Поуки од свети Макариј Велики

6.Состојбата на оние што ја почувствувале примената благодат

а) Оној кој совесно и без самосожалување ги извршува своите подвижнички трудови, во него, на крајот, се покажуваат силата и дејството на Божјата благодат. Благодатта се покажува како духовна топлина во срцето, како смирување на помислите, а како загубување на желбата кон сѐ што е земно и намалување на вредноста на сѐ што на земјата се смета вредно и ценето. А тоа е токму семето на духовниот живот. Тогаш започнува одухотворувањето на душата, нејзиното очистување од страстите и заздравувањето на раните што ѝ биле нанесени од страстите.

  1. Угледај се на Марија, сестрата на четвородневниот Лазар, и само на неа подражавај ѝ; не гледај ништо и никого, освен Оној, Кој рекол: “Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел” (Лука 12, 49). Зашто разгорувањето на Духот ќе ги оживотвори срцата. Неземниот и божествен оган ги осветува душите и ги испробува, како што се прочистува златото во огнот; порокот го изгорува, како што изгоруват дрвата и сламата, “бидејќи нашиот Бог е оган, што изгорува” (Евр. 12, 29). Барајќи го овој оган, блажениот Давид рекол: “Искушавај ме, Господи, испитај ме; отвори ги утробата моја и моето срце” (Псал. 2, 2). (25, 9)
  2. Овој оган го греел срцето на Клеопа и на неговиот сопатник, кога со нив разговарал Спасителот по воскресението. И ангелите, духовите што служат, се причестуваат со светлината на овој оган, како што е речено: “Ти ги правиш ангелите Свои духови, и служителите Свои оган пламенен” (Евр. 1, 7). Овој оган ја изгорува раската на внатрешното око, го очистува умот, за да си ја врати својата природна проникливост и непрестајно да ги гледа Божјите чуда, како што е речено: “Отвори ги очите мои, и ќе ги разберам чудесата од Твојот закон” (Псал. 118, 18). Затоа овој оган ги прогонува бесовите и го уништува гревот (25, 10).
  3. Како што железото, оловото, златото и среброто, фрлени во огнот, го губат своето својство на тврдоста, па стануваат меки, и сѐ додека се во огнот, по силата на огнената топлина, се растопуваат и ја губат својата природна цврстина, исто така и душата, откако се откаже од светот и Го возљуби Единиот Господ, со големо срдечно барање, во труд и подвиг, непрестајно Го очекува Него со надеж и вера, па откако го прими во себе си небесниот божествен оган и љубовта на Духот, вистински се ослободува од секоја земна љубов, се ослободува од секоја повреда, од страстите, отфрлува сѐ од себе си, ги изменува својата природна особеност и својата гревовна тврдост, па се смета за непотребно и се успокојува во Единиот Небесен Младоженец, Кого Го примила во себе си - се успокојува во жишката и неискажлива љубов кон Него (4, 14).
  4. Ти велам, дека и од самите свои сакани браќа, кои ги има пред своите очи, ако го задржуваат и ако му пречат во неа, неговата душа, така да се рече, се одвраќа и од нив, зашто нејзиниот живот и спокој се состојат во таинственото и неискажливо општење со Небесниот Цар. Зашто и љубовта спрема телесното општење го одделува човекот од таткото, мајката, браќата и сѐ што се однесува на нив станува туѓо на неговиот ум. И ако ги сака, ги сака како да му се туѓинци; сета негова љубов се однесува спрема неговата избраница и сожителка. Затоа и е речено: “Поради тоа човекот ќе го остави татка си и мајката своја, и ќе се придружи кон жената своја, та обајцата ќе бидат една плот” (Ефес. 5, 31). А затоа, ако плотската љубов нѐ одделува од секоја друга љубов, тогаш колку повеќе оние, кои се удостоиле да стапат во општење во небесниот и сакан Свети Дух, се одделуваат од секоја љубов спрема светот; на нив им се чини се друго излишно - затоа што се потполно опфатени со небеската желба и се во тесна зависност од неа. Таму се сите нивни желби, нивни мисли, таму е секогаш нивниот ум, кој е совладан од божествената и небесна љубов и божествените желби. (4, 15)
  5. Оние луѓе, врз кои паднала таа духовна роса на божествениот живот и го исполнила нивното срце со љубовта спрема Небесниот Цар - Христа, се приврзуват кон таа убавина, кон таа неискажлива слава и убавина, и кон несфатливото богатство на вистинскиот Цар - Христа. Тие се предаваат во плен на таа желба и на таа љубов, стремејќи се целосно кон Христа и копнеат да ги добијат тие неискажливи богатства, кои ги создаваат со својот дух, па заради тоа ги сметаат за ништо: и земната убавина, и славата, и благолепието, и честа и сето богатство на царевите и кнезовите. Затоа што тие силно ја засакале божествената убавина и што во нивната душа се настанил животот на небесната бесмртност. Затоа копнеат само по љубовта на Небесниот Цар, со голема желба само Него Го имаат пред своите очи, заради Него се оддалечуваат од сите земни приврзаности, сакајќи само оваа желба засекогаш да остане во нивното срце и кон неа да не се замешува ништо друго. (5, 6)
  6. Оние христијани, кои навистина ја вкусиле благодатта на Светиот Дух, можат да сфатат, дека сѐ што е на земјата - сите царски сокровишта, целото богатство, сета слава и сета земна мудрост - сѐ е ништо, дека е непостојано и дека брзо изминува. Сѐ што е под небото треба да биде презрено заради вистинските духовни богатства. А зошто,? Затоа што она над небесата е поценно од сѐ што се наоѓа во царските сокровишта, во светската мудрост и во славата на овој свет. А достоинството и богатството што го придобиле облагодатените луѓе, кои во својот внатрешен човек Го имаат Господа и Создателот на сѐ - тие имаат вечни и непреминливи духовни богатства. (15, 40, 41)
  7. Умот и разбирањето на христијаните, по добивањето на Светиот Дух и општењето со Него, добиваат постојанство, тврдост и спокој, не се расејуваат и не им се покоруваат на веќе непостојаните и суетни помисли, туку живеат во Христовиот мир и во љубовта на Светиот Дух, затоа и Господ, за таквите рекол, дека тие преминале од смрт во живот (сп. Ј ован 5, 24). Христијанинот од сите луѓе во световната твар се одликува со обновување на умот, со смирување на помислите, со љубов и со небесна љубов кон Господа. Затоа и дошол Господ Исус Христос: оние што ќе поверуваат во Господа да се удостојат со овие духовни блага. (5, 4-5)
  8. Како што крвоточивата жена, која вистински поверувала во Господа и се допрела до крајот од Неговата облека, и веднаш оздравела, веднаш, пресушил нечистиот поток од нејзината крв, така и секоја душа, која има во себе си неизлечива гревовна рана, извор на нечисти и грешни помисли, ако дојде при Христа, и ако вистински верува во Него и Му се помоли, ќе добие спасително исцеление - исцеление од неизлечивото течење на страстите и со силата на Единиот Исус - ќе престане и ќе пресуши изворот, од кој истечуваат нечисти и грешни помисли. Оваа страшна рана никој друг не може да ја излекува. (20, 4)
  9. Како што сонцето, кое изгрева и се издигнува над земјата, сите свои лачи ги растура по земјата, а кога заоѓа -сите нив ги собира со себе си, така и душата, која не е препородена од Духот одозгора целата со сите свои помисли се наоѓа на земјата и нејзините помисли стигнуваат дури до крајот на земјата, но штом се удостои да ги прими небесното раѓање и општењето со Светиот Дух, тогаш, откако ги собере заедно сите свои помисли и, задржувајќи ги во себе си, се издигнува кон Господа, во неракотворното небесно живеалиште. Тогаш, сите помисли на човекот, навлегувајќи во небесниот воздух стануваат небесни, чисти и свети, бидејќи душата, ослободена од веригите на бесовскиот кнез, од духот на овој свет, добива чисти и божествени помисли, зашто Бог посакал да го направи човекот учесник на Својата божествена природа. (49, 3)

 

6) Ова се пројавува уште во самиот почеток кога почнува да дејствува благодатта, но многу е опасно да се мисли дека со тоа е постигнато совршенство. Со ова се става само почетокот. Благодатта, која дозволила само да биде почувствувана, постепено го совладува срцето, додека не го исполни целото и додека не преобрази сѐ што е во него.

  1. Кога дејството на Божјата благодат ја осени душата, cпоред верата на секого, и кога душата ја прими помошта одозгора, тогаш благодатта ја осенува само делумно. И не мисли дека тогаш душата на некого бива потполно озарена; во неа и понатаму останува уште простор за порокот; човекот и понатаму има потреба од голем труд и од многу усилби, кои треба да бидат во него усогласени со дејството на благодатта. Затоа, Божјата благодат, која може само во еден миг да го очисти човекот и да го направи совршен, почнува постепено да ја посетува душата, за да ја испита човековата слободна волја и дали таа ја запазува целосно љубовта спрема Бога, дека во ништо не се согласува со лукавиот дух, туку дека потполно и се предава на благодатта. На тој начин, душата во тек на долго време и на многу години се покажува искусна и со ништо не ја навредува и огорчува благодатта и во таа и таква постепеност наоѓа голема помош. И самата благодат овладува со душата и, откако душата во тек на многу години се покажала искусна и усогласена со благодатта, ги пушта своите корени длабоко во неа и во сите нејзини помисли, сѐ додека таа не биде потполно опфатена од небесната благодат, која веќе царува во овој духовен сад. (41, 2)
  2. На тој начин многумина се заблуделе од самото дејство на Божјата благодат во нив. Тие помислиле дека достигнале совршенство и си рекле: “Ова ни е достатно; веќе од ништо немаме потреба”. Но, Господ е бескраен и непостижен. И христијаните не смеат да речат дека постигнале сѐ, туку треба да се смируваат дење и ноќе. Душата има многу делови и нејзината длабочина е голема; гревот што навлегол во неа ја завладеал целосно и го опфатил целото срце. А потоа, кога човекот ја добие благодатта, таа влегува во него и овладува можеби со двата состави на душата. А неискусниот, кој се утешува со благодатта, помислува дека благодатта што го посетила завладеала со целата негова душа и дека гревот од неа потполно е искоренет. Но, поголемиот дел од душата уште е под власта на гревот, а само едниот нејзин дел е под благодатта. А човекот се самоизмачува и не го знае ова. (26, 17; 50, 5)
  3. И оној што боледува од нешто, има некои делови здрави. На пример, очите можат да му бидат сосема здрави или некој друг дел од неговото тело, а некои делови од неговото тело да боледуваат. Ова бива и со духовното расудување. Некој може да има три духовни члена здрави, но со тоа тој уште не е совршен. Гледаш ли колку има духовни степени и мерки и како тие биваат осветувани дел по дел и дека не се очистуваат одеднаш од злото и од гревот? (15, 7)
  4. Како што зародишот во утробата на мајката не станува веднаш човек, туку постепено добива човечки изглед и дури и се раѓа во несовршена човечка возраст, туку првите неколку години расте и потоа достигнува посовршен вид, исто така, и семињата, јачменот и пченицата, не веднаш по фрлањето во земјата пуштаат корен, туку откако измине студот и ветровите, тогаш почнуваат да растат, да ги извишуваат своите стебленца и да даваат класови. И оној што насадил круша - и тој не бере веднаш плодови од неа. Така бива и во духовните работи, каде што има многу мудрост и совршенство, духовниот човек расте постепено, постепено, доаѓа “до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство” Еф. 4,13), а не онака како што тврдат некои: дека станува наеднаш како кога нешто се соблекува или облекува. (15, 39)
  5. Како што пчелата во кошот скришно ги прави сотовите, така и Божјата благодат тајно ја создава љубовта вo срцата. Така ја претвора и горчината во сладост и грубоста на срцето - вo нежност. И како што златарот и резбарот, правејќи ги своите украси на некој предмет ги прават постепено, дел по дел; прават врз нив разни животни и други украси, а кога ја завршат својата работа, тогаш ја покажуваат својата изработка во целиот нејзин сјај, така и вистинскиот Уметник Христос Господ ги обновува нашите срца и ги украсува таинствено сѐ додека не се преселиле од нашето тело. Дури тогаш станува видлива убавината на душата. (16, 7)

 

в) Затоа оние што ја дознавале благодатта непрестајно жедуваат да ја вкусуваат сѐ повеќе и повеќе.

  1. Правдољубивите и доброљубивите души, кои посакуваат со голема надеж и вера потполно да се облечат во Христа, не само што немаат потреба од напомнување на другите, и не трпат во себе никакво намалување во својата желба кон небесното и во љубовта кон Господа, туку, откако сецело се приковале кон Христовиот крст, секојдневно го сознаваат во себе си чувството на духовно преуспевање во својата приврзаност кон духовниот Младоженец; тие понесени од таа небесна желба и жед кон правдата на добродетелите, силно и ненаситно тежнеат кон духовно озарение. А, ако заради својата вера се удостојат да го примат познавањето на божествените тајни, или стануваат учесници во радоста на небесната благодат, тие не се надеваат на себе си, не сметаат дека се нешто, туку, колку повеќе се удостојуваат со духовни дарови, толку повеќе се наполнуваат со небесна желба и со уште поголеми напори ги бараат тие дарови, се повеќе се гладни и жедни за добивање и преумножување на благодатта, па уште повеќе се збогатуваат духовно, сѐ помалку мислат за себе си и за својата вредност затоа што со сѐ поголема духовна глад копнеат кон Небесниот Младоженец, како што се вели во Светото писмо: “Оние што ме јадат - погладни ќе бидат, а оние што ме пијат - пожедни за мене ќе бидат” (Мудр. Сир. 24, 23). (10, 1)
  2. Душата, која вистински Го сака Бога и Христа, ако направи илјадници праведни дела, со ненаситен стремеж копнее кон Господа, мисли дека уште ништо добро не направила; ако го измачи своето тело со пост и бденија, останува со чувство како уште да не започнала да се труди за придобивање добродетели; ако се удостои со различни духовни дарови или со откривање и на небесните тајни, поради својата неизмерлива и ненаситлива љубов спрема Господа, мисли како ништо да не придобила, па секојдневно гладува и жедува, останувајќи со вера и со љубов во молитва, не може да се насити со благодатните тајни и со преуспевањето во секоја добродетел. Таа е прободена и ранета од љубовта на небесниот Дух и со помош на благодатта непрестајно го присилува во себе си пламениот стремеж кон небесниот Младоженец и сака да се удостои со потполно и таинствено општење со Него во светињата на Духот и со своето отворено духовно лице Го гледа небесниот Младоженец лице в лице, во онаа духовна и неискажлива светлина и со потполна доверба се соединува со Него, тежнее да се удостои со смрт слична на Неговата, несомнено верува дека преку Духот ќе биде потполно избавена од гревот и од темнината на страстите. Па, откако ќе биде очистена со Духот и се посвети душевно и телесно, се удостојува да стане чист сад, за да го прими во себе си небесното миро и да стане живеалиште на небесниот и вистински Цар Христос. Тогаш се удостојува со небесниот живот и уште овде станува чисто живеалиште на Светиот Дух. (10, 4)
  3. Но, душата не може да дојде до таков степен на совршенство одеднаш и без страдања и испитувања. Напротив, само преку многу трудови и подвизи, во тек на подолго време, со многу ревност, по многу проверувања и страдања, се удостојува душата со такво растење и напредување дури до потполна бестрасност. И дури тогаш, откако со подготвеност и храброст ги издржала сите искушенија од гревот, се удостојува со секакви почести, со духовните дарови на небесното богатство и на тој начин станува наследничка на небесното царство на нашиот Господ Исуса Христа. (10, 5)
  4. Христијанството е јадење и пиење. И колку повеќе од него вкуси неговиот ум, толку повеќе се возбудува со сладоста и станува незадржлив и ненаситлив, па сака сѐ повеќе да се насладува со него. Или како кога е некој жеден, па му дадат некој сладок пијалак да се напие, тој, откако го вкуси, чувствува сѐ поголема жед, која потполно со право се споредува со жедта на ваквиот човек. И тогаш не само зборовите, туку и дејството на Светиот Дух, на таинствен начин му помагаат на умот. (17, 13)
  5. Замисли извор и како некој жеден човек почнува да пие од него, а потоа, кога почнал да пие, го отргнуваат од изворот и не му даваат да се напие колку што сака. Тој тогаш, откако вкусил малку од водата, уште повеќе ја чувствува својата пламена жед и сѐ повеќе му се пие. Ова исто го доживуваме и во духовна смисла: кога некој почне да јаде и да пие духовна храна и духовно пиење и кога токму тогаш некој почне да го попречува во тоа кога не му дозволува да се нахрани и да се напои. (27, 7)
  6. Господ ја знае човечката немоќ, знае дека човекот може набргу да се погордее, па затоа го сопира, го држи во непрестајно бранување и страдање. Зашто, ако и тогаш кога примиш малку на сите им стануваш здодевен и се гордееш, а колку ли поздодевен ќе им бидеш, ако одеднаш се наситиш со сите благодатни сладости! Но Бог, знаејќи ја нашата немоќ, по Својата промисла, ни испраќа маки и страдања, за да бидеме смирени и поревносно да Го бараме. (27 , 8)

 

г) Копнеејќи сѐ повеќе и повеќе по Господа, таквите луѓе чувствуваат дека се сиромашни и дека се лишени од сѐ. Затоа е смирението кај нив длабоко вкоренето чувство, а тоа е и услов за секое натамошно напредување.

  1. Како е можно некој да се чувствува духовно сиромашен, особено тогаш кога и самиот знае дека е изменет, дека напреднал, дека дошол до знаење и разбирања, какви што пред тоа немал? Додека човек не ги придобие овие работи, тој не се смета сиромав духовно, туку има многу високо мислење за себе си. А кога дојде до ова разбирање и до ваков успех, тогаш самата благодат го учи да биде смирен - духовно сиромашен, иако е тогаш праведник и Божји избраник. Тој тогаш смета дека е никој и ништо; мисли дека неговата душа е грешна и уништена; мисли дека ништо не знае и дека нема ништо, иако многу знае и многу има. Ваквата мисла станува како вродена и длабоко вкоренета во неговиот ум. Не слушаш ли како праотецот Авраам, кој бил Божји избраник, се нарекувал земја и пепел (1. Мој. 18, 27)? И Давид, кој бил помазан за цар Го имал Бога пред себе си и велел: “Јас сум црв, а не човек, потсмев за луѓето и презир во народот” (Псал. 21, 6). 3aтoa, оние што сакаат да бидат нивни сонаследници, сожители во небесниот град и да се прослават заедно со нив, и тие треба да имаат такво смирение и да немаат високо мислење за себе си, туку треба да имаат скрушено и смирено срце. (12, 3-4)
  2. Оној што ја примил благодатга, тој се смета поголем од сите грешници. Оваа мисла е всадена во него како да му е природна. И колку повеќе и подлабоко навлегува во познавањето на Бога, толку повеќе мисли дека ништо не знае. И колку повеќе учи, сѐ повеќе е уверен дека ништо не знае. Оваа мисла ја потпомага и крепи Божјата благодат во душата како да е нешто природно. (16, 12)
  3. Оние што се опитни пред Бога се сметаат за сосем мали и неопитни. Оваа мисла е всадена во нив како да им е природна. За нив е сосема природно и неопходно да се сметаат сосема ништожни и незнатни. Зар тие не знаат што им е дадено? Зар не знаат дека немале ништо и дека добиле нешто што е необично за нивната природа? Ви велам, тие не се свесни за тоа дека се опитни и дека напреднале духовно; не знаат што немале и што добиле. Благодатта Божја, која им се дава на таквите луѓе, ги учи да мислат дека не напреднале, да не мислат високо за себе си, па затоа и сметале дека се ништожни. Иако се скапоцени пред Бога, тие не мислат така за себе си; иако напреднале духовно, иако имаат совршено Богопознание, тие сметаат дека ништо не знаат; оние што се навистина богати пред Бога - тие самите себе си се сметаат за сиромаси. (27, 4-5)
  4. Ако видиш некого кој понекогаш се гордее и говори дека ја примил благодатга, па макар и чуда да прави и мртви да воскреснува, ако не смета дека е духовно сиромав и ништожен и одвратен пред Бога, таквиот е измамен од лошите духови, без да го знае тоа. На таквиот и чуда ако прави, не треба да му веруваме, зашто белег на христијанството и на оној што има опит пред Бога е: грижата да се скрива тоа од луѓето. Па, ако ги има и сите царски сокровишта, тој ги крие и секогаш говори: “Не се мои овие сокровишта, мене ми се дадени само да ги чувам; јас сум сиромав, кога и да посака - оној што ми ги доверил може да си ги земе". А ако некој говори: “Јас сум богат, достатно ми е ова што сум го спечалил; повеќе не ми е потребно”. Ваквиот човек не е христијанин, туку е сад на измамата и на ѓаволот. Зашто насладувањето со Бога е ненаситно, и колку повеќе луѓето јадат и пијат, толку повеќе огладнуваат и ожеднуваат. Таквите луѓе имаат силна и незадржлива љубов спрема Бога, па колку повеќе се грижат да напредуваат и духовно да се збогатуват, толку повеќе се сметаат за сиромаси, мислејќи дека немаат ништо и дека ништо не прпдобиле. Тие велат: “Јас сум недостоен сонцето да ме грее”. Ваквото смирение е белег на христијанството. (15, 35)
  5. Ако некој не го запази ова големо смирение, тој ќе му биде предаден на сатаната и ќе ја загуби и онаа благодат што му е дадена и тогаш ќе се покаже каков е тој дека е гол и сиромав. Затоа оној што се збогатува со Божјата благодат треба да живее во голема смиреност и срдечна скрушеност, да смета дека нема ништо и дека е сиромав, па да вели: “сѐ што имам - туѓо е; друг ми го дал и секогаш кога ќе посака може да ми го земе”. А кој се смирува вака пред Бога и пред луѓето, тој може да ја запази благодатта што му е дадена, како што е речено: “Кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат” (Матеј 23, 12). Кога е Божји избраник, тој треба да се самоосудува, и кога е верен да се смета за недостоен. Ваквите души Му угодуваат на Бога и Христос ги оживотворува. (41, 3)

д) Сепак, и покрај сѐ друго, на нив им се дава предупредување да се пазат од превознесување, од гордост и осудување на другите, зашто поради тоа се одзема благодатта, а без благодатта веднаш настанува паѓање.

  1. Ако царот го пренесе своето сокровиште во домот на некој сиромав, тогаш тој примајќи го тоа големо богатство, нема никогаш да го смета за своја сопственост, туку пред сите ќе изјавува и ќе признава дека е сиромав и не ќе смее да потроши ништо од туѓото богатство, туку вака ќе размислува: “Ова богатство не само што е туѓо, туку ми го предал на чување силниот цар, и тој кога да посака може да си го земе од мене”. И оние што ја имаат Божјата благодат треба да мислат на ист начин: да бидат смирени и да признаваат дека се сиромаси. Ако спромавиот, откако го прими во својот дом царското богатство и помислувајќи дека е негово и дека може да прави со него сѐ што сака, како да е тоа негова сопственост и срцето негово се исполни со надуеност, тогаш царот ќе си го земе своето сокровиште, и оној што го чувал ќе остане сиромав каков што бил и дотогаш. Исто така, и оние што имаат благодат и почнат да се гордеат со неа и почнат да се вознесуват во срцата свои, Господ ќе ги лиши од Својата благодат и ќе останат такви, какви што биле и до примањето на Божјата благодат. (15, 25)
  2. Доколку, откако ја примиле благодатга на Духот, наоѓајќи за себе си утеха во спокојот и во духовната сладост, па надевајќи се на неа, почнат да се превознесуваат, тие се предаваат на безгрижност, не го смируваат своето срце и своите мисли, па и не успевајќи да го достигнат потребниот степен на бестрасноста, не успеваат со ревност и со вера да се исполнат со преизобилна благодат, тие застанале таму и се успокоиле со тоа и останале со таа мала благодатна утеха. Ваквите души, кои пораснале повеќе во гордоста, отколку во смирението, ако се и удостоиле со некој благодатен дар, ќе бидат лишени од него заради својата гордост и своето превознесување. (10, 3)
  3. Ти велам, јас сум видел луѓе, кои ги имаат сите дарови и кои беа заедничари на Светиот Дух, па кога не придобија совршена љубов, паднаа. Еден благороден човек, кој се откажа од светот, кој го раздаде целиот свој имоти им даде слобода на своите робови, па како разумен човек, се прослави со својот живот, меѓутоа, откако се погордеа, падна и најпосле им се предаде на илјадници лоши дела (27, 14)
  4. Еден друг за време на гонењата станал исповедник и бил измачуван за Христовото име, но кога престанало тоа гонење, бил ослободен и бил многу почестуван. Неговите веѓи биле повредени од тоа што го измачувале во голем чад. Тој, така прославуван од сите, но поради својата гордост бил лишен од својот ум, и се однесувал така, како никогаш да не слушнал за Бога и за Божјите зборови. (27, 15)
  5. И некој друг подвижник, кој живееше заедно со мене и заедно се молевме, беше толку многу облагодатен, така што кога се молеше до мене, и јас доаѓав во состојба на умиление, затоа благодатта претекуваше во него. На него му беше дарувана благодатта на исцеление. И не само што изгонуваше бесови, туку имаше моќ да ги исцелува оние што имаа неподвижни раце и нозе и што беа совладани од најстрашни болести. А потоа, откако почнаа луѓето да го прославуваат, тој почна да се насладува од нивните пофалби, се погордеа и падна во самата длабочина на гревот. Ете, гледаш, паднал и оној што имаше дарба на исцеление. Гледаш ли како паѓаат оние што немаат љубов? И Оној што придобил љубов, кој бил врзан и опиен од неа, и тој бил одведен како пленик во еден друг свет и како веќе да не ја чувствувал својата сопствена природа.
  6. Човекот со верна и вистинољубива душа, гледајќи ги вечните богатства, приготвени за праведниците и неискажливите добрини, со кои се удостојуваат оние што ја имаат Божјата благодат, тој и себе си, и својата ревност, и својот труд и подвиг ги смета за недостојни за неискажливите ветувања на Духот. Таков е оној, кој е беден по дух и кого што Господ го ублажува. Таков е оној што е гладен и жеден за правда. Таков е оној што има скрушено срце. Оние што го засакале сето тоа: и ревноста, и трудот, и љубовта кон добродетелите; тие што до крај ќе останат такви, навистина, тие ќе можат да го добијат животот и вечното царство. Затоа, никој од браќата да не се превознесува пред својот брат, па измамуван од лукавиот, да не почне и самиот да се самоизмамува и да говори: “Ете јас веќе имам духовна дарба”, зашто е недостојно ние христијаните така да мислиме. Ти не знаш што ќе направи со твојот брат утрешниот ден; не знаеш каков ќе биде твојот и неговиот крај. Напротив, секој нека се занимава со себе си, непрестајно нека ја испитува својата совест, да ја испитува состојбата на своето срце да проверува со каква ревност и со какви усилби се стреми кон Бога, па имајќи ја предвид најсовршената цел слободата, бестрасноста и духовното успокојување, непрекидно и немрзливо да брза, без да се надева на каква и да е дарба или оправдување. (29, 7)
  7. Како паѓаат оние, во кои Божјата благодат веке дејствувала? И оние што се најчисти по природата на своите мисли можат да се препнат и да паднат. Така човек почнува да се превознесува, да го осудува другиот и да му говори: “Ти си грешник”, а себе си да се смета за праведник. Зар не ти е познато што вели свети апостол Павле: ““За да не се превознесувам со премногу откровенија, во телото ми се даде трн, ангел сатанин, да ме боцка по лицето, та да не се превознесувам” (2. Кор. 12, 7). Превознесувањето е можно и во чистата природа. (7, 4)
  8. Затоа, христијаните се должни да настојуваат со сите свои сили никого да не осудуваат, ни јавната блудница, ни кој било грешен и неисправен човек; на сите да гледаат со искрена љубов и со добра волја, никого да не унижуваат, никого да не осудуваат, од никого да не се гнасат и да не прават никаква разлика меѓу луѓето. (15, 8)
  9. Може ли да падне човек што има благодатна дарба? Ако стане невнимателен и мрзлив, тогаш ќе падне. Затоа нашите непријатели никогаш не мируваат, никогаш не се мрзливи, туку секогаш водат борба против нас. Затоа и ти не смееш да ги прекратиш своите барања пред Бога. Многу повреди ќе добиеш ако се опуштиш и станеш мрзлив, па макар и да си бил проверен и во самата тајна на Божјата благодат. (15, 14)
  10. Големо е достоинството на христијаните. Тоа не може со ништо да се спореди. А, ако некој станал расеан и бил запленет од злобата, тој станува сличен на град неограден со ѕидови, во кој разбојниците непречено влегуваат откаде и да посакаат, го пленат, го опустошуваат и го изгоруваат. Исто така, и ти, ако си мрзлив невнимателен спрема себе си, ќе бидеш нападнат од нечистите духови, тие ќе навлезат во тебе, ќе го опустошат твојот ум и ќе ги расеат твоите мисли по овој свет. (15, 45)

 

ѓ) Затоа тие толку и се радуваат што сознаваат колу големо сокровиште добиле и се плашат да не го загубат, па се трудат својата духовна служба да ја извршуваат добро и да не го навредат со нешто Духот на благодатта за да не бидат напуштени од Него.

  1. Подвижникот не се надева на своите трудови и на својот живот сѐ додека не го прими она на што се надева, сѐ додека не дојде Господ и не почне да живее во него, чувствувајќи Го Неговото дејство. И кога ќе вкуси од Господовата благодат, кога ќе се наслади со духовните плодови од него ќе биде тргнато покривалото на темнината. Тогаш во него ќе болсне Христовата светлина и ќе се пројави во неискажлива радост; тогаш ќе се увери во големата љубов, имајќи го со себе си Господа. Како што трговецот, кога оствари голема печалба, се исполнува со голема радост, но истовремено се плаши од разбојници и од лоши луѓе, така и подвижникот се плаши од лукавите духови, за да не го нападнат и да го лишат од придобивките на неговиот труд, тој е на постојана стража сѐ додека не се удостои да влезе во небесното царство во горниот Ерусалим. (14, 2)
  2. Како што трговците, кои патуваат по море, иако имаат погоден ветер и мирно море, сепак постојано се во страв сѐ додека не пристигнат во пристаниште; се плашат да не се појави некој ненадеен ветер, да не се возбранува морето и да не им го потопи коработ, така и христијаните, иако го чувствуваат погодниот ветар на Светиот Дух во себе си, сепак сѐ уште се опфатени од страв, да не се подигнат спротивните ветришта на непријателските сили и да не предизвикаат во нивната душа некаква мешаница и бура. Затоа е потребна постојана будност за што поскоро да се навлезе во пристаништето на спокојот, во совршениот мир, во вечниот живот и во вечната наслада, во градот на светиите, во небесниот Ерусалим во Црквата на првородните (Ефес. 5, 23). A оној што уште не дошол дотаму, за него има уште многу причини за стравување, за да не го нападнат демонските сили и да не падне на својот пат. (43, 4)
  3. Некој богат човек или некој славен цар се вљубува во некоја сиромашна жена, која нема ништо друго, освен своето тело, но бива сакана бескрајно и тој решава да ја земе за своја невеста и животна сопатничка. И ако таа се согласи да се омажи за него, ако го засака, тогаш сиромашната жена ќе стане господарка на целиот имот, што го има нејзиниот сопруг. И ако потоа направи нешто спротивно на своите обврски и на својот долг, ако почне да се однесува неприлично во домот на својот сопруг, тој ќе ја изгони во срам и подбивање и таа ќе си оди оттаму, ставајќи си ги обете раце на главата, како што е речено и во Мојсеевиот закон за непослушната и нерзумната жена (си. 5. Мој. 24, 1). Тогаш таа почнува да се измачува и горко да плаче, размислувајќи за тоа какво богатство загубила, од каква слава се лишила и се изложила на презир поради својата неразумност. (15, 2)
  4. Така и онаа душа, која Му станала невеста на небесниот Младоженец Христос, за да има со него таинствено и божествено општење, која вкуси од убавините на небесното богатство, должна е со голема ревност искрено да Му угодува на Својот свршеник Христа и своите обврски да ги извршува со голема ревност, за во сѐ да Му угодува на Бога, со ништо да не Го натажува Духот, да ја пази својата целомудреност и љубовта спрема Христа; добро да се однесува во домот на небесниот Цар - со сета преданост спрема благодатта што ѝ е дарувана. И ете, таквата душа е поставена за господарка над сите Господови богатства. И самото нејзино тело ќе биде прославено од Христовото божество. Но, ако згреши вo нешто и вo својата служба почне да се однесува спротивно на својот долг, ако не го извршува она што Му е угодно на Христа, ако не ја извршува Неговата волја, ако не дејствува согласно според Божјата благодат што е вo неа, таа бива отфрлена од животот со срам и позор, зашто станала недостојна да општи со Небесниот Цар. За ваквата душа настанува жалост, тага и плач кај сите светии и кај ангелските сили, кај апостолите, пророците и мачениците. (15, 2)
  5. Затоа треба да се подвизуваме и да бидеме разумни и внимателни, па со “страв и трепет” да го изградуваме нашето спасение (сп. Фил. 2, 12). Според тоа, сите вие, кои сте учесници во Светиот Дух, не постапувајте невнимателно ни во мали ни во големи работи; не натажувајте го Духот на благодатта, за да не бидете лишени од тој живот, во кој сте станале учесници. ( 15, 4)
  6. Ова ќе го претставам и во друго лице. Ако некој слуга влегува во царска палата, служи пред царот, му поднесува она што му било наредено и го изнесува непотребното, а самиот не се служи со тие работи, трудејќи се да биде крајно внимателен при служењето и да не напрви ни најмала грешка; да не стави пред царот едно јадење место друго, туку сите јадења да ги носи едно по друго, како што е по утврдениот ред. Ако, било од незнаење или од невнимателност не се држи по утврдениот ред, ќе биде изложен на големи казни и на смрт. (15, 5)
  7. Исто така, и душата која се посветила да Му служи на Бога по благодат и по дух, има потреба од голема разумност, силно внимание и знаење, за да не погреши во нешто кога размислува за Божјите одлуки; да знае како духовно да му служи и да се пази од сѐ што е несогласно со благодатта. Зашто душата може да Му служи на Господа со духовно служење, кое таинствено се извршува во човековата внатрешност со духот на внатрешниот човек. Без Божјата благодат, без извршувањето на Божјата волја никој не може да Му служи на Бога. (15, 5)
  8. Кога душата ќе ја прими благодатта, тогаш треба да има многу благоразумност и јасно размислување. Сето ова Самиот Бог ѝ го дава на душата, која го бара тоа од Него за да може да Му служи со силата на Неговиот Дух и да не дозволи да биде победен од некој порок и да не погреши, отстранувајќи се, по незнаење од правиот пат, од загубување на стравот Божји и мрзливоста, како и од престапувањето на Божјата волја. За таквата душа ќе има смртна казна и плач, за што говори и божествениот апостол: “да не би ненамерно проповедајќи им на другите и сам да станам негоден” (1. Кор. 9, 27), Гледаш ли каков страв имал оној што бил Божји апостол? Затоа, да Му се молиме на Бога: Ние, кои сме ја примиле Божјата благодат да ја извршуваме само Божјата волја, и духовно да Му служиме на Бога, не дозволувајќи ѝ на нашата мисла да се оддалечува од Господа. На таков начин, откако поживееме угодно пред Бога, согласно со Неговата волја, служејќи Му со духовно служење, да го наследиме вечниот живот. (15, 6)
  9. Оние што влегуваат во царските соби во неговата палата, како оние најголемите великодостојници, така и најмалите слуги, биваат исполнувани со голем страв, трудејќи се да дадат добар одговор на поставеното прашање, или со нешто да ѝ се противстават на царската волја, да погрешат и да бидат страшно казнети. А селаните и простите луѓе кои никогаш не виделе ни цар ни кнез, живеат безгрижно. Исто така, во целит овој свет, сите почнувајќи од царевите до најголемите сиромаси, кои не ја познават Христовата слава, се грижат само за земните работи и никој од нив и не помислува за денот на страшниот Христов суд. Оние, пак, што веруваат во Христа, непрестајно во своите мисли го имаат пред своите духовни очи Христовиот суд. Го гледаат Христа на престолот и оние што стојат пред него, живеат во постојан страв и трепет, за да не погрешат во нешто против Неговите свети заповеди. ( 15, 17)
  10. Како што слугата, кога е близу до својот господар сето време додека се наоѓа во негово присуство бива исполнет со страв и без него не прави ништо, така и ние сме должни своите мисли да Му ги потчинуваме на нашиот Господар, на Христа познавачот на нашите срца, само во него да се надеваме, затоа што е Он наша слава, Он е наш Татко и Он е нашето богатство. Затоа сме должни совесно да се грижиме за нашите задолженија и да имаме страв Божји. (16, 6)
  11. Како што оние, на кои им е доверено да управуваат со цели области и со царски сокровишта, биваат постојано загрижени со нешто да не погрешат пред царот, така и ние, на кои ни е доверено духовното богатство, треба да бидеме секогаш загрижени, но истовремено да бидеме и спокојни, како да немаме ништо. Само на тој начин можеме да го изгониме од нашите души царството на темнината, кое настојува да навлезе во градот на нашата душа, да ги одгониме духовните варвари што сакаат да го пленат нашиот духовен град и да завладеат со него. (16, 12)

 

  1. e) Заради оваа цел, христијанските подвижници се трудат да не отстапат со својот ум од Господа; својата внатрешност да ја пазат средена, како што кормиларот управува со својот брод или коларот со своите коњи.
  2. Бог е неискажлив и безграничен. Он е насекаде: и во планините, и во бездните, не преминува од место на место како што ангелите слегнуваат од небото на земјата. Он е и на небото, Он е и овде. Ако Го бараш Господа во длабочината, ќе Го најдеш и таму како прави чуда. Ако Го бараш во јама, ќе Го најдеш и таму среде два лути лава како го запазува праведниот пророк Даниил. Ако Го бараш во огнот, ќе Го најдеш и таму заедно со пророк Илија и големиот Мојсеј. Господ е насекаде: и под земјата, и над небесата и во нас и насекаде. (16,5,12)
  3. Христијанинот е должен секогаш да си спомнува за Бога зашто е напишано: “Сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце” (5. Мој. 6, 5), а не само тогаш кога влегуваш во молитвен дом; љуби Го Господа и тогаш кога патуваш, и тогаш кога разговараш, и тогаш кога јадеш или пиеш. Секогаш спомнувај си за Бога, љуби Го и биди приврзан кон Него. Зашто Он говори: таму каде е твојот ум, таму е и твоето сокровиште (Матеј 6, 21). Она кон што е приврзано срцето на човекот, кон што го влече неговата желба, тоа станува негово божество. Ако срцето секогаш копнее по Бога, тогаш Бог е Господар на тоа срце. Кога фрлиме суви прачки во оган, тие не можат да ѝ се противстават на огнената сила, туку веднаш изгоруваат, така и демоните кога сакаат да го нападнат човекот што се удостоил со даровите на Светиот Дух, биваат изгорувани и уништувани од божествената огнена сила. Човекот треба секогаш да биде прилепен кон Господа и само во Него да се надева. Демоните, иако се моќни и неразнишливи како карпестите планини, сепак нив ги изгорува и уништува силата на молитвата и ги стопува како што се топи восокот пред силата на огнот. (43, 3)
  4. Божјите светии понекогаш седат крај прозорците на овој свет и ги гледаат неговите измами. Нивниот внатрешен човек разговара со Бога и се распрашува за она што станува во светот. Луѓето од овој свет се подложни на влијанието од страна на духот на лагата и мудруваат на овоземен начин. Христијаните имаат волја согласна со Божјата волја; нивниот ум е поинаков. Тие се жители на другиот свет, на небесниот град. Божјиот дух општи со нивните души. (15. 8, 9)
  5. Свети апостол Павле пишува: “И така, мажите сакам да се молат на секое место, кревајќи ги чистите раце без гнев и сомневање” (1. Тим. 2, 8), зашто, според Евангелието, човечките помисли излегуваат од срцето негово (сп. Матеј 15, 19). Затоа, пристапувај кон молитвата, внимавај на своето срце и на својот ум, копнеј по тоа, твојата чиста молитва да се издигнува кон Бога. Особено внимавај на тоа што ѝ пречи на молитвата, дали е таа чиста, дали твојот ум е исполнет со Господа така - како што умот на земјоделецот е исполнет со земјата, како што умот на сопругот е исполнет со мислата за својата сопруга, како што трговецот размислува за својата трговија. И кога коленичиш за време на својата молитва запрашувај се, дали твоите помисли не талкаат на друго место. (15, 12)
  6. Напишано е: “Сакај Го Господа, твојот Бог, од сѐ срце” (5. Мој. 6. 5). И ти говориш: Јас Го љубам, јас Го имам Светиот Дух. Но дали е точно, дека ти си спомнуваш за Господа, дека Го љубиш, дека Му припаѓаш? Дали си приврзан за Господа дење и ноќе? Ако имаш ваква љубов ти си чист. А, ако ја немаш, тогаш кога настануваат земните грижи, нечистите и лукави помисли, запрашај се: дали навистина сето тоа е така и дали твојата душа копнее по Божјата љубов и Му е верна на Бога? Зашто мислите на овој свет го расејуваат човечкиот ум, не му дозволуваат да Го љуби Бога и да си спомнува за Него. Често и оној човек што е духовно непросветен почнува да се моли, коленичи пред Бога и неговиот ум се смирува; и доколку ја отстранува од себе демонската злоба се вдлабочува во Божјата милост, дотолку од него се оддалечува демонската темнина, и таквиот човек духовно прогледува и добива божествена мудрост, која не можат да ја придобијат силните, мудрите и учените на овој век; тие не можат да навлезат во длабочината на човечкоит ум, зашто Него можат да Го познаат само оние, што се исполнети со Неговите тајни. (15, 13)
  7. Кога гори оган, под казан и почнеш да го засилуваш со додавање на суви дрва, она што е во казанот почнува силно да врие како последица на засилениот оган. Ако не се грижиме за огнот, ако не му додаваме дрва, тој постепено ќе намалува и најпосле сосема ќе изгасне. Ако се молиш, мислите твои предај Му ги на Христа. Тоа е слично со додавање дрва на огнот, кои се разгоруваат од двата што горат. На тој начин и твојата молитва потонува во Божјата љубов. Духот, иако се оддалечува и бива како да е надвор од тебе, сепак знај дека е во тебе, а се јавува надвор од тебе. Ако некој стане невнимателен, макар и кусо време ќе им се предаде на светските работи и почне да се расејува, тогаш гревот пак се враќа се внедрува во твојата душа, се облекува во неа и почнува пак да те измачува. А душата си спомнува за изминатиот спокој и почнува да тажи и сѐ почесто да страда. (40, 7)
  8. Toгаш умот одново се обраќа кон Бога, одново почнува да се приближува кон Него и некогашниот спокој постепено се враќа во него. Тој почнува посилно да Го бара Бога и да говори: “Ти се молам, Господи!” На тој начин постепено се додава оган во неговата душа, и таа се разгорува и успокојува. Без ова, односно, ако душата не би ја знаела горчината и смртта, како би знаела да го разликува горчливото од слаткото, смртта - од животот- како би можела да Му благодари на животворниот Отец и на Неговиот Син и на Светиот Дух? (10, 8)
  9. Како што на коработ, ако е добро опремен, со целата посада управува капетанот на бродот: тој на секого му кажува и му наредува што треба да прави; така и нашето срце има свој раководител и заповедник - тоа се умот и нашата совест, како и нашите помисли, кои нѐ осудуваат или оправдуваат. И светиот апостол пишува и вели: “Нивната совест им сведочи за тоа и нивните мисли помеѓу себе се обвинуваат или оправдуват” (Рим. 2, 15). (15, 31)
  10. Како што колата, дизгините, коњите и сѐ друго се наоѓа во рацете на кочијашот: и каде што сака тој таму оди колата, кога сака, колата вози со најголема брзина, кога сака ја успорува, ја свртува накаде што сака и кога сака, кога сака ја враќа назад. Целата кола е во негова власт. Така и човековото срце има многу природни помисли, кои се тесно поврзани со него, а умот и совеста му даваат совети и усмерувања. Тие ги смируваат и скротуваат природните помисли кои настануваат во нашето срце. Иако е душата една, во неа има многу составни делови. (15, 32)
  11. Луѓето, кога ги впрегнат коњите во своите борни коли и седнат во нив, тие ги устремуваат против непријателските војски и се трудат да ги уништат и да ги победат. И човековото срце е слично на бојно поле: во него се борат лукавите духови и ја напаѓаат човековата душа, а Бог и ангелите го следат подвигот на душата. Освен тоа, и самата душа секој миг раѓа нови помисли, а и духовите на злобата ѝ внушуваат грешни мисли. Зашто душата има многу свои скриени помисли; таа ги раѓа и создава, а и духовите на злобата постојано со разни свои помисли ја напаѓаат нашата душа. Нашиот ум е како јавач и кочијаш, кој ја управува колесницата на нашата душа, тој ги притегнува дизгините на нашите помисли и се устремува против колесниците на сатаната. Ова истото го прави и сатаната против човечките души. (40, 5)

 

ж) Од ова се гледа дека борбата со гревот и со духовните непријатели никогаш не престанува во душата. Оваа борба со помислите и движењата на срцето никогаш не престанува. За оваа борба овде се говори поподробно.

  1. Многумина, иако е благодатта присутна во нив, не знаат дека се заробени од гревот. Како што во некој дом, во кој живеат млада жена и млад маж, жената може да биде заведена од тој маж и таа се согласува со неговата грешна желба - извршуваат блудно дело и така таа станува презрена, исто така и гревот живее заедно со душата, ја соблазнува и ја заведува. Ако душата се согласи, тогаш таа, која е бестелесна, влегува со грешно општење со бестелесниот дух на злобата прељубодејствува со него; односно духот општи со друг дух ако се согласи со помислата на лукавиот и ако ја прифати. Затоа, целта на твојот подвиг е во тоа: да не си дозволиш да прељубодејствуваш во своите мисли, туку да се противставуваш со силите на твојот ум и внатрешно да водиш борби - да се бориш со порокот, да не се согласуваш со него и да не се насладуваш со него во своите помисли. И, ако Господ ја најде оваа и ваква готовност, тогаш во последниот ден ќе те прими во Своето царство. (15, 26)
  2. Човекот има таква природа, така што и кога се наоѓа во длабочината на порокот и кога мy робува на гревот, сепак, може да се обрати кон доброто, како што и оној што е врзан со Светиот Дух и напосен со она што е небесно - може пак да се обрати кон злото. Пa дури и оние, кои вкусиле од Божјата благодат и станале причесници на Светиот Дух, ако не бидат внимателни, гаснат духовно и стануваат полоши отколку што биле додека живееле во светот. А ова бива не затоа што Бог се менува и што е немоќен или затоа што Духот изгаснува, туку затоа што самите луѓе не се согласуваат со благодата. И токму затоа се отстрануваат и паѓаат во илјадници зла. (15, 34)
  3. Некои други, кои веќе вкусиле од Божјата сладост, уште се подложни на противничкото дејство, па поради својата неопитност, cе чудат дека, и по Божјата посета, помислите го покажуваат своето дејство и за време на христијанските таинства. Но, оние што остареле во оваа состојба, не се чудат на ова, како и опитните земјоделци од својата долга навика, тие не остануваат незагрижени, туку очекуваат и глад и скудост, не загубувајќи ја потполно ни надежта, зашто знаат дека времињата се променливи. Така е и во духовните работи: кога душата паѓа во разни искушенија, таа тогаш не се ни чуди, ниту се очајува, зашто знаат оти по Божја дозвола, демонската злоба може да нѐ искушува и, исто така, дека никогаш  не треба да бидеме безгрижни, туку секогаш подготвени да ги пречекаме тие промени. (16, 3).
  4. Човек кога се наоѓа и во длабочината на благодатта и кога е збогатен со неа, и тогаш уште има лоши пороци во него; но тој има и свој закрилник, кој му помага. Ако од изворот истекува вода, тогаш и насекаде околу него има влага. Така е и кај Божјите слуги, во кои е преизобилна Божјата благодат, па таа ја навлажнува и напојува и неговата природна желба. Затоа сега Божјите луѓе станале поиздигнати од првиот Адам. (16, 4)
  5. А некои други до таква мерка се успокоени во Божјата благодат, така што биваат похрабри од порокот што живее во нив, а имајќи молитва и голема надеж на Бога, сепак, понекогаш биваат изложени на дејството од лукавите помисли и измамувани од гревот, иако уште живеат во Божјата благодат. Но, оние што се неискусни и лекомислени, кога дејствува Божјата благодат делумно во нив, мислат дека во нив нема веќе никаков грев, но оние што се умни и благоразумни не се осмелуваат да речат дека, иако ја имаат Божјата благодат, не се и понатаму подложени на дејството од страна на срамните и нечисти помисли. (17, 5)
  6. Честопати меѓу браќата има такви, кои придобиле радост и благодат, па во продолжение на пет или шест години говореле за себе си: “Похотта веќе овена во нас”. И тогаш кога мислеле дека потполно се ослободиле од похотга, порокот, што се прикривал во нив, се пројавувал и тие се распалувале со такви силни гревовни желби, така што и тие самите се вчудоневидувале и велеле: “Откаде по толку долго време се издигнува во нас толку силна порочна желба?” Затоа никој што размислува здраво нема да се осмели да рече: “Бидејќи Божјата благодат живее во мене, јас сум потполно слободен од гревот”. Напротив, на нашиот ум дејствуваат две спротивни духовни сили. Неопитните штом ќе почувствуваат дека во нив дејствува Божјата благодат, помислуват дека веќе го победиле гревот и дека станале совршени христијани. А според мене, работата е ваква; кога на истото и ненаоблачено небо сонцето сјае, и одеднаш се појават облаци и го покријат сонцето, тоа таму зад облаците не ја загубува својата светлина и продолжува да постои. Вака бива и со оние што не добиле совршена чистота. Тие живеат во Божјата благодат, но во длабочината на својата душа уште се заробени од гревот; тие имаат во себе си и природни движења и помисли, кои ги закрепнуваат во нивниот стремеж кон Бога, иако не се потполно утврдени во доброто. (17, 6)
  7. Па така, и тие, кои во длабочината на својата душа се наоѓаат на добрата страна, односно во нив преовладува благодата, сепак, уште остануваат робови на гревот и заробеници на лукавите помисли и со тоа се наоѓаат на страната на порокот. Затоа има голема потреба од разумност, за да може човекот да разбере како се случува сето тоа во нас. А ти велам, дека ни апостолите, кои Го имале Утешителот во себе си, не биле потполно безгрижни. И тие, кога се радувале и се веселеле, чувствувале во себе и страв и трепет и тоа по дејство на благодатта, а не од самиот порок; нив ги пазела самата благодат, за да не отстапат од благодатта дури и во нешто што е сосема мало. Ако фрлиме камче на ѕид, не му правиме со тоа на ѕидот никакво оштетување и не можеме да го поместиме од неговото место. Исто така, ако фрлиме стрела на оној што е во оклоп, со тоа нема да му нанесеме никакво оштетување ни на оклопот, ниту на оној што е во оклопот, затоа што оклопот ја одбива стрелата. И кон апостолите се приближувал дел од порокот, но не им нанесувал никаква повреда, бидејќи тие биле облечени во совршената Христова сила, а и тие самите, бидејќи совршени, имале слобода да ги извршуваат праведните дела. Бидејќи некои тврдат, дека душата, кога ја има благодатта, не треба веќе да се грижи, треба да знаеме оти Бог бара да ја пројавуваме нашата слободна волја за да Му служиме на Духот, за да дејствуваме согласно со благодатта. И свети апостол Павле затоа пишува: “Не гаснете Го Духот” (1. Сол. 5, 15). (17, 7-8)
  8. Во видливиот свет земјата сама од себе често раѓа трње. Земјоделецот ја ора и ја прекопува земјата, вредно ја обработува и ја засејува, но сепак трњето, иако не се намерно посеани растат и се умножуваат. Затоа и на Адама, пo неговиот грев, му било речено: “Земјата ќе ти раѓа трње и чички” (1. Мој. 3, 18). Земјоделецот и понатаму се труди, ги искорнува трњето, но тие уште повеќе се умножуваат. Да го разбереме ова и на духовен начин: Имено, по паѓањето во грев на првите луѓе, земјата раѓа трње и чички; човекот ја обработува земјата, се труди, но трњето на лукавите духови и понатаму никнуваат и растат. Потоа, Светиот Дух си спомнува за човечката немоќ, па во земјата на нашето срце вложува небесни семиња и ги обработува. Господ и човекот, одново ја обработуваат земјата на душата, но и откако падна Божјото семе во човековата душа, сепак, духовните трње и понатаму ќе никнуваат и ќе растат; во душата се јавуваат седумина лукави духови сѐ додека не настане лето и не се умножи благодатта, та не бидат исушени трњето од сончевата жештина. (26, 21)
  9. Порокот, иако живее во самата природа, тој се преумножува само таму, каде што наоѓа храна за себе си. Нежните житни стебленца можат да бидат загушени од лошите треви и од трњето. Но, кога во текот на летото растенијата ќе бидат исушени, тогаш исушените лоши треви ни најмалку не ѝ нанесуват штета на пченицата. На триесет шиници пченица може да има само неколку грсти какол; тој ќе биде незабележлив во толку многу пченица. Така е и со благодатта: кога царот Божји и благодатта се преумножат во човекот и, ако тој се збогатува во Господа, тогаш порокот, ако делумно и останал во човекот, не може да му наштети и нема никаква сила над него. Зашто затоа и дошол на земјава нашиот Господ! Заробените и потчинетите од порокот да ги ослободи да ги направи победници над гревот и над смртта. (26, 22)
  10. Дали можеле апостолите да згрешат, ако сакале да згрешат; или, пак, Божјата благодат била посилна од самата нивна волја? Тие не можеле да згрешат затоа што светлината живеела во нив и затоа што, и при таквата благодат, тие не се превознесувале. Впрочем, ние не велиме, дека благодата во нив била немоќна, туку велиме дека благодата им дава можност и на најсовршените духовни мажи да имаат свои желби, можност да прават што сакаат и да се одредуваат за она што им е угодно. И самата човечка природа, бидејќи  немоќна, има можност да се уклони од доброто што живее со неа. Како оние што се потполно вооружени, кои имаат оклоп и сѐ друго; внатрешно се во безопасност, па и непријателите не ги напаѓаат, но и ако бидат нападнати, тие имаат оружје и можат да му се противстават на непријателот, да влезат во борба со него и да го победат; или, имајќи го своето оружје, тие можат и да не војуваат со своите непријатели, туку и да се веселат заедно со нив и да бидат во мир. Така и христијаните, бидејќи облечени во совршена сила имајќи го небесното оружје, ако посакаат, можат да се насладуваат заедно и со сатаната и да живеат во мир со него и да не војуваат. Човековата природа лесно се менува и човекот, ако сака, со силата на својата слободна волја, може да стане син Божји или син на сатаната. (27, 11)
  11. Дали на совршените им претстои борба или борби? Или се тие потполно безгрижи? Нема човек во кого духовниот непријател престанал да напаѓа. Сатаната е немилосрден и го мрази човекот; тој секогаш е приготвен да го нападне секој човек, но, како што се чини, тој не ги напаѓа сите со еднакви усилби. Едни поднесуваат силни напади и страшни измачувања од гревот, но тие стануваат во тие борби и посилни и помудри, не се плашат од силата на противникот и за нив нема никаква опасност од него; тие се уверени во своето спасение затоа што често војувале со него и имаат поголема опитност за тоа како да се борат со неговата злоба. И Самиот Бог е со нив. Нив ги води Бог и Он ги успокојува. А други, кои не се бореле со демонските сили и немаат опитност за вакво војување, па затоа штом паднат во маки и навлезат во борба со нив, тие веднаш биваат победувани и загинуваат. (15, 16-17)
  12. Некои, откако се оградиле и под силното дејство на Божјата благодат што ја имале во себе гледале колку се осветени сите нивни делови, правеле заклучок за себе си и сметале дека во христијанството нема место за похотта, дека умот им е целомудрен и чист и дека внатрешниот човек е издигнат веќе во божественото и небесното. Затоа, таквите луѓе мислат, дека несомнено стигнале до совршениот степен. И тогаш, кога мислат дека веќе навлегле во безопасно пристаниште, токму тогаш гледаат дека се среде морската шир и дека се шибани од разбеснети бранови, дека околу нив има само вода и небо и дека смртта е приготвена да ги проголта. Ете, така гревот што влегол во нас ја создава секоја лоша похота. Но, откако одново се удостојат со малку благодат, тоа е како од целата морска длабочина да добиле само една мала капка вода и во тоа тие секој миг и секој ден чувствуваат како со нив се случува некакво чудо: во нив одново почнува да дејствува ново и божествено дејство, на се вчудоневидуваат и се прашуваат како можеле така страшно да се измамат. Најпосле, божествената и небесна благодат одново ги просветува, ги раководи и смирува и сѐ во нив е средено и насочено кон добро. (38, 4)
  13. Прави го она што е добро, она што станува во твојот внатрешен човек, каде што е поставен Христовиот олтар заедно со неосквернетото светилиште, за да може сведоштвото на твојата совест да се пофали со Христовиот крст, кој ја очистува твојата совест од мртвите дела; да Му служиш на Бога со својот дух и да познаеш на Кого треба да му се поклонуваш, како што е речено: “ние се клањаме на она што го знаеме” (Ј ован 4, 22). Предај Му се на твојот патеводител на Бога; душата твоја да општи со Него, како невестата со својот младоженец. Зашто е речено: “Оваа тајна е голема. Но јас ви зборувам за Христа и за Црквата” (Ефес. 5, 32) и за непорочната душа.
  14. Замисли си овошна градина и други миризливи растенија. Градина е прекрасно обработена и уредена. За да биде добро запазена, таа е оградена со висок вид. Покрај неа тече бистра и чиста река. Ако оваа вода, иако лесно, но постојано удира во оградниот зид, таа ќе ја повреди неговата основа и ќе ја разниша, ќе го урне ѕидот и ќе навлезе во градината, па ќе ги искрши и ќе ги искорне дрвјата и растенијата, ќе ги уништи сите трудови и ќе ја направи градината неплодна. Ова истото станува и со човековото срце. Во него има прекрасни мисли, но кон него непрестајно се приближуваат и потоците на гревот, кои го поткопуваат и сакаат да го одвлечат настрана. И ако е умот лесномислен и ако им се предава на нечистите помисли, тогаш духовите на лагата веќе наоѓаат во него храна за себе, навлегуваат во него, ги уништуваат сите негови убавини, ги отстрануваат добрите помисли и ја опустошуваат душата.

 

з) Освен овие напади, доаѓаат и други - однадвор. Заедно со пројавувањето на Божјата благодат во срцето на подвижникот, почнуваат непријателските напади и од страна на луѓето. Непријателот, избркан одвнатре, се вооружува однадвор. Ова е неизбежен услов за христијанинот, кој води кон усовршувањето на духот.

  1. Божјите луѓе треба да се подготвуваат за борба и за подвиг. Како што храбриот младич бива истраен во борбите, ги претрпува ударите што му ги нанесуваат и на тие удари одговара со удари, така и христијаните треба да ги поднесуваат ударите во внатрешните и надворешните борби - да ги претрпуваат и да победуваат преку трпеливоста. Таков е патот на христијанството. Таму каде што е Светиот Дух, таму како сенка следат гонењата и борбите. Не гледаш ли дека и пророците, иако во нив дејствувал Светиот Дух, секогаш биле прогонувани од своите сонародници? И нашиот Господ и Спасител Исус Христос, Кој бил пат, вистина и живот бил гонет и тоа не од некој друг народ, туку од своите луѓе. Неговиот народ Израилците Го гонеле и Го распнале. Истото било и со светите апостоли: по крсните страдања, по воскресението и по вознесението на Господа, на нив слегнал Светиот Дух, Утешителот, и се вселил и во нив и во сите христијани, па потоа апостолите и христијаните почнале да бидат гонети и измачувани. За тоа тие не треба ни најмалку да се чудат, зашто вистината треба да биде гонета. (15, 11)
  2. Не е едноставно и она што е напишано за многустрадалниот Ј ов: како сатаната Го молел Бога да му го предаде, зашто тој не можел да му направи ништо, ако Бог не му дозволил. Што му рекол ѓаволот на Господа? Му рекол: “Ти ги благослови делата на рацете негови, стадата негови се шират по земјата; но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш?” (Jов 1, 10-11). Така е и сега. И Јов е истиот, и Бог е Истиот, и ѓаволот е истиот. Тогаш кога ја гледал Јов Божјата помош, тој бил ревносен и Божјата благодат горела во Него. Ѓаволот Му се молел на Бога и го барал Јова, велејќи: “Ако му помагаш и ако го заштитуваш, тој ќе Ти служи. А остави ми го, предај ми го, па ќе видиш каков ќе биде, ќе видиш дали ќе Те благословува? Па така, откако душата бива подолго време крепена и утешувана со Божјата благодат, таа отстапува од него и душата им бива предавана на искушенијата. Тогаш доаѓа ѓаволот и ѝ нанесува илјадници маки, ја опсипува со очајание, лукави помисли и удари, за да ја ослабне и да ја оддалечи од надежта во Бога. А благоразумната душа не ја губи својата надеж во Бога ни во несреќите, ниту во страдањата, туку го запазува она што ѝ било дадено; што и да ѝ биде направено, таа претрпува сѐ, и кога се наоѓа во илјада искушенија таа говори: “И да умрам, нема да Го оставам Господа!” (26, 7-8)
  3. Сите праведници оделе по стрмниот и тесен пат и до крајот Му угодувале на Бога. Авраам бил богат во Бога, а инаку се нарекувал земја и пепел (1. Мој. 18, 27). И псалмопеачот Давид говорел за себе си. Сите што ме гледаа, ми се подбиваа, нишајќи ги главите, велеа: “Тој се надеваше на Господа; нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден” (Псал. 21, 7-8). И сите апостоли и пророци страдале и биле прекорувани. И Самиот Господ, Кој е пат и Бог, Кој дошол на земјава не заради Себе си, туку за тебе, Кој станал за тебе образец за сѐ што е добро, гледај, во каква понижност паднал; Бог, Божјиот Син, Царот и Царевиот Син доброволно прифатил да биле слуга; Он дава лекарства што лекуваат, ги лекува ранетите, а и Он Самиот е како еден од ранетите. (26, 25)
  4. Но, не занемарувај ја Божјата величественост кога ќе Го видиш надворешно понижен и сличен на нас; заради нас, а не заради Себе Си - Он се јавил таков. Размисли: зар не бил Он понижен повеќе од сите во оној час кога сите викале: “Распни Гo!” (Марко 15, 13) и кога народот се собирал од сите страни околу Него. Како што бива во овој свет кога некој владетел осудува злочинец, тогаш целиот народ се гнаси од него и го понижува, така и нашиот Господ и Спасител бил осуден на смрт и бил распнат - како човек бил осуден да умре. Него фарисеите Го сметале за никој и за ништо. И тогаш кога Го плукале в лице, кога Му ставале трнов венец на главата, кога Го удирале по образите, сето ова нели ја надминало секоја мерка на унижување? Зашто е напишано: “Грбот Свој го подметнав на оние што Ме биеја, и образите Свои на оние што Ме удираа” (Иса. 50, 6). Па кога Господ примил толку подбивања, страдања и понижувања, колку повеќе треба да се смируваш ти, кој си по природа тиња и смртен и нема да направиш ништо слично на она што го направил твојот Господ. Заради тебе Бог се смирил Себе Си, а ти не се смируваш заради себе си, туку се гордееш и се вознесуваш. Он дошол заради тебе да се подложи на тешкотии и слабости за да ти даде тебе спокој , а ти сакаш да се потрудиш и да пострадаш, за твоите рани да бидат залепени преку тоа. Нека е слава на страданието и долготрпеливоста Негова во веки! (26, 26)
  5. Ако Бог одел на земјата, одел по тој пат, тогаш и ти треба да се угледаш на Него. По тој и таков пат оделе и апостолите и пророците. И ние, ако сакаме да бидеме изградени врз темелот на Господа и апостолите, треба нив да ги подражаваме. Зашто и апостолот говори со Светиот Дух: “Ве молам, подражавајте ме мене, како што јас Христа” (1. Кор. 4, 16). Ако ја сакаш славата од луѓето, ако сакаш да ти се клањаат, ако бараш да бидеш спокоен, тогаш ќе се оддалечиш од Божјиот пат. Ти треба да се сораспнуваш со Распнатиот, да страдаш со најголемиот Страдалник, за да се прославиш со Прославениот. Апостолот вели: “Ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме” (Рим. 8, 17). Зашто потребно е: да пострадаме заедно со Младоженецот и преку тоа да станаме соучесници и сонаследници Христови. На никого не му е дозволено без страдања и по широк и лесен пат да влезе во градот на светиите - да се радува и да царува со Царот на бескрајните векови. (12, 5)
  6. Дали на сатаната му бива допуштено само до извесна граница или тој може да нѐ искушува и да нѐ напаѓа колку што сака? Тој се устремува не само против христијаните, туку против идолопоклониците и против целиот свет. Затоа, ако му е дозволено да напаѓа колку што сака, тој би ги уништил сите. А зошто? Затоа што тоа е негова работа и тоа тој го сака. Како што казанџијата, кога ги става садовите на оган, ги загрева до извесна мерка, а не премногу, за да не останат недоправени или сосема да не бидат уништени, исто така, и оној што прави златни и сребрени работи, и тој го разгорува огнот толку, колку што е потребно, зашто ако го засили огнот премногу, тогаш златото и среброто ќе се стопат и ќе пропаднат. И човековиот ум знае колку кој од неговиот добиток може да носи или да влече: знае колку може да носи камилата и некое друго животно, и не ги претоварува. И Бог ја знае човековата сила. Затоа во различна мерка им дозволува на непријателските сили да дејствуваат. (26, 3)

 

3) Издржувајќи трпеливо во сето ова и не попуштајќи пред непријателот во ништо, душата се очистува сѐ повеќе и ѝ дава на благодатта на Светиот Дух сѐ поголема можност да дејствува во неа, која, најпосле, се пројавува во просветувањето на умот, во особените радосни морални состојби, во виденијата, во раководењата. Очигледно се забележува дека душата се приближува кон совршенството.

  1. Ако некој Го љуби Бога, тогаш и Бог нему му возвраќа со љубов. Оној што поверувал во Бога - нему Бог му дава небесна вера и човекот ги удвојува своите сили. Затоа, ти кога од своите сили Му принесеш на Бога дар, тогаш и Бог од Своите сили ќе ѝ даде дар на твојата душа, за да можеш чисто да работиш, да љубиш и да се молиш. (5, 20)
  2. Марија оставила сѐ, седнала крај нозете на Господа и во текот на целиот ден Го прославувала Бога. Гледаш ли дека седењето покрај нозете е највозвишената љубов? Но за да почне Божјото слово да ти светлее уште повеќе, послушај го и ова. Ако некој Го сака Исуса и со внимание Го слуша, као што треба, а не едноставно, туку со љубов, тогаш и Бог посакува да ја надари таа душа со нешто зa таа љубов, та иако човекот не го знае тоа, не знае што прима и во каква мерка, Бог ја обдарува неговата душа. Зашто и на Марија, која Го возљубила Господа и која седела покрај Неговите нозе, не ѝ била дадена обична награда, туку Бог ѝ дал од Својата суштина некоја таинствена сила. Самите зборови, кои ги изговорил Бог на Марија биле дух и некаква сила. Овие Негови зборови влегле во нејзината душа и станале душа на нејзината душа, дух - на нејзиниот дух и божествена сила. Тие го исполниле нејзиното срце, зашто таму каде што е таа сила, таа останува и бива богатство во неа, кое никој не може да ѝ го одземе. Затоа и Господ, знаејќи што ѝ подарил, рекол: “Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе” (Лука 10, 42). Но со време и она што го правела Марија со желба и усрдност, ја довело, токму до ова што ѝ било подарено, зашто и таа ја примила божествената сила во својата душа. (12, 16)
  3. И има ли нешто чудно во тоа: ако оние што приоѓат кон Господа и кои се прилепуват телесно до Него - примаат од Него сила? Некогаш апостолите, говореле пред луѓето, а Светиот Дух слегувал на оние што поверувале (сп. Дела 10, 44). Корнилиј од зборовите што ги слушнал примил сила. А колку повеќе, се случувало тоа, кога Господ им говорел: на Марија или на Захеја, или на грешницата, која ги расплела своите коси и Му ги бришела нозете што ги измила со своите солзи, или на Самарјанката, или на разбојникот, кога се јавувала Божјата сила и Божјиот Свет Дух влегувал во единство со нивните души. И сега оние што го љубат Господа, кои оставиле сѐ и кои се постојано во молитва таинствено се поучуваат за она што не го виделе. Самата Вистина, нам ни се открива, затоа што тие тоа го посакале и Господ Исус Христос ги учи, велејќи им: “Jac сум вистината” (Јован 14, 6). Апостолите, кои биле со Господа сѐ до Неговите крсни маки, виделе многу чуда: виделе како очистува лепрозни и воскреснува мртви, но не знаеле како божествената сила живее и дејствува во нивното срце; не знаеле дека и тие духовно ќе се преродат, дека ќе стапат во соединување со небесната душа и дека ќе станат нова твар. Тие Го љубеле Бога поради чудата што ги правел. Најпосле, Господ им рекол: “Зошто им се чудите на Моите чуда? Јас ви давам големо наследство, какво што нема целиот свет”. (12, 7)
  4. За нив биле чудни овие зборови на Господа сѐ до Неговото воскресение од мртвите и сѐ до Неговото вознесение на небото, за нас и за нашето спасение. И тогаш слегнал врз нив Духот Утешител и стапил во единство со нивните души. Самата Вистина се јавува во душите на верните: Небесниот човек доаѓа при човекот и меѓу нив настанува меѓусебно општење. Затоа, оние што остануваат во служењето и сѐ што прават - го прават со усрдност и со ревност спрема верата, од љубов спрема Бога во тек на времето ги доведува до знаење на Вистината, зашто Господ им се открива на нивните души и ги учи да живеат заедно со Светиот Дух. (12, 8)
  5. Речено е: “Вкусете и ќе видите колку е благ Господ! Блажен е оној човек, кој на Него се надева!” (Псал. 33, 8), а ова вкусување е несомнено дејствувањето на силата на Духот, која го извршува служењето во срцето. Затоа оние што се синови на светлината и на служењето на Новиот Завет во Светиот Дух, тие не биваат научувани на ништо од луѓето, а нив ги учи само Светиот Дух Самиот Бог. Самата благодат ги пишува законите на Духот во нивните срца. За тоа тие потврда треба да бараат не само во Светото писмо, кое е напишано со мастило, зашто Божјата благодат и врз плочите на срцето ги впишува законите на Духот и небесните тајни. А тоа е така, затоа што срцето е Господово и тоа му припаѓа на Небесниот Цар во целиот телесен состав. И кога благодатта ќе завладее со срцето, тогаш таа царува над сите членови и над помислите, зашто таму се и нашиот ум и сите наши помисли; таму е и копнежот на нашата душа. Затоа благодатта ги проникнува сите долови на телото. (15, 18)
  6. Таквиот, според она што е напишано (1. Кор. 2, 14) го испитува секој човек. Тој знае за секого: од кој извор ги зема зборовите, знае каде се наоѓа, каде застанал, на кој степен се наоѓа; а за него не можат да знаат и да просудуваат ништо и тоа никој од луѓето што го имаат духот на овој свет. Само оној што го има во себе Божјиот Дух, само тој, слично на него, може да го знае тоа, како што вели апостолот: “духовното со духовно се разбира”. (9, 8)
  7. Оние што се удостоиле да станат чеда Божји и да се родат одозгора - од Светиот Дух; кои Го имаат во себе си Христа, Кој ги просветува и успокојува; тие кога биват духовно успокојувани, тогаш кај нив на најразлични начини, во нивното срце, невидливо дејствува благодатта. Но ние земаме слики од видливите наслади во светот, за да можеме да покажеме како дејствува благодатта во душите на таквите луѓе. Тие понекогаш се развеселени како да се наоѓаат на царска вечера и се радуваат со неискажлива радост и веселба. Другпат се како невеста, која се успокојува со небесен спокој во општењето со својот младоженец. А понекогаш се слични на бестелесните ангели, па иако сѐ уште се наоѓаат во своето тело, тие чувствуваат во себе си голема леснина и окриленост. А понекогаш се како пијани, развеселени и зарадувани од Духот - опиени од божествените духовни тајни. (18, 7)
  8. A понекогаш тие плачат и тажат за човечкиот род, се молат за сите Адамови чеда, проливаат солзи и плачат, горат со духовна љубов кон човештвото. Понекогаш со таква радосг ги распалува Духот, така што, кога тоа би било можно, тие секој човек би го сместиле во своето срце, не правејќи разлика меѓу добриот и лошиот. Понекогаш, понесени од смиреноста на својот дух, толку се унижуваат пред секој човек, па се сметаат за последни и најмали од сите. Понекогаш не престануваат да горат во неискажлива радост. Понекогаш се слични на силен војник, кој, вооружен со сето царско оружје, излегува и стапува во бој со непријателите и бестрашно се бори за да ги победи. Зашто, слично на овој, и духовниот борец се вооружува со небесните оружја на Духот, појдува против духовните непријатели и води борба со нив, за да ги покори под своите нозе. (18, 8)
  9. Понекогаш душата е слична на некоја голема тишина, на молк и на мир, живее само во духовно задоволство, во неискажлив спокој и во задоволство. Понекогаш благодатта ѝ дава голема мудрост, ја знае мудроста на Духот што никој не Го познава, Кој не може да биде искажан со зборови и со уста. Понекогаш станува како еден од обичните луѓе. Така разновидно дејствува благодатта во луѓето; ја води душата на многу начини, давајќи ѝ мир според Божјата волја, ја подготвува на најразлични начини, за да ја претстави пред Небесниот Отец совршена, беспрекорна и чиста. (18, 9)
  10. Овие дејства на Духот, што ги набројавме, ја достигнуваат својата најголема мерка кај блиските по совршенство. Бидејќи наброените разновидни успокојувања на благодатта различно се искажуваат со зборови, а во луѓето продолжуваат непрекинливо, така што едно дејство следи по друго. Кога душата се издигне кон совршенството на Духот, откако била очистена од сите срасти, и ќе приде во неискажливо општење до соединување во Светиот Дух, таа самата се удостојува да стане дух: тогаш станува целата светлина, целата око, целата дух, целата радост, целата спокој, целата радување, целата љубов, целата милосрдност, целата благост и добрина. Како што во морската бездна каменот е отсекаде заобиколен со вода, така и овие луѓе потполно соединети со Светиот Дух, стануваат слични со Христа, неизменливо имајќи ги во себе добродетелите на духовната сила, остануваат внатрешно беспрекорни, непорочни и чисти. Зашто, тие кои се уподобени на Духот, како можат да раѓаат надворешно плод на порокот? Напротив, секогаш и во сѐ во нив сјајат плодовите на Духот. (18, 10)
  11. Некој влегува да коленичи, и душата негова се исполнува со божествена дејност; неговата душа се весели со Господа како што се весели невестата со својот младоженец, според зборовите на пророкот Исаија, кој вели: “Како што младоженецот се радува на невестата, така ќе ти се радува твојот Бог тебе” (Иса. 62, 5). A некогаш, бидејќи во текот на целиот ден зафатен со нешто, тој на моливата и посветува само еден час, неговиот внатрешен човек со голема наслада се восхитува во молитвеноста, навлегува во бескрајната длабочина на другиот живот, така што неговиот окрилен ум бива целосно пренесен таму. Во текот на тоа време настанува во неговите мисли потполно заборавање за земното мудрување, затоа што неговите помисли се наситени и запленети со она што е божествено, небесно, безгранично и недостижно и со нешто чудно, што човековиот разум не може да го искаже. Во тој миг тој човек се моли и говори: “O, колку е убаво кога мојата душа отишла заедно со мојата молитва!” (8, 1)
  12. Дали човекот секогаш навлегува во оваа состојба? Вистина, благодатта секогаш постои, се вкоренува и дејствува како квасец во човекот уште од неговата млада возраст. Затоа ова постоење во човекот бива како нешто природно и неодделиво од него, како нешто што е соединето суштествено со него. Сепак, според тоа како што ѝ е угодно, таа ги видоизменува своите дејства во човекот за негова корист. Понекогаш овој оган се разгорува и разпламтува посилно, а понекогаш некако послабо и потивко. Понекогаш оваа светлина се распалува и сјае повеќе, а другпат се намалува и се помрачува. Овој светилник секогаш гори и светлее, но понекогаш светлината негова станува појасна, се разгорува повеќе од опиеноста со Божјата љубов, а понекогаш помалку и пооскудно светлее, така што и светлината што е во човекот тогаш станува послаба. (8, 2)
  13. Освен тоа, некои во оваа светлина го виделе знакот на светиот крст и тој се заковал во внатрешниот човек. Понекогаш човекот за време на својата молитва како да излегува надвор од себе си: му се чинело како да стои во црквата пред жртвеникот и како да биле ставени пред него три леба, натопени со масло, на колку повеќе јадел од нив, толку повеќе тие се зголемувале и нараснувале. Некогаш гледал пред себе светла облека, таква каква што нема во овој свет, каква што не можат да направат човечки раце. Како што Господ, кога се искачил на Гората Тавор, заедно со Петра, Јакова и Јована, ја преобразил Својата облека и ја направил светла како молња, му се чинело дека така станува и со неговата облека и тој се вчудоневидувал. А другпат, оваа светлина, појавувајќи се во срцето, се пројавувала како најдлабока, највнатрешна и најскриена светлина, така што тој човек, сецело проголтан и проникнат од таа сладост и тоа созерцание, не можел да владее со себе си, туку за овој свет бил како безумен и див - поради преголемата љубов и сладост и поради скриените тајни, така што, откако добивал истовремено слобода се издигнувал многу високо, и станувал чист и слободен од гревот. Но, потоа благодатга се намалувала и се спуштало покривалото на спротивната сила; тогаш благодатта можела да биде видена само делумно и на понизок степен од своето совршенство. (8, 9)
  14. Човекот треба да измине, така да се рече, дванаесет скалила, и потоа да дојде до совршенството. И навистина тој понекогаш може да ги измине тие степени и да дојде до совршенство. Потоа благодатта одново почнува да дејствува послабо, и тогаш човекот се спушта на единаесеттото скалило. Оној, пак, што е богат со благодатта, и дење и ноќе високо издигнат, тој е слободен и чист, секогаш е заробен и восхитен. На кого му се покажани тие чуда, кој ги познал опитно, ако ова би било со него секогаш така, тој не би бил веќе во состојба да ги прими на себе и зборовите на промислата или некое друго бреме, не би се согласил ни да слушне, ниту да почне да се грижи за себе си за утрешниот ден, туку само би седел во некој агол како да е некаде издигнат или пијан. Затоа и не му се дава потполно совршенство - за да може да се труди и да се грижи за браќата и да им служи, ако не биде урната оградата меѓу него и меѓу нив и ако смртта не биде победена. (8, 4)
  15. Всушност, ова бива вака: слично на згуснат воздух, како некаква мрачна сила лежи врз човекот и лесно го покрива. Светилникот непрестајно гори и светлее, но како тој да е покриен со некакво покривало. По ова може да се види дека тој човек уште не е совршен и уште не е сосема слободен од гревот. Затоа може да се каже дека преградата веќе е урната, но сепак, таа на некој начин постои и не е сосема оттргната. Има мигови кога благодатта посилно се разгорува и распламтува. Тогаш го утешува и го успокојува човекот, но има и такви мигови кога таа се намалува и потемнува, и сето ова станува по Божја промисла - за спасение на човекот. А кој е тој, кој, макар и привремено, доаѓал до потполно соворшенство, кој го вкусил и потполно го познавал другиот живот? Досега јас не познавам ниеден човек – христијанин - потполно совршен и слободен. Напротив, ако некој се успокојува во благодатта, ако доаѓа до тајните и откровенијата, до вкусувањето на големата благодатна сладост, сепак и гревот заедно со неа се наоѓа внатре во него. Таквите луѓе, поради изобилството на светлина и благодат во нив, се сметаат слободни и совршени, но тие грешат во ова поради својата неопитност, која ги доведува до оваа самоизмама. А јас досега не сум видел ниеден слободен човек, иако и јас одвреме - навреме сум доаѓал до таква мерка." Ова го знам од опит - знам дека нема совршен човек. (8, 5)
  16. Кажи ни: на кој стапалник се наоѓаш ти? - Сега, по крсниот знак, благодатта дејствува така и ги смирува сите членови и срцето, така што душата од голема радост станува како невино детенце и тогаш човекот не осудува никого: ни Елин, ни Јудеец, ни грешник, ни мирјанин, туку сите ги гледа чисто со окото на својот внатрешен човек, му се радува на целиот свет и сака потполно да возљуби и да ги почитува сите луѓе. Понекогаш тој, царскиот син, толку силно се надева на Божјиот Син - како на својот татко. Пред него се отвораат врати, тој влегува во многу живеалишта. И во зависност од тоа како влегува во нив, пред него одново се отвораат и други врати во соодветен број . На пример, од претходните сто живеалишта - влегува во други сто живеалишта. И се збогатува. И во колкава мерка се збогатува, во толкава мерка му се покажуваат нови чуда. Нему, како на син и наследник, му се дава она, што не може да се искаже со човечката природа, она што не може да се изговори со човечка уста и јазик.