Преподобен Авва Исаиј
Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици
За природниот закон
1. Не сакам, браќа, да не знаете, дека во почетокот, кога Бог го создал човекот, па го населил во рајот, и тогаш тој имал здрави чувства, кои биле во здрава состојба, во својата природна уредност, но кога го послушал својот измамник, тогаш сите негови чувства станале неприродни. Тогаш тој бил исфрлен од својата слава. Нашиот Господ покажал милост спрема човечкиот род, по Својата голема добрина и “Словото стана тело” (Јован. 1,14) - односно станало човек - станало совршен човек - како нас, освен гревот, за да ја измени нашата неприродност во природност преку Своето свето тело. Откако ја направил таа милост спрема човекот, Он го враќа пак во рајот со тоа што го подигнува паднатиот преку следењето на Неговите чекори и извршувњето на Неговите заповеди, кои ни ги дал, да за можеме да ги победуваме оние што нѐ лишиле од нашата слава и со тоа што ни покажал свето служење и чесен закон, за да се врати човекот во својата природна состојба, во каква го создал Господ.
2. Па така, кој сака да се врати во својата природна состојба, тој треба да ги отсече сите свои телесни желби, за да дојде во својата природна духовна состојба. По природа треба да имаме копнеж кон Бога, а без овој копнеж кон Бога нема ни љубов, затоа на пророкот Даниил ангелот Божји му вели: “Bo почетокот на твоето молење се појави твојот збор и јас дојдов да ти го соопштам, зашто ти си човек сакан; па така, внеси се во зборот и разбери го видението” (Дан. 9, 23). Но непријателот ја изменил човековата природна желба во срамна похот за да ја посакува секоја нечистотија. Во умот по природа има ревност за Бога, а без оваа ревност нема никаков успех, како што пишува апостолот: “Покажувајте ревност за поголеми дарби” (1. Кор. 12,31). Ho оваа ревност за Бога се изменила во нас во неприродна ревност - да бидеме завидливи еден на друг. Во нашиот ум има гнев по природа; без гнев нема чистота во човекот, ако не се гневи на сѐ што всејува непријателот во него, како што се разгневил Финес, Елеазаровиот син, и заклал маж и жена и престанал гневот Господов врз неговиот народ (сп. 4. Мој. 25, 7-9). Но во нас овој гнев се изменил во друг гнев; да се гневиме на нашите ближни поради некакви работи, кои се непотребни и некорисни. Во нашиот ум има природна омраза, како онаа што го зафатила пророкот Илија кога ги заклал одвратните пророци (сп. 3. Цар. 18, 40). Исто постапил и Самуил според неа со Агаг, амаликискиот цар (сп. 1. Цар. 15, 33). Без омразата спрема непријателите не се раскрива вредноста и достоинството на душата. Но оваа природна омраза се изменила во неприродна: да го мразиме нашиот ближен и да се гнасиме од него. Оваа омраза ги изгонува од нас добродетелите. На умот му е својствена природната гордост пред неговите непријатели. Кога кај Јова се пројавила оваа гордост, тој ги потрупал со навреди своите непријатели, велејќи им: Нечесни и посрамени, лишени од секое добро, “не би се согласил да ги ставам со кучињата на стадата свои" (Јов 30, 1). Ho оваа гордост се изменила во нас; ние сме се смириле пред нашите непријатели, а се гордееме еден пред друг, се навредуваме взаемно и сметаме дека сме поправедни од нашите ближни, а за ваквата гордост Бог им станува непријател на луѓето. Еве, што било создадено во човекот, што било вложено во него при неговото создавање и што настанало во него кога тој станал непослушен спрема Бога: како се изменило сѐ во него во такви ужасни страсти.
3. Да се погрижиме, возљубени, да се ослободиме од страста и да го придобиеме она, што ни го покажал нашиот Господ Исус Христос во Своето Свето Тело, зашто Он е свет и почива во светиите. Да се погрижиме за себе си, за да Му угодиме на Бога, според нашите сили, впрегнувајќи ги сите сили на нашата волја и да ги израмнотежиме сите дарби што ѝ биле дадени на нашата природа, додека тие не се вратат и не бидат какви што биле во нашата првобитна природа, па да добиеме милост во часот на искушението “што ќе го снајде светот” (Лука 21,26), молејќи Му се непрестајно да ја покаже Својата благост спрема нас, да дојде Неговата помош на нашето смирение, да нѐ спаси од нашите непријатели, зашто Негова е силата, и помошта и власта во вечни векови. Амин.
Преподобен Авва Исаиј