Свети Марко Подвижник

Свети Марко Подвижник спаѓа во бројот на прочуените египетски оци, но сосем малку е познато за неговиот живот. Паладиј, во Лавсаик, во ХХ глава, пишува дека го видел лично и дека бил извонредно тивок и кроток, така што во тоа никој не можел да се спореди со него. Тој сакал од своите најмлади години да го изучува Светото писмо и така добро го научил, та го знаел напамет целиот Стар и Нов завет. За овие работи во врска со неговиот живот зборува Созомен во својата Црковна историја (IV книга, 29 глава).

Строгоста на неговиот живот и чистотата на неговото срце го издигнале на висок степен од духовниот живот. Свети Макариј Александриски сведочи за особената Божја милост спрема него за време на причестувањето со светите Тајни, која покажува и колку била голема и силна верата на свети Марко и каков бил пламенот на неговата љубов спрема Господа, како и тоа какво било ретко неговото смирение.

Свети Марко живеел повеќе од сто години и се претпоставува дека се упокоил во Господа во почетокот на петтиот век. Тој живеел и дејствувал со првите последователи на животот и учењето на свети Антониј Велики, а можеби и со самиот свети Антониј.

Божјата благодат, неговиот животен опит и изучувањето на Светото писмо му помогнале длабоко да проникне во тајните на духовниот живот и да ги сознае. Не скривајќи го овој голем талент, тој учел и пишувал многу, но до нас дошле само некои од неговите творби. На руски јазик се издадени десет негови слова. Цариградскиот патријарх спомнува осум негови слова, а Никифор Калист, кон овие осум слова, му припшпува уште триесет и две.

Во овој Зборник ги поместуваме оние негови творби, кои ce наоѓаат во добротољубието и кон кои ги додаваме некои од поуките, кои се всуштост извадоци од сите други негови слова, а се изложени по следниов ред:

Послание до монахот Николај. Ова слово е поместено на прво место затоа што во него се наоѓа изложувањето за подвижничкиот живот од неговиот почеток до крајот.

По него следуваат:

2. Поуки, извлечени од другите слова на свети Марко - како продолжение на поуките, кои се дадени во спомнатото послание дo монахот Николај, а кои се подготвени за подобро разбирање на кратките изреки, кои се содржат во главите, кои следат потоа.

3. Овде се поместени 200 глави за духовниот живот.

4. Во овој оддел има 226 глави кон оние, кои мислат дека човекот може да се оправда со своите дела.

При преводот се користени грчкото добротољубие, Списите на Свети Марко, кои cе отпечатени во изданието на светите оци на Migne, patrologiae graecae, том LXV, како и ракописот, кој се пази во манастирот на Свети Сава Осветен, кој е најпотполн и поточен од другите.

Свети Марко Подвижник