Подвижнички поуки на свети Јован Лествичник

1. Бог е живот и спасение за сите, кои се надарени со слободна волја.

2. Оној што Му се посветил на Бога, бидејќи облечен во земно тело, им подражава на животот и состојбата на бестелесните суштества, - тој се раководи само според Божјите зборови и заповеди, во секое време, на секое место и во секоја работа; тој постојано ги пази своите чувства и прави насилство и осудување над својата природа, - секогаш помислува за смртта, жали и страда душевно, - се згрозува од земните блага, кои светот ги пофалува и се труди да ги придобие духовните блага, кои не се од овој свет.

3. Оние што се откажале од сѐ земно и светско, нема сомневање дека тоа го направиле заради Божјото идно царство, или поради многуте свои гревови или од љубов спрема Бога. Ако немале ниедна од овие намери, тогаш нивното оддалечување од светот би било неразумно. Впрочем, Бог Кој ги наложува подвизите, со право очекува каков ќе биде крајот на нивниот живот.

4. Кога сакаме да излеземе од Египет и да избегаме од фараонот тогаш и ние имаме потреба од некој Мојсеј, закрилник пред Бога, кој би стоел меѓу работењето и знаењето, кој би ги издигнувал своите раце спрема Бога место нас; така што, поучувани од него, да можеме да го преминеме морето на гревовите и да го победиме царот Амалик на страстите.

5. За сите оние, кои се обидуваат во своите тела да се издигнат на небото, навистина е потребно да вршат насилство над себеси и постојано доброволно лишување, - особено во самиот почеток на спречувањето, додека нашата гревољубива природа не се очисти и нашето нечувствително срце не се стопли со љубов спрема Бога.Зашто навистина, трудот и големата скриена мака се неизбежни во овој подвиг, сѐ додека нашиот ум, овој бесен и сластољубив пес, не стане целомудрен и исполнет со љубов. - Впрочем, ние кои сме страсни и немоќни, секогаш да бидеме добродушни. Да ја исповедаме пред Христа Господа нашата слабост, да Му ја претставуваме со несомнена вера, како со нашата десна рака, и неизоставно ќе ја добиеме Неговата помош, и тоа многу повеќе отколку што заслужуваме, само ако секогаш се спуштаме во длабочината на смирението.

6. Оние што му приоѓаат на овој подвиг треба да отфрлат сѐ, да презрат сѐ, со сѐ да се подбиваат, сѐ да остават, за да стават цврста основа на својот Иден живот. Добра е следната основа од овие три столба: незлобивоста, постот и целомудрието.

7. Нема сомневање, дека од нашата цврста решеност ќе имаме корист, дури ако подоцна и почнеме да слабееме во нашите подвизи, зашто тогаш ќе си спомнуваме за нашата првобитна ревност; споменот за неа, како со бодило, ќе ја наранува нашата душа. Многумина многупати на овој начин се издигнувале од духовната раслабеност.

8. Кога душата, однесувајќи се предавнички спрема себеси, ќе ја загуби својата блажена и сакана топлина, тогаш добро нека испита поради што се лишила од неа, па да го сврти целото свое внимание и целиот свој труд, сета своја ревност кон она што го пропуштила и на оваа причина треба да го сврти целиот свој труд и сета своја ревност, зашто својата поранешна ревност не може поинаку да ја врати освен низ вратата, преку која таа влегла првпат.

9. Во самиот почеток на одрекувањето, без сомнение, со труд, самопринудување и мака ги извршуваме добродетелите; откако успееме во нив, престануваме да чувствуваме тешкотии или ги чувствуваме помалку. А кога нашето телесно мудрување ќе биде победено и заробено со огнот на ревноста, тогаш добродетелите веќе ги вршиме со сета ревност, со желба и со божествен пламен.

10. Многумина мирјани ме прашувале: "Kaкo ние, кои живееме со жени и сме заплетени во животни грижи, можеме да се допреме до најсовршениот христијански живот?" - Јас сум им одговарал: "Секое добро, кое можете да го правите, правете го; никого не осудувајте, не крадете, никого не лажете, пред никого не воздигнувајте се, никого не мразете, не оддалечувајте се од црковните богослужби бидете милосрдни спрема оние што имаат потреба од вас, не допирајте се до туѓата чест и бидете им верни на вашите жени. Ако така постапувате нема да бидете далеку од царството небесно".

11. Со радост и храброст да пристапиме кон овој добар подвиг: Да не се плашиме од нашите непријатели, зашто тие го гледаат лицето на нашата душа, иако се сами невидливи, па кога забележат дека тоа се изменило од страв, тогаш пострашно нѐ напаѓаат зашто гледаат дека сме се исплашиле. Затоа, смело вооружувајте се против нив, зашто со храбриот борец никој не може да се бори.

12. Оние што сакаат вистински да Му служат на Христа, треба пред сѐ да се погрижат да си изберат, со помошта на духовните оци и личното размислување, соодветни места и начини на живеење, патишта по кои ќе одат и видови на поучување; за сите не е корисен заедничкиот манастирски живот и сите не се способни за осаменичко живеење - безмолвие. Секој треба да размисли кој пат најмногу одговара на неговите особености.

13. Целиот монашки живот се состои од три главни устројства и начини на подвиг: или во подвижничко осамување и отшелништво; или во безмолвие со уште еден или најмногу двајца; или, најпосле, во трпеливо живеење во општежитие.

14. Оној што вистински Го засакал Господа, кој вистински го сака и го бара идното царство, кој има вистинско жалење за своите гревови, кој навистина си спомнува за страшниот суд и за вечните маки, кој навистина се плаши за тоа како ќе го напушти овој живот, тој нема да засака веке ништо привремено, нема да се грижи околу имотот и нови придобивања, ни за славата и честа во овој свет, ниту за што и да е земно и светско. Отфрлајќи ја грижата за сето ова, тој го намразува и своето тело, па без грижи и мрзливост оди по Христа, непрестајно гледа кон небото и оттаму ја очекува својата помош, според зборовите на светиот пророк Давид, кој рекол: "Кон Тебе се приближи душата моја" (Псал. 6,8), како и според зборовите на светиот пророк Јеремија: "Јас не брзав да станам пастир при Тебе и не го сакав бедниот ден, Ти го знаеш тоа; што излезе од устата моја, откриено е пред лицето Твое" (Јерем. 17,16).

15. Срамно е за нас, кои сме оставиле сѐ, пак да почнеме да се грижиме за тоа што сме го оставиле. Токму тоа значи враќање назад и престанување да се стремиме кон царството Божјо.

16. Слушај што му рекол Господ на младиот човек, кој речи си ги исполнувал сите Божји заповеди: "Уште едно не ти достига: продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото, потоа дојди и врви по мене" (Лука 18,22; Матеј 19,21). Ние сме должни да осиромашиме толку, така што од другите да примаме милостиња.

17. Да внимаваме на себеси, така што, мислејќи дека одиме по тесниот пат, всушност да не талкаме по широкиот и лесниот. Еве, точно во што се состои тесниот пат: стеснување на стомакот, сеноќно стоење, умерено пиење вода, ограничено јадење леб, очистувачко пиење на понижувањето, прекарите, подбивањата, одречување од својата волја, претрпување на нападите, одбегнување мрморење кога сме презирани и поднесување на здодевните тешкотии за да можеме храбро да претрпуваме кога нѐ навредуваат, да не се противиме кога нѐ клеветат, да не се гневиме кога нѐ осудуваат, да се смируваме кога нѐ понижуваат. Блажени се оние што одат по овој пат, "зашто нивно е царството небесно" (Матеј 5,3-12).

18. Koj мисли дека нема никаква приврзаност кон ништо, а кога ќе се лиши од нешто срцето негово се исполнува со жалост, тој се мами себеси.

20. Оној што се отстранил од светот да не се враќа пак во него, зашто страстите пак се враќаат.

21. Бегај од оние места кои можат да станат повод за повторно паѓање, бегај од нив како од бич; кога забранетиот плод не го гледаме, тогаш желбата кон него не е така силна.

22. Да се потрудиме да се угледаме на Лот, а не на неговата жена, зашто онаа душа, која се сврти таму, од каде што излегла ќе биде слична на сол, која ја изгубила својата соленина и ќе стане неподвижна. Бегај од Египет и никогаш не враќај се во него; срцата што се вратиле кон него никогаш Ерусалим не го виделе, односно во земјата на бестрастието не останале.

23. Твој духовен отец нека биде оној што може и што сака од товарот на твоите гревови да те ослободи; твоја духовна мајка нека биде скрушеноста, - таа може од нечистотијата да те измие; твој брат и сотрудник - нека ти биде стремежот кон вечноста, сеќавањето на смртта твоја - земја за неразделна сожителка; воздивнувањата на твоето срце нека ти бидат чеда твои сакани; - роб твој телото твое нека ти биде, а пријатели - ангелите небесни направи ги; тие во времето кога ќе излезе душата твоја од телото ќе ти бидат корисни, ако ги имаш за пријатели: "Таков е родот на оние што Го бараат Господа " (Псал. 23,6).

24. Кога ќе се оддалечиме од светот, ние сме должни да избереме такви места за живеење, во кои нема да имаме можност за уживање и за славољубие, туку да избереме место, што ќе нѐ смирува. Ако така не постапиме, тоа ќе покаже дека според страстите дејствуваме.

25. Како што не можеме со едното око да гледаме кон небото, а со другото - кон земјата, така е неможно да не биде подложен, кој со своите мисли и телесно не се оддалечил од секое роднинство во овој свет.

26. Добра нарав се добива преку многу трудови и подвизи, но може во еден миг да биде загубено она што било придобиено со големи и тешки усилби. Апостолот пишува: "Лошите зборови ги расипуваат добрите обичаи" (1. Кор. 15,33).

Свети Јован Лествичник