Аскетски поуки од преподобниот отец Нил Синајски

1. Неумереноста во храна го расипува постот, а блудната похот ги оддалечува самозауздувањето и молитвата.

2. Среброљубието е мајка на идолослужењето. Тоа ја задушува желбата кон живеење во сиромаштија; грижата за потребите на телото ја отсекува надежта во Бога.

3. Умот што талка ги оневозможува читањето на Светото писмо, бдеењето и молитвата.

4. Силниот гнев ги ослабува благодушноста и пеењето на псалмите.

5. Унинието ги прогонува трпеливоста и солзите, а жалоста на овој свет ја замолчува одвратноста спрема телесните задоволства.

6. Гостољубивоста се добива преку смирението и омразата спрема гордоста и желбата за истакнување пред другите. Гордоста, пак, ова древно зло, одвратност е пред Господа, на неа Господ ѝ се противи; таа бива смирувана само од силно смирување, кое вели: "Јас сум земја и пепел" (1. Мој. 18,27) и уште: "Ако Господ не ја изѕида куќата, залудно ќе се трудат градителите најзини; ако Господ не го запази градот, залудно ќе бдее стражата " (Псал. 126,1).

7. Како што матната вода не може да се избистри, ако не ја оставиме да мирува, така и монахот не може да ја познае својата внатрешна положба - без живеење во безмолвие.

8. Како што војникот не може да добие одликување како победник, ако не учествувал во борбата против непријателите, така е неможно да се биде вистински христијанин без подвизи.

9. Како што е неможно тасовите на една терезија да стојат рамно, кога на едниот тас има повеќе тежина, а на другиот - помалку, така е неможно исполнувањето на Божјите заповеди кога преовладува телесното мудрување.

10. Како што не можеме да научиме некоја уметност, ако ревносно не работиме и не се вежбаме во неа, така е неможно да ја придобиеме молитвата, ако не излегуваме со правда во нашето срце пред Господа.

11. Тој што не придобил чиста молитва - тој нема оружје во духовната борба.

12. Koj оди убаво облечен, а нема никакви добродетели, тој е живеалште на демоните.

13. Како што царот нема да се настани во домот на сиромавиот, така и Христос нема да живее во душа, која е осквернета од гревови.

14. Како што необработената нива може да биде обработена само со многу труд, така и душата што подивеала од гревови - може да биде скротена, само, ако почне да живее според Божјиот закон.

15. Како што оној камен, кој лежи на морското дно, е длабоко под водата и не бива удиран од брановите, така и оној, кој успеал во добродетелите и кој е потонат во нив, - нема да биде колебан и вознемируван од ѓаволот.

16. Како што добриот лекар веднаш одредува лекарства за секоја болест, така и познавањето на Бога, кое се пази во умот и во срцето, го учи оној што го има ова знаење -  како да се пази од паѓање и кон доброто да напредува.

17. Како што потокот сам си го пробива својот пат, така и гревот, откако ќе биде прифатен, самиот го води кон пропаст оној што го прифатил.

18. Како што еленот, кој се фатил во мрежи, не може да се ослободи од неа, така и оној што ги храни своите гревови - не може да се ослободи од нив, ако одново се врати во светот; похотите се слатки и лукави - тешко од нив можеме да се одврземе и да се ослободиме.

19. Како што виновата лоза, која не дава добар плод, ја сечат, за да не го зазема попусто местото во лозјето, така и Господ ќе го искорени секого, кој не ги раѓа плодовите на Светиот Дух.

20. Како што оној човек што е ранет од стрела не може да остане без повреда, така и монахот, кој прифатил некоја лоша помисла не може да не претрпи рана од неа.

21. Како што човек, кој ќе го загуби својот пат, талка и не може да го најде, така талка и секој човек што не верува во Света Троица.

22. Kaкo што човекот, разделен на многу делови останува еден по природа, така и Света Троица, иако е разделена со повеќе имиња и ипостаси, една и единствена е по природа. Божјата природа не можеш да ја сфатиш, макар и на крилја кон него да се издигнуваш. Бог е недостижен, зашто Он е наш Создател.

23. Како што направениот сад не му ја знае природата на тој, кој што го направил, така и човекот не може да ја познае Божјата природа.

24. За Светата Троица не испитувај, туку само верувај во Неа и поклонувај ѝ се, зашто кој испитува - тој не верува.

25. Придобивајте премудрост, а не сребро и злато. Направете Му облека на нашиот Господ Исус Христос, а не правете си на себе свилени и скапоцени облеки, земните богатства не ни помагаат во денот на смртта.

26. Како што огнот ги проголтува трњето, така и секој грешник ќе биде проголтан од вечниот оган, но сепак не ќе може да умре, зашто вечно ќе се измачува.

27. Ништо нема големо во тоа ако станеме праведници; во таквиот случај ќе станеме такви - какви што нѐ создал Бог во почетокот - многу добри.

28. Оној што не живее според својата природа, тој Божјите заповеди не ги извршува.

29. Сета мудрост се состои во тоа - да имаме страв Божји; секоја наука, која не учи за законот на Господа - лудост е и неразумност.

30. Од вечниот оган нема да нѐ избават верата и крштевањето, ако немаме дела на правдата. Ако си се соединил со Христа, извршувај ги Неговите заповеди; а ако веруваш во идниот живот, настојувај и труди се да ја заработиш вечната слава и од огнениот меч плаши се. Ако заповедите Божји не ги извршуваш, не нарекувај се верник и христијанин.

31. Секое создание на Божјата волја ѝ се покорува; само човекот се осмелува да не Му се покорува на Оној, преку Кого било создадено сѐ.

32. На Бога ништо нема да Му дадеме со тоа што ќе се запазиме чисти; со тоа ние самите ќе придобиеме вечен живот и неискажливо насладување со вечните блага.

33. Немој да велиш: "Јас не можам да ги исполнам Божјите заповеди поради татко ми, мајка ми, жена ми, моите деца или поради нешто друго." Зашто тие нема да те избават од гневот што доаѓа и од црвецот што не заспива. Секој што ти пречи во придобивањето на Бога - нека ти биде омразен и одвратен. Со таквиот и да не јадеш.

Преподобен отец Нил Синајски