Светиот преподобен Теодор Студит

101 - 125 Подвижнички поученија за монаси

101.

Ние сме повикани преку трудови, лишувања и страдања да се очистиме од нашите гревови. Ова е тешко, но затоа ни е ветен вечно блажениот живот. Затоа, да се радуваме на сѐ што нѐ измачува. (2, 24)

Сакам накусо да ви кажам за подвижништвото, во кое сме повикани, со кое ги очистуваме нашите минати гревови и поради кои страдаме секој ден. Зашто навистина нашиот пат е тесен и мачен, според зборовите на Господа, но, бидејќи со него ни е ветен вечниот живот, да се радуваме и да бидеме ревносни со успех да го изодиме, да трчаме, како да сме на натпревар, да го победиме нашиот противник и да го примиме венецот на правдата во судниот ден. Затоа, она што ни е тешко, да го сметаме лесно, непријатното - пријатно, тажното - радосно, она што е поврзано со лишувања - корисно, понижувањето - како чест, навредата - како пофалба, скудноста во потребите - изобилство, кога пиеме вода - како да пиеме вино, а доцното јадење - разновидна храна. Во ова се состои маченичката особеност на нашиот живот и на тоа се утврдува очекувањето и надежта на вечниот блажен живот. Затоа, ве молам, да не се оплакуваме и да не бидеме малодушни: да не гледаме на она што го ожалостува и измачува нашето срце, туку на она, што стои зад сето тоа - што таквиот живот нѐ прави синови Божји, наследници на царството небесно и на блажената бесмртност; да бидеме уште поревносни во овој и ваков живот и непрестајно да се обновуваме во него, додавајќи трудови врз трудови, подвизи врз подвизи, настојувања врз настојувања, послушанија врз послушанија, откажувања врз откажувања од својата волја, молитви врз молитви, бденија врз бденија, богомислие врз богомислие, солзи врз солзи, љубов врз љубов. Еве, ваков е нашиот живот, се разликува од оној што минува брзо и е над него; тој е туѓ и чуден за оние што мудруваат согласно со овој свет, кој се управува според телото и телесното и кој ја претпоставува сегашнината на иднината. Такви сте вие што сте го оставиле светот и тоа што е во него: родителите, браќата, чедата и сѐ што му припаѓа на овој свет; кои сте секогаш готови да живеете во љубовта спрема Бога и затоа - да страдате, да бидете навредувани, измачувани и умртвувани. За сето ова ви се приготвува голема награда на небото: од овој свет вие ќе бидете однесени кај Бога; оставајќи го привремениот живот, ќе прејдете во бескрајниот и вечниот, ако до крајот бидете верни на своето послушание.

102.

1. Во ублажувам затоа што искрено и успешно останувате во подвизите на монашкото општожитие. - 2. Не верувајте им на оние што ве уверуваат дека и насекаде има не малкумина вакви, какви што сте вие. - 3. Нашето прво оружје - е откривање на нашите помисли. - 4. Со него се подобрува секој наш подвижнички труд. (2, 25)

1. Ве ублажувам затоа што во овој род и во овие дни - Го барате Господа, што внимателно ги вардите вашите срца и што верувате, дека вашиот дух е со Бога; ве ублажувам што вашиот живот го живеете искрено, што вистински сте се откажале од светот и навистина сте такви, какви што ве именуваат, зашто навистина сте се разделиле од светот и живеете само со Бога и само на Нему Му служите со вашиот прекрасен живот. Оттука произлегува вашето заедничко живеење, во кое ништо не се нарекува ваша сопственост; оттука произлегува и вашето неповратно одделување од вашите родители и роднини по тело; оттука е и вашата вистинска доверба кон мојата смиреност, која се состои во откривањето на вашите тајни душевни бранувања пред мене; оттука е кај вас широчина - во теснотијата, утеха и веселба - во телесните ваши лишувања. И зошто да говорам повеќе? Оттука доаѓа и славата на вашето живеење и што сите говорат насекаде за вас.

2. Ова ви го говорам без да ве мамам, туку затоа, за да ви напомнам, да живеете утврдени и кротки, на секој начин да се трудите да не паднете од ваквата височина и некако да не ослабне одлуката на вашата слободна волја, на се откажете од послушничките борби или да се разнебитите со развратните софизми и со човечки пофалби, како и со тоа што ве убедуваат дека насекаде има луѓе што се плашат од Бога и што Му служат - уште подобро и од нас. - Зошто се ваквите соблазни? Затоа, „за да се истакнат недостојните меѓу вас“ (1. Кор. 11, 19). И така, држејќи се до она што вие самите сте го одлучиле со силата на својата волја, не бидете немарни во вашата љубов спрема Бога, пројавувајќи ја вашата љубов во вашите добри дела. барајќи го она што е потребно за нашето спасение, зашто ние многу работи и не гледаме; паѓаме, без да знаеме како или дури и не знаеме дека сме згрешиле, како што нѐ уверуваат зборовите на Давида: „Кој може да ги согледа своите грешки?“ (Псал. 18, 12).

3. А сакам да знаете, дека нема поспасоносно лекарства од откривањето на своите помисли, а ова и вие самите го знаете од лично искуство. Тогаш, зошто некои од вас, кога знаат дека Господ ни го дал овој голем дар, кога ова и вакво лекарство е во нашите раце, зошто тие наши браќа доцнат да пристапат кон исповедта и да ги откријат своите помисли, туку се повлекуваат во себеси и се исполнуваат, како со црви, со своите неисповедани помисли? Знајте дека ми е многу жал за вас, без оглед кои и да сте вие, и сочувствувам во вашата немоќ. Зошто, кога веќе го имаме лекарството за вашето оздравување, просветување и развеселување, вие самите му се предавате на спротивното? Бог гледа сѐ, зашто „нема создание сокриено од Бога; туку сѐ е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме“ (Евр. 4, 3). А, освен тоа, јас сум должен да ве познавам; затоа имам потреба моите духовни чеда да бидат отворени пред мене, за да можам да ги познаам нив, а и тие - да ме познаат мене.

4. И, еве, токму ова е духовното роднинство: вистинската послушност, безгрижното чекорење, слатката молитва, непрекинливото напредување и издигнување кон совршенството. Добра е скрушената солза, која истекува од очите, добро е претрпувањето на тешкотиите, добра е зафатеноста со рачната работа, добро е внимателното слушање на четивата, а добро е - кога не брзаме во говорот, и кога разговараме без да се смееме, добра е умерената воздржливост, добро е да си спомнуваме за смртта и настојувањето да им подражаваме на светиите во нивниот начин на живеење, добро е да бегаме од страстната охолост и да ја имаме божествената смирена мудрост, но најдобро од сето ова е безмилосното себеоткривање и исповедта на помислите. Светиот апостол говори: „Сѐ испитувајте, за доброто држете се“ (1.Сол. 5, 20).

103.

1. Мислите и чувствата, зборовите и делата во светот се сосема поинакви од оние, што ги имаме ние; ние сите нив ги имаме така, како да се наоѓаме во рајот. - 2. Ова ни го дал така Бог: во нас е сѐ што е и внатре и надвор - да биде поинакво од она што е во светот. - 3. Сепак, треба да се пазиме да не се покажеме полоши и од оние во светот. (2, 26)

1. Слава Му на Бога што нѐ избрал уште од утробата на нашата мајка за ова свето призвание! Да Му благодариме на Господа што нѐ повикал за овој блажен и прекрасен монашки начин на живеење! - Нам ни е дадено, иако се чини многу смело кога го велиме ова, но ова не е далеку од вистината, да ги разбираме тајните на царството небесно повеќе отколку оние што се во овој свет, од кои многумина гледаат, а не видат: не ја гледаат вистината за животот таква каква што е. Зашто, гледајте, какви се нивните разбирања и стремежи: тие ги сметаат за среќа богатството и преодната слава, им се радуваат на задоволствата и на насладите, се восхитуваат со благоволните мириси, со меките облеки, со скапоцените камења, со прекрасните живеалишта, со градините, шумите, како и со други суетни работи: сакаат да се смеат, да танцуваат, да се здебелуваат, како животни што се подготвувани за колење, а прават и многу други работи, за кои е подобро и да не говориме, како и за тоа какви последици настануваат од сето ова: работи, кои всушност не се добри, а тие се восхитуваат со нив и ги фалат и се фалат со нив. Тие им се радуваат на овие срамни и лоши работи. Сето тоа всушност е ништожно и достојно за презир во очите на оние, кои „го распнаа телото свое заедно со страстите свои и похотите“ (Гал. 5, 24), а такви сте и вие во Господа Исуса Христа, според зборовите на светиот апостол, зашто и вие сте го распнале своето тело. Ние имаме други желби и кон други работи се нашите расположби. Ние се трудиме да го придобиеме оној блажен живот, каков што бил во рајот на сладоста, откаде што сме биле изгонети. Затоа и избираме сличен начин на живеење, близок на првобитниот, се одделуваме од лажливиот свет и приоѓаме кон Бога, откако сме ја соблекле од себе животната темнина и сме се облекле во духовна светлина; сме се откажале од сѐ и сме станале господари на сѐ.

2. О, призвание големо и прекрасно! Кој нѐ одвоил од телото и од крвта, од родителите, и од роднините, од животните обичаи и од сѐ што е во овој свет? Кој нѐ убедил да им се предадеме како робови на игумените и на духовните оци и да ги прифатиме аскетскиот подвиг на воздржувањето, бдеењата и спиењето на гола земја? Кој нѐ просветил, за да можеме да ги гледаме работите на овој свет, а да не се расејуваме и да не се повлекуваме по нив, да не ги сметаме за нешто големо ни златото, ни среброто, ни убавината, ни световниот раскош, па дури ни самата царска круна и порфирна облека, туку, напротив, да сметаме, дека почесно и поголемо е да се облекуваме во овие наши скромни облеки и со нив да се величаме, отколку и со најскапоцени наметки? Кој ни дал сила да избегаме од сѐ што е телесно и материјално и да се соединиме со еден повозвишен начин на живеење, да живееме слично како ангелите - преку девственоста да живееме чисти и негниежливи? Ете, со ова се фалиме ние! Сето ова ни го подарил Бог затоа што сме Го засакале и затоа што сме ги засакале идните блага: непристапната светлина, вечната слава, царството небесно, богатството што не пропаѓа и сѐ што ни е ветено преку ангелите и светите оци - сите неискажливи ветувања.

3. Бидејќи е ова така, да гледаме и добро да внимаваме, за да не се вратиме кон спротивното и потоа да не се покажеме дури и полоши од оние што живеат во светот. Затоа, да се трудиме да се очистуваме сѐ повеќе и да се утврдуваме во девственоста, да се трудиме и со умот и со срцето - да не му правиме задоволство на демонот. Збор со збор се предизвикува, поглед со поглед се привлекува, мрзливоста води кон уште поголема мрзливост, малку по малку сме совладувани од неа, стануваме слични на ноќни гаврани и сами ја раѓаме смртта гревовна. Не така, чеда мои, не така, ве молам. Пазете се еден од друг, зашто од ближниот е и животот и смртта. Само една мала невнимателност и безгрижност - и не сме далеку од бездната на гревот. Затоа, бидете внимателни и гледајте, и вие помалите и вие поголемите и вие што раководите и вие што сте раководени. Ако бидеме овде понижувани, таму ќе бидеме поблажени! За некого е речено, дека би било подобро „ако не беше се родил“ (Матеј 26, 24). Но, доволно за ова. - И ова што го реков, не го реков за да ве нажалам, туку за да ве предупредам - да го одбегнете идниот меч на гревот.

104.

1. Моја должност е да говорам, а ваша е - да ме слушате. - 2. Вие ме почитувате со вашите усти, а срцето ваше е далеку од мене: кога ви реков дека треба да ги ограничуваме нашите потреби и кога ги кажав причините за тоа, вие се помиривте со таквата положба, а потоа почнавте да мрморите, особено затоа што многумина се примани во нашиот манастир. - 3. Еве, ова и ви го објаснувам: Бог е нашиот хранител. Он ќе ни помогне. - 4. Не мрморете: инаку, и вие, слично на Израилците, кои мрмореле во пустината и затоа не влегле во ветената земја, ни вие нема да влезете во царството Божјо. - 5. Каде и кога имало нешто слично кај нашите оци? Напротив, тие сѐ претрпувале, а не се откажувале и повеќе да претрпат. - 6. И вие, кога дојдовте овде, дојдовте без ништо, а зошто сега не сакате да бидете милостиви спрема другите? Ни кучињата, кои умираат од глад, не ги прогонуваат, а вие зошто ги прогонувате оние, за кои Христос умрел? - 7. Зар не ветивте дека ќе трпите сѐ со мене, а што е ова што го правите сега? Или заборавивте дека страдањето е наш дел? - 8. Покајте се, а јас не се менувам; во овие работи и вие сте учесници, зашто сите сме едно. - 9. Спомнете си колкупати Бог нѐ избавувал од неволја? А Зошто да се плашиме, ако го правиме она што е според заповедите? (2, 30)

1. Моја работа и мој подвиг е: да ви говорам неуморно, да ви напомнувам за она што сте должни да го правите и да ве утешувам во поднесувањето на вашиот добар живот, кој е според Божјата волја. Ако пастирите на неразумното стадо, по неопходност, прифаќаат да не спијат и да се грижат за стадото што им е доверено, да го водат на пасење и да го појат, тогаш колку поголема обврска имам јас, кој, иако недостоен и грешен, сум добил од Бога задолжение да началствувам над вас, Христовите духовни овци, да ве набљудувам со моето духовно око и, како со кавал, да ви ги предавам моите зборови, да ве поучувам, да ви укажувам на она што е потребно и корисно и да ве претпазувам од лошото и погубното. Но, ако јас имам ваква обврска, тогаш и вам не ви е дозволено да се однесувате немарно спрема мене и спрема моите зборови, туку сте должни со внимание да ги слушате моите пастирски зборови и мојот пастирски глас. Господ говори: „Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам: и тие одат по Мене, а по туѓ човек не одат, туку бегаат од него, оти гласот на туѓиот не го познаваат“ (Јован 10, 27, 5). Овие зборови се однесуваат и на мене и на вас.

2. Но, зошто го направив овој предговор? Затоа за да ви бидат тешки зборовите што сакам да ви ги кажам, дека некои од вас ме почитуваат со својата уста, а срцето нивно е далеку од мене. А сега ќе ви објаснам зошто. - Кај нас настана немаштија и тешкотија околу задоволувањето на нашите потреби, што настана поради неколкуте изминати неродни години, како и поради зголемениот број на оние, кои Бог ги испраќа од разбрануваното море на животот во тивкото пристаниште на нашиот манастир за спасение, како и поради сѐ поголем број посетители и на оние што бараат привремено да ги сместиме кај нас, затоа што се наоѓаме во овој наш царски град. Јас веќе ви говорев за сето ова, говорев за големата загриженост што ме измачува - за тоа како ќе успееме да ги задоволиме нашите потреби во текот на оваа година, па затоа, ве молев, да бидете поусрдни во работата и да го зголемите производството на вашата рачна работа, да работите повеќе отколку досега, напомнувајќи ви, притоа, дека ние, што го бараме царството небесно, сме должни да одиме по тесниот и мачниот пат, на кој нѐ среќаваат неволји и страдања, глад и жед, тешкотии и пот, недооблеченост и сиромаштија, како и многу други мачни работи, додавајќи дека Бог често ни испраќа мали искушенија, за да провери колкава е нашата љубов спрема Него и дали доброволно ги поднесуваме тешкотиите, што нѐ снаоѓаат. - Вие тогаш се покажавте такви, какви што треба секогаш да бидете, и ги оправдавте моите очекувања. Но, бидејќи тогаш вашето срце уште не било вистински свртено кон Бога, вие тогаш Му благодаревте само со вашата уста, а набргу потоа почнавте да мрморите кога настанаа тешкотиите, па се дигнавте не против Мојсеја, туку против мене грешниот и почнавте да говорите; „Зошто ги прима во манастирот толку нови искушеници, кога не може да ги исхрани? Има ли потреба од тоа? Кој го приморува да собира вакво големо мнозинство?“

3. Еве, на овие зборови треба да одговорам и да ја објавам Божјата правда, да укажам на Божјиот меч, кој е насочен против таквите, за да не биде барана крвта на грешните и нивната пропаст од мене. - Прво, тие, бидејќи не се вистински мои синови, го кажале она, што нема ништо заедничко со мене. Тие велат: „Зошто тој ги прима?“ А, ако беа вистински мои чеда, тие ќе речеа: „Зошто ги примаме?“ - И со тоа немаше да се исклучат од општењето со мене. - Потоа, дури и, ако кажеа вака, тие пак ќе беа виновни и достојни за казна, зашто, како што се пее во псалмите: „Па го нападнаа Бога велејќи: Може ли Бог да приготви трпеза во пустина?“ Ете, Он удри во карпата - и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Он да му даде и леб, може ли да му приготви трпеза на Својот народ?“ (Псал. 77, 19-20) - за такво мнозинство? Зар јас ја снабдувам храната? Зар јас ги давам плодовите и ги полнам житниците? И зар јас самиот самоволно ги примам оние што доаѓаат и го умножувам братството? Зар Самиот Господ Бог не е хранител на светот? Он, Кој „ти ја отвори раката Твоја и исполнуваш сѐ што е живо со сите негови потреби?“ (Псал. 144, 16). Зар Он самиот не говори: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6, 33). Зар Он Самиот не ги охрабрувал малодушните, велејќи им: „Погледајте ги птиците небесни дека ни сеат, ни жнеат, ниту во амбар собираат: и вашиот Отец небесен ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив, маловерни?“ (Матеј 6, 26; Лука 12, 28)... А потоа нѐ поучува преку мудриот Исус син Сирахов, велејќи: „Погледајте ги поранешните поколенија и видете: дали се посрамил некој што верувал во Господа? Дали некој живеел во Неговиот страв, а бил изоставен? И дали некогаш бил презрен оној, што барал помош од Него?“ (Мудр. Сир. 2, 10). И пак, преку Светото евангелие, ни ветува: „Кој доаѓа при Мене, нема да го испадам надвор“ (Јован 6, 37). И зар Он не ни заповеда, велејќи: „Оставете ги децата да доаѓаат при Мене, и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо“ (Лука 18, 16)? Има уште многу други места во Светото Писмо, кои ги потврдуваат овие вистини. Тогаш зошто станувате против мене бедниот и со јазикот безумно говорите?

4. Вие, како што се гледа, сте слични на Израилците, зашто ако бевте избавени од рацете на невидливиот фараон, од тешкото правење на тули во робувањето на страстите, од мрачната светска суета, а потоа, минувајќи низ пустината на тешкото подвижничко живеење, кога ве сретнале тешки маки, не сте Му благодареле на Бога и не сте Го прославиле, не сте поверувале дека тешките искушенија ве снашле според Божјата промисла, туку сте почнале да мрморите и да говорите: „Подобро ќе ни беше, ако умревме во Египет“, а притоа си спомнувавте за котлите во Египет, а под тоа си спомнувал секоја за она, со што најмногу се насладувал во светот. Но, вие знаете, дека тогаш пострадале оние што мрмореле така: никој од нив не се удостоил да влезе во ветената земја: нивните коски останале во пустината. Се плашам чеда, и ние да не пострадаме така, зашто и ние го правиме она што го направиле тие. Но, тогаш било детството на скинијата и на законот, а сега е совршенството на благодатта и на Христовата вистина. И ова што го правиме, не го направиле мирјани, туку ние, кои сме се устремиле кон висините на ангелското живеење.

5. Каде и кога кај нашите преподобни оци се појавило вакво мрморење? Или кога и кого тие од оние што сакале да се спасуваат во нивните манастири, одбиле да го примат затоа што биле скудни и што не можеле да ги задоволат неговите телесни потреби? Зар нивната порта не била секогаш отворена, не само за оние што сакале да се откажат од светот, туку и за секој сиромав, кој имал потреба од закрила и помош? Зар не оставиле тие и особени заветни пораки за тоа како да се постапува и по нивната смрт? Познато ви е каква била заповедта на нашето големо светило свети Ефтимиј Велики. Исто така, сте читале какво било становиштето по ова прашање на нашите секогаш споменувани оци Сава и Теодосиј Велики и на преблажениот Пахомиј, дали се случила кај нив немаштија? Не еднаш и, притоа, тие немаштии не биле мали. На пример, кај еден од нив на Велигден во манастирот недостасувало и она што било потребно и за извршувањето на светата Литургија? А и кај други од големите монашки општожитија се случувала не еднаш и не мала немаштија. На тој начин, кај сите нив имало наизменично и големи изобилства и големи немаштии, но и во едниот и во другиот случај тие Му благодареле на Бога и добродушно ја поднесувале немаштијата. Заедно со големите настојатели учествувале еднодушно и нивните духовни чеда, а тоа им причинувало и радост и веселба. А оние што не се такви, како тогаш, така и сега, потпаѓаат под клетва и загинуваат. Затоа, чеда мои, треба да внимаваме.

6. А и вие што мрморите, спомнете си, дека и вие она што го имате - не е плод на вашите трудови, и дека кога дојдовте овде - ништо не донесовте со себе. И тогаш, затоа што ве примивме во манастирот и не ве вративме, вие Му благодаревте на Господа. Тогаш како неразумни, сега не сакате на другите да им биде дадено она, што тогаш ви било дадено вам, и она што тогаш сте го примиле, како дар, не сакате да им го дадете сега и на други? Вие немате љубов и сочувство спрема своите ближни. И неразумните кучиња, кога умираат од глад, ако имаме сочувство и ги нахраниме, и тогаш би биле достојни за пофалба. Зашто е напишано: „Праведниот се грижи и за животот на добитокот свој, а срцето на грешникот е жестоко“ (Изрек. 12, 10). Па зар можеме да одбиеме да не ги примиме разумните луѓе, со кои имаме заедничка природа, браќата наши, кои ни се молат да ги воведеме во нашето пристаниште, откако претрпеле бродолом и да ги спасиме од крајна неволја, нив, за кои умрел нашиот Господ Исус Христос? - Но, за ова и не помислуваат нашите неразумни браќа.

7. Зар не ветивте дека ќе умрете заедно со мене за името на Господа? А сега, при мала притеснетост и немаштија, кога не можете да ги задоволите сите ваши потреби, се откажувате од мене и се повлекувате. Зошто не барате од мене - ниеден од сиромасите, кои доаѓаат кај мене, да не си отиде ненахранет, ненапоен и да не остане без она што го бара? Но, вие сакате само вие да се наситувате и да се пренаситувате, да јадете риба и да пиете вино, и не по две или три чаши, туку и со повеќе, што е забрането од оците. И на вас се обистинува реченото: никој не може да им служи на двајца господари, односно - не може истовремено да им служи на чревоугодието и љубовта спрема Бога. Но, о неразумни и нечувствителни, да го разберете она, што ни го заповедал нашиот Спасител, а што и јас непрестајно ви го напомнувам, дека е потребно вака да страдаме и дека преку многу маки треба да влеземе во царството небесно.

8. Затоа, покајте се, зашто многу и премногу згрешивте пред Господа. - Јас нема да се откажам и нема да се изменам, туку како што сум започнал, така и ќе продолжам: со радост и со топло срце ќе го примам секој што доаѓа, но не го правам ова само јас, туку и Бог Кој ми заповедал да го правам ова, а и вие самите заедно со мене, зашто сите ние сме едно. Сите вие дејствувате заедно со мене - кога јас го облекувам необлечениот, го стоплувам измрзнатиот, кога го обувам босиот, кога бездомниот го воведувам во дом, кога гладниот - го нахранувам и кога жедниот го напојувам, а сето ова го правиме во името на Господа Исуса Христа, вистинскиот наш Бог, Кој се дал Себеси за нашето искупување од гревовите, верувајќи во вистинитоста на она што ни е ветено од Бога, Кој вели: „Господ не допушта да гладува душата на праведникот, но на безбожниците го одзема“ (Изрек. 10, 3); такви се душите на вас што не мрморите, зашто јас не ве обвинувам сите, не ги обвинувам оние што се радуваат на исполнувањето на Божјите заповеди и на умножувањето на нашето братство, оние што трпеливо ги поднесуваат Божјите искушенија, оние што се откажуваат од сѐ и се готови дури и да умрат за Божјото дело.

9. Погледнете, пак се обраќам кон вас ненакажаните, колкупати Бог нѐ избавил и од крајни неволји? И со какви добрини нѐ удостојувал Бог, по молитвите на мојот и вашиот духовен отец? - Зар Он не ни дава и жито и вино во време на суша? Не поттикнувал ли Он добри луѓе и не ги отворал ли нивните житници за да нѐ прехрани нас? Зар не ни испраќаат од селата, островите и градовите - мед, маслинки, сирење, покривачи, облека, злато од епископи, началници и од оние кои се облечени во порфир? Да ви прости Господ и да ви помогне да бидете посилни во иднина, така што, да претрпувате и да поднесувате сѐ заедно со останатите браќа, со кои да се удостоите да ги примите и вие венците на правдата.

105.

1. Времето сега е лажливо: пролет е; држете го своето тело во вашите раце. - 2. Мерката за тоа колку треба да се пие вино и колку да се јаде. - 3. За воздржувањето Бог наградува со небесните блага, споредено со кои, земните блага и не се никакви блага. - 4. Гледајте ги добродетелните околу себе, гледајте и кон небото, и сѐ ќе можете да поднесете. (2, 31)

1. Доброто се придобива со труд, но тоа бива лесно одземано од невнимателните; и она што е придобиено во текот на долго време, може да биде загубено во кратковремена невнимателност. Особено внимавајте на себеси во овие пролетни денови, кога телото е подвижно и кога плотта, која е земна, бара да дејствува земно. Земјата, кога ја ѓубрат, дава голем плод; и телото кога го храниме изобилно - се гои и ги засилува страстите, кои се скриени во него. Затоа, држете го цврсто во своите раце и притеснувајте го, според зборовите на апостолот: „Грижата за телото не претворајте ја во похоти“ (Рим. 13, 14), туку давајте му го потребното во разумна мерка и трудете се да живеете духовно.

2. Да имате мерка и на јадењето и на пиењето вино. Вино земајте само во празничните денови за радост, како и тогаш кога сте преуморени од тешка работа, кога сте болни и кога треба да одите на далечен пат, а во други пригоди треба да се задоволувате со една до две чаши, зашто ви е познато што се говори за ова во отечникот. А што се однесува за храната, ви ги наведувам зборовите на апостолот: „Храната е за стомакот, а стомакот - за храната; но Бог и неа и него ќе ги уништи“ (1. Кор. 6, 13). Ова не го говорам, за да ве одвратам сосема од нив, но желбата моја е да јадете и да пиете благообразно и разумно - спасоносно за душата и закрепнувачко за телото, за да ги извршувате работите, со кои сте задолжени.

3. Зар не знаете дека за ваквото воздржување и лишување од задоволствата на овој свет, од јадење месо и пиење вино, од бањање и од други слични задоволства - ви се приготвува божествениот рај, во кој се дрвото на животот и водата на бесмртноста, насладата од Светиот Дух и неискажливата убавина на вечните блага? За вас таму се исполнува сокровиштето на спокојот и на вечната радост. Уште сосема малку ви останува да пристигнете таму низ вратата на смртта; тогаш таму ќе почнете ненаситно и да јадете и да пиете. А овде, ако ги земеме благата, какви што се во царските дворци, и тие не се сладост, туку - храна за црвите, храна што не е корисна, туку е штетна на животот; насладувањето со неа не е радост, туку е жалост; кога ја имаме оваа храна, тоа е всушност лишување, а наследството нејзино е суета, како што рекол Соломон, кој изобилно се насладувал со задоволствата на овој свет.

4. Ваша пријателка е воздржливоста, сопруга ваша е послушноста, ќерки ви се - непорочноста, девственоста и милостињата, а свештени ќерки ви се - скрушеноста и смиреноста. Погледнете горе кон небото и ќе видите каде е нашето живеалиште, каде е нашата глава и каде е Отецот на сите нас - Господ Исус Христос, каде е градот наш - горниот Ерусалим. Навистина, ако претрпите сѐ, ќе победите: ако бидете задоволни со она што го имате, ќе се овенчате со небесна слава; и ако го завршите животот во ваква состојба, пред вас ќе се отворат вратите на царството небесно.

106.

1. Да трпиме и со надеж оти ќе го добиеме вечното блаженство, според зборовите и примерот на светиот апостол Павле. - 2. Зашто и ние, како и тој, секој миг имаме нешто, што треба да го претрпиме. - 3. И, ако го претрпуваме сето тоа, Божјиот благослов ќе биде на нас. (2, 32)

1. Трудете се и подвизувајте се, а на неволјите што ги имате во вашиот живот во Христа, не гледајте како на нешто туѓо и необично, како што ви се случува против вашите очекувања. Зар, тогаш кога дојдовте од светот овде, не изјавивте пред Бога и пред избраните од Него ангели, дека спокојно ќе ги претрпувате секоја неволја и секоја тешкотија, заради царството небесно - и глад, и жед, и студ, и недооблеченост, и навредувања и понижувања, како и сите други подвижнички тешкотии? Подобро е на сето тоа воопшто и да не обрнувате внимание, туку да трпите и да го гледате блажениот крај. А кој е тој крај? - Тој крај е наследството на царството Божјо, радоста со вечните блага, вкусувањето на бесмртноста, бесконечниот блажен живот, посиновувањето, рајските сладости и секоја друга радост. Навистина, светиот апостол Павле со право говори: „Страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас“ (Рим. 8, 18). Тој тогаш одел по целиот свет, како меѓу лавови и тигри, напаѓан и измачуван од неверните, во глад и жед, во деноноќни трудови, работејќи со своите раце, за никому да не му биде товар, туку со својата работа придобивал сѐ што му било потребно и нему и на оние што биле со него.

2. Ако и ние во околностите, во кои се наоѓаме, Му благодариме на Бога и трпеливо поднесуваме сѐ, блазе нам, зашто и ние нема да бидеме лишени од таквата чест. А, ако се покажеме малодушни, и незадоволни, ако мрмориме, тогаш, што можеме да имаме заедничко со оние, кои се бореле против гревот дури и до пролевањето на својата крв? И нема ли тогаш да се покажеме достојни за секаков срам, - кога не сме во состојба да претрпиме и најмали непријатности спокојно и како што треба? Сакам да кажам: да пројавуваме непоречна послушност, работење без мрморење, негорделиво услужување, разумно молчење и говорење, послушно примање на ново, место старото послушание, кое одговара на нашето внимание и на нашите усилби, на откажувањето од сопствената волја, на благородното прифаќање на наложената епитимија, упорното стоење за време пеењето на псалмите и за време на молитвата, дневна и ноќна, трпеливото стихословие и прочитувањето на одредени псалми.

3. Сето ова, како и многу други работи, кои и не можеме да ги наброиме, - ако ги примаме доброволно и со задоволство, ако ги претрпуваме и извршуваме, тогаш нашиот живот ќе биде прекрасен, и тогаш Бог на Кого ќе Му угодуваме, ќе нѐ гледа со голема милост и ќе нѐ благословува. - Да не си дозволуваме да отстапиме од таквиот живот, па макар било потребно секој ден да умираме за тоа, да го примаме и тоа со радост, како што говори апостолот: „Никому никаков повод не даваме, за да не се напаѓа на нашата служба“ (2. Кор. 6, 3).

107.

1. Сега е Четириестницата; секој нека живее според тоа што го бара таа од нас. - 2. Од нас се бара само умртвување на телото, не се бараат само телесни подвизи, туку се бара откажување од сѐ што е лошо и од својата волја: се бара смирение и послушност. (2, 33)

1. Сега, е, како што гледате, светата Четириестница, која бара од нас духовни подвизи, многу повеќе отколку што се бара тоа во обичните денови, се бара од нас поусрдна готовност за секое добро, добродушност, храброст, трудољубие, трпение, молитва - устремена кон небото, солзно умиление, скрушена смиреност на срцето, умерено воздржување не само од јадење и пиење, но и од завист, омраза, гнев, страстност, мрморење, гордост, и страста што го мрази доброто. Погледнете се повнимателно, очистете се од секој грев и од секое зло и станете избрани садови и оргулја богогласна, движени од Светиот Дух. Кон ова нѐ повикува времето, низ кое минуваме, а тоа е токму и смислата на постот.

2. Никој од вас да не ми говори: јас пеам и стихословувам толку и толку, толку у толку се молам, јадам сосема малку, малку пијам, спијам седејќи и тоа сосема малку, правам толку и толку коленопреклонувања, ги издигнувам моите раце кон небото со часови. Се разбира, добро е и сето ова што го правиш, но кажи ми дали е уништено твоето мудрување, дали е скрушен твојот дух, дали си се откажал од твојата волја: за да бидеш секогаш послушен, никогаш да не противречиш и да не мрмориш, да не спориш, на братот твој да не му завидуваш, да не говориш празни зборови: зошто е нешто така како што е; зошто е еден во една, а друг - во поинаква положба; ова може да го ожесточи твоето срце, да го оѕвери твоето лице и да те тера од сокровиштето на твоето срце да изнесуваш не добро, туку зло - борови на неверување и соблазни, кои можат и оние што ги слушаат да ги урнат во бездната на пропаста. Не се вакви делата на постот и на воздржувањето. Но, ако некој има во себеси дејство на смиреност и скрушеност, тогаш и со овие две добродетели, како со две крила, ќе може да се издигне на небо и да разговара со Бога.

108.

1. Да не си дозволиме да станеме мрзливи, зашто ние работиме за Бога, Кој и ќе нѐ награди според нашата усрдност и ревност. - 2. При ова, да се трудиме да го пазиме и целото устројство на нашиот живот, и внатрешен и надворешен, во совршенство. - 3. Бидете храбри: Го имаме Бога за помошник, како и Пресвета Богородица и Божјите светии, особено нашите - свети Јован Претеча и свети апостол и евангелист Јован Богослов, на кои им е посветен нашиот манастир. - 4. Да се воздржуваме од лоши разговори, а да говориме само за она што е корисно за душата. (2, 34)

1. Внимавајте срцата ваши да не отежнат од очајание, раслабеност и од неумесни помисли, за да не настане од ова-  внатрешно паѓање во душата, туку со младешка бодрост и ревност, да се трудиме да го проживееме заедно и она малку што ни останува од нашиот кус земен живот, кој напрестајно се намалува, така што, да можеме, по своите добри подвизи, светите трудови и пречесните добродетели, да преминеме од овој - во идниот живот и да се удостоиме да го добиеме вечниот венец на правдата од дародавецот - Бога. Затоа, секој треба да внимава како ја извршува својата служба; да Му служи така на Господа сѐ до својата старост, како да е во Негово присуство, па да не Му служи мрзливо и неискрено, знаејќи дека преку тоа не навредува човек, туку Самиот Бог, на Кого Му е посветено нашето служење. А што сме овде ние, ако не робови, како и вие, кои сме должни да ви напомнуваме за заповедите на Господа? Зашто и оние што ги извршуваат и оние што не ги извршуваат, не се виновни пред нас и не ни угодуваат на нас, туку на благиот Бог и Господ Кој ги дал заповедите. Па затоа, дали некој препишува книги, или служи, или ора, или работи во градината, или работи некоја друга работа, сето тоа да го работи како да работи своја работа, како пред лицето на Самиот Бог, употребувајќи ги сите свои сили и својата усрдност.

2. Јазикот наш треба да го пазиме од изговарања на празни зборови, очите наши - од гледање на неподобни работи, срцето наше да го запазуваме од нечисти помисли, а сите чувства - да ги скротуваме со стравот Божји; еден со друг треба да се однесуваме со смирена мудрост, взаемно да се обраќаме со здружена љубов; да водиме прилични разговори, да го гледаме она што е корисно, да го слушаме доброто, да бидеме скромни во допирот со другите, да мислиме за божествените работи, за да можеме така, радувајќи се и сорадувајќи се, да ги извршуваме Божјите заповеди и на тој начин спасително да го завршиме нашиот живот на земјава.

3. Бидете храбри, наш помошник и закрилник во животот е Бог; ја имаме и крепката закрила на Пресвета Богородица, како и молитвите на нашите манастирски закрилници, големите светии свети Јован Претеча и свети Јован Богослов. Но „ако е Бог со нас, кој ќе е против нас?“ (Рим. 8, 31). А псалмопејачот вели: „Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се бојам? Господ е крепост на мојот живот, од кого да се плашам?“ (Псал. 26, 1). А, ако ги имаме за помошници Пресвета Богородица и светиите, кој ќе може да нѐ победи? - Никој и никогаш, туку и демоните ќе стојат далеку од нас, и луѓето ќе нѐ фалат, непријателите ќе се обезумуваат и никој не ќе може да се одржи против нас. А, ако не бидеме вакви, тогаш со нас ќе биде сѐ поинаку.

4. Затоа треба да се пазиме од секое зло, особено ние што живееме во ваква света манастирска заедница. Да се воздржуваме од разговори за работи што ни се туѓи нам. На нас ни е несвојствено да разговараме и за цареви и за началници, како и да се распрашуваме за работи, кои немаат врска со нашиот живот. Премудриот Исус син Сирахов вели: „Размислувај за она што ти е заповедано; не се занимавај со она што е сокриено од тебе“ (Мудр. Сир. 3, 22). Ние имаме други грижи, а поинакви треба да бидат нашите разговори. Световните луѓе разговараат за световни работи, за работите на земниот живот, а ние треба да разговараме за нашиот Бог и Спасител, за она што е корисно за нашата душа, за животот на нашите преподобни оци, за смртта, за одвојувањето на душата од телото и преминувањето во другиот живот, за среќавањето со Божјите ангели, за одговорот пред Божјиот престол, за праведното наградување и за царството небесно. Кога разговараме за овие работи, ние се просветуваме ангелски, а и мирјаните ги просветуваме, ако се случат во нашата средина. А, ако водиме празни разговори, и ние самите претрпуваме штета, а сме изложувани на подбивање и осудување. Затоа, пазете се отсега од празни и непотребни разговори, туку грижете се за она што е добро, а со тоа разгорувајте ја вашата ревност, за да Му угодувате на Бога; бидете секогаш готови и да умрете за Неговата вистина. А и ваквите ваши одлуки Бог ќе ги прими како дела и во оној ден ќе ве украси со маченички венци.

109.

1. Силно и со ревност барајте го она што не е земно. Бог ќе ве благослови. Ако живеете вака, ќе преуспевате, зашто така живееле сите наши оци. - 2. Пак прекор на оние што крадат - мали работи. (2, 35)

1. Еден избира едно, а друг избира друго за предмет на своето сакање: еден бара власт, друг - слава, трет – богатство - многу куќи, слуги, ниви и многу световни задоволства. А вие сте оставиле сѐ и сте се преселиле во сосема поинаков свет со сета своја душа: го барате небесниот свет и со срцето свое во него живеете и само за него и се грижите и се трудите. Ништо друго вас не ве интересира и за ништо друго не се грижите, освен за вашето потполно очистување од страстите, како и за тоа да придобиете: чисто срце, скрушено и смирено, непрестајна молитва, постојана грижа за душата, скрушеност со солзи, потполна незагриженост за своите родители, роднини и пријатели! - Ете, ваква е Божјата волја за нас! И јас гледам како секој од нас настојува, се подвизува и се самопринудува да се ослободи од страстите, кои го измачуваат, за, со сета своја душа, секогаш да биде со Бога. Ако и вие останете во ваквиот маченички подвиг, тогаш Христос Бог ќе ви даде сила и крепост да ги одбивате од себе секаквите страсни и сатански противставувања и успешно да го завршите овој преблажен подвиг, како што им помагал и порано на светите и богоносни наши оци. Зар тие, кои, исто, така биле облечени во тело и биле страстни, како што сме и ние, го минале овој живот без трудови и подвизи? - Не, никако, туку претрпреле и страдале на најразлични начини, и победувале со помош на послушноста и смирението, како и преку воздржувањето и преку сите други добродетели, потчинувајќи го своето тело на духот, се издигнале во својот живот и го придобиле она, со што се прославиле. Да си спомнеме за добрините и за добродетелите на сеподобниот наш отец Сава Освештени - за да се поучиме. Знаете дека, кога бил послушник, тој бил извонредно многу послушен, брз, услужлив; ги примал најпоследните послушанија и се радувал како да прави нешто славно; се трудел дење и ноќе, носел вода и дрва, прв доаѓал кога се пееле псалмите, а последен си одел. За него се напишани и многу други работи, за кои ние сега нема сите да ги набројуваме. Чеда, да се угледаме на него, зашто ова не е неможно; да се угледаме едни на едно, а други на друго„ да си помагаме еден на друг и да се натпреваруваме, но, при сето тоа, да се пазиме ништо да не правиме според нашата волја, па дури не и она, што ни се чини дека е добро, без да го прашуваме духовниот отец за сѐ.

2. Не можам да премолчам за една работа, за која не знам како можат да ја прават некои меѓу вас, кои го презираат редот, нешто што е достојно за прекор; тоа се малите кражби, кои се случуваат меѓу нас. На пример, некој си ги остава во ќелијата, или приборот за пишување или нешто друго од својата рачна работа, и излегува за кратко или долго време, а кога се враќа не го наоѓа она што го оставил. Оваа работа е потполно ѓаволска, одвратна и недостојна за нашето братство. Од ова можат да се појават сомневања, огорчувања, па дури и непријателства, веројатно повеќе против невините, отколку против виновните. Чујте, крадци, што говори за вас блажениот апостол Павле: „Крадците и грабачите нема да го наследат царството Божјо“ (1. Кор. 6, 10). Апостолот рекол „грабачи „, не додал: ни сребро, злато, скапоцена облека, туку мислел на присвојување на нешто што е туѓо: крадецот кога украде и најмала и најбезвредна работа, тој е крадец, а речено е дека тој нема да го наследи царството Божјо. Слушате ли вие, крадци и грабачи. - Ве молам, престанете да го крадете она што е туѓо: конец, игла, пера, бокал, чаши, ношчиња, појаси и други слични мали работи, зашто сите што го прават ова, повторувам, нема да го наследат царството Божјо. - Или вие не се плашите од зборовите на апостолот? Зар јас бедниот сум оној што ве заплашувам? Затоа, ве молам, да живееме според нашето призвание: чисто, преподобно и праведно, оддалечувајќи се од спомнатиот порок, за да бидеме наследници на вечните блага.

110.

1. Бидејќи живееме заедно, доброто од едниот преминува на другиот, преминува на сите, и доброто на сите - преминува на секого. - 2. Да не бидеме мрзливи и да не сакаме да се одликуваме од другите, туку да живееме како што живеат сите во општожитието; да се трудиме да се воздржуваме од злото и да бидеме ревносни во извршувањето на доброто. - 3. Она што го правиме и што го доживуваме, настанува и минува; не се чувствува веќе; останува само внатре во нас, а ќе се покаже јавно во денот на судот - за наше оправдување или осудување. (2, 37)

1. Секој има свој дар, како што е напишано: еден едно, друг - друго. Но вие, браќа, сте врзани со сојузот на љубовта, а со силата на оваа љубов, взаемно ги извршувате трудовите и добродетелите. На пример, ти трпеливо го поднесуваш понижувањето, друг се одликува со трудољубивост, трет е совршен во молчењето, четвртиот - се одликува со послушност, а, бидејќи живеете заедно, секој од вас го има и она што му припаѓа на другиот: вашето добро минува взаемно од еден на сите и обратно - од сите - на секого поодделно. Затоа, радувајте се еден на друг, радувајте се едни на други. Секој да напредува во дарбината што ја има, да бега од суетата, а добродетелта на својот брат сметај ја за поголема од својата. А, ако сме такви, ако сме соединети еден со друг преку едномислената љубов, тогаш да се трудиме да преуспеваме во доброто, и Бог ќе се прослави во нашата работа и во голем дел од светот ќе се слушне за добриот начин на нашето живеење.

2. Но, никој да не биде своеволен и своеобразен. Светиот псапмопејач говори: „Тешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси!“ (Иса. 5, 21). Никој од вас да не биде мрзлив, за да не ги слушне зборовите: „Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар“ (Изрек. 6, 6). Никој да не биде раздвоен во своите размислувања, за да не слушне и тој: „Човек што се двоуми во сите свои патишта е неуреден“ (Јак. 1. 8), туку секогаш бидете готови да ги извршувате Божјите заповеди, искрени и непопречувани поради неисповедување на своите скриени гревови, незадржувани со својата суета и зафатеност со својата похот. Зашто таквите се слични на „морски бран, кого ветерот го издига и растура“ (Јак. 1, 6), како оние што не стојат храбро и што немаат основи во своето срце. Да биде далеку од вас секое зло, збогатувајте се со она што е добро, подготвувајте го царството небесно.

3. Она што го прави секој од вас секој ден, добро или лошо, сѐ се губи, како некој поток, така што ништо не останува од вчерашниот ден за денешниов? Ако некој страда за заповедите, ако се труди, ако плаче, трпи, се поти, срцето му се кине, се измачува, е изложуван на понижувања и навредувања, тој го чувствува само во тој час, а веднаш потоа го снемува, но сепак, тоа останува во оној, кој го доживеал, останува во вечни векови, за да биде награден. Напротив, ако некој се радува, ако се смее, ако се насладува, ако прави лошо, ако се предава на игри и мрзливост, ако на никого не му е послушен, ако е лесномислен, ако завидува, ако се гневи, ако лаже, ако прави стапици, ако високо мисли за себеси и ако прави нешто друго слично на сето ова, не само што сега нема никаква полза од тоа, туку си собира во себеси осудување за праведниот ден на Божјиот суд. Да помислиме за ова, браќа мои, и да се зафатиме со добродетелите, да се грижиме на секој начин да ги избегнуваме гревовите, како најголемо и погубно зло; богоугодно да го завршиме нашиот земен живот и да се удостоиме да ги примиме ветените блага со сите што Му угодиле на Бога.

111.

Поученијата се изговарани затоа, кога ги слушате, да се поправате, а вие останувате исти; престанете да бидете толку невнимателни и почнете да дејствувате. (2, 38)

Ве прашувам: зошто се изговарани поученијата? Дали само затоа, за да се изговорат во одреден час и да ги почешаат вашите уши? Или затоа - да ме пофалите или без некоја одредена цел? Не, не затоа, туку за да го сфатите она што се говори, со сета ваша душа да ја прифатите силата на изговорените зборови и, со помошта на Христовата благодат, да дадете плод, како и со помошта и молитвите на мојот и вашиот духовен отец. - Ете, ваква е мојата намера и чувство на мојата должност кога ви говорам, а што гледам? Гледам дека, штом ќе заврши поучението, кај вас исчезнува веднаш сеќавањето за она што сум ви говорел, не останува ни трага од сето тоа, како ништо да не ви било говорено. Затоа, само што ќе излеземе од богослужбата, веднаш ги правиме истите гревови, како и обично. Еден од вас почнува да говори кога не треба да говори, друг - мрмори, трет - озборува, четврт - легнува да поспие и го преспива времето одредено за рачна работа, а тоа се „раце скршени и колена треперливи“ (Мудр. Сир. 25, 26). Престанувам да говорам за другите слични работи. И не вака, чеда мои, ова не треба да биде вака, за да не ги слушнете зборовите: овие луѓе Ме благословуваат со својата уста, а срцето нивно стои далеку од Мене. Но, кога ќе ги чуете спасоносните зборови од моите поученија или од божествените четива, веднаш нека се појави стравот Божји во вашето срце, искрената љубов спрема Бога, желбата да напредувате во доброто и намерата точно да ги извршувате Божјите заповеди, за да се удостоите со Неговото царство.

112.

1. Ние се натпреваруваме во трчање. А кои се гледачите? На што треба да биде свртено вниманието на оние што трчаат? Кој е оној што трча правилно? - 2. Не треба да завидуваме на обичните манастирски обичаи; неразумно е она што го говорат незадоволните во таквите случаи: нека се поправат оние на кои ова се однесува. (2, 39)

1. Вие сте брзоодци на Господа Бога, и вашето трчање не е по земјата, туку од земјата до небото; гледачите на овој натпревар не се луѓето, туку ангелите и светиите; наградните венци ги дава Самиот Господ Бог, а венците се неувенливи. Блажени сте вие што сте ја примиле монашката схима и што учествувате во овој натпревар. Но, вие овде само го поставувате почетокот, а венците им се даваат само на оние, кои успешно ќе го завршат натпреварот. Затоа, секој од вас да внимава добро како трча; да ги забележува белезите на патеката и според нив да ги распознава успесите во своите добродетели; будно да ги гледа пречките и да се труди да ги совладува, односно да го свртува своето внимание на телесните искушенија, како и на искушенијата, кои доаѓаат од светот и од ѓаволот, примајќи сила за ова од Светиот Дух; никој од вас да не гледа настрана, туку погледот свој да го има утврден на една точка, таму каде што е целта и таму да ги устремува сите свои сили. Натпреварот уште не е завршен. Досега трчавте добро: трчајте и понатаму со не помала ревност и напрегнување, поттикнувајќи се еден со друг, и помагајте си еден на друг. Кој може сите да ги надмине? Оној што ќе биде посмирен од сите. А кој трча примерно? - Оној што е најпослушен, најпобожен, кој воопшто не мрмори, кој ревносно ги пее одредените псалми, кој безмолствува, кој е трудољубив, кој ѝ е предаден на молитвата повеќе од сите, кој е отворен пред својот духовен отец, кој не е самонадежен и самољубив, кој не завидува, кој е верен, кој го сака својот духовен отец и сите браќа, преку што се пројавува дејството на совршената добродетел - и душевна и телесна. Еве, во ова треба да се состои вашето натпреварување и еве, од што ние се издигнуваме од сила в сила и од овој свет се издигнуваме на небото.

2. Љубовта нека биде особеност, со која ќе се разликувате од другите, која ќе покажува дека сте Господови ученици. А кога живеете во љубовта, секогаш и во сѐ сметајте ги вашите браќа погоре од себеси: и во служењето, и во рачната работа и секогаш давајте им место пред себеси. Да отстапат од вас и зависта и гневот. Секој од вас да го смета угодно и пријатно она што им е угодно и пријатно на браќата, и да се радува за нивните успеси. Вака Му се угодува на Бога и се придобива потполна победа над сѐ. Љубовта е венецот на сите добродетели, а кога се ставаме на прво место и над сѐ и над сите, тоа е она што е штетно за нас и што не Му е угодно на Бога. Не, чеда мои, не правете го ова и не постапувајте вака. Не е добро да говорите: мене треба да ми биде направена радост, отколку на некој друг; мене треба да ми биде дадено погорно место, отколку на тој и тој. Ве молам, бегајте од ваквите ѓаволски мрежи, туку помислувајте, говорете и придобивајте го она што е добро, чесно, што им прилега на светите, она што е братољубиво, смиреномудро, и она што е последно; однесувајќи се во сѐ како дете, незлобливо, искрено, како Божји избран народ, да не си дозволувате ништо, освен она што ви е заповедано. Ако и ви се случи некакво паѓање, побрзајте да се поправите и да го избришете гревот со тоа што ќе ја прифатите доброволно наложената епитимија, за да можете во Судниот ден да ги чуете зборовите: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот“ (Матеј 25, 34).

113.

1. Вие поставивте добра намера, но само тоа нема да ве избави од искушенијата на непријателот, кои ги доживувате. Но, бидете му верни на вашиот завет, и Бог ќе ви помогне да устоите. - 2. А отфрлете ги делата на темнината и преуспевајте во делата на светлината, зашто првите го привлекуваат гневот Божји, а вторите Неговиот благослов. - 3. Сега имаме многу болни: здравите нека им служат на болните, а вие болните - бидете задоволни со сѐ и трпеливи. Ние немаме слуги; браќата служат еден на друг од љубов и од послушание. Воодушевувајте се, вие што се трудите: Бог гледа сѐ. (2, 40)

1. Според волјата Божја, сите вие сте во бројот на оние што се спасуваат, сите сте тргнале по патот на спасението; и сите вие не барате ништо друго, освен да бидете спасени, но, бидејќи ѓаволот е противник на секое добро, многумина се напаѓани од неговите искушенија: едни распалува со телесни сласти, терајќи ги да ги бараат желбите на младоста, други тера да бараат први места, заради што и тој самиот паднал од небото, четврти - раслабува со мрзливост, ги врзува со очајание и ги води како сака и каде сака; ги растројува преку неверувањето и, откако ќе ги научи да бидат своеволни ги научува на лоши дела. Со многу искушенија нѐ напаѓа секој ден и го чека погодниот миг кога ќе се опуштиме. Но, да му забрани Господ, Кој му рекол на морето: „Молчи, престани!“ (Марко 4, 39) и да го отфрли што подалеку од нас. Така и бива кога сме средени и кога непрестајно ја имаме пред себе целта на нашето доаѓање во манастирот, зашто тогаш сме ветиле пред Бога, како сведок, дека ќе ги поднесуваме сите маки и тешкотии, па дури и самата смрт.

2. Затоа, сите отфрлете сѐ што е спротивно на вашето спасение: малодушните - малодушноста, тие што сакаат да началствуваат - љубоначалието, мрзливите - мрзливоста, сластољупците -  сластољубието, горделивите - гордоста, суетните - суетата, грубите - грубоста, неуредните -неуредноста, оние што многу зборуваат - празните и безумни зборови, оние што го сакаат овој свет - љубовта спрема него, оние што го сакаат своето тело љубовта кон телото, оние што секогаш се жалосни - својата неразумна жалост; завидливиот - зависта, предизвикувачот - предизвикувањето, оној што не сака да работи - својата опуштеност. Ете, ова се делата на темнината и на злото - пронајдоците и нашепнувањата на лукавиот! А на добриот Бог Му се угодни: мирот, кротоста, смирението, послушноста, отсуството на завист, трудољубието, усрдноста, грижата, будноста, љубовта, надежта, добрите дела, молитвата. Ете, ова се делата на светлината, оружјата на правдата и храброста на светиите! Ве молам, заради љубовта кон Господа, разбудете се вие, кои сте успани од страстите, разбудете се вие што сте задремани од дејството на ѓаволската прелест. Ако сакаме да живееме добар живот, ако сакаме да видиме добри денови, да ги слушнеме зборовите: Секој „нека се клони од зло и нека прави добро; да бара мир и да врви по Него“ (Псал. 33, 14). А, каде се очите Господови? „Но, ете, очите Господови се врз оние, кои се бојат од него и кои се надеваат на милоста негова“ (Псал. 32, 18). А каде е разгневеното Божјо лице? „Но лицето на Господа е против оние, што вршат зло“ (Псал. 33, 16). И сите натамошни стихови од овој псалм претставуваат прекрасна поука, ако сакаме да навлеземе во нивната содржина и да ги разбереме.

3. Деновиве имаме многу болни браќа. Времето е такво - нездраво. Ние што сме здрави, треба да им помагаме на болните, а оние што се болни, нека ја примат оваа Божја казна, како спасоносна, трпеливо да ја поднесуваат болеста и бидете благодарни за сѐ што ви се дава. А кога ќе се избавите од својата болест, да не талкате без работа, туку веднаш секој да ја продолжи својата работа. Зашто ние немаме робови и слуги, чија работа е само да служат, како што е ова меѓу луѓето во светот; ние сме си сами и слуги и господари, служиме и ни служат, при што секој од нас смета дека е должен повеќе да направи и да услужи, отколку што му се прави и што му се услужува. Бог нѐ гледа сите нас, секого поодделно, го гледа и нашето служење; те знае каков си бил понапред и каков си сега, како си живеел некогаш во светот и како живееш сега, како си живеел во светот и како живееш во манастирот; како се приморуваш и како претрпуваш сѐ, како се облекуваш и обуваш и колку се трудиш во својата работа, па во свое време - на секого ќе му даде според неговите дела. Бог нѐ знае сите добро. И кога ќе застанеме пред Него на суд и кога секој ќе каже како живеел на земјата, секој ќе добие според заслуженото - награда или казна.

114.

1. Да ги обработуваме нашите души, да правиме во духовна смисла сѐ што прави земјоделецот кога ја обработува својата нива. - 2. Како што се однесуваат војниците кога се во војна, така да се однесуваме и ние; како што тие ги претрпуваат сите тешкотии, очекувајќи ја на крајот наградата, така да трпиме и ние во извршувањата на нашите послушанија - заради царството небесно. (2, 41)

1. Земјоделецот, кога ја обработува својата нива, не обрнува внимание на тежината на работата, за да не попушти, да не стане мрзлив, туку мисли само на идните приноси, како заслужена награда за својот труд. Бидејќи секој од нас ја добива својата душа, како некоја нива, која треба да ја обработува во овој живот, секој од нас е должен да прави соодветно духовно обработување. За сето ова Бог ќе побара од нас одговор во денот на Судот. Затоа ве молам, сите ние со најголема усрдност да ги обработуваме нашите духовни нивите - душите: да ги обновиме според законите на побожноста, за да не сееме во трњето на страстите, туку да ја очистиме нашата ораница од лошите треви на гревот, па дури тогаш да ги фрлиме во неа добрите семиња и да ги оросиме со дождови на скришни божествени солзи, да ја оградиме со добра ограда на стравот Божји, за да не навлегуваат во неа дивите ѕверови, да ја осветлиме и згрееме со сончевите зраци на љубовта, а потоа да ги полниме нашите срца со бујни зрели класје и да собереме многу жито на свети дела според светите Христови заповеди. Затоа, Господ ја повикал секоја душа во овој живот, а особено нас, кои сме повикани да живееме ангелски живот. Ве молам, секој од нас, во начинот на своето живеење, нека ја покаже својата душа добро обработена, цветна, плодна, исполнета со благопријатни миризби - пријатна на Господа, така што преку извршуваните промени, душевни и телесни, преку послушноста и смирението, слично на Христовото, усовршувајќи се и преобразувајќи се од ден во ден и од слава во слава, преку прекрасната облека на добри дела, потчинувајќи ја секоја помисла во Христова послушност, сообразувајќи се со типикот на братството, прифаќајќи го секогаш самопрекорувањето, со кое можеме лесно да ја победиме и умртвиме седмоглавата аждаја на гордоста и своеволието.

2. Браќа, на каква работа сме повикани? Повикани сме на војна и на борби, не со лесна војна и не со лесни противници, туку на жестока борба со страшните сили на невидливите духови, како што говори божествениот апостол: „Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6, 12). Па затоа, никој да не остане неподготвен за борбите, никој да не излегува невооружен и нека ги познава борбените знаци, но не вчудоневидувај се кога ќе бидеш ранет и кога ќе бидеш нападнат. Сето ова, и друго слично на ова, е нараздвојно од војувањето. Но, притоа не умира оној, кој еднаш бил ранет или паднал под силата на некој удар, не умира дури и оној што бил ранет повеќепати и кој паѓал безброј пати, туку умира сано оној што доброволно им се предава на непријателите, за да биде убиен или заклан. Затоа, браќа и оци, како војници Христови, да внимаваме и непоколебливо да стоиме во борбите. Секој војник, како што ви е познато, среќава многу неугодности, трудови и непријатности, или од сончев пек, или од дождови, или од студ; неговиот живот не е лесен и нежен, понекогаш е желен да има само парче леб или чаша студена вода, но и тоа го нема; во движење е цел ден и цела ноќ, минува од место на место, во прав и во кал, уморен и изнемоштен, а зошто? - За да му угоди на својот воен началник, кој го води во своите списоци, а и во денот кога ќе бидат давани наградите да се покаже достоен за нив. - Ова истото бива и со нас, само во друга смисла: нивните награди се преодни и привремени, а нашите се вечни и негниежливи, а нив ги дава Царот на царевите - Бог. Затоа, браќа, да трпиме и да продолжиме да трпиме, да продолжиме да се подвизуваме - секој во службата и послушанијата, кои му се дадени. - служејќи Му и работејќи Му исправно и беспрекорно на Господа: оној што раководи - да раководи разумно и соодветно, а оној што служи - да служи без мрморење и усрдно. И ние да ги поднесуваме и гладот и жедта, навредите и понижувањата, судирите и подбивањата; особено да ги поднесуваме изнемогнувањата и раслабувањата за време на ноќното пеење на псалмите и на молитвата, како и сите видови непријатности, кои нѐ напаѓаат видливо и невидливо, секој ден за време на рачната работа и извршувањето на другите послушанија: та така, по молитвите на нашиот духовен отец, да се подвизуваме со добар подвиг, успешно да го завршиме нашиот натпревар во трчањето, и да се удостоиме во оној ден да го добиеме венецот на правдата од нашиот Господ Исус Христос.

115.

Откако ќе отфрлиме сѐ што е похотно и грешно, да се прилепиме за Господа, да работиме искрено за Него - преку послушаннето што ни е доделено. (2, 42)

Слушајте и сфатете што ни заповедаат светите оци, а тоа е истото, што ви го предавам и јас недостојниот во моите поученија. А што е тоа што ни го говорат и што го вложуваат во нашите души. Овојпат сето тоа ќе ви го предадам во две поуки, што ни ги упатува апостолот. Едната од нив е: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ниту блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажележниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо“ ( 1. Кор. 6, 9-10), а другата е „секое огорчение и јарост, гнев, викања и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба: а еден кон друг бидете добри, сочувствителни, проштевајќи си еден на друг, како што и Бог ни прости во Христа“ (Ефес. 4, 31-32). Псалмопејачот Давид нѐ повикува: „Дојдете, да Му се поклониме и да паднеме ничкум, да заплачеме пред лицето на Господа, нашиот Творец“ (Псал. 94, 6). - И уште: „влегувајте низ Неговите порти со славословие, во Неговите дворови со песна; славете Го, фалете го името Негово“ (Псал. 99, 4). Па така, утврдени преку застрашувањата, примајќи го призивот кон срце, дојдете сите заедно да Му се поклониме на Господа и да заплачеме пред Него за изминатиот наш живот, за нашите секојдневни прегрешенија, направени во знаење и незнаење, со дела, зборови и помисли и да влеземе во Неговите живеалишта со песни и славословија, но не и со срамни и нечисти зборови, со лаги и со непослушност, не со некакво високо мудрување. Ако некој мрмори, тоа е негов грев; ние да не мрмориме, да владееме со себеси, да не сакаме да се разликуваме од другите, да не се правиме мудри, зашто сме земја, пепел и прав, особено оние што мислат во својата лудост, дека се славни по своите телесни и духовни дела. Јас гледам, дека „обликот на овој свет“ (1. Кор. 7, 31) премина од нас, зашто ние се разликуваме од мирјаните, облечени сме во некаква чудна облека и живееме чуден живот: безбрачни сме, немаме имот, немаме наследници, недофатливи, а повеќе од сѐ: ние сме бестелесни, зашто „оние, кои живеат по телото, не можат да Му угодат на Бога“ (Рим. 8, 8). Тие се распнати за светот. Бидејќи животот, што сме го одбрале, е таков, ние сме должни вистински да го живееме и да ги имаме неговите вистински белези, ако сакаме да бидеме вистински она, за што нѐ сметаат. Затоа, да бидеме послушни, брзи, исполнети со страв Божји, да се сакаме еден со друг, трудољубиви, трпеливи, благодарни за сѐ што ни се дава, за да поживееме добро и да го наследиме саканото царство небесно.

116.

По повод бегството на некои од манастирот: вие стојте и усовршувајте се, пазејќи се на секој начин, да не дејствувате според својата волја, дури кога е тоа нешто добро. (2, 43)

(Избегале некои од манастирските браќа, и светиот отец откако известил за тоа додал...) А вие, откако се поучивте со нивниот лош пример, познајте дека Господ ја покажал Својата милост на вас, и вие не сте биле повлечени со демонските искушенија и сте останале непоколебливи со силата на вашата вера и не сте отстапиле од светата заповед на послушанието, кое ви било предадено. Затоа, ве молам, не бидете слични на нив, та, бидејќи синови на светлината, да не станете чеда на темнината и непослушноста, така што многубројните ваши богоугодни трудови да не пропаднат попусто, предавајќи ја заедно со нив и вашата душа на вечна осуда. Зашто е речено: „Ако оној, што се одрекол од Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци, безмилосно се накажува со смрт, тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи оној што Го погазил Синот Божји и ја сметал за нечиста крвта на заветот, преку која е осветен, и Го похулил Духот на благодатта“ (Евр. 10, 28-29), ако ги погазиме нашите завети, заветите и ветувањата на нашето свето призвание и, ако сме се подбиле со тајната на нашето совршенство. Затоа, ве молам, внимавајте на себеси и право одете по патот Божји и молете се, за и тие да се свестат и да се ослободат од душепогубната и смртоносна ѓаволска прелест. Впрочем, познато е, дека секој од вас покажува, оти, според расположбата што е во него, може да биде избран сад и сад на пропаст. Зашто кога нешто кај вас не е според општиот манастирски типик и не за општа корист, не со дозвола и наредба на настојателот, било да е тоа читање, пеење на псалмите, воздржување, бдеење или што и да е друго, кое ни се чини добро, ако го правиме само по наша волја, од што настанува забуна и во целото братство. - Тогаш е јасно дека таквиот е орган на лошиот дух, дека ги кине веригите на послушноста и дека оди во темнина - влечен од своите похоти. Освен тоа, треба да се има предвид и тоа, дека Божјиот праведен суд ги одделува богопротивните од побожните, лажните - од вистинските, виновните од праведните, лошите од добрите. Зашто, „што има меѓу светлината и темнината? Какво согласие може да име меѓу Христа и Велијара“ (2. Кор. 6, 14-15). Затоа, кога ние, поради нашата снисходливост и нашето очекување да се поправат, не ги одделуваме таквите, тие самите се одделуваат од нас со бегство од нашата средина. А кон ова можеме да ги додадеме познатите зборови од Отечникот: „Самото место ги изгонува оние, кои не ги извршуваат делата на тоа место. „

117.

1. Пак бегство. - Како да се спречи ваквото паѓање? Потребно е да ги слушаме внимателно предлозите на непријателот и да не се поведуваме по неговите соблазни. - 2. Некои од браќата, сосема спротивно на нашиот ред, бараат навечер леб и вино; јас ќе издадам посебна наредба против ова; престанете со вакви своеволија. - 3. Има и такви, кои своеволно ги менуваат своите послушанија; ова не треба да се прави. Своеволието е причина за пропаст. (2, 44)

1. (Пак бегство). Како да се избавиме од ваквото паѓање? - Не треба да ги примаме советите на змијата и да ја скриваме самата змија во нашето срце, туку е потребно што побрзо да ја изобличиме, и таа самата ќе избега како од оган. Ако нашите бегалци го пазеа ова правило, не би биле доведени до тоа - да паднат и да пострадаат. Но вие, чеда мои, пазете се и пазете го ова. Бидејќи сте Христови овци, не предавајте му се доброволно плен на ѓаволот. Бидејќи сте воведени во рајот па Христовите заповеди, не мамете се од неговите итрини, за да не бидете опфатени од темнината на гревот. Бидејќи живеете ангелски, не дозволувајте да ве покрие мракот - на самоволното бегство, туку трпете и исполнувајте ги Божјите заповеди. Никој да нема општење со богопротивните и да не седи со лошите (Псап. 25, 5). Лош е и лукав секој кој се поврзува со некого и тајно се договара со него за бегство и за задоволување на некоја друга страст, за своја пропаст и за пропаста на оној, којшто се согласил да го следи. Затоа, кога ќе ти се приближи таков и ќе почне да влева во тебе отров на злото од својот јазик, отскокни и оддалечи се од него; затни ги своите уши, за да се спасиш - и себеси и него. Дури и тогаш кога ќе те види ожалостен од својот предлог, од искушението свое, тој ќе се обиде пак лукаво да ти пријде, зашто пак ќе настојува да те привлече на своја страна. Кога ќе почне да го осудува твојот рај, односно твојот заеднички манастирски живот, да ги обвинува оние што живеат со тебе - твоите браќа, велејќи дека едниот е таков и таков, а другиот е дури и полош од него, дека тоа и тоа не е добро во манастирот, отфрли го од себеси и изобличи го, како што треба, за да го вразумиш, а и себеси да се спасиш. - Што говорат обично таквите? - Тие обично велат: „Да се ослободиме од овој и ваков живот: игуменот е тежок човек, началникот над работниците нема сочувство; калиграфот е глупав; имаме многу работа, а ни се дава сосема малку; сите заповедаат, сите наредуваат; веќе немаме сили за извршување на претешката работа; овде нема никаква можност да се спасиме, Да избегаме оттука, но каде? - Таму каде што ни гледаат очите; само да не сме веќе овде, само да излеземе оттука. „Кога би можел некој од разумните да ги види ваквите какви се по душа, тој би ги видел мрачни, ужасни, демонски, дека немаат ништо здраво во себе, - ни умот, ни волјата и дека талкаат таму-ваму, како загубени овци. - И не мислете дека ова го говорам вака, само за да ги посрамам. Не, не, напротив, нивната духовна состојба е уште полоша, така што не може да се опише. Впрочем. молете се што поусрдно, за да дојдат на себеси и да се вратат, или сами да го направат тоа или ние да им помогнеме да се вратат. - Нашата работа е: да бидеме тврди и одлучни да ги избегнуваме причините за ваквото паѓање, да се подвизуваме со добар подвиг и да го добиеме небесното овенчување. - Но, слушнав, дека некои од вас ги оправдуваат бегалците, иако тие не се достојни за никаква заштита; тие не се достојни ни да си спомнуваме за нив. Вие можете само од сочувство да си спомнете за нив. Зашто и апостолите предавникот веќе не го именуваат како апостол, туку го нарекуваат Јуда - предавник и крадец.

2. Слушам дека кај вас, пак, има неуредности во вечерните часови: некои бараат леб и вино, и тоа во деновите на Четириесетницата. Вам ви е познато, дека, откако влеговме во овој град, ние веќе прилично го изменивме нашиот живот; веќе не живееме како што сме живееле некогаш во светот: мислам на употребување на зејтин, вино и готвено јадење во деновите на Четириесетницата, а, исто така, и во средите и петоците. - Но, бидејќи ви сочувствувам, поради мојата лична немоќ, како и поради тешкотијата на воздржувањето во градот, заповедам отсега, во спомнатите денови, во вечерните часови, сите што сакаат - да добиваат чаша вино и парче леб. И отсега натаму да нема недоразбирања и судири, да нема зборови какви што се овие: „Јас треба да добијам тоа и тоа; јас работев повеќе од другите“. Нарушителите на редот нема да ги избегнат заслужените епитимии и казни. Имајте на ум и вие што сте одговорни за редот и работата во работилниците и сите други одговорни надзорници, за да не се случуваат кај нас нередни работи.

3. Напомнувам уште за една работа. - Некои од вас не остануваат на оние послушанија, на кои се поставени, туку минуваат од едно на друго своеволно, лекомислено и без постојанство. Со ова си нанесуваат штета и на себеси и на оние, кои се исправни, а им причинуваат излишно неспокојство и труд и на самите надзиратели над работилниците и на другите раководители. - И ова понатаму да не се случува, туку секој нека биде трпелив во она, во што е поставен, нека го работи она, за што е поставен. Бидејќи кога некој самиот си измислува која работа ќе ја работи и кога настојува сѐ да биде според неговите желби. - тоа е знак дека е неуреден, непросветен и непослушен. А, кога ова зло е забрането, никој веќе да не се осмелува да го прави, за да не падне под епитимија и забрана. Зар не ви е познато што говори свети Доротеј за ова? Тој говори: - оној што успеал да се одрече од својата волја, тој ја постигнал потполната мерка на внатрешниот спокој. Затоа, секој што сака да се насладува на внатрешен спокој, тој да оди само по овој пат: да се откажува непрестајно од својата волја; тој ќе го добие саканиот спокој и во овој привремен живот и во вечните векови во иднината. Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос да ви даде на сите вас - исто да мислите и во сѐ да се согласувате, за да можете трпеливо да издржувате подвижнички борби, кои водат кон вечниот живот и да го наследите царството небесно,

118.

Подвизите се кратковремени, а наградата за нив е вечна; гревовните власти се за миг, а маките за нив се бескрајни: мрзливите не ќе можат да ги избегнат. (2, 45)

Сегашниот живот е време на подвизи, време на страдања и на пот, нема такви подвизи, кои да продолжуваат само со часови и кратковремено, туку се деноноќни, долговремени; тие не престануваат сѐ до крајот на нашиот живот. Но, не треба да се забораваме, дека оваа борба не ја водиме заради постигнување на некакви ништожни и човечки цели, туку заради придобивањето на божествените и небесни блага. Зашто, ако со нашата непрестајна трпеливост и постојани наши усилби - ги извршуваме светите заповеди. - ќе успееме да го наследиме царството небесно, бескрајното и неискажливото блаженство, вкусувањето на вечните блага, кои човечкиот ум не може да ги замисли. Ако, пак, да не даде Бог, поради нашата мрзливост и алчност за преодните земни задоволства, немаме успех во ова, тогаш ќе ги добиеме вечните маки, ќе бидеме многу посрамени, ќе застанеме од десната страна и ќе го чуеме оној страшен глас и зборовите: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели“ (Матеј 25, 41). Да не даде Бог да ги слушнеме овие страшни зборови и да го доживееме ова несреќно одделување од светиите и праведниците, кога тие ќе бидат земени во неискажливата радост и светлина, во ненаситливата наслада, а ние да бидеме одведени заедно со демоните во вечниот огин, каде што црвот никогаш не спие, во најмрачниот пекол, каде што се слуша чкртање со заби и каде се неразрешливите вериги - и тоа не за кусо време, не за неколку години, ни за сто, ниту за илјадници години, туку засекогаш и вечно, според пресудата на Господа. Каде ќе бидат тогаш, како што говорат оците, таткото и мајката, братот и сестрата, и пријателите, за да нѐ избават и заштитат? - Ниту ќе има цена за откуп на душата своја (Псал. 48, 8). А јас би прашал некако поинаку: каде ќе биде тогаш негрижата на безгрижните и мрзливоста на мрзливите? Каде ќе биде противречењето на оние што противречат и непослушноста на непослушните? Каде ќе биде гордоста на горделивите и смелоста на своеволните? Каде ќе биде чревоугодието на чревоугодниците, предлозите на лажливците и на оние што се откажале од своите завети, што ги дале пред Бога? Оние што станале против Синот Божји и крвта на заветот ја сметале за ништо, мислејќи дека нема ни крв, ни воскресение, ни суд, ни казни, ни награди, оддалечувајќи се од братското општење во Светиот Дух, - тие се лишиле и од Светиот Дух и талкаат таму - ваму по стрмнините и бездните на своите сластољубиви похоти.

119.

Ние сме излегле од светот, па има ли нешто чудно што страдаме додека сме во светот? Но, страдањето не е штетно за нас; тоа ни помага. Затоа, да трпиме, времето минува брзо, и скоро ќе биде крајот на сѐ; Господ гледа сѐ и за сѐ ќе отплати. (2, 46)

Вие по тело останавте и без роднини и без град. Сите Го имате за Отец - Бог Отецот: сите имате еден град - горниот Ерусалим, а ваши сограѓани - се сите светии, прославени пред векови и векови. Има ли тогаш нешто чудно во тоа што страдаме во нашите подвижнички лишувања и во немаштија, што сме понижувани и навредувани? Не збунувајте се, зашто ова не ни пречи, а ни помага, за да засјаат во нас правдата и мнозинството на мирот, светлината, животот, наискажливата радост и ангелската веселба, Затоа, ве молам, закрепнете ги вашите души во трпението, вашето мудрување утврдете го во Господа, добродушно, поднесувајќи сѐ и, живеејќи во очекување да ги примите големите блага, за кои се надевате. Времето брзо тече, а ние се приближуваме до смртта, поточно, се приближуваме кон животот што не старее, зашто смртта нема да има власт над нас, зашто сите ние однапред доброволно сме умреле преку нашето одрекување од светот. Да ја прифатиме нашата работа со сета наша загриженост, секој нека се труди да го извршува послушанието со кое е задолжен, нека го извршува чисто и како што треба, поднесувајќи Му го со добра совест на Бога, Кој ќе го награди секое добро. Зашто Господ го гледа секого, ја гледа и неговата работа и неговата усрдност, неговата мрзливост и неговото одолговлечување. Он надгледува сѐ и секого ќе го награди во царството небесно.

120.

Во нашиот земен живот да ги одразуваме цртите од земниот живот на нашиот Господ Исус Христос. (2, 47)

Што да Му дадам на Господа за сите Негови добрини што ми ги направи мене (Псал. 115, 3), освен да си спомнуваме за тоа и да Му благодарам? Зашто гледајте, што станало? Од каква височина и во какво унижување слегол Он од небото заради нас и заради нашето спасение? Бидејќи Бог и Господар на сѐ, примил вид на слуга, бил носен во утробата на Пресвета Богородица, а кога се родил, прифатил да биде повиен во пелени и како Младенец да биде положен во јасли; бил доен како детенце и раснел малку по малку додека не станал момченце, потоа момче, а потоа совршен маж, на како благоволил да биде крстен, предавајќи ни ја бањата на обновувањето, а најпосле ја извршил Својата служба, бил предаден, ги претрпел животворните страдања, распнувањето, смртта и воскреснал. Сето ова било заради нас, за и ние да чекориме по истиот пат. Он е роден бестелесно од Отецот пред сите векови, а потоа заради нас и заради нашето спасение телесно се родил од Пресвета Дева, така и ние, прво сме редени телесно, потоа се раѓаме духовно, сите воопшто во светото крштевање, а посебно ние монасите преку светата схима. Затоа и ние, откако ќе ја примиме схимата, треба да бидеме како деца, така што, кога некој ќе нѐ навреди и ожалости, да не се лутиме, како што се разбеснуваат дивите ѕверови, туку како да не забележуваме, како што е обично кај децата. Нашиот Господ Исус Христос им бил послушен во сѐ на своите родители, затоа треба да им се покоруваме на нашите духовни родители - на нашите духови оци. Нашиот Господ Исус Христос, кога го започнал Своето јавно служење, Него го навредувале и понижувале, слушајќи од одвратните книжници и фарисеи: „Бес има во Тебе“ (Јован 8, 48). „Он ги изгонува бесовите со силата на началникот на ѓаволите“ (Матеј 9, 34). „Не е ли овој син на дрводелецот?“ (Матеј 13, 55). Претрпел и многу други навредливи зборови, а потоа претрпел и шлаканици, и плукања и бичување. И ни еден збор не кажал против оние што го навредувале, туку само благодарел и се молел: „Оче, прости им, оти не знаат што прават“ (Лука 23, 34). На ова треба да се угледа оној што сака да се спаси и да биде сонаследник со светиите. Внимавајте сите, од првите до последните; ништо кај вас да не биде од завист, своеволие и непокорност, туку во сѐ вашето дело да биде извршувано топло и божествено, за да Му угодите на Христа и да Го прославите. Да ви даде Господ сила и крепост сѐ повеќе и повеќе да се очистувате, да се усовршувате и да се просветувате, за да светите како светила во светот.

121.

1. Никој да не сака да се разликува од другите и да не ја загубува довербата во својот духовен отец. Духовниот ваш непријател, кој е искусен во изнаоѓањето на злото, не слушајте го. - 2. Ова ќе го постигнете со откривањето на вашите помисли пред вашиот духовен отец, за што ве молам во името на вашето спасение. (2, 49)

1. Се радувам и се веселам затоа што гледам дека преуспевате, но, од друга страна, ме опфаќа и страв и трепет, за да не ви се случи нешто неуредно и непредвидено и да не биде уништено сето она што сте го постигнале со многу труд и пот. Затоа, кон сите вас воопшто се обраќам со зборовите: Пазете се, бидете внимателни и молете се! Никој од вас да не мисли дека е нешто особено и да се одвојува од другите; никој да не ги подигнува своите нозе од тврдиот камен на верата и довербата спрема вашиот духовен отец, не намалувајте ги вашите подвижнички трудови, ниту на некој друг начин не дозволувајте му на лукавиот и измамлив непријател, кој се обидува на најразлични начини да ве наведува на грев, - не дозволувајте ѝ на оваа многуглава змија да ви се приближува и се труди на најразлични начини да ве оддалечува од Бога. Демонот е многу искусен пронаоѓач на гревот, сејач на злото, кој бил турнат од небото на земјата и паднал оттаму како секавица; тој навлегол во рајот како крадец и го измамил нашиот праотец Адам, и оттогаш до сега ги учи луѓето на тоа како да грешат. Тој ги учел и христијаните на различни ереси и на лоши работи, а и нас се обидува да нѐ прониже со стрелите на гревот и да нѐ умртви.

2. Затоа, ве молам, браќа, сигурно одете по својот пат, откако ќе го земете врз себе сето оружје, и никако не дозволувајте му на непријателот да ви се приближи и да влезе во вас. Ова ќе го постигнете, како што реков, со потполна доверба во вашиот духовен отец, со својата искрена и потполна исповед пред него, со потполно откривање на своите тајни помисли, а потоа - со вашата смиреност, со нелицемерна послушност, и со доброволна трпеливост. Да, Браќа, ве молам, заради Бога, заради вечната награда, заради вечниот живот и неговите радости и заради стравот од она, што е спротивно на ова: огнот што не изгаснува и другите неизмерни маки: да продолжиме да се трудиме, да трчаме со сите сили, да одиме право; да се бориме и да се потрудиме да го препливаме безбедно големото море од овој живот, за по смртта да ги добиеме венците на правдата и блажената бесмртност.

 

122.

1. Патниците, гледајќи го крајот на патувањето, доброволно ги поднесуваат сите тешкотии, кои ги среќаваат на патот. Така треба и ние да претрпуваме се заради царството небесно. - 2. Трпеле и сите православни светии, зашто без трпение нема спасение. (2, 50)

1. Како што патниците, кои одат од место на место, изминуваат долг пат, кој е некогаш рамен и изгазен, а понекогаш е преполн со дупки и излокан од дождови и порои, така и ние, кои чекориме по долгиот пат на овој живот, минуваме од ден на ден, од година во година и на овој пат некогаш среќаваме непријатни и тешки, а другпат - пријатни и радосни работи. Како што тие, гледајќи го крајот на патувањето, не се плашат од должината на патот, ниту застануваат пред тешкотиите што ги среќаваат, така и ние, кои се подвизуваме со подвигот на послушанието и со нашиот испоснички живот, одиме без страв по патот што води во царството небесно; не треба да очајуваме, ни да се враќаме назад, ниту да изнемоштуваме од непријатностите што нѐ среќаваат, како и од пречките и маките, кои ни се даваат од Бога за наша корист, според Неговата премудра промисла. Зашто, ако земните патници не се сопираат пред никакви пречки и непријатности заради некакви мали и неважни придобивки во овој привремен живот, не треба ли и ние да претрпуваме сѐ, да ги поднесуваме сите непријатности и маки заради вечните неизмерни блага, за да можеме само да го добиеме она на што се надеваме. Да, браќа мои и чеда, да поднесуваме доброволно сѐ што ни се случува и што е нераздвојно сврзано со нашиот монашки начин на живеење: нашите подвижнички напори и тешкотии, постот, бдеењата, поклоните, спиењето на гола земја, вруќините и студовите, гладувањето и жедта, лошите облеки и обувки, непријатностите од трудовите, неодложноста на послушанието и молитвите, како и сѐ друго што е поврзано со нашиот подвижнички живот. Блажени сте и преблажени вие, кои се трудите во своите духовни подвизи и со љубов ги среќавате сите духовни и телесни искушенија.

2. Има ли некој меѓу свстиите, кој се прославил, а да не претрпел трудови и маки, да немал во својот живот искушенија и маки? Ако го спомнеме Авраама, великиот меѓу патријарсите, како и сите други старозаветни патријарси по него, пророците и учителите, прославениот меѓу апостолите Павле со сите други апостоли, како и сите прославени оци - светиот првомачник Стефан и сите други, кои пострадале со него и по него - измачувани заради Христа; светиот преподобен отец Антониј и сите преподобни, кои се подвизувале со него и по него, - кај сите нив гледаме прекумерни трудови, пот, борби, измачувања, страдања, гонења, напади, клевети и разновидни искушенија. Светиот апостол Павле пишува: „Скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во маки, во срам (оние, за кои светот беше недостоен) скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни“ (Евр. 11, 37-38). Сите тие така се измачувале. А инаку и не е можно да Му се угоди на Бога, не е можно без труд да се изоди патот што води кон спасението; не е можно без подвизи да се одржи саканата победа. А како ќе можеме ние, кои сме се зафатиле со истата работа, да имаме успех во неа, ако не живееме така, како што живееле тие и како што го завршиле својот земен живот?

123.

За што треба да се натпреваруваме еден со друг, во што треба да ги надминуваме другите и во што треба да се согласуваме. (2, 51)

Дојдете, браќа, да ги отфрлиме мрзливоста и очајанието и да ги прифатиме усрдноста и работливоста во извршувањето на сите Господови заповеди. Дојдете, да настојуваме да се надминуваме еден со друг не со зборови, туку со дела, не со тоа што ќе настојуваме да биде нашата волја, зашто тоа им е својствено на оние што се од спротивната страна, туку со тоа што ќе отстапуваме, ќе поднесуваме навреди и што ќе се натпреваруваме во доброто; не со тоа што ќе се вознемируваме и ќе ги вознемируваме другите, и не со тоа што ќе се гордееме пред оние што се над нас, зашто таквата гордост, која се обидувала да се издигне дури и над Самиот Бог Седржител, била урната од небесната висина во најдлабоката бездна на земјата, туку во тоа: да бидеме мирни и да ги смируваме другите, да бидеме кротки и да ги скротуваме другите, да бидеме смирени и самопонижувани, зашто таков е Синот Божји, Кој од послушност и смиреност се воплотил, бил распнат и со Својата смрт го спасил човештвото. Дојдете да почнеме да подражаваме еден на друг, не во тоа да бидеме мрзливи и да ги изоставаме божествените дневни богослужби и ноќното пеење на псалмите, зашто тоа им е својствено на мрзливите и на ненапреднатите, туку во тоа - да бидеме брзи во извршувањето на Божјото дело, да ги испреваруваме другите со доаѓањето во Божјиот храм пред да почне пеењето на псалмите, зашто тоа им прилега на ревносните во побожноста и добродетелите. Но, за да не ги набројувам сите работи, една по друга, ќе кажам општо: да се поткрепуваме еден со друг во доброто, да се сојузиме преку кротка љубов, со мирна расположба и со смирена мудрост во живеењето; да ги одбегнуваме лукавствата и взаемните сомневања: да ги утврдиме нашите души во взаемна доверба преку духовно соединување; никој нека не биде како предавникот Јуда, ниту со разделена душа и непостојан, ниту невоздржлив и љубител на блудот, ниту груб и тврдоглав; никој да не ги прави овие работи и да не постапува така, туку секој да напредува во доброто, праведното и во она што Му е угодно на Бога, чекајќи го секој ден крајот на својот земен живот и денот кога ќе дојде нашиот Господ Исус Христос, кога сѐ ќе се измени и ќе се преобрази, а ние ќе застанеме пред страшниот престол на Судијата, во присуство на сите бестелесни ангели и ќе дадеме одговор за сите наши дела, зборови и помисли.

124.

1. Бидете исправни во сѐ - и внатрешно и надворешно. - 2. Во манастирот не примајте само граѓани, туку и селани. (2, 52)

1. (Испратено и напишано од заточението). Радувајте се, како вистински робови и слуги на Христа Господа. Он го подготвил за вас венецот и Своето царство, ако ја запазувате сегашната расположба на срцето и ваквиот начин на живеење, ако имате мир, ако го запазувате утврдениот животен поредок, ако сте непорочни и чисти, покорни, исполнети со смирена мудрост, ако ревносно ја работите својата рачна работа, ако редовно го извршувате пеењето на псалмите и стихословието, ако искрено му ги откривате своите тајни помисли на својот духовен отец и ако го извршувате сето она што сте должни да го извршувате.

2. Што се однесува до примањето на нови браќа во манастирот, моја желба е - нашето братство да не биде составено само од граѓани, туку во него да има и селани, кои се попригодни и посвикнати за телесна работа, каква што имаме и кај нас. Зголемувањето на бројот на граѓаните мислам дека нема да биде за нас добро и корисно, како во духовна, така и во телесна смисла.

125.

Држете се за Божјите заповеди и за утврдениот манастирски ред, подражавајќи им на древните подвижници; бидете сите како еден човек. (2, 53)

(И ова поучение е испратено како напишана порака). Бог да ве укрепи, браќа мои пречесни, во вашите работи и во вашите душевни подвизи: Он да ве запазува непорочни и неповредливи, што им се дава со силата на Светиот Дух на оние, кои се подготвени да ги извршуваат Божјите заповеди и да прифатат секакво послушание, гледајќи, ги пред себе благата, приготвени за оние што го очекуваат појавувањето на Господа и кои за ништо не го сметаат она што е земно: славата, задоволствата, гревовите, телесниот спокој, туку кои се распнале за светот и умот свој го впериле во соѕерцание на она што е на небото. Така живееле и сите наши древни оци, откако се откажале од светот и од сѐ што е во светот, служејќи Му на Господа во нашето свето и ангелско призвание. Чеда мои, држете ги преданијата такви какви што сите ги примиле, пламенот на страстите угасувајте го со росата на целомудрието и чистотата, привлечноста на своите желби отсекувајте ја со мечот на послушноста и бидете искусни извршители на Господовите заповеди и работите на вашите раце, кои ви ги дава оној што ве раководи. Сето ваше братство нека биде како да има една душа и како еден човек, да биде бодро и еднодушно во извршувањето на сите работи, и духовни и телесни, како да сте пред лицето на Бога.

Светиот преподобен Теодор Студит