Авва Евагриј

Добротољубие (том 1)

Поуки за подвижништвото од монахот Евагриј

15. Изреки

1. Авва Евагриј рекол: ”Одбегнувај да разговараш со мирјанин, за умот твој да не се вознемири и правилото на твоето безмолвие да не биде нарушено“.

2. Тој велел: ”Многу значи да се молиме без расеаност, а уште поважно е без расеаност да ги пееме псалмите“.

3. Тој рекол: ”Мисли на денот на твојата смрт; не заборавај го вечниот суд и ќе ја запазиш твојата душа од секој грев“.

4. Тој често говорел: ”Ако нема искушенија, никој нема да се спаси“.

5. Тој рекол: ”Почетокот на спасението е самопрекорувањето“.

6. Авва Евагриј рекол: ”Ако паднеш во малодушност, моли се, но моли се со страв и трепет, моли се усрдно, бодро и трезвено“.

7. Во почетокот на својот монашки живот авва Евагриј дошол кај некој духовен старец и му рекол: ”Оче, поучи ме со твоите спасителни зборови за мојата душа“. Старецот му кажал: ”Ако сакаш да се спасиш, кај кого и да појдеш, не говори му ништо пред тој да те праша“.

8. Некогаш, по повод на некаква работа, имало собрание кај ќелиите на повеќемина отшелници и авва Евагриј говорел таму. Свештеникот му рекол: ”Авва, ние знаеме дека, ако ти беше во твојата земја, веќе одамна ќе беше епископ и дека началствуваше над многумина, а сега седиш овде како туѓинец“. Авва Евагриј, иако бил зачуден од тоа што му го рекол свештеникот, не се збркал, туку само ја занишал својата глава и рекол; ”Да, така е оче, но еднаш говорев, сега нема да одговарам; говорев дури двапати, но повеќе не“ (Jов 39, 35).

9. Евагриј во својот спис Гностик вели: ”Ние научивме од праведниот отец Григориј дека има четири главни добродетели; разумноста ( храброста, целомудрието и справедливоста. Тој вели дека делото на разумноста се состои во тоа да ги соѕерцаваме умните свети сили; делото на храброста се состои во тоа да стоиме во вистината макар се сретнале со неедномисленици, да бидеме истрајни и да ја браниме храбро вистината; да го примиме семето од првиот земјоделец и да се браниме од непријателот - сејач. Ова му е својствено на целомудрието”). Делото, пак, на справедливоста се состои во тоа на секого да му дадеме според неговото достоинство“.

10. Авва Евагриј еднаш рекол: ”Столбот на вистината“, свети Василиј Кападокиски (Велики) говори: ”Знаењето, кое произлегува од луѓето, се усовршува со постојано вежбање и повторување, а она што произлегува од благодатта е правда, кроткост и милосрдност. Првото можат да го придобиваат и страсните луѓе, а второто можат да го примаат само бестрасните, кои за време на молитвата гледаат светлина, која го осветлува нивниот ум“.

11.Тој рекол: ”Ангелот на Тмуитската црква - свети Серапион рекол: ”Човечкиот ум се очистува со тоа што се напојува со духовно знаење; љубовта го лекува гневот, а воздржливоста ги зауздува похотата и желбата“.

12. Авва Евагриј го кажал и ова: ”Дидим велел дека треба постојано да зборуваме самите со себе за Божјата промисла и за Страшниот суд; да се трудиме вистината за нив непрестајно да ја имаме во нашиот ум. Божјата промисла особено се гледа како Бог нѐ изведува од гревот и незнаењето и во тоа како нѐ води кон добродетелите и знаењето“.

Авва Евагриј