Поуки од свети Макариј Велики
7.Можно христијанско совршенсто на земјава
267. Пророкот Језекиил ни раскажал за она божествено и славно видение, што го имал, и го опишал како јавување, исполнето со неискажливи тајни. Он видел во едно поле херувимска колесница - четири духовни животни. Секое од тие животни имало по четири лица: едно - лавовско, второ - орловско, трето - телешко и четврто- човечко. И секое од нив имало крилја, така што не можело да се разликува каде им е предната и задната страна. Плеќите им биле исполнети со очи; и градите им биле исполнети со очи и немало место каде што немале очи. Кај секое лице имало по три тркала, и тоа како тркало во тркало, а во тркалата имало дух. Пророкот видел и нешто слично на човек, чие подножје било од сафир. Оваа колесница, односно херувимите и животните, Го носела Господа. И таму каде што сакал Он да оди, животните натаму ги насочувале своите лица. И видел пророкот под херувимите човечка рака како ги подржувала и носела (сп. Ј езек. 1, 5-28). (1,1)
268. Вистински и несомнено било она што го видел пророкот во своето видение, но тоа укажувало на нешто друго, на нешто таинствено и божествено, укажувало на тајната, која била скриена од народите, и која се објавила во последните времиња - со Христовото доаѓање. Пророкот ја созерцавал тајната на душата, која требала да Го прими својот Господ и да стане престол на Неговата слава. Зашто душата, која, откако била подготвена од Духот да биде престол и живеалиште Негово, ја удостоил да се соедини со Неговата светлина и ја озарил со убавината на Својата неискажлива слава, па да стане целата - светлина, целата - лица, целата - око. Нема во неа ни еден дел, кој не е исполнет со светлината на духовните очи, односно во неа нема ништо замрачено. Целата душа е направена светлина и дух. Целата е исполнета со очи; таа нема ни задна ни предна страна; отсекаде се покажува со лице, затоа што на неа слегнала и што седи на неа неискажеливата убавина и слава на Христовата светлина. И како што е сонцето насекаде исто, како што нема ни последен ни недостатен дел, туку целото сјае со светлина и делото е светлина. Или, како што огнот, односно самата светлина на огнот - целата е слична на себе си и нема ништо што е прво или што е последно, и нема или поголемо или помало, така и душата, која е потполно осветлена со убавината на славата од светлината на Христовото лице и која потполно стапила во општење со Светиот Дух, која се удостоила да стане живеалиште и престол Божји, - станува целата - око, целата - светлина, целата - лице, целата - слава, целата - дух, каква што ја подготвил, устроил и украсил со Својата убавина Христос, Кој и ја носи, и ја води, и ја подржува и ја издигнува. Зашто е речено “човечка рака” била под херивимите (Ј езек. 1, 8). Самиот Христос и бива носен од душата и ја води. (1, 2)
269. Четирите животни, кои ја носат колесницата, го претставуваат ликот - раководните умствени сили на душата. Како што орелот царува над птиците, лавот- над дивите ѕверови, волот - над питомите животни, а човекот- над сите твари, така и во човековата душа има владетелска сила: волја, совест, ум и силата на љубовта. Тие ја управуваат колесницата на душата; во нив почива Бог. Ова се објаснува и на друг начин: под ова се разбира и небесната Црква на светителите. И пророкот говори за животните: дека нивната височина била огромна, дека биле преисполнети со очи и што никој не можел да го преброи нивниот број или да ја измери нивната височина, затоа што нам не ни е дадено знаење за тоа. Како што секој може да ги види звездите на небото и да им се восхитува, зашто тоа ни е дадено во врска со нив да го знаеме, но никој од нас не може да го знае нивниот број. Исто така, секој може да влезе во Небесната Црква, на сите ни е дадено да се насладуваме со неа - на сите што сакаат да се подвизуваат, но да се знае - колкав е бројот на светиите и да бидат сите тие опфатени -ова Му припаѓа само на Единиот Бог: Оној Кој седнал на колесницата и на престолот на животните со премногу очи, Оној Кој влегол во секоја душа, која станала престол и живеалиште Божјо, Кој станал нејзино око и нејзина светлина, оди и бива носен, седи на неа, раководи со браздите на духот и ја води и упатува онака како што Самиот Он знае. Духовните животни оделе не каде што тие сакале, но таму каде што сакал Оној, Кој седел врз нив и Кој ги управувал. Така и овде, Он Самиот води и раководи - и ѝ го покажува патот преку Светиот Свој Дух. На тој начин, не по своја волја и не кога таа ќе посака - душата може да се вознесе на небото; Бог ја управува душата, откако ќе го отфрли телото, таа се стреми со својата мисла кон небото и, пак, тогаш кога Му е тоа угодно на Бога, се враќа повторно во своето тело и во своите помисли; по Негова волја оди таа кон земните краишта и Он ѝ ги покажува откровенијата на тајните. Нашиот Бог навистина е благ и вистински наш Водач! И ако душата е препрославена сега, ако стапила во единство со Духот, треба да веруваме дека и телото ќе се удостои со чест по воскресението. (1,3)
270. A тоа дека душите на праведниците стануваат небесна светлина, за тоа им рекол Самиот Господ на апостолите, велејќи: “Вие сте светлината на светот” (Матеј 5, 14). Откако ги направил светлина, им заповедал преку нив светот да се просветува, велејќи: “Ниту, пак, светило се пали и клава под поклот, туку на свеќник и им свети на сите B куќи. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен” (Матеј 5, 15-16). А ова значи: не скривајте го дарот што сте го примиле од Мене, но предавајте им го на сите што го посакуваат. Во светото Евангелие читаме: “Светило за телото е окото... Ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина тогаш каква ли ќе е темнината?” (Матеј 6, 22-23). Како што се очите светлина за телото, ако се здрави - целото тело е осветлено, а кога ни падне раска во очите, тогаш тие се помрачуваат - тогаш и целото тело бива во темнина. Па така, апостолите биле поставени да му бидат очи и светлина на целиот свет. За тоа и Господ, кога им го заповедал ова им рекол: “Ако вие, бидејќи светлина за светот, устоите и не се одвратите, тогаш ќе биде просветено целото тело на светот. А ако вие, светлината на светот, се помрачите, тогаш темнината - светот - колку повеќе ќе се помрачи?“ Па така, апостолите, откако станале светлина, послужиле како светлина за оние што поверувале - ги просветиле нивните срца со таа небесна светлина на Духот, со која и од Кој биле тие самите просветени. ( 1, 4)
271. Оние што го соблекле од себе си стариот и земен човек, од кои Исус ја соблекол облеката на царството на темнината, тие се облекле во новиот и небесен Човек - во Господа Исуса Христа. И Господ ги облекол во облеката на царството - во неискажливата светлина - во облеката на верата, надежта, љубовта, радоста, мирот, милосрдието, благоста, како и во сите други божествени, животворни облеки на светлината, на животот и на неискажливиот спокој, така како што е Бог, љубов, радост, мир, благост, милосрдност, и новиот човек да стане со силата на благодатта тоа истото. (2, 4-5)
272. Совршените христијани, кои се удостоиле да ја достигнат мерката на совршенствата и да Му станат блиски на Бога - на Небесниот Цар - секогаш се посветуваат себе си како дар на Христовиот крст. Како што за време на пророците помазанието било најпотребно, затоа што бивале повикувани и царевите и пророците, така и сега духовните луѓе, кои се помазувани со небесно помазание, стануваат христијани по благодатта, за да бидат цареви и пророци на небесните тајни. Тие се и синови, и господари, и богови и врзувани, и водени во ропство, и отфрлани и распнувани, и давани како дарови. Ако помазувањето со елеј, кој се добива од земно растение, од видливо дрво, има таква сила: помазаните неизоставно добивале чин (зашто на сите им било признавано дека се поставени за цареви, а помазаниот Давид веднаш бил подложен на гонења и страдања, а по седум години станал цар), колку повеќе оние, чиј внатрешен ум и внатрешен човек бива помазан со небесниот духовен елеј на радоста, кој осветува и развеселува - ќе добие печат од она вечно царство и од вечната сила, залог на Духот - од Самиот Свет Дух, Утешителот, Кој утешува и ги исполнува со радост оние што страдаат. (17, 1)
273. Овие помазаните со елејот на небесната наслада, од дрвото на животот - Исуса Христа - биваат удостоени да влезат во мерката на совршенството - во царството и усиновувањето, бидејќи додека се уште во овој свет веќе учествуваат во тајните на Небесниот Цар, имаат смелост пред Седржителот, влегуваат во Неговото живеалиште, таму каде се ангелите и светиите. Зашто, иако уште не го добиле совршеното наследство, кое им е приготвено во другиот живот, со овој залог што го примиле овде, се осигурале веќе како да се овенчани и како да царуваат, а при изобилство и смелост на Духот, тие се уверени дека ќе царуваат со Хрисга. Како? Затоа што, бидејќи уште во тело, веќе ја вкусиле таа слава и ја доживеале таа сила. (17, 2)
274. Како што по крајот на светот, кога веќе ќе загине ова небо, кога праведниците веќе ќе живеат на небесата, во светлина и во слава, не гледајќи ништо, освен Христа; Кој е секогаш во слава на Отецот, така и овие, кои се и сега издигнати и одведени како заробеници во оној свет ги созерцаваат тамошните убавини и чуда. Зашто ние, кои сме уште на земјава, живееме и на небесата, како жители и граѓани на оној свет по умот и по нашиот внатрешен човек. Како што видливото око, кога е чисто и здраво, секогаш го гледа Сонцето чисто, така и нашиот ум откако се очисти совршено секогаш ја гледа славата на Христовата светлина и живее со Господа дење и ноќе, слично со она што телото Господово, откако се соединило со Неговата божествено природа, секогаш живее со Светиот дух. Но, луѓето не стигнуваат до ваквата состојба, одеднаш, туку само преку трудови, страдања и со големи подвизи. (17, 4)
275. Како што Господ, од секакво началствување и од секаква власт, се облекол во тело, така и христијаните се облекуваат со Светиот Дух и живеат во спокојство. Ако и настанува за нив надворешна борба, ако и бивааат напаѓани од сатаната, тие се внатрешно оградени со Господовата сила и не се вознемируваат кога биваат напаѓани од сатаната. Кога сатаната Г о искушувал Господа во текот на четириесет дена во пустината, дали Му нанел некоја повреда со тоа што однадвор пристапил до Неговото тело? Исто така, и христијаните, ако бидат искушувани однадвор, тие се внатре исполнети со Божја сила, и не претрпуват никаква повреда. Но, ако некој постигнал големо совршенство, тој ја примил Христовата љубов и божествената полнота. А кој не е таков, тој уште има внатрешна борба. Тој понекогаш се успокојува во молитвата, а понекогаш страда и се бори. Зашто така Му е угодно на Бога: додека е човекот уште неопитен; Он му испраќа духовни борби. Во неговата внатрешност се јавуваат како две можности, светлина и темнина, мир и страдање, понекогаш се моли и бива спокоен, а другпат е збркан и неспокоен. (26, 15)
276. Не слушаш ли што вели свети апостол Павле: “Да имам пророчки дар. И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, - штом љубов немам, ништо не ми користи" (1.. Kop. 13, 2-3). Зашто овие дарби само водат кон совршенството, па и оние што ги добиле, иако се наоѓаат во светлина, сепак уште се младенци. Многумина од браќата се издигнувале на таква височина и имале дарови на исцеление, откровение и пророштво, но бицејќи не стигнале уште до совршена љубов, во која е “врската на совршенството” (Кол. 3, 14), против нив се издигнувал напад, настапувала борба, и тие, бидејќи безгрижни, и невнимателни - паѓале. Но оној што ја добил совршената љубов, тој станува роб на благодатта. А оној што постепено се приближува кон совршената љубов, тој сѐ уште се наоѓа под страв; нему му се закануваат напади и борба; ако не се заштити добро - него сатаната го победува. (26, 16)
277. Секој треба да знае, дека има очи, кои се повнатрешно од овие очи и слух - кој е повнатрешно од овој слух. И како што овие очи го гледаат она што е видливо и го распознаваат лицето на пријателот и на саканиот, така и очите на достојната и верна душа, кои се просветени со божествената светлина, духовно гледаат и Го распознаваат вистинскиот пријател - преслаткиот и многусаканиот Младоженец - Христа, штом душата е озарена од Светиот Дух. На тој начин, душата, гледајќи ја духовно саканата и единствената неискажлива убавина, зајакнува во сите духовни добродетели и, како последица на тоа придобива, безгранична и неисцрпна љубов кон Господа. (28, 5)
278. Во сенката на Законот, кој бил даден преку Мојсеј било заповедано: со саботите секој да се одмора и ништо да не работи. Ова било слика и сенка на вистинската сабота, која ѝ ја дарува Господ на душата. Зашто онаа душа, која се удостоила да се избави од срамните и нечисти помисли, таа ќе ја празнува вистинската сабота, ќе се одмара со вистински одмор, ќе биде ослободена од сите темни дела. Зашто таму, во таа сабота која ја прасликувала - вистинската сабота, иако се одмарало телото, душата била врзана со лукавства и со пороци, а оваа - вистинската сабота е - вистински одмор за душата, која останува празна од злото и од гревот и од сатанските помисли, се успокојува во вечниот Господов покој и во вистинската радост. (35, 1)
279. Господ го повикува човекот кон спокој, велејќи “Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам” (Матеј 11, 28). И оние души што Му се послушни и што доаѓаат, Он ги успокојува од таквите тешки и нечисти помисли. И тогаш тие стануваат празни од секое беззаконие, па ја празнуваат вистинската сабота, пријатна и света, тогаш Му служат на Бога служба чиста и богоугодна. Тоа е вистинската и светла сабота. Затоа, и ние да Му се молиме на Бога за да го најдеме вистинскиот мир, да се испразниме од срамни, лукави и суетни помисли и на тој начин да можеме да Му служиме на Бога со чисто срце - да го празнуваме празникот на Светиот Дух. Блажен е оној што ќе влезе во ваков спокој! (35, 1, 3)
280. Kora душата се прилепи до Господа, и Господ, Кој ја милува и љуби, доаѓа и се прилепува до неа. Тогаш нејзиниот ум непрестајно живее во благодатта на Господа, тогаш душата и Господ стануваат еден дух, една душа, еден ум. Телото на душата останува отфрлено на земјава, а умот целосно живее во небесниот Ерусалим, издигнувајќи се до третото небо, се прилепува до Господа и таму Му служи. (46, 3)
281. И Самиот Бог, Кој седи во небесниот град, на Својот величествен и висок престол, целиот живее со душата во нејзиното тело, зашто нејзиниот лик го ставил Он горе на небесниот град на светиите - во горниот Ерусалим, а и Својот лик - неизречената светлина на Своето божество - ги ставил во нејзиното тело. Он ѝ служи на душата во градот на нејзиното тело, а таа Му служи Нему во небесниот град. Душата станува Негова наследничка на небото, а Он ја прима неа за наследство на земјата. Зашто Господ станува наследство за душата, а душата - Господово наследство. Мислата и умот дури и на најпомрачините грешници можат да бидат многу далеку од телото, имаат моќ во еден миг да преминуваат големи пространства, да се наоѓаат во најоддалечени земји и тогаш кога нивното тело лежи неподвижно на земјата, а нивната душа се наоѓа со сакани луѓе или со саканата, и се гледа таму, како да живее со нив. Па, ако душата на грешникот е толку префинета и брзокрила и ако за неговиот ум нема пречки за да може во миг да се пренесе и во најоддалечени места, толку повеќе онаа душа, од која е симнато покривалото на темнината со силата на Светиот Дух, чии духовни очи се просветени со небесната светлина и која е потполно ослободена од страстите, која станала чиста и облагодатена, - ако таа на небото Му служи на Господа со својот дух, ако Му служи целосно и со своето тело и со тоа што толку многу се раширува со својата мисла, и што може да биде секаде каде што сака и кога сака сето тоа го прави, за да Му служи на Христа. (46, 4)
282. Свети апостол Павле пишува: “Да можете да разбирате со сите светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја узнаете Христовата љубов, што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја” (Ефес. 3, 18-19). Разгледувај ја неискажливата тајна на душата, од која Господ ќе ја одгони темнината што лежи врз неа; неа Бог ја открива и и се открива Он Самиот. Разгледувај и размислувај за тоа како ги раширува и распространува мислите на нејзиниот ум и во широчина, и во длабочина, и во должина по сите видливи и невидливи созданија. (46, 5)