Блажени Диадох, епископ Фотички во - Епир Илирски

За животот на свети Диадох  до неговото епископување ништо не е познато, а како епископ бил славен и со својот живот и со своето премудро учење. Утичкиот епископ Виктор, кој живеел и епископувал во Африка, во предговорот на својата Историја на измачувањата од Вандалите (Migne Patrologija, Lat. t.58), што ја напишал во 490 година, се нарекува негов ученик, сметајќи го тоа за своја чест, и вели: „Овој блажен Диадох е достоен за секакви највозвишени пофалби затоа што ни оставил многу списи за православното догматско учење и за христијанското живеење“. Според  ова, можеме да заклучиме дека живеел и дејствувал во втората половина на петтиот, а можеби и не до крајот на тој век. Ова можеме да го претпоставиме и според тоа што во посланието до императорот Лав (457 473) се наоѓа и неговиот потпис.  Други податоци за неговиот живот не се познати. Од неговите списи до сега се познати:  а) две слова, едното за Господовото Вознесение,  каде што е изложено првославното учење за воплотувањето на Божјото Слово, а другото Против Аријаните;  б)Слово на подвижништвото за духовниот живот во 100 глави, пред коишто се изложени десет дефиниции за последните степени на најзначајните добродетели. Од неговите списи цитира свети Софрониј, патријархот Ерусалимски, во своето Послание против Монотелитите (сп. Библ. на Цариградскиот патријарх Фотиј стр. 231). На многу места е цитиран и од преподобниот отец Максим Исповедник. Во поглавјата за подвижништвото, што ги внесовме во овој зборник, блажениот Фотиј вели вака: „Ова Слово е многу корисно за оние што живеат подвижнички, како и за оние што со долговременото вежбање придобиле веќе навика во она што води кон совршенството; за нив ова не претставува ништо нејасно, зашто во таков случај знаењето добиено врз основа на личен опит, лесно се усогласува со учењето што го даваме овде.“ Составувачите, пак, на грчкото Добротољубие, во предговорот на ова Слово, велат: „Тоа дека нашиот свет отец  Диадох бил мудар во својот живот и јасен во своите созерцанија, ова може да го види секој од неговите списи, што се запазени, особено од ова негово Слово, кое е прекрасно напишано, црпејќи духовна мудрост од својот долгогодишен духовен опит и од божествените издигнувања на своето срце. Откако го разделил на сто глави тој, со голема грижа, во нив им ги разоткрива длабоките тајни на оние што ги сакаат добродетелите, исполнувајќи ги со потврда од Светото писмо и созерцанија на својот разум, кој бил просветен со вера. Може да се каже дека тој, во ова свое Слово, оставил за сите што го следеле него, духовно просветениот, како и светите божествени оци, примерно учење за трезвението и за сите други добродетели. Самиот ќе се увериш дека многумина што ги читаат овие глави се однесуваат како спрема највистинско укажување на вистината и наведуваат дословни цитати од нив во своите списи за трезвението. Ова го правеле особено по Соборот, кој бил одржан во времето на Андроник Палеолог, особено Григориј и Симеон Солунски, Григориј Синаит, пресветиот Калист и мнозина други, а сето ова несомнено сведочи за беспрекорноста на неговото учење.“ Светата Црква го празнува споменот на свети Диадох на Сирната сабота, заедно со сите светии, кои се просветиле со својот подвижнички живот. Во светата богослужба за тој ден, во втората песна на канонот, се вели: „Го воспевам Диадох, заедно со врховните оци Евстатиј и Јувеналиј.“

Блажени Диадох, епископ Фотички во - Епир Илирски