Свети Јован Касијан Римјанин

Преглед на духовната борба

14. Има осум главни страсти. Тоа се: чревоугодието, блудот, среброљубието, гневот, жалоста, унинието, славољубието и гордоста.  

15. Има два вида страсти: природни, кои произлегуваат од природните потреби, какви што се, на пример, чревоугодието и блудот и неприродни, кои не се засновани во природата, какво што е, на пример, среброљубието. Нивните дејства се пројавуваат на четири начини: некои од нив дејствуваат само на телото, како што се чревоугодието и блудот, а некои се пројавуваат и без содејството на телото, какви што се славољубието и гордоста; понатаму, едни од нив биваат поттикнувани однадвор, какви што се среброљубието и гневот, а други произлегуваат од внатрешни причини, какви што се унинието и жалоста. Ваквиот начин на пројавување на нивното дејство ни дава основа да направиме и двојна поделба на страстите и тоа: на телесни и душевни. Телесните се раѓаат во телото, го хранат и го насладуваат телото, а душевните произлегуваат од душевните наклоности и ја хранат душата, а често дејствуваат разорно и на телото. Овие се лекуваат со едноставното внатрешно лекување на срцето, a телесните треба да се лекуваат и со надворешно и со внатрешно лекарство.

16. Ова што го кажавме ќе го објасниме со следново поопширно расудување. Страстите на чревоугодието и блудот, кои се коренат во телото, понекогаш се возбудуваат без содејството на душата, само од раздразнувањето на потребите од кои произлегуваат, но ја повлекуваат и душата поради нејзината врска со телото. За нивното зауздување не е достатен само душевниот напор во борбата против нив, туку при тоа е потребно да го скротуваме и самото тело со пост, бдеење и измачување преку работење и труд; потребно е и привремено осамување, а понекогаш и потполно отшелништво. Бидејќи произлегуваат од порочноста на душата и на телото, тие можат да бидат победени само со учество и труд и на душата и на телото. Славољубието и гордоста се раѓаат во душата без посредување на телото. Зашто каква потреба има славољубието од нешто телесно, кога тоа ја доведува до паѓање заробената душа кога таа сама ги бара пофалбите и славата од другите луѓе? Или какво телесно дејство имало во погордувањето на Луцифер, кога тоа се зачнало само во неговата душа и во неговите помисли, како што вели пророкот: "А во срцето свое си велеше: ’Ke се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите звезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам сличен на Севишниот...” (Иса.14,13-14). За својата гордост тој немал поттик однадвор; таа се родила и узреала внатре во него.

17. Овие осум страсти, иако имаат различно потекло и различни дејствувања, сепак, првите шест: чревоугодието, блудот, среброљубието, гневот, жалоста и унинието се соединети меѓу себе со некакво сродство, според кое изобилството на претходната страст станува почеток за наредната. Зошто од преизобилството на чревоугодието неопходно произлегува блудната похот; од блудот произлегува среброљубието, од среброљубието - гневот, од гневот - жалоста, а од жалоста- унинието. Затоа против нив треба да се бориме со таков ред, да преминуваме во борбата од претходните кон наредните: за да го победиме унинието, пред него треба да ја победиме жалоста, за да го победиме гневот, треба да го победиме среброљубието; за да го победиме среброљубието, треба да ја скротиме блудната похот; за да ја победиме блудната похот, треба да ја зауздаме страста на чревоугодието. И останатите две страсти, славољубието и гордоста на ист начин се соединети една со друга, односно засилувањето на првата станува почеток на другата: од прекумерното славољубие се раѓа страста на гордоста. По истиот ред ја добиваме и победата над нив: за да ја победиме гордоста, ќе треба претходно да го задушиме славољубието. Но овие две страсти не се во родбинска врска со претходните шест страсти, зашто тие не се раѓаат од нив, туку, напротив, тие се појавуваат откако ќе бидат победени првите шест страсти. Впрочем, иако овие осум страсти се наоѓаат во ваков меѓусебен однос, сепак, тие се делат и на четири сојузи; блудната похот е соединета во особен сојуз со чревоугодието. Исто така, ваков сојуз имаат: гневот со среброљубието, унинието со жалоста и гордоста со славољубието.

18. Секоја страст не се пројавува во ист вид. Така, чревоугодието се пројавува во три вида: или пројавува желба за јадење пред установениот час, или бара многу јадење до прејадување, не правејќи разлика какво е јадењето или пак бара особено вкусна храна. Оттаму, неуредното јадење води кон алчност и сластољубие. Од тие трите произлегуваат разни лоши слабости во душата: од првата се раѓа незадоволството со манастирското правило, а од него произлегува и незадоволството воопшто со манастирскиот живот, кое завршува со неговото натамошно поднесување или бекство од манастирот; од второто се раѓаат плотската похот и сладострастието, а третото фрла во среброљубие и не ѝ дава место на Христовата сиромаштија.

Блудната страст има три вида: првиот е кога има соединување на два пола еден со друг; вториот е кога нема телесно соединување меѓу маж и жена, за што го казнил Господ Онана, синот на патријархот Јуда (сп.1. Мој. 38, 9-10) и кој во Светото писмо ја именува "нечистотија"; третиот вид се извршува со умот и срцето, а за кој говори нашиот Господ Исус Христос во светото Евангелие: " Секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое" (Матеј 5,38). На овие три вида на блудната страст укажал и блажени Августин, наведувајќи ги следните зборови на свети апостол Павле: " Умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сладоста, лошата желба, лакомството..." (Кол.3,5).

Има три вида среброљубие: најнапред, тоа не му дава на оној што се откажал од светот да се лиши од секакво поседување; второ, тоа го тера оној, што го раздал на сиромасите она што го имал, одново да го собира и да го натрупува истото богатство, трето, тоа ја разгорува неговата желба да го собира и она, што пред одрекувањето го немал.

Има три вида на гнев: првиот гори и изгорува внатре; вториот е оној, кој се пројавува во зборови и во дела, а третиот оној што говори долго и кој се нарекува паметење на злото.

Има и два вида жалост: првиот настанува откако ќе престане гневот, или е предизвикан од претрпени загуби и оштетувања или од неисполнувањето на желбите; вториот произлегува од стравувањето за својата судбина или од неразумните грижи.

И унинне има два вида: едниот нѐ тepa на спиење, а другиот да излеземе од ќелијата.

Славољубието, иако е многувидно, сепак, и тоа има главно два вида: првото произлегува од телесните предности и од видливите работи, а второто се разгорува од желбата за суетна слава поради некои духовни работи.

И гордост има два вида: првиот вид е телесен, а вториот духовен, кој е попогубен од првиот. Со овој вид гордост биваат искушувани особено оние, кои покажале успех во некои добродетели.

19. Иако овие осум страсти го искушуваат целиот човечки род, тие не ги напаѓаат сите луѓе на ист начин. Зашто кај еден човек главно место зазема духот на блудот, кај друг преовладува духот на гневот, кај трет - славољубието, кај четврт господари гордоста. Исто така, иако сите страсти ги напаѓаат сите, но секој од нас на различен начин и по различен поредок се разболува од нив.

20. Затоа, за да се бориме успешно со страстите, секој од нас треба да ја открие онаа страст, која најмногу му наштетува и против неа да ја насочи главно својата борба, да употреби голема грижа да ги следи сите нејзини пројави и да се труди да ги задуши, против неа да ги насочува копјата на секојдневниот пост, секој миг против неа да ги фрла стрелите на своите срдечни офкања и воздивнувања и постојано да пролева солзи во своите молитви кон Бога, да ја прекрати борбата што го истоштува. Зашто никој не може да победи некоја од страстите, додека не се убеди дека не може да ја победи само со своите грижи и со својот труд, иако е, се разбира, неопходно потребно и дење и ноќе да се труди и да се грижи за тоа.

21. Кога ваквиот борец ќе почувствува дека се ослободил од најсилната своја страст, тогаш со најголемо внимание треба да ги разгледа и најголемите длабочини на своето срце, за да види која е страста или која од страстите е посилна од другите за против неа особено да ги насочи сите духовни оружја. Победувајќи ги на тој начин страстите, кои се во него посилни од другите, тој тогаш побргу и полесно ќе ги победи и оние, кои се послаби од другите во него.

22. A кога ќе победиш една или неколку од нив, не треба да се гордееш со својата победа, зашто, во тој случај, откако ќе ја види гордоста на твоето срце, Господ ќе престане да те закрилува и да те брани, и ти, откако ќе те остави, пак ќе почнеш да бидеш измачуван од истите страсти, што со Божјата благодатна помош си ги победил пред тоа. И светиот пророк Давид не би се молел вака: "Не предавај ја на зверовите душата на оние кои се надеваат на Тебе; не заборавај ги за секогаш душите на сиромасите Твои" (Псал.73,19), кога не би знаел, дека оној што се вознесува во своето срце пак им бива предаван на страстите што ги победил и е потребно особено токму тогаш да се труди да биде смирен.

Свети Јован Касијан Римјанин