Поуки од свети Макариј Велики
8. Идниот живот
283. Кога човечката душа излезе од телото, тогаш станува голема тајна. Ако е виновна за гревови, тогаш доаѓаат мноштво демони, лоши ангели и темни сили, ја грабнуваат таа душа и ја водат во своите предели. Никој не треба да се вчудоневидува на ова, бидејќи, ако душата додека била во овој живот, им се потчинувала и им била послушна на лошите духови, ако била нивна робинка, затоа тие со право ја задржуват и таа останува под нивна власт и тогаш, кога излегува од овој свет. А што се однесува до добрата душа, која Му била послушна на Бога, треба да знаеш нејзиното излегување од овој свет е сосема поинакво. Со светите Божји слуги уште во овој живот се наоѓаат ангели и свети духови ги окружуваат и ги запазуваат. И кога нивните души излегуваат од своите тела, тогаш ангелите ги примаат и ги водат во своите места, во чистиот живот, и на тој начин ги приведуваат при Господа. (22)
284. Вистинската смрт е внатре - во срцето. Таа е скриена. Од неа умира внатрешниот човек. Па затоа, ако некој преминал од смрт во скриен живот, тој ќе живее вистински вечен живот и никогаш нема да умре. Па дури и ако нивните тела привремено изгнијат и се распаднат, тие одново ќе воскреснат во слава, затоа што се осветени. Затоа смртта на христијаните ја нарекуваме заспивање и сон. (15, 37)
285. Како што трговецот, кој се враќа оддалеку збогатен и им испраќа богатство на своите домашни, за да можат да купат нови куќи, градини и неопходна облека; кога, пак, пристигне во својата татковина, тој пак донесува големо богатство, а неговите домашни и роднини го пречекуваат со голема радост; слично станува и во духовниот живот. Ако собираме духовно богатство, ќе видиме во свое време дека има свети духови, ангели, кои тогаш ќе речат: “Големо богатство спечалиле нашите браќа, на земјата”. Таквите, кога ќе појдат од земјата, имајќи Го со себе Господа, со голема радост ќе се издигнуваат кон горниот свет, и оние што се со Господа ќе бидат примени во приготвените за нив живеалишта, градини, и ќе бидат облечени во скапоцена и прекрасна облека. (16, 8)
286. Ако човек се наоѓа уште во борба, кога во неговата душа уште истовремено дејствуваат и гревот и благодатта, и ако тогаш стане неговиот исход од овој свет, тогаш, каде ќе појде тој кој го има во себе и едното и другото? - Kе појде таму, каде што била целта негова, и неговото сакано место. А ти кога ќе бидеш нападнат со страдање и со борби, должен си само да се противставуваш и да не ги сакаш своите духовни непријатели. Зашто, за да настане борбата, тоа не зависи од тебе, а да ги мразиш оние што те напаѓаат, тоа зависи од тебе. И тогаш, Господ гледајќи го твојот ум, гледајќи дека се бориш и дека Го љубиш со сета своја душа, веднаш ја оддалечува смртта од твојата душа. Тоа за Него не е тешко. Он ќе те прими во Својата прегратка и во Својата светлина, во еден мит ќе те извади од челуста на смртта и веднаш ќе те воведе во Своето царство. Бог може сосема лесно сето тоа да го направи во еден миг, само ако имаш љубов спрема Него. Бог бара од човекот да работи и да се труди - за да биде неговата душа удостоена да општи со Него. (26, 16)
287. Жена кога зачне во својата утроба, таа го носи детенцето во себе си во темнина и, така да се каже, во нечисто место. А кога најпосле, во одреденото време, излезе детенцето од нејзината утроба, таа тогаш гледа ново создание, ново - и за небото, и за земјата, и за сонцето, какво што никогаш не видела. И тогаш, веднаш и роднините и пријателите со радост и со веселост на лицето го земаат детенцето во своите прегратки. Но, ако се случи од некаква непожелна причина детенцето да умре во утробата на мајката, тогаш тоа ќе биде вадено од утробата на мајката од искусни лекари со помош на остри инструменти, и во тој случај умреното детенце преминува од смрт во смрт и од темнина во темнина. Ова можеш да го примениш и на духовното живеење. Оние што го примиле Божјото семе - го имаат невидливо во себе си, а поради гревот што живее во нив, го скриваат во темни и страшни места. Затоа, ако се оградат и ако го запазат Божјото семе, тие, во одредено време ќе го родат и, најпосле, пo нивното разрешување од телото, ќе бидат примени со голема радост и веселба од ангелите и од сите горни духовни сили. И ако човекот откако се вооружил со Христовото оружје, за да се бори храбро против духовите на мракот и на гревот, не издржи и попушти, тогаш набргу ќе им биде предаден на непријателите, па по излегувањето од тукашната темнина, ќе појде во една друга уште пострашно темнина, во вечната пропаст. (43, 5)
288. Како што собирачите на баждарина кои седат во тесни прегради, ги собираат оние што носат стоки за пазарот и им наплатуваат дури и насила, така и демоните ги задржуваат душите. Ако душите потполно не се очистеле, тие пo своето излегување од телото, не добиваат дозвола да влезат во небесното живеалиште и да застанат пред својот Господар, па биваат уривани од воздушните демони во пеколните длабочини. Но, оние што уште живеат во тело, кои се трудат и прават големи усилби, тие уште можат да придобијат благодат одозгора, од Господа. Тие заедно со оние што се успокоиле за својот добродотелен живот - ќе појдат кон Господа, како што Он Самиот ветил: “Каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга (Јован 12, 26). Тие ќе царуваат бескрајно со Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вечни векови! (43, 9)
289. Секој е должен да се подвизува и да настојува да успева во сите добродетели, за да го добие она живеалиште, и да верува дека тоа се добива овде на земјава. Зашто, ако биде разрушен нашиот телесен храм, ние ќе немаме друг храм, во кој да живее нашата душа, како што пишува свети апостол Павле: “Не сакаме да се облечеме, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното” (2. Кор. 5,4), односно да не бидеме лишени од општењето и соединувањето со Светиот Дух, во Кого само и може да се успокојува верната душа. Затоа тие, кои по својот живот и по својата сила се христијани, цврсто се надеваат и се радуваат на исходот од ова тело затоа што го имаат тој “неракотворен храм”, а тој храм е силата на Светиот Дух. Тие не се плашат од уништувањето на телесниот храм, затоа што нив ги очекува небесниот духовен храм, ги очекува духовната слава, која во денот на воскресението ќе го изгради и ќе го прослави и телесниот храм, како што вели апостолот: “Ние, живите, постојано се изложуваме на смрт, заради Исуса, та и животот Исусов да се открие во нашето смртно тело” (2. Кор. 4,11); “Да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното” (2. Кор. 5, 4). (15, 16)
290. Затоа да се погрижиме уште овде со вера и добродетелен живот да ја придобиеме таа облека, така што ние што сме облечени во тело, да не се покажеме голи, па тогаш во оној ден да не може ништо да го прослави нашето тело. Зашто во каква мерка се удостоил некој заради својата вера и ревност да стане причесник со Светиот Дух, во таква мерка ќе биде прославено во оној ден и неговото тело. Она што го собрала душата сега во своето внатрешно сокровиште, тоа и тогаш ќе биде откриено и покажано надвор од телото. Како што дрвјата, по изминувањето на зимата биваат загревани, од силата на сонцето и ветровите, па биваат украсувани со лисја, цветови и плодови, така, во тоа исто време изникнуваат од земјата и лошите треви и полските цвеќиња. Со нив се покрива и се облекува земјата и бива украсувана од нив, како што вели самиот Господ: “Ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така” (Матеј 6, 29). Ова служи како пример и образец за христијанинот во денот на неговото воскресение. (5, 17)
291. Таков е за сите богољубиви души, за сите христијани месецот април - месецот на воскресението. Во тој месец со силата на Сонцето на правдата ќе се открие славата на Светиот Дух, која ги покрива и облекува телата на светиите, онаа слава што ја имале тие скриена во своите души. Зашто она што го има душата во себе, тоа тогаш ќе биде откриено во телото. Овој месец е првиот од летните месеци (сп. 2. Мој . 12, 2); тој ѝ донесува радост на целата природа; тој ја разврзува земјата, ги облекува со облека разголените дрвја, тој им дава радост на сите животни, тој ја разнесува радоста меѓу сите нив. Овој месец е радосен и за сите христијани, во него се празнува денот на Христовото воскресение, кога ќе бидат прославени телата со неискажлива светлина. Таа е сега во нив скриена, но тогаш ќе биде откриена со силата на Светиот Дух, Кој ќе биде нивна облека, храна, пиење, радост, вселеба, мир и вечен живот. Затоа што, тогаш Светиот Дух за нив ќе биде света убавина на светлината и сета небесна убавина во која ќе бидат облечени оние, кои уште сега се удостоиле да го примат во себе си. (5, 18)
292. Затоа секој од нас е должен да се подвизува и да се труди, ревносно да напредува во сите добродетели, да верува и да проси од Господа: неговиот внатрешен човек уште сега да стане учесник во онаа слава и душата негова да почне да општи со таа светост на Духот за потоа, откако ќе се очистиме од нечистотијата на порокот, во денот на воскресението да имаме во што да ги облечеме нашите воскреснати и необлечени тела, за со тоа да ја покриеме нивната срамота, да бидат оживотворени и вечно успокоени во светото небесно царство, затоа што Христос, според Светото писмо, ќе дојде од небото и ќе ги воскресне сите Адамови поколенија, сите што се упокоиле низ сите векови и ќе ги раздели на два дела, на оние што го имаат Неговиот белег - печатот на Светиот Дух, нив, повикувајќи ги како Свои, ќе ги стави од Својата десна страна. Зашто Он говори: “Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам... и Јас ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене” (Јован 10, 27; 10, 14). Тогаш тие тела, за нивните добри дела, ќе се облечат со божествената сила, ќе бидат облечени со духовна слава, која уште овде ја имале во своите души. И на тој начин, оние што ќе бидат прославени со божествената светлина и издигнати на небото, “за да се сретнат во воздухот, па така секогаш ќе бидат со Господа” (1. Сол. 4,17), да царуваат во вечни векови! Затоа, да се погрижиме претходно да го имаме печатот Господов на себе, зашто за време на Божјиот суд ќе биде направено разделување и ќе бидат собрани сите земни племиња целиот Адамов род, кога Пастирот ќе го повика Своето стадо и Он ќе го распознае Својот печат и ќе ги собере тие со тој печат од сите народи. И тие ќе го слушнат Неговиот глас и ќе појдат по Него. Светот ќе биде разделен на два дела: едниот дел ќе биде темното стадо, кое ќе појде во вечниот оган, а другиот, тоа ќе биде стадото исполнето со светлина, кое ќе биде одведено во горното живеалиште. Она што сме го придобиле сега во нашите души, тоа тогаш ќе болсне и ќе се открие; тоа ќе го облече со слава нашето тело. (5, 21; 12, 13)
293. Дали во воскресението ќе бидат воскреснати сите членови? На Бога ништо не Му е тешко. Такво е и Неговото ветување. За нашата човечка немоќ и за нашето човечко размислување сѐ ова ни се чини неможно. Како што Бог зел прав од земјата, и направил од него нешто друго, направил човечка природа, направил нешто што не е слично на земјата: направил коса, кожа, коски, жили; и иглата фрлена во оган, ја менува бојата и станува оган, но сепак таа останува железо, тоа нејзино својство не бива уништено, така и при воскресението сѐ од телото ќе биде востановено. Како што е напишано: “Ни влакно од главата ваша нема да загине” (Лука 21,18). сѐ ќе стане светло, сѐ ќе се претвори во светлина и во оган, но нема да стане оган, нема да се загуби неговата претходна природа, како што тврдат некои. Зашто Петар останува Петар и Павле- Павле, и Филип - Филип; секој , откако се исполни со Духот, и понатаму живее во својата сопствена природа и во својата суштина, А, ако станала таа суштествена промена, тогаш веќе не би ги имало ни Петра ни Павла, но секаде и во сѐ би бил само Бог, и тогаш оние што одат во пеколот не ја чувствуваат казната, а и оние што одат во рајот не ги чувствуваат неговите убавини. (15, 10)
294. Замислете градина, во која има секакви овошни дрвја: круши, јаболка и грозје, со неговите лисја, но одеднаш и градината, и дрвјата и лисјата и сѐ во градината да се претвори во друга природа, и сѐ добива некаква чудна светлина. Така и луѓето ќе се изменат во воскресението и сите нивни членови ќе бидат свети и светли. (15, 11)
295. Како што телото на Господа, кога се искачил на Гората Тавор - се прославило и се преобразило, добило божествена слава и бескрајна светлина, така ќе се прослават и ќе се облечат во светлина и телата на светиите. Зашто, како што внатрешната Христова слава во таква мерка се раширила и блеснала и на Христовото тело, така, слично на ова, и силата што е внатре во светиите ќе се пројави однадвор, затоа што тие уште сега со својот ум се причестуваат со Христовата суштина и со Христовата природа. Зашто е напишано: “Оној, што осветува, и оние, што се осветуваат, сите се од еден” (Евр. 2, 11) и: “Славата што си Ми ја дал, ним им ја дадов” (Јован 17, 22). Како што од еден оган се палат многу свеќници, така и телата на светиите - овие членови Христови - ќе станат едно исто со Самиот Христос. (15, 36)
296. И совршените додека живеат на земјава - во тело, не се ослободени од грижи поради својата слобода и затоа живеат под страв. Затоа Бог и дозволува да ги напаѓаат искушенија. А кога нивната душа ќе влезе во градот на светите - само тогаш ќе може да живее без страдања и искушенија, зашто таму нема ни грижи, ни труд, ни старост, ни сатана, ни духовни борби; таму ќе има само спокој, радост, мир и спасение. Таму меѓу нив ќе биде Господ, Кој ќе се нарекува Спасител, затоа што Он ги спасува заробените. Он ќе се нарекува Лекар, затоа што Он дава небесно и божествено лекарство и ги лекува душевните страсти, кои во извесна мерка царуваат на човекот. Со еден збор, Исус Христос е Цар и Бог, а сатаната е мачител и лош кнез.
297. Бидејќи некои го продаваат својот имот, ги пуштаат на слобода своите робови, ги извршуваат заповедите, а не се трудат во овој свет да Го примат Светиот Дух, па дали тие, живеејќи така, ќе влезат во небесното царство? Ова е тежок предмет за размислување. Многумина тврдат дека има едно царство Божјо и еден пекол, а ние велиме дека има многу степени, разлики и мерки во едно и исто Божјо царство и едниот и ист пекол. Како што во сите членови има една душа и таа дејствува нагоре на мозокот и надолу - ги движи нозете, така и Бог ги опфаќа сите созданија, и небесните и оние што се пониско од бездната и се наоѓа насекаде во создаденоста, иако е по Својата неизмерливост и сеопфатност и надвор од создаденоста. Затоа, Самиот Бог со внимание ги слуша луѓето и премудро промислува за сѐ и за сите. Иако некои се молат, не знаејќи што бараат, други постат, трети служат, а Бог, праведниот Судија секого го наградува според неговата вера. Затоа, што и да прават, тие тоа го прават од страв Божји, но не се сите тие синови, цареви и наследници. (40, 3)
298. Едни во овој свет се убијци, други се прељубници, а некои им го раздаваат својот имот на сиромасите. Господ ги гледа и едните и другите; на оние што прават добро им дава спокојство и награда. Има преизобилни мерки, а има и мали мерки, но и во овој свет и во самата небесна слава има разлики. И во самиот пекол во казните има такви што се одредени за оние што труеле луѓе и за разбојници, а има и за оние што грешеле во мали работи. А оние што говорат дека има едно Божјо царство и еден пекол и дека во нив нема никакви разлики и степенувања, тие грешат и говорат безумно. Колку има сега мирски луѓе, кои се предадени на лош и развратен живот! А колку се и оние што се молат и имаат страв Божји! Бог ги гледа и едните и другите, на како праведен Судија им приготвува на едните .. спокојство и награда, а на другите - казна. (40, 4)