Преподобен Отец Свети Авва Филемон (pdf)

 

Преподобниот отец свети авва Филимон

1. За авва Филимон, отшелникот, се говорело дека се заклучил во една пештера од лаврата, наречена Ромиова, и се предал на подвижнички трудови, говорејќи ги во себеси зборовите, кои, како што се раскажува, ги говорел и свети Арсениј Велики: „Филимоне, зошто си излегол овде?“ Во таа пештера проживеал долго време. Се занимавал со рачна работа - правел јажиња и плетел кошници, кои му ги давал на манастирскиот економ, а од него добивал лепчпња, со кои се хранел. Се хранел само со леб и со сол, и тоа не секој ден. Како што се гледа, не водел никаква грижа за своето тело, туку им бил посветен само на своите соѕерцанија, просветуван од Божјата благодат, се удостоил со неискажливо тајновидство и живеел во духовна радост. Во саботите и во неделите одел во црква. Одел сам и вдлабочен во себеси, не дозволувајќи му на никого да му се приближи, за да не го одвои од неговата внатрешна духовна работа. А во црквата, кога ќе застанел во еден агол, наведнат со лицето надолу, бил исполнет со духовна тага, а во умот свој непрестајно ја имал мислата за смртта. Живеел според образецот на светите оци, а собено на свети Арсениј Велики, по чии стапки, се трудел секогаш да живее.

2. Кога во Александрија и во нејзината околија се појавила некоја ерес, тој се оддалечил од таму и отишол во Никаноровата лавра. Игуменот, богољубивиот Павлин, му дал едно усамено место и му овозможил да има совршено безмолвие. Во текот на една цела година тој не му дозволил на никого да се види со него, а и тој самиот го гледал само тогаш кога му ги давал лепчињата. На празникот на Христовото Воскресение, тогаш кога се виделе, започнале разговор за отшелничкиот живот. Од разговорот ава Филимон видел дека и братот Павлин има желба да живее таков живот. Тој посеал во него богато подвижнички зборови од Светото писмо и од книгите на светите духовни учители, уверувајќи го дека без потполно осамување е неможно да Му се угоди на Бога, како што вели богопросветениот отец Мојсеј, - дека безмолвието го раѓа подвигот, подвигот го раѓа плачот, плачот - стравот, стравот - смиреноста, смиреноста - презрението, презрението љубовта, а љубовта ја прави душата здрава и бестрасна и дека тогаш човекот познава дека не е далеку од Бога.

3. Тогаш авва Филимон му говорел вака: „Ти треба преку безмолвието потполно да го очистиш твојот ум и да му дадеш непрестајна духовна работа. Како што телесните очи, гледајќи го видливиот свет, ги гладаат земните предмети, така и чистиот ум, свртувајќи се кон духовниот свет, се восхитува духовно со своето соѕерцание, така што не можеш да го оттргнеш од тоа. И колку ќе успее тој преку безмолвието да се ослободи од страстите и да се очисти, толку и се удостојува да добие знаење за тие духовни работи, А умот достигнува совршенство тогаш, кога навлегува во областа на суштественото знаење и кога ќе се соедини со Бога. Тогаш тој, имајќи царско достоинство, веќе не ја чувствува сиромаштијата и не се поведува по лажни желби, дури ни тогаш кога би му ги предлагале и сите земни царства. Затоа, ако сакаш да ги добиеш овие добрини, бегај од светот и со усрдност појди по патот на светците; отфрли ја грижата за твојот надворешен изглед, облеката нека ти биде сиромашна и келијата твоја нека биде наместена скромно. Биди едноставен во однесувањето, зборувај просто, оди скромно и гласот нека ти биде природен. Засакај да живееш во немаштија и од сите да бидеш презиран. Но, највеќе од сѐ, грижи се да го пазиш твојот ум и да бидеш трезвен. Биди трпелив во сите тешкотии и труди се на секој начин да ги запазуваш веќе придобиените духовни блага - неповредени и неизменливи. Биди внимателен спрема себеси и не прифаќај ни една од сластите, кои ти се прикрадуваат тајно. Зашто, иако безмолвието ги скротува душевните страсти, но ако им даваме можност да се разгоруваат и да се изоструваат, тогаш тие обично стануваат уште поразбеснети. И оние што го дозволуваат ова, тие биваат влечени кон гревот со уште поголема сила. Исто така, и телесните рани, кога се подлутуваат и кога се чепка во нив, стануваат неизлечиви. Може и само еден единствен збор да го оддалечи умот од спомнувањето за Бога, ако демоните нѐ тераат на тоа и нашите чувства се согласат со нив. Големиот подвиг и стравот ја запазуваат душата. Затоа, ти треба потполно да се оддалечиш од светот и да ја оттргнеш твојата душа потполно од секаква страстна приврзаност кон твоето тело; да немаш твој град, свој дом, сопственост, да не бидеш лаком, да бидеш бесребреник, да не сакаш да се збогатуваш, да не се грижиш за ништо, да не се видуваш и да не разговараш со никого, да не знаеш ништо за работите на луѓето, - биди смирен, сочувствителен, благ, кроток, тивок, секогаш готов да ги примаш од Бога вразумувањата - напечатени во твоето срце. Зашто и на восок не може да се пишува, ако преходно не се избришат напишаните букви на него, како што нѐ учи и свети Василиј Велики. Такви биле и сите светии, кои, откако се оддалечувале потполно од обичаите на светот, и ја пазеле невознемирувана небесната мудрост во себеси, така се просветиле со божествените закони и почнале да сјаат со своите побожни дела и зборови, затоа што ги умртвиле своите земни членови (сп. Кол. 3. 5) - со силата на воздржувањето, стравот Божји и љубовта. Зашто преку непрестајната молитва и проучувањето од Светото и Боженствено писмо на човекот му се отвораат очите на срцето и може да Го гледа Царот на силите. Тогаш во него настанува голема радост, и во душата се разгорува силна и незадржива желба, при што и телото бива издигнувано таму преку дејството на Светиот Дух. И тогаш човекот станува потполно духовен. Ете, со ова се удостојуваат подвижниците на блаженото безмолвие и на најстрогиот испосничкн живот. Оддалечувајќи се од секое човечко задоволство, тие се удостојуваат да бидат заедно со Господарот на сѐ, Кој е на небото, и да разговараат со Него.“

4. Тогаш овој богоугоден брат откако го ислушал сето ова, тргнал до длабочината на својата душа. Тие и двајцата, авва Филимон и тој, го напуштиле тоа место, отишле заедно да скитаат, каде најголемите од духовните оци го минувале својот подвижнички живот. Се населиле да живеат во лаврата на свети Јован Колов, предавајќи му се на грижите на економот од лаврата, бидејќи сакаале да живеат во безмолвие. И така живееле таму со помош на Божјата благодат во совршено безмолвие; само во саботите и неделите оделе на заеднички црковни молитви, а во текот на сите други денови живееле оддалечени од сите. И тогаш, секој од нив одделно го извршувал своето молитвено правило и служење.

5. Светиот старец Филимон имал вакво правило: ноќе го прочитувал целиот Псилтир и деветте песни, кои се наоѓаат во Псалтирот. Читал полека и со големо внимание. Потоа прочитувал едно зачело од Светото евангелие и тогаш седнувал и седел прилично долго, изговарајќи ги во себе зборовите: „Господи, помилувајˮ! И овие зборови ги изговарал со големо внимание и прилично долго, сѐ додека не ќе се изморел и не бил веќе во состојба да ги извикува кон Господа. И тогаш, на крајот си дозволувал малку да поспие. А потоа, пак, на разденување, го пеел првиот час, и тогаш седнувал на своето седало и, свртен кон исток, пеел псалми и читал по слободен избор разни зачала од Апостолот и Евангелието. Така го минувал целиот ден, пеејќи, молејќи се и, насладувајќи се со небесни соѕерцанија. Неговиот ум толку се внесувал во овие соѕерцанија, така што тој не знаел дали се наоѓа на земјата или на небото.

6. Неговиот духовен брат, гледајќи колку усрдно и колку долго се моли и како понекогаш сосема се изменува од Божествените помисли, еден ден му рекол: „Оче, зар не ти е тешко во твојата длабока старост толку многу да го умртвуваш и да го поробуваш твоето тело?“ А тој му одговорил: „Верувај ми, Бог вложил во мојата душа таква љубов и таква молитвеност, што не сум во состојба потполно да го задоволам мојот молитвен стремеж; љубовта спрема Бога и надежта на идните блага ја победуваат мојата телесна немоќ.“ Ете, така неговата желба била духовно окрилувана и издигнувана кон небото не само во друго време на денот и на ноќта, туку и тогаш кога се хранел.

7. Еднаш некој брат што живеал со него го прашал: „Оче, какви се твоите тајни соѕерцанија?“ Тогаш авва Филимон, гледајќи тој колку многу настојува и дека сака да го знае тоа, за да се поучи, му рекол: „Ти велам, чедо, дека на оној, чиј ум се очистил потполно, Бог му дава виденија и на самите ангелски сили.“

8. Тој ист брат другпат го прашал: „Оче, зошто од целото Свето писмо најмногу се насладуваш со Псалтирот? И зашто, кога пееш тивко, се чини дека разговараш со некого?“ Старецот му одговорил: „Бог така ја напечатил силата на псалмите во мојата душа, како и во самиот пророк Давид, и јас не можам да се оттргнам од насладата што е скриена во соѕерцанието од нив, зашто тие го опфаќаат целото Свето писмо.“ Овој и ваков одговор му го дал на својот брат што го прашал - со големо смирение, за негова корист, откако пред тоа неотстапно му го поставувал ова прашање.

9. Некој брат, по име Јован, тргнал од приморјето и дошол кај овај свет и голем отец Филимон; паднал пред неговите нозе и му рекол: „Што да направам, оче, за да се спасам? Зашто умот мој талка таму - ваму, најмногу таму - каде што не треба да биде.“ И тој, кога помолчил извесно време, му рекол: „Оваа душевна болест им е својствена на оние што се уште далеку од Бога. И ти ја имаш, затоа што уште не си ја примил совршената љубов спрема Бога; уште не те посетила љубовта и познавањето на Бога.“ Тогаш братот му рекол: „Па што треба да правам. оче?“ Старецот авва Филимон му одговорил: „Појди земи ја оваа поука во твоето срце, и таа ќе го очисти твојот ум од секое зло и од секој грев.“ А братот, бидејќи уште непосветен во сето тоа, не можел да го разбере тоа што му го рекол светиот човек, па затоа го прашал: „Што значат овие зборови, оче?“ Старецот му рекол: „Појди, биди трезвен во твоето срце и внатре во себеси, со своите мисли, трезвено, со страв и со трепет говори вака: ,Господи, Исусе Христе, помилуј ме!ʼ“  Така ги подучувал блажениот Диадох почетниците во духовниот живот.

10. Братот си отишол и со помошта на Светиот Дух, како и по молитвите на преподобниот отец, се успокоил и се насладил со неговата поука. Но по извесно време оваа духовна поука го напуштила и тој веќе не можел да го извршува ова молитвено правило. Затоа пак отишол кај светиот старец и му кажал што се случило со него. Тогаш старецот, откако го ислушал, му рекол: „Сега ти веќе го знаеш патот на безмолвието и на духовната, и на умствената работа и ја вкуси насладата што произлегува од неа. Затоа секогаш имај ја во твоето срце: јадеш ли, пиеш ли, разговараш со некого, патуваш ли некаде, седиш ли во твојата ќелија, не престанувај да се молиш со оваа молитва со трезвена мисла и ум што не талка, не престанувај да се молиш и да пееш псалми. Дури и тогаш кога ќе работиш некои свои секојдневни неопходни работи, не давај му на својот ум да биде празен, туку приморувај го тајно да се поучува, и да се моли. Така ќе можеш да ја разбереш длабочината на Светото писмо и силата што е скриена во него и на тој начин да му дадеш на твојот ум постојана работа и да ги исполниш зборовите на светиот апостол, кој ни заповеда, велејќи: ,Молете се постојано“ (1. Сол. 5, 17). Грижливо внимавај на себеси и пази го твоето срце да не навлезат во него лоши помисли - суетни и соблазителни. Затоа секогаш, и кога спиеш, и кога се разбудуваш, и кога јадеш, и кога пиеш, и кога разговараш, срцето твое духовно, ту нека се поучува, читајќи ги псалмите, ту нека се моли со зборовите: ,Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме! Исто така, кога ги пееш гласно псалмите, внимавај да не говориш едно со твојата уста, а твојот ум да талка на друга страна и друго да мисли.“

11. Братот тогаш му рекол: „Јас гледам во време на сонот многу суетни мечтаења.“ Старецот му кажал: „Не бивај мрзлив и малодушен: но пред да заспиеш, направи многу молитви во твоето срце и противставувај им се на помислите и на ѓаволските обиди да те водат каде што сакаат, за да ти помогне Бог. Колку што имаш сила, труди се да заспиваш со изговарање на псалмите на твојата уста и со умствена поука; никако не дозволувај заради невниманието на твојот ум - да примаш туѓи мисли, туку со какви помисли си се молел, со тие мисли и да заспиваш: размислувајќи за нив - легни на својата постела, така што тие да останат во тебе, па кога ќе се разбудиш - да разговараат со тебе. Исто така, пред да заспиеш, изговарај го полека и светиот символ на првославната вера, зашто православното верување и размислување за Бога е изворот на сите блага и нивното запазување.“

12. Уште го прашал овој брат, велејќи: „Имај љубов спрема мене, оче, како дејствува твојот ум? Научи ме и мене што треба да правам, за да се спасам.“ - Старецот му рекол: „Зашто си љубопитен и зашто сакаш да го знаеш ова?“ - Тогаш тој станал и паднал пред неговите нозе, ги опфатил и ги бакнувал, молејќи му се да му каже што го прашува. - Откако изминало доста време, старецот му рекол: „Ти уште не си во состојба да го носиш ова. Само оној што засакал да живее во благата на правдата, може на секое чувство да му дава соодветно дело; со овој дар не може да се удостои оној, кој уште не се очистил потполно од суетните помисли на овој свет. Затоа, ако го сакаш ова искрено, држи го тајното поучување во чисто срце. Зашто, ако во тебе останат непрестајната молитва и поучувањето во вистините на Светото писмо, тогаш ќе ти се отворат очите на твојата душа и ќе имаш голема радост и едно неискажливо и топло чувство, стоплување и на телото со силата на Светиот Дух, така што целиот ќе станеш духовен. Па така ноќе ли, дење ли, нека те удостои Господ Бог нерасеано да Му се молиш со чист ум; тогаш остави го твоето молитвено правило и, според силите што ги имаш, настојувај со својот ум и со своето срце, да се долепуваш до Господа. И Он ќе го просвети твоето срце во духовната твоја работа, со која си се зафатил.“

Кон овие свои зборови старецот го рекол ова: „Еднаш при мене дојде еден старец, и кога го прашав за устројството на неговиот ум, тој ми рече: ,Цели две години Му се молев на Бога. Му се молев со сето мое срце да се отпечатува непрестајно и нерасеано онаа молитва, што им ја предал на Своите ученици, и најпосле Господ, гледајќи ги мојот труд и моето трпение, ја услиши мојата молитва и ми го подари она, за што Му се молевʼ.“

И еве уште што ми говореше тој: „Помислите за суетните работи, кои биваат во нашиот дух, се болест на мрзливата душа. Затоа сме должни, според Светото писмо, да го пазиме нашиот ум со најголемо внимание, односно да пееме без расеаност и да се молиме со чист ум. Па така, брате, Бог сака нашата усрдност спрема Него да ја пројавуваме најнапред со нашите трудови - во подвижништвото и во добродетелите, а потоа - и со нашата љубов и со непрестајната молитва и Он ќе ни го покаже патот на спасението. Јасно е дека нема друг пат што води на небото, освен патот на потполното оддалечување од секое зло, придобивањето на секое добро, совршената љубов спрема Бога и живењето со Него во исправност и во правда. Така што, оној што ќе ги има овие работи, тој набргу ќе се издигне и ќе се присоедини кон ангелите на небото. Но при ова, секој што сака да се издигне на ваквата височина, треба неопходно да ги умртви своите земни членови. Зашто кога нашата душа ќе се наслади со соѕерцанието на вистинските блага, тогаш веќе не се навраќа ни кон една од страстите, кои биваат поттикнувани од гревовната сласт, па, откако ќе се одврати од телесното сладострастие, со чиста и неосквернета мисла ќе го прими јавувањето на Бога. Затоа, нам ни е потребно многу да се пазиме, потребни ни се многу телесни трудови и очистување на нашата душа, за да Го вселиме Бога во нашите срца, за да можеме безгрешно да ги извршуваше Неговите заповеди и Он самиот да нѐ учи да ги запазуваме исправно Неговите закони, испуштајќи ги на нас, како што го прави тоа Сонцето со Своите воздејствувања на нас, кои се вложени на нас преку благодатта на Светиот Дух. Ние сме должни преку трудовите и искушенијата - да го очистиме образот, со кого сме биле создадени разумни и способни да примаме секакво разбирање и уподобување на Бога, носејќи чувства, очистени од секаква скверна, и да бидеме претворени во царско достоинство. Бог ја создал и човечката природа достапна за секое благо, способна да може да ги соѕерцава прославувањата на ангелските сили, господствата, силите, начелата, властите, недостапната светлина и пресветлата слава, но кога ќе постигнеш некоја добродетел, гледај помислата твоја да не се издигне над твојот брат затоа што ти си успеал да ја постигнеш таа добродетел, а тој не успел затоа што не се трудел, зашто тоа е почетокот на гордоста. Кога се бориш со некоја страст, внимавај да не очајуваш и да не бидеш малодушен затоа што борбата сѐ уште продолжува, туку застани и коленичи пред Бога и заедно со пророкот речи Му од сето свое срце: ʽПресуди им, Господи, на оние кои ме навредуваатʼ (Псал. 34, 1), зашто и јас не сум силен против нив. И Он, гледајќи го твоето смирение, набргу ќе ти ја испрати Својата помош. Кога одиш со некого по пат, не започнувај суетен разговор, но предај му на неговиот дух духовна работа, така што во него да се задржи оваа добра навика и да ги заборави светските сласти, а тој да не излегува од пристаништето на бестрасноста.“

Откако го поучил дојдениот при него брат со ваквите и многу други зборови, старецот го испратил со многу љубов.

13. Но, откако изминало многу време, тој брат пак дошол кај светиот старец, и откако почнал да говори, го прашал: „Што да правам, оче? Во моето ноќно служење и молитвено правило, мене ми причинува голема тешкотија сонот, не ми дава трезно да се молам и да останам буден подолго време; и тогаш кога се молам, ја оставам молитвата и сакам да се зафатам со рачна работа.“ Старецот му одговорил: „Тогаш, кога можеш да се молиш трезно, не допирај се до рачната работа, а кога те совладува дремка, тогаш востани против таа помисла, закани ѝ се, и почни да се занимаваш со твојата рачна работа.“ Братот пак го прашал: „А ти самиот, оче, нели си вознемируван од поспаноста за време на твоето духовно служење?“ Старецот му рекол: „Не е така лесно кога ќе ме нападне понекогаш дремка. Тогаш малку ќе се поподигнам и почнувам да го читам Евангелието според Јована од почеток. издигнувајќи го кон Бога окото на мојот ум, и дремката веднаш исчезнува. Ти уште не можеш вака да се бориш, но држи го тајното поученне и труди се усрдно да ги исполнуваш дневните молитви, востановени од светите оци, како и третиот, шестиот и деветтиот час, како и вечерната и ноќните служби. И со сите свои сили настојувај ништо да не правиш од желба да им угодиш на луѓето; пази се да немаш непријателство со некого од браќата, за да не се оддалечиш од Својот Бог. Исто така, грижи се мислата своја да ја запазуваш нерасеана; таа да биде внимателна кон внатрешните помисли. Кога сме во црква и имаме намера да се причестиме со Светите Христови Тајни, не излегувај надвор се додека не добиеш совршен мир. Откако ќе застанеш на едно место, не отстапувај оттаму сѐ до самиот отпуст на светата Литургија. Во себеси помислувај дека се наоѓаш на самото небо и дека стоиш пред Бога со светите ангели и дека треба да Го примиш во своето срце. Приготвувај се за тоа со страв и трепет, за да не бидеш недостоен за причестувањето со светите тајни.“

Откако го вооружил братот добро на овој начин и го предал на Духот и на Неговата благодат, старецот пак го испратил со љубов.

14. И братот што живеал со него го раскажува следново: - Седејќи еднаш покрај него, јас го прашав преподобниот авва Филимон да ми каже дали бил искушаван од демоните откако живее во пустињата. Тој ми одговори вака: „Прости ми, брате, ако би допуштил Бог да дојдат на тебе такви ѓаволски искушенија, на какви сум бил подложуван јас, мислам дека ти не би можел да ја поднесеш нивната сила. Јас сум сега седумдест години, а можеби и повеќе, сум претпел многу искушенија откако сум почнал да живеам во разни пустињи во потполно безмолвие, а тоа што сум го претпел од демоните, мислам дека за оваа нивна жестокост нема да биде од корист - да им раскажувам на оние, кои уште не го искусиле безмолвието. Во тие и такви искушенија јас секогаш постапував вака: сета моја надеж ја возлагав на Бога, на Кого Му ги давав моите завети за одречување, и Он бргу ме избавуваше од секоја мака. Затоа, брате, и сега никако не помислувам за себеси; но знаејќи оти Он се грижи за мене, многу лесно ги претпувам искушенијата што ме напаѓаат. И од моја страна само тоа Му го принесувам - што непрестајно Му се молам. При ова не малку помага и надежта, дека колку повеќе страдања и неволји нѐ напаѓаат, толку поскапоцени венци му приготвуваат на оној што страда и што трпи, зашто праведниот Судија за страдањата и трпеливоста дава награди и венци. Затоа, знаејќи го ова, брате, не подавај се на малодушност. Ти си влегол во борба, за да се бориш и затоа бори се храбро. Зачудувај се со тоа што е голем бројот на оние што се борат против Бога, но знај дека е многу поголем бројот на оние што се за Бога, многу поголем од сите демонски сили. И како би можеле да се осмелиме да се бориме против ваквиот страшен противник на човечкиот род, ако не би нѐ поткрепувала и оградувала силната десница на Божјото Слово, кога таа не би нѐ закрилувала? Како би можела човечката природа да ги издржи ударите на демонските сили? Многустрадалниот Јов вели: ,Кој може да опстане пред Моето лице? Под целото небо сѐ е Мое. Кој може да ја отвори вратата на лицето негово? Од устата негова излегуваат пламени јазици, излегуваат огнени искри; од ноздрвите негови излегува пара, како од зовриено грне или котел. Здивот негов е разгорен јаглен, а од устата негова излегува пламен. На вратот негов сила престојува, и пред него ужас трча. Срцето му е цврсто како камен, кораво како долен воденички камен. Он прави морската длабочина да врие како котел, морето го претвора во зовриена маст; зад себе остава светла трага; бездната изгледа како бело руно. На земјата нема сличен на него: он е создаден бестрашен; на сѐ, што е високо, гледа смело; он е цар над сите синови на гордоста“ (Jов 41, 2-26). Еве, брате, против кого е нашата борба! Ете каков е страшен овој тиранин! Но сепак, победата над него е можна и лесна за оние кои го минуваат отшелничкиот живот така како што е потребно, затоа што се откажале од светот и што немаат кај себеси ништо од она што му припаѓа нему, заради нивните возвишени добродетели и заради тоа што Го имаат Оној Којшто победува. Затоа. кажи ми, кој е тој, откако пристапи кон Господа и го прими Неговиот страв во својот ум, не ја изменил својата природа, не се просветил со божествените закони и дела и не ја направил својата душа светла и способна да сјае со светлината на божествените разбирања и помисли? Неговата душа никогаш не е празна; таа Го има Бога секогаш во себеси, Кој го поттикнува умот ненаситно да се стреми кон светлината. И на онаа душа, која дејствува непрекндно на таков начин, духот не ѝ дозволува да се согласува со страстите, туку како некој цар, исполнет со страшен гнев и заканување, непоштедно ги уништува сите. Таквиот веќе никогаш не се враќа назад, туку, преку извршувањето на добродетелите и издигнувањето на рацете кон небото и со умствената молитва одржува победа во оваа духовна борба.“

15. Овој брат раскажувал уште и тоа, дека, покрај другите добродетели, авва Филимон имал и таква добродетел што не можел да истрпи да се говорат празни зборови. И кога некој би се заборавил и почнал да раскажува нешто што не се однесува на душевна полза, тогаш тој воопшто не сакал да ги слуша таквите зборови. Така, на пример, кога јас одев некаде по некаква работа, тој никогаш не ме прашуваше каде одам и по каква работа, а и кога се враќав, исто така, не ме прашуваше каде сум бил и каква работа сум имал. Така еднаш отпловив во Александрија по една неопходна работа, а оттаму, заради некаква црковна работа, се упатив во Цариград, а за сето ова не го известив светиот старец. И кога престојував таму подолго време, откако посетив и некои почитувани браќа, најпосле се вратив кај него во скитот. Кога ме виде, старецот се израдува, и, по обичното поздравување, откако се помоли, тој седна; не ме праша ништо, а продолжи да се занимава со своите умствени подвизи.

16. Понекогаш, пак, сакајќи да го испитам, по неколку денови не му давав леб да јаде, а тој ни леб ми бараше, ниту пак нешто во врска со тоа ми велеше. Тогаш јас, откако ќе му се поклонев, ќе го прашав: „Оче, направи ми љубов, и кажи ми дали не те навредив со тоа што не ти донесов ништо за јадење?“- а тој обично ми одговараше: „Прости ми, брате, ако и дваесет дена не ми дадеш да јадам леб, јас нема да ти побарам, зашто додека трпам со душата, трпам и со телото.“ Ете, така беше тој зафатен со соѕерцанието на вистинското благо.

17. Тој говореше: „Откако сум дојден во овој скит, не сум ѝ дозволил ни на мојата помисла да излезе надвор од мојата ќелија, но и во мојата мисла не сум примал и никаква друга помисла, освен помислата за стравот Божји и за судот во идниот живот, имајќи го постојано на ум Страшниот суд над грешниците, вечниот оган и страшните маки, како и тоа: како живеат душите на грешниците и на праведниците и како секој ја добива својата награда според својот труд: еден за своите подвижнички трудови, друг за милостињата што ја правел и за нелицемерната љубов, трет - затоа што не бил алчен и потполно се одрекол од светот, четврт - за својата смиреност и за совршеното безмолвие, петти - за својата потполна послушност, а шести - за своето гостоприемство. Имајќи го сето ова во мојата мисла, јас не ѝ допуштам на некоја друга помисла да дејствува во мене и не можам да бидам со луѓето или својот ум да го занимавам со нив, зашто тоа би ме оддалечиле од божествените помисли.“

18. Кон ова старецот додаде и еден свој расказ за некој отшелник, за кој рече дека постигнал таква бестрасност, така што веќе се удостоил да прима храна од раката на ангел, но подоцна, поради тоа што му ослабнало вниманието и што станал мрзлив - се лишил од таа чест, зашто кога душата ќе го поослабнее своето разумно и напрегнато внимание на умот, тогаш таа бива опфаќана од мрачна ноќ. Каде што не светлее Бог, таму сѐ се одвива во темнина; тогаш душата не може да Го гледа Единиот Бог и треперливо да се восхитува со Неговите зборови. Господ вели: „Зар Јас сум Бог, Кој само одблизу зборувам, вели Господ, а не Бог и од далеку? Може ли човек да се сокрие на место тајно, каде што Јас не би го видел? - вели Господ. Зар не го исполнувам Јас небото и земјата - вели Господ“ (Јерем. 23, 23-24). Тогаш тој спомна и многумина други, кои пострадале на сличен начин. Го наведе и примерот на царот Соломон, за кого рече, дека добил таква премудрост и дека бил од сите прославуван, зашто како ѕвездата Деница, која се појавува пред зора, ги просветувал сите со светлината на премудроста, и дека тој за мала телесна сласт ја загубил таквата слава. Па затоа велеше, дека е страшно да си дозволиме да станеме мрзливи, туку дека треба непрестајно да се молиме, за да не ни дојде некоја богопротивна помисла и да нѐ одвои од Бога, та место за Него и со Него - да почне нашиот ум да се занимава со нешто друго. Само чистото срце, откако ќе стане Божјо светилиште, чисто Го гледа Бога - како во огледало.

19. Слушајќи го сето ова, братот што живеел со авва Филимон и ги набљудувал неговите дела, сфатил дека во светиот старец веќе престанале да дејствуваат телесните страсти и дека бил усрден љубител на секое совршенство, така што секогаш можел да биде виден преобразен од Светиот Дух од слава во слава и воздивнувал со неискажливи воздивнувања, и секогаш се измерувал себеси како на вага, - трудејќи се - умот негов да не ја замати својата чистота и некаква духовна нечистотија да не се допре до него.

Гледајќи го сето ова, ни раскажува овој брат, и поттикнуван од ревност за слично живеење јас еднаш усрдно му се обратив со вакво прашање: „Како можам и јас, слично на тебе, да добијам чистота на умот?“ А тој ми одговори вака: „Појди и труди се, зашто за ова е потребен труд и страдање на срцето. Духовните блага бараат постојан труд; нив не може да ги добие оној што ќе лежи на постела и ќе спие. Па и земните блага не се добиваат без труд. Оној што сака да напредне во духовното совршенство, должен е да се откаже од сите свои желби и да придобие непрестаен плач, и да се ослободи од алчност и лакомство; тој не треба да се интересира за гревовите на другите луѓе, туку само за своите и само за нив да плаче дење и ноќе. Тој не треба да има суетно пријателство со некого од луѓето, зашто душата, која се измачува заради својата тешка положба и со болка си спомнува за своите некогашни гревови, станува мртва за светот и светот умира за неа. Тогаш телесните страсти не дејствуваат и човекот е мртов за нив. Оној што се откажал од светот и се соединил со Христа и живее во безмолвие - тој Го љуби Бога, го пази Неговнот лик (образ) во себеси и со Неговото подобие богатее, тој Го добива дарот на Светиот Дух одозгора и станува дом Божји, а не дом на демоните; тој своите праведни дела Му ги припишува на Бога. Па така, душата, откако ќе стане чиста според животот, слободна од телесните тешкотии и кога ќе нема никакви пороци, најпосле ќе биде украсена со венецот на правдата и ќе почне да сјае со убавината на добродетелите.

Во кого уште на почетокот, веднаш по одречувањето од светот, не се всели плач во неговото срце, ни духовни солзи, ниту спомнување за бескрајните маки на грешниците, на вистинско безмолвие, ни непрестајна молитва, ни пеење на псалми и изучување на божественото Свето писмо; во кого сето ова не станало навика, така што, тој не почне да се принудува да го прави со својот ум и стравот Божји не господари во неговата душа, тој уште живее во пријателство со светот и умот свој не може да го има чист за молитва. Зашто само побожноста и стравот Божји ја очистуваат душата од страстите, ја воведуваат во нејзиното природно соѕерцание и му даваат да се допре до богословието, кое го прима во вид на блаженство, зашто е речено: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе го видат Бога“ (Матеј 5, 8), и оние што ќе се удостојат со него уште од сега тоа ќе им служи како иден залог и ќе ја пази непоколеблива нивната духовна состојба.

Затоа, со сите наши сили да се трудиме за да ги извршуваме подвизите и добродетелите, преку кои се издигнуваме кон духовната чистота, чиј плод е богословското соѕерцание, кое му е природно на умот. Зашто дејствувањето е издигнување кон соѕерцанието, како што ни вели проникливиот и богословски ум на свети Григориј Богослов. Затоа, ако не се грижиме за дејствувањето, ќе бидеме туѓи и за љубовта кон вистинската мудрост, бидејќи, ако некој дојде и до самиот врв на добродетелите, сепак има потреба од трудот на подвижништвото, кое ги зауздува лошите стремежи на телото; многу е потребно силно да се пазиме од лошите помисли. И на овој начин едвај можеме да се удостоиме Христос да се всели во нас. Колку повеќе се умножува нашата праведност, толку повеќе се пројавува нашата духовна смелост. И на крајот, умот, откако ќе добие совршенство, целиот се прилепува за Бога и бива осветлуван со божествената светлина; тогаш му биваат откривани неискажливи тајни и тогаш тој познава каде е мудроста, каде е силата, каде е разумот за познавање на сѐ, каде се долговечноста и животот, каде е светлината на очите и мирот. Зашто сѐ додека е зафатен со борбата со страстите, сѐ дотогаш нема можност да се насладува во споменатите добри работи, зашто и добродетелите и пороците го заслепуваат умот, за да не може да ги види добродетелите и да не може да ги види пороците. Но кога ќе го добие мирот, кој бива даруван по борбата, и кога ќе се удостои со духовните дарови, тогаш, бивајќи непрестајно под дејство на благодатта станува целиот осветлен, неотклонлив од соѕерцанијата на духовните работи. Tаквиот човек не е приврзан кон ништо тукашно и земно; тој веќе преминал од смрт во живот. Оној што ќе го придобие добриот живот, достоен за подражавање, и почне да ревнува да Му се приближи на Бога, тој треба да има чисто срце и чиста уста, за да може достојно да Го воспева Бога, така што душата негова непрестајно да разговара со Него и да се прилепува до Него. Да посакаме, браќа, да се издигнеме до ваквата височина на добродетелите и да престанеме да се влечеме по земјата и да се валкаме од страстите. Оној што се подвизува и што Му се приближил на Бога; оној кој се исполнил со Неговата светлина и со љубовта спрема Него, се насладува со Господа и со некаква несфатлива духовна веселба, како што е речено во божествениот псалм: „Утешувај се со Господа, и Он ќе ти даде срцето твое што ќе посака; и ќе ја изведе правдата твоја како светлина, и справедливоста твоја како пладне“ (Псал. 36, 4, 6). И каква е таа љубов така силна и така незадржлива и како таа се влева од Бога во човечката душа, и ја очистува од секое зло? Таа и таква душа од вистинската расположба на своето срце вели: „Јас сум болна од љубов“ (Песна 2, 5). Неискажлив и необјаснив е сјајот на божествената убавина! Неа не можат да ја искажат човечките зборови, ниту разумот човечки може да ја сфати. Ако ми укажеш на блесокот на звездата Деница или на месечината и сонцето, сите тие се ништо во споредба со болскотот на Божјата убавина и со нејзината слава. Тие се ништо пред оваа божествена светлина, и колку е поцрна ноќта и погуста маглата, толку е поголема и попрекрасна светлината на Божјата убавина. Така ни вели за ова и свети Василиј Велики, кој е прекрасен меѓу сите духовни учители, кој го научил ова од својот личен опит.“

20. Сите овие работи и многу повеќе раскажуваше братот, кој живеал со авва Филимон. Но кој нема да се вчудоневидува и да се восхитува и на следново, кое е доказ за неговото големо смирение? Иако бил удостоен да биде ракоположен за свештеник пред многу години, откако од својот личен опит да го постигне небесниот живот и Божјата вистина, тој се трудел на секој начин да го одбегнува служењето на божествените богослужби, сметајќи го тоа како голем товар за себеси, и во текот на долгите години од своето подвижништво ретко се согласувал да застане пред светата трпеза, за да богослужи. И не само тоа, туку, ако му се случило да биде со луѓе, кои воделе празни разговори, иако тој не учествувал во нив, тој и во таков случај не си дозволувал да се причести. А кога намеравал да се причести со светите боженствени Тајни, тој пред тоа долго Му се молел на Бога, умилостивувајќи Го со моленијата, пеење псалми и исповедувања. Стоејќи на светата Литургија, тој се престрашувал кога свештеникот ги изговорал зборовите: „Светињата е за светите“. Тој говореше дека во тоа време Божјиот храм е преполн со светите ангели и дека Самиот Цар на силите таинствено ги претвора телото и виното во Свое Тело и во Своја Крв, за преку Светата Причест да се всели во нашите срца. Затоа, говореше тој, треба да бидеме непорочни и чисти, како да не сме во нашето тело, туку да сме надвор од него, без секакво сомневање и колебање, - да се надеваме на Светата Причест со Христовите Тајни, - дека, примајќи ти, ќе станеме учесници во светото просветување, кое се дава преку нив. Многумина од светите оци гледале свети ангели, кои ги пазеле од сѐ што е неподобно, па затоа се труделе да запазуваат во себеси длабоко молчење и не зборувале со никого.

21. И еве, уште што говорел тој брат за старецот: кога требало самиот да ги продава работите што ги изработил со своите раце, тој, за да не се случи некаква лага или заколнување, или за да не биде кажан некој непотребен збор и да не биде направен некој друг грев, ако би разговарал и се договарал за цената на изработените од него работи, тој обично стоел и се правел дека не е нормален. И затоа секој што сакал да купи нешто од него, го земал тоа и му давал толку пари, колку што сакал. Тој правеше мали кошнички и кога ги продаваше, за нив земаше толку, колку што ќе му дадеа, без да каже нешто. Ете, таков беше овој од Бога умудрен старец.

Преподобниот отец свети авва Филимон