Oд Илија, најмалиот од презвитерите и Екдик

1. Христијанинот, кој вистински верува во Бога, не треба да се предава на безгрижност, туку секогаш треба да го очекува искушението и да биде готов да го пречека тогаш кога ќе дојде; да не се престрашува и да не се збунува, но со благодарност да ја претрпува тешкотијата на страдањето, имајќи го секогаш на ум она што го вели светиот пророк и псалмопеач, велејќи: „Искушај ме, Господи, испитај ме“ (Псал. 25, 2), како и она што пророкот во еден друг псалм го рекол: „Твојата десница ме прифати, и Твоето воспитување ме исправи до крај“ (Псал. 17, 36).

2. Почетокот на доброто е стравот Божји, а крајот - љубовта кон Бога. Почетокот на секое добро е разумот и осмисленото дејствување. Затоа, ни дејствувањето без разум не е добро, ниту разумот без дела е успешен.

3. Дејстувањето на телото се постот и бдеењето, а дејствувањето на устата - пеењето на псалмите. Но, молитвата е подобра од пеењето на псалмите, а молчењето е поскапоцено од зборовите. Работата на рацете е она што се извршува без мрморење, а на нозете - она што го извршуваат веднаш по првиот налог. Работата на душата е воздржувањето со едноставност, а едноставноста е воздржливото дејствување, а на умот работата е молитвата во соѕерцание, а во молитвата - соѕерцанието на Бога.

Илија презвитер или Екдик

4. Милоста и вистината ги предводат сите добродетели, а нивна рожба е смирението и расудувањето, кое, според светите оци, произлегува од нив, без кои ни една од добродетелите не може да го види својот крај.

5. Работата, која го презира јаремот на разумот, се покажува, слично на јуница, која бескорисно талка таму - ваму; а разумот, кој ја отфрла чесната наметка на делата, се покажува неблагообразен, иако прави сѐ да се покаже дека е таков.

6. Храбрата душа е слична на жена, која држи два запалени светилници, дејствителниот и соѕерцателниот, и целиот свој живот го прави она што е должна да го прави. Спротивно на ова го прави онаа душа, која е изложена на задоволство.

7. Доброволното страдање на душата е недоволно за нејзиното потполно ослободување од гревот, ако, освен тоа, не биде претопена и во разгорената печка на недоброволните страдања.

8. Душата, ако заради своето совршено ослободување од гревот не пројде, слично на меч, низ оган и вода, односно низ доброволни и недоброволни маки, трудови и тешкотии - не може да остане неранлива при среќавањето со непријатните случајности.

9. Како што поради доброволните искушенија има три главни причини: здравјето, богатството и славата, исто така, има три причини и за непроизволните искушенија, а тоа се: загубите, болестите и клеветите. Сето ова што бива им бива на едни за поука, а на други - за пропаст.

10. Вистински добродетелниот човек - го има доброто насадено внатре во себеси; грижливиот го има само во мислите; оној што лошо се грижи за добродетелите - добродетелта ја има на површноста, а самоугодливиот сластољубец- во длабочината на срцето.

12. Не често и не намерно бива во лоша состојба оној што го мрази злото, а со оној што уште ја запазува причината на злото - тоа се случува и често и доброволно.

13. Оние што немаат расположба да принесат покајание, тие почесто и грешат; а оние што не го сакаат гревот, тие, ако го направат, полесно и се кајат, за што всушност ретко и имаат потреба.

14.Чувството и совеста да одат заедно со зборот што се изговара, така што зборовите, искажани од Божјото Слово: „Каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас меѓу нив“ значат да не ни биде отпосле срам за она што сме го кажале или направиле, зашто сѐ што правиме и сѐ што говориме пред Господа го правиме и говориме.

15. Оној што се труди душата своја да ја запазува исправна во своите дела, за него уште не може да се тврди дека ја пази душата своја неосквернета од лоши зборови; па и за оној што се труди да ја запази чиста и од лоши зборови, уште не може да се тврди дека не ја осквернувал со грешни помисли. Зашто оној што греши, греши на три начини: со дела, со зборови и со помисли.

16. Не можеш добро да ѝ го видиш ликот на добродетелта сѐ додека уште со наслада си го замислуваш ликот на гревот. Ликот на гревот ќе ти се види одвратен дури тогаш, кога ќе посакаш да се насладуваш со ликот на добродетелта. Тогаш лицето свое ќе го одвратиш од грдиот лик на гревот.

17. Демоните ја напаѓаат душата со лоши помисли, а не ја тераат да прави лоши дела, но, се разбира, нивната главна цел е да нѐ наведат да правиме лоши дела. Слушањето и гледањето се причина на делата, а навиката и демоните се причина на помислите.

18. Трајни се гревовите на душата, кои се откриват во: делата, зборовите и помислите. А доброто на негрешењето е шестократно; за него треба да ги пазиме чисти и неподложни на паѓање петте сетива на нашето тело и зборовите што ги изговараме. Светиот апослот Јаков вели: „Оној што во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело“ (Јак. 3, 2). Ова може да се рече и за петте сетива на нашето тело.

19. На шест делови се дели неразумниот дел на душата: на петте сетива и на зборовите што ги изговараме, кои, кога се бестрасни, ги отрезнуваат сите други делови, разделувајќи се неразделно во нив, а кога се страсни - со себеси ги осквернуваат и сите нив.

20. Ни телото може да се очисти без постот и бдеењето, ниту душата без милоста и вистината, а, исто така, ни умот - без соѕерцанието и разговорот со Бога, односно без молитвата. Молитвата е поважна од сѐ.

21. Наоѓајќи се во кругот на спомнатите добродетели, душата го прави незасегнато своето скривалиште за стрелите на искушенијата; тоа скривалиште и таа одбрана е трпеливоста. Нашиот Господ вели: „Со трпение спасувајте си ги душите“ (Лука 21, 19). А, ако душата се наоѓа во поинаква положба, тогаш, слична на град, неограден со ѕидови, бива напаѓана силно од ударите на стравот, уште кога оддалеку ќе ги слушне трескотењето и шумот.

22. He сите што се разумни во зборовите, исто така, се разумни и во духовните работи; но сите што се разумни во духовното, разумни се и во внатрешното. Зашто она што е надворешно телото, сетивата и положбата, - иако од сите треба да наплатат дажба, не сите еднакво му ја плаќаат дажбата, а некои дури и сосема откажуваат да му ја плаќаат.

23. Разумноста, иако е неразделна според својата природа, сепак, има различни разделби: на еден му се дава повеќе, на друг помалку, додека дејствителната добродетел, умножувајќи се и раширувајќи се, со помошта на другите слични добродетели, ќе го изврши секое можно добро. Зашто тоа секогаш бива така: доколку е недостапен дејствителниот живот, тогаш и разумноста бива добивана во помала мерка.

25. Времето и мерката се сотрезници на благоразумното молчење: трпезата негова е вистината. А кога таткото на лагата ќе дојде во душата, која се оддалечила од сѐ, не го наоѓа обично во неа она што го бара.

26. Вистински милостив не е оној , кој доброволно го раздава она што му е непотребно, туку оној, кој го отстапува доброволно и она што му е неопходно потребно.

27. Едни со своите земни богатства придобиват блага духовни - преку тоа што постојано даваат милостиња, други преку духовните се отуѓуваат од земните; тие живеат со чувство - дека постојано се наситуваат со благата што никогаш не се исцрпуваат.

28. На секого му е пријатно да биде богат, но тажно е - кога оној, на кога му се дадени богатствата од Бога, не му е дадено подолго да се насладува со нив.

30. Не лути му се на оној, кој, и против твојата волја, ти направил операција, откривајќи го злото, кое се криело во тебе, туку, гледај ја нечистотијата што била исфрлена од тебе, не жали и не лути се, туку прославувај Го Бога, Кој бил причина - да ти биде направено ова добро.

31. Не паѓај со духот кога ги чувствуваш тегобите од твоите духовни болести, туку употребувај ги против нив лекарствата на тешките подвизи; оддалечувај се од нив, ако имаш вистинска грижа за твојата душа.

33. Колку повеќе ги чувствуваш своите духовни болести, толку повеќе биди му благодарен на оној, кој ти укажал на нив со своите изобличувања, зашто со тоа тој станал причина за твоето совршено очистување, без што умот не може да навлезе во чистата област на молитвата.

34. Кога те изобличуваат, или треба да молчиш, или, ако е изобличувањето клеветничко, кротко да се заштитуваш; не затоа - за да се оправдаш, туку - за да ја поправиш погрешката на обличителот, кој можеби се соблазнил поради непознавањето на работата.

36. Како што горделивиот не ги знае своите недостатоци, така и смирениот не ги знае своите добри својства; гордоста го скрива од нас сето она што е достојно за прекор, а смирението го крие она што Му е угодно на Бога.

38.Прекорот ја поттикнува силата на нашата душа, а пофалбата ја прави мрзлива за извршување на доброто.

39. Силата на богатството е златото, а на добродетелта - смирението. И како што оној, кај кого златото се потрошува, осиромашува, иако тоа другите не го забележуваат, така и оној што нема смирение - неговата добродетел бива бесплодна.

40. Како што трговец без злато - не е трговец, макар и да е способен за водење трговија, така и подвижникот без смиреност - нема да види добри плодови од своите добродетели, иако и многу се надева на својата разумнест.

43. Како што треба да напредуваме во извршувањето на сите заповеди, така и оној што се плаши да не се покаже недостоен за учество на свадбената гозба - треба сѐ повеќе да се вдлабочува во своето смирение.

44. Со простотата мешај го воздржувањето, а со смирението - соеднинувај ја вистината, и ќе се покажеш сотрпезник на правдата, по која, секоја добродетел ќе сака - како на трпеза да биде приведувана.

46. Благото однесување сведочи за убавината на добродетелта, а благопријатноста на членовите - за мирот на душата.

47. Првото добро е - во ништо да не грешиме; второто е - да не се срамуваме да го откриваме нашето прегрешение, да се срамуваме од него и да се смируваме. А кога нѐ прекоруваат, и ние самите да се прекоруваме и доброволно да ја примаме епитимијата. И што да се случува со нас, сето тоа како скапоцен дар да Му го принесуваме на Бога.

48. Кон доброволните страдања (подвизите и самоунижувањата) треба да ги прифаќаме и недоброволните, кои се состојат од клевети, загуби и болести. Оној што не ги прима овие послушно, туку е незадоволен со нив и мрмори, сличен е на оној, кој сака својот леб секогаш без сол да го јаде.

49. Иако господар, како слуга се покажува оној, којшто со боженствени зборови ја пере извалканата облека (душата) на својот ближен, а искинатата - ја искрпува. Но, сепак треба да се пазиме кога го правиме ова, да не го правиме од суета и со желба да добиеме награда за тоа, за да не бидеме лишени од вистинската небесна награда.

51. „Господ ќе го пази излегувањето твое и влегувањето твое“ (Псал. 120, 8) - со воздржување од јадење и пиење. Зашто оној што е воздржлив во храната која влегува во човекот, и во употребувањето на зборовите, кои излегуваат од нас, тој ја избегнува похотта на очите и својот неразумен гнев го скротува, а подвижникот настојува да ги спречува, за да не се пројавуваат. Од ова дејствителноста добива сила, а соѕерцанието крепост.

52. Има такви, кои внимателно се трудат околу тоа да не пропуштат повеќе храна во себеси, а воопште не водат сметка за зборовите што излегуваат од нив. Таквите, според зборовите на Проповедникот, не знаат како треба да го искорнат гневот од своето срце и похотта од своето тело (сп. Проп. 11, 10); со што срцето се очистува од Духот Свети Кој е во него.

54. Стомакот твој нека гори од скудноста на храната, а срцето твое нека се притеснува од воздржувањето на јазикот. Тогаш твоите раздразителни и пожелни сили секогаш ќе му се наоѓаат во услуга на доброто.

56. Оној што се подвизува неопходно е да знае: со какви јадења треба да го храни телото како непријател, и како треба да го негува и утешува како свој изнемоштен пријател, така што, по погрешка, да не му даде храна како на пријател, тогаш кога е тоа непријател и да го измачува и раздразнува со едно и со друго, да му дава храна како на непријател кога е тоа пријател, па да го најде за време на искушенијата на страната на непријателите што го напаѓаат.

57. Кога оној што се храни, храната ја претпочита според она што го слади грлото, тогаш го посетува благодатта на солзите и почнува да го радува со таква сила, така што заборава за секоја друга сласт, зашто потполно е заситен со сладоста на своите солзи.

58. Кај оној што тргнал по широкиот пат - солзите пресекнуваат, а кај оној што продолжува да оди по тесната и стрмна патека - тие извираат со голема сила.

59. Не се без жалост ни грешниците ни праведниците; праведниците жалат што уште потполно не се очистиле од гревот, а грешниците што уште не успеале да ги исполнат сите свои желби.

60. Молитвата и молчењето се од оние добродетели, кои се во наша власт, а постот и бдеењето не се од бројот на оние добродетели, кои не се потполно во наша власт, зашто тие зависат и од здравствената состојба на нашето тело. Затоа подвижникот треба да го одбира она што може да го изврши и што му е корисно.

61. Трпението е дом на молитвата; зашто тоа ја потпомага молитвата. Молитвата има потреба и од смирението, зашто неа тоа ја храни.

63. He вpзyвaj се со мали работи, па и со големи нема да бидеш врзан; секогаш и во сѐ - малото зло му претходи на големото.

66. Во кого царува милоста и вистината, во него се умножува и сѐ што е угодно на Бога; милоста кога суди - на секого му суди со милост, а вистината спрема секого е човекољубива според вистината.

67. Оној што се воздржува со простота, тој ќе биде учесник на вечното блаженство.

68. Нема да ги отстраниш од себеси страстите, ако пред тоа не престанеш да ја обработуваш земјата, од која ја добиваат својата храна.

69. Едни се трудат да го очистат само своето тело, а други душата, зашто едните добиле сила да се воздржуваат само од гревовните дела, а другите и од страсните; а оние што добиле сила да се воздржуваат и од похотите, - нивниот број е сосема мал.

72. Страстен е оној, кај кого желбата е посилна од помислата, иако тој уште не почнал да греши; сладострастен е оној кај кого е силата на гревот послаба од помислата, иако го совладала страста одвнатре; пристрастен е оној , кој слободно или како роб е приврзан и кон едното и кон другото; а бестрастен е оној , на кого не му се познати разните такви гревовни состојби, зашто и не ги познава.

73. Страсноста се изгонува од душата со пост и со молитва; сладострастието - со безмолвие и внимание. Бестрасноста се установува со спомнувањето и мислата за Бога.

74. Од устата на благострасноста, како мед од сотови, капат зборови на вечниот живот. Кој ќе успее така да му се доближи на вистинското добро и да им се наслади на плодовите од добродетелите, чија миризба е поголема од сите аромати (сп. Песна 4, 10-11)?

75. Секоја душа еден ден ќе се ослободи од видливото тело, а од телото на гревот - не многумина од оние што се насладувале со сладостите на овој живот.

76. Од оние што се телесно живи - еден ден сите ќе бидат мртви; а за гревот се мртви само оние, што го намразиле гревот со сета своја душа.

78. Разумната душа, наоѓајќи се истовремено во видливиот и во духовниот свет, со помошта на едниот - има можност да го гледа видливото и да го прави телесното, а со помошта на духовниот - да го гледа духовниот свет и да го прави она што е духовно. Но, бидејќи духовната светлина е помрачена во неа, светлината на видливиот свет станала посилна од духовната, затоа што телесниот човек свикнува со неа. Таквата душа не може да ги гледа духовните работи сѐ додека не се обрати кон Бога; тогаш за време на својата молитва - ќе бива осветлувана со духовната светлина. Сѐ дотогаш таа ќе се наоѓа меѓу темнината и светлината, зашто се враќа кон темнината на земното поради своите навики и склоности, а во духовната светлина се наоѓа само во своите мечтаења.

79. Молитвата нека биде секогаш со твојот ум, така како што е сончевиот зрак во сонцето, без која земните грижи, како безводни облаци, биваат носени наоколу и го лишуваат умот од светлината што му е својствена.

80. Страсниот ум не може да помине низ тесната врата на молитвата, ако пред тоа не ги остави своите сластољубиви грижи за земното и телесното; тој секогаш ќе се измачува бесплодно, вртејќи се таму - ваму во сенката на своите грижи.

82. Ако умот не ја отфрли својата непотребна грижа за земното и телесното, тој не ќе може лесно да се издигнува кон висините: тој не може да сфати ни во каква состојба се наоѓа.

83. Молитвата, кога е засилена со солзи, ги исфрла од душата сите непријателски помисли, но пак ги враќа во себеси, ако умот нејзин пак почне да талка, што бива засилувано од празните разговори, кои, ако ги победиме, сме ги победиле истовремено и: невоздржливоста на погледите, зборовите и движењата.

84. Постот е слика на денот - затоа што може да се види, а молитвата е слика на ноќта - затоа што е скриена и што не може да се види. Оној што го извршува и едното и другото. како што треба, соединувајќи ги едното со другото, тој стигнува во градот, во кој тргнал, откаде „скрбта и воздишките ќе исчезнат“ (Иса. 51, 11).

85. Духовната дејност може да дејствува и без соодветно телесно дејствување. И блажен е оној кој на телесната дејност ѝ го претпоставил она што е подобро - духовната дејност. Кој ја има оваа работа, тој го исполнува и отсуството на надворешната дејност, живеејќи со животот на молитвата, која е скриена за луѓето, но видлива е за Бога.

86. Апостолот нѐ повикува да трпиме со вера, да се радуваме со надеж, да престојуваме во молитви, за да живееме во богатството на радоста. Па, ако е така, од тоа следува, дека оној што нема трпение тој нема ни вера; оној што не се радува, - нема надеж; зашто ја отфрлил молитвата, која е причина за радоста и не живее во неа (сп. Рим. 12, 12; Кол. 4, 2; Евр. 12, 1).

88. Како што некогаш во почетокот, умот отпаднал преку гревот и бил истеран од рајот, заборавајќи го своето блескање, така и сега, заборавајќи за сѐ земно, тој е должен пак да се издигне таму преку молитвата.

89. Она што се за младенецот исушените гради на мајката, тоа е за умот онаа молитва која не му дава утеха. А кога бива поинаква, кога го исполнува со утеха, тогаш тој станува сличен на младенец - доенче, кое од големо задоволство заспива во прегратките на мајка си.

91. Не може да се соедини со молитвата оној, кој не се одрекол од сѐ што е земно и телесно, освен храната и облеката (сп. 1. Тим. 6, 8). Издигни се над сѐ друго, ако сакаш во твојата молитва да бидеш со еден единствен ум.

94. Не сите имаат една цел во молитвата, туку еден има една цел, а другиот - друга. Еден се моли, ако е можно, срцето негово да биде секогаш со молитвата и сѐ повисоко и повисоко да се издигнува во својата молитва: друг за да стекне навика во молитвата своја, да не биде прекинуван од лошите помисли; а сите, земено општо, се молат да бидат запазени во доброто и да не бидат вовлечени во злото.

95. Ако од молитвата никој не си оди не смирен, тоа е затоа што, кога се моли, се моли со скрушено срце; очигледно е, дека не се моли со смиреност оној - кој во сѐ ја пројавува својата горделивост.

96. Ако кога се молиш, си спомнуваш за евангелиската вдовица, која со својата неотстапна молитва го поттикнувала да се смилува на неа нечувствителниот судија, тогаш и ти нема да се очаеш и нема да престанеш да се молиш (сп. Лука 18, 3-7); само со таквата молитва ќе ги измолиш благата, за кои Му се молиш на Бога.

97. Молитвата нема да остане во тебе, ако лошите помисли се задржуваат внатре во тебе и ако имаш празни разговори со луѓето околу тебе; молитвата скоро му се враќа на оној, кој заради неа се откажува од сѐ и во себеси и надвор од себеси.

98. Ако во прегратките на твојата душа не навлезат зборовите на молитвата, тогаш солзи нема да ги измијат образите на твојата душа.

100. Молитвата е клучот што ги отвора вратите на царството небесно. Оној што се моли, како што треба, ги гледа ветените блага. Оној што ги гледа само земните работи, тој нема смелост за вистинска молитва.

101. Не може умот за време на молитвата смело да ги говори пред Бога зборовите: „Ти ги скрши моите окови. Тебе ќе ти принесам благодарствена жртва“ (Псал. 115, 7-8), ако, воден од желбата кон најдоброто, не се ослободи од стравот за своето тело, како и од мрзливоста, долгото спиење и многу јадење, од кои настанува духовното паѓање.

102. Оној кој стои надвор од првата завеса, надвор од скинијата во дворот, кој за време на молитвата бива расејуван од многу лоши мисли; зад оваа завеса, внатре во скинијата, кој дел се нарекува „светиња“, се наоѓа оној , кој се моли нерасеано; а во светињата на светињите навлегува само оној, кој ги смирил своите природни помисли и движења, и живее таму само со Оној, Кој е над секоја природа, добивајќи го од Него своето потребно просветување.

103. Koгa душата, откако ќе се испразни од сѐ надворешно ќе се соедини со молитвата, тогаш ја окружува како некој пламен и ја прави целата како железо, кое е усвитено во силен оган. И тогаш душата е сепак таа иста душа, само што бива проникната од таа духовна усвитеност и, слично на усвитеното железо, не пропушта во себеси ништо што ѝ е страно.

106. Кај оние добро што го минуваат дејствителниот живот, молитвата е понекогаш слична на облак, кој ги засенува и ги скротува помислите, кои се опалуваат, а понекогаш ги оросува како со капки, им ги покажува духовните соѕерцанија.

114. Умот, устремувајќи се кон духовните височини, не веднаш стигнува таму, туку откако ќе презре сѐ што е земно и телесно и откако ќе им се посвети на божествените работи.

117. Кога умот твој ќе го ослободиш од секаква страсна приврзаност кон телото, јадењата и парите, тогаш што и да правиш, тоа ќе ти се смета како да си му принел најчист дар на Бога од тебе. А ќе бидеш награден од Бога со тоа - што ќе ти бидат отворени очите на твоето срце и ќе бидеш во него јасно поучуван на Божјите закони, кои ќе му се покажат на твојот ум послатки и од сотовиот мед поради пријатностите нивни.

118. Умот твој не можеш да го издигнеш над телесните похоти, парите и јадењата, ако не го воведеш во чистата земја на праведните, во која, и под дејството на која, во срцето твое ќе се всели мислата за смртта и за Бога и ќе го уништи во него издигнувањето на земните похоти.

119. Ништо нема пострашно од мислата за смртта и ништо попрекрасно од спомнувањето за Бога; првата ја вселува во нас спасоносната жалост, а последната ја исполнува душата - со духовна радост. Зашто и светиот пророк Давид пее: „Го спомна Бога и се развеселив“ (Псал. 76, 3); а премудриот Исус син Сирахов нѐ учи: „.Во сите твои работи спомнувај си за твојот крај, и никогаш нема да згрешиш“ (Мудр. Сирах. 7, 39).

120. Сѐ додека умот не ја види славата Божја и се преобрази во ист образ (сп. 2. Kop. 3, 18), сѐ дотогаш душата не може да возглавува со чувство: „ќе се вселам во Господа“ (Псал. 103, 34), „ќе се зарадуваме на твоето спасение“ (Псал. 19, 5). Затоа што сѐ дотогаш покривалото на самољубието лежи на неговото срце, кое не се подигнува од неа без доброволни и недоброволни лишувања и страдања; тоа останува врз неа и не ѝ дава да види што бива со неа и каква е.

121. Не по бегството од Египет, не по пресечување на гревот со дело, не по преминувањето на морето, односно не по отсечувањето на сочувството и наклоноста кон гревот, туку по престојувањето во пустината, односно по претрпувањето на секакви неволји, лишувања и страдања, - кое има силно умствено соѕерцание, водачот на израилскиот народ се удостоил да ја види ветената земја, односно бестрасноста (сп. 5. Мој. 34, 1).

122. Оние што оделе по пустината, односно чиј грев не е пројавен во дела, тие знаат само од слушање за изобилството на ветената и блажена земја; оние што биле испратени да ја разгледаат ја виделе со своите очи; тоа се оние што живеат во трудовите на добродетелите и послушноста - со надеж дека ќе ја добијат, а оние што се удостоиле да влезат во неа вистински се наситуваат со неа - како со мед и со млеко.

123. Оној што уште има природни телесни движења, тој уште не се распнал со Христа; оној што сѐ уште има телесни помисли и сочувства уште не се погребал со Него, и како ќе може да стане и да воскресне заедно со Него и да оди во обновен живот (Рим. 6, 4)?

138. Некогаш им било заповедано на старите да ги принесуваат во храмот „првите плодови од жетвата и лозјето“ (2. Мој. 22, 29). A ние сега сме задолжени да Му принесуваме на Бога од почетоците на нашите дејствителни добродетели, од воздржувањето и од вистината; а како почетоци од соѕерцателната добродетел љубовта и молитвата; со едните ги отсекува стремежите на похотта и на гневот, а со другите - суетните помисли и нападите што се раѓаат од нив.

139. Почеток на дејствителната добродетел се: воздржувањето и смирението, вистината и целомудрието, а нејзиниот крај се: мирот на помислите и светата чистота на телото.

140. Вистинското добро дело бара не само тоа да биде добро, да се работи со добар дух, туку и да се работи како што треба да го запазува спрема она што го работи и времето кога го работи и мерката - со која го работи.

142. Како што дејстувањето без соѕерцание не бива сигурно, така и соѕерцанието без соодветно дејствување не бива вистинско. Затоа е потребно и дејствувањето да биде проникнато со соѕерцание, и соѕерцанието утврдено со дејствувањето, така што од една страна злото да биде ослабувано, а од друга - добродетелта да се пројавува во извршување на добронамерни добрини.

143. Крајот на дејствителниот живот е умртвувањето на страстите, а крајот на соѕерцателниот живот се добродетелите.

145. На натпреварот на дејствителната добродетел „трчаат сите, а само еден добива награда“ (1. Кор. 9, 24), имено оној, кој се труди крајот да го достигне со учество на соѕерцанието.

147.Оној што е зафатен со дејствителниот живот - не може долго да се задржува во соѕерцанието. Зашто тој е, по однос на соѕерцанието, сличен на патник, кој е примен на своето патување во туѓ дом, но од кој тој мора набргу да си појде - да го напушти.

148. Дејствителните, преку вратите на Божјите заповеди, влегуваат во молитвата, а оние што соѕерцаваат живеат во дворот на добродетелите, во пеење на песни духовни; првите благодарат што се избавиле од веригите, а вторите - што ги заробиле оние што востанале против нив и ги нападнале.

150. Мислите се како веслачи на духовниот кораб; веслата се животните сили на душата или енергијата и волјата и слободното одлучување. Оној што е уште дејствителен, тој од нив има секогаш потреба, а оној што е соѕерцателен не секогаш има потреба од нив.

155. Кај дејствителниот, поради мноштвото на материјални претстави, за време на неговата молитва, на неговото срце има покривало, кое не може да се открие кога има сочувство спрема него. Само оној што соѕерцава, кој нема такво сочувство, може со откриено лице делумно да ја види Божјата слава.

158. Дворот на разумната душа е чувството; храмот - расудувањето; а архиерејот - умот. И така, во дворот стои умот, кој се расејува со ненавремени помисли; во храмот е - кога се занимава со навремени помисли; а оној што се удостоил да влезе во божественото светилиште - тој не се допира ни до едното ни до другото.

159. Во домот на дејствителната душа живеат „плач, жалост и офкање“ (Језек. 2, 10) поради тежината на трудовите, а во душата на соѕерцателот се слуша „гласно воскликнување и прославување“ (Псал. 41, 5) поради радоста од видението.

162. Соѕерцанието на духовните работи е вистински рај. Духовниот човек влегува во него, влегувајќи во својата молитва, како во дом, а дејствителниот, во однос спрема него, е сличен на оној што минува покрај тој дом, кој би сакал да ѕирне таму, но не може, затоа што оградата на тој дом е повисока од неговиот раст.  

164. Дејствителниот подвижник не може да се украси со морална убавина, слично на патријархот Авраам, и тој не може да излезе од својот дом, од природниот закон и од своите роднини, - бидејќи се изедначил со нив со својот самоугодлив живот. Зашто, само на таков начин, и тој, како печат го прима обрезанието на родителската похот (сп. 1. Мој. 17, 11; Рим. 4, 11), поради што уште од раѓањето врз нас лежи покривалото, кое не ни дава да ја примиме совршената слобода.

166. За дејствителниот живот, постот и бдеењето е „крстот притегнат“, а за соѕерцателниот живот е „запалената светлина“ (сп. Лука 12, 35).

167. На умот на несовршениот не му се дозволува да влезе во плодоносното лозје на молитвата; нему му се оставени, како на духовен сиромав „остатоците по берењето на лозјето“ (5. Мој. 24, 21) - само псалмите за пеење.

168. Како што не сите, кои се удостоиле да говорат со царот, - биваат поканувани и на неговата трпеза, така и не сите оние што пристапуваат кон молитвен разговор со Бога, - биваат воведувани во состојба на молитвено соѕерцание.

169. Навременото молчење е узда за гневот; на неразумната похот - воздржувањето од јадење и пиење; а за незадржливата помисла - постојаната кратка молитва.

170. Ни оној што сака да се спушти на морското дно, за да извади оттаму скапоцени бисери, ниту оној што сака да се издигне до небесните височини, за да ги најде духовните бисери, нема да го достигнат тоа ни едниот ни другиот, ако првиот не ја соблече својата облека, а вториот не се ослободи од сѐ што е земно и телесно.

171. Умот, кој се усредсредува за време на молитвата, тој тогаш бива како младоженец кој разговара со својата невеста; а оној што не навлегува внатре во себеси, тој е како оној што стои надвор од брачната одаја, и, стенкајќи, извикува: „Кој ќе ме доведе во укрепениот град“ (Псал. 59)? Или кој ќе ми биде водач, така што кога во време на молитва да „не се загледувам во ништожни работи и лажни воодушевувања“ (Псал. 39, 4)?

172. Она што е јадењето без сол за грлото, тоа е и молитвата, која е без скрушеност, за умот.

173. Душата, додека e уште во состојба, кога ја бара молитвата, слична е на жена што со родилни болки се измачува, а онаа, која веќе ја нашла молитвата, слична е на жена, која веќе родила и која со радост се исполнува затоа што родила (сп. Јован 16,21).

174. Некогаш Амореј, кој живеел во планински височини, ги победил оние што се искачиле на врвот на планината (сп. 4. Мој. 14, 44-45; 5. Мој. 1, 14). А сега, лошото заборавање ги одгонува оние кои, пред да ја достигнат срдечната молитва, се обидуваат да се издигнат до самиот врв на чистата молитва.

176. Молитвата, како молитва, бива како леб, која ги укрепува почетниците; молитвата, кога е соединета со некакво соѕерцание, бива како елеј кој умастува; а молитвата, кога е без вообразби, таа е благоухано вино и оние што го пијат ненаситно навлегуваат во виденија (сп. Псал. 103, 15).

178. Оној што се подвизува, телото свое треба да го ограничува само на едно јадење, а умот свој на кратки молитви. И тогаш, откако стане незадржлив од страстите, ќе биде во состојба да се издигнува кон Господа за време на молитвата.

179. Оној што ги застрашува кучињата со стап, тој ги раздразнува против себе, а демоните ги раздразнува оној, кој се самопринудува да се моли чисто.

182. Кога со непрекинливо извршување на молитвата се отпечатат зборовите на псалмите во срцето на оној што се моли, тогаш тој, како добра земја, и самиот од себеси почнува да израснува: ту рози на соѕерцанието во духовната област, ту лилјани - сфаќања на убавината и стројноста на видливиот свет, ту теменушки - разбирање на тешко разбирливите Божји судови.

184. Душата, која потполно се откажала од себеси и сецело ѝ се предала на молитвата, се спушта долу од областа, во која живее над сите созданија, не кога таа самата сака, туку тогаш кога ќе благоволи Оној, кој располага со сѐ што е наше и по тежина и по должина.

191. Војникот го отфрла оружјето штом ќе заврши војната, а соѕерцателот - своите помисли, кога му е разрешено да се издигне кон Господа.

192. Војсководителот жали кога нема да добие плен за време на војувањето, а оној што минува дејствителен живот тажи кога не се удостојува со духовно соѕерцание во текот на својата молитва.

193. Еленот трчи кон изворот на природната вода (Псал. 41. 2), како од ѕвер да е каснат, а душата што е ранета од најслатката стрела на молитвата - се стреми кон духовни озарувања.

195. Кога ќе изгрее сонцето ѕвездите се скриваат, а помислите престануваат - кога умот ќе се врати во своето царство.

197. И соѕерцателниот ум, кога, влечен од потребите на природата, се симнува од небото долу, може да го каже она што го изрекол и оној, којшто рекол: „Има ли нешто попрекрасно од Божјата убавина?“ И има ли мисла порадосна од мислата за божествената прекрасност? И кое чувство е поживо и понезадржливо од љубовта, која е запалена во душата, која е очистена од сѐ лошо, која тогаш говори од полнотата на своето срце и вели: „болна сум од љубов; изнемоштувам од љубов“ (Песна 2, 5; 5, 8)?

198. Овие зборови: „Пламна срцето мое во мене и додека размислувам оган ќе се разгори во мислите мои“ (Псал, 38, 3) може со достоинство да ги изговори оној, којшто никогаш не се заморува да Го следи Господа со молитва и којшто не посакал да ги види деновите на човекот (сп. Јерем. 17, 16).

199. И дејствителната душа нека говори, слично на невестата од Песната над Песните, кога, по отфрлањето на сите свои лошотии, демонските сили и лукавите помисли, ќе почнат одново да ја приморуваат да „се загледува во ништожни работи и лажни воодушевувања“ (Псал. 39, 4): „Го соблеков хитонот свој, пак ли да го облекувам? Сум ги измил нозете свои, како да ги валкам“ (Песна 5, 3)?

200. Колку си блажена ти, душо богољубива, ако смело можеш да викаш кон Бога: „Кажи ми ти ,Пастиру добарʼ, каде го пасеш стадото, каде пладнуваш? Зошто да бидам како скитник крај стадата околу твоите другари“? (Песна 1, 6).

201. Дејствителната душа, барајќи да ги задржи зборовите на молитвата, и откако не може да го постигне тоа, слично на невестата од старозаветната книга Песна над Песните, извикува: „Ноќва во леглото мое го барав оној, кого го сака душата моја, го барав и не го најдов. Затоа ќе станам, ќе тргнам по градот, по улиците и плоштадите, и ќе го барам оној, кого душата моја го сака“ (Песна 3, 1-2). Можеби ќе Го најдам, во сѐ и надвор од сѐ што постои; „ќе се наситам кога ќе ми се покаже славата Негова“ (Псал. 16, 15).

204. Ако оној којшто го примил царот во својот дом, со тоа и тој станува славен и преславен, тоа го исполнува со радост поголема од сите радости, тогаш што треба да чувствува душата, која, по своето учиствување, Го примила во себеси Царот на царевите, според Неговото вистинско ветување (сп. Јован 14, 23)? И ќе остави ли таа душа во себеси нешто што нема да Му биде пријатно на небесниот Цар, нешто што ќе Го обеспокојува, што нема да го исфрли од себеси? Или што нема да се погрижи таа да внесе во себеси, што би Му било угодно и пријатно на небесниот Гостин, на Царот на царевите?

205. Оној што очекува наутро да биде повикан пред царот за што друго ќе се грижи, освен за тоа какви зборови да смисли, кои би му биле пријатни на царот? И секоја душа, која го прави тоа кон Бога, нема да биде неприготвена за тамошниот суд.

206. Блажена е онаа душа, која во очекување, дека сега ќе дојде при неа нејзиниот Господ, ништо друго не работи во текот на тој ден, а, исто така, и во текот на ноќта, непрестајно помислува, дека штом настане утрото, Он веднаш ќе ѝ се јави и ќе дојде во неа.

207. Бог ги гледа сите, а Бога Го гледаат само оние, кои во време на молитвата не гледаат ништо друго, освен Бога. И тие што Го гледаат Бога на ваков начин, тие и биваат услишувани од Него. А оние што не биваат услишувани од Него, тие и не Го гледаат Бога. Блазе му на оној што верува, дека Бог го гледа, зашто таквиот не застранува од патот на богоугодувањето (Псал. 15, 8).

208. Оние блага на царството Божјо, кои се во нас, окото што го сака овој свет - не ги видело, и честољубивото уво не ги слушнало, и на она срце, кое е лишено од Светиот Дух - таквото срце не се издигнало до нив. Tue се залог и потврда, дека таквите блага ќе им бидат дарувани на праведниците во идното Христовото царство. Оној што не се насладува овде со овие плодови на Духот, тој нема да се удостои да се насладува со нив ни таму.

209. Помислите на дејствителните мажи се слични на елени. Зашто, како што тие живеат на планинските врвови, од страв да не бидат уловени; а се спуштаат во низините со желба да се насладат со она што се наоѓа таму; така и оние што не можат да се насладуваат со духовните соѕерцанија непрестајно, поради својата немоќ, секогаш се враќаат кон природниот ред на работите, по потреба да се одморат од нив, зашто тие не можат да ги одморат.

212. Не е толку тешко да ѝ се пресече патот на реката, за да не тече надолу, колку што е тешко да му се попречи стремежот на умот, за да не се влече по видливите работи, туку да се устреми нагоре кон ова што му e сродно, сосредувајќи се во молитвите, иако му е ова својствено по природа, а другото е сосема спротивно на неговата природа.

217. Не така брзо трчи ослободениот пленик кон својата татковина, по долговремената оддалеченост од неа, како што умот човечки, откако ќе се ослободи од страсната приврзаност кон земното и телесното, со голема радост и со силен стремеж се устремува кон нему сродните небесни работи.

   218. Оној што не се моли со внимание, тој е расеан во својата молитва, на него псалмот му е неразбирлив, како да е на друг јазик, а и тој самиот за псалмот - останува туѓ (1. Kop. 14, 17). Демоните од сето тоа си прават подбивање.

219. Не е се едно - дали му е светот распнат на светиот или - тој му е распнат на светот. Зашто за едни, клинци се - постот и бдеењето, а за други - нелакомството и самопонижувањето. Кој ги нема овие вторите, трудовите од првите не му се корисни.

220. Не може чисто да се моли оној, кој ја сака телесната убавина и кој е врзан од страста на честољубието. Зашто страсната приврзеност и суетните помисли таквиот го врзуваат како верига, а кога се моли - тие го симнуваат долу, како што бива и со врзната птица, кога се обидува да се издигне во воздухот.

221. Не може умот да биде мирен за време на молитвата, ако пред тоа не се спријателил со воздржувањето и со љубовта; воздржувањето се труди да го отстрани непријателството на телото против душата, а љубовта - да го отстрани непријателството на душата против ближниот, заради Бога, од што, на крајот доаѓа „Мирот Божји, што надвишува секој ум“ (Филип. 4, 7) и си прави за себе живеалиште во него (сп. Јован 14, 23).

222. Кон делото на правдата на оној, кој се подвизува за да влезе во царството Божјо, неопходно е да има изобилие на добрини: во правење милостиња „од својот вишок“ (Марко 12, 44; Лука 21, 4); и во трудовите, претприемани заради мирот преку истоштување и трпение во Господа.

226. Едни од страстите се телесни, а другите се духовни. Оној што се ослободува од телесните, а за духовните не пројавува никаква грижа, тој е сличен на човек, кој, заради заштита од ѕверовите си направил силна и висока ограда, а на небеските птици со задоволство им дозволува да колват од прекрасните зрели гроздови на духовното лозје.

230. Неможно е да не ги отвориме нашите телесни сетива, како што е неможно и градските врати да не бидат отворени. Но неопходно е да внимаваме - кога ги отвораме за нешто потребно и корисно, да не влезе тогаш низ нив нешто, што ќе им биде од корист на нашите непријатели, па тоа да не стане причина за борба.

234. Многумина се издигнуваат на крст на добротворни страдања и телесни лишувања, но малкумина ги примаат неговите клинци засекогаш. Многумина стануваат робови на доброволната послушност, а доброволно се предаваат на подбивање само оние, кои се откажале од честољубието.

240. Во кого пред сѐ не предходи стравот Божји, нивните помисли биваат збркани; тие се како овци без пастир. А каде стравот Божји претходи и оди заедно со оние што внимаваат на себеси - во нив помислите се во покорност и исправност какви што се овците во трло.

241. Стравот Божји е син на верата; тој се грижи за исполнувањето на Божјите заповеди, како овчарот што ги води своите овци на богато пасиште. - Кој не ја придобил неговата мајка - верата, тој никогаш нема да се удостои да биде овца од Господовото стадо.