10 Светиот Теодор Студит (pdf)
Светиот преподобен Теодор Студит
251 - 275 Подвижнички поученија за монаси
251.
1. Од својата телесна болест - преминува на мислата за смртта, и од страдањата за време на болеста - на мислата за вечните маки. - 2. Говори за тоа како во тогашните гонења едни се прославиле, а други се посрамиле и сосема пропаднале. - 3. Кон нив изразува сочувство, ги изобличува и ги застрашува со тешки последици. (4, 31)
1. Бев болен, но по вашите молитви пак сум здрав. Но, до кога на тој начин ќе оздравуваме? Конечно ќе дојде и смртниот час, кога веќе нема да има место за враќање; ќе дојде тој час и ќе ме испрати од другата страна. Но, затоа не треба да помислувате дека ќе осиромашите: зашто не нѐ измамил Оној Кој рекол: „Нема да ве оставам сираци“ (Јован 14, 18), и: „Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28, 20). Освен тоа, ние ќе се видиме еден со друг во оној ден, но кога би можеле да кажеме: во неискажливата радост и во блажениот бескраен живот! А колку пострадав за време на мојата болест, вие знаете. Јас имав треска и целиот треперев и не можев да се соземам, а веднаш потоа горев од страшен оган во текот на целиот ден. И додека страдав така, си помислив за пеколните маки во тамошниот оган и дека тие маки ќе бидат пострашни и од најстрашните маки што можеме да ги имаме на земјава. По нашите тукашни маки можеме да видиме колку е страшен Божјиот гнев на грешниците, па од ова секој од нас треба да биде опфатен со страв и трепет, и да се одлучи да прави сѐ: што е потребно да не падне со неиздржливите пеколни маки.
2. Еве, и ова гонење за едни послужи како повод за пројавување на нивните добродетели, и засветлеа како сонца во светот, држејќи го словото на животот, за моја пофалба, ако може така да се рече, за Христовиот ден (Филип. 2, 15-16). Колку добрини направиле тие? И какво совршенство постигнале? Така што тие и себеси се спасиле и се спасуваат, станале опитни преку искушенијата и се очистиле како злато во оган, преку огнот на маките и страдањата, па и другите ги привлекуваат кон ова, покажувајќи се на овој начин спасители на многумина и на себеси и на други, иако не на многумина, зашто гонењето беше повод за лоши дела, поради нивниот самоволен живот, не притегнуван преку законот на послушноста, што им давало слобода да ги прават своите нередности. Затоа е многу умесно за нив да се каже со зборовите на Светото Писмо: „А сега лицето им е потемно од сѐ што е црно; не ги узнаваат ни улиците; кожата им се прилепила за коските, па станала сува како дрво“ (Плач 4, 8).
3. Кон таквите и јас извикувам: беззакони синови, вие Го оставивте Господа, вие ги издадовте законите на монашкиот живот, веќе не знаете право да одите, се нишате таму ваму; се одделивте од своите сопатници и станавте женољубиви. Едни од вас живеат сами, а други имаат свои наемници, па дури и со трговија се занимаваат, поттикнувани од среброљубие. Вас не ве заплашува ни карањето на пророците, ни заплашувањето на апостолот, ниту советите на моето смирение. Еден од ваквите, заробен од убавина, паднал дотаму и да краде, па дури и се откажал од Бога. - Што правиш, несреќен синко на пропаста? Колкупати си пеел: „Каде да отидам од Твојот дух, и од лицето Твое каде да побегнам?“ (Псал. 138, 7). Или, занесен, сакаш потполно да се здружиш со змијата, со сатаната, која ја измамила Ева и која заедно со неа го изгнала од рајот и праотецот Адам? Не мислиш ли да се откажеш и од Христа, со Кого си се соединил преку заветот на девството и да се соединиш со гревот, преку кој смртта влегла во светот? Зар не слушаш што говори Евангелието за оние што прават вака: „Нивниот црв не умира и огнот не изгаснува“ (Марко 9, 44)! Што ќе придобиеш преку извршувањето на гревот? ќе добиеш темнина и прободување на твоето срце! Не внимаваш ли на зборовите на апостолот: „Блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог“ (Евр. 13, 4)? Нема ли гревот да те фрли во длабочината на очајанието? Нема ли самиот сатана, кој те измамил, да почне да те тера да се обесиш, како некогаш што направил со Јуда? Отрезни се, ти што си помрачен, бегај од мрежата на смртта, од мрежата што погубува; не дозволувај да бидеш заробен од пеколот, така што потоа да живееш како Каин, да трепериш и да бегаш од секое познато лице, а во идниот живот да билеш осуден во огнениот пекол, тогаш, „кога ќе дојде Он за да биде прославен во оној ден среде Своите светии“ (2. Сол. 1, 10), кои оделе верно според Неговите заповеди, давајќи им на нив достојни награди, а грешниците ќе ги испрати во бескрајните пеколни маки.
252.
1. Празникот Богојавление ни напомпува за големите блага од доаѓањето на Господа на земјата во тело. -2. Како да Му благодариме? - Ќе Му благодариме со нашиот крстоносен живот во подвизите и со сегашното наше исповедништво пред иконоборците; само да бидеме постојани и непоколебливи во едното и во другото. (4, 32)
1. Еве, се приближува празникот Богојавление. Денот на радоста е пред вратата. Оваа радост е навистина голема, каква што немало од почетокот на светот. Зашто Синот Божји доаѓа при нас, не во претстави и симболи, како што бил гледан од старозаветните оци, туку преку раѓањето од Дева слегнува и лично ни се јавува. Од ова немало ништо поблажено во сите поколенија и ништо пречудно од она што било видено во дотогашните чуда, низ кои говорел Бог од создавањето на светот. Затоа ангелите благовестат за оваа тајна: ѕвездата укажува дека на земјата се родил Оној Кој е над небесата: пастирите брзаат да го видат спасението, што им било објавено; мудреците од исток брзаат и Му носат царски дарови; се пее необичната песна за новото дело Божјо, со кое се прославува Бог на висините, на земјата се внесува мир, како што сведочи и апостолот, велејќи: „Христос е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата, што беше меѓу нив, откако со плотта Своја го уништи напријателството, и со учењето Свое - законот на заповедите, за да создаде во Себе од двата народа еден нов човек, правејќи мир, и во едно тело да ги смири обата народа со Бога преку крстот, откако на него го уништи непријателството“ (Ефес. 2, 14-16). Ова сакале уште пред многу векови да го видат пророците и старозаветните праведници, но не го виделе, а само верувале. А ние „и видовме и рацете наши Го опипаа“, како што е напишано, „видовме и сведочиме“ за ова „и ве известуваме за вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави“ ( 1. Јов. 1, 1-2) и ние примивме посиновување.
2. А што да Му воздадеме и како да Му благодариме на Господа за сѐ што ни дал? Псалмопејачот Давид возгласува и однапред одговара: „Што да Му дадам на Господа за сите Негови добрини што ми ги направи мене?“ (Псал. 115, 3). Но, браќа, да се радуваме и ние, што се удостоивме да Му воздадеме и да Му благодариме на Господа за сѐ што ни дал. Какво е ова воздавање и благодарност? - Тоа е нашиот крстоносен живот што сме го прифатиле и во што „стоиме, и се фалиме со надежта во славата Божја“ (Рим. 5, 2). А ова треба да го празнуваме не еден ден, туку низ целиот наш живот. Оние што се управуваат според телото и што се под ропство на страстите, тие и не можат да празнуваат, иако се чини како да празнуваат; тие не можат да бидат и слободни, затоа што се робови на страстите и се предадени на гревот, за што е и напишано: „Секој што прави грев, роб му е на гревот. А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно“ (Јован 8, 34-35). Бидејќи сме удостоени да бидеме наречени синови на благодатта, тогаш и ќе останеме вечно во домот: „Ние станавме соучесници на Христа; само како што почнавме да добиваме од Него, да останеме наполно верни до крај“ (Евр. 3, 14). Бидејќи сме укрепувани од Светиот Дух, да останеме во нашето монашко призвание и „да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела“ (Евр. 10, 24) - во послушност, во смиреност, во кротост и во сите други прекрасни добродетели, без да попуштаме во нашата цврста одлучност, да правиме сѐ повеќе усилби, и тоа толку повеќе затоа што се приближува денот на Господа. Се приближува овој голем и славен ден, во кој Судијата на сите ќе им се јави откриено на сите во слава, како што им се јавил на апостолите за време на божественото Преображение, - и на секого ќе му даде според неговите дела. - Нека и ние заедно со сите светии да Го видиме како нѐ гледа со Своето милозливо лице и нѐ прима во Своето небесно царство.
253.
1. На Израилот што талкал низ пустината му бил ветен спокој, но не влегле сите во него. И нам ни е ветен спокој, но и ние можеби нема сите да влеземе во него. - 2. Што треба да правиме за да влеземе во ветениот спокој? - Не треба да постапуваме така, како што постапувале тие. (4, 34)
1. Ете, минуваме од година в година, од едно годишно време во друго, од празник во празник, и немаме никаква утврденост во овој живот. - А секако мораме да дојдеме до неговиот крај и да влеземе во нашиот спокој. Напишано е: „Кој ќе влезе во покојот Негов, тој ќе се одмара од делата свои, како и Бог од Своите“ (Евр. 4, 10). А што е овој спокој? Тоа е царството Божјо, кон кое нѐ поттикнува апостолот, велејќи: „Да се погрижиме да влеземе во овој покој, та да не би некој да падне во слична непослушност“ (Евр. 4, 11). Што сака апостолот да каже со ова? - Така како што им ветил Бог на Израилците дека ќе ги воведе во ветената земја, а кога тие се покажале непослушни и Го разгневиле, не влегле. - Така и ние, ако бидеме непослушни кон Неговите заповеди, никако нема да влеземе во царството небесно. Господ говори: „Четириесет години негодував против тој народ и реков: овие луѓе се заблудуваат во срцето свое и не ги познаа патиштата Мои, па затоа се заколнав во гневот Свој, дека тие нема да влезат во Мојот мир“ (Псал. 94, 10-11). Така било кај нив; кај нас се очекува послушност не само во текот на четириесет години, туку во целиот наш живот. Затоа, ако не се погрижиме да ги исполниме сите Божји заповеди, тогаш Бог ќе рече: тие нема да влезат во Мојот покој. Коските на оние што не влегле во ветената земја им останале во пустината, а, ако ние не влеземе во спокојот што ни е ветен, тогаш и телата и душите наши ќе бидат фрлени во геената огнена, а оваа казна е неспоредливо потешка од нивната, како што е напишано: „Ако некој, што се одрекол од Мојсеевиот закон, пред двајца или тројца сведоци, безмилосно се накажува со смрт, тогаш, колку ли потешка казна, мислите, ќе заслужи тој што Го погазил Синот Божји и ја сметал за нечиста крвта на заветот, преку која е осветен, и Го похулил Духот на благодатта“ (Евр. 10, 28-29).
2. Која и каква причина им го препречила на Израилците влезот во ветената земја? -Неверувањето, мрморењето, хулата, противречењето, ожесточеноста, гордоста, блудот. Ете, овие работи биле причина за нивната пропаст. И ние да бегаме од овие страсти, како што се бега од оган, да не бидеме неверни спрема Божјите ветувања; да веруваме дека Бог е силен да го исполни она што го ветил; да нема кај нас ни мрморење ( 1. Кор. 10, 10), ни хулење, ни ожесточеност, ниту противрeчење, туку, според зборовите на апостолот, кој нѐ советува и поучува: „Еден кон друг бидете добри, сочувствителни, проштевајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефес. 4, 32). „И секогаш во телото наше ја носиме смртта на Господа Исуса“ (2. Кор. 4, 10), да бидеме секогаш готови да умреме за Христа, обновувајќи се секогаш со молитви, молења, солзи, со соѕерцанија на небесни виденија. Ако живееме вака, тогаш ќе влеземе не во земјата, во која тече мед и млеко, која им била ветена на Израилците, туку во земјата на кротките, таму каде што е изворот на животот и на бесмртноста, каде што е убавината на небесниот Ерусалим, каде што е радоста и веселбата, каде што е болскотот на живоначалната Троица!“.
254.
1. Девството е повозвишено од брачниот живот. - 2. Да Му бидеме благодарни на Бога што нѐ повика и да внимаваме да не паднеме. - 3. Кое е средството за постигнување на тоа? - Тоа е борбата и победата над она што е пониско од повозвишеното, кон што се насочени сите наши подвизи. - 4. Ќе кажам уште нешто: се врати братот Мемнон. Примете го со братска љубов, како што се раскажува во евангелската парабола за тоа како го примил таткото синот што отишол од кај него. (4, 35)
1. Во натпреварите за трчање, кои се одржуваат еднаш годишно и тоа за многу кратко време, зашто тогаш доаѓа и крајот на тие натпреварувања, кога учесниците, победителите и победените, како и гледачите, се разотидуваат. А нашите натпревари во девствениот живот не продолжуваат еден ден, туку во текот на целиот наш живот, а патеката наша и трчањето по неа се невидливи, како што е невидлива и нашата духовна борба, која ја водиме со нашите невидливи непријатели. Девството е највозвишената добродетел, кое стигнува до самиот врв на небото. Луѓето по начинот на живеење се делат: на брачни и без брачни. Оние што живеат брачно се понискиот, безбрачните - повозвишениот свет. Едните работат за она што се распаѓа, а другите се удостојуваат да сјаат со бесмртноста и негниењето. Исто, како некој би видел човек со крила, тој би се вчудоневидел со право, гледајќи го да има вид и на човек и на ангел. Исто така, и оној што преку своето подвижништво го запазува девството, претставува нешто чудно и за ангелите и за луѓето: тој е во тело и над телото; во светот е - и погоре е од светот. За него се говори, дека избрал надсветовен живот. И нашиот Господ во Евангелието рекол: „Има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и такви што се скопени само заради царството небесно. Кој може да прими, нека прими“ (Матеј 19, 12). Гледате ли дека за многумина ова е неможно, туку е само за оние, кои се распнуваат себеси во својот живот.
2. Да се радуваме и да се сорадуваме еден со друг, да благодариме, бескрајно да благодариме што сме повикани, по Божјото човекољубие, во вакво возвишено призвание, во кое се прославува Бог и на што луѓето се вчудоневидуваат. И не само тоа, туку треба да живееме многу внимателно, затоа што многумина паѓале од голема височина, како во древноста, така и сега, едни затоа што се погордеале, а други биле победени од својата невнимателност и мрзливост, зашто и едното и другото и нанесува пропаст на душата.
3. Кои се средствата, со кои можеме да се избавиме од ова? - Птицата има свое средство за избавување од опасности, кои ѝ се закануваат, па штом ќе почувствува во близината ловец, таа ги раширува своите крила и избегува на друго место, и ја избегнува опасноста. Исто така, и ние, кога ни пристапува ѓаволот, ловецот на нашите души, тогаш, како духовно окрилени, се издигнуваме преку нашето соѕерцание. И блажени сме, ако го бараме она што е горе и ако го мислиме небесното, а не мислиме за земното (Кол. 3, 1-2). Ако тој ни предложува похотна сласт, ние ќе му го противставиме чувството за благородството на нашата душа. Ако го подигне против нас дејството на гревот, тогаш ние да се потрудиме со нашата мисла да си ја претставиме строгоста на Божјиот суд. Ете вака, противставувајќи му едно на друго, одбивајќи помисли со помисли, ние се спасуваме од нашиот противник и убиец. - А каков е крајот на нашите подвизи? За земните борци наградите се земни и гниежливи, а за нас се - негниежливи и вечни. И блажени сме, „ако слободата и надежта, со кои се фалиме, ги запазиме до крај“ (Евр. 3, 6). Затоа, ве молам да продолжиме да бидеме во молитвите и молењата, во скрушеноста и солзите, во смирената мудрост, во послушноста, во исповедта и во другите подвижнички добродетели и, со Божја помош, ќе ја добиеме победата над нашиот непријател. За ова доволно засега.
4. А сега за братот Мемнон, бидејќи тој дојде на себеси и се врати, ние треба да го примиме, „за да не пропадне од преголема скрб“ (2. Кор. 2, 7). Но, сакам при оваа пригода да ви го кажам и ова: „секој што прави грев, роб е на гревот“ (Јован 8, 34), според зборовите на Господа, и одвратност е за љубителите на добродетелите, и можеби некој од вас не ќе сака да го поздрави со братски целив, за да не биде обмотан со неговиот грев. Но, бидејќи нашиот Господ Исус Христос бил сочувствителен спрема блудниот син, кој попусто потрошил сѐ што имал со блудниците и не го отфрлил, - и ние да не го отфрламе нашиот брат, туку братски да го примиме, со благодарност да се развеселиме за неговото враќање и да се помолиме за неговото спасение. Исполнувајќи ја на овој начин заповедта, како вистински ученици на нашиот Господ Исус Христос, да се удостоиме да го наследиме царството небесно.
255.
1. Колкумина од нашите браќа се упокоиле во прогонство заради почитувањето на иконите и од какви маки? - Тие се сведоци на православните вистини. Еретиците немаат исповедници, затоа што нивните верски основи не се тврди. А ние сме изградени врз основите на апостолите и пророците. - 2. За да се спасиме, нам ни останува врз овие основи да доизградуваме со злато, сребро и скапоцени камења, односно да имаме свет и непорочен живот, очистувајќи го со покајание веднаш откако ќе ни се случи да погрешиме во нешто. (4, 36)
1. Почина братот Теодор, - еден од најдобрите, кој беше опитен во послушанието, надежен во исповедништвото, тој прими рани за Христа и животот свој го заврши во затвор и во прогонство. Има ли нешто порадосно од ова? Голем е бројот на нашите браќа. Тие набројуваат на стотици. Расфрлани биле на разни места и таму блескале како звезди, ги оставиле своите тела за сведоштво на Православието - на поколенија што живеат сега и што ќе живеат во иднина. Јас не говорам само за нашето братство, туку и за братствата на други манастири, и за нивните собраќа, кои го завршиле својот живот во прогонство. Ова е најсилната и најголемата тврдина на Божјата Црква! Толку е големо мнозинството на сведоците, дека треба да ги почитуваме светите икони на нашиот Господ Исус Христос и да им се поклонуваме, како и иконите на Пречистата Богородица и на сите Негови светии, така што, ако не би имале ништо друго во нашите раце; и тоа само би било доволно за оние што имаат здрав разум. Затоа, нека се посрамат противниците на Православието! Зашто кој од нив, борејќи се за својата вера, претрпел некогаш вакви страдања? Никој и никогаш. Тие се слични на ноќните животни; во ноќта својата ерес ја издигаат и се покажуваат смели, а кога ќе се појави дневната светлина и кога Православието ќе засвети, како ѕвездата Деница, тие се скриваат во дувлата на своето лукаво мудрување. И нека талкаат по светлината на својот оган, кои што тие самите го запалиле. - Исполнувајќи ја вака заповедта, како ученици на нашиот Господ Исуса Христа, - ќе бидеме достојни да го наследиме царството небесно. Ние сме надградени врз основите на апостолите, пророците и нашите богоносни оци, - да бидеме тврдо вкоренети и во иднина, и ни најмалку да не се колебаме од човечките застрашувања.
2. За да бидеме спасени, ние сме должни, според заповедта на, апостолот, да ѕидаме, врз основите на нашата вистинска вера, злато, сребро и скапоцени камења, а не дрва, слама и сено (1. Кор. 3, 12), што е храна за огнот. Кој е вака утврден, него не може ништо да го поколеба во неговата вера во Господа. „Христос нѐ искупи од клетвата на законот, откако поради нас стана клетва“ (Гал. 3, 13). Да не си дозволиме пак да паднеме под клетвата. Христос нѐ изми со Својата крв, со бањата на обновувањето и со обновувањето на Светиот Дух: да не си дозволиме никако пак да се вратиме кон нашите срамни дела, од кои сме се откажале. Он може да ни каже: Јас ве направив членови на Моето тело, а вие своите членови ги направивте членови на блудница. Јас ве измив од вашите гревови, така што да немате осквернение, или порок, или нешто слично (Ефес. 5, 27), а вие пак се обложивте со лошата и одвратна миризба на страстите и се извалкавте со нечистотијата на гревот; Јас ве исполнив со умствената светлина преку Духот Свети, а вие умот свој пак го направивте живеалиште на одвратните страсти; Јас ве направив сонаследници на вечните блага, а вие избравте како нешто нодобро - да му бидете сонаследници на Мојот противник, тогаш „одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели“ (Матеј 25, 41). Но, да не даде Господ ние некогаш да го чуеме таквиот страшен глас и да доживееме таков неподнослив гнев! - Затоа, да се трудиме со голема ревност да ги придобиеме: чистотата, солзите, скрушеноста на срцето, да ги извршуваме нашите послушанија без мрморење, дење и ноќе да бидеме будни во извршувањето на Божјото дело, така што непријателот, ако се прикраде, да не може да ја проголта нашата невнимателна душа. И кога бдееме, и тогаш треба да ги одбегнуваме ѓаволските стапици! А кога дремеме, како ќе можеме да успееме во тоа?! Некој може да рече: немоќна е и колеблива нашата природа. И јас сум согласен со ова тврдење, зашто и јас ја имам оваа иста природа. Но, ве молам за ова: штом ќе ви се случи колебање и паѓање, веднаш да се покаете и да се исповедате, да го скрушите своето срце и да имате жив стремеж да ја востановите во себе претходната добра состојба. Ако секој ден го правиме ова, ќе го достигнеме она што го бараме, а ако го постигнеме тоа, тогаш ќе се удостоиме да го слушнеме саканиот глас „елате“ (Матеј 25, 34) и да станеме наследници на царството небесно.
256.
1. Празниците треба да ги празнуваме со духовна радост. - 2. Празниците поминуваат и целиот живот ќе помине; да не забораваме за ова и секогаш да бидеме подготвени за смртниот час. - 3. Затоа, нашиот живот да го изградуваме сообразно со оваа наша цел, не само нашиот надворешен, туку и нашиот внатрешен човек. - 4. И да не отстапуваме од ништо, што е потребно за ова. (4, 37)
1. Изминаа празниците, како Рождество, така и Крштението на Господа, кои се удостоивме да ги отпразнуваме во чест на нашиот Господ и Бог, и во ваквата наша положба. Но, сепак, не жалиме, туку се радуваме многу за Оној. „Кој Сам Себе се понизи, откако зема обличје на слуга“ (Филип. 2, 7), ние го претрпуваме прогонството и живееме во туѓи краишта. А што значи друго празнувањето, освен прилепување до Бога, преку оддалечување од земното и неприврзаноста спрема светот и сѐ што е светско. Зашто, што ќе кажеме за оние што живеат во пустините, горите и земните бездни? Зар и тие не празнуваа? - Да, тие празнуваат дури и подобро од другите во своето безмолвие, уште повозвишено и попрекрасно од оние, кои имаат можност празниците да ги минуваат во спокојство, со гозби, со јадење и пиење, заборавајќи дека се самоизмамуваат, кои и Светото Писмо ги смета за несреќни, велејќи: „Се веселите на земјата и се насладувате, ги потхранивте срцата ваши како за ден на клање“ (Јак. 5, 5), зашто таквите станале слични на свињи, ухранети за клање; „нивниот бог - стомакот, а славата - во нивниот срам“ (Филип. 3, 19), па така, јасно е дека ние ги празнуваме подобро празниците, ако внимаваме на себе и ако живееме достојно за Христа, Кого Го исповедаме.
2. Но, сепак да не забораваме дека нашите денови бегаат, како да се на коњи, а времето е како некое тркало: едни воведува во живот преку раѓањето, а други - изведува оттука, преку смртта, но, притоа, не во една иста возраст за сите и не во погодно време; старците не ги зема пред младите, таткото - пред чедата и чедата пред таткото, а понекогаш - зема и многумина од сите возрасти. Така благоволил Бог да уреди, за да биде непознат часот на смртта и секој од нас да се подготвува за своето излегување од овој свет. Затоа, ние треба да бидеме будни и трезвени, за смртта да не нѐ најде неподготвени, зашто тогаш можеме и да се покаеме, но ќе биде без корист и без плодови. Зар не знаете дека пред извесно време и јас бев тешко болен? И само малку беше потребно душата моја да се насели во пеколот. И макар што сега оздравев, се разбира, ова нема да потрае засекогаш. Јас ќе морам, бидејќи сум веќе мошне стар, најпосле да ве оставам и да се преселам од другата страна, таму каде што се моите оци и браќа. Само, молете се, ова да стане кога имам јасно и потполно сознание за Христа и совеста моја да биде очистена од сѐ што сум згрешил во целиот мој живот. Тогаш, кога бев опфатен од маките на мојата болест, јас си помислував и говорев: ако оваа моја мака е толку голема, тогаш какви ли ќе бидат маките во идниот живот? Ако не можеме да ги поднесеме маките и страдањата, кои продолжуваат три или четири дена, тогаш како ќе ги истрпиме вечните маки?
3. И вас ве советувам да размислувате за ова, и секогаш кога помислувате за ова, да живеете внимателно - според надворешниот човек, - со секоја побожност и смирена мудрост, со трудољубие и трпение, - а според внатрешниот човек, - со секакво запазување на срцето, да не му дозволуваме на лукавиот и лош наш непријател да ни наштетува и да нѐ напаѓа, да не го правиме храмот Божји живеалиште на страстите, да застанеме чисти пред Господа, така што уште овде, пред идниот живот, да започнеме да го живееме блажениот живот. Зашто има ли нешто поблажено од тоа да се живее во овој свет со чисто срце и со Бога во него? Но, ова не може да биде, ако не му претходат: трудовите, молитвата, солзите, скрушеноста, ревноста, горењето на духот, макар што непријателот, и покрај нивното присуство, не престанува да нѐ напаѓа и да ја распалува во нас борбата, без претходно, објавување, ненадејно и невидливо. Тој го прави ова затоа што гледа, дека се стремиме да се издигнеме на небото и да се удостоиме со неискажливата радост. Но, бидејќи, навистина, „страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас“ (Рим. 8, 8), тогаш треба да се подвизуваме со сите наши сили, со сета сила на верата и на надежта, така да се бориме, за да можеме да ги уништуваме сите стапици на ѓаволот, угледајќи се на натпреварувачите во трчање, кои прават големи напори за сето време, така што пред крајот се онесвестуваат. Но, нивното трчање е привремено и наградата е гниежлива, а нашата борба продолжува во текот на целиот наш живот, затоа и венецот наш е непропадлив и сите други награди се вечни, кои треба да ги добиеме со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос.
257.
1. Треба да се угледаме на светите оци, но угледај се на оние со ист вид на живеење; инаку од тоа може да произлезе штета. - 2. За ова се наведени примери. - 3. Не зафаќај се за она што не е твое. - Ако си киновит, тогаш угледај се на оние што живееле и што се прославиле во зедничкиот (киновитскиот) манастирски живот... се укажуваат личности. - 4. Испосниците нека се угледаат на оние што се подвизувале во пустините, а ти претрпувај ги тешкотиите на манастирското живеење, како што го правам тоа и јас. (4, 38)
1. Ние се вчудоневидуваме кога ги читаме житијата на нашите оци и кога ги разгледуваме со размислување, затоа што во ова тело живееле како ангели и Му угодиле на Бога. Но, не е доволно само да се восхитуваме, туку потребно е, соодветно со нашите сили, и да се угледаме на нив. Ова утледање треба да биде разумно, имено: киновистот треба да се угледа на киновист, пустинскиот испосник - на пустински испосник, безмолвникот - на безмолвник, игуменот - на игумен. Зашто каква е ползата, ако се угледаме на оној, кој не е од ист вид на живеење со нас, туку живее на друг начин и е од друг вид. Од ова не само што нема да добиеме никаква корист, туку ќе имаме и очигледна штета. Многумина, водени од љубовта кон Бога, го оставиле својот начин на живеење, стремејќи се кон друг. - својот го загубиле, а она што сакале не го постигнале.
2. За доказ на тоа, ги изоставува древните примери, а ги спомнува само современите, тие што се случиле во нивното поколение. Каква корист ќе му придонесе на клисарот да се искачи на столп? Нема ли да го симнат избезумен од таму? - И тогаш тој не е ни киновит, ни столпник. И каква корист му донел столпот на некојси Саприт? Не слегол ли тој од него заради Православието, а потоа не паднал ли во ерес, станал предавник, а сега е жесток гонител на правоверните? - Но, да го погледнеме и нашето братство: нашиот брат Петар, кој остаре во послушништвото и кој добро напредуваше во него, влечен од искрена побожност, не појде ли во пустина? - Но, каков се врати оттаму, и како му беше крајот, вие го знаете ова и со своите очи го видовте. А, исто така и Амфилохиј, кој е уште жив, не стана ли тој најнапред столпник, па потоа затворник, а сега неговото живеење е срамно и талка по светот.
3. Сето ова било и бива, по искушение од ѓаволот, кој им советува на подвижниците да се зафаќаат за она што не им одговара, за да ги доведе до таму, да го изгубат и своето. Затоа светиот апостол извикува: „Секој во како призвание е повикан, браќа, во него и нека остане пред Бога“ (1. Кор. 7, 24). Ако си повикан за безмолвник, нема што да помислуваш за животот во монашкото општожитие: ако си повикан за зеднички (киновитски) манастирски живот, нема зошто да размислуваш и да копнееш кон безмолвништвото. Секој во својот вид на подвижнички живот да Му угодува на Бога. Секој има примери од својот вид подвижништво како да Му угодува на Бога, според кои треба да го средува својот живот. А ти угледај се на оние што се осветиле во општожитието. На кои? Не само на светите од древноста, туку угледај се на оние, кои се во нашето братство, кои биле и кои што се уште тука, Угледај се на блажениот Дометрија, чија вера е огнена. Угледај се на блажениот Зосима, чие послушание е нелицемерно. Угледај се на блажениот Марко, кој ги примал навредите и понижувањата како почести, и умеел своето живеење да го запазува непоколебливо. Угледај се на Терентиј, кој многу години им служел на болните во кујната, никогаш не паѓал во малодушност; никогаш не бегал од тешка работа, дури ни тогаш кога му предлагале други, полесни послушанија, не се согласувал и повеќе сакал да остане на своето тешко послушание. Угледај се и на многумина други браќа, кои се одликуваат во своите послушанија, чии имиња се во книгата на живите. Еве, на нив треба да се угледаш, а не на пустиножителите.
4. Пустините и горите нека останат за авва Јоаникиј и за сличните со него, а ти засакај го послушанието и отсечувањето на својата волја. Тој сега не трпи гонење, а ти си гонет за вистината. Тој не е во затвор, а ти си затворен заради Господа. Тој не е тепан, а ти претрпе измачување заради Господа Христа. Сето ова што си го претрпел ти, неспоредливо е повозвишено од неговото спокојно пустинско живеење. Ќе кажам нешто и за мене смирениот. - И, ако сум недостоен да ви началствувам, дали треба да го напуштам ова началствување и да се оддалечам в пустина или да започнам некој друг вид на подвижничко живеење? Но, така не му е својствено на духовниот началник и на пастирот, кој треба душата своја да си ја даде за своите овци. Така и ни вас не ви личи да правите нешто и да помислувате, што и да било, различно од ова што сте денес. Зашто од ова настанува сама неплодност и неуредност во живеењето; добрите ваши плодови зависат само од трпеливото извршување на она со што сте задолжени со вашето сегашно послушание: вашите духовни плодови се раѓаат и зреат од вашите послушанија. Секој нека живее и нека Му угодува на Господа, за да ги чуе зборовите: „Убаво, добри и верни слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам: влези во радос га на својот господар“ (Матеј 25, 21).
258.
1. Откако укажал на тоа што е монахот. - 2, покажува во што денешните монаси заостануваат зад некогашните. - 3. Напомнува дека тоа е спротивно на Светото Писмо и, - 4, и како можат овие поттикнувања да се одразат за подобрувањето па монашкото живеење. (4, 39)
1. Нема ништо поблажено и повозвишено од нашето монашко живеење: само ако живееме така како што се именуваме. Монах е оној кој само во Бога гледа, само Него Го посакува, само Нему Му припаѓа, само Нему сака да Му угодува; оној што има мир со Бога и мирот Божји го вградува меѓу браќата свои. Кај кого го нема сето ова, а, напротив, има несогласување, завист, разделба, при кого ги нема птретходните работи, „тој е слеп, кусоглед и заборава дека се очистил од поранешните гревови“ (2. Петр. 1, 9).
2. Вие виновните знаете зошто го говорам ова. Говорам не за да ве огорчам, туку за да ве утврдам, така што во иднина да не паѓате во тие исти погрешки. Кај нашите озборувањето не било примано, па кога ќе слушнел некој од нив озборување или си ги затнувал ушите или го ползувал озборувањето за нешто добро. А ние денес лесно ги слушаме оние што клеветат и озборуваат, ги слушаме со таква желба и внимание, со каква не ги слушаме ни четивата за време на црковните богослужби. Нашите оци секогаш говореле тивко и спокојно, а сега кај нас се говори со викање, гневно и со лице изнакажено од лутина. А има ли нешто пострашно од ова? Кај нашите оци немало мрморење, туку секој го примал со благодарност она што му го давале, а од тоа горчливото бивало слатко и непријатното - пријатно, а ние денес мрмориме, осудуваме едно и друго, не само внатре во себеси, туку и пред сите, а со тоа се зголемува бројот на оние што мрморат и што Го ожалостуваат Бога.
3. Ова не треба да биде вака, браќа мои, не треба. Оваа работа не им прилега на монасите; и гревовите на осудувањето и навредувањето не се мали гревови, зашто е речено: „Неправедниците нема да го наследат царството Божјо“ ( 1. Кор. 6, 9). Но, и мрморењето не е мал грев, како што е напишано: „Не роптајте, како што некои од нив роптаа, па загинаа од крвникот“ (1. Кор. 10, 10). И лошите зборови не се мал порок, зашто е напишано: „Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање на верата, за да им принесе благодат на оние што слушаат. И не Го оскрбувајте Светиот Дух, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето“ (Ефес. 4, 29-30). Не гледате ли дека апостолот ни укажува на тоа, дека со нашите лоши зборови Го прогневуваме Светиот Дух. Или не се плашите дека во денот на Страшниот суд ќе одговараме за секој празен збор, како што рекол Самиот Господ?
4. Зошто по сето ова не внимаваме? Зошто не се средиме кога знаеме што нѐ очекува? Зошто великодушно не ја поднесуваме секоја навреда? Зошто не ја скратуваме лутината, како што правел светиот Давид? „Се возбудив и не можев да говорам“ (Псал. 76, 4). На тој начин навредата ќе исчезне и твојата добродетел ќе остане вечно. Ако храната што ти е дадена не е според твојот вкус, благодари Му на Бога и за таквата, каква што е, зашто она што го сметаш лошо, други би сакале да го имаат. Но, ако сѐ бива онака, како што сакаме, во што ќе се пројави нашата послушност? Тогаш зошто се фалиме со неа? Зашто, ни со воздржување, ни со бдеење, ни со спиење на гола земја, ниту со некој друг подвиг можеме да се пофалиме и да се покажеме опитни во нашето живеење, како со отсечувањето на нашата волја, со овој вид мачеништво, кој е нераздвоен од киновитското живеење. Светиот апостол Петар ни заповеда: „Отфрлете од себеси секаква пакост, и секаква измама, и лицемерство, и завист, и секакво напаѓање, и како новородените деца бидете желни за вистинско и разумно млеко, та во него да пораснете за спасение, бидејќи вкусивте дека Господ е благ“ (1. Петр. 2, 1-3). Ако сте вкусиле дека Господ Христос е благ, ако го сакаме вечниот живот, ако не се откажувате да ги извршувате добрите совети, ако не се уморувате и ако не паѓате со духот, тогаш кајте се веднаш за сѐ што сте згрешиле и станете веднаш по секое паѓање. Зашто, само на ваков начин стануваме духовно искусни и несомнено ќе се удостоиме со вечниот живот во Христа Исуса.
259.
1. Спомнувајќи си што ни е дадено преку воплотувањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос, - 2, да живееме во обновениот живот според Неговиот дух, - 3, бегајќи од старото, имено: од похотната сласт и зависта, од кои доаѓа секое зло, - и - 4, да покажуваме ревност за секое добро и да ги сакаме страдањата заради Него. (4, 40)
1. Како гладните што сакаат да јадат и жедните да пијат, така и ние треба да сакаме да ги слушаме Божјите зборови, зашто кога ги слушаме - добиваме големо добро: од безгрижни стануваме ревносни, а од ревносни - уште поревносни, како што читаме во Светото евангелие: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3, 16). Како? Ние бевме заробени од ѓаволот преку непослушноста на Адама, победени од смртта, продадени под гревот и подложени на гниење. Кога дојде Единородниот Син Божји, Кој се дал Себеси за искупувањето на сите и не само што нѐ избавил од власта на смртта, туку нѐ измил од нашите гревови, со Својата крв (Откр. 1, 5), нѐ направил наследници на царството небесно, како што е напишано. Гледаш ли колку е силна Божјата љубов? Ја гледаш ли безграничната милост на Неговото човекољубие? Колку е несфатлива Неговата милост! Колку се безбројни и големи Неговите дарови, кои така богато ги излил на нас преку нашиот Спасител Господ Исус Христос!
2. Што ќе кажеме и што ќе помислиме ние бедните за сето ова? Зар пак ќе се вратиме кон гревот? Дали ќе посакаме пак да бидеме робови? Дали ќе ги избереме пак срамот, гниежливоста и осудувањето? Не, никако! Да не биде! Апостолот пишува: „Ние, кои сме умреле за гревот, како ќе живееме во него уште? Сите ние што се крстивме во Христа Исуса, во Неговата смрт се крстивме. И така, ние се погребавме со Него преку крштевањето, та, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, така и ние да одиме во обновен живот. Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението“ (Рим. 6, 2-4). Да одиме, браќа, во обновен живот, како и одново што ветивме кога ја примивме схимата! Да живееме, како што им прилега на светиите“ (Ефес. 5, 3)! Да живееме во мир и едномислие, во чесност! Да не постапуваме „според поранешните наши похоти, кога бевме во незнаење“ (1. Петр. 1, 14), туку да бегаме како од оган од поранешните неуредности, зашто сега сме утврдени врз каменот на верата.
3. Еве, ова е обновување. А што е она старото? Тоа е гревовна сласт, со која бил уловен нашиот праотец Адам и бил изгонет од рајот, па паднал под јаремот на нашиот сегашен страдален живот, а Каин, кога се погордеал, од завист го убил брата си Авела. Затоа што даровите на брата му биле примени, а неговите биле одбиени, а потоа, во текот на целиот свој живот, тој се плашел и треперел да не биде убиен од некого. Од овие две зла безбројни зла влегле во светот: потопот, кој уништил сѐ што живеело на земјата; тешката судба на Содом и на Гомор, кои биле претворени во пепел, во оган и вжештен сулфур од небото, за да се накаже нивниот срамен и страшен грев. Гледате ли до каде довел гревот: похотта на очите со гордоста на животот?
4. Но, како што е веќе речено, ние сме повикани преку Божјата милост, сме добиле слобода и трчаме кон усиновување. Да стоиме во слободата, во која нѐ ослободил Христос, и во славата, со која нѐ прослави Он; да се запазуваме и да се одвраќаме од сѐ што е суетно и сѐ заради Христа: понижувањето да го сметаме за чест, жалоста - за радост, раните - за наслада, гонењата - за блаженство, смртта - за живот, како што го сметале сето ова нашите оци и браќа, кои сега ги спомнуваме, а чии имиња се запишани во книгата на животот. Ако живееме вака, „ќе бидеме прави и чисти, непорочни чеда Божји среде лош и расипан род, во кој светиите светат како светила во светот“ (Филш. 2, 15), а во идниот живот ќе се удостоиме да го наследиме царството небесно.
260.
1. Откако укажал на житијата на светите оци, тој вели дека тие го оживуваат доброто во нас и нѐ оддалечуваат од злото, - 2, нѐ повикува да се угледаме на секого од нив, според видот на неговото послушание. - 3. Кај нас да нема непослушност, мрзливост и мрморење. (4, 41)
1. Во овие дни, кога ги читаме житијата на нашите свети оци, ние од ова црпиме голема корист и таква радост, кои не можеме да ги искажеме. Има ли, кажи ми, нешто послатко од ова: кога ги разгледуваме нивните бесмртни дела, нивните чуда и нивните победи над бесовите?! Мене ми се чини, дека и камењата ја чувствуваат користа од ова, а не само разумниот човек. Од ова му се просветува умот на човекот и почнува да го отфрла помрачеиото мудрување на светот; од ова душата се ублажува и се издигнува кон божествената љубов. Навистина, можеме да речеме, дека соборот на светиите е вистинскиот едемски Божји рај, кој не е исполнет со земни плодови, туку е преполн со разновидни духовни плодови, каде што се чувствува прекрасната духовна миризба, каде што змијата не каса, туку самата рани добива: нема сила да изгонува, туку, како и што треба, самата бива изгонувана. И, ако царството Божјо е внатре во нас, мислам, дека нема да погреши оној, што светиите ќе ги нарече царство Божјо, во кои почива Бог, како некој многумилостив цар, и им раздава богати дарови на своите слути. Зошто ми се по сето ова сите земни царства? Што може да ми значи секоја мала суета и стомакот, кои ќе бидат, секако, уништени? Каква вредност можат да имаат златото и среброто, скапоцената облека и секоја друга суета? Сето ова не може да се споредува со убавините во царството небесно, како што не може да се споредува светлината со темнината, животот со смртта и вистината со соништата.
2. А, ако е сето ова така, да се радуваме „со неискажана и прославена радост“ (1. Петр. 1, 8), затоа што сме го добиле подобриот дел и што сме почнале да му припаѓаме на избраниот род, кој сјае со небесно благородство. И не треба само да му се радуваме на сето ова, туку треба да пројавиме ревност, за да се угледаме на нивните добродетели, колку за тоа имаме сили, така што да не го носиме напразно монашкото име; да не изгледаме само побожни, а да бидеме одречени од силата Божја (2, Тим. 3, 5). Како што секој, кога ќе појде во аптека, си побарува лек што му е потребен, така и ние, сакајќи добро да се угледаме на светиите, секој од нас да избере такви примери, кои се сродни со животот на секого од нас и на тој начин да црпеме корист за себеси. Јас недостојниот ќе гледам како пастирствувале светите духовни пастири; економот - на оние што својата економска должност ја извршувале верно и разумно; магационерот - на оние што разумно и добросовесно ја извршувале својата служба. За ова нека размислува и капонархот, и трпезарот и сите други, какво послушание и да имаат. Добри примери ќе се најдат за сите, само ако сакаме да ги видиме и да се угледаме на нив.
3. Никој од вас да не биде непослушен. Штом ќе биде повикан, веднаш да се јавува. А, ако почне да говори: почекај малку, ќе дојдам, особено ако се однесува ова на економот, ова не е негрешна и не е достојна работа. Никој да не се откажува од своето послушание, туку послушно да го извршува, па макар тоа било сврзано со смртна опасност. Во ова е вистинското монашко совршенство. Никој да не мрмори и нека не нѐ осудува, ако му недостасува нешто. Таквиот е сличен на оние што мрмореле и што роптале во пустината, чија, пропаст била ужасна (4. Мој, гл. 16). - Но, кои се таквите? - Тоа се оние што не знаат, нетрпеливите и младенците по ум, кои не се достојни дури и воздухот да го дишат, а камоли да добијат некаква утеха. Впрочем, преблагиот Бог наш да ги вразуми неразумните, разумните да ги умудри и сите нас да нѐ спаси во Своето царство, во Исуса Христа, нашиот Господ.
261.
1. Непостојано е сѐ што посакуваме по духот на овој свет; само добродетелта е вечна. - 2. Таа се ублажува дури и овде на земјата, што можеме да го видиме од секојдневното спомнување на светиите во Светата Црква. - 3. А што ќе биде таму? Таму светиите ќе бидат како сонце и ќе бидат со Христа. - 4. Да бидеме ревносни да го придобиеме ова и да го избегнеме спротивното. (4, 42)
1. Од луѓето едни го сакаат богатството, други - власта, трети - успесите, четврти - насладите. Но, ништо од сето ова не е достојно да биде сакано и не може да нѐ направи вистински среќни, зашто сето тоа е привремено и минливо, минува како и сѐ друго во овој свет. Земните блага не ги прават луѓето среќни ни во овој живот: тие честопати исчезнуваат веднаш по своето појавување, исчезнуваат како сон. Само добродетелта е достојна да биде сакана, како нешто што можеме вечно да го имаме и што ги прави вистински среќни оние што ја имаат. - Да си спомнеме колку имало досега силни владетели. И многумина ги сметале среќни, и никој за нив не си спомнува со пофалба; само славата на добродетелите никогаш не престанува.
2. А ова се гледа и од она што го правиме ние. Вчера го празнувавме и ублажувавме свети Јован Златоуст, денес го празнуваме и ублажуваме свети Ефрем Сирски, а утре ќе празнуваме и ќе ублажуваме друг светец. На овој начин тие, како светила, еден по друг болснуваат на црковното небо и со своите празници ја отвораат нашата уста да ги прославуваме и со тоа тие ги осветлуваат нашите чекори кон Бога. Светото Писмо вели: „Оние што ги позна порано, нив и ги определи да бидат слични по образот на Неговиот Син, та Он да биде првороден меѓу многуте еднородни браќа. А оние што ги предодредил, нив и ги повикал, нив и ги оправдал; кои ги оправдал, нив и ги просветил“ (Рим. 8, 29-30). Што ќе кажеме на ова? Зар ние не сме приврзани во вакво призвание и кон ваква слава? Се разбира, и ние сме повикани. И на нас смирените не ни се непознати крстоносниот живот и цената на блаженството, зашто и ние до овој час трпиме гонења, освен подвизите на доброто исповедништво. О, колку е прекрасна силата на добродетелта! И што им дава на оние што строго се држат за неа!
3. Но, ова е овде, а како ли е во идниот живот? O, кој може да гo опише тоа блаженство и таа слава? Господ вака говори за ова: „Тогаш праведниците ќе светнат како сонце“ (Матеј 13, 43). Како што е Он Самиот Сонце на правдата, ветил дека и праведниците, кои се подобни на Него, ќе светнат како сонце, за што тврди и апостолот, велејќи: „Ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме“ (Рим. 8, 17). И како што Му се молел на Отецот Самиот Господ: „Оче, сакам и овие што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас, за да ја гледаат Мојата слава што си ми ја дал, оти Ме возљуби уште пред да се создаде светот“ (Јован 17, 24). Гледате ли каде ние ќе појдеме? - „Каде што Христос седи оддесно на Бога“ (Кол. 3, 1), таму каде што се радоста и веселбата, каде што се ангелските хорови и каде што е црквата на првородните, на оние што се запишани во неа, каде што се нашите оци и браќа, призваните од ист вид; таму ќе појдеме по малку време и таму, како што пее блажениот Давид: „Таму се зарадувавме поради Него. Со Својата моќ Он владее вечно“ (Псал. 65, 6-7), не за време на илјада или десет илјади години, но во сите векови и целата вечност, без да старееме и без да имаме крај.
4. А кој може да го постигне ова? - Оној што е ревносен, што во текот на целиот ден и секој час е трезвен и буден, за да не задреме неговата душа, зашто при таквиот дремеж, страстите нѐ напаѓаат како ѕверови и ја совладуваат нашата душа. А сѐ додека сме на стража и бдееме над себеси, сѐ дотогаш крадецот нема да украде и змијата нема да навлезе. - И така треба да бдееме и да гледаме со умот пред себеси, она што е добро и она што е спртотивно на него, маките што им се закануваат на оние, кои и се противат на Божјата волја: огнот што не гасне, најкрајната темнина, црвот што не спие и сѐ друго, така што, исполнети и опфатени со такви помисли, да можеме да минуваме низ ѓаволските мрежи и успешно да поминеме од другата страна и да го добиеме царството небесно.
262.
1. Господ ни направил многу добрини при минувањето низ пустината, за да дојдеме овде; треба да Му благодариме не само со зборови, туку и со дела. - 2. Што треба да правиме? - Да живееме за Божјата слава: да бидеме Негова благопријатна миризба, да се искачиме на гората и да гледаме. - 3. За ова треба да го напуштиме сето она што е долу и да се украсиме со она што е горе. - 4. Ова не е далеку од нас, зашто тоа е во нас. (4, 43)
1. Насладувајќи се непрестајно со преголемите Божји дарови, ние сме должни секогаш да Му благодариме во силна молитва со сето наше срце. Зашто, гледајте, каков е сега Неговиот преголем дар! Кога бевме принудени, од страв пред Агарјаните, да избегаме од манастирот, зар Он не нѐ прехрани, како што ги хранеше и Израилците во пустината, во местото, каде што бевме отфрлени, и тоа во тек на повеќе денови? И потоа, не ни ги отвори вратите за успокојување овде, каде што има и прекрасен храм и прилични живеалишта? А братот што нѐ прими како да има една душа заедно со нас! Колку е голема Божјата грижа за нас! Што требало досега да се направи, а Он не го направил? И додека бегавме Он ни даде сѐ: и леб, и вино, и риба и сѐ што ни беше потребно, па дури и многу повеќе, така што се вчудоневидуваа оние што го гледаа сето тоа. За сето ова ние сме должни да Му благодариме на Бога не едноставно, туку со сета наша душа и со самата наша смрт. Затоа, ве молам, да ја распалиме во себе најсилна љубов спрема Него, потполно да се прилепиме до Него и да Му се предадеме целосно.
2. Што можеме ние да Му дадеме Нему? - Да живееме и овде за слава на Неговото пресвето име, за да се исполнат и на нас Неговите зборови: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Матеј 5, 16). А и апостолот говори: „Да Му благодариме на Бога, Кој секогаш ни дава победа во Исуса Христа, и преку нас го јавува мирисот насекаде, по кој Го познаваме Самиот Него“ (2. Кор. 2, 14). Гледаш ли дека добродетелниот е мирис Христов, каде и да живее? Добродетелта и по својата природа е таква, што не може да биде скриена. Оној што ја има, на сите им станува познат, како што е напишано: „Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина“ (Матеј 5, 14). Овој град е човечката душа, а планината, тоа е висината на добродетелите, на која кога ќе се искачат сјаат „како светила во светот, имајќи го во себе словото на животот, за пофалба“ на себеси „во денот Христов“ (Филип. 2, 15-16). И ние, браќа, да се искачиме на оваа света планина!
3. Но, не можеме да се искачиме таму, ако не го оставиме ова што е долу: желбите на телото и лошите помисли, погубните задоволства на тукашниот живот, оддалечувањето од овие работи е искачувањето кон добродетелите. Па така, нека се очисти срцето од нечистите помисли, окото нека биде целомудрено и нека гледа право, нека се затвори увото за слушање на она што е лошо, да му биде забрането на јазикот да говори суетни работи, да се задржува раката од допирање на она што е забраното, нозете да одат по патот на мирот, сите членови да се научат да го прават соодветното добро и да се осветуваат со благообразноста Христова. Земниот цар е расположен да ги поздравува прекрасните и телесно украсените, а небесниот Цар го сака оној чиј дух е украсен, макар надворешно - да е сиромав, слеп, куц и да има и други телесни недостатоци и од луѓето да е презрен. Ако се со ваков разум и со ваков дух, неблагородните биваат благородни, презрените - славни, сиромасите - богати. Заради оваа причина блажените апостоли од рибари станале водечки личности во светот; затоа и свети Антониј, кој не ги изучувал световните науки, бил помудар од мудрите на овој свет; затоа, да се послужиме со пример што ни е поблизок на нас, нашиот отец Тадеј, скит и роб, како што ви е познато, се издигна до височината на Христовото исповедништво и стана славен во светот.
4. О, колку е неискажливо човекољубието на преблагиот Бог! Каков лесен приод ни даде кон Себе! Зашто за ова немаме потреба ни од посредник, ни од пари, ни чекање на погоден случај за тоа, туку е доволно само да го посакаме ова, да посакаме да бидеме со Него, - и веднаш можеме да бидеме пред Него и со Него. Па така, сакаш ли да бидеш голем на небото? Тогаш реши да бидеш последен овде на земјава. Сакаш ли да бидеш наречен син Божји? - Смири ја твојата душа од измачувањето на страстите. Сакаш ли да те гледаат очите Божји? - Извршувај ја Неговата правда. Но, кој може ова да го прави? - Оној што доброволно го прифаќа учењето Негово, оној што сака да ја извршува правдата и да ги придобие богатствата небесни. - И ние да ги извршуваме во ваква расположба Божјите заповеди, па да го добиеме царството небесно, заедно со сите светии, во Христа Исуса, нашиот Господ.
263.
1. Секој да го исполнува своето послушание со сето свое срце, како да е пред Бога. - 2. Јас да го извршувам моето и секој од вас своето, така ќе бидеме членови еден на друг, изградувајќи ја заедничката благосостојба. (4, 44)
1. Како оние што го извршуваат послушанието, така и оние што ги даваат послушанијата, должни се со големо внимание и силна усрдност, подвижнички, да го прават тоа свое дело, - и економот, и неговиот помошник, и магационерот, и готвачот, и трпезарот и секој друг без разлика какво е неговото послушание, да не биде меѓу оние, што се подложни под страшната клетва: „Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа, и нека е проклет кој го задржува мечот Негов од крв!“ (Јерем. 48, 10), туку, напротив, да бидат достојни за благословот на Господа, Кој рекол: „Кој е пак тој верен и благоразумен слуга, кого ќе го постави господарот негов над слугите свои, да им дава навреме храна? Блазе на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот, го најде да постапува така; вистина ви велам, дека над целиот свој имот ќе го постави него“ (Матеј 24, 45-47). Гледаш ли каква и колкава чест му дава Он на добриот слуга? Јасно е дека оној што не служи добро, го добива спротивното. Затоа, ве молам, секој совесно да го извршува послушанието што му е дадено: и со тоа да Го прославува Бога и да го придобива своето спасение. Економот да се труди преку својата совесна работа да ги задоволува телесните потреби на браќата, на секого да му го дава она што му е потребно, а тоа да не го прави лицемерно и пристрасно, туку сѐ што прави - да прави со добра расположба и братска љубов. Магационерот да се труди да го задоволува братството со храна, својата работа да ја извршува искрено и со желба да ги задоволи, а во магацинот да не држи ништо што е расипано. Готвачот да готви така, како храната дека ќе Му биде принесена на Самиот Бог. Трпезарот така да ја чисти трпезаријата, како и садовите, како за Самиот Господ. Така да постапуваат сите, секој во своето послушание.
2. Ова не го говорам за да ве кренам едни против други, туку затоа: секој од вас, кој во што е повикан, да се труди да го извршува своето задолжение и со тоа да им служи на браќата, имајќи Го секогаш во своите духовни очи, Самиот Бог, од Кого треба да ја очекува секоја награда. - А зар на мене смирениот не ми е дадено задолжението да се грижам за сите вас и за сѐ? Бидејќи јас ја имам грижата, будната грижа за вашите души, ве молам, секој од вас кога е сам и кога е заедно со другите, да говори за Божјата правда и за мечот што доаѓа, така што и ние сите без мрзливост да ги извршуваме секој своето послушание. И на тој начин ќе бидеме едно тело и еден дух, како и што сме повикани во едната надеж на нашето призвание: да се сакаме еден со друг, како членови на едно тело, да се трпиме еден со друг, да се грижиме еден за друг, да ги носиме взаемно нашите тешкотии, така што, по разделувањето на нашата душа од телото, да не зажалиме премногу доцна за времето попусто загубено во неработење, но секогаш добро подготвени за тој страшен час, со добра надеж и чиста совест - да се преселиме оттука и да го добиеме царството небесно.
264.
1. Некои се степале, ги изобличува. - 2. Укажува дека причина за тоа е гордоста, која прво поучува , а потоа и на дело го пројавува лошото. - 3. Средства против ова е: вкоренувањето на добри намери во срцето. (4, 45)
1. Не бев долго отсутен оттука, но кога се вратив најдов безредие, за кое сакам пред сите да говорам, дека некои од браќата пружиле раце едни кон други и дека се степале со гнев и со викотница. - Што се однесува за едниот од нив, ова е многу чудно, зашто тој е уште мирјанин и не е примен за член на нашето братство; за другиот е ова многу срамно и чудно, зашто тој го направил ова веќе како монах, кој треба да е ослободен од светот и телото свое да го има приковано на крстот. Па како ти, брате, слегна од крстот? Како се ослободи од клинците и ги подигна своите раце, како Јудејците, на Исуса Христа? Зашто Он Самиот рекол: „До колку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 40), И ти не се исплаши од Оној Кој ги кажал овие зборови? Не се засрами ли од твојот ангел пазител, заштитникот на твојот живот? Не се засрами ли од браќата и од другите луѓе што те гледаа? Господ ни заповедал: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен“ (Матеј 5, 16). Тебе твоето лошо Дело те покрило со мрак и со тоа си го похулил името Божјо. Тешко на мене грешниот! На каква животна височина сме повикани и до каде сме паднале: правиме срамни дела, какви што прават мирјаните. Ти велиш дека тој ја започнал тепачката, но зар не си чул како кротко му рекол Господ на слугата, кој го удрил по образот: „Ако реков лошо, докажи го лошото, ако ли пак добро, зошто Ме биеш?“ (Јован 18, 23). И пак кога бил на крстот: „Оче, прости им, оти не знаат што прават“ (Лука 23, 34). Знаејќи го ова, ти си бил должен, и кога ќе те навредат, да го благословиш, и кога ќе те тепаат, да се молиш за оние што те тепаат, а кога ќе те хулат, да молчиш (1. Кор. 4, 12-13). А ти, кога не си се угледал на преблагиот Господ, на кого си се угледал? Слушај ја заповедта на апостолот: „Секое огорчение и јарост, гнев, викање, и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба“ (Ефес. 4, 31), а вие сте дошле до тепачка, сте си ги кубеле косите и сте се задавувале еден со друг. На овој начин сте Го презреле Бога. Пророкот говори: „Мевот изгоре; оловото се стопи од огнот; леарот топи напразно, зашто лошите не се отстранија“ (Јерем. 6, 29). Попусто и јас смирениот се трудам до истоштување. Впрочем, и при сето ова, јас нема да престанам да си ја вршам мојата работа, дотолку што во секој случај имам многу внимателни слушатели.
2. Но, каде е причината за ова срамно дело? Зашто не треба само да го изобличиме гревот, туку треба да укажеме на лекарството. Лошата совест ја пронашла оваа лоша новина, ова горделиво мудрување и оваа лоша замисла на срцето. Во срцето свое гневниот говори вака: „Ако ми каже тој така, јас ќе му одговорам вака; ако ме фати вака, јас ќе му отплатам на ист начин“. И тогаш кога ќе настане раздразнетоста, по каков и да е повод, тогаш она што се смислувало тајно, излегува на видело. Зашто не лаже Оној Кој рекол: „Од преполнето срце прикажува устата. Породи змиини! Како можете да говорите добро, кога сте лоши? Добриот човек од доброто сокровиште изнесува добро, а лошиот човек од лошото сокровиште - лошо“ (Матеј 12, 34-35).
3. Да го направиме нашето срце да биде сокровиште на добри намери. И тогаш не само што нема од него да изнесеме ништо лошо и нема да се тепаме со другите, туку и ако не удри некој по десниот образ, ќе му го свртиме и левиот (Матеј 5, 39), а и што друго да ни се случи, ќе постапиме според евенгелската заповед, „кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешниот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израилев?“ (Језек. 33, 11) и ние можеме вака да кажеме. Зошто попусто ни минуваат деновите и ноќите на нашиот живот во јадење и пиење вино заедно со нашите познати и зошто не сакаме да ги знаеме Божјите заповеди? Зар не е подобро да се утврдиме во себе, така што во иднина да не се лутиме, да не се гневиме, да не викаме, од што како стрели излегуваат навредливи зборови и нешто уште полошо. Апостолот вели: „Ти заповедам пред Бога, Кој сѐ оживотворува, и пред Исуса Христа, Кој ја посведочи добрата исповед пред Понтиј Пилат, и да ја запазиш заповедта чиста и беспрекорна дури до појавувањето на нашиот Господ Исуса Христа“ (1. Тим. 6, 13-14), за да не ме принуди мене да ве подложам под тешки епитимии, туку секогаш да дејствувам добро и благо, и мене грешниот да ме успокои, за да Му угодам на Бога и да се удостојам со вечните блага.
265.
1. Продолжува да ги изобличува оние што се степале; и - 2, ги повикува сите кон мир, земајќи поттикнување кон тоа од светата Причест. - 3. Кон ова незабележливо го приврзува своето слово за девството, кое го пофалува, и - 4, како средство кон него ги посочува покајанието во огнот на стравот Божји и солзите. (4, 46)
1. Ни јас, ниту вие, не треба да се чувствуваме пренаситени од моето зборување, кое е корисно за спасението на нашите души. Но, и јас и вие треба да имаме ненаситна желба кон ова, како што жедните пијат вода. И тоа е белег дека напредуваме: тоа е условот и дејството на спасението. Зашто зборовите нѐ водат кон дела, па затоа треба да се ползуваме со добрите поуки и разговори, за да не погрешиме во она што сме должни да го правиме. Токму, поучувајќи нѐ на ова, апостолот еве што вели: „Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање на верата, за да им принесе благодат на оние што слушаат. И не Го оскрбувајте Светиот Дух, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето. Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба: а еден кон друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефес. 4, 29-32). Гледате ли што ни заповеда апостолот? Каква точност во одредувањето на заповедта! Еве што говори, уште построго, на друго место: „Оние, кои се Христови го распнаа телото свое заедно со страстите свои и похотите“ (Гал. 5, 24), односно да бидат како неподвижни во гревовното дејствување. А, ако е ова така, тогаш размислете за каква осуда се достојни овие што се степаа? Тие не само што се скарале, туку и дигнале раце еден на друг. А ти, којшто си уште мирјанин, кој само што дојде при нас, ги крена своите раце против еден монах! - Ти пак, којшто си монах, се осуди со стап да го тепаш оној, кој веќе почна да се приготвува за заветот на послушноста! - Не, ти веќе не си монах, туку си мономах (едноборец); не си аскет, туку си разбојник; не си син на мирот, туку си чедо на гневот. Не дошле ли ударите од гневните зборови, а од ударите не доаѓа ли понекогаш и до смртни случаи? Затоа и обајцата, што постапиле вака, ќе бидат подложени на соодветна епитимија, за да не дојде до нешто полошо.
2. А вие, возљубени, како ученици на кроткиот и миротворниот Господ, кротко и мирно живејте меѓу себе, - „Грижете се да имате мир со сите во светот, без кој никој не може да Го види Господа“ (Евр. 12, 14). Посрамете се од Телото и Крвта на Господа, со кои се удостојувате да се причестувате. Душата, која ги прима Пречистите Дарови, не треба да си дозволува нередности, гревови и лоши желби. Устата, која пие од бесмртниот Извор, не смее да си дозволува да изговара смрдливи зборови. Очите, кои се осветени со чесната крв Господова, не треба да гледаат ѕверски и блуднички. Раката, која го прима божественото сокровиште, не треба да се допира до ништо што не е добро.
3. Но, и сите членови, како членови Христови, треба да бидат запазувани во чистота. Се разбира, и секоја добродетел е голема и пожелна, а не само девството. Девството прво болснано во рајот, пред измамата на змијата над нашите прародители со своите мудрувања: девството се удостоило да му биде мајка на Христа; девството луѓето ги прави ангели; девството го издигнува светот кон нераспаѓање.
4. При ова некој може да ме праша: а како можеме да го придобиеме? Како инаку, освен преку подвизи и напори? - Зашто каде се очекува голема работа, таму треба да има многу труд и големи напори. Како што добриот меч добро што ги сече напаѓачите, така и душата, која го има стравот Божји, како да е во оган искована и во солзи искалена, треба да ги сече демонските помисли, да ги лови и да ги заробува. А, ако отупи, тој треба одново да се остри, за да може да убива не само илјади, но и десетици илјади, како што пее светиот цар Давид: „Мнозина се оние, кои ме напаѓаат со гордост“ (Псал. 55, 2). И против нас војуваат безбројните духови на злобата, и вистинскиот Христов војник им се противставува дури до крајот на својот живот и за тоа го добива венецот како победник. Бог по Својата милост да им даде простување на оние што погрешиле, а на нас, кои трчаме добро - уште посилна ревност, за да можеме да ги извршуваме сите Христови заповеди и за тоа да го добиеме царството небесно.
266.
1. Ревносниот подвижник не се воздржува само од лоши дела, туку и од лоши помисли, а преку тоа го добива Божјиот мир, во кој се напојува со божествени соѕерцанија. - 2. Да внимаваме на себеси и да не им даваме на лошите помисли да се задржуваат во нашата душа, особено на блудните и на гневните. (4, 47)
1. Мрзливите и незагрижените сметаат дека е грев само извршувањето на беззаконијата, дека грешењето не е грев, ако се извршува преку грешни помисли. За нив се гревови: прељубодејството, блудот, нечистотата и секое друго лошо дело, против кои е тежок и самиот закон. Но, оној што е ревносен и што сака точно да се сообразува со заповедите не ги смета за грев и лошите помисли и мисловните мечтаења, од кои настануваат непотребни движења во телото и се труди со сите сили и нив да ги уништи во себе и да биде спокоен од погубните страсти, а тоа и значи - да се има мир со Бога преку нашиот Господ Исус Христос, како што вели апостолот: „Оправдани со верата, имаме мир со Бога, преку нашиот Господ Исус Христос“ (Рим. 5, 1), во што кога се установи, - душата се радува со радост голема и се насладува со сласт ненаситна; таа сака да мисли за Бога и да се вдлабочува во соѕерцанија за Неговата неискажлива величина, што граничи со самозаборавањето. А кога ќе ѝ се случи да излезе од таквата состојба и да биде вознемирена од безумните похоти, тогаш таа се вознемирува и се бранува, како што се ниша бродот под ударите на бесните бранови. И, ако Господ не дојде на помош, има опасност и од бродолом.
2. Затоа, треба да внимаваме и да не им дозволуваме на порочните помисли да се задржуваат во нас, туку веднаш да ги искорнуваме од нашата душа. Зашто, ако злобната змија најде место, од каде да навлезе внатре, во нашата душа, тогаш не ќе сака да излезе сѐ додека не ја роди смртта внатре во нас. Затоа Светото Писмо говори дека змијата ќе ја каса петата на човекот, односно крајот на неговото дејство, а човекот ќе ја гази главата на змијата, односно првото раѓање на гревовната помисла во душата (1. Мој. 3, 15). Затоа, да стоиме храбро против таквите мисли и нивното навлегување во нас, да ги уништуваме пред да се разгори од нив нашето тело, и со тоа да го пресечуваме соленото море на гревот, за да можеме и ние да говориме заедно со Давида: „Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но нѐ изведе да здивнеме“ (Псал. 65, 12). - Впрочем, не само похотната страст ја вознемирува и бранува нашата душа; неа ја измачува дури и уште повеќе гневот, зашто се вели: „Од скрб ми се помрачи окото мое“ (Псал. 6, 7), и уште: „Јароста им е како змијски отров“ (Псал. 57, 4) и уште: „Гневот почива во пазувите на безумните“ (Проп. 7, 9) и најпосле: „Несправедлив гнев не може да се оправда; тежината на гневот - паѓање е за човекот“ (Мудр. Сир. 1, 22). А од што се раѓа таквата страст? - Од горделивото мислење за себеси, а за другите со презирање; за себе мисли дека е нешто (Гал. 6, 3) и кој се издигнува над другите. А оној што има смирено срце, тој се угледал на Господа, кроток е и тивок, не се кара, не вика, и, ако се случи нешто непријатно, тој повеќе сака да претрпи навреда, отколку некого да навреди, прима удари и не враќа удар за удар.
267.
1. Послушанијата се врзани едно за друго. Затоа треба да си помагаме еден на друг, секогаш треба да ги слушаме оние што ни ги даваат, без да се откажуваме и без да го забавуваме она што треба да го направиме. - 2. Не давајте им се на помислите што ве вознемируваат, зашто тие се од лукавиот. - 3. Затоа, прифатете го трпението, кое е потребно во сѐ. (4, 48)
1. За што да поговориме сега? ќе ви говорам за надворешниот начин на живеење или за нашето живеење според нашиот манастирски устав, зашто, иако сме во киновија, не еден или двајца, туку многумина заедно, иако во општожитието немаме сѐ доволно, иако ни се дава само она што е најнеопходно, иако многу се трудиме, сепак треба да се трудиме, и тоа не само за нас, туку за другите во нашето братство, зашто кај нас непрестајно доаѓаат браќа и оци, патници и сиромаси. Потребно е многу дух и голем труд, за да можеме сите да ги примиме и да ги задоволиме. Затоа, економот треба да биде разумен и внимателен, како вистински Божји економ. Но, и тоа ништо нема да помогне, ако тој нема свој помошник, кој е во сѐ согласен со него и внимателен, како што е и тој. Но, и помошникот нема да успее, ако нема магационер, кој во сѐ му е послушен. Но, и работата на магационерот нема да оди добро, така како што сака, ако нема свој добар помошник во кујната. А, и работата на куварот, како и работата на сите други, нема да биде добра, ако секој од нив нема добри сотрудници кај другите. Како што во едно тело има многу членови и сите членови се грижат еден за друг, така што ако страда еден од нив, со него страдаат и сите други членови, а ако се прославува еден од нив, со него заедно се радуваат сите други членови, така е и во нашето манастирско братство, а ако не постои во него ваков ред, тогаш во него не може да има мир и едномислие, туку ќе настане разделување и распаѓање. - Па, ако е така, тогаш, кој смее да прави нешто според своите желби, да прави што сака и како сака, да се занимава со некаква своја лична работа и со својата рачна работа, а не и со работата, која е општа и заедничка? Или како смее некој од браќата, кога го викаат на некоја заедничка работа, да им откаже послушност на оние, кои имаат власт над него? Таквиот веќе не е послушник, туку непослушник, и не е брат, туку е туѓинец. Но, ако се случувало такво нешто во минатото, сега внимавај и пази се, за да не направиш нешто слично, за да не ти биде возложена соодветна епитимија. Зар не го слушаше апостолот што вели? - „Еден на друг бидете добри, сочувствителни, проштевајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефес. 4, 1). И ние да бидеме такви еден спрема друг, да ги носиме тешкотиите еден на друг и така, како што е напишано, да го исполниме Христовиот закон (Гал. 6, 2).
2. Ве молев и понапред, а и сега ве молам, да не дозволуваме да се измачуваме под тежината на лошите помисли, туку со радоста во Светиот Дух да го извршуваме подвигот што ни е возложен, подвигот на борбите, гледајќи го началникот на верата и извршителот Исуса, Кој му ја дава молитвата на оној што се моли и победата на оној што сака да победи. Зар не си спомнувате како неодамна настана страшно невреме, и како потоа веднаш настана тишина и се очисти воздухот? Така бива и со нашите помисли: нѐ вознемират малку и потоа ќе стивнат и ќе исчезнат. О, кога би било можно воопшто да не нѐ вознемируваат! И зошто да немаме секогаш мир во нашите души? Но, тоа е неможно затоа што сме колебливи и изменливи; дури во текот на еден единствен ден не остануваме еднакви и неизменети, дотолку повеќе ова не може да биде постојано. Каква е упорна злобата на ѓаволот! Го одгонуваме, тој пак доаѓа; иако е црна темнина - во светол ангел се преобразува, обидувајќи се на тој начин да нѐ измами. Но, нека отстапи од нас злобната змија, та секогаш да говориме: Не се откажуваме од тебе. Христе, и нема да го направиме лажно нашето исповедање. Или не ви е познато од каква состојба преминавме во оваа сегашнава? Зар не од незнаење - во знаење? И зар не од нечесност - во чест? Ние сега имаме и знаење и пофалба; сега сте навистина чесни синови, облечени во злато, заради вашето златно послушание.
3. Што уште недостасува? - Трпението. Апостолот говори: „Најнапред ви е потребно трпење, па, откако ќе ја исполните волјата Божја, да го добиете ветеното“ (Евр. 10, 36). Што е тоа што ни е ветено? - Самиот Господ рекол: „Одам да ви подготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам. А каде одам Јас знаете, и патот го знаете“ (Јован 14, 24). „И радоста ваша никој нема да ви ја одземе“ (Јован 16, 22). Помислувајќи за ова и за славата што ќе биде откриена во светиите, неискажлива и незамислива, гледајќи ја однапред, да поднесуваме сѐ што ќе ни дојде: глад ли, да гладуваме, задоволство ли од сѐ, да знаеме да бидеме и во таква состојба; ако е неопходно да умреме, тогаш и да умреме, за да го наследиме вечниот живот во Исуса Христа, нашиот Господ.
268.
1. На Велигденски поклади сетивните задоволства се противни на Христовиот Дух. - 2. Да Му благодариме на Бога и Господа што нѐ изведе од светот и што нѐ воведе во нашето тивко живеење, од кое се прославија толку светии, на кои се угледаме и ние. - 3. Да Му бидеме верни Нему и сега кога се подготвуваме за претстојните подвизи на исповедништвото. (4, 49)
1. Настанува Сиропусна седмица. Луѓето обично ги сметаат овие денови празнични, затоа се прават гозби и веселби, без да знаат дека овие денови се време на воздржување од месо и напомнување за општото строго воздржување од сѐ во текот на Великиот пост, и дека во овие денови на Сирната седмица не треба да се прејадуваат и опиваат. На ваков начин празнувале Елините и незнабошците. А христијаните, иако можат да употребуваат во доволна мерка, но не смеат грижата за телото да ја претвораат во похот, како што нѐ учи апостолот (Рим. 13, 14). Но, злото, кое станало општ закон, го води светот каде што сака. А ние ќе го избегнуваме невоздржувањето дури и во она што ни е разрешено, зашто знаеме оти невоздржувањето е мајка на гревот. Така и нашиот праотец, додека се воздржувал да не јаде од она што му било забрането се радувал и се веселел во рајот, исполнувајќи се со божествени озарувања и вдахновувања. А, кога го нарушил воздржувањето и кога вкусил од плодот на забранетото дрво, веднаш бил изгонет од рајот на сладоста и невоздржувањето станало за него мајка на смртта. Така жителите на Содом и на Гомор од прејадување им станале робови на срамните страсти, го навлекле врз себе гневот Божји и биле проголтани од оган и вжарен сулфур. Така и одвратниот Исав алчен само за едно обично јадење, го продал своето првенство. Така направиле и Израилците во пустината. „Утредента, станувајќи рано, принесе жртва сепаленици и жртва за спасение; и испоседна народот, та јадеа и пиеја, а потоа станаа да играат“ (2. Мој. 32, 6). Ова истото се прави и во денешно време, особено во текот на овие дни, се јаде, се пие, викаат и играат демонски танци. И не само дење, туку и до доцна во ноќите. Ете, вака влегле во светот злото на невоздржувањето, а со него и смртта.
2. А ние треба да Му благодариме на Бога што нѐ избавил од ваквите суетности и што нѐ вовел во блажен живот, каде што владеат не невоздржувањето, туку умереноста, не пијанството, а трезвеноста, не разузданоста, туку мирот, не вревата, туку безмолвието, не срамните зборови, туку благодарењето, не нечистотата, туку чистотата, светоста и целомудрието. Од ваквиот живот засветиле сите наши божествени оци, кои, со Божја помош, ги победиле страстите, ги прогониле демоните, станале еднакви со ангелите, правеле чуда, ја добиле небесната слава, станале предмет на вчудоневидување во светот. Еден од нив бил и свети Антониј, чие житие го прочитавме сега и видовме дека Бог го прославил во целиот свет, така што и земните цареви сметале дека е за нив голема чест што можеле да му пишуват и да добијат напишан одговор од него. И ние смирените живееме како нив, а тоа дека и со начинот на нашето живеење се угледаме на нив, за ова сведочи совршенството на нашите монаси, нивното откажување од светот, отуѓувањето од роднините, од татковината и од сите свои познати, нивната покорност и послушност, а и ова наше сегашно исповедништво, за кое сме гонети и измачувани.
3. Да се радуваме и да се сорадуваме еден на друг, затоа што Бог ни дал сѐ што е потребно да можеме да живееме духовен живот, во кој, ако сакаме можеме да празнуваме секој ден и да се радуваме со радост непрестајна. Затоа, ве молам, да се зафатиме уште посилно за нашиот подвиг и за исповедништвото што ни претстои, зашто веќе слушам дека државната власт ја разгледува нашата работа, а секако набргу ќе бидеме посетени и од царскиот пратеник. Но, да не се исплашиме! „Ако е Бог со нас, кој ќе е против нас!“ (Рим. 8, 31). Ако Он ни помогна во минатото, ќе ни помогне и во иднина; само да бидеме храбри и да внимаваме на себеси, а Он ќе ни дарува сила за сѐ, за да живееме богоугодно до крајот на нашиот живот и да го добиеме царството небесно.
269.
1. Гонењето е пред вратите: да го пречекаме добродушно, да се надеваме на Божјата помош и да се воодушевуваме со ветената награда за претрпените маки и за нашата вера. - 2. Не треба да општиме со еретиците, а особено со оние, кои се покажуваат верни на зборови, а во срцата свои се еретици. - 3. Иконоборството се бори против догматот за воплотувањето на Бог Слово и против заповедта да Го почитуваме Бога и да Му се поклонуваме. (4, 51)
1. Сега би требало да говориме за воздржувањето, зашто пред вратите е светата Четириесетница. Но, гласовите што се шират насекаде не ни даваат да го направиме ова, туку на друго нешто ја свртуваат и нашата мисла и нашите зборови. Јас веќе ви реков дека државната власт ја разгледува нашата работа, и сега, како што се говори, ни се закануваат преку Никомидискиот управител, и ако одговориме како што сме должни да одговориме, според Божјата волја, тој не ќе може да го поднесе тоа, па ќе побрза да го направи она што го наумил. Тој секако ќе преземе нови гонења против нас, а ние сме уверени дека умножувањата на страдањата ќе биде причина да се умножат и радостите на Светиот Дух, како што говори апостолот: „Оти, како што се умножуваат Христовите страдања во нас, така се умножува и утехата наша преку Христа. Ако сме во мака, во мака сме за вашата утеха и спасение, кое е можно само така, кога ги претрпуваме истите страдања, што ги трпиме и ние, а и надежта наша за вас е тврда. Се утешуваме ли, се утешуваме за ваша утеха и спасение, знаејќи дека како што учествувате во нашите страдања, така ќе бидете учесници и во утехата“ (2. Кор. 1, 5-7). Со овие зборови апостолот ни покажува дека взаемно учествуваме во страдањата еден со друг, како и во утехите, зашто сме едно тело и еден дух, како и што сме повикани кон една надеж на нашето звање (Ефес. 4, 4). Да не паѓаме со духот, да не бидеме малодушни, туку да се одлучиме силно да стоиме за Божјото дело, како добри Христови војници, носејќи го нашето оружје, кое „, не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини“ (2. Кор. 10, 4), односно расудливост, храброст, целомудрие, правда - и со тоа да го исполниме реченото од Господа: „ќе бидете намразени од сите заради Моето име, но, кој ќе претрпи до крај, ќе биде спасен“, „ако ве падат од еден град, бегајте во друг“ (Матеј 10, 22-23), а таму кога ќе преминеме, нема да се грижиме „што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме“ (Матеј 6, 31), зашто Он самиот рекол: „Никој нема да устои пред тебе преку сите денови на твојот живот; и како што бев со Мојсеја, така ќе бидам и со тебе: нема да те оставам и ниту ќе те презрам“ (Ису. 1, 5), зашто и таму Он ќе ни ги отвори вратите на Својата милост и ќе ни биде помошник во сѐ. Па, како да не се радуваме, кога ги имаме ваквите ветувања? Како да не се веселиме затоа што сме Господови ученици? Така ги гонеле и светите апостоли, на кои Господ им велел: „Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно заради Мене. Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата: така ги гонеа и пророците што беа пред вас“ (Матеј 5, 1 1-12). Па така, нашата сегашнина е радосна и весела, зашто ќе ни даде неискажлива радост, вечен живот и царство бескрајно.
2. „По пат кон незнабошци не одете и во самарјански град не влегувајте“ (Матеј 10, 5). Ние не треба да имаме односи со еретиците: да не влегуваме во нивните цркви, ниту во нивните домови. Но, таму каде што е синот на мирот, благочестивото семе, таму да застанеме, таму и храна да примиме, како што го правевме тоа и во претходните години. Да се пазиме и од оние што божемски ја држат вистината, кои говорат дека се тие вистинските раководители, а всушност се заблудени, како што говори апостолот: „Лошите луѓе и лукавите ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други, како и себеси“ (2. Тим. 3, 13), „тие ќе бидат справедливо осудени“ (Рим. 3, 8). Да ја пазиме верата неизменлива и животот наш чист и непорочен, да не се понижуваме и да не се наскрбуваме еден со друг, туку да живееме свето и совршено.
3. Предметот на нашето сегашно исповедништво е догматот за воплотувањето на нашиот Господ Исус Христос. Оној што не исповеда дека Господа наш Исуса Христа можеме да Го претставуваме преку живописот, тој не исповеда дека Он бил видлив по тело, зашто да се биде видлив по тело и да може да се слика, тоа е едно и исто. Понатаму, оној што не ѝ се поклонува на иконата на Господа Исуса Христа, тој не Му се поклонува на Самиот Господ. Она што е изобразено на иконата, тоа е првообразот, и кој не ја почитува оваа икона и не ѝ се поклонува, тој не Го почитува и не Му се поклонува ни на Него. - Иконоборците, иако велат дека Му се поклонуваат на Господ, тие лажат. На нив се однесуваат зборовите од Светото Писмо: „Тие говорат дека Го познаваат Бога, а со душите свои Го одречуваат“. А ние Му се поклонуваме на Христа и на Неговата икона: ѝ се поклонуваме на Света Богородица и на нејзината икона, како и на светиите и на нивните икони. А ова е учење на светите апостоли. Ова е залогот на верата што ви го предлагам, браќа и чеда, преку Светиот Дух, Кој живее во нас и во вас, за да ве запази цели и неповредени. - Молете се за нас смирените, за да ни даде Господ „да ми даде слово слободно“ кога ја отворам устата моја (Ефес. 6, 19), смело да ја исповедам вистината, за да не ја посрамам нашата надеж, така што да можам заедно со вас да го завршам започнатиот подвиг и сите ние да го добиеме царството небесно.
270.
1. Пак прекорување на неуредниот живот за време на Сиропусната седмица и воопшто на мирскиот живот, како и благодарење кон Бога што се монасите избавени од ова. - 2. Треба да тажиме за мирјаните, кои живеат според духот на овој свет, а ние да се угледаме на апостолите, пророците и светите оци. (4, 52)
1. Често нашиот живот го нарекувам блажен, но ова не го правам по измама, туку навистина затоа што сакам да кажам колку ги жалам оние што живеат во светот и световни, а ние да станеме уште поревносни во нашиот начин на живеење. Вие и самите знаете што прават тие сега: гозби и пијанки, песни и танци и сите други такви ѓаволски пронајдоци, кои дејствуваат во светот. А нашиот живот не е таков: ние дење и ноќе Го прославуваме Господа, според правилата што ни ги оставиле светите оци; кај нас постојано се пеат псалмите, читање по читање, молитва по молитва; потоа, ние бдееме над нашите мисли и помисли, во нашето срце има поучение за божествените зборови, и безмолвие навреме, и разговор добар; уште - служење еден на друг; кое е се со мерка одмерено и озаконето, иако во празниците ни се дава извесно разрешение и утешение. Зашто слушај што му говори Господ на предавникот Јуда: „Што ќе правиш, прави побрзо, а никој од оние, што седеа на трпезата, не разбра, зошто му го рече тоа. Но, бидејќи Јуда го чуваше ковчежето, некои помислија дека Исус му рече: купи што ни треба за празникот; или, да раздаде нешто на сиромаси“ (Јован 13, 28-29). Гледаш ли дека и тие се грижеле и за празниците и за сиромасите? Ова се трудиме да го исполниме и ние бедните, како што гледате. Но, благословен е Бог, Кој нѐ удостои да се приопштиме кон ваквиот живот; „не според извршените праведни дела“, зашто ништо добро не сме направиле на земјата, туку според Неговата милост (Тит 3, 5), нѐ повикал Он во ваквиот живот. Затоа, секој од нас секогаш треба да говори: Што сум јас, Господи, Господи, и што е домот на мојот Отец, што си ме возљубил толку?!
2. И нашата работа е таква; а во светот ретко ќе најдеш нешто слично. Зашто таму и ноќите и деновите се исполнети со грижи и со работи од овој свет, во самоизмамување околу богатството и околу други грижи, така што луѓето не можат да здивнат: ту се договараат еден со друг, ту се судруваат. Пророкот Осија рекол: „Клетва и измама, убиства, кражби и прељубодејства многу се распространија, и крвта со крв се измешува“ (Ос. 4, 2), а и многу работи не можеле да се претскажат. Имајќи го сето ова на ум, свети Јован Златоуст рекол дека едвај ли нешто малку ќе се спаси од светот. Овие зборови се страшни, но се вистински! И чувствителниот човек не може да не жали и да не тажи. Зар сите ние не сме браќа еден на друг? Зар не сме сите иста земја? Па, ако кога гледаме животно како паѓа и пропаѓа во бездна, жалиме и без да сакаме, тогаш како нема да жалиме по братот и еднородниот кога загинуваат? Затоа блажениот Павле ги оплакувал непријателите на Христовиот крст и со непрестајна болка на своето срце се молел за нив (Рим. 9, 2-3). Пророкот Јеремија плачел за Ерусалим, и оплакувањето свое го оставил целосно опишано во Светото Писмо. Великиот Мојсеј извикувал кон Бога: „И сега прости им го гревот нивни; ако ли, пак, не, тогаш избриши ме и мене од книгата Твоја, во која си ме запишал“ (2. Мој. 32, 32); па и секој од светиите, бидејќи исполнет со вакво сочуваство, не заборавил да се моли за луѓето, кои се наоѓале во таква состојба. Така и ние, ако сакаме да чекориме по нив, треба да го слушаме советот на апостолот: „Не грижете се секој сами за себе, туку и за другите“ (Филип. 2, 4), да се молиме и за светот, да жалиме и да имаме болка во срцето наше за оние што живеат развратно, за еретиците, за оние што се помрачени со незнабоштвото. И накусо: „Да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе“ (1,. Тим. 2, 1). Ако го правиме ова, ние ќе си придонесеме полза најнапред за себеси, ќе се скрушуваме и ќе се очистуваме од страстните навики, а откако ќе се избавиме од нив, ќе се удостоиме да го добиеме вечниот живот во Христа Исуса, нашиот Господ.
271.
1. Светата Четириесетница им стави крај на вревата и викотниците и ги повика и мирјаните кон уреден побожен живот. - 2. Постот ја обновува душата и ја прави Божјо живеалиште; Бога треба да Го пречекаме со радост и да Го задржиме во нас. - 3. Но, кога постиме телесно, треба да постиме и душевно: од страстите и похотите, кои непријателот ги покажува привлечни по нивната надворешност, иако се тие всушност и грди и горчливи. -4. При ова да се држиме за црковниот и надворешен ред на постот. (4, 54)
1. Времето на Четириесетницата, во споредба со останатото време на целата година, е слично на тивко и небранувано пристаниште, во кое се собираат сите луѓе и добиваат духовна тишина. Ова време од годината е спасоносно не само за монасите, туку и за мирјаните, за малите и големите, за началниците и потчинетите, за царевите и свештениците, за секого и за секоја возраст. Градовите и селата се смируваат од врева и викотници; место тоа, насекаде се слушаат пеење на псалми, славословија, молитви и молења, со кои се умилостува нашиот благ Бог и му дава мир на нашиот дух, ако со искрено срце, со страв и трепет паѓаме пред Него и плачеме и ако ветуваме дека ќе се поправиме, дека ќе бидеме подобри. - На мирјаните нека им говорат нивните духовни пастири, нека им проповедаат, а јас, како ваш духовен пастир, кон вас ги обраќам моите зборови, за да кажам она што е потребно.
2. Постот е обновување на душата, бидејќи апостолот вели вака: „Иако нашиот надворешен човек тлее, по внатрешниот од ден на ден се обновува“ (2. Кор. 4, 16). А, ако се обновува, тогаш ја добива убавината, според образот на првосоздадената убавина, а кој се украсува со оваа убавина, тој Го привлекува кон себе Оној, Кој рекол: Јас и Отецот „ќе дојдеме при него и пребивалиште во него ќе направиме“ (Јован 14, 23). Ако е такво обичното благотворно дејство на постот: да нѐ прави живеалиште Божјо, тогаш треба да го примиме со радост, без да ни биде тешко што ни е храната помалку и поедноставна, зашто гледаме дека Господ, Кој може да ни даде разновидна и богата храна, само со леб и со вода хранел илјадници луѓе во пустината, но и несвикнатоста на ваквата храна, олеснета со силата на ревноста, престанува да биде непријатна.
3. Впрочем, постот не се ограничува само на послабата телесна исхрана, туку бара воздржување и до сѐ што е лошо, како што кажале нашите свети оци. Да се воздржуваме од очајние, од незагриженост, од мрзливост, од завист, од лош живот, од самоугодување, од своеволие. Да се воздржуваме и од телесната похот, затоа што оваа многувидна змија ги напаѓа и оние што постат. Прекрасен бил плодот за гледање и добар за јадење, оној плод што ме умртвил, како што слушаме во Светото Писмо. Но, сврти го твоето внимание на тоа што тој плод бил прекрасен по својот надворешен вид, но не и по суштина. Ако некој земе калинка, која однадвор има прекрасен вид и прекрасна боја, а да биде одвнатре гнила и иструлена, ете, таква е и похотната сласт. Таа однапред ветува ретка радост, но штом ќе биде задоволена, таа е погорчлива од сѐ: таа е како меч остар од обете страни, кој ја убива душата. Така пострадал нашиот праотец Адам, измамен од змијата, кој, кога вкусил од забранетиот плод, место живот, нашол во него смрт. Така пострадале и сите, од тоа време до денес, сите биле измамени на ист начин. Бидејќи сатаната е вистинска темнина, а се пробразува и во светол ангел, тој умее така да го преобразува злото во добро, горчливото во слатко, грдото во убаво, смртоносното во животодавно, - и на овој начин тој сезлобниот не престанува да го измамува светот. А ние да не дозволиме да бидеме измамени од неговите итрини и да пострадаме на ваков начин, слично на птици, кои се устремуваат на нешто што им личи на храна и паѓаат во мрежите на ловците, туку преку расудување да ја отстрануваме измамливата покривка врз злото, за да го видиме такво, какво што е, и на овој начин лесно да го избегнуваме.
4. Притоа да бидеме будни при пеењето на псалмите, усрдни во пеењето на духовните песни и внимателни спрема четивата; да ги преклонуваме нашите колена во одредени часови и да работиме со нашите раце, зашто добро е да се работи, а оној што не работи е речено дека не треба ни да јаде; да ги носиме тешкотиите еден на друг, а најмногу од сѐ да се погрижиме: „еден кон друг да бидеме добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како и Бог што ви прости во Христа“ (Ефес. 4, 32); „а мудроста, што иде одозгора, најнапред е чиста, а потоа мирна, кротка, покорна, полна со милост и добри плодови, непристрасна и нелицемерна“ (Јак. 3, 17). „И мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филип. 4, 7); и овде да се удостоите беспрекорно да дојдете до светлиот ден на воскресението на Господа, а во идниот живот, по воскресението на мртвите, да го добиете царството небесно.
272.
1. Домот на душата треба да го градиме со повеќе грижа од домот за нашето телесно живеење. - 2. Материјалот за изградбата за душевниот дом се добродетелите - стравот Божји и другите добродетели, меѓу кои значајно место зазема воздржувањето. - 3. Храната за време на постот е најдобра, ако се зема секој ден; ова е подобро отколку, ако се зема на два или на три дена, како што сведочат Божјите укажувања и примерите на оците. (4, 55)
1. Луѓето во светот, кога си градат скапоцен дом, не си даваат спокој ни дење ни ноќе; тие работат, планираат, се грижат, сѐ додека потполно не го завршат. Нивната грижа околу тоа е толку голема, така што нивниот ум е целиот таму, на градбата; тие живеат со неа: мислат што подобро и поубаво да го изградат, какви тавани и каков покрив да му направат, како да го украсат со мермер и каква убавина да му дадат на сѐ друго, за да претставува што попријатна глетка за љубителите на уметноста. И кога некој би посакал да ги одвои од сите тие грижи и зафатености, тие би го дочекале со незадоволство и како некоја голема навреда. - А ние кои си градиме живеалиште не за телото, туку за душата, не земно, туку духовно, и не од камења и од дрвен материјал, туку од духовни совршенства и од благодатта, кои се вешто соединувани, - дали смееме да бидеме мрзливи и дали смееме во нашите грижи околу изградбата на домот за нашата душа да останеме далеку зад оние, кои со толку многу грижи го градат домот за своето тело? Таа нивна зграда, откако ќе прими во себе стотици и стотици телољубиви луѓе и откако ќе промени толку многу сопственици, најпосле ќе се урне и ќе запустее, а домот на нашата душа ќе Го прими во себе Светиот Дух, зашто и ние самите сме храм Божји и Духот Божји живее во нас (1. Кор. 3, 16). Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „ќе се населам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, и тие ќе ми бидат Мој народ“ (2. Кор. 6, 16). И кога оние што Го имаат Бога во себе, ќе бидат земени оттука, Он оди заедно со нив и останува нераздвојно со нив во сета вечност.
2. Но, од каков материјал се изградува оваа наша зграда? - Од добродетели, прифатени и задржани во срцето. Најнапред земи го стравот Божји и стави го како основа, зашто е речено: „Почеток на мудроста е стравот од Господа; здрав разум имаат сите, кои според неа постапуваат. Похвалата Негова пребива вечно“ (Псал. 110, 10). А потоа, земи ги благоразумноста, храброста, целомудрието, и правдата, кои се држат една со друга и кои се сојуз на љубовта, кои се составени, склопени и сврзани преку сите дарувани сврски (Ефес. 4, 16); темелот на оваа зграда е Христос, „врз Кого целата зграда, стројно зглобена, прераснува во свет храм на Господа“ (Ефес. 2, 21). Ете, ваквиот храм секогаш да го изградуваме во себеси, браќа, и да не престануваме да го украсуваме со секоја убавина на добродетелите, за да се удостоиме во него да ни биде жител Светиот Дух, а со својата убавина да ги сврти на себе погледите на ангелите и светиите, - Но, како една од добродетелите е и воздржувањето и во неа ние сега се вежбаме повеќе отколку во другите, да Го прославиме Бога што сме изминале еден дел од патот. Нашите лица се изменети кон подобро и сјаат со бледилото од воздржувањето. Устата наша се наполнува со горчевина од тоа што доцна јадеме, но духот наш богато е насладен и окрилен со надежта. Па затоа, да се радуваме затоа што сме го избрале подоброто и што сме расположени спрема него.
3. Можеби некој ќе рече дека секојдневното земање храна е намалување за совршенството на постот. - Не, никако, зашто, ако е така, тогаш Господ не би ни наредил секој ден да ни го дава насушниот леб: и светиот пророк Илија не би бил секој ден хранет од гавранот во пустината: ни свети Павле Тиваитски, кој уште пред свети Антониј живеел во пустината, не би добивал леб секој ден одозгора, а свети Антониј Велики не би го претпочитал јадењето леб секојдневно пред јадењето еднаш во два дена или во седмицата. А јас мислам дека е ова добро, заради оваа причина. - Бидејќи нашето тело се труди и работи во текот на целиот ден, се изморува и се истоштува, па затоа му е потребен и одмор и поткрепа: па затоа и Создателот така устроил: тоа да биде поткрепувано секој ден со тоа што ќе зема храна секој ден, за да може да биде во состојба и понатаму да се труди; да не биде истоштено и ослабено, како што е случај со оние кои јадат еднаш во два или три дена, така што немаат сили ни за да ги прават поклоните заедно со другите браќа, а не можат ни да пеат, како што треба; не се во состојба да си ги извршуваат ни работите, кои се поврзани со нивното послушание. Па затоа, секојдневното земање храна им се дозволува не само на немоќните, туку им се дава и на совршените, според правилото што ни е предадено од светите оци. И да ни подари Господ уште повеќе здравје на телото и крепост на духот, за да можеме да Му работиме на живиот и вистински Бог во очекување на последниот ден, во кој да просветите, како сонце, со сите светии и да го наследите царството небесно.
273.
1. Измина една недела од постот. Откако го смиривме телото, на душата ѝ дадовме добрини и убавини, за да Му биде угодна на Младоженецот Христа. - 2. Душата е невеста Христова; да ја пазиме чиста за Младоженецот. - 3. А за ова е потребно да го притеснуваме телото. - 4. Ова е мачно, но и наградата е голема. (4, 57)
1. Откако ја испостивме првата недела, сега сме некако поинакви еден за друг, поинакви отколку пред постот; некако поослабнавме и побледнеевме. Но, како што говори апостолот: „Иако нашиот надворешен човек тлее, но внатрешниот од ден на ден се подновува“ (2. Кор. 4, 16). Зашто, како што телото се гои и цути од изобилна храна, така душата се проубавува преку воздржанието, така што, откако ќе го смиривме телото, ние ја проубавуваме душата, ѝ ја дадовме онаа убавина Која ја посакувал и блажениот Давид, молејќи се: „Господи, според волјата Твоја, подај ѝ на добрината моја сила“ (Псал. 29, 7). И блажениот Павле нѐ утврдува со оваа убавина и ни вели: „Ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица. Но, се плашам, да не би како што змијата со својата итрина ја измами Ева, така и вашите мисли да се одвратат поради вашата простота во Христа“ (2. Кор. 11, 2-3). Ја гледаш ли големината на дарот што се удостоивме да Го имаме Христа за Младоженец? Гледаш ли како оној што нѐ обручил се плаши за нашата непоколебливост?
2. Па така, нашата душа е слична на обручена девојка. Како што таквата девојка се воздржува да не гледа други мажи, туку сета своја грижа ја пројавува да се запази чиста додека не дојде времето за венчавањето, така и душата со сета своја грижа треба да се пази чиста од погубните гревовни страсти сѐ до своето излегување од телото, кога таа, откако ќе излезе од невестинскиот дом на своето тело, ако биде убава, ако сјае со добри дела, ќе ги израдува светите ангели; а, ако биде грда и одвратна од гревовите, ќе ги израдува демоните и ќе Го натажи Христа, за што е жално и да се мисли и да се говори.
3. Заради ова ние го притеснуваме нашето тело и се однесуваме спрема него строго, па дури и жестоко, така што преку тоа, како преку узда, да ги задржуваме поривите телесни, за да не го турне од себеси својот јавач - умот, и тоа не само сега, за време на постот, туку и во текот на целиот живот. Зашто, што друго е подвижничкиот живот, ако не е зауздување на страстите, владеење над помислите и непрестајна борба со невидливите непријатели?
4. Сето ова е тешко и мачно за телото, но „нашите сегашни лесни страдања ни донесуваат во голема изобилност вечна и полна слава, имајќи го предвид не видливото, туку невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото - вечно“ (2, Кор. 4, 17-18). И така заради невидливите блага, во кои „сакаат да вникнат ангелите“ (1. Петр. 1, 12), заради Младоженецот Христа, за Кого сме обручени, ве молам, браќа, да ја запазиме душата наша чиста од лоши дела и од нечисти помисли, кои нѐ осквернуваат, како Господ што ни рекол - да не помислуваме ништо лошо, зашто од помислите, како од оган, се распалуваат похотите. Да се држиме што подалеку од страстите: да го одбиваме искушувачот уште во почетокот, при првите напади; да се зафатиме усрдно со претстојното воздржување, за да се преселиме оттука чисти, да се издигнеме на небото со неискажлива радост и таму да се удостоиме да се насладуваме со радостите во брачната одаја Христова.
274.
1. Имавме притисок од иконоборците. Издржавме. Ги охрабрува и уверува, дека Бог оваа нивна подготвеност да претрпат сѐ ќе ја прими како и самото дело. - 2. За постот. Да продолжиме вака и со волја, но не според нашата волја. - 3. Ги пофалува испосничките трудови, и - 4, ги повикува секоја работа да ја прават во свое време. (4, 61)
1. Вчера бура, сега тишина; вчера бранување, сега спокој. Но, да биде благословен Бог, Он ги растера искушенијата, Он нѐ поткрепи да останеме непоколебливи, дури кога го очекуваме она, со што ни се закануваа. Ете, такви се вистинските христијани! Вакви се вистинските монаси! Секогаш се готови да страдаат за својата добродетел и ништо не им претпоставуваат на Божјите заповеди. Тие дојдоа овде, нашите непријатели и гонители, па рекоа што рекоа, па си отидоа; и не само што не нѐ исплашија, туку самите се посрамија од својата постапка. А на вас Господ, затоа што сте избрале да бидете гонети заради Него, ќе ви даде голема награда. Зашто, бидејќи богат во Својата милост, Он обично ги наградува и оние што го одбрале доброто и за самата нивна добра намера. Искушението не е расеано, тоа уште се заканува, зашто власта е на страната на еретиците. Затоа, да чуеме што говори апостолот: „Ние не паѓаме со духот; иако нашиот надворешен човек тлее, но внатрешниот од ден на ден се подновува“ (2. Кор. 4, 16) и: „Спрема надворешните однесувајте се благоразумно, ползувајќи го времето. Словото ваше секогаш да биде благодатно, зачинето со сол за да знаете како треба на секого да му одговорите“ (Кол. 4, 5-6). Овде он нѐ поучува и во искушенија сами да не навлегуваме, без потреба, но и зборовите Божји да не ги премолчуваме; зашто, како што говори Господ: „Ако отстапи, нема да Ми биде по волјата Моја“ (Евр. 10, 38). Но, доволно е за ова.
2. Постот веќе доволно напредна и нѐ поттикнува сѐ со поголема усрдност да се стремиме понатаму, секој што прави да го прави доброволно, „секој да дава од сѐ срце, а не со жал или принуда: оти Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Кор. 9, 7). Впрочем, уставот на манастирското општожитие не дозволува секој да живее и да се однесува како што сака: секој има задолжение, општо задолжение: да биде послушен и да ја отсекува својата волја.
3. Значи, постот е добар, добар е затоа што ги скротува страстите и телото му го потчинува на духот; добри се и солзите, затоа што го измиваат срцето од гревовите и чисто Му го предаваат на Бога; добра е молитвата, затоа што го окрилува умот и го прави да разговара со Бога, добра е љубовта, затоа што секогаш го презира она што е свое во полза на ближниот; добра е ревноста, затоа што ги олеснува работите, на младите дава дух, а на старците им дава расположба да дејствуваат со младешка брзина.
4. Да бидеме добродушни и ревносни: кога е време за пеење псалми, со усрдност да побрзаме кон него; кога е време за работа, усилено да работиме; кога е време за молчење, разумно да молчиме; кога е време за разговори, да поразговараме со мерка; со еден збор, сѐ што правиме, да го правиме добро и како што треба, како што ни е заповедано, запазувајќи се од секаква збунетост и неумереност. А според силите што ги имаме, толку поклони да правиме и толку стихословија да извршуваме, водејќи грижа и за запазувањето на телесното здравје. - И Бог на мирот да ве доведе до царицата на деновите, до светлото Христово воскресение и да ве удостои со царството небесно, кое „не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух“ (Рим. 14, 17), со кои и да нѐ храни Бог во Исуса Христа, нашиот Господ.
275.
1. Не треба да општиме со еретиците, макар за тоа и да нѐ измачуваат, туку да поднесуваме сѐ со Божја помош. - 2. Блажено е да станеме соучесници во Христовите страдања. - 3. Да се воодушевуваме. (4, 62)
1. Сега кога се наоѓаме надвор од манастирот, и овде го уредивме нашиот живот, така како што е можно и како што ни дозволуваат околностите, а сега, кога гонителите веќе не нѐ гонат за Христа, треба да ги послушаме зборовите на пророкот: „Одете си, одете си, излезете оттаму; не допирајте се до нечисто; излезете од средината негова, очистете се, вие што ги носите садовите Господови!“ (Иса. 52, 11; 2. Кор. 6, 17). Ако некои се однесуваат во врска со ова поинаку, тие самите ќе Му дадат одговор на Господа во денот на Судот. А јас мислам дека, ако некој оди заедно со нив, оти таквиот не прави разлика во своите односи со еретиците. Гледате дека тоа што не се согласуваме со нив нѐ одделува од светот, а заедно со тоа нѐ воведува во: страдања, притеснетост, глад, затвори и во смрт. „но во сето ова победуваме преку Оној, Кој нѐ возљуби“ (Рим. 8, 37), Кој, кога ќе ја види душата што е жедна за Него, ќе ѝ даде сила, за да може да ги поднесе страдањата за Него, како што сведочат, заедно со другите, и четириесетте маченици, чиј, спомен денес го празнуваме, зашто не можеме да кажеме дека тие имале поинаква природа од нашата; но, бидејќи Го возљубиле Бога со сето свое срце, биле облечени со божествената сила во својата природна немоќ и го победиле невидливиот непријател и да направат таков и толку голем подвиг, кој го воспеваат сите христијани.
2. Навистина, блажен е секој што станал соучесник во Христовите страдања, во каква и да е мерка: ако бил гонет, како Он што бил гонет; ако бил фатен - како Него; ако бил камшикуван како Него; ако се подбивале со него - како со Господа; ако бил фрлен в затвор - како и нашиот Господ. Гледај сега зошто е напишано: „Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме. Ако трпиме, со Него и ќе царуваме: ако се одречеме, и Он ќе се одрече од нас. Ако веруваме, Он останува верен, бидејќи Сам Себеси не може да се одрече“ (2. Тим. 2, 11-13). Гледате ли какви се и колкави се и ветувањата и застрашувањата?!
3. Да се воодушевиме и да продолжиме да се подвизуваме, за да не се пофалиме од она што веќе го претрпивме со помошта на Христовата благодат: прогонствата, затворите, камшикувањата и што да ги спомнувам сите други страдања? Зар сите ние не сме биле во затвори? Таквиот живот е поврзан со страдања. Зашто, „кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи: а кога се слави еден од органите, тогаш со него се радуваат сите органи“ (1. Кор. 12, 26). Засекогаш да бидеме сите „едно тело и еден дух, како и што сме повикани кон една надеж на нашето звање“ (Ефес. 4, 4), да Го имаме Христа за наша глава и да го добиеме царството небесно.
Светиот преподобен Теодор Студит