Преподобен Нил Синајски

Преподобен Нил Синајски произлегува од богато и познато семејство и веројатно уште тогаш кога свети Јован Златоуст бил проповедник во Антиохија, тој бил еден од неговите слушатели и ученици. Неговото познато потекло и неговите лични особености го издигнале да стане управител на престолнината, но длабокиот стремеж на неговиот дух не се согласувал со многубројните грижи и со начинот на големоградскиот живот. Затоа, откако нашол разбирање со својата сопруга, со која веќе имал две деца, го оставил светот, за да може во отшелништво поуспешно да чекори по патот на спасението. Откако го зел со себе својот син Теодул, се населил во Синај, а неговата сопруга заедно со ќерката, биле примени во некој египетски женски манастир.

Преподобен Нил живеел во Синајската пустина многу строг монашки живот. Тој и неговиот син со своите раце ископале пештера и живееле во неа. Се хранеле дури не и со леб, туку со некакви горчливи корења. Сето време го минувале во молитва, во изучување на Светото писмо, богомислие и во работа.

Откако го оставил светот, светиот преподобен отец Нил не престанал да општи со луѓето. Многу луѓе од различни места му се јавувале и барале од него помош за своите духовни потреби, никој од нив не бил оставен без помош и духовна поука. И царот му пишувал, го молел да се моли за него, и тој му пишувал на царот и го прекорувал за неговиот лош однос спрема свети Јован Златоуст. Другите списи на преподобниот отец Нил се воглавно со морално - аскетска содржина. Од сето она што го напишал, може да се види колку биле широки и длабоки неговите познавања и колку бил неуморен неговиот труд во оваа работа.

За да се испита и провери неговата љубов спрема Бога, му било дадено едно особено искушение. Синај и неговата околина биле нападнати од некои диви арапски племиња. Тие заграбиле сѐ што нашле, многумина убиле, а некои одвеле во ропство. Меѓу заробените бил и Теодул, синот на преподобниот Нил. Оваа несреќа била многу тешка за преподобниот отец, така што тој не можел никако да се успокои, особено кога вториот или третиот ден го известиле дека, по општата несреќа, дивјаците ѝ го принеле неговиот син на ѕвездата Деница - на Венера, а точноста на оваа жалосна вест никако не можела да биде потврдена. Но Бог не дозволил долго да се измачува неговото родителско срце; набргу потоа дознал дека неговиот син не бил жртвуван и дека заробените монаси биле продадени во христијанските земји. Луѓето што го барале, набргу го нашле во градот Елуза, чиј епископ го купил од варварите заедно со некои други од заробените и веќе го подготвувал за свештенослужител на Црквата, зашто го побарале и неговиот татко, кој, набргу дошол при него. Љубовта спрема пустинскиот монашки живот не им дозволила да се согласат и да го прифатат предлогот на тој епископ. Тогаш епископот ги ракоположил обајцата, и таткото и синот, за свештеници и им дал благослов да се вртат во толку саканата Синајска пустина, каде и останале до крајот на својот живот.

Светиот преподобен Отец Нил го оставил светот во 390 година и отишол во Синајската пустина. Живеел 60 години, а се упокоил во Господа во 450 година. Неговиот спомен Светата Црква го празнува 12 ноември и 13 јануари. За време на Јустин Младиот неговите мошти биле пренесени во Цариград и положени во храмот на светите апостоли.

Од списите на преподобниот отец Нил во грчкото Добротољубие, а од него и во словенското Добротољубие, се земени "Словото за молитвата" и "Аскетското слово". Словото за молитвата го земаме и во нашето Добротољубие, а место "Аскетското или подвижничкото слово" се одлучивме да го земеме " Словото за осумте духови на лукавството" и двата зборника на кратки изреки и поуки, од кои едниот има наслов "Глави и совети", а другиот "Мисли што го одалечуваат човекот од она што гние и го прилепуваат кон она што не гние". - Но бидејќи за молитвата и за борбата со страстите многу корисни поуки и совети има и во другите списи на преподобниот отец, каде има преизобилно богати мисли и поуки за моралниот строј и особено за начинот на живеењето на оние што се откажале од сѐ во овој свет, тогаш, откако поразмисливме, видовме дека би било несправедливо да го лишиме нашето Добротољубие од овие богати сокровишта и решивме да ги земеме од другите списи на преподобниот отец Нил, и оние што се однесуваат на молитвата, да ги ставиме под насловот за молитвата, а оние што се однесуваат на борбата со страстите, под секоја од соодветните осум страсти, така што да можат да послужат како општа поука во врска со другите собрани поуки и изреки. Во ова се угледавме на древните составувачи. Зашто и во Patrologija Graecae Migne во 71 том, таму каде што се поместени списите на преподобниот отец Нил, по списот “Мисли што го оделуваат човекот од она што гние и го привлекуваат кон она што не гние " (стр. 1249-1250), направена е забелешка дека во тој ракопис, од кој се печателе тие "Мисли" следат уште четириесет мисли, позајмени и од словото за несреброљубието и од написот "3a предимството на живеењето во безмолвие пред живеењето во градот“. Овие спомнати позајмени мисли не се напечатени таму, но нашата решеност во оваа смисла ништо не загубува од своето значење.

Цитатите на овие, на овој начин позајмени мисли, ќе ги обележуваме на крајот од написот со посочување на томот и на страницата, според изданието на делата на преподобниот отец Нил на руски јазик. А написите што се без цитати се наоѓаат на истата страница - страницата е одбележана.

Преподобен Нил Синајски