Свети Теодор, епископ Едески

Син на молитвите и виденија на своите родители, жители на градот Едеса. Теодор кога почнал да учи не покажувал никакви способности за учење. Затоа му се молел на Бога да му го просвети разумот, за да може да го запаметува она што го учи. Еднаш, за време на Литургија се скрил под светиот престол во олтарот, а некој младич му дал да се нахрани со мед од сaќе и му ја внушил сладоста од осамениот живот. Епископот што ја служел светата Божествена литургија, кога слушнал за тоа го посветил Теодора за чтец. Тогаш Теодор бил оставен во тој манастир, ги слушал тогашните науки кои ги предавал учителот Софрониј. Кога имал осумнаесет години починале неговите родители. Тој им го раздал имотот на сиромаси; оставил само еден дел за својата сестра, а кога навршил дваесет години, се оддалечил да живее во манастирот на свети Сава Осветени, близу до Ерусалим, каде што живеел 12 години во манастирското општежитие и 24 години во доброволен затвор. Од овој затвор бил изведен со одлука на Ерусалимскиот и Антиохискиот патријах и бил хиротонисан за еписпоп на градот Едеса.

Кога дошол во Едеса тој ги употребил сите свои сили на црковното уредување и на верското просветување на христијаните. Неговите трудови наидувале на големи противставувања од страна на мухамеданците, кои управувале со градот, како и од страна на еретиците, чиј број бил многу голем. Кога видел дека нема достатно сили за да им се противстави на своите противници, свети Теодор отишол во Багдад кај калифот на Мавиа за да бара милост и закрила. Откако го излекувал калифот од некоја лоша болест тој се орасположил да им даде наредба на управителите во Каликија, Сирија и Месопотамија - да ѝ го вратат на Едеската црква нејзиното достоинство и да не им пречат на луѓето да ја примат светата православна вера.

Кога се вратил во Едеса бил со радост пречекан од своето духовно стадо, кое потоа постојано се умножувало со обраќањето на еретиците, кое било ревносно и татковски управувано и духовно раководено од својот предан пастир.

Предвидувајќи го приближувањето на својата смрт и сакајќи својот земен живот да го заврши во својата осамена пустинска ќелија свети Теодор ја напуштил својата епископска служба и се упатил кон Палестина, каде во местото на своите некогашни пустински монашки подвизи се упокоил во Господа на 9 јули, кога се празнува и неговиот празник. Тоа било во 9 век, кога во Цариград царувал Михаил заедно со својата мајка Теодора.

Cтоте глави - корисни за душата - ги напишал по молба на манастирските старци, уште додека бил во својот доброволен затвор. За овие негови поуки составувачите на грчкото Добротољубие пишуваат: "Не можеме со сигурност да кажеме дали свети Теодор оставил и други списи. Овие сто негови поучни глави, кои ги составил со голема трудољубивост, ги внесуваме во овој зборник, каде што има списи за духовната трезвеност и од други духовни писатели, затоа што го опишуваат делото на духовната света трезвеност и што можат да им придонесат голема духовна полза на оние, кои ќе ги читаат со неопходно внимание.

Свети Теодор, епископ Едески