Подвижнички поуки на Свети Јован Лествичник

1. Украсот на небесниот свод се звездите, а украсот на бестрастието - добродетелите.

2. Бестрастен се нарекува оној кој телото свое го направил чисто од страстите, кој умот свој го издигнал над созданијата, сите свои чувства му ги покорил на умот, а душата своја ја поставил пред лицето на Господа, секогаш се поклонува пред Него, па дури и повеќе од своите сили.

3. Некои уште велат дека бестрасноста е воскресение на душата пред воскресението на телата и дека тоа е совршено познавање на Бога или запознавање со Бога, - второ по ангелите.

4. Ова совршено и никогаш незавршено совршенство се врши преку Господа, како што ми говореше еден совршен маж, кој го искусил тоа, што, најпосле, така го осветува умот и го отргнува од cѐ што е земно, така што, по пристигнувањето до ова божествено пристаниште, поголемиот дел од неговиот живот во телото - тој го поминува во восхитно гледање на небесното.

5. Има бестрастен и има од бестрасниот - побестрастен. За што еден силно го мрази злото, а друг ненаситно се збогатува со добродетелите.

6. Чистотата или целомудрието се нарекуваат бестрастие. И со право се нарекуваат вака, зашто тие се предпочеток на општото воскресение и обесмртувањето на смртните.

7. Ако потполната заробеност од страстите е во тоа: човекот да им се покорува речиси на сите тајно посеани во него помисли од бесовите, јас мислам дека белези на светото бестрастие се, тие, кога некој заедно со псалмопеачот Давид може нелажливо да каже: "Развратно срце нема да се прилепи до мене; за лукавиот не сакав да знам" (Псал. 100,4), и не знам како дошол, зошто доаѓал и како си отишол; кон сѐ станав нечувствителен, зашто целиот сум соединет со Бога и се надевам секогаш да бидам во ова и во вакво соединение.

8. Кој се удостоил да биде во ваква состојба, тој уште овде, обложен во земно тело, станува храм на животот Бог, Кој го раководи и учи во сите зборови, дела и помисли и тој, поради тоа и таква внатрешна просветеност, ја познава Божјата волја, како да слуша некаков глас и, бидејќи е над секакво човечко учење, вели: "Кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо?" (Псал. 41,2). Зашто не можам веќе да ја поднесувам желбата небесна, туку ја барам таа бесмртна убавина, која си ми ја дал Ти, пред да им бидам предаден на земјата и на гниењето.

9. Бестрасниот, - зошто да говорам многу? - Тоа е како што кажал апостолот: "Јас веќе не живеам, туку Христос живее во Мене" (Гал. 2,20) и: "Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив" (2. Тим. 4,7).

10. Царската круна не се прави со еден скапоцен камен, така нема ни бестрасност, ако занемариме една единствена добродетел.

11. Од послушноста се раѓа смирението, а од смирението - бестрасноста, со кое завршува смирението. Почетокот на смирението е послушанието; а бестрасноста, која е врата на смирението, го извршува неговата мајка.

12. Некои ги истоштуваат своите тела, за да ги добијат бестрасноста и богатството на Божјите дарби, чудотворството и силата на прозрението, но тие кутрите не знаат, дека не трудовите, туку смирението им е мајка на сите блага.

13 Koj склопил брак со добродетелта на смирението, тој е кроток, тивок, милостив, мнлосрден, а, особено, мирен, радосен, работлив, а зошто да набројувам понатаму? Тој нема страв, зашто Господ "се сеќава на нас во нашата смиреност, зашто е вечна милоста Негова; и нѐ избавува од непријателите наши" (Псал. 135, 23-24) -од нашите страсти и нечистотии.

14. Многумина добиле брзо простување на гревовите, но никој не добил брзо бестрастие, зашто за неговото придобивање e потребно долго време, многу љубов со труд и со Божја помош.

Свети Јован Лествичник