Преподобен Авва Исаиј

Словата на преподобниот авва Исаиј кон неговите ученици 

За гранките на злото

1. Потребно е да кажеме нешто за гранките на злото, за да знае човекот оти има страст и дека тоа го одделува од Бога, па затоа да Му се моли на Бога и да бара помош од Него, да бара сила од Него, за да може да се бори со неа сѐ додека не се ослободи потполно од неа. Страстите се рани во душата; тие ја одвојуваат душата од Бога.

2. Блажен е оној човек што успеал да се ослободи од нив, зашто таквиот ќе биде разумна овца пријатна на Божјиот жтвеник и ќе го чуе гласот на Господа, што ветува радост: "Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам: влези во радоста на својот господар!" (Матеј 25, 21). А оние, кои сакаат да ги извршуваат своите телесни желби и не сакаат да cе излекуваат со светото лекарство на покајанисто и да се очистат, тие во часот на Судот ќе се покажат необлечени, без облеката на добродетелите, и ќе бидат фрлени во крајната темнина, каде што живее ѓаволот, облечен во облека на страстите, како што се: блудот, похотта, среброљубието, озборувањето, гневот, зависта, славољубието, гордоста. А тоа се гранките на злото. Има и многу слични на нив, какви што се: невоздржливоста, украсувањето на телото, бесрамните погледи, барањето безгранична слобода и леснотија, несовесноста, невниманието спрема Божјиот суд, зависта спрема ближниот, лагата против братот, угодувањето на луѓето, лажното знаење, желбата да поучуваме, љубовта спрема светот и неговиот начин на живеење, малодушноста, нетрпеливоста, омразата спрема ближниот, непознавањето на себе си и самозадоволството, љубовта кон човечката слава место љубов кон славата на Бога, истакнувањето на свои дела, за да ги прославуваат луѓето, љубовта кон ретки и вкусни јадења, извршувањето на телесните страсти во срцето, желбата да се споредуваме со другите со цел да се издигнуваме над нив, фалењето со своето звање, желбата за спорење, настојување да биде како што сакаме ние, сметањето дека сме разумни и мудри, мислењето дека нашиот брат е неразумен и неговото потценување и унижување.

3. Сето ова станува во кутрата душа сѐ додека не ја одделат од Бога. Тоа е тешкиот товар, што Адам го натоварил врз себе, кога вкусил од забранетиот плод. Токму за ова се говори во следниве зборови: “Но Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Он беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога” (Иса. 53, 4). Токму нив ги умртвил нашиот Господ Исус Христос кога бил распнат на крстот. Тоа се тие стари мевови, во кои не влеваат ново вино. Тоа се платната, со кои било обвиено телото на четвородневниот Лазар. Тоа се демоните, кои ги испратил Христос во свињите. Тоа е стариот човек, кој ни заповедал Апостолот да го соблечеме. Тоа е она што го рекол тој, велејќи: “Телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо” (1. Кор. 15,50). Тоа се плевелите, што никнале на земјата Адамова кога тој бил истеран од рајот.

4. Христовиот товар е лесен: безгневната чистота, благоста, кротоста, духовната радост, воздржливоста од страстите, љубовта спрема сите, светото расудување, непоколебливата вера, истрпувањето на страдањата, самоограничувањето, гледањето на себе како на нешто што му е туѓо на овој свет, желбата да излеземе од овој свет и да Го сретнеме Христа. Ете, тоа е лесниот товар, кој ни заповедал Христос да го носиме. Еве го патот, на кој светците претрпеле многу маки сѐ додека не дошле до неговиот крај. Еве, ова не може никој да го направи сѐ додека не го соблече стариот човек од себе си, додека не се ослободи од него и не ја придобие љубовта и додека љубовта не го направи нечувствителен спрема светот спрема сѐ што е во светот. Но оваа љубов не може да се настани во нас сѐ додека љубиме нешто од овој свет, како што е напишано: “Не можете да пиете од Господовата чаша и од бесовската чаша” (1. Кор. 10, 21). И светиот пророк Исаија говори; “Се уплашија грешниците на Сион; морници ги обзедоа нечесните: ‘Koj од нас може да живее при оган што голта? Кој од нас може да живее при вечен пламен?” Оној, што оди во правда и говори вистина; кој презира печалба преку угнетување, ги воздржува рацете свои од подароци, ги затина ушите за да не слуша за крвнина, и ги затвора очите да не го гледа злото, тој ќе живее на висините: засолниште му се непристапните карпи; ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши” (Иса. 33, 14-16).

5. Гледаш ли каква чест им дава Бог на оние, кои се подвизувале во ова кратко време, на оние што ја соблекле од себе си тежината на светот преку претрпувањето на своите страдања? Гледаш ли како Божјата помош дејствува кај оние што се откажале од својата волја и како ги победува човековите страсти затоа што тие ја извршувале Божјата волја? А оние што не се откажуваат од своите желби, кои сакаат да ги исполнуваат, иако “почнуваат духовно", но не можејќи да се додржат против своите непријатели, затоа што сакаат да ги извршуваат своите желби, тие завршуваат со своето тело (Гал. 3, 3), така што целиот нивни труд останува попуст и бесплоден. За тоа ги прекорува и пророк Јеремија, велејќи: “Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа, и нека е проклет кој го задржува мечот Негов од крв!" (Јер. 48, 10).

6. Гледаш ли дека оние, кои, иако посакале да Му служат на Бога, а My служат на непријателот, тие не ја добиваат Божјата помош; нив Бог ги остава на нивната лична волја и им ги предава во рацете на оние што ги мразат? И место честа, која ја бараат од луѓето, биваат посрамувани, затоа што не им се противставувале на своите непријатели додека Бог не би им дошол на помош и би ги смирил нивните непријатели. Па така, без труд, без пот и без страдања, човек, според зборовите на Светото писмо не бива услишуван од Бога.

7. Затоа, усрдно и постојано да ѝ се молиме на Божјата добрина, да плачеме и да страдаме, покорувајќи му се на секој човек заради Господа; да се смируваме и пред нашите браќа, сметајќи дека тие знаат подобро од нас. Никому да не враќаме зло за зло; за никого да не помислуваме зло во нашето срце. Да не говориме за потребите на овој свет и никогаш за нашто да не велиме дека тоа е наше, туку секој ден да испитуваме до каде стигнал нашиот ум и да го пазиме, за да не мисли за она што е нечисто. Да го лишуваме телото свое од наситување, така што тоа да не бара од нас да ги задоволуваме нашите срасти; телото да се смирува пред нашата душа, а душата да му се покорува на умот и душата да стане невеста, чиста од секаква нечистотија и да се обраќа кон својот Младоженец, велејќи: “Дојдов во градината своја, сестричке невесто, ја обрав смирната моја и мирисите мои, ги јадев медените питки со мојот мед, го пиев виното со моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситете се, мили мои!” (Песна над песните 5, 1).

8. Да се подвизуваме, брате, за да добиеме пред него таква слобода, та да можеме и ние да ги чуеме зборовите што ги рекол нашиот Господ: “Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си Ми ја дал, оти Ме возљуби уште пред да се создаде светот” (Јован 17, 24). Светата, единосушна и животворна Троица да направи милост и спрема нас, да добиеме спокој заедно со сите светии во денот на Страшниот суд. Нему нека Му е слава и власт во сите векови и во целата вечност. Амин.

Преподобен Авва Исаиј