Од преподобниот отец наш Теодор

1. Колку голем подвиг е да се раскинат силните вериги на љубовта спрема предметите, да се ослободиме од робувањето на нив и да придобиеме навика за правење добро! Навистина, за ова е потребна храбра и мажествена душа, - за да можеме да се ослободиме од се земно и материјално.

2. Она што по ова треба да следи, не е само очистувањето од страстите, зашто тоа не е само по себе добродетел, туку кон очистувањето од лошите навики треба да се придаде и придобивањето на добродетелите.

3. Очистувањето на душата е: во областа на мисловниот нејзин дел, изменување и потполно напуштање на животните грижи, на лошите наклоности и неумесните баења и лошите замисли; во пожелниот дел на душата - да не тежнееме кон ништо земно и материјално, да не го свртуваме нашето вниманите кон чувствата и да му бидеме послушни на разумот; во раздразнителниот дел на душата, треба да се трудиме да не се вознемируваме од ништо што ни се случува.

4. По ваквото очистување и истребување на сѐ, што ги прави нашите сили нечисти, за нивното средување - е потребно издигнување кон духовните совршенства и обожување, зашто тој што се одвратил од злото - треба да прави добро (си. Псал. 33, 15). Пред сѐ, треба да се откажеме од сѐ, да го земеме крстот и да Го следиме Господа, за да ја достигнеме повозвишената состојба на обожувањето.

5. Што е тоа издигнување кон совршенството и обожувањето? Во областа на мисловниот дел на душата, во нејзиниот ум, - тоа е најсовршеното знаење на она што постои и на Оној Кој е над сѐ што постои, колку е тоа можно за човечката природа; во пожелниот дел на душата, - тоа е бескрајна и непрестајна желба и стремеж кон првото добро; во раздразнителниот дел на душата, - тоа е најнеограниченото и најдејствителното движење кон она што се сака, непрестајно и што никогаш не ослабува, кое не бива задржувано од никакви пречки; кое незадржливо оди напред и не се свртува назад.

6. Движењето на душата кон доброто треба да биде толку посилно од нејзиното движење кон лошото, колку што се попревосходни духовните убавини над земните и материјалните, така што грижата за телото е дозволена само и толку, колку што е тоа неопходно за задоволување на нејзините вистински потреби и за одржувањето на неговиот живот, така што нашиот телесен организам, заради нашата неразумна негрижа, не го доведеме до насилно уништување. Лесно е да се увиди оваа вистина, но многу е тешко ова да се оствари на дело, зашто е неможно без труд да бидат искорнати застарените навики на душата.

7. Како што изучувањето на некој занает или на некоја уметничка гранка не се придобива без мака и без пот, така и напрегнатото гледање и внимателниот стремеж кон блажената природа, кон Бога, се постигнува со многу трудови и во подолго време - сѐ додека пожелната сила на душата не биде освоена од последиците на таквиот стремеж и не вкуси од неговите плодови. При сето ова нашиот ум е должен да пројавува противставување против чувствата, кои влечат кон земното. Заради ова, нашето војување и нашата борба со телото не се прекратуваат сѐ до смртта, иако понекогаш се чини дека се намалуваат и ослабнуваат, како последица на скротувањето на гневот и похотта, како и покорувањето на чувствата под јаремот на збогатениот ум со опитот на знаењето и искуството во борбата.

8. Сепак, треба да се одбележи дека непросветената душа, бидејќи обично не се ползува со помошта од Бога, - не може ни да се очисти како што треба ниту, како што е речено, може да се издигне до божествената светлина. Затоа она што беше речено, треба да се смета дека е речено само за оние што се вистински верници. Заради подобро објаснување, треба да кажеме какви разлики постојат во нашите познавања. Од сегашните наши земни знаења, едни се природни, а другите се натприродни. Што се натприродните познавање, ни станува јасно од природните.

9. Природно знаење се нарекува она знаење, кое душата може да го добие, преку истражување и барање, ползувајќи се со своите природни начини и сили за созданијата и за Создателот, Кој е причина на сѐ што е создадено, се разбира толку колку е тоа достапно за душата, која е врзана со материјата. Зашто силата на умот слабее од неговиот допир и поврзаност со телото и заради тоа не може да биде во непосреден допир со духовните работи, туку има потреба да си ги замислува во својата фантазија, чија природа е таква: сликите да ги прави материјални и просторни. Затоа, бидејќи умот е во телото, тој има потреба од соодветни слики на работите, за да може да размислува за нив и да ги разбира. Па какво познавање ќе добие умот, таков каков што е, преку овај природен начин, таквото познавање го нарекуваме природно.

10. А натприродно знаење е она, кое бива опфаќано од умот по пат, кој е над неговите методи и сили, или она што е предмет на познавањето кое значајно го надминува умот, кој е поврзан со телото, така што ваквото познавање очигледно му е својствено на бестелесниот ум. А тоа бива само од Бога тогаш, кога ќе го најде умот очистен од секаква страсна приврзаност кон материјално и опфатеност со материјалната љубов.

11. Впрочем, не само знаењето се дели вака; вака се делат и добродетелите: едни од нив се такви, што не ја надминуваат природата и сосема оправдано се нарекуваат природни, а другите потекнуваат од првиот извор на доброто и, бидејќи ги надминуваат нашите природни сили и нашата состојба, треба со право да бидат наречени натприродни.

12. Откако го објаснивме ова, мислам дека е јасно оти природното знаење и природната добродетел може да ги има и оној што не е просветен одозгора, но никако не може да ги има и натприродните. Зашто, како би можел да ги има, останувајќи неприсоединет до врховниот Причинител, кој дејствува овде? Просветениот, пак, може да ги има и природното и неприродното знаење, како и природната и неприродната добродетел.

13. Овде ќе посочам само уште една разлика: натприродната добродетел не можеме да ја придобиеме додека пред тоа не ја придобиеме природната, а можеме да придобиеме натприродно знање и без да сме го имале природното. Но, треба да знаеме дека и животните имаат чувства и фантазија. Нив ги има и човекот; само кај него тие се многу подобри и повозвишени. Така бива и во однос на природните добродетели и знаења. Нив ги имаат и просветените и непросветените; само што кај просветените тие се наоѓаат во многу подобра и повозвишена состојба, отколку кај непросветените.

14. Ke го додадам и ова: и знаењето што се нарекува природно, она што се однесува на добродетелите и на спротивните на нив склоности, бива, исто така двојно: едното е голо - што го има оној, кој само размислува и филозофира за таквите расположби, кои не ги доживеал на дело; ваквото знаење понекогаш се колеба и се сомнева. Другото знаење е дејствително и, можеме да речеме, дека тоа ја опфаќа целата душа. Тогаш знаењето е потврдено со она, што е потврдено од доживување на дело, на таквите расположби. Тогаш таквото знаење бива очигледно и точно; тоа никогаш не се колеба и не дозволува сомневање.

15. Меѓутоа, како бива ова, ќе дознаеме дека има четири работи, кои му пречат на умот да придобива добродетели: прво, предрасположението спрема спротивните навики, кое заради долговремената навика нѐ влече да се примириме со земното; второ, дејството на чувството, кое повлекувајќи се по чувствата на убавината, заедно со себеси го повлекува и умот; трето, ослабувањето на силите на умот, на кого му се потчинува заради неговата поврзаност со телото. Зашто не стои во ваков однос сетивото на видот спрема предметот нa гледањето, кaко и воопшто чувството спрема она што се чувствува, отколку како што е односот на умот кон она што го мисли. - Говорам за умот на душата што е уште во телото. Зашто нематеријалните умови полесно се допираат со она што е духовно, отколку видот со она што го гледа. Но, како што окото, кога се појавило на него перде не може да гледа јасно, не ги гледа јасно предметите, туку за него тие се нејасни и неодделени едни од други, така бива и со нашиот ум, иако го сознава духовното, сепак не може јасно да ги гледа духовните убавини, а заедно со тоа - тој не може и да посакува ништо, зашто мерката на расположбата бива според мерката на познавањето; затоа тој веднаш се спушта кон земните убавини, кои му се претставуваат појасно, зашто тој по неопходност се устремува кон она, што се покажува како добро пред него, без оглед дали е тоа вистинско или не е; четврто, тоа се нападите на бесчовечните духови. Не може да се каже колку се и какви се мрежите и стапиците што ги поставуваат по нашите патишта на најразлични начини - и во чувствата, и во зборовите, и во умот и, можеме да кажеме, во сѐ што постои; кои не би можела ниедна душа да ги избегне, ако Оној Кој ја зел на Своето рамо загубената овца, Својата бескрајна грижа, не би ги подигнувал над сите нив оние што своите очи ги устремуват кон Него.

16. За одбегнување на сѐ ова потребни ни се овие три средства, од кои е првото и најсилното - очите наши постојано да ги имаме свртени кон Бога и помош да бараме од Неговите раце, возложувајќи ја сета надеж на Него, бидејќи, искрено уверени дека, ако Он не нѐ закрили, сигурно ќе бидеме заробени од оние, кои нѐ привлекуваат кон себеси: второто е она, за кое претпоставувам, дека е причина и на првото; тоа е постојаното хранење на умот со знаење. Јас под „знаење“ го разбирам знаењето за сѐ што постои, материјално и духовно, такво какво што е самото по себеси, како и каков однос има спрема првата причина, зашто од Неа е и за неа постои, и за нас достапното соѕерцание на Оној Кој е причина на сѐ што постои, зашто сѐ е од Него. Зашто испитувањето на природата на созданијата нѐ очистува од сите страсни расположби спрема нив, нѐ избавува да не бидеме од нив прелестени и нѐ води кон нивниот почеток, давајќи ни, како во огледало, да го видиме она што е прекрасно, чудесно, големо, зачудувачко, величествено или, подобро да се рече, она што е погоре од секоја убавина, прекрасност и величественост. Имајќи ги секогаш овие и вакви помисли, може ли умот да не ги посакува овие блага? Зашто, ако понекогаш се устремува кон она што му е туѓо, може ли да не ги посакува овие вистински богатства? Нема ли да се устремува кон своето и сродното? А кога душата ќе биде восхитена со ова, тогаш кон што од земното ќе си позволи да се прилепи, кон што од она што е обично од Оној Кој вистински ја сака и Кого што таа Го сака? Таа тогаш ќе стане незадоволна дури и со самиот свој живот во телото, кој ѝ поставува пречки кон придобивање и вкусување на вистинските богатства. Зашто, иако и нејасно, како што e речено, умот ја согледува духовната убавина и во материјалниот свет, но духовните блага се такви и толкави, така што и еден мал одлив од морето на убавините и послабите зраци на нивната светлина можат да го убедат умот - да прелетува преку сѐ што е бесмислено и да се устремува кон тие вистински блага, не дозволувајќи си никако да отстапува од таа сладост, макар заради тоа и да му се случи да потпадне под нешто непријатно и горчливо. А третото, што треба да биде при ова е: умртвувањето на нашата сопруга - на телото наше; зашто без тоа е неможно јасно и одделно да се видат појавите на оние небесни добрини и убавини. А телото се умртвува преку постот, бдеењето, спиењето на гола земја, грубата облека и изморувачките трудови. Така се умртвува, или подобро е да се рече, се сораспнува телото на Христа. Откако на тој начин, ќе се отенчи и очисти, откако ќе стане полесно и поблагоустроено, тогаш телото лесно и без противставување ги следи движењата на умот и заедно со нив се издигнува нагоре. Без ова секоја наша грижа за постигнување на ова - се покажува попуста.

17. Ова возвишено тројство, ако биде согласно самото во себеси, го раѓа во душата ликот на блажените добродетели. И неможно е кај оние што се украсени со ова тројство - да недостасува некоја добродетел. Нивниот ум не бива вознемируван од лакомството, кое веќе е отфрлено; ни славата земна, која е презрена; од нив душата, додека е приврзана кон нив, бива повредувана од многу страсти. И како што тврдам дека е неможно за душата да се издигнува, ако е приврзана кон богатството и славата, така не велам, дека е можно душата да се грижи за нив, ако доволно долго се подвизувала во трите спомнати духовни дејности, така што ѝ преминале веќе во навика. Зашто, ако нашата душа, при таквата расположба, не смета ништо за вистинско благо, освен Врвното благо, тогаш како може таа да ги сака другите блага повеќе од ова? Кој може да ги прима златото и среброто или некое друго земно благо и да биде со нив вистински среќен? Ова истото може да се каже и во однос на човечката слава.

18. Дури и грижата, таа ненаситна работа, тогаш не го напаѓа разумот од спротивната страна. Зашто, за што би почнал да се грижи оној, кој за ништо од земните работи не е страсно приврзан и кој ни за една од нив не се интересира? Облакот на грижите е составен од испарувањата на најглавните страсти: сластољубието, среброљубието и славољубието; па затоа, тој што е слободен од нив, слободен е и од грижите.

19. Кај спомнатите личности, кои свикнале со овие три дејности нема недостаток и во благоразумието, кое се смета за духовна мудрост, и е најсилното од средствата што ја издигнуваат нашата душа кон Бога. Зашто во науката за добродетелите се зборува и за тоа како да ги распознавамe вистинските блага од лажните; а за да можеме да го правиме ова, потребна ни е благоразумноста. Под нејзино раководство опитот и борбата со телото нѐ учат: како можеме најлесно да го правиме доброто и да му се противставуваме на злото.

20. Ваквите луѓе имаат и страв. Колку што се зголемува љубовта, толку расте и стравот; надежта ќе го добие своето благо, но стравот нема да добие толку. Љубовта ја возбудува и трогнува душата многу повеќе и од застрашувањата на безбројните маки, зашто душата добива многу повеќе кога е блажена, отколку кога е несреќна.

21. Треба да почнеме од крајот; крајот ги објаснува деловите и нивниот взаемен сооднос. Крајот на нашиот живот е блаженството или, што е сосема исто, царството Божјо, царството небесно. А тоа самото не е гледање на царствената Света Троица, туку примање божествен дар -нешто како примање на обожување, кое е давање на она што ни недостасува и усовршување на она што е несовршено во нас. Тоа е всушност храна за духовните суштества: дополнување на недоимокот во нас преку придојдување од божествената полнота. Овде станува едно постојано и непрестајно кружење: од што почнува - со тоа и завршува. Зашто колку повеќе некој разбира, толку повеќе пожелува, повеќе вкусува, а што повеќе вкусува - тој посакува уште повеќе да разбира. И тогаш одново почнува тоа движење, или поточно, подвижната неподвижност.

22. Ете таков е крајот на нашиот живот, доколку можеме ние да го сфатиме. Сега треба да разгледаме - како треба да одиме кон него. За разумните души, кои се разумни суштества и во малку нешто се пониски од умовите на ангелите, сегашниот наш живот е борба; животот во тело им е даден на луѓето за подвиг. А наградата за борбата и за подвигот е спомнатата состојба; дар достоен и за Божјата добрина и за божествената правда: за правдата затоа до тие блага се доаѓа не без сопствени трудови и пот, а уште и затоа што и самиот овој дар, кој е повозвишен од секој сопствен труд, а и затоа што и самата можност да сака и да се пожелува - е, исто така, голем дар Божји.

23. Во што се состои нашиот сегашен подвиг? - Нашата разумна душа е сврзана со телото, кое го има својот живот од земјата и затоа тежнее кон она што е долу, кон земјата. Затоа душата е поврзана со телото, така што од душата и телото, кои се потполно спротивни едно на друго, станува едно суштество, но без претопување на овие два дела во едно ново, трето суштество. Ова никако не треба да се помислува! Од овие две природи , од телесната и духовната, станува една личност во две совршени природи, кои ги задржуваат своите природни својства. Човекот е, значи, составен од овие две природи, од кои секоја дејствува според своите посебни својства. На телото му е својствено да дејствува согласно со својата телесна природа. Ова му е својствено на секој човек. - На телото му е својствено - природно да се насладува со своите телесни чувства. На пример, кога е уморен - нему му е пријатен одморот. Ете, ова е природно и ова го сака нашата телесна природа. - А на разумната душа, како на умствена духовна природа, природно ѝ е и пожелно она што е умствено и духовно; таа ги има и насладите, кои ѝ се својствени на неа. Пред сѐ и над сѐ, во нашата духовна природа е вкоренета љубовта спрема Бога. И таа сосема природно сака да се насладува со неа и со други духовни работи, но не може ова да го прави без пречки.

24. Првиот човек можел без пречки да се насладува и со телесните и со духовните наслади. Но тој требало да биде главно зафатен не со лошото, туку со доброто и со подоброто; тој можел со својот ум да влегува во општење со духовниот свет преку умот, а со материјалниот преку сетивата. Јас не велам дека Адам не требало да се ползува со сетивата на своето тело, зашто не попусто бил обвиен со своето тело; но не требало да се насладува повеќе со телесните, туку со духовните задоволства, насладувајќи се со духовните убавини и со тоа да се издигнува кон Својот Создател и Создателот на сѐ друго, да се насладува со Него и да не се прилепува кон земното и материјалното, запоставувајќи ја духовната убавина на својот Создател. Ете, така требало да се однесува и така требало да живее Адам.

25. Но како што тој, ползувајќи се лошо со своите чувства, почнал да се восхитува со убавините на видливата природа, и, откако го видел плодот прекрасен за гледање и добар за јадење, го изел и со тоа ја оставил насладата од духовните работи; тогаш праведниот Судија, сметајќи го за недостоен да Го гледа Бога и сѐ што постои, како и оние работи што ги презрел, го изгонил од рајот „бидејќи тој од мракот направил свој заклон“ (Псал. 17, 12) за себеси и за сите природни предмети. Зашто Бог сметал дека не треба на нечистиот да му ги остави на располагање светите работи; му дал можност да ужива во она што го засакал, го оставил да живее со својот сетивен живот и со своите телесни чувства - со мали остатоци од неговиот умствен и духовен живот.

26. Еве зошто подвигот за постигнување општење со духовните работи за нас станал тежок: зашто не е во наша власт со умот наш да се насладуваме со духовните работи така, како што се насладуваме со телесните, иако за ова добиваме голема помош преку светото крштевање - со тоа што биваме очистени и издигнувани. Впрочем, колку што ни е достапно, ние сме должни да се трудиме и во духовното - со него да се восхитуваме и него да го посакуваме, а да не се восхитуваме на ништо земно и да не сакаме да се насладуваме со ништо земно и телесно, заради задоволување на нашата чувствителност, зашто таа воопшто не може да се споредува со духовноста. Нашиот однос спрема овие суштини треба да биде раководен според нивната вистинска вредност. Какво безумство е да се засака срамното повеќе од она што e прекрасно, и ниското од она што е вистински вредно, тоа го надминува секое безумство! Ова се однесува на нашиот однос спрема земните и духовните работи, но што да кажеме, ако вака се однесуваме и спрема Оној, Кој е над сѐ и кога повеќе од Него Го претпочитаме ништожниот земен свет и неговите предмети.

27. И еве сега во што се состои нашиот подвиг: грижливо да внимаваме на себеси, да се насладуваме секогаш со духовните работи кон нив да ги насочуваме и нашиот ум и нашите желби и никако да не си позволуваме да бидеме заведени од земното и телесното и да се восхитуваме со нив, заради самите нив. Но, ако е потребно да се користиме и со материјалните работи, тогаш треба тварите да ни укажуваат на нивниот Создател, гледајќи ги - Него да Го познаваме - во нив да Го гледаме Него, како што во водите го гледаме Сонцето, бидејќи во созданијата се одразува Создателот, колку што е тоа можно за Неговата вистинска величина.

28. Еве ваква е нашата задача, но како треба да ја извршиме, за ова сме должни да размислиме. Зашто, како што рековме, телото сака да се насладува со она што му е својствено нему преку своите сетива и чувства, и колку повеќе бива задоволувано, толку повеќе ги сака тие задоволства. А тоа е спротивно со стремежот на нашата душа. Затоа првата грижа на душата треба да биде: да ги заузда сите телесни чувства, за да не се насладува со телесните наслади. Бидејќи телото станува посилно доколку се стреми кон телесното и стремежот негов кон телесното со тоа станува уште посилен, затоа душата треба усилено да се грижи да го ослабува телото со пост, бдеење, стоење, спиење на гола земја и со секакви други лишувања, за да ги истоштува неговите сили, та така смирено и покорно - да им служи на духовните работи. Ова е главната работа што треба предходно да биде извршена. Но, бидејќи е лесно да се сака, а тешко е да го оствариме тоа што го сакаме; при тоа се прават многу пропусти поради силното дејствување на телесното, колку и да внимаваме; затоа се препорачува третото лекарство - молитвата и солзите. Во молитвата благодариме за благата што ни се дарувани и Му се молиме на Бога да ни ги прости нашите гревови и прегрешенија и да ни подаде сили за натамошно преуспевање, зашто, како што е веќе речено, душата, ако се ослони само на своите сили, не може сама да направи ништо. Молитвата ни овозможува уште и соединување со Оној, Кого Го бара душата и се насладува со Него и со сите свои желбени сили, се устремува кон Него. Она што е најважно при сето ова е, свикнувањето на волјата да го сака тоа што е можно посилно. И солзите имаат голема сила: тие Го умилостивуваат Господа да биде милостив спрема нас, да ни ги прости нашите гревови и нѐ очистуваат од нечистотијата, која настанува од осквернувањата со телесните наслади; тие ја засилуваат и нашата желба спрема небесните наслади.

29. Целата работа е во следното: да се трудиме да ги соѕерцаваме духовните или душевните блага и силно да копнееме по нив; да настојуваме да го скротиме и поробиме телото преку пост, целомудрие и со друго. Во ова ни помага и молитвата. Сите овие средства, кои ни помагаат во скротувањето и поробубањето на телото, се поврзани меѓу себе, зашто сите се потребни и не можат едно без друго.

30. Никој да не мисли дека славољубието и среброљубието припаѓаат во телесните страсти. Телесна страст е само сластољубието, кое го наоѓа своето вистинско лекарство во умртвувањето на телото. Спомнатите, пак, две страсти се рожби на незнаењето. Откако не ги доживеала и познала вистинските блага, душата ги измислила овие две лажни блага, надевајќи се дека со богатството ќе се утеши што ги нема духовните блага. Душата се грижи за богатството и затоа - за да може со него да ги задоволува и сластољубието и славољубието, па затоа го смета и него за некакво благо, а сето ова е пород на незнаењето за вистинските блага. Славољубието не е од скудоста на телесните потреби, зашто со него не се задоволува ништо телесно. Тоа е всушност заради недоживеаноста и незнаењето на вистинското и врвно добро и на вистинската слава.

31. И не само на славољубието, туку, накусо речено, корен и на секое друго зло служи незнаењето. Зашто е неможно оној што ја познал природата на работите: тоа од каде е секоја од нив и каква е нејзината цел, да заборави на својата крајна цел и да се устреми кон злото - кон земното. Душата што е просветена и што има вистинско знаење дека таквите блага не се вистински, макар ваквиот и тирански да го влече неговата навика, - силата на вистинското и јасно знаење на работите - може да ја победи и самата навика. Но и кога не била навиката, душата била прелестувана -  заради незнаењето. Затоа е потребно, пред сѐ и понапред од сѐ, да се трудиме да здобиваме точни и вистински знаења за сѐ што постои, а потоа, соодветно со тоа и нашата волја да ја окрилуваме со силен стремеж кон Првото и Вистинско Благо. Не му е тешко да ги презре сите блага на овој свет на оној, којшто точно ја познал потполната нивна суета.

Преподобен Теодор