се искршува на многу ситни парченца, и девственицата, која ќе се приврзе за маж, нема да биде невина.

43. Подобра е омажена, ако е кротка, отколку девственица, ако е гневлива.

44. Онаа што со смеа се занесува по зборовите на маж, слична е на човек кој му дозволува на непријателот свој да му стави јамка околу вратот.

45. Она што е бисерот во златен накит, тоа е девството - окружено со чесност.

46. Демонските песни, придружувани со музика, ја раслабуваат душата и ја подриваат нејзината одлучност да Му служи на Бога; пази ја душата своја, за да не биде прекорена и осудена.

47. Не насладувај се со подбивања и не учествувај во озборувања; подбивачите и озборувачите ќе ги остави Бог.

48. He осудувај ја сестрата своја затоа што јаде повеќе отколку што треба, и со својата воздржливост не воздигнувај се, зашто не знаеш што мисли Бог за вас и која од вас ќе застане пред лицето Божјо.

49. Онаа што жали затоа што очите ѝ потемнеле и телото и овенало, таа на бестрасноста нема да ѝ се радува.

50. Тешка е воздржливоста и чистотата одвај се запазува, но ништо послатко нема од Небесниот Младоженец.

51. Сум видел мажи кои со своето учење ги навредуваат девственичките и кои го прават да биде попусто нивното девство.

52. А ти, девственице, слушај го учењето на Божјата Црква, и никој друг не ќе успее да ја поколеба твојата вера.

53. ”Бог ги создал небото и земјата и промислува за нив“ - немало ангел, кој не би можел да згреши, и нема демон, кој е зол по својата природа. И едниот и другиот Бог ги создал со слободна волја.

54. Како што човекот се состои од гниежно тело и од разумна душа, така и нашиот Господ вистински се родил како човек без грев, кој јадел и кој вистински бил распнат. Не бил Он призрак во очите на луѓето.

55. Ќе има воскресение на мртвите; ќе помине овој свет и ние ќе воскреснеме со духовни тела. Праведниците ќе ја наследат светлината, а грешниците ќе се населат во темнината.

56. Очите на девственицата ќе Го видат Бога, и ушите нејзини ќе ги слушнат Неговите зборови.

57. Девствената чистота Му е пријатна на Бога; чистата девица ќе прими венец од раката на својот Младоженец.

58. Нејзе ќе и дадат облека свадбена и со ангелите ќе восторжествува на небесата.

59. Светилото нејзино никогаш нема да се изгасне, елејот нема да го снема во него; таа ќе прими вечни богатства и царството Божјо ќе го наследи.

60. Спомнувај си за Христа и не заборавај ги оние што ѝ се поклонуваат на Единосушната Троица.

Авва Евагриј