Свети Антониј Велики (pdf)

Свети Антониј Велики

1.      Поуки на свети Антониј Велики за животот во Христа, делови oд неговото слово, кое се наоѓа во житието на преподобниот отец од свети Атанасиј Велики, како и делови од неговите дваесет посланија и дваесет слова

 

1. Сите треба да се грижиме, откако веќе сме почнале, да не ги намалуваме нашите трудови, да не се очајуваме и да не велиме: “Веќе долго време се трудиме во нашиот подвиг”. Многу е подобро, да ја зголемуваме нашата ревност, како да започнуваме секој ден одново. Целиот човечки живот е многу краток во споредба со идните векови. И сѐ што имаме тоа е ништо спрема вечниот живот. И како што секој предмет во овој свет се продава според неговата вредност и секој од нас врши размена на предмети, кои имаат еднаква вредност, треба да бидеме свесни за тоа дека вечниот живот се купува сосем евтино. Зашто е напишано: “Деновите на нашиот живот се седумдесет години, а ако сме крепки и до осудесет години; и повеќе време од нив се во труд и болести, бидејќи брзо минуваат и ние летаме со нив” (Псал. 89, 10). Па така, ако и сите осумдесет, па дури и цели сто години, ги преживееме во подвиг, тоа не значи дека ќе царуваме само сто години, туку, место сто години, ќе царуваме векови и векови во сета вечност. Освен тоа, оној што се трудел на земјава, нема да добие наследство на земјава; она што ни е ветено ќе го добиеме на небото. А, оставајќи го нашето тело гниежливо, ќе го примиме негниежливото. Затоа, да не очајуваме и да не мислиме дека долго сме се труделе (во подвигот) или дека сме направиле нешто големо. Свети апостол Павле пишува: “Мислам дека страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас” (Рим. 8, 18).

2. Па така, гледајќи го овој свет, да не мислиме дека сме се откажале од нешто големо, зошто и сета оваа земја е сосем мала пред целото небо. Затоа, кога би биле господари и над сета земја и кога би се откажале од неа, и во тој случај и во сето тоа не би имало ништо што би можело да има иста вредност со небесното царство. Како што оној кој фрла една паричка од бакар, за да добие сто златници, така и оној кој би бил господар на целата земја и би се одрекол од неа, и во тој случај не остава многу, туку добива стопати повеќе. Ако сета земја има таква мала вредност спрема небесата, тогаш оние што го оставаат она малку што го имаат тие всушност како ништо да не оставаат. Ако некој би оставил и дом и многу злато, и тогаш не треба да се фали или да очајува. Од друга страна, треба да помислиме и за ова: ако она што го имаме не го оставиме заради добродетелите, дека сето тоа, кога умреме, и така ќе го оставиме токму на оние, на кои не би сакале да им го оставиме. За ова се говори во старозаветната книга Проповедник (Проп. 4, 8). А зошто сето ова да не го оставиме заради добродетелите, за да го наследиме за него небесното царство?

3. Затоа, никој од нас не треба да биде алчен за печалба. Зашто, од каква корист може да ни биде, ако не можеме да го понесеме со нас во другиот живот? Зошто да не го придобиваме она што можеме да го земеме со нас: разумноста, справедливоста, целомудреноста (чистотата на душата и на телото), храброста, мудроста, љубовта, љубовта спрема сиромаштијата, верата во Христа, кротоста, гостоприемството? Ако ги придобиеме oвие добродетели додека сме овде на земјава, ќе ги најдеме таму пред нас, подготвувајќи ни пристаниште во земјата на кротките.

4. Со вакви мисли треба секој да се убедува себе си и да не очајува: да знае дека е слуга на Господа и дека треба да работи и да Му служи на својот Господар. Како што слугата не се осмелува да му рече на својот господар: “Бидејќи работев вчера, денес нема да работам”. Тој не престанува да работи и да се труди, туку, како што се вели во Евангелието, покажува иста ревност, за да му угоди на својот господар и да не се најде во неволја. И ние, исто така, треба да работиме и со трпеливост да го извршуваме нашиот подвиг, знаејќи, дека ако само еден ден не работиме, Господ нема да ни прости заради нашиот труд во изминатите денови, туку ќе се разгневи на нас норади нашата мрзливост. Така вели и пророкот Jезекиил:                “И праведникот, ако отстапи од својата правда и почне да постапува неправедно, ако ги врши сите оние гадотии, што ги врши грешникот, ќе биде ли жив? Сите негови добри дела, што ги правел, нема да бидат спомнати: тој ќе умре поради безаконитото што го вршел и поради гревовите свои, со кои грешел” (Језек. 18, 24). Така и предавникот Јуда во една ноќ го загубил целиот свој труд во изминатото време.

5. Па затоа, да продолжиме со нашите подвизи и да не очајуваме. Во ова Го имаме за помошник и нашиот Господ, како што е напишано: “Знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се призвани по Негова волја, се им врви добро” (Рим. 8, 28). А за тоа дека не треба да бидеме малодушни убаво е искажано и во следниве зборови на апостолот: “Секој ден умирам” (1. Kop. 15, 31). Зашто, ако почнеме да живееме како оние што умираат секој ден, тогаш нема да грешиме. Смислата на овие зборови е во следново: секој ден кога се разбудуваме да помислуваме дека нема да преживееме до вечерта и, потоа, кога ќе легнеме да спиеме - да помислуваме дека нема да се разбудиме. Зашто крајот на нашиот живот по самата своја природа е непознат, а непозната е и одлуката на Божјата промисла. Ако така веруваме и ако секој ден живееме според ова верување, тогаш нема ни да грешме, ниту ќе се гневиме на некого, ниту, пак, ќе собираме сокровишта на земјата, туку очекувајќи ја секој ден својата смрт, нема да бидеме користољубиви и на сите ќе им простуваме сѐ. Ни во еден миг нема да бидеме опфатени од желба кон жена или од какво и да е друго нечисто задоволство, ни еден миг нема да ги задржуваме во себе си таквите желби, туку веднаш ќе се згрозуваме од нив, како од нешто нечисто и преодно, туку секој ден ќе го чекаме Страшниот Божји Суд. Затоа силниот страв и трепетот од вечните маки ја уништуваат пријатноста на грешните задоволства и ја издигнуваат душата што е близу до паѓање.

6. Па така, откако сме го започнале (делото на спасението) и кога веќе сме тргнале по патот на добродетелите, ние, како што вели апостолот, кои трчаме “кон целта - кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа” (Фил. 3, 14). Никој од нас да не се обрнува назад, слично на Лотовата жена, особено затоа што Господ рекол: “Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледнува назад, не е достоен за царството Божјо” (Лука 9, 62). Ова обрнување назад, не значи ништо друго, освен жалење што сме го оставиле светот и почнување одново светски да мислиме и да мудруваме.

7. Не плашете се кога ќе слушнете за добродетелта и не чудете се кога станува збор за неа. Зашто таа не е далеку од нас, не е надвор од нас, туку таа е внатре во нас, лесно можеме да ја придобиеме, само ако посакаме. Елините оделе во туѓи земји, пловеле по туѓи мориња, со цел да ги проучуваат науките. А ние немаме потреба да одиме во туѓи земји, за да го придобиеме небесното царство, ниту имаме потреба да пловиме по далечните мориња, за да ги придобиеме добродетелите. И Господ нѝ кажал дека тоа не е потребно, Велејќи: “Царството Божјо е во вас внатре” (Лука 17, 21). За да ја придобиеме добродетелта потребно е само да ја засакаме, зашто таа е во нас и ние ја создаваме. Зашто штом разумната душа се наоѓа во својата природна состојба, тогаш веќе истовремено добродетелта се наоѓа во нас. Душата е во својата природна состојба тогаш кога е таква, каква што е создадена; а таа е создадена многу добра и праведна. Затоа и Исус Навин, давајќи ги заповедите, му велел на народот: “А сега, отфрлете ги туѓите богови, што се во вас, и свртете го срцето свое кон Господа, Бог Израилев (Ису. 24, 23). А свети Ј oван Крстител проповедал: “Исправете ги патеките” (Матеј 3, 3). Душата е исправена кога нејзината разумност се наоѓа во својата природна состојба. А кога се отклонува и ја извртува својата природна состојба, тогаш се појавува злото во неа. Затоа добродетелта не е тешка, зашто, ако останеме такви, какви што сме создадени, тогаш се наоѓаме во добродетелна состојба. А, ако почнеме да мислиме за она што е лошо, тогаш со право нѐ нарекуваат лоши. Кога би требало некаде однадвор да ја позајмиме добродетелта, тогаш, се разбира, тоа би било тешко. Но, ако е таа во нас, тогаш само треба да се пазиме од лоши помисли и да ја пазиме нашата душа за Господа, како залог примен од Него, така што Он да може да ја признае за Свое создание, гледајќи ја таква, каква што ја создал.

8. Да се бориме со себе си, за да не тиранствува над нас гневот и да не владеат над нас грешните желби. Зашто е напишано: “Човечкиот гнев не ја извршува Божјата правда... похотта откако ќе се зачне раѓа грев, а гревот извршен, раѓа смрт” (Ј ак. 1, 20, 15). Да не нѝ биде познат таквиот живот, секогаш да бидеме трезвени и како што е напишано: “Од сé, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое зашто од него се изворите на животот” (Изрек. 4, 23). Зашто имаме страшни и многу лукави непријатели - лошите демони.

9. Нашата борба е токму со нив, како што рекол светиот апостол: “Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата” (Ефес. 6, 12). Нивна голема толпа не окружува во воздухот. Тие не се далеку од нас. И меѓу нив постои голема разлика. Но да се зборува за нивната природа и за нивните меѓусебни разлики значи да се зборува опширно, да зборуваат за ова повеќе им прилега на оние што се над нас, отколку нам. А ние сега имаме неодложна и неопходна потреба да дознаеме колку се многубројни и големи нивните искушенија против нас.

10. Пред сѐ, треба да знаеме дека демоните не се создадени во таква состојба, поради која се нарекуваат демони, зашто Бог не создал ништо лошо. И тие биле создадени добри, но паднале од небесното мудрување и сега се вртат околу земјата. Тие ги измамиле Елините со привиденија, а на нас христијаните ни завидуваат и прават се што можат за да ни препречуваат да се издигнуваме на небото; за да не се издигнеме ние таму, од каде тие паднале. Затоа е потребно многу да се молиме и да се подвизуваме, за да примиме дар од Светиот Дух “да ги разликуваме духовите” (1. Кор. 12, 10), да можеме да знаеме кои од нив се помалку лоши, а кои се полоши и кој од нив со која и со каква работа е задолжен и како секого од нив можеме да го победиме и да го прогониме. Зашто кај нив има многу начини за искушување и многу голема итрина и лукавство. Блажениот апостол и неговите последователи го знаеле ова, велејќи: “3a да не земе сатаната предимство над нас: бидејќи неговите замисли ни се извесни” (2. Кор. 2, 11). А ние што сме биле во нешто искушувани од нив, должни сме взаемно да се предупредуваме да си помагаме. Па, ете, и јас, кој делумно сум ги доживеал нивните итрини, ви говорам за нив како на свои деца.

11. Тие, штом ќе забележат некој христијанин, а особено монах, како се труди и напредува во духовниот живот, веднаш се обидуваат да го нападнат на неговиот пат преку соблазни со лоши помисли. Но, не треба да се плашиме од овие напади, бидејќи молитвите, постат и верата во Господа веднаш ги прогонуваат нашите духовни непријатели. Меѓутоа, иако победени, тие не мируваат, туку веднаш настапуваат со други искушенија и итрини. Кога не можат да го измамат срцето со нечисти желби, тогаш напаѓаат на друг начин: се обидуваат да не плашат со разни привиденија се преправаат во вид на жени, зверови, лазачи, џинови и многубројна војска. Но и од овие привиденија не треба да се плашиме, зашто и тие се ништо: штом се оградиме со вера и со крсниот знак тие веднаш бегаат. Впрочем, тие се дрски и крајно бесрамни. Бидејќи, ако и тогаш бидат победени, тие одново нѐ напаѓаат на друг начин: се преправаат како пророци и претскажуваат што ќе се случи по неколку дена. На тој начин сакаат да ја покажат својата големина, па, ако некого не можеле да го измамат со помисли, се трудат да го уловат на овој начин. Но ние не треба да ги слушаме демоните, кои се наши непријатели; не треба да ги слушаме дури и тогаш кога нѐ поттикнуваат да се молиме и да постиме, туку нашето внимание треба да биде свртено кон целта на нашето подвижништво. Тогаш нема да бидеме измамени од нив, кои прават сѐ со итрина и лукавост. Од нив воопшто не треба да се плашиме, без оглед на тоа како и да не напаѓаат, дури тогаш кога ни се закануваат дека ќе не умртват, зашто тие се немоќни, тие само не заплашуваат и ништо повеќе не можат да ни направат.

12. Сета наша грижа треба да биде повеќе за душата, отколку за телото; на телото треба да му посветуваме само малку време само за она најнеопходното, а сето друго време треба да и го посветуваме на душата и да ја бараме нејзината корист, така што таа да не тежнее по телесните уживања, туку да го држи телото во ропска покорност. Токму ова го означуваат и Христовите зборови: “Немојте да се грижите за душтата што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете” (Матеј 6, 25). “Не барајте што ќе јадете и што ќе пиете; и не се загрижувајте. Сето тоа го бараат и незнабошците во овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно. Ho, 6apajтe го царството Божјо, и сето тоа ќе ви се придаде” (Лука 12, 29-31).

13. Верувај во Господа и љуби Го; пази се од нечисти помисли и од телесни задоволства и, како што е напишано во книгата Мудри Соломонови изреки: “Не измамувај се со пренаситување на стомакот”; бегај од гордоста, моли се непрестајно, пеј псалми пред спиење и по спиење; проучувај ги заповедите, кои ти се дадени во Светото писмо, спомнувај си за делата на светите, така што твојата душа, имајќи ги на ум Божјите заповеди, да ја има како пример ревноста на светите. Особено настојувај да ја исполнуваш поуката на апостолот: “Сонцето да не зајде во гневот ваш“ (Ефес. 4, 26). Исто така, знај дека ова е речено и за сите, Божји заповеди, така што сонцето да не нѐ зајде не само во гнев, туку да не нѐ зајде и во некој друг наш грев. Зашто е убаво и неопходно да не нѐ осудуваат ни сонцето за нашите дела во текот на денот, ниту месечината за некој грев или за некоја грешна помисла во текот на ноќта.  

14. За да можеме да се запазиме од сето ова, добро е да ги послушаме и да ги пазиме зборовите на апостолот: “Испитувајте се сами себе дали сте во верата! Сами испитувајте се!” (2. Kop. 13, 5). Затоа секој од нас треба секој ден да си дава сметка за сите свои дела во текот на денот и на ноќта. Ако сме згрешиле, да престанеме да грешиме, а ако не сме згрешиле, да не се фалиме со тоа, туку да продолжиме да го правиме она што е добро, да не бидеме мрзливи, да не го осудуваме нашиот ближен и да не мислиме дека сме праведни, “додека не дојде Господ” (1. Кор. 4, 5). Кој ќе го открие она што е тајно. Честопати и од нас самите е скриено она што го правиме. Но, иако ние не ги знаеме сите тие работи, Господ знае сѐ. Затоа, судот да Му го оставиме на Господа, да бидеме сочувствителни еден кон друг; да ги поднесуваме тешкотиите еден на друг (сп. Гал. 6, 2), да се испитуваме сами себе си и да се трудиме да го надополниме она што ни недостасува.

15. За да се запазуваме од гревот, потребно е да го првиме и следново: Секој од нас да ги согледува и да ги запишува своите постапки и своите душевни состојби, како да има намера тоа да им го соопшти на другите. И бидете уверени дека, срамувајќи се од тоа што нашите дела ќе им станат познати и на другите, неизоставно ќе престанеме да грeшиме, па дури и да продолжиме да мислиме за она што е лошо. Дали некој сака да го видат тогаш кога греши? Или, откако веќе згрешил, нема да посака повеќе да излаже, само затоа да го сокрие својот грев? Како што, грижејќи се еден за друг, нема да вршиме блуд, така, ако ги запишуваме своите помисли, со намера да ги соопштуваме еден на друг, полесно ќе се запазуваме од нив, срамувајќи се од тоа тие да им бидат познати и на другите. Па така, ваквото запишување да ги замени очите на оние што се подвизуваат заедно со нас, така што да чувствуваме таков срам, каков што чувствуваме кога нѐ гледаат. Во овој случај не би задржале ништо лошо и грешно ни во нашите мисли. Ако се трудиме вака на своето изградување, ќе бидеме во состојба да го совладаме нашето тело, да Му угодуваме на Бога и со успех да се бориме против искушенијата на духовниот непријател, ѓаволот.”

16. Мислам дека Божјата благодат побргу ги исполнува оние, кои го започнуваат својот подвиг со сето срце и кои од самиот почеток одлучиле да му се противставуваат на духовниот свој непријател и да не отстапуваат пред него ни во една борба, сѐ додека не го победат. Впрочем, Светиот Дух, Кој ги повикал, уште од почетокот прави сé што им е потребно, за да им го олесни на тој начин навлегувањето во подвигот на покајанието, а потоа им ги покажува патиштата на покајанието со сите нивни тешкотии. Помагајќи им во сѐ, Он им посочува какви трудови на покајанието да преземаат, определувајќи им и граници и начини, како по однос кон телото, така и по однос кон душата, сѐ додека не ги приведе до најсовршено обраќање кон Бога, нивниот Создател. Поради тоа, Он постојано ги поттикнува кон тоа да ги измачуваат душата и телото, со цел да бидат осветени и да се удостојат на тој начин да го наследат вечниот живот. Нашето измачување на телото се состои: во постојаниот пост, во постојана работа и во честите бдеења, а измачувањето на телото се состои: во духовните вежби и во сите дадени задачи (во послушанието), кои се извршуваат преку телото. Затоа: ништо да не правиме невнимателно, а совесно и со страв Божји треба да се трудиме во секое дело, кое се извршува преку нашето тело, ако сакаме тоа да биде плодоносно. (Од првото писмо).

17. Светиот Дух, Кој го воведува по патот на покајанието оној што го повикал на овој подвиг, му ги дава и своите радости и го учи да не се враќа назад и да не се приврзува кон ништо во овој свет. Затоа и ги отвара очите на душата и ѝ овозможува да ја видат убавината на чистотата, која се добива преку трудовите на покајанието и со тоа ја разгорува кај нив ревноста кон совршено очистување на себе си заедно со телото, така што и душата и телото да станат еднакво чисти. Зашто тоа е и целта на учителското раководење на Светиот Дух: да ги очисти совршено и да ги издигне до нивната првобитна состојба, во која се наоѓале до паѓањето во гревот, отстранувајќи од нив се што било внесено преку зависта на ѓаволот, така што во нив да не остане ништо непријателско. Тогаш телото почнува потполно да му се покорува на умот - на неговите наредби - умот силно ќе одредува колку телото да јаде и да пие, колку да спие и како да постапува во сите други работи, учејќи се постојано од Светиот Дух, според примерот на свети апостол Павле, кој вели: “Го истоштувам и го поробувам телото” (1. Кор. 9, 27). (Од истото писмо).

18. Не е непознато дека во телото има три вида телесни движења. Првото движење е природно, вродено, кое не причинува нешто грешно, што ја измачува совеста, - без согласност на душата, туку само дава да се почувствува дека тоа нешто станува во телото.  - Второто движење настанува во телото од преизобилна храна и пиење, кога од тоа се разгорува оган во крвта, од која се издигнува во телото бран против душата и ја наведува кон нечисти и грешни желби. Затоа апостолот вели: “Не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд” (Ефес. 5, 18). И Господ Исус Христос им заповеда на Своите ученици во Евангелието: “Пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство” (Лука 21, 34). Оние што ревнуваат да постигнат полнота на светост и чистота, во своето монаштво, особено се должни да живеат така, за да можат да речат заедно со апостолот: “Го изнудувам и поробувам телото” (1. Кор. 9, 27). - Третото движење бива од лошите духови, кои од завист ги искушуваат со него оние што ја засакале телесната и душевната чистота (монасите) и се обидуваат да ги отстранат од патот, по кој сакаат да влезат во вратите на чистотата, односно оние што сакаат да станат монаси. (Од истото писмо).

19. Впрочем, ако се вооружиме со трпение и со непоколебливост им останеме верни на заповедите, кои се дадени од Бога, тогаш и Светиот Дух ќе го научи нашиот ум како да ги очистиме нашата душа и нашето тело од таквите движења. Ако дозволиме да бидеме невнимателни спрема заповедите што нѝ се дадени, тогаш лошите духови ќе почнат да не победуваат, ќе го здебелат нашето тело и ќе почнат да го валкаат со тоа движење до толкава мерка, така што измачената душа не ќе знае што да прави, не можејќи да види, поради очајание, откаде може да ѝ дојде некаква помош. Дури откако се отрезни, таа пак ќе застане на страната на заповедите, па сознавајќи ја нивната задолжителност, Му се предава себе си на Божјиот Дух и одново се исполнува со расположение што спасува. И дури тогаш сознава дека својот мир треба да го бара само во Бога и дека само на тој начин може да се смири. (Од истото писмо).

20. Покајните трудови треба да бидат извршувани еднакво и со душата и со телото, спремајќи се кон совршена чистота. И кога умот ја добие таквата благодат, за да може без самосожалување и без попуштање да се зафати во борба со страстите, тогаш само може да го зајакне помошта, советот и поткрепата на Светиот Дух, со што почнува успешно да ги одбива од својата душа сите нечисти искушенија, кои се последица од нечистите желби на срцето. Светиот Дух, Кој се соединува со умот и со духот на човекот кој е одлучно решен да ги извршува Божјите заоведи, го упатува како да ги одгонува сите страсти, кои доаѓаат од страна на телото, како и оние што се во душата и кои се во неа независно од телото. Светиот Дух ја научува душата како да го држи телото во покорност, целото тело - од главата до нозете: очите - да гледаат со чистота; ушите - да слушаат мирно и да не се насладуваат со навреди, озборувања и клевети; јазикот - да го говори само она што е добро, да го одмерува секој збор и да не дозволува во говор да се замеша нешто нечисто и страсно; рацете - да бидат доведувани во движење само кога треба да се издигнуваат за време на молитвата и за правење на милосрдни дела; стомакот да биде секогаш во границите на дозволеното во храната и пиењето, толку колку што е потребно за одржувањето на телото, не дозволувајќи си од алчност и сластољубивост да ја надминува оваа мерка; нозете да одат право и според Божјата волја, управувани секогаш кон служење на добри дела. На овој начин телото свикнува на добри дела и на секое добро, покорувајќи ѝ се на власта на Светиот Дух, па така, најпосле, станува во извесна мерка удостоено со својствата на духовното тело, какви ќе добие при воскресението на праведниците. (Од истото писмо).

21. Душата има, како што е речено, свои сопствени страсти. Тие се: гордоста, омразата, зависта, гневот, очајанието, како и други слични на нив. Кога душата ќе Му се предаде на Бога со сета своја сила, тогаш и семилостивиот Бог ѝ дава дух на вистинско покајание и ја очистува од сите нејзини страсти, ја учи да не им се предава и ѝ дава сила да ги победува и да им се противставува на духовните непријатели, кои не престануваат да ѝ прават пречки, грижејќи се преку искушенија одново да ја заробат. Ако таа остане одлучна во своето обраќање и во постојана послушност на Светиот Дух, Кој ја учи на покајание, тогаш милостивиот Создател ќе се смилува на неа, поради нејзините напори и трудови, кои ги прави со голема мака во долги пости, чести бдеења, поучувања во Божјото слово, во непрестајна молитва, во откажувања од сите светски задоволства, во служење на сите со чисто срце, во смиреност и духовна сиромаштија ако остане непоколеблива во сето тоа, тогаш Семилостивиот Бог ќе ја погледне со Своето милостиво око, ќе ја избави од сите нејзини искушенија и ќе ја ослободи од рацете на духовните непријатели со Својата милост. (Од истото писмо).

22. Бог Отецот, по Својата добрина, “не Го поштедил ни Својот сопствен Син” (Рим. 8, 32), туку Го предал за нашето избавување од нашите гревови и неправди. И Божјиот Син, Кој се смирил заради нас, нѐ излекувал од нашите душевни болести и направил сé за да се спасиме од нашите гревови. Ве молам, во името на нашиот Господ Исуса Христа да знаете и секогаш да мислите за оваа голема Божја промисла: дека Божјото Слово, заради нас, станало во сѐ слично со нас, освен во гревот. И затоа треба ние што сме надарени со разум да знаеме за сето ова и да покажуваме ревност, та вистински да се ослободиме од нашите гревови, со силата на Господа, Кој дошол при нас. Оние што се користат, како што треба, со оваа Божја милост, тие се вистински Божји слуги. Ho, ова уште не е вистинското совршенство. Совршенството воведува во синовство, а потоа, во свое време, доаѓа и осветувањето. Тогаш нашиот Господ Исус Христос, откако видел дека Неговите ученици веќе навлегле во синовството, дека Го познале Него Самиот, па откако биле научени од Светиот Дух, им рекол: “Не ве нарекувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве викам пријатели, оти ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец” (Јован 15, 15). И тие, откако познале што станале во Исуса Христа, издигнале глас и почнале да говорат: “Вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого викаме: Авва, Оче” (Рим. 8, 15). Оној што не пројави потполна готовност да престане да греши, тој треба да знае дека доаѓањето на Господа Избавителот за него е осудување. Затоа уште во почетокот праведниот Симеон рекол: “Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, и е знак против Кого ќе се говори” (Лука 2, 34). A потоа и апостолите објавиле: “На едните сме смртоносен мирис за смрт, а на другите животворен мирис за живот” (2. Кор. 2, 16). (Од второто писмо).

23. Вам не ви е непознато, дека непријателите на вистината непрестајно настојуваат да ја уништат вистината. А Бог во свое време ги посетувал Своите созданија, уште од почетокот на светот, и оние што пристапувале кон својот Создател со сето свое срце, Он ги учел како треба да Го почитаат. Но, кога, поради страсноста на своето тело и пакоста на духовните непријатели, кои нѐ напаѓаат, добрите стремежи на душата ја загубиле својата сила и луѓето веќе не можеле да го прават и она што е својствено на нивната природа и на нивното назначение, а уште помалку можеле да се избават од своите гревови, да се издигнат до својата првобитна состојба, тогаш Бог ја пројавил спрема нас Својата милост и нѝ покажал како да Го почитуваме преку законот во Светото писмо. А кога и тоа не помогнало, тогаш Бог, гледајќи дека раната се раширила и дека има потреба од сериозно лекување, одлучил да Го испрати Својот Единороден Син, Кој е нашиот единствен Лекар. (Од третото писмо).

24. Јас, исполнет со љубовта спрема Господа Исуса Христа, набљудувајќи ја нашата современост, доживувам ту радост, ту жалост и плачење. Многумина од нашиот род се облечени во облека на побожност - станале монаси. Но од нив само некои го направиле тоа со сето свое срце и се удостоиле и да го добијат она што било донесено - избавувано со доаѓањето на Господа Исуса Христа. Тоа се оние, на кои им се радувам. А другите, презирајќи ја силата на својот монашки завет, дејствуваат според желбите на своето тело и наклоностите на своето срце, а поради тоа доаѓањето на Господа станало за нивно изобличување. Тоа се оние, за кои жалам и плачам. А некои други, помислувајќи за должината на својот подвиг, се очајале и паднале со духот, па ја отфрлиле од себе си облеката на побожноста, се откажале од монашкиот живот и станале како неразумни животни. И за нив жалам и плачам, зашто и за нив доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос станало за нивно осудување. (Од истото писмо).      25. Му се молам на Бога со сите свои сили за вас да ви вложи оган во вашите срца, поради што нашиот Господ Исус Христос дошол на земјава (сп. Лука 12, 49), Ta да можете правилно да управувате со вашите намери и чувства, како и да го разликувате доброто од лошото. (Од истото писмо).

26. Kora ветерот дува рамномерно, секој морепловец може високо да мисли за себе си и да се фали; вистинската способност и вештина на добрите кормилари се покажуваат кога настане ненадејна промена на ветровите. (Од истото писмо).

27. Оној што има страв од Господа и ги пази Неговите заповеди, тој е вистински слуга Божји - роб Негов. Но ова ропство, во кое се наоѓаме ние, всушност не е ропство, туку привидност, која води кон синовство. Нашиот Господ Исус Христос ги избрал Своите апостоли и ги задолжил да го проповедаат Светото Евангелие. Заповедите, кои нѝ ги предале светите апостоли, нѐ вовеле во прекрасно ропство, за да можеме да господариме над сите наши страсти и да го извршуваме прекрасното служење на добродетелите. Но кога ќе пристапиме поблиску до благодатта, тогаш Господ Исус Христос ќе ни рече, како што им рекол на Своите апостоли: “Не ве нарекувам веќе слуги, зашто слугата не знае што работи господарот; туку ве викам пријатели, оти ви кажав сѐ што сум чул од Мојот Отец (Јован 15,15). Оние што ќе ѝ пристапат на благодатта, од личен опит ќе ги познаваат движењата на Светиот Дух и ќе ја сфатат својата лична состојба, а кога ќе дојдат до тоа сознание, ќе почнат и тие да говорат: “Ние не примивме дух на ропство, за да бидеме во страв, туку Го примивме Духот на посинувањето, преку Кого викаме: Авва, Оче! (Рим. 8, 15). (Од четвртото писмо).

28. Бог сите ги раководи со дејството на Својата благодат. Затоа не бивајте мрзливи и не очајувајте, викајте кон Бога дење и ноќе, за да ѝ се молите на добрината од Бога Отецот, за да ви испрати помош, та да знаете како кога да постапувате. Не давајте им сон на вашите очи, ни дремка на вашите веѓи! (сп. Псал. 131, 4), исполнети со желба да Му се принесете сами себе си жртва чиста на Бога, за да Го видите, зашто без чистота никој не може да Го види Бога, “без која никој не може да Го види Бога” (Евр. 12, 14), како што вели апостолот. (Од петтото писмо).

29. Сите светии, кога нѐ гледаат мрзливи и безгрижни, тажат, плачат и нѐ жалат, а кога нѐ гледаат ревносни и како раснеме во совршенство се радуваат. Тогаш со радост и веселба непрестајно Му се молат за нас на Спасителот. А Господ им се радува на нашите добри дела и на сведоштвата и на молитвите на светите, па нѐ опсипува со секакви дарови. (Од истото писмо).

30. Кој со сето свое срце не го мрази она, што му е својствено на земното свое тело, како и сите негови движења и дејства, и умот свој не го издигнува кон Отецот на сите, тој не може да добие спасение. А оној што ќе го направи тоа, нашиот Господ ќе се смилува над неговите трудови и ќе му подари невидлив и духовен оган, кој ќе ги изгори сите страсти што се наоѓаат во него и потполно ќе го очисти неговиот ум. Тогаш во него ќе се всели Духот на нашиот Господ Исус Христос и ќе живее во него, учејќи го како да Му се поклонува угодно на Отецот. Ho, сѐ додека бараме наслади во нашето тело, сѐ дотогаш сме непријатели на Бога, на ангелите и на Неговите светии. Ви се молам во името на нашиот Господ Исуса Христа, не бивајте безгрижни за вашиот живот и за вашето спасение, не дозволувајте времето што брзо минува да ви ја одземе вечноста, која нема крај; и не дозволувајте му на ова земно тело да ве лиши од царството на светлината, кое нема граници и кое е неискажливо. Вистински е неспокојна мојата душа и мојот дух се исполнува со жалост поради тоа што ја злоупотребуваме слободата, која нѝ е подарена затоа, за де се одлучуваме за делата на светите и да ги извршуваме, а ние, опиени од страстите, слично на оние што се опиле со вино, не сакаме да го издигнеме нашиот ум и да ја побараме возвишената слава, не сакаме да се угледаме на светиите, да ги следиме нивните чекори, за да бидеме наследници на нивните дела, па заедно со нив да го добиеме вечното наследство. (Од истото писмо).

31. Вие сите сте удостоени со големо богатство со тоа што сте ја добиле благодатта, која е во вас. Но, вие сте должни вредно да се подвизувате во името на нашиот Бог, “заради големата милост на нашиот Бог, со која нѐ посети Исток од висините” (Лука 1, 78), па да станете Негова света и чиста жртва. Нам нѝ е познато, дека нашата природа паднала од својата височина во длабочината на униженоста и сиромаштијата и како ја посетувал милосрдниот Бог со Своите закони преку рацете на Мојсеја и на другите пророци, а во последно време тоа го направил преку Својот Единороден Син, Кој е врховен Началник на нашите првосвештеници и наш вистински Лекар, Кој единствено може да ги излекува нашите болести; Кој се облекол во нашето тело и се предал Себе Си за нас и за нашите гревови. Ние сме спасени со Неговата смрт. Внимателно навлезете во промислата на нашиот Создател и во посетата што нѝ ја направил, по внатрешниот и надворешниот човек, и тоа, откако ние, бидејќи разумни, сме станале неразумни и сме се согласиле со волјата на нашиот духовен непријател, злосторник и татко на лагата. (Од шестото писмо).

32. Колку милијарди лоши духови и колку безбројни видови нивни искушенија! И откако увиделе, дека ние откако сме ги сознале нашите страсти и нашиот голем срам, па сме почнале да се ослободуваме од нашите лоши дела, не сакајќи да ги слушаме нивните лоши совети, сепак тие не отстапиле од нас, туку продолжуваат да нѐ напаѓаат, зашто знаат дека нивната судба конечно е решена и дека пеколот е нивното вечно наследство како казна за нивната бескрајна пакост и за нивното потполно отпаѓање од Бога. Да ви ги отвори Господ очите на вашите срца, за да можете да видите колку се многубројни итрините и лукавствата демонски и колку многу зло нѝ прават тие секој ден. Да Му се молиме на Бога да нѝ дарува храбро срце и разумен дух, за да можеме да Му се принесеме себе си на Бога жртва жива и чиста, да се пазиме постојано од зависта на демоните и секогаш да бидеме свесни за нивните лоши совети, за нивните прикриени лукавства и нивната подмолна пакост, за нивните лаги и богохулни помисли, за нивните итри предлози, кои ги вложуваат секој ден во нашето срце, за нивниот гнев и за нивните клевети, со кои нѐ подучуваат како еден со друг да се напаѓаме и да се клеветиме; тие учат како со слатки зборови да ги скриваме горчевините на нашите срца; нѐ учат да ја осудуваме надворешноста на нашиот ближен, а сами во себе си да имаме грабливец, за да се караме едни со други, да се прекоруваме со желба да се покажеме дека сме ние најчесните. Греши секој човек, кој се насладува со своите грешни помисли, кој паѓа доброволно, кој се согласува со она што во него го вложуваат неговите духовни непријатели и кој мисли да се оправда само со дела, кои само надворешно се чинат совршени, а внатре во него е вистинско живеалиште на лошиот дух, кој го учи на секое зло. Телото на таквиот човек се исполнува со срамни нечистотии, зашто во таквиот човек владеат демонските страсти, кои тој не ги одгонува од себе си. Демоните немаат видливи тела, но ние стануваме нивни тела кога ги прифаќаме нивните мрачни помисли, зашто штом се согласиме со нивните помисли, ние ги примаме и самите демони и ги докажуваме видливи во нашето тело. (Од шестото писмо).

33. Нашата духовна и бесмртна природа е сокриена во нашето гниежливо тело, така што и преку него да можеме да ги пројавиме нашите дејствувања. Па така, откако го направите вашето тело кадилен жртвеник, принесувајте ги на него вашите помисли и вашите лоши желби, па, ставајќи ги на тој начин пред лицето на Господа, издигнувајте се кон Него со своето срце и со својот ум, молејќи Му се - Он да го испрати одозгора Својот духовен оган, кој би изгорел сé што се наоѓа на овој олтар и да го очисти. Тогаш ќе се исплашат вашите духовни непријатели, Вааловите свештеници, ќе загинат од вашите раце, како што загинале и од рацете на пророкот Илија (сп. 3. Цар. 18, 25 и понатаму). Тогаш ќе го видите човекот, кој излегува од божествените води, кој ќе направи да падне духовен дожд на вас, односно да бидете оросени од Светиот Дух Утешител. (Од истото писмо).

34. Ѓаволот, кој паднал од небесната слава поради својата гордост, непрестајно прави напори да ги вовлече во паѓање и сите оние, кои сакаат да пристапат кон Господа, на ист начин како што паднал и тој : преку гордоста и љубовта кон суетната слава. На тој начин демоните се борат против нас, со тоа и со други слични работи настојуваат да нѐ оддалечат од Бога. Освен тоа, знаејќи дека оној што го сака својот брат Го сака Бога, тие вложуваат во нашите срца меѓусебна омраза до таква мерка, така што има луѓе, кои не можат да го гледаат својот брат или да му речат еден збор. Многумина, кои биле навистина големи, презеле трудови да ги придобијат добродетелите, но поради својата неразумност загинале. Такви не е чудно да има и меѓу вас, ако престанете да се трудите за придобивање добродетели и ако мислите дека веќе ги имате. На тој начин можете да паднете во таа ѓаволска болест и самоизмама, мислејќи дека сте близу до Бога и дека живеете во светлина, а всушност се наоѓате во темнина. Што е она што Го побудило нашиот Господ Исус Христос да ја соблече Својата горна облека, да се препаше со крпа за бришење, да стави вода во сад за миење (сп. Јован 13, 4-15), да им ги измие нозете на оние, кои биле подолу од Него, ако не тоа да ги научи да бидат смирени? Он со својот пример, со она што го направил, нѝ покажал и нам дека треба да бидеме смирени. И токму затоа, сите оние што сакаат да се вратат во својата првобитна состојба, треба да знаат дека тоа можат да го постигнат само преку смирението. Затоа што во почетокот паѓањето од небото дошло поради гордоста. Па затоа, ако човекот нема вистинско смирение, ако не се смири со сето срце, со сиот дух, со сета душа и со сето тело, тој не ќе може да го наследи царството Божјо. (Од истото писмо).

35. Ако сакаме искрено да пристапиме кон нашиот Спасител, тогаш е неопходно потребно да се трудиме, да се подвизуваме да ја ослободиме нашата душа од страстите по патот на духовниот закон. Зашто од нашите лоши дела, од насладувањето со страстите и од големото мноштво ѓаволски искушенија ослабнала нашата разумна сила и замреле добрите движења во нашите души. Ние веќе не сме во состојба да ја препознаеме убавината на нашата душа и вистинските потреби на нашата природа - поради страстите, во кои паѓаме. И никој не може да нѐ спаси, освен нашиот Господ Исус Христос, како што пишува свети апостол Павле: “Како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат” (1. Кор. 15., 22). Нашиот Господ Исус Христос е живот на сите разумни суштества, создадени по образ и подобие на Бога. (Од седмото писмо).

36. Ние сме именувани со имињата на светите. Облечени сме и во нивната облека со што се фалиме пред неверните, но немаме урдност да се угледаме на нивните дела. Се плашам дека на нас се однесуваат зборовите од апостолот: дека на изглед смe побожни, а сме се одрекле од Божјата сила (сп. 2. Тим. 3, 5). Да нѝ даде Господ да сфатиме каков е животот што сме го започнале, па да дејствуваме и да живееме според неговиот дух и да се удостоиме да го добиеме невидливото наследство; па така, според нашите сили, да живееме и да работиме сообразно со волјата на Господа. Ете, ова сме должни да го правиме! Затоа што ова ѝ е својствено на нашата природа; освен ова ништо друго не се бара од нашите добродетели. Оној што Му служи на Бога и Го бара со сето свое срце, тој постапува согласно со својата природа; а оној што прави грев, тој заслужува прекор и казна, затоа што тој не ѝ е својствен на нашата природа. (Од седмото писмо).

37. Откако Господ го разбуди мојот ум од смртниот сон со Својата благодат, мојот план беше голем и моето воздивнување беше неутешно. Често мислам за ова: што можеме да Му дадеме на Господа за сѐ што направил за нас? Им заповедал на Своите ангели да ни служат, на пророците да пророкуваат, на апостолите да го проповедаат Светото Евангелие. А она што е најголемо од сѐ, Он Го испратил при нас Својот Единороден Син за наше спасение. Поттикнувајте ги вашите срца кон стравот Божји. Знајте дека свети Јoван Претеча и Крстител крштевал со вода за покајание, за подготвување за крштевањето на нашиот Г оспод Исус Христос, Кој крштава со Светиот Дух и со оган, кој е огнот на ревноста кон добри дела. Затоа, да покажеме усрдна готовност за очистување на нашата душа и на нашето тело и, откако го примивме крштевањето на нашиот Господ Исус Христос, да бидеме ревносни кон вршење на добри дела, за да Му се принесеме себе си како пријатна жртва. Светиот Дух, Утешителот, Кој Го примаме во крштавањето, ни дава сила да живееме и да дејствуваме свето, за да нѐ издигне пак во нашата некогашна славна состојба и да нѐ направи достојни да го добиеме вечното наследство. Знајте, дека оние кои се крстени во Христа, во Христа се облекуваат, како што пишува апостолот (сп. Г ал. 3, 27-28), добивајќи ја благодатта на Светиот Дух. И тогаш, и кај робот и кај слободниот, и мажите и жените, штом ја примат оваа благодат, веднаш престануваат да ја имаат својата сила овие телесни особености. И Светиот Дух во истото тоа време, штом стане за нив залог за наследство на вечното небесно царство, ги научува како да Му се поклонуваат на Отецот во дух и во вистина (сп. Јован 4, 23). (Од истото писмо).

38. Му се молам на Бога: и вие да се удостоите да Го добиете тој голем огнен Дух, Кој сум Го примил јас. Ако сакате да Го добиете и Он да остане во вас, принесете најнапред телесни трудови и смирение на срцето, а вашите мисли, дење и ноќе издигнувајте ги кон небото, па ќе Го добиете овој огнен дух заедно со праведноста. Он ќе ви биде даден. На овој начин Го добиле светите пророци Илија Тесвитјанин и пророкот Елисеј, како и другите пророци. На оној што се труди и се подвизува вака, нему ќе му биде даден Светиот Дух засекогаш и за векови. Бидете непрестајно во молитви и барајте со сето ваше срце. И Он, кога ќе Го примите, ќе ви ги открие возвишените тајни; ќе го одгони од вас стравот од луѓето и од зверовите, и ќе имате небесна радост дење и ноќе, а во ова тело ќе бидете како веќе да се наоѓате во небесното царство. (Од осмото писмо).

39. Ако човек сака да ја придобие Божјата љубов, тој е должен да има страв Божји: стравот го раѓа плачот, а плачот ја раѓа храброста. Кога сето ова ќе узрее во душата, таа ќе почне да раѓа плодови во сѐ. И Бог, откако ќе ги види овие прекрасни плодови, ваквата душа ја привлекува кон Себе, како миризба од скапоцен темјан; ѝ се радува на неа заедно со ангелите во секое време, преисполнувајќи ја со радост и ја запазува на сите нејзини патишта, за да може без секаква опасност да стигне на местото на своето успокојување. Тогаш и ѓаволот, гледајќи Го нејзиниот силен Стражар, Кој ја закрилува, не ја напаѓа. Дури и воопшто не ја напаѓа и не може да се приближи до неа, поради оваа голема сила. Придобијте ја оваа сила, за да се плашат демоните од вас и да ви бидат полесни трудовите што ги преземате: да ви биде слатко сѐ што е божествено. Сладоста на божествената љубов е послатка и од медниот сот. Многумина од монасите и од монахините, кои живеат во братства и сестринства, не вкусиле ни најмалку од сладоста на божествената љубов, а мислеле дека веќе ја имаат. Бидејќи не се грижеле воопшто да ја придобијат, Бог не им ја подарил. А оној кој навистина се грижи да ја добие, тој ја добива по Божја милост, зашто Бог не гледа кој е кој. Кога некој, сакајќи да ја има Божјата светлина и Неговата сила во себе, тој ги презира и навредите во овој свет, мрази сѐ што е светско, како и спокојот телесен, тој го чисти своето срце од сите нечисти мисли, а на Бога непрестајно Му принесува пост, деноноќни солзи и чисти молитви. Тогаш Бог богато му ја дарува оваа сила. Трудете се да ја добиете оваа сила. Тогаш сите свои дела ќе ги правите спокојно и лесно; ќе добиете голема смелост пред Бога и Он ќе ги исполнува сите ваши прозбени молитви. (Од деветтото писмо).

40. Бог ги слуша оние што Го љубат со сето свое срце и што Го бараат со сета своја сила, па ги исполнува сите нивни прозби. А прозбите на оние, кои не Му пристапуваат со сето свое срце, туку со срце раздвоено, кои сé што прават, го прават само навидум, за да добијат слава и пофалба од луѓето, нив Бог не ги слуша, туку се гневи против нив, зашто делата нивни не се искрени, како што вели псалмопеачот Давид: “Господ ќе им ги растури коските на оние што си угодуваат еден на друг” (Псал. 52, 5). Поради тоа Божјата сила не дејствува во нив; тие не ги извршуваат своите дела со одлучно срце. Затоа тие не ги доживуваат божествената сладост и веселба. Меѓу нас има многумина такви, кои не ја добиле оваа сила, која ѝ причинува сладост на душата, не ги исполнува се поглема и поголема радост и веселба и не ја разгорува во нив божествената топлина. Нив ги измамува лошиот дух. Своите дела тие ги извршуваат само за да се покажат пред луѓето. А вие, плодот на вашите трудови принесувајте го пред Божјото лице, настојувајте да се оддалечувате од духот на суетата, туку постојано борете се против неа, така што Господ да ги прими вашите плодови, кои ги принесувате пред Неговото лице. Он ќе ви испрати сила, која им се дава на избраните Негови. Не престанувајте да Му се противставувате на овој лош дух, зашто кога пристапуваме кон добри дела и кон духовни подвизи, овој дух бега од нас или се труди да нѐ отстрани од нашите добри намери. Тој не поднесува некој да живее праведно и им се противставува на сите што сакаат да Му бидат верни на Бога. На многумина тој и не им дозволува да се доближат до добродетелите, а на некои им се вмешува во нивните дела, така потполно ги уништува нивните плодови; ги учи да прават добродетели и да вршат добри дела, а сето тоа да го прават од суета и да се покажуваат пред луѓето. За таквите, луѓето мислат дека се богати со добри плодови, а тие сосем ги немаат. Тие се слични на онаа смоква, за која мислеле гледајќи ја од далеку, дека на неа има многу слатки плодови, а кога се доближиле до неа ништо не нашле на неа. Бог ги исушува затоа што не наоѓа на нив никакви добри плодови и ги лишува од неспоредливата сладост на Своето Божество. Но вие, кога ќе почнете да се подвизувате, борете се против духот на суетата и славољубието и победувајте го. Тогаш Бог ќе ви испрати сила. Таа ќе ви помогне и ќе остане со вас; таа постојано ќе ви дава ревност и топлина, од кои нема ништо поскапоцено. Кога некој увиди дека не е обдарен со оваа топлина, веднаш да почне да ја бара, и таа ќе дојде кај оној што ја бара. Таа е слична на оган, на кој луѓето истураат малку масло и дуваат се додека не се разгори и вивне во голем пламен. И вие, кога видите дека вашата душа оладува, поради вашата мрзливост и неработење, побрзајте да ја распалите, изливајќи ги врз неа вашите солзи. Нема никакво сомневање, дека ќе дојде врз неа тој оган и ќе се соедини со вашите души, па, откако го добиете, душата ваша ќе почне да се преполнува со добри дела. И царот Давид, кога забележал дека неговата душа отежнала и оладнела, извикал: “Се сетив на дамнешните дни и размислував за сите Твои дела, расудував за делата на Твоите раце. Ги протегнав рацете мои кон Тебе, душата моја е жедна за Тебе како сува земја” (Псал. 142, 5-6). Ете, гледате, колку се загрижил Давид кога отежнало неговото срце, се додека пак не се распалил огнот во срцето негово толку многу, така што почнал да вика кон Господа: “Подготвено е срцето мое, Боже, подготвено е срцето мое ќе пеам и ќе воспевам во славата своја” (Псал. 107, 1). Дење и ноќе се грижел и се трудел се додека не се вратил во својата поранешна состојба. И вие постапувајте вака. Бидете еднодушни во подготвувањето на вашето срце со помошта на божествениот оган и божествена светлина. (Од десеттото писмо).

41. Молете Му се на Бога да ви подари благодат, за да можете точно да правите разлика меѓу доброто и злото. Свети апостол Павле Пишува: “Тврдата храна е за совршените” (Евр. 5, 14). Тоа се оние, кои со долги и усрдни подвизи ги обучиле своите чувства и намери по однос на доброто и на злото, станале синови на Царството и усиновени на Бога. И Бог им подарил мудрост и разбирање во сите нивни работи, така што да не може да ги измами ни човек, ни ѓавол. Потребно е да знаеме како нашиот духовен непријател ги искушува верните со привидно добро и многумина успева да измами, токму затоа што немаат разбирање и мудрост. Затоа, блажениот Павле, откако дознал за богатствата на разумот, кои се одредени за верните и чија големина нема граници, им пишува на Ефесјаните: “Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение, за да Го познаете, и да ги просветите очите на срцата ваши, за да увидите во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите” (Ефес. 1, 17-18). Тој им го велел тоа од преголема љубов спрема нив, знаејќи, дека, ако го придобијат тоа, тогаш ќе немаат никаква тешкотија во ништо и нема да се плашат од ништо; дека радоста во Господа ќе ги утешува дење и ноќе и нивните подвизи и трудови ќе им бидат слатки во секое време. Многумина од монасите и монахините, кои живеат во општожитијата, не постигнуваат вакво совршенство. Отстапете од сите нив, кои се нарекуваат монаси и монахини, а го немаат ова јасно согледување и размислување. Зашто, ако живеете заедно со нив, тогаш тие ќе ви пречат и не ќе можете да напредувате, туку уште и ќе го изгаснат вашиот жар, зашто во нив нема никакво горење и никаков жар, туку се исполнети со студенина, поради тоа што живеат според своите желби. Па затоа, ако дојдат кај вас и започнат разговор за светски работи, раководени од своите желби, не согласувајте се со нив. Зашто свети апостол Павле пишува: “Не гаснете Го Духот! Пророштвата не ги унижувајте!” (1. Сол. 5, 19). Знајте дека Духот со ништо не се угаснува така, како со суетни и празни разговори. (Од единаесеттото писмо).

42. Во секое разумно суштество, во мажот и во жената, постои орган на љубов, со кој можат да го опфаќаат и она што е божествено и она што е човечко. Духовните луѓе го сакаат она, што е божествено, а телесните она што е телесно. Оние што го сакаат божественото ги чистат своите срца од сите нечистотии и од работите на овој преоден свет; го мразат светот и својата душа, го носат својот крст и одат по Господа, исполнувајќи ја во сѐ Божјата волја. Затоа Бог се вселува во нив и им дарува сладост и радост, кои ја хранат нивната душа и ја наситуваат. Како што дрвјата, ако не се напоени со природна вода, не можат да растат, така и душата, ако не ја прима небесната слава не може да расте. Растат и напредуваат само оние души, кои Го примиле Светиот Дух и кои со напоени со небесната сладост. (Од тринаесеттото писмо).

43. Постојано повторувајтe дека сте грешници и плачете за сите ваши гревови. За тоа Господ ќе се смилува на вас и ќе почне да дејствува во вас, зашто Он е благ и им ги простува гревовите на оние што се обраќаат кон Него, без оглед колку да се големи и нема веќе да си спомнува за нив. Но Он сака помилуваните, оние на кои им се простени гревовите, да си спомнуваат за своите гревови што ги направиле, за да не би, заборавајќи ги, пак да почнат да ги прават, да ги повторуваат, па да им се случи она што му се случило на оној слуга, на кого неговиот господар му го простил целиот негов голем долг. Откако заборавил за таа голема милост, тој постапил неправедно со својот другар и не сакал да му го прости она малку што му должел, што било сосем ништожно во споредба со она што му било простено нему (сп. Матеј 18, 23-35). Да видиме како постапил пророкот Давид. Откако згрешил со жената на Уриј, пророкот Натан го изобиличил за тоа и за она што го направил со нејзиниот маж. Тој го ислушал изобличението и веднаш се покајал и се смирил. Затоа пророкот Натан му рекол: “Господ го симна од тебе гревот твој; ти нема да умреш“ (2. Цар. 12, 13). Но, Давид откако го добил простувањето на својот грев, веќе никогаш не го заборавал и споменот за своите гревови му го предал на своето потомство. За неговиот грев знаат сите. Он вели: “Безаконците ќе ги научам на Твоите патишта” (Псал. 50, 15), така што сите грешници да се научат од неговиот пример, дека треба да се кајат за своите гревови и да не ги забораваат и кога им се простени, туку секогаш да си спомнуваат за нив; Истото го рекол Бог и преку пророкот Исаија, велејќи: “Јас Сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себe и гревовите твои нема да ги спомнам. Спомни Ме, ќе се судиме; говори, за да се оправдаш“ (Иса. 43, 25-26). Тоа го вели и преку пророкот Јеремија: “Врати се, отстапнице, ќерко Израилева - вели Господ. Јас нема да го излеам врз вас Мојот гнев; зашто Јас сум милостив, - вели Господ - нема нешто да негодувам. Признај ја само вината своја, зашто отстапи ти од твојот Господ Бог, и се распушти со туѓи под секое лиснато дрво, а Мојот глас не го слушаш вели Господ“ (Jерем. 3, 12-13). Пa затoa, кога Господ ни ги простува нашите гревови, ние сме должни да не си ги простуваме, туку секогаш да си спомнуваме за нив преку обновено покајание за нив. (Од шеснаесеттото писмо).

44. Големо нешто и славно е духовното подвижеништво, но тоа има многу противници. Кој сака да биде совршен во него, тој не смее да робува на ништо што е лошо. Оној што му робува на лошото, тој се наоѓа далеку од совршенството. (Од седумнаесеттото писмо).

45. Нашиот Господ Исус Христос, по Своето, за нас несфатливо смирение, го покрил Своето божество под Своето човештво, така што сите да можат да Го гледаат како човек, иако не бил само човек, туку и Бог, Кој се овоплотил и станал човек, како што е напишано: “И Словото стана тело и се всели во нас” (Ј ован 1, 14). Сепак Господ не излегол од Своето божество со тоа што станал и човек. Ова Му било потребно заради нашето спасение. (Bo истото писмо).

46. Мнозина поради својата безумност велат: “И ние, како и апостолите, сме Го виделе Господа Исуса Христа”, но тие се во самоизмама и прелест. Тие не можеле со своите очи да Го видат Христа онака како што Го гледале Неговите ученици. Свети апостол Павле Го видел Господа онака, како што Го виделе Неговите апостоли, кои биле со Него и кои поверувале во Него и тогаш кога Он одел по земјата, кога Го окружувале толпи народ, кои Го гледале само како човек. Крвоточивата жена, кога Го видела со очите на своето срце, таа поверувала дека е Бог и со вера се допрела до крајот на Неговата облека и веднаш била излекувана од својата болест. Он тогаш прашал: “Koj се допре до Мене”, не затоа што не знаел, туку затоа што сакал да ја објави нејзината вера. Иако апостол Петар рекол: “'Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а Ти прашуваш: “Кој се допре до Мене?” (Лука 8, 45). Но, таа самата се јавила и кажала како била излекувана. Тогаш Господ ѝ рекол: “Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир!” (Лука 8, 48). Го виделе Господа и Пилат, и Ана и Кајафа, но го гледале онака, како што Го гледала и другата толпа, без вера, а не онака како што Го гледале апостолите. И токму затоа тие не добиле никаква полза од Него, иако Го виделе. А апостол Павле Го видел со очите на своето срце и со својата многу силна вера, онака како што Го видела крвоточивата жена, која се допрела со вера до Него и се излекувала. (Од седумнесеттото писмо).

47. Тогаш, кога ќе престане во човекот царството на гревот, во душата негова се јавува Бог и ја очистува заедно со телото. Ако царството на гревот живее во телото, тогаш човекот не може да Го види Бога, зашто неговата душа се наоѓа во грешно тело и во него нема место за светлината, која е гледање на Бога. Пророкот Давид вели: “Bo Твоjaтa светлина ќе гледаме светлина” (Псал. 35, 9). Каква е таа светлина, во која човек ја гледа светлината? Тоа е таа светлина, за која говори нашиот Господ Исус Христос во Светото Евангелие, велејќи: “Ако, пак, целото твое тело е светло и нема ни еден темен дел, тогаш тоа ќе биде така светло, како кога светило те осветлува со светлина” (Лука 11, 36). Спасителот наш уште рекол: “Никој не Го познава Синот, освен Отецот, ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие” (Матеј 11, 27). А Синот не им Го открива Својот Отец на синовите на темнината, туку само на оние што живеат во светлина и кои се синови на светлината, чии очи на срцето ги просветил Он со познавањето на заповедите. (Во истото писмо).

48. Во еден псалм читаме: “Се сетив на тоа и ја излив душата своја, зашто сум одел низ места каде што е чудесната скинија до Божјиот дом при гласно воскликнување и прославување на голем празник” (Псал. 41, 4). Зборовите “сум одел” покажуваат нешто што се случило одамна во минатото и укажуваат на направениот растеж на душата: зашто таму таа се приближила до Бога и дека пред тоа нејзиниот пат бил оддалечен од Бога. Да не се чудиме што нашиот пат е уште многу оддалечен затоа што се наоѓаме уште во духовно детство. И на големиот пророк Илија му било речено: “Стани, јади и пиј, бидејќи те чека долг пат” (3. Цар. 19, 7). А тој одел кон видување на Бога. За ова истото говори и пророкот Давид, велејќи: “Кој ќе ми даде крилја гулабови, па да одлетам и се успокојам” (Псал. 54, 7). Овој пат затоа треба да се минува не со невнимание, не со раслабеност и мрзливост, туку со внимание и будност. Свети апостол Павле, говорејќи за ова, нѐ советува: да трчиме, но не на несигурно, да се бориме не како оној што удира по ветер; туку да го изнуруваме и да го поробуваме нашето тело (сп. 1. Кор. 9, 27). 3aтоa, да трчиме, додека имаме време во ова тело, за да стигнеме до совршенството, како што го достигнал свети апостол Павле, кој вели: “Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив; понатаму ме очекува венецот на правдата” (2. Тим. 4, 7-8). (Во истото писмо).

49. Како што телото, додека е во него душата, минува низ три возрасти: младост, зрела возраст и старост, и душата скриена во телото, исто така минува низ три возрасти: почеток на верата, преуспевање во неа и совршенство. Во првата возраст, кога душата почнува да верува, таа, како што се вели во Светото Евангелие, се раѓа во Христа. Свети апостол Јован ни ги опишал знаците на ова ново раѓање, како и на нејзината средна состојба и на совршенството, велејќи: “Ви пишувам, чеда,... ви пишувам, вам татковци, ви пишувам, вам момчиња, зашто сте силни и словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот” (1. Ј ов. 2, 12-14). Вака им пишувам не на своите телесни пријатели, туку на верните, изобразувајќи ги трите состојби, низ кои минуваат оние што се стремат кон духовната област, за да достигнат до совршенството и да се удостојат до потполната благодат. (Во истото писмо).

50. Оној што го засакал духовниот живот, треба да се угледа на чистотата и воздржливоста на Јосифа; треба да се исполнува со созерцание и да се вооружува против сите лоши похоти, кои се силни со поткрепата на лукавиот духовен непријател, како што вели многустрадалниот Jов: “Силата негова е во бедрата негови, јачината негова во мускулите на стомакот негов” (Јов 40, 11). Затоа и секој подвижник треба да се вооружува против телесните похоти, кои обично се засилуваат од изобилно јадење и пиење, па е должен добро да ги препашува своите бедра со воздржување, за да може да се запази во чистота. Се вели дека ангелот што се борел со Јакова, кога видел дека не може да го совлада, се допрел до неговото бедро, така што на Јакова му се изместил колкот од зглобот, од што овенала и ослабнала неговата сила; тогаш е наречен Израил, односно оној кој Го видел Бога (сп. 1. Мој . 32, 25 и 32). Исто така и ние треба да го овенеме нашето тело, за да ги умртвиме и изгасиме неговите похоти. Зашто ослабувањето на телото ни дава можност да дојдеме до добродетелта на чистотата. Душата станува силна кога ослабнува телото. Па затоа, да ги истенчиме нашите тела, за да можеме да ги држиме во послушност, бидејќи, ако го заробиме нашето тело и ѝ го покориме на душата, тогаш телесните помисли и љубовта кон нив кои се непријателство спрема Бога, ќе бидат умртвени преку умртвувањето на телото. Тогаш ќе се просвети душата и ќе стане храм Божји. Оној што се грижи да биде чист во сите свои телесни членови, тој е вистински духовен подвижник. Тој ги совладал сите свои чувства и не им дозволува да владеат над него, но ги заробил и ги држи во ропство на Господа со голема чистота. Тој не им дозволува на своите очи да гледаат нешто лошо, да гледаат жени и да се насладуваат со тоа, не им дозволува на своите уши да слушаат озборувања или ѓаволски совети и не им дава на ѓаволските помисли да се доближуваат до него; тој ја запечатува својата уста и не му дозволува на својот јазик да изговара празни зборови; рацете свои ги користи само за да помогне и да прави милосрдни дела; нозете негови брзаат да ги извршуваат Божјите евангелски зборови: “ Ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две” (Матеј 5, 41), а стомакот свој и градите свои ги држи така, што поради нив да не падне и да не ползи како змија на својот стомак и на своите гради. Таков е, браќа, начинот на живеење на вистинскиот подвижник. (Во седумнаесеттото писмо).

51. Секој што сака да биде вистински духовен подвижник, треба да живее далеку од шумните и населените места и да не им се приближува, така што да може да живее во спокојство и телесно, и духовно и срдечно што подалеку од бучавата и шумот на населените места. Самиот наш Господ Исус Христос ни дал пример за ова кога се оддалечувал од луѓето и се осамувал, искачувајќи се на осамени места за да се моли. Исто така, Он го победил ѓаволот во пустината, кој се осудил да навлезе со Него во борба. Се разбира, Он не бил немоќен и кога бил меѓу луѓе - меѓу мноштво луѓе. Но, Он се осамувал, се одделувал од луѓето, за да нѐ научи оти, осамени во тишина, полесно можеме да го победиме духовниот непријател и да достигнеме совршенство. Исто така, нашиот Господ Исус Христос на апостолите не им ја покажал Својата слава меѓу луѓето, но се искачил на висока гора и таму им ја покажал Својата слава. И свети Јован Претеча бил во пустината се до денот на своето јавување пред Израилот. На нашиот духовен непријател му е многу полесно да нѐ измачува со своите орудија надворешни и внатрешни. Тој таму привлекува при себе некои луѓе, кои му стануваат помошници и тој преку нив води борба против верните. На тој начин, некоја бесрамна жена станува негово многу силно оружје, ширејќи ги своите соблазнувачки мрежи. Пророк Језeкиил, кога ги видел четирите животни, кои имале по четири лица, и сите ја покажувале Божјата слава, тој не бил ни во град, ниту во некое населено место, туку бил надвор в поле. Зашто Бог му рекол: “Излези во полето; Јас ќе зборувам таму со тебе” (Језек. 3, 22). И воопшто ваквите виденија и откровенија не им биле покажувани на светиите, освен во горите и во пустините. Исто така, и пророкот Јеремиј, знаејќи дека на Бога Му е пријатно осамувањето, рекол: “Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја. Сам ќе седи и ќе молчи, бидејќи Господ му го ставил бремето на него” (Плач 3, 27-28). Он знаејќи добро колку се штетни шумот и вревата на луѓето, не се воздржал да им каже на луѓето: “Koj би ми дал во пустината последен престој! Би го оставил мојот народ и би избегал од нив” (Јерем. 9, 2). На таков начин и пророк Илија се удостоил да добие храна од ангелите. А тоа не било меѓу толпи, не било во некој град или во некое село, туку во пустина. Сето ова и слично на него, што е напишано за светиите, напишано е за нас - за да се угледаме на нив, кои ја сакале осаменоста. Напишано е затоа што тоа може и нас да нѐ приведе при Господа. Затоа настојувајте да се утврдите во ваквото живеење, така што тоа и вас да ви помогне да Го видите Бога, а тоа е вистинското духовно совршенство. (Bo истото писмо).

52. Сакам да ви кажам на што е слична душата, во која се вселил огнот Божји. Слична е на двекрилна птица, која се издигнува кон небескиот воздух. Од сите созданија само на птиците им е својствено да имаат крилја; а крилјата на душите, кои Му се послушни на Бога се стремежите на Божјиот оган, со кои може да се возвишува кон небото. Ако биде лишена од овие крила, тогаш веќе не ќе може да се издигнува нагоре и ќе стане слична на птица, која нема крилја и која не може да лета. Освен тоа, човековата душа е слична на птица уште и со тоа што топлината е причина за нивното настанување во овој свет, зашто ако птиците не ги топлат своите јајца со тоа што ќе лежат врз нив, од нив нема да бидат изведени живи пилиња; тие оживуваат само со помош на топлината. Исто така и Бог, гушкајќи ги и стоплувајќи ги душите што Му се послушни, го поттикнува во нив духовниот живот. Па така, откако сфатите, дека онаа душа која My е послушна на Бога, се прилепува до Него, слично на птица, чиј извор на постоење е топлината никако не дозволувајте да се лишите од силата на овој оган. Исто така, знајте дека за овој оган, кој ни бива даруван од Бога, ѓаволот ни наложува многу борби со цел да нѐ лиши од него. Зашто тој знае многу добро дека сѐ додека е овој оган во нас, тој никако не може да нѐ победи. (Во осумнаесеттото писмо).

53. Противставувајте му се на ѓаволот и настојувајте да ги распознавате неговите лукавства. Својата горчевина тој обично ја скрива под привидна сладост. А за да може да ја прикрие, тој измислува разни привидности, кои имат прекрасен изглед, со цел да ги измами вашите срца со подражавање на вистината, која е со право привлечна. Кон тоа е насочена сета негова итрина: со сите свои сили да ѝ се спротивставува на секоја душа, која добро Му служи на Бога. Тој вложува во душата многу и разни страсти, за да го изгаси во неа божествениот оган, во кој е сета сила. Особено го прави тоа што нѝ нашепнува да го запазуваме спокојот на нашето тело и се што е соединето со него. И кога, најпосле ќе увиди, дека вистинските подвижници од сето тоа се запазуваат и ништо од него не прифаќаат и не му даваат никаква надеж, дека некогаш ќе го послушаат, тогаш тој отстапува посрамен. Тогаш се вселува во подвижниците Божјиот Дух. А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во сите свои дела. Тогаш им станува слатко да го носат Божјиот јарем. Тогаш се остварува смислата на Христовите зборови: “Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно” (Матеј 11, 29-30). Тие се спокојни, иако го зеле јаремот Негов на себе си. Тогаш тие стануваат неуморни, како во самите добродетели, така и во извршувањето на своите послушанија и во ноќните бдеења; не се гневат на никого, не се плашат од никого и од ништо, ни од човек, ни од звер, ниту од лош дух. Затоа што радоста на Господа е со нив и дење и ноќе го оживува нивниот разум и ги храни. Душата расте од оваа радост и станува способна за сѐ и совршена. Со оваа радост се издигнува на небото. (Bo истото писмо).

54. Гледаме како детето расте, хранејќи се најнапред со млекото на својата мајка. Потоа се храни со некоја друга храна, а најпосле почнува со секоја храна, со која се хранат сите луѓе. На тој начин окрепнува и станува силно и храбро ги пречекува непријателите, ако сакаат да го нападнат. Но ако се разболи во своето детство, тогаш не може добро да се храни и слабо напредува; тоа е слабо и секој непријател лесно го напаѓа и победува. За да оздравее и да закрепне, да добие сила, за да може да ги победува своите непријатели, нему му е потребна помошта и грижата на некој добар лекар. Исто така, и човечката душа, ако во неа нема духовна радост, сѐ повеќе слабее и бива напаѓана од повеќе болести. А ако се погрижи да си најде некој Божји човек, Божји служител, опитен во лекувањето на душевните болести и слабости и потполно му се довери, тој најнапред ќе ја излекува неговата душа од страстите, а потоа ќе ја воскресне и ќе ја научи како, со Божја помош да ја добие онаа радост, која е нејзината вистинска храна. Дури тогаш таа ќе може да им се спротивстави на своите духовни непријатели, на лошите духови, да ги распознава нивните лукави искушенија и да ги победува и да се израдува со најсовршена радост”. (Во истото писмо).

55. Пазете се од советите на ѓаволот кога ќе дојде кај вас, трудејќи се да ве измами, правејќи се добар и дека ви мисли добро. Макар да ви се доближи и во вид на светол ангел, не верувајте му и не слушајте го, зашто тој , оние што ќе му поверуваат, ги восхитува и ги привлекува со привидна вистина. Несовршените не ги знаат ѓаволските лукавства, а совршените ги знаат и ги распознаваат, како што вели апостолот: “Тврдата храна е за совршените, кои, благодарејќи на навиката, имаат чувства и се научени да разликуваат добро и зло” (Евр. 5, 14). Нив духовниот непријател не може да ги измами, но оние што малку внимаваат тој лесно ги измамува со засладената горчевина; ги условува онака, како што вештиот рибар става на јадицата пријатна и привлечна мамка. Рибата не знае дека јадицата е прикриена со мамка, па затоа брза кон мамката, ја проголтува и станува лесен плен на рибарот. Кога би ја знаела итрината на рибарот, кога би знаела дека тој ѝ ја дава привлечната мамка, нема сомневање дека таа не би се приближила до неа, туку би бегала што подалеку од неа. Исто така, и несовршените верници, како што рековме, ѓаволот ги уловува лесно. Премудриот Соломон вели: “Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта” (Изрек. 16, 25). А кај пророкот Амос читаме: '“А што гледаш, Амосе?” Тој одговара: “Ја гледам мрежата на птицеловецот” (Амос 8, 2). Птицата, од страв да не биде уловена на земјата, лета во воздухот и си прави гнездо за одмор и за сон на високи места, па таму безбедно се одмара и спие, уверена дека таму никој не може да ја достигне и да ја фати. Но познато е како ловците ги фаќаат птиците: ставаат мрежи и стапици и ги посипуваат со жито. На тој начин ги мамат птиците да слегнат од своите височини и лесно стануваат нивни плен. Истото го прави и ѓаволот кога ги лови несовршените христијани со своите итрини и лукавства и ги симнува од духовните височини. Така постапил и тогаш кога се преправил како змија и кога ѝ рекол на Ева:”Не, вие нема да умрете! Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него (од плодот) ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што е зло” (1. Мој. 3, 5). Кога ги слушнала Ева овие зборови, таа се согласила со своето срце и помислила дека во нив е вистината, затоа што не помислила како што треба. Но, кога вкусила од забранетиот плод и му дала и на Адама да вкуси, тогаш се случила со нив онаа голема несреќа: тие обајцата паднале од својата височина. На ист начин постапува ѓаволот и со несовршените христијани, кои не знаат како да го разликуваат доброто од злото, биваат водени од своите желби и наклоности, задоволувајќи се со своето размислување; кога не ги прашуваат своите совршени оци, кои знаат да го разликуваат доброто од лошото, мислејќи дека и тие самите веќе стигнале до духовното совршенство и го добиле благословот на своите духовни оци. Тие се слични на оние птшги, кои ги изградиле своите гнезда високо, но слегнале на земјата и паднале во мрежите на лукавите демонски ловци и биле фатени. Слично се случува и со нив, затоа што секогаш постапуваат самоуверено според желбите на своето срце, без да се советуваат со своите духовни оци и без да бараат совет од нив. Затоа ѓаволот им дава виденија и призраци и го надувува нивното срце со гордост. Понекогаш ноќе им дава да сонуваат нешто, што им се исполнува во текот на денот, за да може да ги воведе во поголема прелест (измама). Но и тоа е малку; понекогаш во текот на ноќта им покажува светлина и се осветлува местото што е околу нив. И многу други слични работи им причинува со цел да мислат дека тоа се некакви знаци. А сето тоа го прави, така што да ги успокои во врска со себе си, па да мислат дека е тој вистински ангел и да го примаат како таков. А штом успее да го прифатат како таков, тој ги урнува од нивната височина, поради духот на нивната гордост, кој почнува потполно да владее над нив. Тој тогаш настојува да ги држи во увереност дека тие станале духовно големи и славни како повеќемина други и немаат потреба да се советуваат со духовните оци и да ги слушаат. А тие се тогаш, според Светото писмо, како прекрасно грозје, само недозреано и кисело. За нив се тешки поуките на нивните духовни оци затоа што се уверени дека тие знаат веќе сѐ. (Во истото писмо).

56. Бидете потполно уверени, дека нема да напредувате духовно, нема да растете и да се усовршувате, ниту ќе можете да го разликувате доброто од злото, ако не ги слушате и ако не им се покорувате на вашите духовни оци. И самите ваши духовни оци постапувале така: и тие им се покорувале на своите духовни оци и ги слушале нивните поуки. Тоа им помогнало да напредуваат, да растат духовно, па и тие самите да станат духовни учители, како што вели Исус син Сирахов: “Не потценувај го говорот на старците, зашто и тие се учеле од своите родители; од нив ќе се научиш на разумност; ќе научиш кога и каков одговор да даваш“ (Мудр. Сир. 8, 11-12). Па така, и вие сте должни да се угледате на оние, кои им биле послушни на своите духовни оци и ги слушале во сѐ, зашто и тие ги слушале своите духовни оци, кои, со Божја помош, ги научиле на сѐ, што и тие самите научиле од своите духовни оци и што им го предале на своите послушни синови. Така, Исак му бил послушен на Аврама; Јаков - на Исака; Јосиф - на Јакова: Елисеј - на Илија: свети апостол Павле - на свештеникот Ананиј, а Тимотеј - на Павла. Овие и оние што биле слични на нив ги слушале своите оци, ја извршувале нивната волја и ги слушале нивните совети. Тоа им помогнало да ја познаат вистината, да се научат на праведност и, најпосле, да се удостојат да Го примат Светиот Дух, пa и самите станале образец за други, објавувајќи ја вистината за сѐ, како што пишува пророкот Језекиил: “Сине човечки, Јас те поставив за стражар над домот Израилев, и ти ќе го слушаш словото од устата Моја и ќе ги вразумуваш од името Мое” (Језск. 3, 17) Па затоа, ако сакате да напредувате и да достигнете потполна духовна возраст, бидете спокојни во своето срце и не дозволувајте му на ѓаволот да се потсмева со вас; покорувајте им се на вашите духовни оци и бидете им послушни во сé. Тогаш никогаш нема да паднете. (Во истото писмо).

57. Ќе ви кажам нешто што го прави човекот постојанен во доброто и го пази да биде таков од почетокот до крајот, а тое е: да Го сакате Бога со сета своја душа, со сето свое срце и со сиот свој ум и да Му служите само Нему. Тогаш Бог ќе ви даде голема сила и радост и сите Божји дела ќе ви бидат слатки како мед, а и сите ваши телесни трудови, умствени напори и бдеењата и воопшто сѐ што е Божјо ќе ви биде лесно и слатко. Но, поради својата љубов спрема луѓето, Господ понекогаш им испраќа тешкотии, за да не се погордеат, туку да продолжуваат да се подвизуваат. И тогаш тие доживуваат место храброст - тешкотии и немоќ; место радост - жалост; место спокој и тишина - немир и бранување; место сладост - горчевина. Многу вакви работи им испраќа Господ на оние што Го љубат. Ho, борејќи се со нив и совладувајќи ги, тие стануваат сѐ посилни. И кога, најпосле, ги совладаат сите тие тешкотии, тогаш Светиот Дух почнува во сѐ да бива со нив и тие веќе нема да се плашат од ништо лошо. (Во истото писмо).

58. Светиот Дух непрестајно вее со пријатна миризба, која е преслатка и која не може да се искаже со човечки зборови. Ho оваа пријатносг на Божјиот Дух и на Неговата сладост ја знаат само оние, кои се удостоиле Он да се всели во нив. Светиот Дух се вселува во покајните души само по многу трудови. Многу слични работи гледаме и во овој свет. На пример, скапоцените камења се добиваат само со голем труд. Светиите Го барале овој Дух, и Го нашле. Он е вистинскиот скапоцен бисер, за кој се говори во Светото Евангелие (сп. Матеј 13, 45-46), во параболата за трговецот, кој барал скапоцени бисери и кој , кога нашол еден од тие скапоцени бисери, отишол, продал сѐ што имал и го купил. За Него се говори и во една друга парабола, за сокровиштето, кое било закопано во некоја нива и кога го нашол некој човек, го сокрил, па отишол и продал сѐ што имал и ја купил таа нива (сп. Матеј 13, 44). Искушенијата на никого не доаѓаат толку силно, како на оние кои Го добиле Светиот Дух. И нашиот Господ Исус Христос, откако по крштевањето слегнал врз Него Светиот Дух во вид на гулаб, бил изведен од Духот во пустината, за да биде искушуван од ѓаволот, кој го искушувал со сите можни искушенија, но во ништо не успеал против Него, како што е и запишано во Светото Евангелие: “Па како заврши ѓаволот со сите искушенија, отиде од Него за некое време” (Лука 4, 13). Тогаш Господ Исус Христос се вратил во Галилеја во силата на Духот. Исто така, и на сите оние што Го примаат Духот, кои се борат и победуваат, Светиот Дух им дава сила и ги укрепува, им дава сила да можат да го победат секое искушение. (Во деветнаесеттото писмо).

59. Серафимите, што ги видел пророк Језекиил (сп. Језек. 1, 4 и 9), се слика на верните души, кои се трудат да постигнат совршенство. Тие имале шест крилја, преполни со очи, а имале и четири лица, кои гледале на четирите страни. Едно од лицата било слично на човечко, второто на телешко, третото на лавовско, а четвртото на орлово. Првото, човечкото срце, ги означува верните, кои живеат во светот, кои ги исполнуват заповедите што се однесуваат на нив. Ако некој од нив стане монах, тогаш тој станува сличен на јунец, зашто почнува да извршува тешки работи во исполнувањето на тешките монашки правила и телесни подвизи. Оној, пак, што се усовршил во услови на заеднички монашки живот и излегува во осамен живот, навлегува во борба со невидливите демони, тој станува сличен на лав, кој е цар на дивите зверови. А откако ги победи невидливите непријатели, ги совлада своите страсти и ги потчини на себе си, тогаш се устремува нагоре со помошта на Светиот Дух и се удостојува да гледа божествени виденија. Тогаш станува сличен на орел: неговиот ум гледа сѐ што може да се случи со него и од шест страни, како и оние шест крилја, кои се преполни со очи. На тој начин станува вистински духовен серафим и наследник на вечното блаженство. (Во истото писмо).

60. Божји заповеди се: чистотата, непрестајниот и неизменливиот мир, потполната милосрдност и другите прекрасни добродетели, кои биваат овенчувани со Божјиот благослов. Грижете се да ги извршувате овие повелби на Духот, преку кои ќе оживеат вашите души и преку кои ќе Го примите Господа во себе си. Тие се патот, на кој нема опасности. Без чистота на телото и на срцето никој не може да биде совршен пред Бога. Затоа и се вели во Светото Евангелие: “Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога!” (Матеј 5, 8). Совршенството се раѓа од чистотата на срцето. Во срцето се раѓаат природното добро и неприродното зло. Од злото се раѓаат душевните страсти, какви што се: осудувањето, омразата, високото мислење за себе си и другите слични страсти. Доброто, кое му е природно својствено на нашето срце, раѓа познавање на Бога, страв Божји, светост и чистота на душата од сите страсти; ја оживува совеста. Ако човек одлучи да се поправи и почне да бега од секое зло, вооружувајќи се против него со плач, смиреност, воздивнувања, пост, бдеења, сиромаштија и со многу молитви кон Бога, тогаш Бог ќе му помогне со Својата благодат и ќе го избави од сите страсти на душата. Има многумина, кои долго време минале во монаштво и девство, а уште не ја изучиле оваа наука на чистотата, затоа што, откако ги презреле поуките на светите оци, живеат според желбите на своето срце. На тој начин над нив ја издигнале својата власт, напаѓајќи ги со своите скришни стрели дење и ноќе и не давајќи им мир на ниедно место, па нивните срца биваат наизменично исполнети со гордост, славољубие, со одвратна завист, осудување, гнев, жестокост и други многубројни страсти. Нивниот дел ќе биде заедно со неразумните девојки од Светото Евангелие, кои своето време го минувале безумно: не го зауздувале својот јазик, не ја чувале чистотата на своите очи и на своите тела од похоти; ниту ги пазеле своите срца од нечистота и од други недостојни работи, затоа што тие не се чисти, задоволувајќи се само со својата монашка облека, која е само надворешен знак на девството. Поради тоа биваат лишени од небесниот елеј за доливање во своите светилки. И Небесниот Младоженец во Свое време нема да им ги отвори вратите на Своето живеалиште и ќе им рече како што им рекол на неразумните девојки од евангелската парабола: “Вистина, ви велам: не ве познавам!” (Матеј 25, 12). Ова ви го пишувам со желба да се спасите, за да се ослободите и да бидете чиста Христова невеста, Кој е Младоженец, на секоја душа, како што им пишува свети апостол Павле на Коринтјаните: “За вас ревнувам со ревност Божја, зашто ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица” (2. Кор. 11, 2). (Во дваесеттото писмо).

61. Златото се чисти повеќепати со оган, за да биде почисто и поубаво. Исто така, и нашиот Господ го очистува човекот со својата благодат; го очистува преку многу искушенија, го проверува и го оспособува да биде вешт во знаењето на тоа дека треба да се бори во духовните борби, така што со своите мисли и сеќавања веќе не се враќа кон неправдите и унижувањата, на кои го подложувале луѓето, туку да се смири пред Бога и да се надева само на Него, па да биде секогаш готов за секое добро дело пред Бога, како што рекол пророкот Давид: “Подготвено е срцето мое, Боже, подготвено е срцето мое; ќе пеам и ќе воспевам во славата своја” (Псал. 107,1). Исто така, не заборавајте дека понекогаш ќе бивате искушувани од некој од вашите браќа, преку извесни навреди и неправди и преку извесни унижувања од страна на оние, со кои работите; Па затоа, кога ќе ви се случи нешто слично, бидете храбри, не плашете се и не очајувајте, туку благодарете Му на Господа за сето тоа, бидејќи без Негова волја ништо не може да ви се случи, а Он ги дозволува сите овие тешкотии и борби, затоа што се тие корисни за нашата душа. Оној што нема да биде проверен од Божјата добрина преку искушенија, трудови, жалости и несреќи, сѐ додека не свикне со трпеливост да устојува во доброто во сите можни случаи, тој нема да прими од Него никакви почести. (Во истото писмо).

62. Трпеливо поднесувајте ги сите жалости и страдања, кои ве снаоѓаат. Благодарете Му за нив на Господа со голема смиреност, за да можете да вкусите радост од вашите трудови, слично на блажената Сузана, која била хрбра во духовната борба и ја победила блудната похотливост на двајцата расипани старци, која претрпела многу маки и страдања од нивните лажни клевети, но која, најпосле, Бог ја издигнал за нејзината трпеливост и непоколебливост и нејзините непријатели ги смирил и посрамил. Слично и на Текла, која била уште похрабра духовно, која не се исплашила од раните што ѝ ги задале нејзините родители, ни од огнот, ни од телесните измачувања, ни од зверовите, а на која Бог најпосле и подарил радост на срцето и голема награда за нејзините големи трудови, кога нејзината вера го изгаснала пламениот оган, им ја затворила челуста на крвожедните лавови и ги посрамила сите свои непријатели. Слично и на Јосифа, кој бил смирен пред Бога и пред луѓето, кога неговите браќа, кои го мразеле и гонеле затоа што нивниот татко го сакал повеќе отколку нив, па сакале да ја пролијат неговата крв, кој бил запазен и спасен од смртта со Божја помош. Заслепени од својата завист, го продале во ропство, каде жената на неговиот господар, кај кого служел, му направила големо зло и го довела до тоа да биде фрлен во затвор, но Бог не го оставил, затоа што бил воздржлив, кроток, чист по душа и тело и не паднал во грев, на кој го наведувала жената на неговиот господар. Тој поднел сѐ со трпеливост, надевајќи се само на Господа. И најпосле, Бог го издигнал, го направил поглавар на Египет и на сите негови области. Бог му ги покорил и неговите браќа, кои го мразеле и ги натерал да му се поклонуваат доземи. Сите спомнати личности и оние слични на нив, не биле прославени од Бога во почетокот на својата духовна борба и подвизи, туку откако ги проверил и очистил преку жалости и страдања, откако ги научил дека треба да бидат издржливи и непоколебливи за време на борбата. И дури тогаш, откако видел дека храбро и непоколебливо поднесуваат секакви маки и страдања, дека сета своја надеж ја полагаат само во Господа, тогаш им дал чест со Својата божествена помош, а оние што ги мразеле и ги измачувале ги посрамил и им ги покорил. (Во истото писмо).

63. Кога страдате, бидете трпеливи и да не ослабнува вашето срце за време на вашите страдања, туку благодарете Му за тоа на Господа, за да добиете награда од Него. Да живеете во мир, вистина и љубов спрема Бога и еден спрема друг: да немате караници, клевети, противречења, ни завист, ни непослушност, ни гордост, ни навреди, ни подбивања, ни славољубие, ни омраза, ниту взаемна нетрпеливост. Таму каде ги има овие недостатоци, таму се вселува Божјиот гнев. Освен тоа, знајте дека нашиот живот е многу краток. Затоа треба да го цените и да не го живеете во мрзливост, така што часот на преселувањето од овој живот да не ве најде непотготвени или тогаш кога се гневите и да бидете приброени кон човекоубијците, зашто во Светото писмо се вели: “Секој, што го мрази братот свој, е човекоубиец” (1. Ј ов. 3, 15). Помагајте си еден на друг, та и Господ да ви помага. Зашто и Самиот Господ Исус Христос ни вели: “Проштавајте и ќе ви биде простено” (Лука 6, 37). Ако некој од вас биде наклеветен, нека го претпи тоа со радост, а судот нека Му го остави на Господа, Кој е праведен Судија  - Он казнува и наградува... А ако некој го наклевети својот ближен, нека побрза да се смири пред Господа и да побара простување од својот ближен, за да бидете помилувани од Господа. Светото писмо не учи: “Сонцето да не зајде во гневот ваш“ (Ефес. 4, 26). Искорнувајте ги лошите помисли од вашето срце што ги имате еден против друг и на тој начин да го пресечете зародишот на омразата и зависта. Овие две страсти се најлошите. Нив ги мрази Бог, ги мразат и луѓето. Тие воопшто не им прилегаат на верните Божји слуги. Затоа, никој од вас да не се фали и од глупост да не говори: “Јас го победив мојот брат, и никој нема да му помогне”. Нека знае секој што мисли и што говори вака, дека веќе ја предал својата душа во рацете на смртта и дека неговото наследство ќе биде таму, каде е непрестајниот плач и чкртањето со заби, таму каде е црвот што не спие и огнот што не угаснува. (Bo истото писмо).

64. Да се разбудиме од сон додека сме уште во ова тело. Да воздивнуваме сами за себе си и да плачеме од длабината на нашето срце дење и ноќе, за да бидеме избавени од таа страшна мака, од офкањата, плачот и страдањата, кои ќе немаат крај. Да не одиме пo широкиот пат и да не влеземе низ широката врата, низ која се влегува во вечната смрт, иако се многумина што одат по тој пат и што влегуваат низ таа врата, туку да одиме пo тесниот пат и да влегуваме низ тесната врата, кои водат во вечен живот, иако се малкумина, кои одат по тој пат и влегуваат низ оваа врата. Оние што одат по овој пат се вистинските работници, кои ќе ја добијат наградата за својот труд со радост и ќе го наследат небесното царство со радост. А го молам оној што не е уште готов да се претстави таму, да не биде мрзлив, туку да биде трудољубив додека има уште време, така што во часот кога најмногу ќе му биде потребен да не остане без елеј и да нема никој кој би сакал да му го даде или да му го продаде. Зашто така им се случило на петте неразумни евангелски девојки, кои не нашле каде да го купат. Тогаш тие со плачење викале и велеле: “Господаре, господаре, отвори ни!” А тој им одговори и рече: “Вистина, ви велам не ве познавам!” (Матеј 25, 11-12). A тоа им се случило не поради некоја друга причина, туку само од мрзливост. Потоа, тие се разбудиле и почнале да се грижат, но сето тоа веќе не им помогнало, затоа што господарот на домот пристигнал, ја затворил вратата, како што е запишано во Светото Евангелие. Ќе ви наведам и еден друг пример, сличен на овој. Кога Ное влегол во ковчегот, со своите синови и со нивните жени, и со сите животни, што биле со него, тој ја затворил вратата од ковчегот поради водите, што биле испратени за оние што правеле зло, и не ја отворил вратата на ковчегот; не им дозволил на своите синови да ја видат страшната слика казнувањето на законопрестапниците. Откако била затворена вратата, тие веќе не можеле да влезат во ковчегот и да бидат заедно со праведниците, туку загинале со страшна смрт поради својата мрзливост и непослушност. Зашто Ное во текот на тие сто години, додека го градел ковчегот, непрестајно ги повикувал да се покајат и да почнат да живеат подобар живот, но тие не му обрнувале внимание и не го послушале, па затоа и загинале. (Во истото писмо).

65. Имајте братство и живејте во мир, едномислие, смиреност, страв Божји и молитви. Тогаш ќе се појави кај вас богатството на Божјиот дом, и вие ќе го имате со радост и со веселба. Освен тоа, бидете украсени со вера, надеж, смиреност, страв, разум, побожност, мир и љубов кон браќата. Зашто оној што ќе го има сето ова, тој ќе биде облечен во свадбена облека и ќе живее според заповедите на Духот. Живејте во смиреност и трпеливост, за да се ослободите од вашите страсти.

66. Оној што живее според Божјата волја, која е послатка од мед и исполнета со секакви радости, таа ќе му помага и ќе му дава сили, ќе ѝ дава на неговата душа да прави прекрасни дела, подготвувајќи ги пред неа сите патеки. Таквата душа е сакана од Господа. Нејзе не може да ѝ се противстави никаков непријател затоа што таа се раководи според Божјата волја. Но оној што се раководи по својата волја, нему Бог не му помага, туку им го препушта на демоните, кои ќе живеат во неговото срце дење и ноќе. Тие нема да му даваат спокој; ќе му ја одземаат сета сила и ќе биде немоќен за извршување какво и да е добро дело надворешно или внатрешно и ќе му направат многу други лоши и штетни работи. Ѓаволот понекогаш им дава на ваквите луѓе радост и веселост, но тие не се вистински; тие се всушност причина за тага и жалости. Иако се тие слични на радост и на веселост, во нив нема вистинска радост и веселост; тие се вистинска измама, зашто не се од Бога. Вистинската радост доаѓа само од Бога и му се дава на оној, кој постојано се труди да се откажува од својата волја и во се да ја извршува Божјата волја. Волјата што дејствува во човековото срце бива поттикнувана од ѓаволот, од самиот човек и од Бога. Бог сака да ја извршуваме само Неговата волја. Затоа, набљудувајте што станува во вас. Отфрлувајте се што не Му е пријатно на Бога, сакајте ја и извршувајте ја само Божјата волја. Многу е важно секој час да знаеме што сака Бог од нас и каква е Неговата волја. Ве уверувам, ако човек не се откаже потполно од својата волја, од желбите на своето срце, ако не се откаже од себе си, ако не се откаже од своето богатство и од својот имот и не Му се покори на Бога преку тоа што ќе им биде послушен на своите духовни оци, таквиот не ќе може да ја распознава Божјата волја, не ќе може да ја извршува и ќе биде лишен од Божјиот благослов. (Во истото писмо).

67. Господ не ни рекол дека наградите ќе бидат овде на земјата, туку дека овде ќе имаме искушенија, незгоди, жалости и страдања, а дека наградите ќе бидат таму во другиот живот. Овој живот е патување сврзано со подвизи и искушенија. (Во истото писмо).

68. Ако бидете трпеливи, послушни и покорни на своите духовни оци, тогаш Господ ќе ви даде прекрасни дарови. Ова е она што има вредност пред Господа. Оној што им е послушен на своите духовни оци, тој Му е послушен на Господа, и кој Му е послушен на Господа, тој им е послушен и на своите духовни оци. (Во истото писмо)”. 69. Пред сѐ, треба да веруваме во нашиот Господ Исуса Христа, да Му се поклонуваме и да Го слушаме и Неговата волја да ја извршуваме во секое време и во секој миг. (Од првото слово).

70. Да живееме во страв Божји, како што е напишано, “со страв и трепет” да го градиме нашето спасение (сп. Фил. 2,12). Стравот Божји ги искоренува од душата сите лукавства и гревови. Оној што нема страв од Бога, тој паѓа во многу гревови. Стравот Божји го запазува човекот и го чува cé додека не го отфрли од себе си ова тело, како што е напишано: “Од Твојот страв зачнавме, се разболевме и родивме дух на спасение”. (Од второто писмо).

71. Оној што не е злобен, тој е совршен и богоподобен. Тој е исполнет со радост и е живеалиште на Божјиот Дух. Како што огнот изгорува големи шуми, ако не се води сметка за него, исто така, и злобата, ако ја пуштиме во нашето срце, ја погубува нашата душа и го извалкува нашето тело и поттикнува многу лоши мисли во нас; таа предизвикува расправии, караници, немири, завист, омраза и други слични страсти, кои го преоптоваруваат и самото тело и му причинуваат болести. Побрзајте да ја придобиете благоста и чистотата на светците, за да ве прими нашиот Г оспод Исус Христос во себе си, така што секој од вас да може со радост да рече: “Мене (Господ) ме прифати цел поради мојата незлобивост и ме зацврсти пред Себе вечно” (Псал. 40, 13). (Од четвртото слово).

72. Бог говори преку пророкот: “Еве на кого ќе погледам: на смирениот и со скрушен дух и на оној што трепери пред Моето слово” (Иса. 66, 2). A нашиот Господ говори во Своето Свето Евангелие: “Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши” (Матеј 11, 29). Затоа придобијте смирение во себе и не одете со горделиво срце, кое му е својствено на ѓаволот. Таквите му припаѓаат на ѓаволот. Горделивиот човек никој не го сака, затоа што се фали, а токму поради тоа паѓа во многу гревови. Сите гревови се одвратни пред Бога, но од сите гревови најодвратна е гордоста на срцето. Оној што го советува и поучува горделивиот, тој е сличен на оној што налива вода во сад без дно и на оној што и упатува зборови на птица што прелетува. Луѓето со горделиво срце се презрени пред Бога, а срцата смирени и скрушени Бог нема да ги понижи. Самата Божја љубов, која слегнала од висините при нас, станала од сѐ најсмирена. Да го засакаме смирението, за да можеме да велиме: “ Погледај ги страдањата и маките мои, па прости ми ги сите гревови мои” (Псал. 24,18). (Од петтото и од првото слово).

73. Не одете по похотите на своите очи и имајте непоколебливо срце. Зашто похотта го развратува срцето и го помрачува умот. Оддалечувајте се од неа, за да не се разгневи на вас Духот Божји, Кој живее во вас (Од деветтото слово). Да се трудиме да бидеме чисти сѐ дури до самата смрт и да се пазиме на секој начин од нечистите похоти. Затоа треба да се пазиме да не гледаме на женската убавина. Да не бидеме робови на нечистите страсти и на срамните похоти, кои ги мрази Бог. Божјото име напишете го пред вашите очи, така што секогаш во вас да се слуша: “Вие сте храм на живиот Бог” (2. Кор. 6, 16) и место, каде живее Светиот Дух. Оној, со кого владеат нечистите похоти, тој е пред Бога сличен на животно (сп. Псал. 48, 13). Да ја намразиме нечистотијата и да ја засакаме чистотата. Чистотата е слава на Божјите ангели. Но, ако искушени од ѓаволот, паднеме, да станеме преку покајанието и да Му пристапиме на Оној, Кој дошол да ја спаси загубената овца - да ги спаси грешниците (сп. Лука 15, 4). (Од шестото слово).

74. Оној што не може да ја запази својата уста, нека настојува барем помалку да говори. Во Светото писмо читаме: “ Зар многузборливиот човек е прав?” (Ј ов 11, 2). Човеку, пази се и владеј со својот јазик; не умножувај ги твоите зборови, за да не бидат умножени твоите гревови. Стави си го прстот на устата твоја и зауздај го јазикот твој, зашто оној што говори многу не Му остава место на Светиот Дух во себе си. Ако некој од новодојдените, кога разговара со тебе, те праша за нешто што е спасоносно за неговата душа, одговори му; а ако те прашува за нешто, што нема да биде корисно за неговата душа, биди како глув, кој не слуша, и како нем, кој не говори. (Од осмото слово).

75. Да се потрудиме да ставиме силна стража на нашата уста, така што за никого да не кажеме лош збор, затоа што лошиот збор е полош и од најотровниот отров. Сите рани можат да се залечат; само за рана од јазикот нема лек. Јазикот на невнимателниот озборувач, кој бива движен од ѓаволот, поотровен е од јазикот на змија, затоа што тој предизвикува кавги и страшни непријателства меѓу браќата, сее немири и злосторства меѓу мирјаните и разорува големи општества. Оној што го сака молчењето, тој е близу до Бога и до Неговите ангели; Неговото место е во небесните височини. Господ говори, дека Он ќе те пази на твоите патишта, кога ти самиот ќе ја пазиш твојата уста (сп. Изрек. 13,3). (Од десеттото слово).

76. Светото писмо нѐ уверува дека има два вида срамување: од едното се раѓа грев, а од другото произлегуваат славата и благодатта (сп. Мудр. Сир. 4, 23). Срамот поради направениот грев е вистинскиот и спасоносен срам, а срамот, од кој се раѓа грев, е срам, кој пречи да бидат извршувани Божјите заповеди. Не срамувај се од ништо што е согласно со Божјата волја и не скривај ја вистината. Не плаши се да ја објавуваш Божјата наука, да говориш за Божјата премудрост и не срамувај се да му ги откриваш своите гревови на твојот духовен татко. (Од дванаесеттото слово).

77. Нашиот Господ Исус Христос, исполнет со сочувство кон нашите души вели во Своето Свето Евангелие: “Тешко вам, кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас... Како можете вие да поверувате, кога примате слава еден од друг”? (Лука 6, 26; Јован 5,44). Па затоа, да се подвизуваме дури до смртта, да се бориме против славословието и да ги отстраниме неговите најопасни фиданки, за да не бидеме доведени до самата пропаст. Бегај од славољубието, зашто многумина загинале од него. Тоа го поттикнува човекот на многу трудови: пост, молитви, многу ноќни бденнја, милостиња, која се раздава пред луѓето и на многу други слични работи, но од сето тоа постигнува срам и презир. Да не се грижиме да се покажеме во нешто особено големо, за де не бидеме заплеткани во неговите многубројни пројавувања, затоа што бројот на демоните на славољубието е многу голем. Затоа да се грижиме многу повеќе да ја добиеме славата на светците, како и нивната сиромаштија, та да можеме да ја примиме и нивната слатка пофалба од Бога: “Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!” (Матеј 5, 3). (Од тринаесеттото слово).

78. Нашиот Г оспод Исус Христос во Светото Евангелие рекол: “Со трпение спасувајте си ги душите” (Лука 21, 19). Исто така и: “Koj претрпи до крај, ќе биде спасен” (Матеј 10, 22; 24, 13). Затоа со голема ревност треба вистински да се трудиме и да трпиме: да го придобнеме она што ни е подготвено на небесата. Затоа, да не се фалиме пред време, пред да биде пролеана нашата крв, како што и уметникот не се фали пред завршувањето на своето дело. Само оној, кој што придобил победа преку трпението, само него треба да го нарекуваме блажен. Само таквиот во свое време ќе биде прославен како сиромавиот од Светото Евангелие. (Од четиринаесеттото писмо).

79. Псалмопеачот Давид рекол: “Колку cc слатки за грлото мое зборовите Твои! Послатки се од медот во устата моја” (Псал. 118, 103). Исто така, тој вели: “Судовите Господови се вистина - сите се праведни; поскапи се од злато, и од скапоцени камења” (Псал. 18, 9-10). Вистински блажен е оној, кој бдее и ги исполнува заповедите на Господа нашиот Исуса Христа, кога ќе дојде до вистинското познавање на Бога, така што да може да рече: “Се восхитувам на Твоето знаење” (Псал. 138, 6). Плаши се, и настојувај да не бидеш неверен - за да не Го разгневаш нашиот Создател. Оној што му ја проповеда вистината на неверникот, кој го прекорува или го поучува, тој е сличен на човек, кој фрла скапоцени бисери во морските длабочини. Напротив, како што водата се слива брзо од височините кон низините, така и словото Господово тече и се влева во душата на верникот”. (Од петнасетгото слово).

80. Да бидеме бодри и постојано да ја разгоруваме ревноста кон доброто во домот на нашиот ум, за да не бидеме наречени незагрижени и мрзливи. Страстите никогаш не ќе можат да го победат ревносниот и трудољубивиот. Понекогаш и ако падне, искушан од ѓаволот, неговата ревност и будност ќе му помогнат веднаш да стане. А безгрижниот и мрзливиот, кој нема ревност да Му угодува на Бога, ако биде искушан од ѓаволот и ако падне, тој дури не го забележува гревот што го направил, затоа што неговото срце е нечувствително како камен; тој е сличен на скротено и зауздано муле, кое може секој да го јава, без да наиде на противставување од негова страна. Во таквите луѓе ѓаволот прави сѐ што сака, ги влече накаде сака, додека не постигне сѐ што сака, а тие не умрат со офкање и плач. Мрзливиот е сличен на дом, урнат и напуштен од оние што живееле во него, кој нема никаква вредност; никој не сака да го погледне, како да е проколнат, како да е живеалиште на змии, скорпии и зверови. За него никој не се грижи и не го поправа. Таква е состојбата и на мрзливиот. Затоа, погрижете се да бидете ревносни и никогаш не бивајте невнимателни, за никогаш да не паднете под власта на ѓаволот. А кога во човекот ја има оваа прекрасна ревност и внимателност, тие можат да го подигнат по сите паѓања и повреди. Тие го пазат, така што станува спокојно живеалиште на Светиот Дух. Тие луѓе среќно го завршуваат својот земен пат и се удостојуваат во мир да се настанат во покојот на светиите. (Од шеснаесеттото слово).

81. Сме слушале дека блажениот Павле, кога размислувал за девството, рекол: “Што се однесува до девојките, за нив немам заповед од Господа” (1. Кор. 7, 25). А немал заповед затоа што сите не можат да го носат овој тежок товар: ова им е оставено на доброволниот избор на оние, кои се во состојба да го носат. Никој од девствениците нека не се фали со своето девство, бидејќи тоа е од благодатта на Самиот Бог. Девството ги оддалечува чувствата спрема жените, телесните помисли, гордоста на срцето и сѐ што е од ѓаволот. Исто така, тоа ги одгонува од себе си дури мрморењето од незадоволство, омразата спрема луѓето и славата на овој свет. Тоа приврзано е кон богослужбите, го воздржува јазикот и својот стомак го накажува со пост. А кога е украсено со сето ова, тогаш е тоа жртва чиста и без недостаток. Девствена душо, ако се грижиш за многу јадења и ако бидеш зафатена со задоволувањето на своето тело и суетата на овој свет, ќе бидеш посрамена во сите свои дела. Ако не го пазиш својот јазик и ако си расеан во твојот живот, попусто си ги зел врз себе овие големи трудови. (Од седумнаесеттото слово).

82. Да одиме правилно по оној пат, по кој оделе светиите, за кои се вели во Светото писмо: “Блажени се непорочните во патот нивни зашто одат според законот Господов” (Псал. 118, 1). А ова значи: во чистота на телото, во чистота на јазикот, во чистота на очите, во чистота на рацете, во чистота на нозете, во чистота на ушите, во чисти помисли пред Бога и со чисто срце во односот спрема другите, како што се молиме: “Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене” (Псал. 50,12). (Од осумнаесеттото слово).

Свети Антониј Велики