Аскетски поуки од преподобниот отец Нил Синајски

1. Патот кон добродетелите е бегање од светот. Овој пат е и добар и кус.

2. Оној што го сака вечното, треба да мисли и да внимава само на него.

3. Ако го сакаш вистинскиот живот, секогаш чекај ја својата смрт.

4. Намрази го овој живот, зашто и ти самиот гледаш дека во него сѐ се врти во безредие.

5. Не сакај ги работите, чие ползување изминува и се загубува.

6. Смеј се над оние, кои успеваат во сѐ, а сочуствувај им на оние, кои претрпуваат неуспеси; едното води кон земни награди, а другото кон вистинската мудрост.

7. Вежбај се да бидеш трпелив, да имаш трпеливост, каква што имале мачениците; и од нас се бара мачеништво на совеста - да го извршиме она што го бара од нас нашата совест.

8. Претпоставувај ја добродетелта над сѐ, и тогаш патот на добродетелите ќе се отвори пред тебе; сѐ е смртно, само душата е бесмртна. Бесмртното треба да има предност пред смртното.

10. Не барај го од Бога само она што е пријатно, туку само она што е корисно; првото, колку и да се молиш, Бог нема да ти го даде, а ако и го добиеш, тоа бргу ќе одмине.

11. Не презирај ја сиромаштијата; таа му помага на духовниот борец да не биде расеан на духовното поле.

12. He занесувај се по богатството; грижите за него човекот најчесто го одделуваат од Бога и против неговата волја.

13. Близок е крајот; мрзливецу, подготвувај се за удари.

14. Не е далеку до жетвата, да ја очистиме нивата на нашата душа од трње.

15. Ништо не е скриено од Судијата; попусто се трудиме од Него да се скриеме, ако продолжуваме да грешиме.

16. Од ангелите срамувај се повеќе отколку од луѓето; ги има многу околу нас, - но тие се оддалечуваат поради нашите срамни дела.

17. Труди се да помислуваш за вагата на Праведниот Судија и од животот свој ќе исфрлиш сѐ што има во себе примеси на она што Му е спротивно на Бога; лажното злато вештиот познавач лесно го открива, - и Божјата пресуда е праведна.

18. Сметај дека е штетно да бидеме незафатени со работа и да живееме во мир; да побрзаме да го правиме она што ќе биде побарано од нас.

19. Помислувај за непостојаноста на нашиот живот, - и тогаш ништо во него нема да може да те привлече.

20. Не насладувај се со земните радости, зашто се привремени и преодни; тие се како јадица, која ја измамува нашата душа и ја уловува.

21. Противставувај им се на искушенијата; покажувај ја потребната храброст.

22. Никогаш не презирај го сиромавиот што плаче, за да не бидат презрени и солзите на твојата молитва.

23. Љубовта спрема мудроста е најголемото богатство за луѓето; тоа е единство и сака секогаш да биде со оној кој го стекнал.

24. Добродетелта е Божја облека; неа подготвувај ја, - и ќе Го облекуваш Оној Кој целата твар ја облекува.

25. Земното богатство крадците го крадат; прибирај го небесното богатство кое е недофатливо за нивните прсти.

26. Од задоволствата на овој свет треба да се откажуваме; тие нѐ вовлекуваат во работи, од кои, по отрезнувањето има воздивнувања и офкања.

27. Треба да се гнасиме од телољубивите помисли; тие телото го раслабуваат и душата ја осквернуваат.

28. И земните богатства не се придобиваат без труд; поради нашата мрзливост од царството Божјо се оддалечуваме.

29. Ти сакаш да бидеш добродетелен без да се трудиш. Не заборавај трудот за нив е привремен, а наградата е вечна.

30. Сите што се трудат и се истоштуваат за да ги придобијат привремените земни сласти, треба да помислуваат за нивното кратковремено траење и за вечноста на казните за нив.

31. Сѐ сметај за преодно и гниежливо; само добродетелта е непреодна и вечна.

32. Отфрлај сѐ што го прави човекот сличен на животно, прави го само она што може да те направи небесен.

33. Види ревносен кон придобивањето на добродетелта; таа преку љубовта кон мудроста и Адама го покажува како бог.

34. Ако го воздржуваш стомакот, воздржувај го и јазикот; та едниот да не биде роб, а другиот - некорисен и со неограничена слобода.

35. Сакај Го Бога - своите блиски не сакај ги повеќе од Него, така што, според Неговите зборови, да не се покажеш недостоен за Него, и без да го сакаш тоа.

36. Трпеливо поднесувај ги страдањата; за нив им се дава награда на духовните борци.

37. Блажено е да го трпиме злото, а страшно е да го правиме; кој што го трпи, - тој наследник е Христов, а тој што злото го прави, постанува сонаследник на демонот.

38. Добра е храната на постот; во неа го нема квасецот на сластољубивоста.

39. Свет е жртвеникот на молитвата; тој до нас Го привлекува Светиот на светиите.

40. Не сметај ја справедливоста за погоре од добродетелта; без добродетелта секоја работа е нечиста.

41. Ако сееш во сиромасите, сеј од она што е твое; туѓото е погорчливо од пелин.

42. И милостивиот е слеп, ако е несправедлив; тој обработува нива, во која не може да жнее.

43. Секогаш очекувај ја смртта, но не плаши се од неа, - живеј така, за да не се плашиш од неа; и едното и другото им е својствено на љубителите на мудроста.

44. Носи го образот на добродетелта, но не затоа луѓето да ги измамиш, туку за да им бидеш од полза на оние што ќе те гледаат.

45. За доброто треба да зборува и оној, што не го прави доброто, така што од зборовите свои да се засрами и да отпочне добро да прави.

46. Ако вистински го сакаш небото, со земјата немај ништо заедничко; едното и другото немаат ништо заедничко.

47. Не сакај да се збогатиш - за да ги помагаш сиромасите; Бог заповедал милостиња да правиме од она што го имаме (сп. Лука 11,41) според нашите можности и сили.

48. Ако и чаша студена вода го оправдува милостивиот, тогаш какви ли награди ги очекува оние што целиот свој имот им го раздаваат на сиромасите.

49. Чистотата и состраданието се мајки на добродетелите; без едната и без другата не можеме да се бориме за Христа.

50. Не биди невнимателен спрема состраданието; тоа Го симнало преблагиот Господа на земјата.

51. Не биди невнимателен спрема чистотата; поради неа Пресвета Дева станала орудие на воплотувањето и на луѓето им Го дарувала воплотениот Бог.

52. Не вели дека ќе му се одмаздиш на непријателот, ние имаме на небото праведен Судија, Кој на сите праведно ќе им пресуди.

53. Не сакај да живееш во гревови, ни богат да бидеш, нити луѓето да те слават; гнилеж е сѐ што е на земјата, а ние сме создадени за негниење и вечен живот.

54. Не плачи за умрените, таков е патот на сите; блажен е оној што ќе дочека крајот да му биде беспрекорен.

55. Плачи за грешниот, а не за сиромавиот; грешникот си приготвува вечни маки, а сиромавиот - вечна радост.

56. Смеј се на животното тркало, зашто без ред се врти; но пази се од бездната, во која одат сите што заспиваат врз ова тркало.

57. Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш ќе успееш и во едното и во другото.

58. Солзите за време на молитвата cе спасоносна бања за душата; но по молитвата памети поради што си плачел.

59. Не сметај ги за блажени силните на овој свет, зашто "силните ќе бидат силно измачувани" (Мудр. Сол. 6,6); Судијата за нив ќе биде престрог.

60. На Адама и на секој човек им е одредено да се трудат телесно и без награда, но, ако во законот се трудиме, и со награда се удостојуваме.

61. Наследниците на Ева по неопходност страдаат; кога, пак, со благодарност страдаат, тогаш клетвата благослов станува.

62. Bo твојата работа светилник нека ти биде совеста ; таа ни покажува кои работи се добри и кои се лоши.

63. Себеси да се осудиме, - Судијата милостив ќе биде спрема нас; Он е благ и се радува кога гледа дека грешникот го намалува својот товар.

64. Ако направиме нешто нечисто, со покајание да го измиеме; образот Божји што е во нас - чист треба да го предадеме.

65. Раните душевни да ги излекуваме пред да бидат откриени; со нашите лекарства да ги предодвратиме вечните казни.

66. Како што врзаните не можат да одат, така и оние што се предале на животните грижи - не можат добродетелно да живеат.

67. Гревот треба да го мразиме, ако и паднеме во него, тогаш полесно се ослободуваме од неговите мрежи.

68. Кој не го мрази гревот, тој, иако не греши, кон грешниците се прибројува.

69. Воздивнувај за ближниот твој што греши, за да воздивнуваш и за себеси; зашто сите сме подложени на гревот.

70. На паднатиот брат припомни му за Судијата; со тоа и на раната своја мелем ќе ѝ оставиш; таквиот совет за сите е лек.

71. Кога имаш намера нешто да кажеш или да направиш, помисли и за одговорот што треба да го дадеш, ако од тебе биде побаран; под дејство на стравот - ќе станеш целомудрен.

72. Плаши cе од казната за твоите гревови, трепери од помислата од срамот поради нив; тежината и на едната и на другата е бескрајна.

73. И убавината и мноштвото на идните блага се безгранични, а сегашните се - сенка, дим и меур од вода.

74. Не сеј зло, зашто жетвата е близу; оној што садел трње оган го очекува.

75. Лицемерите, љубителите на богатството и сластољубците - се розите од овој свет; но почекај малку и набргу место рози ќе видиш изгазена трева.

76. Секое дело е оружје против нас кое му го даваме на ѓаволот; вооружен од нас тој страшно се однесува со нас.

77. Сакаш ли непријателот твој да го истоштиш? Бори се против твоите гревови; тогаш ќе можеш да си играш со него како со искубано врапче.

78. Тешко му на непобожниот; кога сите во светлина ќе живеат, тој во мрак ќе чмае.

79. Тешко му на богохулникот; јазикот негов ќе биде врзан пред Судијата, - со него не ќе може да се оправда.

80. Тешко му на оној што живее без законот Божји; тој ќе појде кај строгиот Судија и праведниот Законодавец.

81. Тешко му на оној што собира богатство! Богатството негово ќе избега од него, а поради него тој ќе прими оган.

82. Тешко му на мрзливиот! Ќе го бара тој времето потрошено попусто.

83. Тешко му на оној што се преценува! Добро ќе се познае кога во гроб ќе легне.

84. Тешко му на прељубникот кој брачната постела ја осквернил! Со срам од царскиот свадбен дом - ќе биде исфрлен.

85. Тешко им на оние што се караат и што се опиваат! Казна ќе примат заедно со убијците и прељубниците.

86. Тешко им на оние што им се предаваат на земните уживања! Тие се хранат и гојат како телиња - одредени за колење.

87. Блажен е оној што по тесниот пат, во небото ќе влезе - овенчан со слава.

88. Блажен е оној, кој ги одбегнува сластите; од него демоните треперат.

89. Блажен е оној што има чиста душа и чија добродетел е нелицемерна; тој на светот ќе му суди и нема да биде суден со светот.

90. Блажен е оној што има непрестајни молитви, читање и добродетели; тој нема смртно да заспие.

91. Блазе му на оној чиј живот е висок, a мислењето за себе го има ниско и смирено.

92. Блажен е оној од чиј јазик законот Божји не слегнува, од неговата скинија Бог никогаш не отстапува.

93. Блажен е оној, кој на сите добрини им прави; на Судот Божји заштитници ќе има.

94. Блажен е оној, чија добродетел е вистинска; лопатата Божја непоштедно ќе одвее сѐ што е лажно.

95. Блажен е оној, кој ги украсува своите дела пред појавувањето на огнот, со кој ќе биде проверено сѐ.

96. Блазе му на оној, кој кон идниот живот брза; сѐ во овој свет е гнилежно и кон смртта се движи.

97. Блажен е оној, кој насобраното богатство го раздава; тој чист пред Господа ќе застане.

98. Душо, не бивај безгрижна! Само по малку време ќе застанеш пред страшниот суд на Христа - нашиот Бог.

Преподобен отец Нил Синајски