Свети Јован Касијан Римјанин

Преглед на духовната борба

187. Секогаш треба да бидеме тврдо уверени, дека никако не можеме да го достигнеме совршенството само со нашите трудови и подвизи, па макар со сета наша сила да се трудиме во извршувањето на секоја добродетел. Самите човечки напори немаат ни вредност ни сила, за да можат да нѐ издигнат на височината на светоста и блаженството, ако самиот Бог не ни помага и не го упатува нашето срце кон она што е добро и корисно. Затоа треба секој миг заедно со светиот пророк Давид да викаме кон Бога: "'Утврди ги стапките мои на патиштата Твои, за да не ослабнат нозете мои" (Псал. 16,5), така што нашата слободна волја да биде свртена кон добродетелта, бидејќи нашето срце повеќе е свртено кон пороците, или затоа што не го прави доброто или затоа што го мамат страстите. Ова го изразува Божјиот пророк кога вели: "'Ме турнаа силно, за да паднам, но Господ ме прифати " (Псал. 117,13). Со првиот дел од овој стих се искажува колебливоста на нашата слободна волја, а во вториот секогашната Божја готовност да ни помогне, зашто Бог секогаш кога ќе почнеме да се колебаме, ги пружа Своите раце кон нас, нѐ подржува и нѐ утврдува; сами - со силата на нашата слободна волја, ние секако би паднале со големо паѓање. - Ниеден праведник нема во себе доволно сили да ја придобива праведноста; се колеба секој миг и секогаш е готов да падне. Затоа Божјата милост го поткрепува; за да не се случи, без Божја помош, изложен на своите слабости, на слабостите на својата слободна волја, да падне и да биде потполно уништен (Разг. 3 и 12). И кој може да биде толку самонадеен и слеп, за да мисли дека нема потреба од непрестајната Божја помош, кога и Самиот наш Господ Исус Христос нѐ поучува во Своето Свето Евангелие, велејќи: " Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. Јас сум лозата, а вие прачките" (Јован 15,4-5). Колку е неразумно, дури и насилно присвојување на она што е свето и Божјо, - добрите дела да си ги припишуваме на себеси, на нашите усилби, и да не признаваме, дека се тие дело на благодатта и на Божјата помош, кога и Самиот Господ вели дека без Неговата помош не можеме да дадеме добри плодови?! (Разг. 3 и 16).

188. Затоа веруваме дека почетокот на добрата расположба почнува од Бога. Он им го дава совршенството на нашите добродетели. Нашата работа се состои, во поголема или помала мерка, во тоа да ја прифатиме Божјата порака и да ја извршиме со Негова помош. Ние заслужуваме награда или казна во зависност од тоа: дали сме мрзливи или со послушност се трудиме да го правиме она што ни го заповедал нашиот Господ и дали сме послушни на Неговата света промисла за нас. Ова се искажало и потврдило јасно во исцелението на ерихонските слепци. Тоа што Господ минувал покрај нив, тоа е благодатта на Божјата промисла и на Божјата милост. Ho тоа што тие повикале: '"Помилувај нѐ, Господе, Сине Давидов!" (Матеј 20,21), тоа е делото на нивната вера и на нивната надеж, а самото нивно прогледување е дело, пак, на Божјата милост (Разг. 3 и 19).

189. Земјоделецот, иако многу се трди и добро ја обработува својата земја, не може да очекува добар плод од неа, ако на обработената земја не падне добар дожд и ако времето не биде добро. Затоа, како што на мрзливите земјоделци, кои не се трудат добро да ја обработуваат својата земја, Бог не им дава плодови, но и на оние што биле трудољубиви нема да им помогне нивниот секојдневен труд, ако не им помогне и Божјата милост. Исто така, и во побожниот живот потребни се и нашите трудови, но ако Божјата благодат не ни помага, ништо нема да успееме. Затоа треба да веруваме и да признаваме дека Бог е не само заслужен и зачеток на нашите добри дела, туку дека и нашите добри помисли се од Него. Он ја соопштува Својата света волја и ни дава и сила и погодни можности да го извршуваме она што правилно го посакуваме, како што пишува светиот апостол Јаков: " Секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината " (Јак. 1,17) (Разг. 13 и 3)

190. Божјата волја секогаш сака создадениот од Него човек да не загине, туку вечно да живее. Бог, ако забележи само една искра на расположение за правење добро во нашето срце, Он нема да дозволи тоа да изгасне, туку, сакајќи сите да ја познаат вистината и да се спасат, прави сѐ што е потребно таа искра да се претвори во пламен. Божјата благодат им е блиска на сите; таа ги повикува сите, без исклучок, кон спасение и кон тоа - сите да ја познаат вистината зашто Он вели: "Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам " (Матеј 11,28) (Разг. 13 и 7 )

191. Нашиот ум не може да разбере како спасението ѝ припаѓа и на нашата слободна волја, зашто е речено: "Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни " (Иса. 1,19), а истовремено не е и дело на оној, кој пожелува, ниту од оној, кој трча, туку од Бога, Кој милува " (Рим. 9,16), зашто Бог на секого ќе му даде според неговите дела; зашто Бог е Оној, Кој прави во нас да сакаме и да дејствуваме, според Неговата добра волја (сп. Фил. 2,13), затоа што од нас бара и ни заповеда: "Направете си ново срце и нов дух" (Језек. 18, 31) и "ке им дадам едно срце, ќе вложам во нив нов дух'" (Језек. 11, 19). Нема да ни биде тешко да се ослободиме од ова сомневање, ако знаеме дека во делото на нашето сомневање учествуваат Божјата благодат и човековата слобода, а човекот, ако понекогаш може да ја посакува добродетелта, но за да може да го добие она што го посакува, тој секогаш има потреба од Божјата помош. Како што за болниот не е достатно да сака да биде здрав, туку е потребно Бог, Кој го дава здравјето и животот да му даде сили за оздравување за да можеме потполно да се увериме во ова, дека добрите желби кои произлегуваат и од самата наша природна способност, која ни е дадена од нашиот Создател, можеме да ги оствариме само со Божјата помош, за ова е доволно само да си ги спомнеме зборовите на апостолот: "Желба за добро во мене има, но да го правам тоа, не наоѓам сили" (Рим. 7,18). (Разг. 13 и 9)

192. Многумина прашуваат: "Кога дејствува во нас благодатта? Дали тогаш кога се пројавува во нас добрата желба, или, пак, добрата желба се пројавува во нас тогаш, кога нѐ посети Божјата благодат? " - Искуството го потврдува и едното и другото: Савле и цариникот Матеј не посакале сами да пријдат кон Христа, но посакале затоа што биле призвани; Закхеј и разбојникот на крстот со својата желба го претекнале делото на благодатта. Затоа треба да се каже: - Кога Бог гледа дека сакаме да се свртиме кон доброто, тогаш ја насочува и поткрепува нашата готовност, а ако не го сакаме доброто и сме оладнеле спрема него, тогаш ни дава мисли и чувства, преку кои се создава во нас добра расположба или се обновува (Разг. 13 и 11).

193. Не треба да мислиме дека човековата природа е способна само за зло. Создателот ги посеал во нашата душа семињата на сите добродетели, но за да можат тие да израснат - потребна е Божјата благодат, но во човекот секогаш има слободна волја - да можеме да ги примаме или да ги отфрламе овие дејства на Божјата благодат. А, ако нашето спасение не зависеше воопшто и од нас, апостолот немаше да рече :"Бог е Оној, Кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја'" (Фил. 12,13), но и: "'Со страв и трепет градете го вашето спасение" (Фил 2,12). Некогаш Божјата благодат нѐ испреварува, како што вели пророкот: "Мојот Бог, Кој ме милува, иде пред мене" (Псал. 58,10), а понекогаш следи по нашата волја, па затоа и е речено: "И наутро молитвата моја Tе испреварува"(Псал. 87,13). (Разг. 13 и 12)

194. Божјата благодат секогаш ја упатува нашата волја кон она што е добро, но сепак и од нас очекува соодветни усилби. За да не им ги дадеме своите дарови на безгрижните, Божјата благодат нѐ разбудува од студенилото на безгрижноста, така што нејзиното изобилно дарување ни се чини дека нема никаква причина, ни ги дава своите дарови откако ќе ги посакаме и ќе се потрудиме за нив. Но, и при сето тоа, Божјата благодат секогаш ни бива давана на дар, зашто за незначителни усилби од наша страна таа ни бива дарувана во богата изобилност. Затоа, колку и да се големи човечките трудови, сепак тие не можат да бидат такви да можеме да речеме дека не ни е дадена на дар. Апостолот на незнабожците, иако говори дека се потрудил повеќе од другите апостоли, сепак додава дека сите трудови не му припаѓаат нему, туку на "Божјата благодат, која е со мене“" (1. Кор. 15, 10). Ha тој начин, кога зборува дека се потрудил, тој говори за усилбите на својата волја, односно: "Не јас, туку Божјата волја". Тоа покажува дека Божјата волја му содејствувала нему, кој не живеел во мрзливост и недејствување, туку дека и тој се трудел. (Разг. 13 и 13)

195. Бог нашето спасение го устројува за нас на многу несфатливи начини: На оние што сакаат да се спасат Он им ја исполнува нивната желба, поттикнувајќи ја, пак, таа желба и на оние што ја немаат. Он ни помага да ги пополнуваме нашите спасителни желби; Он ни ги вдахнува и Он ги зајакнува во нас. Затоа, кога Му се молиме, велиме дека е наш Закрилник, Помошник и Спасител. Он, слично на најнежен Татко и сочувствителен Лекар, во нас прави сѐ: кај некои го дава почетокот на спасението и создава усрдна ревност спрема Него; кај други -  нивните трудови и дела ги приведува кон крајот и нивните добродетели кон совршенство; трети запазува од блиски паѓања; кај четврти - им дава прилики и удобност да се спасат; кај петти - им помага брзо да напредуваат; кај шести кои не сакаат и се протиставуваат, ги привлекува кон добра расположба. Он кај сите прави сѐ - ги поттикнува, помага и утврдува, но сето тоа го прави така - да не им ја нарушува дадената слобода. (Разг. 13 и 18)

Свети Јован Касијан Римјанин