Преподобен Авва Исаиј
Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици
За незлопаметењето
1. Светиот апостол Павле им заповедал на своите чеда: “Господ е близу. За ништо не грижете се, туку во сѐ преку молитва и молби со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања” (Фил. 4, 5-6), “И мир Божји да владее во срцата ваши” (Кол. 3, 15). А нашиот Господ и Спасител во Евангелието според Марко им говори на своите ученици: “Проштавајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови” (Марко 11, 25). А во Евангелието според Матеј Господ вели: “Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен” (Матеј 6,14). Овие зборови се страшни, затоа, ако твоето срце не е чисто кон сите, тогаш не проси ништо од Бога, зашто тогаш Го ожалостуваш Бога кога, бидејќи грешен и имајќи нешто против твојот брат, кој е сличен со тебе, Му говориш на Оној што ги испитува и што ги знае човечките срца: “Прости ми ги моите гревови, како и јас што им проштевам на оние што ми погрешиле”. Таквиот човек не се моли со својот ум, туку, бидејќи во незнаење, се моли сам со своите усни. Зашто оној што сака вистински со својот ум да Му се помоли на Бога, во Светиот Дух, со чисто срце, тој најнапред уште пред да почне да се моли, го испитува своето срце дали во него има нешто против некого и, ако неговото срце не е чисто, тогаш греши оној што смета дека се моли, зашто Бог нема да ја послуша неговата молитва. Тогаш твојот ум не се моли, туку по обичај и по навика го извршува своето молитвено правило.
2. Па така, ако сакаш чисто да го извршуваш твоето молитвено правило, испитувај го најнапред твојот ум и да видиш што има во него, така што кога ќе Му се молиш на Бога да те помилува, и ти да бидеш милостив спрема оние што бараат милост од тебе; кога ќе бараш од Бога да ти ги прости твоите гревови, и ти простувај им на оние што ти згрешиле; кога Му се молиш на Бог да ти ги прости твоите прегрешенија, ни ти не спомнувај ги нивните прегрешенија против тебе. Ако треба да го правиш ова, тогаш никогаш и не треба да имаш нешто против твоите ближни и ни спрема еден човек. Ако не си сфатил, дека вака треба да Му се молиш на Бога и дека така треба да постапуваш, тогаш знај дека попусто се молиш. Според зборовите на Светото писмо, Бог нема да те чуе кога ќе Му се молиш да ти ги прости твоите гревови.
3. Нашиот Господ Исус Христос, во Евангелието според Матеја, во Господовата молитва рекол: “Прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници” (Матеј 6, 12). A во Евангелието според Лука читаме: “Проштавајте и ќе ви биде простено” (Лука 6, 37). Исто така, Господ вели: “Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите” (Матеј 6, 14-15). Со сето ова Спасителот како да ни говори: “Ете, Јас ти ја дадов сета Моја љубов, па и ти сѐ што сакаш од Мене да ти направам и да ти дадам, направи му го и дај му го тоа истото на твојот ближен. Тогаш ќе бидеш ослободен од твоите гревови - толку, колку што и ти си им ги простил прегрешенијата на твоите ближни спрема тебе”. - Ако ти си го очистил твоето срце спрема секое разумно Божјо создание, за да не си спомнуваш за ништо лошо што било направено од него, тогаш треба да го пазиш ова што го бара Бог од тебе. Зашто Бог е вистина и сите Негови зборови се вистина, па така, секој човек самиот се врзува и самиот се разврзува, самиот одлучува за каде е: за пеколот или во рајот. Сѐ зависи од твојата слободна волја. Од неа зависи дали е таа устремена кон вечната смрт во пеколот или кон вечниот живот во рајот.
4. Блажени се оние што го засакале вечниот живот, кога тие не се препнуваат. Па така, треба да се подвизуваме во труд и во напори, тајно во твоето срце, против помислата што те измачува против чувството дека си навреден, за да не дозволиш неговата стрела да го рани твоето срце. Нема да ти биде тешко да го излекуваш: на секое зло што ти е направено - стави ја против него твојата добра желба и ако ги имаш пред твоите очи секогаш твоите гревови. А тешко ќе ти биле да ја излекуваш оваа рана, ако не ги гледаш пред своите очи своите гревови. Не враќај зло за зло; не навредувај, не осудувај, не говори за гревовите на твоите ближни, а особено не помислувај и не говори дека во тебе нема ништо лошо. Ако во тебе има страв од пеколот, тој ќе ги победи во тебе твоите лоши помисли, кои те тераат да му се одмаздиш на твојот брат, велејќи дека ќе му вратиш со иста мерка. Навистина, ти си несреќен! Ти Му се молиш на Бога да ти ги прости твоите гревови, и Бог те истрпува, те трпи сѐ до денес; не ги објавува твоите гревови пред луѓето, а ти, гневејќи се на својот ближен, на сите им кажуваш за неговите гревови и тие ги разгласуваат насекаде. Не покажува ли ова сосем јасно, дека и ти уште не си се покајал за своите гревови - кога уште немаш чувство на љубов и разбирање за слабостите на твојот ближен?
5. Па така, ако омекне твоето срце, и ти самиот ќе бидеш запазен од секоја злоба на твојот брат, а ќе бидеш помилуван и од Бога. Ho, ако твоето лукаво срце биде жестоко спрема твојот ближен, тогаш знај дека ти уште немаш правилни мисли спрема Бога. - Прости ми, брате, и на мене што ги пишувам овие редови; и јас сум победен од моите гревови. Со срам е покриено моето лице во срцето мое.
6. Ако човекот не дојде во состојба, која одговара на Христовата природа, попусто се сите негови трудови. Земјоделецот го сее своето семе и очекува да собере многу повеќе од она што го посеал во земјата. И ако се случат природни непогоди, тој има постојана жалост во своето срце што семето и неговиот труд пропаднале попусто. Свети апостол Петар, кој бил распнат во Рим, ги молел своите џелати да го распнат со главата надолу, со тоа ја покажал тајната на неприродноста, која владее со секој човек. Преку ова тој ни кажал дека секој што се крстил е должен да ја распне својата неприродност, која го постигнала Адама и што му ја одзела неговата слава и го урнала во вечен срам. Затоа, умот треба храбро да се подвизува, да го намрази сето она што е неприродно во него и да се бори против него со најголема омраза сѐ до својата смрт.
7. Еве ги главните страсти, кои му се неприродни на човекот, кои завладеале над сите Адамови синови; збогатувањето, честољубието, спокојот, гордоста со она што ќе се остави на крајот, украсувањето на телото, трудот тоа да биде чисто и убаво, барањето на убава и модерна облека. Сите тие ја хранат похотната власт, која змијата и ја ставила во устата на Ева. По ова и ние сознаваме дека сме синови Адамови и дека поради овие лоши помисли сме станале Божји непријатели.
8. Па така, блажен е оној што се распнал, што умрел, што бил погребен и што воскреснал во обновеност, кога ќе се види нов и според Исусовата природа - како чекори по Неговите свети стапки, каде и како што одел Он како човек на земјата - за Своите свети работници. Неговите особености се: мудрата смиреност, сиромаштијата, немањето желба за богатење, простувањето, мирот, претрпувањето на навредите, негрижата за телото, немањето страв од нападите на злобните духови и најголемите од сите негови особености: Неговото знаење на сѐ пред да се случи и Неговата кротка долготрпеливост спрема луѓето. Оној што ја придобил во себе си оваа природност, јавно покажува дека е од Христа, Божјиот Син и дека е брат на Исуса, на Кого Му прилега слава и поклонение во сите векови. Амин.
Преподобен Авва Исаиј