10 Светиот Теодор Студит (pdf)
Светиот преподобен Теодор Студит
301 - 335 Подвижнички поученија за монаси
301.
1. Непријателите нѐ окружуваат и секаде и секогаш неочекувано нѐ напаѓаат, па затоа секогаш да се браниме. - 2. Како? - Со стравот Божји и со надежта на Бога, со солзите и со поучувањето од Светото Писмо; со одбраната на умот и одбивањето на лошите помисли. - 3. Вчера не пеевте добро. Со тоа се ожалостува Светиот Дух, и место полза – на душата ѝ се причинува штета. Во иднина пејте добро. (4, 99)
1. Во неодамнешните напади на Агарјаните, сите се исплашивме да не паднеме во рацете на тие безбожници. И тоа не беше без причина. А дека има напади на нас и од страна на демоните, за ова и не помислуваме и не се пазиме, не внимаваме, за да не бидеме заробени од духовите на злобата. Знаеме дека нападите на видливите непријатели се во одредено време и за тоа доаѓаат навреме гласови, а со тоа им создаваат можност на оние што сакаат да избегаат - навреме да го направат тоа, а што се однесува до нападите од страна на невидливите непријатели не постои одредено време, зашто тие се секогаш зафатени, и дење и ноќе и секој час со тоа секогаш и секаде да нѐ напаѓаат, така што не ни даваат можност да здивнеме, па затоа од овие напади треба повеќе да се бориме и повеќе да се пазиме, да не станеме плен на овие непријатели, кои настојуваат да ги погубат нашите души.
2. Каде можеме од нив да избегаме? Се разбира, кон Бога, како што пее светиот цар Давид: „Бог ни е нам пристаниште и сила, помошник, на секој кој во мака ќе се најде“ (Псал. 45, 1): и: „Ангел Господов застанува околу оние, кои се бојат од Него, и ги спасува“ (Псал. 33, 7); и уште: „Кои се надеваат во Господа, тие се како гората Сион: кој живее во Ерусалим, нема да се поколеба, ќе живее вечно“ (Псал. 124, 1). Па така, ако имаме страв Божји и вера во Бога, тогаш нема да се плашиме од нашите невидливи непријатели.
Но, да не заборавиме, непријателот е особено силен тогаш кога на опсадените од него им недостасува леб и вода. А што е тоа во нашето духовно војување? - Тоа се словото Божјо и солзите, со кои се храни човечката душа, а кога ги нема нив таа ослабува и станува плен на лошите сили. Апостолот пишува: „Словото Христово изобилно нека се всели во вас“ (Кол. 3, 16) и солзите наши да не бидат скудни.
Но има, како што се вели, и предавство однатре. А какво е ова внатрешно духовно предавство? - Тоа се страстите што живеат во нас и помислите, кои се поттикнувани со телесното мудрување, кои предавнички ги отвораат вратите од градот на нашата душа пред демонските сили. Нив треба веднаш да ги изгонуваме и да пазиме најбудно да не биде преземен градот на нашата душа и ние да не бидеме повлечени од гревот и да не станеме заробеници на погубните страсти, туку да живееме во добродетелите, со кои сме создадени за слава на нашиот Создател и за пофалба на мене грешниот.
3. Вчера ме налутивте со вашето пеење на псалмите. Затоа, ве молам, да пеете убаво и како што треба, а не несредено и нехармонично, а со тоа ме ожалостувате и мене грешниот, а и Светиот Дух, зашто ова е Негова заповед: „Пејте Му мудро!“ (Псал. 46, 7). А не можете да пеете разумно, ако не го запазувате утврдениот ред: хорот да не го започнува новиот стих додека не биде завршено пеењето на претходниот стих; дали се пее протегнато или брзо, тивко или громогласно, пред сѐ, треба да се запазува убавината. Во секоја работа убавината е најубавото својство, зар ова не е повеќе од сѐ во разговорот со Бога, зашто кога го нема ова, тогаш има грди вообразби и расејаност на умот, а кога е присутна убавината, тогаш се запазуваат вниманието, трезвеноста и сладоста, за што сведочи и псалмопејачот Давид, кој говори: „Колку се слатки за грлото мое зборовите Твои, послатки се од мед во устата моја“ (Псал. 118, 103).
Затоа, ве молам, добро да пеете, еден на друг да внимавате како пеете и да се исправате взаемно. Вака, ако пееме разумно, ќе најдеме спокој на нашите души, ќе си даваме еден на друг добар пример и, како во сѐ друго, и во ова да Му угодуваме на Бога, та да бидеме достојни да го наследиме царството небесно.
302.
1. За да се спречи умот да не се занимава со суетни работи и гревовни помисли, треба да го држиме зафатен со богомислие, во соѕерцание на Божјите својства и дела, за ангелските чинови, за живеалиштата на светиите и за овој видлив свет. Со ова се запазува убавината на душата. - 2. Убавината на душата, со која е создадена, е загубена со паѓањето во гревот, а се востановува во светото крштение и покајание, како и во подвижничкиот живот. (4, 100)
1. Еве каде треба умот да биде секогаш, еве каде треба да биде и срцето! Во будното внимание спрема Божјото дело, во бојното поле на подвижништвото, не дозволувајќи си да бидеш влечен таму-ваму, како вистински роб. Дали е некогаш водата скудна во морето и воздухот за оној што диши? - Така и во нас не треба да бидат скудни добрите помисли кога очите на нашиот ум се устремуваат кон безграничното море на прекрасните Божји дела, вдлабочувајќи се во нив, умот наш не ќе има време да се занимава со суетата на овој свет или да се заплеткува со лошите помисли. Зашто умот наш, бидејќи е секогаш во движење, не може да биде неподвижен, туку каде го упатуваме, таму незадржливо оди, на левата или на десната страна. Затоа треба да извикува заедно со Давида, ако е од десната страна: „Господи, според волјата Твоја подај ѝ на добрината моја сила“ (Псал. 29, 7), а ако е на левата, тогаш веднаш следниов стих од истиот псалм: „Но Ти го сокри лицето Свое, и јас се збунив“ (Псал. 29, 7). Бог се одвраќа од нас кога нашиот ум се занимава со суетни работи; а нашата душа е во погубна збрканост - кога умот е зафатен со гревовни замисли. Да се трудиме секогаш да го упатуваме кон десната страна и да му даваме да гледа добри виденија. Кои и какви? - Апгелските небесни сили, тамошните неискажливи блага, светлите живеалишта на апостолите, пророците, мачениците и на сите праведници, како и на овој небесен свод, болскавото сонце, светлата месечина, соѕвездијата, како и сите други работи, кои им се достапни на нашите сетива. И не само затоа за да се сопреме на нив, туку преку нив да се издигнуваме кон Создателот на сѐ - кон Бога, и да ја запазуваме неповредена убавината на нашата душа.
2. Зашто Бог нѐ украсил со голема убавина, во почетокот нѐ создал според Својот образ и подобие; иако преку непослушноста и гревот сме се помрачиле и посрамотиле, но Он пак нѐ облекува со убавина преку Својата благодат „преку бањата на преродувањето и обновата од Светиот Дух, Кого изобилно Го излеа на нас преку Исуса Христа, нашиот Спасител“ (Тит 3, 56). Но, кога и таму сме се покажале недостојни, тогаш ни дал и трето средство за враќање на нашата убавина: нѐ оживи, „простувајќи ни ги сите гревови, а тоа стана, кога Христос го избриша пишаниот закон, кој беше против нас, а кого го зема од средината и го прикова на крстот“ (Кол. 2, 13-14), со крстоносниот живот, слично на крштението. - Па така, нека остане душата наша во својата убавина, за да се удостои да чуе: „Цела си убава, мила моја, и дамка нема на тебе!“ (Песна 4, 7). А кога ќе ѝ се случи пак да се оскверни со некој порок, зашто ние не сме постојани и „кој ќе се роди чист од нечист? Ниеден“ (Јов 14, 4), „кој може да каже: ,Го очистив срцето свое, чист сум од гревот свој?“ (Изрек. 20, 9), да побрзаме да се очистиме со солзите на покајанието. И светиот пророк Давид се моли: „Сврти го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија“ (Псап. 50, 9), а Бог нѐ повикува преку Својот пророк Исаија, велејќи: „Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои: престанете да правите зло“ (Иса. 1, 16). И блажена е онаа душа, која секогаш се очистува, која се ослободува од лошите наклоности, која само Единиот Бог Го љуби и посакува и која својата смрт секој ден ја очекува со задоволство. - Смртта. Нема сомневање дека смртта ќе дојде и кај нас. И ние ќе треба да се го платиме овој долг задолжителен за сите. - Но, кога би поживеале добро и праведно, да се удостоиме, кога нашите телесни останки ќе бидат изложени пред браќата за последен целив и за опело, душата наша да биде земена од светите ангели и понесена за вечно блажениот живот на небото!
303.
1. Спомнува за оние што го напуштиле манастирот, а потоа и за оние што паднале во ерес и што се развратиле. - 2. Ги убедува да се пазат, укажувајќи на тоа, дека непријателот најмногу настојува монахот да го отстрани од правиот пат и да го погуби. (4, 101)
1. Сега има малку слушатели затоа што некои од браќата отстапија, но, ако има и само еден слушател, не треба поучението да биде занемарено, бидејќи Господ вели: „Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен. Оти Синот Човечки дојде да го побара и спаси изгубеност (Матеј 18, 10-11). О, колку е неискажливо Божјото човекољубие! Дошол Господарот во вид на роб при робот што избегал од Него, за да го ослободи од ропството на ѓаволот. Дошла вистинската светлина, за да ја побара загубената драхма, за да го повика грешникот од гревовниот мрак. Зар не е неопходно и ние смирените, угледувајќи се на преблагиот Господ, да жалиме за секого од вас и да говориме, дека сме готови да ја дадеме душата за загубениот наш брат? О, кога би бил окрилен, кога би можел да одлетам во секое братство, да ги видам и да им говорам за она што треба да го правиме; и не само на нив, туку и на оние, кои „тргнаа по Каиновнот пат, се фрлија во корисната заблуда на Ваалама“ (Јуда 1, 11). Кои се тие што ги нарекувам вака? - Тоа се Леонтиј, Еремиј и Нектариј, кои отстапија од нас и од верата и кои како награда за тоа добија земни награди, кои, кога би можел да ги видам, јас смирениот, ако и ништо друго не можам да направам, јас би ја положил душата моја за нив. Јас би сакал да ги видам и оние, кои, по моите гревови, ја отфрлија светата схима и се облекоа во облеката на беззаконието и гревот, та да можам уште и да поплачам за нив. Еден од овие е и Пагасиј, за кого се говори, дека стигнал до такво зло што бил поставен за народен управител, дека водел борби, извршил убиства и дека во некој поход и својот живот го загубил. Каква несреќа.! Во каква бездна пропаднал! Тој најнапред избега од братството, потоа тргнал таму каде што го воделе неговите похоти, духовно паѓал и се распаѓал како некое неразумно животно, па кога се откажал и од монаштвото, најпосле, како што чувте, го завршил трагично својот живот.
2. Кога веќе спомнав за сето ова, ве молам, молете се за нив, а вие самите да стоите непоколебливо на својот пат, без ни најмалку да го намалувате вашето подвижничко постојанство, зашто преку мали раслабувања и попуштања душата пропаѓа во бездната на пропаста. Ете зошто ги жалам оние што живеат сами и ги оплакувам, како готов плен на ѓаволот. Зашто, ако волкот ги грабнува овците и од трлото, нема ли полесно да ја раскине онаа, која ќе ја најде надвор од стадото? Зар не знаете со каква омраза ѓаволот диши против нас?
Тој го напаѓа секој човек, а не само смирените монаси; тој се радува на пропаста на многумина, но неговата најголема радост е кога ќе успее да собори некој монах. Затоа, неуморно се труди, демне и се бори: како некој од послушните монаси да го оттргне од неговото послушание, безмолвникот - од неговото безмолвие, столпникот - од столбот, доброволниот затвореник - од неговиот затвор, за да може, по тој пресврт, да ги води како што сака, зашто оние кои остануваат неподвижни на своите места, извршувајќи ги добородетелите, стануваат неуловливи за ѓаволот: се издигнуваат високо над неговите мрежи.
Затоа, да се ползуваме со силата што ни е дадена против ѓаволот, да го прогонуваме, оградувајќи се со стравот Божји, да го победуваме со нашите небесни помисли, да не им дозволуваме на неговите помисли -да нѐ совладуваат, така што на овој начин да одржиме победа над него и да се удостоиме со венец на правдата од нашиот Господ Исус Христос.
304.
1. Да бидеме особено будни во врска со причината на гонењето, зашто непријателот е особено настојчив овде. Колкумина веќе погубил од почетокот на светот? И сега тоа го прави. - 2. Како да ги избегнеме неговите мрежи? Со смирение и покорност на предадените заповеди. Овде се изобразува вистинскиот живот - и однадвор и однатре, со укажување на наградите, во воодушевување. (4, 102)
1. Да живееме достојно како гонети за Христа „во потполна побожност и чистота“ (1. Тим. 2, 2). „како послушни чеда, не постапувајте според поранешните ваши похоти, кога бевте во незнаење“ (1. Петр. 1, 14) и без да ги ослабувате напорите на вашите подвижнички усилби. Зашто гледате, дека „ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ ( 1. Петр. 5, 8). А така и сега нѐ гледа како сме измачувани од гонењето, нѐ напаѓа уште посилно, во очекување дека сега полесно ќе ја улови нашата душа. Но, ние да бидеме секогаш будни и да се оградуваме со божествените заповеди. И тој, откако не ќе најде во нас место, си оди посрамен. А, ако најде, тогаш ќе почне сѐ повеќе да нѐ напаѓа, и нема да отстапи додека не нѐ победи и погуби. Зар не знаеме колкумина погубил од создавањето на светот: зар не го довел првиот човек до изгонување од рајот, откако го заробил со гревовната сласт? Не го поттикнал ли Каина кон братоубиство? Не го оттргнал ли Јуда од кругот на апостолите? И не го направил да биде предавник на Животот на сите? Не предал ли на смрт и многумина други, кои немаат број? Тој и сега измамува, поттикнува и ги тера луѓето да прават секое зло и ја проголтува речиси целата вселена: тешко е да се одбегнува од него: за тоа е потребно силно внимание. Зашто тој се обидува да ги улови не само со неуреден и низок живот, туку и преку усилено подвижништво; се труди на сите можни начини да ги одврати луѓето од доброто и да ги вовлече во спротивното. Се видоизменува, подготвува најразновидни стапици и измами, насекаде по земјата поставува мрежи и стапици, за да нѐ улови, како што го видел ова во своето видение блажениот Антониј и добил од Бога укажување дека сето тоа можат да го та бегнат само смирените.
2. Па така, да се облечеме во смирение, да не се оддалечуваме од правиот и царски пат, да не свртуваме ни десно ни лево, туку да се сообразуваме со правилата на заповедта, која ни е предадена од нашите свети оци, чие живеалиште е на небото. Умот наш нека се воздржува од лошите помисли, срцето - нека се поучува на божествените зборови, а устата наша - да се отвора само за да Го прославува Бога, очите - да ја гледаат правината, увото - да не ја слуша суетата, рацете - да се пружаат само за извршување на својата работа, нозете - да одат по правиот пат, храната и пиењето да бидат умерени, спиењето - според уставот наш манастирски, никакви излегувања не се дозволени, освен оние неопходните, да не бидеме премногу смели, што предизвикува смрт; ништо неумесно и недозволено да не правиме, туку да биде сѐ уредно и премудро. Таквиот пат не е долг и крајот негов е близу. А каква е наградата за трудовите? Царството небесно, заради кое продолжуваме да се подвизуваме и да се бориме; ако се препнеме и паднеме, да побрзаме да станеме; ако задремеме и заспиеме, да се разбудиме и пак да бдееме. Да ја приморуваме нашата природа, да ги умртвуваме нашите членови на земјата, за да ги придобиеме добродетелите. Сето ова јас го говорам и за себе, зашто и јас ги имам овие немоќи, зашто и јас заедно со вас ја имам истата природа. Да ни даде Господ на сите нас, откако искрено ќе се потрудиме и добро ќе поживееме, да преминеме оттука во добра надеж и да се удостоиме со вечниот живот.
305.
1. Откако ги посочува заповедите на Законот и на Евенгелието, прави разлика меѓу нив, и вели дека оние што не ги извршуваат и едните и другите - царството Божјо не можат да го наследат. - 2. Напомнува за нивната страшна судба за време на смртта, на Судот и по осудувањето, и - 3,повикува да се обратат кон Господа во покајание додека не ги затворил вратите на Својата милост. (4, 103)
1. Оној Којшто нѐ создал и од непостоење нѐ привел во битие Бог, Он нѐ вовел во овој живот, како во училиште, за да ги научиме евенгелските заповеди на Неговото царство. Па затоа и кога ги испраќал Своите ученици на проповед, им заповедал, велејќи: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28, 19-20). Кои се тие заповеди што ги заповедал Господ? Според Стариот завет, било заповедано: „не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно и сите десет Божји заповеди“ (2. Мој. 20 глава; 5. Мој. 5 глава), а во Новиот завет ни дал повозвишени и посовршени заповеди од овие, зашто вели: „Сте слушале дека било речено на прадедовците ваши; ,не убивај, а кој убие, виновен е пред судот“. Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот; а оној што ќе го нарече брата си ,празноглавʼ, ќе биде виновен пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ,будалаʼ, ќе биде виновен за во пеколот... Сте слушнале дека на старите им било речно: ,не прељубодејствувај“. Јас пак ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето. И пак: Сте го слушнале уште и тоа дека им било речено на старите: ,Не колни се криво, а клетвите пред Господа исполнувајте гиʼ. Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто - ниту во небото, оти тоа е престол Божји... И пак: Сте слушале дека е кажано: ,љуби го својот ближен и мрази го непријателотʼ. А Јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат и молете се за оние што ве навредуваат и гонат“ (Матеј 5, 21-44). Гледаш ли каква е разликата меѓу едните и другите заповеди, меѓу едниот и другиот завет? Едниот забранува дела, а другиот ги забранува самите расположби на срцето, од кои произлегуваат делата, за да не се вкоренува таму гревот. - И сега ние, ако не живееме ни според законот, ниту според Евангелието, тогаш ќе бидеме како незнабошците, и тогаш што ќе доживееме во оној ден? Апостолот вели: „Не лажете се: ниту блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ниту користољупците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо“ (1. Кор. 6, 9-10).
2. Затоа, како и понапред што ви говорев често, така и сега одлучно ви објавувам: никој да не живее според својата волја, никој да не се однесува незаинтересирано кон делото на своето спасение, никој нека не собира злато, никој да не купува робови, да не одгледува коњи и бикови и со никакви слични работи да не се оптоварува, зашто од ова се раѓаат најголемите и најпогубните гревови. А меѓу вас сѐ уште има и некои што упорно ѝ се противставуваат на вистината. Но, јас смирениот сум чист од вашата крв, зошто не престанувам да ви ја објавувам Божјата вистина и за мечот што доаѓа против синовите на противењето. Апостолот говори: „Или пак ќе возбудиме ревнување во Господа? Та посилни ли сме од Него“ ( 1. Кор. 10, 22). „Секирата веќе лежи при коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и фрла во оган“ (Матеј 3, 10). Зар не се плашите од овој пример? Зар не треперите од ова застрашување? Зар не се плашите ни од смртта, на која ќе ѝ се потчиниме по малку време? Како ќе ги сретнеме страшните ангели, кои обично доаѓаат да нѐ земат од телото? Како ќе го изминеме оној најкраток пат кога не сме го собрале она што е потребно за тоа патување? Како со нашата нечиста совест ќе застанеме пред Христовиот суд, пред Кого се поклонува секое колено и секој јазик ќе ја каже вистината за себе? Ако се покажеме таму неисправни, тогаш неизбежно ќе бидеме испратени таму, каде што е огнот што никогаш не изгаснува, таму каде што е плачот и крцкањето со заби.
3. Но, за да не ни се случи ова, дојдете да се поклониме, да заплачеме пред нашиот преблаг Бог, да побрзаме пред Него да се исповедаме, со молитва, во скрушеност, со солзи, во молења, во пост, во чистота и во исправен живот. Зашто Он е очистувањето од нашите гревови; и уште не ги затворил вратите на Својата милост пред нас, не се гнаси од оние што се обраќаат кон Него, но милостиво ги прима, како што ги примил блудницата, разбојникот и блудниот. Ве молам, да се разбудиме, да станеме, да почнеме добро да се подвизуваме, така што како деца што учат добро, кога ги пуштаат од училиште, и радосно трчаат кон своите домови, така и ние, како добри и искрени ученици на Евангелието, кога ќе бидеме разрешени од овој живот, - со радост да се преселиме во вечниот живот.
306.
1. Откако ги пофалил за нивните мпогуплодпи подвизи, ги прекорува оние што не живеат во послушност. - 2. Ги убедува своите браќа сѐ повеќе да напредуваат во послушноста, напомнувајќи им дека Оној, што ќе дојде веќе доаѓа и на секого ќе му даде според неговите дела. (4, 104)
1. Со помошта на Божјата благодат, вие имате доверба во мене и му се покорувате на моето смирение: не правите ништо што не сум ви заповедал, а ова е радост и венец не само за мене, туку и за вас, кои уште пред мене си ја поставивте целта на својот живот: да живеете според заповедите - за добродетелите. Зашто послушникот не може да има ништо послатко, посакано и порадосно од самиот живот според заповедите и ништо да не прави според својата волја. Во тоа и се состои вистинската послушност. Тоа е всушност вистинскиот блажен живот; тоа е многу жален и многу радосен подвиг: жален е кога - некој уште ги има своите грешни желби, а радосен е - кога ќе успее потполно да ја отсече својата волја, како и оној што има смелост да рече заедно со апостолот: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20). Зашто, неживеејќи според својата волја, тој, преку својот игумен, живее според волјата Божја, и, „ние пак сите со откриено лице, како во огледало, гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава, како од Духот Господов“ (2. Кор. 3, 18). Таквиот не се грижи за себе, не се плаши од смртта, живее безгрижен и со ништо неоптоварен живот, предавајќи Му се потполно на Бога. Оној што се потпира само на своите желби и законите на послушанието ги става на заден план, покорувајќи ѝ се на својата волја и на своето самоугодување, неговиот живот е мачен, зашто е уловен во мрежата на ѓаволот, кој го уловил жив, за да ја исполнува неговата волја (2. Тим. 2, 26). Иако другпат може да се чини дека пости, или дека бдее, или дека прави нешто друго добро и богоугодно, но сепак сето тоа не Му е угодно на Бога, зашто „сѐ што не е според верата, грев е“ (Рим. 14, 23). Сѐ она што не се прави според манастирскиот устав, тоа е работа само на оној што го прави тоа и туѓо Му е на Бога и не Му е угодно.
2. Затоа, со право ги прекорувам таквите, а вас ве пофалувам и ве молам сѐ повеќе и повеќе да останете во послушноста, во трпењето, во отсечувањето од својата волја, во верата, во надежта и во љубовта и во сите други послушнички задолженија за лично спасение и за добар пример на целото братство. Ве молам, „зашто уште малку, сосема малку и ,Оној што иде, ќе дојде и нема да се забави“ (Евр. 11, 37); ќе дојде последниот ден, во кој, „ќе ги изнесе на виделина тајните на мракот и ќе ги објави намерите на срцата“ (1. Кор. 4, 5). Ќе дојде страшниот и вистински Судија, Кој ќе го приведе послушникот кон послушникот, игуменот кон игуменот, епископот кон епископот, великодостојникот кон великодостојникот, царот кон царот, и еден преку друг ќе го изобличи или ќе го (правда, и „секому ќе му даде според неговите дела; живот вечен на оние, кои со трпение во добрите дела бараат слава, чест и бесмртност; јарост пак и гнев на оние, што упорствуваат и не се покоруваат на вистината, туку на неправдата. Мака и тага на секоја душа човечка, која прави зло, а најнапред на Јудеец и Елин“ (Рим. 2, 6-9). Затоа треба најмногу да се плашиме од тоа смртниот час да не нѐ најде без добри дела, па затоа треба да се трудиме да се богатиме со добри дела. Нека нашиот непријател ни пречи во извршувањето на добри дела; „тој е таков, тој е човеќоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина“ (Јован 8, 44), но ние ќе употребиме против него храброст и великодушност; ќе му се противставуваме со трудови, пост, молитви, моленија, солзи, и тој во ништо нема да успее против нас, поради содејството на нашите борби и помошта од нашиот Господ, Кој ни дава вечна победа.
307.
1. Откако напомнува за добрите плодови на поученијата, ги повикува сите взаемно да се изградуваат во Божјо живеалиште. - 2. Потоа ги убедува, откако ќе станат храм Божји, да не дозволуваат тој да биде урнат во нив; а за тоа укажува и на соодветни средства. (4, 105)
1. Никој да не говори дека нашите поученија се напразен труд. Не, ние добиваме голема корист од нив; зашто она што е плугот за земјата и водата за жедниот, тоа се поученијата за оние што ги слушаат со отворено срце. Од што душата обично станува полоша? Од што се несложувањата, раздорите и разделбите во братствата? Зар не од тоа што нема поученија и советувања? Таму каде што има поученија и советувања, таму владее мир, и добар ред, таму почива Светиот Дух. Затоа и јас смирениот се трудам со страв Божји и со љубов да разговарам со вас, да ве советувам, да ве утешувам, да ви напомнувам за она што е добро да го правите и како можете да се спасите од најразличните ѓаволски искушенија. - Признавам дека и вие ми помагате во ова, особено оние што се меѓу првите во братството, а и вие сите сте мои добри помошници во доброто. Апостолот говори: „Јас посадив, Аполон поли, но Бог направи да израсте“ (1. Кор. 3, 6). Па затоа, ова не е само моја добра работа, туку и ваша, но најмногу Божја, од Кого е секое добро во луѓето. Па затоа, ве молам, сите вас, секој според послушанието што му е дадено, сѐ што правите - правете го за општо добро и израдувајте се взаемно да бидете живеалиште на Светиот Дух. Апостолот говори: „Зашто никој не може да постави друга основа, освен положената, која е Исус Христос. Ако некој ѕида врз таа основа со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама, делото на секого ќе стане јавно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита какво е делото на секого“ ( 1. Кор. 3, 11-13). Гледате ли како тој ја споредува добродетелта со злато, сребро и скапоцени камења, а порокот - со дрва, сено и слама? И кога ќе се подложат на оган, тие тврдите ќе бидат уште потврди, а другите ќе изгорат и ќе исчезнат.
2. Кон овие зборови дава и други, кои се уште пострашни, велејќи: „Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори, зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие“ (1. Кор. 3, 16-17). Навистина, голем дар е што сме се удостоиле да се именуваме и да бидеме храм Божји! Но, колку е големо застрашувањето ако го разурнеме овој храм Божји во себе, кога сме се удостоиле да Го имаме живиот Бог во себе, да Го имаме за свој жител Светиот Дух. Да не дозволиме да станеме живеалиште на страстите! Ние кои сме се ослободиле од гревот, да не дозволиме пак да бидеме заробени од ѓаволот. Туку „да бидеме чисти и беспрекорни во денот на Христа, исполнети со плодови на правдата преку Исуса Христа за слава и пофалба на Бога“ (Филип. 1, 10-11). Срцето наше да биде будно, исполнето со страв Божји! Инаку ќе бидеме уништени од Бога! Да бидеме непрестајно напојувани со помислите за смртта, зашто таму каде што има таков страв и такви помисли, таму нема влез за гревот. А кога срцето е нечувствително спрема ова, кога е скаменето, тогаш лесно бива сеана похотта во него; тогаш биваме раздразнувани и збунувани и не нѐ остава додека пак не се вратиме во добра расположба. Да се зафатиме со труд, да се потрудиме да напредуваме во доброто, а потоа ќе го добиеме ненарушливиот спокој; да почнеме духовно да плачеме, за да ја добиеме радоста во Господа; да почнеме да трчаме по тесниот и стрмен пат, за да го најдеме вечниот живот, до каде што се стигнува по овој пат - И, еве, ова е најголемата трговија! Еве ја најголемата среќа, најголемата од сите можни среќи! Еве ги безграничните и вечни блага, до кои се стигнува преку нашите неспоредливо мали трудови за придобивањето на добродетелите! Преку кратковремени трудови и подвизи добиваме вечни блага!
308.
1. Нашиот живот е сличен на пловење по море. - 2. Кормиларот е нашиот ум; тој треба да управува со коработ на животот; да го избегнува бродоломот. - 3. Овие поуки не се само за младите, туку и за постарите и за најстарите; зашто и од нив опасноста не е далеку. - 4. Да внимаваме - за да не го загубиме она што сме го собирале со голем труд. (4, 106)
1. И човечкиот живот е како море, во кое ние, влезени во нашето тело, како во кораб, духовно пловиме не само понекогаш, како што пловат морепловците, кои ту пловат, ту навлегуваат во тивки пристаништа, туку пловиме непрестајно, и дење и ноќе, и по добро време и по разбранувано море. И ова море е лошо и огромно, сразмерно со должината на нашиот живот. Во него има толку страшни бури, кои ги подигаат духовите на злобата и толку многу духовни пирати, демони, кои непрестајно нѐ напаѓаат и се обидуваат да нѐ потонат, така што не можеме да го кажеме нивниот број. Затоа псалмопеачот Давид извикува: „За да не ме потопи водниот вртеж, и длабината да не ме проголта, да не ја затвори над мене бездната својата уста. Услиши ме, Господи, зашто блага е Твојата милост: поради големата Твоја милосрдност, погледај ме“ (Псал. 68, 15-16). А, ако Давид, тој и таков човек, се плашел и се молел да не биде потопен, да не задреме и да не пострада, што ќе кажеме ние смирените, и колку треба да се плашиме и да се молиме, за да не пострадаме?
2. И нашиот ум, слично на кормилар, кога е буден и внимателен, ги одбива бурите на страстите, па е малку попрскуван од нападите на лошите помисли, а кога е предаден на мрзливост и неработење, тогаш е напаѓан од страста, која го заплискува и удира, го исполнува неговиот кораб, а кога ќе се преполни, претрпува страшен гревовен бродолом, за што е страшно и да се чуе, а камоли да се доживее. Ете, толку е страшно и опасно пловењето на нашиот живот! Затоа треба будно и внимателно да го држиме кормило го на нашиот кораб, одбивајќи ги далеку страстите и исфрлајќи ги веднаш навлезените во нас лоши помисли, така што, ако се задржат во нас, можат да го потонат коработ на нашата душа.
3. Кога го говорам ова, јас ги немам предвид само младите и најмладите, туку и старците, кои се веќе долго време во подвижништвото, зашто ѓаволот и нив не ги остава незасегнати и често ги доведува до паѓање, паѓање страшно, за кое некаде говори богоносниот Василиј Велики: „Навистина, страшна глетка: по пост, по строг живот, но продолжителни молитви, по многу солзи, по дваесет годишно и триесетгодишно воздржување, заради невнимателност и мрзливост на душата, одеднаш и долгогодишниот подвижннк постанува лишен од сѐ!“ (том IV, стр. 222, руски превод). Ова јас смирениот сум го слушал и гледал, сум го оплакувал и го оплакувам, помислувајки како таквото богатство добродетели, собирани во текот на многу години, во еден миг се разграбува од лукавиот ѓавол, оставајќи го подвижникот на побожниот живот ограбен и испустен. - Толку е голема тајната на нашето спасение и таква е омразата на ѓаволот против нас, не можејќи да поднесе да нѐ види како се издигнуваме кон небото, од каде што паднал тој.
4. Но, иако е тој таков и со таква жестина вооружен против нас, па и ние, и малите и големите, и младите и старите, сите еднодушно да решиме, со Божја помош, да не дозволиме, поради невнимание, да го загубиме она што сме го собирале во текот на многу години со многу труд и подвизи: одречување од светот, послушност, целомудрие, солзи, првото и второто исповедништво во одбрана на иконите. Но, да бидеме и понатаму бодри, да го држиме подигнато едрото на нашата надеж, да бидеме водени од ветровите на Светиот Дух, така што, кога ќе дојдеме до крајот на нашиот живот и ќе влеземе во пристаништето на бесмртноста, - со богатството на нашите добродетели да го придобиеме царството небесно.
309.
1. Вчера дојде при нас царскиот пратеник и сите ние се исплашпвме, знаејќи дека царот не е расположен спрема нас. Ако знаевме дека тој има кон нас подобра расположба, поинаку ќе го прсчекавме неговиот пратеник. Така и душата ќе го пречека гласникот на смртта: радосна ако е уверена дека е Бог добро расположен спрема неа, а со страв и треперење, ако не е уверена во тоа. 2. Да се измириме со Бога и да станеме пријатели со ангелите. Кон ова да ги додадеме: покајапието, солзите, будноста над себеси, взаемната молитва, а особено причестувањсто со Светите тајни. 3. Изложува како треба да се пристапува кон Светите тајни и колку е тоа спасопосно, како и колку е жалоспо што ретко се причестуваме, со поука: во иднина почесто да се причестуваме. (4, 107)
1. Вчера, кога дојде при нас царскиот пратеник, сите ние се вознемиривме извонредно многу; бевме преплашени од неговото ненадејно пристигнување. А потоа, кога разбравме дека не дошол заради нас, веднаш се ослободивме од стравот. Ве прашувам: зошто толку многу се исплашивме? Од сознанието што царот не само што не е расположен спрема нас, туку и не мрази и презира. А, ако царот не сакаше, ако бевме во бројот на неговите блиски пријатели, зар не би му се зарадувале на доаѓањето на неговиот пратеник и на други личности што му се блиски, кога би знаеле дека секогаш се однесува благонаклоно спрема нас? Но, зошто почнав да говорам и со вас за ова? Затоа што и душата, која има добар живот со тоа заслужува Бог да има добра расположба спрема неа тогаш кога таа ќе излезе од своето тело, тогаш Небесниот Цар ќе испрати по неа ангели. Тогаш таа нема да се исплаши од нив, туку со радост заедно со нив ќе појде при својот Господ. Но, ако не е добра, тогаш таа ќе се исплаши и ќе се збрка, зашто ќе нема доверба спрема себеси и од никаде нема да очекува помош и утеха. Овде додека сме на земјава, и пријателот може да ја успокои душата и да го оддалечи стравот, а тогаш никој не ќе може да и помогне; и тогаш, ангелот немилосрдно ќе ја земе бедната душа. Кога ги слушаме овие зборови зар не чувствуваме страв во нашата душа? А, ако само слушањето за ова предизвикува ваков страв во нашата душа, каков ли ќе биде нашиот страв кога ќе се најдеме во таква вистинска положба? - И како душата тогаш ќе застане пред Христовиот суд? „Река огнена излегуваше и минуваше пред Него: илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Нсго: седнаа судиите и книгите се отворија“ (Дан.7, 10). Вака е според светиот пророк Даниил, а Судијата е страшен и неумолнв; ќе бара одговор и за секој празен збор, како што е речено во Евангелието (Матеј 12, 36). Како душата тогаш ќе го истрпи сето тоа? Навистина, „страшно е да се падне во рацете на живиот Бог“ (Евр.10, 31). А уште пострашно ќе биде за неа кога ќе ја чуе најсправедливата пресуда и кога ќе биде предадена на бескрајни маки.
2. Затоа, ве молам, пред да дојде нашата смрт, да се измириме со Бога, да ја добиеме Неговата добра расположба спрема нас; да станеме пријатели со Неговите ангели, кои ќе дојдат по нашата душа, нашето духовно око да биде будно и умот наш непобедлив; да не им се предаваме на страстите, што не привлекуваат; ако некогаш се препнеме и паднеме, што побрзо да станеме; со многу солзи да ги гаснеме нажежените стрели на лукавиот и место тоа да ја засилуваме нашата љубов спрема Христа. Апостолот говори: „Голема сила има усрдната молитва на праведникот“ (Јак. 5, 16). Затоа имаме потреба од взаемна молитва, од молитва еден за друг: од взаемни молитвени спомнувања. Многу можат да ни помогнат солзите и скрушеноста, а најмногу од се причестувањето со Светите тајни. Не знам зошто, но вие се однесувате немарно спрема нив, и многу се вчудоневидувам. Во неделите, сепак, има причесници, но во другите денови никој од вас не пристапува. Додека бевме во манастирот имаше причесници секој ден, а сега ова се случува многу ретко, па дури ова некаде воопшто го нема.
3. Кога ви го говорам ова, јас, се разбира, не ви велам дека кон Светите тајни треба да пристапувате немарно и неподготвено. Зашто е напишано: „Човекот да се испитува самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто, кој ќе јаде и пие недостојно, тој ќе го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово“ (1. Кор. 11, 28-29). Не, јас тоа не го сакам; да не биде! Но, сакам да горите од желба да се причестувате, колку е можно повеќе претходно да се очистувате и на тој начин да се удостојувате со Светите Дарови. Зашто Светите Дарови се присоединување со животот, како што говори Господ: „Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно: а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот“ (Јован 6, 51). И пак: „Кој јаде од Моето тело и пие од 'Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јован 6, 56). Го гледаш ли овој неискажлив и неизмерлив дар? Не само што умрел Господ за нас, туку и ни се предава Себеси за наша храна. Што може повеќе од ова да ја покаже Неговата љубов спрема нас? И има ли нешто поспасително за нашата душа? Ако сега никој не се лишува од својата обична секојдневна храна; и ако не ја земе во себе, крајно се вознемирува, тогаш како може да се сфати следново: кога ни се нуди не обичен леб, туку леб на животот, и не обична чаша вино, но чаша на бесмртноста, да се однесуваме вака незаинтересирано дали некој се причестил или не, сметајќи го ова како нешто што не е потребно? Ова ја покажува нашата голема неразумност и духовна непросветеност! Ако ова досега и било, ве молам, по ова, да не биле веќе вака, сега кога ја знаеме силата на Божјиот дар; туку секогаш, да се очистуваме според нашите сили, на да пристапуваме и да се причестуваме со Светите тајни, кои осветуваат. А ова, како што мислам, а така е навистина, силно ќе ни помага да се пазиме чисти, да се подготвуваме за Светата причесна и да ја очекуваме. А кога сме рамнодушни кон причестувањето, на страстите им се дава поголема слобода да ни пристапуваат и да не уловат. А ова нека ни биде и подготвување за пат кон вечниот живот, за којшто треба да се удостоиме да го добиеме, по благодат'га и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос.
310.
1. Напред, напред по патот на добродетелта! - 2. Како? - Секој ден поминувај го во извршување на она што си должен да го правиш: за што имаш и соодветна програма. -3.Поттикнување: убавината и сладоста на добродетелта, и погубноста на гревот. 4. Зошто немаме успех? Од неискреноста на желбата. (4, 108)
1. Добродетелта е секогаш подвижна; таа секогаш се движи напред. Оние што ја имаат, таа секогаш ги влече кон совршенство. Покажувајќи го ова, апостолот вели: „Не затоа што веќе достигнаа, или дека веќе постигнав совршенство, туку се стремам не би ли го достигнал она за кое Христос ме достигна мене. Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: не заборавам што е пред мене, трчам кон целта кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа“ (Филип. 3, 12-14). Така што никакво застанување и задржување во добродетелта не треба да има, зашто задржувањето овде е почеток на скршнување кон злото. Не, ние да не стоиме на патот на добродетелта, туку секогаш постепено да се движиме напред и, како и секогаш, да растеме од сила во сила, „дури сите не стигнеме до единството во верата и познавањето на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до потполната возраст на Христовото совршенство“ (Ефес. 4, 13).
2. А како можеме да го правиме ова? Ако секој ден го минуваме така: ревносно да го извршуваме она што е потребно. Еве, како пример да го земеме ова: штом ќе се разбудиме, да побрзаме на молитва; потоа усрдно да се зафатиме со нашата работа: да пееме и да Му воспеваме во срцата наши на Господа, а воедно со тоа да работиме и со нашите раце, Кога ќе заврши денот, со благодарност и со скрушеност да појдеме на спиење. Со вакво менување на работите во текот на денот да се исполни она што го рекол светиот Давид: „Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива“ (Псал. 18, 2). Да не ни помине ни еден ден во рамнодушност спрема нашите работи, ниту мислите и срцата наши да бидат пленети, ниту во текот на ноќта на телото наше да му даваме премногу спокој и ништо срамно да нема кај нас! Да го нема ни со мисли, ниту со дела. Зашто словото на вистината од нас бара: не само телото наше да биде чисто, туку и душата да ни биле чиста.
3. Ако имаме желба да посакаме нешто, тогаш има ли нешто повредно за сакање од самата добродетел, чиј вкус е сладок и незаситлив? Ако сакаме да се насладуваме со убавина, има ли нешто подостојно од Господа, со чија убавина се разубавува се? А лошите желби, кои ја полудуваат душата, ја раскинуваат душата пожестоко и од најдивиот звер, така што од нив немаме никакво задоволство, туку само ни го прават тежок и мачен животот. Апостолот говори: „телото и крвта не можат да го наследат царството Божјо, ниту распадливоста да ја наследи нераспалливоста“ (1. Кор. 15, 50). И кажи ми: кого гревот го пленил, а не го посрамил, не го уништил и на смрт не го предал? И кого добродетелта, кога го опфатила, не го издигнала и не го покажала прекрасен во светот? Земи ги од многумината само овие двајца Амнона и Јосифа. Зар едниот од нив блудот не го доведе до смртно посрамување, а другиот запазувањето на целомудрието пред Египтјапката не го направило да стане совладетел на египетскиот фараон? Толку е добродетелта достојна за сакање и љубов, толку е спасоноспа! А гревот е одвратен, грд и погубен! Но, сепак, ние луѓето паѓаме во голема заблуда: место животот ја одбираме смртта, место светлината темнината, место нераспадливоста распадливоста. Има ли нешто што е повеќе за сожалување?
4. Зошто, кога веќе сакаме да бидеме љубители на доброто, не можеме да бидеме такви? Затоа што тоа не го сакаме искрено и вистински, туку го правиме тоа не со цела душа, па, билејќи имаме слободна волја, ние го одбираме она што го сакаме, односно кога искрено би го сакале доброто, доброто би го избрале. Вистина е, дека нашиот лош живот во младоста ги прави нашите лоши навики несовладливи. Но, што говори апостолот? „Како човек ви зборувам за нашата плотска слабост. Оти, како што ги предостававте членовите ваши да бидат робови на нечистотата и беззаконието за беззаконство, така и сега оставете ги членовите ваши да бидат робови на правдата за добри дела“ (Рим. 6, 19). Значи, во спротивност на гревот, ние сме сега должни да покажуваме ревност спрема добродетелта. Да продолжуваме и понатаму да тропаме, и секако преблагиот Бог ќе ни ја отвори вратата, затоа што го правиме она што Му е угодно и ќе ни подари живот вечен.
311.
1. Се упокоил некој од достојните за пофалба и се дава поука како да се угледаме на него. 2. Советува да си спомнуваме за смртта и со тоа да ја засилуваме нашата ревност, како што правеле сите светии. 3. Се нарекува блажен оној што постапува така и предлага и ние сите да бидеме такви. (4, 109)
1. Сега веќе конечно се уверивме дека нашиот брат Теосост се упокоил. И треба да кажеме нешто за него, зашто тој беше искусен духовник, за кого имаат многу пофалби и монасите и мирјаните; кој знаел да слуша и да ислушува, но и него го слушале, а тоа што ги искуси и исповедничките страдања, може и на искушуваните да им помогне. Преку тоа добил многу добри чеда во Бога, подложувајќи се на тешкотии и страдања, на не мали и не лесни гонења и искушенија, во кои го завршил својот земен живот и се преселил кај Господа. Но, зошто ви го говорам сето ова? Затоа, за во овој наш брат и ние да ја согледаме нашата иднина, односно, ако поживееме добро и свето, ќе бидеме по нашата смрт пофалени од другите и ќе послужиме како поттикнувачи на добра ревност за идните поколенија. А, ако не живееме добро, не само што нема да бидеме пофалени, туку ќе бидеме предадени на вечни маки, за што е тешко и да се помисли, а камоли да се говори.
2. А ти, еве, за што треба да помислиш: дека еден по друг си одиме од овој свет и за тоа каде одиме, како и за тоа дека нашиот живот на земјава е за кратко време, дека нашите денови се изброени, за да поживееме само извесно време, колку што е потребно да бидеме испитани и проверени и за придобивање на добродетели, а потоа да преминеме таму, каде што ќе живееме вечно. Размислувањето на ова е дело разумно, и оној што размислува за ова тој секогаш се плаши и трепери, тој секој ден доброволно умира, секој ден го очекува резрешувањето од своето тело и со тоа ја поттикнува својата ревност да ја извршува работата што му е доверена, своето послушание, и непрестајно и неуморно се труди во се што е добро. Зашто од каде се натприродните подвизи на светите? Откаде е нивната послушност дури до самата смрт? Од каде им е непобедливата трпеливост на мачениците и тогаш кога ги сечеле членовите на нивните тела и кога ја пролевале нивната крв? Не е ли сето ова од сознанието за брзата минливост па земниот живот и за ненадејноста на нашата смрт, за тоа дека ќе треба да застанеме пред Страшниот суд и за бескрајните пеколни маки? Оттаму е секое добро кај нив, оттаму им е силата, со кои ги претрпеле страшните страдања како да биле во туѓо тело.
3. Блажена е душата што мисли за сето ова и дење и ноќе, која го минува овој живот како туѓинка, која живее како придојдена и која го очекува оној блажен и бескраен живот, за кој говори апостолот: „Тварите го чекаат прославувањето на синовите Божји, зашто и тие не и се покорија на суетата доброволно, туку по волјата на Оној Кој ги покори, а со надеж, дека и тие самите ќе се ослободат од ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји“ (Рим. 8, 19-21). Гледаш што се ветува? Се ќе се претвори во нераспаѓање, а и самата твар од ропство ќе премине во слобода! Таков ќе биде оној ден, за кој вели светиот Давид: „Бидејќи Господ Бог сака милост и вистина, дава благодат и слава; Господ не ги пишува од блага оние, што одат непорочно“ (Псал. 83, 11), и светиот апостол Петар вели: „Еден ден е како илјада години, и илјада години како еден ден“ (2. Петр. 3, 8).
Таму да ги свртуваме и умот и срцето; таму да ги пренесуваме нашите желби; таму нека бидат пренесувани и нашите мисли и помисли; да се занимаваме со тие и такви работи, па така да се скриваме од кнезот на овој век, кој има власт да не искушува, но кој е немоќен да не победи кога сме заградени со оружјата на нашето подвижништво, кои ви посакувам јас смирениот не само да ги одгоните, туку и да ги победите и да го добиете венецот на правдата од нашиот Господ Исус Христос.
312
1. Можат да се радуваат само вистинските монаси заради тоа што не се грижат за земните работи; тие се грижат само за едно: како да Му угодат на Бога и како да го запазат своето девство. 2. Тие и немаат зошто да жалат: нивните гревови се простени; а оние кои се ранети од грешните помисли и од страстите ее измачуваии од борбата, која им подготвува венци; потребна е само храбра борба и победа над непријателот. 3. Да се радуваме, скоро ќе дојде Оној Кој треба да дојде. (4, 110)
1. Апостолот им заповеда на сите: „Радувајте се секогаш во Господа“ (Филип. 4, 4). Обично се радуваат само вистинските монаси, кои не се грижат ни за жена, ни за деца, ни за слуги, ни за пари, ни за имот, ни за нешто друго, за што се грижат оние кои се грижат за своето тело. Тие имаат само една грижа: како да Му угодат на Господа, а да се грижи човек само за тоа, значи секогаш да се радува во Господа. Зашто таму каде што има семејство, слуги и се друго, таму се појавуваат многу грижи, а ова е искршување на духот, кое им го дал Бог на синовите човечки, за да се искршуваат во него, според реченото од Соломона (Проп. 1-2): таму не може човекот да се радува во Господа кога спомнатите работи го оттргнуваат умот од спомнувањето за Бога и не може да се радува. И ние кои се наоѓаме меѓу оние што се призвани во монаштво, да се радуваме и да се радуваме еден на друг, чекајќи за нашето девство награда од Бога, Кој ветил да им даде награда и на оние што му подале на жедниот чаша студена вода, а камоли за вакви големи и натприродни делувања. Зашто, девството е голема и натприродна работа; тоа е еднакво со животот на ангелите и го воведува човекот во првобитната состојба, која била во рајот, кога немало ни брак, ни ропство, кога животот бил без потреби и без жалости.
2. Ако некој рече дека не се радува и дека е тажен, тогаш кажете ми од што е тоа неговата тага? Дали затоа што пред монаштвото направил многу гревови? Но, тие се веќе простени затоа што се исповедал, што се откажал од светот и што го примил јаремот на послушанието. И дали затоа што секојдневно добива рани од грешните помисли? Но, ако ги одбива, ако не се согласува со нив, тоа е знак дека ќе биде овенчан како победник. Зашто никој не е одликуван и овенчуван ако не навлегувал во борба, го наградуваат само борецот, оној што храбро се борел против непријателот и кој одржал победа над него. Гледате ли дека токму она, на што укажуваме како на причина на нашата жалост, дека таму е изворот на нашата радост? Да се радуваме со духовна радост и храбро да се бориме против демонските искушенија; да ги одбиваме демоните со силата на молитвите и молењата, а мрежите нивни да ги раскинуваме со смирението и послушноста; да ги обгоруваме со солзите и сокрушеиијата, како фараонот и неговите војски; преку самоизобличување и исповед да ги одгонуваме далеку од себеси и со сите наши добри дејствувања, со Божја помош, да ги победуваме. На тој начин, иако се многу и разновидни неговите искушенија, иако е тој многу итар и опитен во својата злоба и во своите искушенија против нас, иако го знае најпогодното време кога треба да не нападне, барајќи да не умртви, иако знае да се прикажува дека сме го победиле, а потоа ненадејно пак да ја нападне нашата душа, кога таа не е подготвена и да прави со неа се што сака, да бидеме будни и трезвени, не давајќи му сон на нашето умствено око и срцето наше да гори со љубов спрема Бога, и така, на тој начин, да останеме неизмамени и непобедени.
3. Ве молам, да не бидеме малодушни во борбата, ниту да попуштаме во судирите со непријателот; близу е крајот на борбата и на подвизите; да издржиме само уште малку. ќе дојде Господ и нема да задоцни: или во смртниот час на секого од нас или при крајот на светот, кога ќе се покаже од небото заедно со ангелските сили во огнен пламен и во слава неискажлива: „И ќе го види секое око, и оние кои Го прободеа; и ќе се расплачат пред Него сите земни племиња“ (Откр. 1, 7). Колку е страшно и неописливо ова видение! Тогаш ќе се зарадуваат оние што се подвизувале со добар подвиг, кои останале непоколебливи во искушенијата, љубителите на добриот и побожен живот, совршените извршители на свое го послушание и кои во се Му угодувале на Бога. Да ни даде Бог и ние да се присоединиме со нив и заедно со нив да се насладуваме на вечните блага во Христа Исуса, нашиот Господ.
313
1. Изменлив е човечкиот живот. Таков станал уште од првородениот грев. - 2. Ние што сме се откажале од светот и кои сме се ветиле оти ќе бидеме послушни се ослободуваме од изменливоста, но за ова е потребно храбро и непоколебливо да стоиме во подвизите. - 3. Да бидеме будни и трезвени, да се пазиме во чистота; а ако погрешиме, веднаш да се каеме и да се исправуваме. (4, 111)
1. Да чуеме што говори апостолот: „Ова ви го велам, браќа, оти времето натаму е кратко, та оние што имаат жена, да бидат како да ја немаат; и кои плачат како да не плачат; и кои се радуваат како да не се радуваат; и кои купуваат како да немаат, и кои се ползуваат со овој свет како да не се ползуваат; зашто преоден е обликот на овој свет“ (1. Кор. 7, 29-31). Што значат зборовите: „преоден е обликот на овој свет?“ Означуваат дека се минува и се менува; нема постојанството ни во еден единствен ден: вчера јасно и ведро, денес облачно; вчера убаво време, денес невреме; еден се издигнува на високо, а друг паѓа од височината на своето достоинство; еден од богат станува сиромав, а друг од сиромав станува богат. Нашиот беден живот е изложен на голема изменливост: ништо не е постојано. Од што станало вака? Од нашата древна неразумност. Затоа што не сме ја сметале вредна Божјата света заповед, која ни била дадена во рајот; сме биле измамени од прелеста на змијата, па затоа со право сме положени на овој многустрадален и изменлив живот. Затоа и станало домостроителното воплотување на нашиот Господ Исуса Христа, кое не издигнува во нашата првобитна состојба и го обновува и востановува оној живот, кој бил без жалости и страдања. Затоа е мудро и разумно: среде непостојаностите да бидеме постојани и среде изменливостите да живееме неизменлнво. На кого му е својствено ова? На никого, освен на оние, кои се распнале за светот и тргнале по Христа.
2. Ве молам, да стоиме храбро, да бидеме непрестајно будни и трезвени. Но, ние сме такви затоа што, со помошта на Христовата благодат, се откажавме од светот и и се предадовме на прекрасната послушност, преку која настанува во нас издигнувањето кон нашата древна состојба. А, бидејќи сме биле изгонети од рајот поради нашата непослушност и непокорност, Бог благоволил пак, преку послушност и покорност, да не врати при Себеси. Да се радуваме затоа што се наоѓаме во состојба на послушност, зашто само таа ги воведува луѓето во вечниот живот. Но, при ова е потребно да имаме: постојанство во подвизите и трпење во страдањата. Зашто, ако телесната победа се добива преку многу труд и пот, толку повеќе никој не може да биде победник во бојното поле на духовното живеење ако не е храбар и постојан.
3. Ете затоа, ве молам, да бидеме храбри, непрестајно да бидеме будни и трезвени, нашите желби да ги устремуваме кон Бога и умот наш постојано да биде зафатен со созерцанија за Него; да се миеме со солзи и со скрушеност, а да се просветуваме со молитви и моленија и преку нив да ја привлекуваме благодатта на Светиот Дух. Зашто Бог со ништо толку не се насладува како со душа, која е чиста од страстите. И ни една цветна градина со многу цвеќиња не дава такво благоухание како онаа душа, која пријатно мириса со своите добродетели. Ако ни се случи некогаш да задремеме, што побрзо да се разбудиме; макар и седумпати на ден и да згрешиме, но седумпати и да се покаеме, и Бог ќе не прими. Па макар и седумдесетпати вака да пострадаме, но, ако се покаеме толкупати, нема да бидеме лишени од надежта на помилување според божественото ветување. Само, ве молам, да бидеме постојани и да не бидеме мрзливи да стануваме секогаш кога ќе паднеме. Близу е веќе крајот на подвизите, близу се радостите и веселбите, близу се и венците на правдата, со кои да се удостоиме сите, по благодатта и човекољубието на Господа Исуса Христа.
314.
Еден од нашите браќа ненадејно почина. Затоа најискрено ве советувам да бидеме подготвени за нашето излегување од телото и, мислејќи непрестајно за ова, да бидете постојани во извршувањето на Божјите дела. (4, 112)
Дојдете, да го дадеме заветот во врска со нашиот последен ден; дојдете да се измириме со Бога пред да настане неодложниот час на смртта, зашто Господ говори: „Мртвите не Те спомнуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе?“ (Псал. 6, 5). Зар не гледаме како секој ден биваат земани нашите браќа? Зар не гледаме дека сме како овци одредени за колење, на денес сме живи, а утре не нема? Еве, земен е и братот Ливериј, чиј крај ја скруши мојата смирена душа, зашто, како што велат, го нашле ненадејно умрен во неговата ќелија, како лежел настрана, како да спие. Ете, таков е неговиот крај! А каков ќе биде нашиот, не знаеме, не знаеме ни со каква смрт ќе умреме. Не знаеме дали ќе дојде ненадејно или со нешто ќе ни биде претскажана? Дали ќе биде на копно или на море? Дали кога ќе бидеме окружени со нашите браќа или кога ќе бидеме сами? Пророкот прашува: „Кој го разбрал Духот на Господа, и Му бил Нему советник и Го учел?“ (Иса. 40, 13), за да го знаеме денот и часот, местото и нашиот земен крај? Навистина, страшна е пресудата на смртта и страшно е да се падне во рацете на живиот Бог. Затоа, ве молам, секогаш да бидеме во подвиг, секогаш со внимание, секогаш во работа што Му е угодна на Бога. Така, велат, некој добил голем чин, друг се збогатил, трет станал цар. А што е сето тоа? Тоа е се како сон и така брзо минува. „Од Твојата закана, Боже Јаковов, задремаа коњаниците“. „Секоја плот е трева, сета убавина нејзина е како полско цвеќе“ (Иса. 40, 6). Божјите избраници направиле прекрасна трговија, тие добиле чинови, кои никој нема да им ги одземе. Какви чинови? Едни ангелски, други - пророчки, трети маченички, четврти преподобни, а некои и пониски од овие, но и тие се спасителни. Нивните имиња се запишани во книгата на животот, нивната слава е неминлива, а радоста неискажлива. И ние да се угледаме на нив, и секако ќе добиеме некој од овие чинови, зашто голема е и пребогата Божјата благодат, и на секого што бара му го дава својот добар дар, на малиот и на големиот, на мудриот и на немудриот, на старецот и на младичот. Ако не се угледаме на овие, небесниот Домаќин нема да ни дозволи да седнеме на свадбената гозба и ќе рече: „Тешко му на оној човек, преку кого Синот Човечки ќе се предаде; добро ќе беше за тој човек, ако не беше се родил“ (Матеј 26, 24). За секого е јасно дека овие зборови се однесуваат на предавникот Јуда, но тие се однесуваат и на секој, којшто го предал своето сопствено спасение. Не мислиме за јавувањето на великиот Бог и Спасителот наш Господ Исус Христос. Не помислуваме ни за страшната пресуда на неподмитливиот Судија против сите што ќе бидат од левата страна. Не го замислуваме огнот што не изгаснува и незамисливите вечни маки. Кој ќе го сфати сето ова? Кој е разумниот кормилар, кој добро ќе го управува својот кораб и ќе ја запази својата душа да не биде потопена од духовите на злобата? А ние, бидејќи, со помош на Божјата благодат, сме го избрале тивкиот и спокоен живот, на да се трудиме уште малку мудро да го раководиме нашето духовно пловење и добродушно да среќаваме се што ќе не сретне на животното патување, оградувајќи го секој наш член со стравот Божји. Да му забраниме на окото да гледа љубопитно, увото да не го прима суетното слушање, јазикот никого да не осудува, како што говори братот Господов: „Кој го напаѓа братот свој или го суди, тој го напаѓа законот и го суди законот“ (Јак. 4, 11), а раката да работи, зашто според апостолот: „Кој не сака да работи, нека и не јаде“ (2. Сол. 3, 10); нозете да одат право по патот на мирот; срцето „не давај да застрани срцето мое кон зборовите лукави, да врши грешни дела заедно со луѓето, кои вршат беззаконија; јас нема да се здружам со нивните избраници“ (Псал.140, 4), туку „се да се врши чесно и уредно“ (1. Кор. 14, 10), така што, откако ќе поживееме добро, да се удостоиме со вечните блага.
315.
1. Пази ја верата, а треба да преуспеваш и во добриот живот, особено во целомудрието, против кое особено војуваат нашите непријатели, кои се меѓу нас. - 2. Тие почнуваат да не напаѓаат со срамни помисли, а потоа ја распалуваат телесната похот и доведуваат до извршување и на самото дело, а најпосле не прават многу похотливи. - 3. Како да го избегнеме сето ова? Да им се противиме на помислите, да почнеме да се молиме штом ќе се појават. - 4. Да се противиме и со нашата мисла, така што, ние што сме посиновени по благодатта, да знаеме дека преку гревот стануваме слуги на ѓаволот, да се противиме како на оваа страст, така и на други. (4, 113)
1. Има две добродетели, кои го изградуваат спасението на човекот: верата и љубовта. Кога би видел да грешите во нешто во верата, тогаш би почнал да ви говорам за неа, трудејќи се на секој начин да ве доведам до православното верување. „Зашто и без вера не е можно да Му се угоди на Бога, зашто оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, кои Го бараат“ (Евр. 11, 6). Но, бидејќи, благодарение на Христовата благодат, вашата вера е здрава, затоа, нема да ви говорам за неа, а ќе поговорам со вас малку за дејствителниот живот, чиј двигател треба да биде љубовта. Па затоа, ве молам, како секогаш, така и сега, да не го занемарувате подвижништвото, да се трудите за господарењето над помислите, за скапоценото сокровиште на девството, кое, според Божјата милост, со љубов сме го прифатиле, а против кое непријателот со сета своја сила ги насочува своите искушенија, барајќи, преку неговото грабнување, да ве лиши од спасение. Зашто знае тој дека со оваа добродетел ние стануваме слични на Бога, а напротив, го загубиме ли девството, ние се придружуваме на неразумните животни, како што е напишано: „И човек со почест ова не го разбира; па заприлегува на животните, со кои се поистоветува“ (Псал. 48, 12).
2. О, колкумина пленил нашиот соблазнувач од создавањето на светот преку плотската похот! Но, и до сега не престанува тој да ги измамува не само младите, туку и старците, не само мрзливите, туку и вредните; тој се користи со ова оружје речеси против секоја душа. Тој почнува да го подготвува овој отров со всејување на неумесни мисли, а потоа го распалува срцето со похотите на телото и крвта, го тера да каже нешто од она што е забрането, а потоа му внушува смелост да ги допре своите членови, како што говори апостолот: „Похотта, откако се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт“ (Јак. 1, 15). Да бегаме од оваа вечна смрт, да бегаме од оваа многу страшна душевна болест. Ми се чини дека оваа болест е слична на чешање. Како што оној, што има јадеж, кога се чеша со своите нокти и си причинува големо задоволство, а всушност не добива задоволство, туку тешки рани, и со тоа се чеша се повеќе и повеќе, така и оној што ја има похотната страст, не добива од неа задоволство, туку мака и болка, не наситување, туку празнина, не спокојство, туку страшен немир. Тој станува очаен, плашлив, плашлив дури и од својата сопствена сенка, а не само од идниот суд.
3. Но, како да избегаме од ова зло? Прво, треба со сите сили и неотстапно да им се противставуваме на сите напади на оваа страст веднаш со нивното појавување. Нема ништо чудно што таа наидува: таа ја добива својата сила или од невниманието на умот, кој не е зафатен со добри помисли, или од зависта на непријателот. Но, како и да ти се случи ова, штом ќе почувствуваш дека си душевно ранет, стани што поскоро и моли се, воздивнувај, проливај солзи, со одлучно отфрлање на страста, и страста брзо ќе стивне, а ти ќе се успокоиш во Господа. Тогаш ќе познаеш дека ништо не е така слатко за душата, како кога не е измачувана и поробувана од страстите.
4. Зар не слушаш што говори Господ? „Секој што прави грев, роб му е на гревот. А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно“ (Јован 8, 34-35). Зар оној што се ослободил од гревот и што го примил Божјото посиновување, пак да му стане роб на гревот? Кога веќе си застанал под Божјата силна рака, пак ли ќе му плаќаш данок на ѓаволот и на гревот? Не, никако; тоа никако да не биде! „Ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник“ (Гал. 2, 18), говори апостолот. Да не си дозволиме да бидеме рушители на Божјите завети, и пак да бидеме заробени од ѓаволот, откако сме биле веќе ослободени од него, зашто „според твојата упоритост и непокајното срце си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведннот суд од Бога“ (Рим. 2, 5). Зашто за таквите е напишано: „Нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува“ (Марко 9, 44). „Стојте така во слободата, која Христос ви ја дарува, а не се подавајте пак под ропски јарем“ (Гал. 5, 1); гнаси се од одвратните мечтаења на змијата; противставувај и се секој ден на оваа страст, но и на сите други: задавувај ја зависта, скротувај ги лукавството, омразата спрема браќата и секоја друга злоба, за да ги одбегнеш вечните маки и да го добиеш царството небесно.
316.
1. Ги велича монасите и ги нарекува „род избран и војска Христова“. -2. Во сите гонења од страна на еретиците, и понапред и сега, кој ја брани верата? Монасите. -3. Но, бидејќи сме такви, да се пазиме чисти и да се држиме над сите страсти. -4. Не збунувајте се што манастирите се разурнувани и што ние не успеваме да ги обновуваме толку колку што е потребно. Да продолжиме да ја браниме верата, а се друго ќе ни се придаде. (4, 114)
1. Браќа и оци, нема да престанам да ве именувам со овие убави имиња на братство и очинство, знаејќи дека по однос на вас тие се вистински именувања и не е лажно ваквото нарекување. Зашто вистински браќа и оци се оние, кои се повеќе од родителите, браќата, роднините, повеќе и од својата татковина, зашто вие сте Го засакале Бога повеќе од се видливо, сте го прифатиле животот во едно општество, во кое има едно срце и една душа Бог и една татковина небесниот Ерусалим. Такви сте и вие, браќа мои, возљубени во Господа. ќе ве наречам и со зборовите на Светото писмо: „род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени, за да ги возвестите совршенствата на Оној, Кој ве повикал од темнина во Својата чудна светлина“ ( 1. Петр. 2, 9). Зашто, навистина, чудна светлина е монашкиот живот, во кој сме повикани и во кој го објавуваме и прославуваме Оној Кој ги покрива небесата со Своите прекрасни дела. Во монаштвото се наоѓаат мудроста, целомудристо, храброста и правдата; овде се трофеите на победата над лукавите духови во Исуса Христа. „Иако во тело одиме, телесно не се бориме. Оружјето на нашето војување не е телесно, но со помошта Божја е силно да разрушува тврдини; со него ние уништуваме за, мисли, и секое превознесување, што се крева против познавањето на Бога, и поробувањс секој разум, за да Му биде покорен на Христа“ (2. Кор. 10, 3-5).
2. Ако ги земеме предвид видливите непријатели, ќе видиме колку и какви гонења се преземени против Црквата Божја! И кои биле најмногу гонети, тепани и убивани, ако не оние што му се распнале на светот? Поминувам преку дамнешното минато, зашто и во сегашно време, во нашето поколение дејствуваат ереси, на кој им се противи и сега до крв (Евр. 12, 4)? Зар не нашите блажени оди и браќа, како од нашиот манастир, така и од другите? И навистина ваквите дела и подвизи им припаѓаат главно на монасите; монасите се нервите и столбовите на Црквата. Еве какво и колкаво достоинство ни е дарувано од Божј ата благодат.
3. Но, бидејќи таму каде што се сокровиштата, таму се собираат и крадците, а сокровнштата на душата се добродетелите, затоа ви напомнувам и ве молам, да бидеме будни и трезвени, да не бидеме измамени ни со гревовната сласт, ни со гневот да не бидеме озверени, ниту со неверувањето помрачени, ниту со неисповедувањето ожесточени, ни на некоја друга страст да и дозволиме да има власт над нас; да гледаме усрдно напред се додека не дојдеме до крајот на нашиот живот.
4. Можеби некој се ожалостува кога слуша дека нашите манастири се уривани од непријателите на Господа. Но, зошто да жалиме за ова? Манастир и храм Божји сме ние, за кои е речно: „Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори“ (1. Кор. 3, 17). Но, тоа што и тие храмови биле често разрушувани, тоа е достојно за жалење, но тие, во голем број случаи, пак биле обновувани со Божјата промисла. Можеби некого го вознемирува мислата што не успеваме да ги обновуваме манастирите колку што е потребно според бројот на оние, кои пострадале во гонењата. Но, како што сегашното гонење ја уништува верата, така целиот наш подвиг треба да биде свртен кон тоа да ја вратиме верата, и се додека ова не е постигнато, се додека има луѓе што Го хулат нашиот Бог и светите оци се предаваат на казни и измачувања, каква полза ќе имаме од обновувањето на манастирите? Но, кој и кога ја добил наградата уште на половината од истрчаната патека? Зашто е речено: „Ако некој војува, сепак венец не добива, ако не се бори како треба“ (2. Тим. 2, 5). Затоа, да се ослободиме од таквите помисли, туку одлучно да ја исповедаме верата и со срце и со зборови, верувајќи во вистинското ветување: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6, 33). А со што да бидеме удостоени со благодатта и човекољубието На нашиот Господ Исус Христос.
317.
Еве, двајца од нашите браќа, Јаков и Васијан, едниот веќе појде кон Господа, а другиот стои пред самите врати на смртта. А јас и вие бесмртни ли сме? Зар нема да ја испиеме и ние чашата, која ја испиле толкумина, кои се упокоиле пред нас? (4, 115)
Блажен е оној кој ја занимава својата душа со ова прашање, кој спомнувањето за смртта го прави живот на својата душа. Зашто таму каде што го има спомнувањето за смртта, таму се покајните чувства, скрушеноста, солзите, оттуѓувањето од се што е земно, наспадувањето со она што е небесно, просветувањето и желбата спрема она што е најдобро и наднебесно. А таму, каде што го нема него, таму се лошите помисли, кои Господ ги осудил во Евангелието (Матеј 15, 19), со кои се уловувани оние што го сакаат животот на телото.
А ние секогаш и во секоја пригода да си спомнуваме за смртта, и секако да се грижиме „останатото време на животот во телото да не го проживееме веќе со човечки похоти, туку според волјата Божја. Зашто доста е што минатото време на животот го поминавте во вршење волја на незнабошците, живеејќи во нечистотија, во похоти, во пијанство, во јадење, во пиење, и во нечестиво идолопоклонство“ (1. Петр. 4, 2-3); да престанеме да се измамуваме со измамите, што ги устројува ѓаволот, кој не отклонува од добрите расположби и почетоци, доста ни се и лошите помисли, кои го заматуваат нашиот ум, од кои никогаш не сме имале некаква корист, туку само непријатности и унижувања.
„Сега е времето благопријатно, сега е денот на спасението“ (2. Кор. 6, 2). „Денес кога го чуете гласот Негов, да не ги ожесточите срцата свои“ (Евр. 3, 7-8). Бидејќи ја гледа нашата наклоност спрема гревот, гревољубивоста на нашата природа, дури тогаш во самиот почеток на земниот живот, затоа ни одредил и можност за покајание во денешниот ден, така што никој да нема оправдување за да се отклони од него, туку секој, без оглед на тоа дали згрешил многу или малку, дали грешел одамна или туку што почнал да греши, кога ќе го слушне овој спасоносен повик, со сета своја усрдност секој ден да се обновува и да се очистува преку покајанието.
Гледај колку е големо човекољубието на нашиот Бог, кој ни дава брзо и лесно излекување од гревот. И телесните рани можат да бидат лекувани и излекувани, но за тоа е потребно повеќе или помалку време, за да можат излекуваните пак да ги заземат своите борбени места против непријателите. А кај нас духовните борци, раната може да се излекува веднаш откако била добиена, ако посакаме, без задржување, веднаш да се устремиме против нашите непријатели.
Да не пропуштаме секој ден да се каеме и духовно да се обновуваме; да не дозволиме нашето паѓање, било со ум, со зборови или со дело, да стане повод за раслабување и неработење, но колкупати и да бидеме победени, секогаш веднаш да стануваме и, имајќи страв од Божјиот суд, со сета сила пак да се вооружуваме против страстите.
Мојсеј, Божјиот слуга, кога се молел на планината, ги држел рацете свои издигнати кон Бога, кон небото, и тогаш Амалик бил победуван, а кога ги спуштал, тогаш противникот добивал сила. Исто така, и ние, кога умот наш, притеснуван од страстите, ќе се издигне на молитвената планина, и, место телесните раце, ќе ги издигнеме нашите мисли кон Бога, тогаш го победуваме невидливиот Амалик, а кога ќе престанеме да го правиме тоа, тогаш и ние ќе бидеме победувани. Ете, сега глепаш што треба да правиме: во оној миг кога сме нападнати од нашите невидливи непријатели - умот наш да го издигнуваме кон Бог. Кој може да не спаси од смртта. Само со она непријателите ќе бидат приморани да бегаат, а ние да ги добиеме победните венци и да го наследиме царството небесно.
318.
1. При дознавањето дека се подготвуваат нови гонења и измачувања за верата, изразува воодушевена готовност: да претрпи се. 2. Потоа преминува на внатрешната борба, ги повикува облечените во оружјето на правдата да се борат храбро, воодушевувајќи се со приготвената помош одозгора. (4, 116)
1. Мислам дека пак не очекуваат искушенија и страдања. Но, говорејќи со зборовите на апостолот, за кои треба да си спомнеме во оваа пригода: „Јас не се грижам за ништо, ниту пак ми е мил животот, доволно е само со радост да ја завршам борбата и службата, која ја примив од Господа Исуса, да го проповедам Евангелието на Божјата благодат“ (Дела 20, 24). Така ќе говориме и ние, според мерката на верата што ни е дадена, ќе мудруваме и ќе говориме, радувајќи им се на маките заради Христа, ќе сакаме со радост да страдаме за Него, нема да се откажеме пак да страдаме за Него и да ги прифатиме новите гонења, затоа што досега веќе многупати сме гонети. Слушајќи ги зборовите: „Во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки“ (Дела 16, 22), да посакаме да страдаме се повеќе и повеќе, да трпиме се повеќе и повеќе, за да се удостоиме со добра надеж да имаме добар крај на нашиот земен живот. Можеби, според Божјата милост, да не ни се случи нешто непожелно, но добро е пред страданието да се подготвиме да го примиме она што му е својствено на страданието, па кога ќе дојде да го примиме подготвени. Зашто неподготвената душа е лесно победувана, а ако е добро подготвена, веднаш навлегува во борбата и победува.
2. Но, зошто говорам за борбите како за нешто случајно? Затоа што ние имаме секојдневна борба, не видлива, туку невидлива, борба со која му се нанесуваат рани не на телото, туку на душата и со тоа сакаат непријателите да ја погубат. Затоа, откако ќе ги препашеме бедрата на нашите помисли, да војуваме усрдно и будно, како војници Христови, облечени во оружјето на правдата. Зашто никој со спиење не ги заслужува трофеите и лежејќи на грб не ја собира жетвата; за тоа е потребен голем труд и многу пот. Ако е ова така во земните работи, зар не е неизбежно така и во нашата духовна борба, во која стрелите на лукавиот, како молња, летаат од сите страни: од една страна пошата телесна похот, од друга желбата за слава, од трега зависта, а четврта џулата? ѓаволот има многу искушенија за нас, со кои се обидува да ја поколеба нашата душа и пак да ја проголта, така што секој со избезуменост треба да извикува: „Да не ми беше помогнал Господ, душата моја брзо ќе се преселеше во адот“ (Псал. 93, 17). „Но во сето ова победуваме преку Оној, Кој не возљуби“ (Рим. 8, 37), а говорејќи заедно со Давида, можеме да велиме: „Во Бога ќе имаме сила; Он ќе ги скрши непријателите наши“ (Псал. 107, 13). „Христос е нашиот мир, Кој од двата народа направи еден и ја разруши преградата, што беше меѓу нив“ (Ефес. 2, 14), откако го победи и уништи ѓаволот, давајќи ни и на нас сила да можеме да го победуваме со ветување за тоа дека ќе ни го даде вечниот живот, кој, дај Боже, да го добиеме, сите ние во Исуса Христа, нашиот Господ.
319.
1. Во Витанија се појавиле два леопарда, кои ги ограбуваат луѓето. Ова ми дава повод да ви напомнам за невидливите зверови, кои насекаде не напаѓаат и сакаат да не проголтаат. - 2. Што треба да правиме? Да се заклонуваме под Божјиот покрив и да се скриваме таму, држејќи ги внатре нашите сетива. - 3. Еве, грабнат е Мемнон, кого го оплакувам, како да е мртов. Зошто му се случи ова? Затоа што живееше сам, одделувајќи се и оддалечувајќи се од сите, а против ова нема да престанам да извикувам. -4. Ги прекорува браќата затоа што го откриле она што го говорел неодамна пред нив (веројатно во врска со ереста и гонењата). (4, 117)
1. Секогаш имам желба да ве утешам и да ве поучам со моите зборови, а за ова го користам секој случај. Слушнав дека во Витанија се случило нешто необично. Ова ми служи сега како повод и предмет на моите зборови. А што се случило? Велат дека таму се појавиле, не еден, а два три леопарди, и напаѓаат и грабнуваат, не волови, ни овци, ниту други животни, туку само луѓе, така што тамошните луѓе се многу преплашени, се затвораат во своите домови и не излегуваат оттаму се додека добро не се раздени. Оваа голема несреќа е секако доказ дека со нешто тие Го разгневиле Бога. Но, ќе ви кажам зошто особено ме заинтересира овој случај. Затоа што и ние имаме околу нас многу зверови, страшни зверови мислам на демоните, духовите на злобата: страшниот звер на гневот, ужасниот звер на похотга, лошиот звер на зависта, лошиот звер на суетата. Лоши зверови се и сите други страсти, кои не напаѓаат не само ноќе, туку и дење, се обидуваат да ја грабнат нашата душа, за да им биде храна. Затоа, светиот апостол Петар ни заповеда: „Бидете трезвени, бидете бодри, зашто нашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта“ (1. Петр. 5, 8). А светиот псалмопејач Давид се моли: „Да не би некогаш непријателот да посака да ми ја истргне душата; ќе трга, а ќе нема кој да спасува“ (Псал. 7, 2).
2. А ние што треба да правиме? Што друго, ако не „кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небесниот Бог“ (Псал. 90, 1) и да бидеме внатре и да не се развлекуваме, да не талкаме со нашите сетила. Зашто кога окото гледа таму ваму, кога увото ги прима штетните работи, кога устата изговара срамни зборови и кога умот мисли непотребни помисли, тогаш душата талка како по пусти места, и лесно станува плен на зверовите.
3. Вака сега пострада и бедниот Мемнон: тој бил уловен од зверот - ѓаволот. Јас сега не ја гледам неговата крвава облека, како некогаш што ја виде патријархот Јаков крвавата облека на сина си Јосифа, туку ја гледам самата негова душа, која е умртвена со мечот на гревот. Зашто гревот е мајка на смртта; гревот на праотецот наш Адам. кој бил бесмртен според благодатта, го направил смртен; гревот ги предизвикал општиот потоп и општата гибел на целиот свет; гревот ги изгорел Содом и Гомор, како и градовите околу нив; гревот и сега секого, кој го прима во себеси, го предава на вечна смрт. Затоа, браќа и оци, да бегаме од гревот како од оган, зашто е подобро да паднеме во оган, под удар на меч, во заби на зверови, отколку во рацете на погубните страсти. Од што паднал нашиот беден паднат наш брат? Од ништо друго, туку само од тоа што се одвои од сите нас. Зашто вистински се зборовите на вистината: „Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го крене другарот свој. Но, тешко на еден, ако падне, ќе нема друг, кој да го крене“ (Проп. 4, 10). И јас смирениот, плашејќи се токму од тоа, често му говорев и нему, како и на другите, а и сега го говорам ова: никој да не останува сам, никој да не сака да се шета сам, ниту да не талка таму ваму без работа, никој да не биде насамо со жени, од што како од оган се распалува грешната љубов. Синот на послушоста со внимание го слуша ова, и се спасува во Господа, а непослушниот е уловуван од ѓаволот и се предава на смртта. Иако јас не се сметам виновен за смртта на овој наш несреќен брат, затоа што не молчев, туку му го претскажав мечот што му се заканува, сепак жалам и плачам како да загинал еден од моите членови.
4. Но, возљубени мои имам нешто прекрасно да ви кажам и на вас. Што е тоа? Во Делата на светите апостоли е напишано: „А откако поминаа три часа“, односно откако умрел и бил погребен Ананија, „влезе и жената негова“, Сапфира, „не знаејќи ништо што станало“ (Дела 5, 7). Не дознала, иако тоа се случило јавно, а притоа имало и многу народ, затоа што кај сите имало смисла за добар ред и страв Божји, па сите биле многу претпазливи. А пред неколку дена јас кажав нешто доверливо овде, и веднаш моите зборови се разнеле по Цариград, а оттаму во Бруса. Затоа ми е тесно отсекаде: и кога говорам и кога молчам, така што не знам како треба да постапувам, не користејќи се со советите на другите. Зошто не сме воздржливи и во зборувањето? Зошто пред време сами навлегуваме во опасност? Ова не е белег на искрени ученици, туку повеќе на непријатели. Ве молам, престанете да се изложувате на ваков срам; отсега да го зауздувате вашиот јазик, имајте страв Божји и ред во се, за да поживеете според Божјата волја и да Му угодуваме во се, па да станеме наследници на вечните блага.
320.
1. Мирјаните се занимаваат со своите работи, а ние со нашите, кои се се пад од друго во овој свет. - 2. Да му бидеме верни во се на нашиот чин, борејќи се против се што му е спротивно. 3. Затоа, секој нека ја работи својата работа и во свое време. (4, 118)
1. Едни се насладуваат и се фалат со едни раскази, а други со други и поинакви: војниците со војнички работи, земјоделците со земјоделието, трети со своите занаета и уметнички гранки, со она што се однесува на нив. Со еден збор, нема човек што не би се насладувал со работите на својата професија. На нас ни се радосни расказите не за таквите работи, зашто нашата работа не се однесува на телото, туку на спасението на нашата душа: да Му угодуваме на Бога, да размислуваме за нашето преселување оттука и за населувањето таму, како што говори апостолот: „Она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете“ (Филип. 4, 8). Еве, ова се предметите на нашите разговори, како и за нашите грижи и загрижености. А може ли да има нешто поблажено и порадосно од ова? Ова може најдобро да се види по тоа каков е крајот на едните и на другите работи: почетокот и крајот на нивните работи не ги преминуваат границите на овој свет, а на нашите и почетокот им е во другиот, повозвишениот свет, бидејќи крајот им е зад границите на овој свет во бескрајниот и вечниот. Зашто добродетелта е нивната суштина, која ги прави богови добродетелните, зашто е вистина она што е речено: „Јас реков: вие сте богови, вие сте сите синови на Севишниот“ (Псал. 81, 6). 0, со колкава милост сме се удостоиле! „Дојдете да се возрадуваме во Господа и да воскликнеме кон Бога. Спасителот наш; да побрзаме пред лицето Негово со славословие, и со псалми да Му воскликнсме“ (Псал, 94, 1-2): „затоа што од почетокот, преку осветувањето на Светиот Дух и преку верата во вистината, ве избра за спасение“, преку примањето на нашата схима, „за да ја придобиете славата на нашиот Господ Исуса Христа“ (2. Сол. 13-14).
2. Да стоиме непоколебливо во верата, да го прифатиме вистинското послушание, да го запазиме целомудрието ненарушено. Ние имаме само едно што е достојно за нашата љубов Исус Христос, Којшто е поубав од сите синови човечки, едно наследство царството небесно, богатствата на горниот Ерусалим. Телото и крвта, богатството и славата и сета суета на овој свет, далеку стои од нас. Но, додека сме во ова тело, нам ни претстои борба, зашто, ако нема борба, не би имало ни добродетели. Ако ни се случи да бидеме заробени од туѓи помисли, побрзо да се повикаме кон трезвеност, плашејќи се повеќе од се да не згрешиме со дело, како од смртоносен отров и како чекор кој не отфрла далеку од Бога. Помислите со помисли да ги одбиваме, а против желбите со желби да се бориме. Ова да го правиме без мрзливост и попуштање. Целта на демонот што не напаѓа е: со постојаноста на борбата да не фрли во очајание и раслабеност, за да престанеме да му се противставуваме. Но, ако бидеме непоколебливи во нашата борба против ѓаволот, ако му се противставуваме, без оглед на тоа какви и да се тешкотиите, нема сомнение дека ќе победиме и ќе го добиеме победниот венец, кој е подготвен за нас на небесата. Зашто братот Господов говори: „Блажен е оној човек, кој поднесува искушение, бидејќи откако ќе биде испитан, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние, кои Го сакаат“ (Јак. 1, 12).
3. Па затоа, радувајте се во Господа. Вие, што извршувате разни послушанија, знаете дека во нив е големата награда за вас. Вие што се занимавате со учење, гледајте со него да не Го прогневите Бога, Кога ќе дојде часот за работата, да ја започнеме нашата работа; кога ќе настане часот за учење, да се зафатиме со нашата наука. Но, ако братот твој пристапи кон работа, а ти се зафатиш со твоето учење, гледајте дали со тоа не Го прогневувате Бога, зашто ти тогаш не одиш по патот на љубовта, зашто се отуѓуваш и оддалечуваш од братството. Или не слушаш што говори апостолот? „Штом храната го соблазнува мојот брат, тогаш нема никогаш да јадам месо, за да не го соблазнувам мојот брат“ (1. Кор. 8, 13). А ти не само што го соблазнуваш братот твој, туку и кога те викаат, не се јавуваш, наоѓајќи за себе некакво оправдание, а и не помислуваш дека со таквото твое однесување „си собираш гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога“ (Рим. 2, 5), но за да не се случи тоа, да го чуеме апостолот, кој говори: „се да се врши чесно и уредно“ ( 1. Кор. 14, 40). Прво е работата, прво се делата, а потоа е учењето. Да си помагаме еден на друг, како што им прилега на светите и, како искрени браќа, да си ја полагаме душата еден за друг, така што и Бог да се прослави во нас и ние, работејќи за Неговата слава, да станеме наследници на вечниот живот.
321.
1. Се приближува последниот час: да не бидеме мрзливи. - 2. Да Го најдеме Бога преку извршувањето на Неговите заповеди, зашто во денот на судот нема да имаме друга заштита, освен добрите дела и добродетелите. - 3. Да си спомнуваме за смртниот час, и со тоа да ги умртвуваме нашите земни членови: телото и сѐ што е телесно и пропадливо; само добродетелта е вечна. - 4. Се укажува на белезите на вистината и на божемските и привидни убавини. (4, 119)
1. Кога несомнено ни претстои смртта, оваа општа епитимија за сите, кога, од една страна, имаме надеж, дека ќе го добиеме царството небесно, а од друга нѐ заплашува огнениот пекол, дали е умесна за мене мрзливоста да ви говорам, а за вас - да ме слушате? - Никако. Напротив, и едното и другото сме должни секогаш да го правиме, и тоа повеќе - кога гледаме дека ни се приближува смртниот час. Зашто последниот ден непрестајно му се приближува на секој човек, му се приближуваат последниот час и последната минута и „некакво страшно очекување на суд и јаросен оган, што ќе ги проголта противниците“ (Евр. 10, 27), како што говори апостолот. Да не бидеме мрзливи и да не си дозволиме да испратиме некој од нашите денови без добри дела и неразумно преживеан. Секогаш да бидеме будни и трезвени.
2. Псалмопејачот говори: „Побарајте Го Бога за да ви оживи душата ваша“ (Псал. 68, 32). А како да Го најдеме Бога? Преку извршувањето на Неговите заповеди, според укажувањето на евенгелските блаженства: со смиреност, плач, кротост, чистота на срцето, со мир и светост (Евр. 12, 14), до кои кога ќе стигне оној, кој Го бара Бога - тој Го наоѓа. Тој нема страв кога неговата душа излегува од телото, не се плаши од демоните, не се збунува од присуството на ангелите, се однесува спрема нив како кон свои и блиски и со радост оди при својот Господ, имајќи ја својата чиста совест за добра сопатиничка. Оној што не е вака подготвен, тој паѓа во страшни крајности: нема кон кого да ги сврти своите очи и нема од кого да побара помош. Овде, на пример, кога некој ќе падне во рацете на лоши луѓе, или меѓу морски бранови, или во неволја од земјотрес или во некое друго зло, тој не ја загубува својата надеж дека некако ќе се избават од злото, а таму не ќе има кој да ни помогне: ни ангел, ни човек; ни татко, ни мајка; ни брат, ни пријател, никого, и душата страдална во ужас - си оди оттука со неутешно срце, а таму ја среќава една потресна стварност, која не можеме ни да ја замислиме. Како што се подготвени добрините за оние кои Го љубат Бога, така се подготвени спротивните работи за синовите на противењето, такви какви што ни око видело, ни уво слушнало и што во срцето на човекот не му влегнало.
3. Затоа, ве молам, постојано да си спомнуваме за смртта и со неа „да ги умртвуваме своите земни членови“ (Кол. 3, 5) и да ја искоренуваме љубовта кон суетата. Што имаме од љубовта спрема нашето тело; од него немаме никаква корист, туку една страшна болка и мака? Да се приближиме кон гробовите и да видиме каква нечистотија и смрдеа се скрива во нив. Такво е секое тело - со распаѓање почнува, со распаѓање и завршува. И секоја слава е како цвет полски. Само добродетелта е нераспадлива и неа никој не може да ни ја одземе. Откако ја засакале неа, светиите Му угодиле на Бога. Затоа нивните духови се на небото во слава, а телата, кои се наше живеалиште на земјата, таму ќе бидат во сила, убавина и чуда.
4. Кога со зборовите мои се допрев до чудата, реков дека и сега, како што слушаме, има чуда. А ова и не е чудно, бидејќи силата Божја и сега дејствува така, како што дејствувала тогаш, но не треба да веруваме во сѐ што се раскажува, зашто е напишано: „Не верувајте му на секој дух, туку испитувајте ги духовите, дали се од Бога, бидејќи многу лажни пророци се јавија на светот“ (1. Јов. 4, 1). И на многу еретици и нарушители на Божјите заповеди, како некогаш, а така гледаме и денес, а само Божјата промисла знае зошто, се дозволувало и се дозволува да се прават слични на вистинските чуда. Затоа не треба да се занесуваме по таквите чуда, туку треба да испитуваме и да проверуваме дали се нивните извршители ученици на Господа, според белезите што се дадени од Бога. Кои се тие белези и знаци? - „По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13, 35). А поучен од овие зборови апостолот потоа запрашал: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бронза, што ѕвони, или прапорец што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да имам потполно знаење за сите работи, а и таква силна вера, што и планини да преместувам, - ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да дозволам телото да ми изгори, - штом љубов немам, ништо не ми помага“ (1. Кор. 13, 1-3). Гледате ли каква е височината на љубовта? Таа е како некоја царица, стои над сите дарови на Светиот Дух и никогаш не може да отпадне а оние што прават чуда понекогаш отпаѓаат, зашто Господ говори во Евангелието: „Мнозина ќе ми речат во оној ден: Господи, Господи, не во Твое ли име пророкуваме? И зар во Твое име бесови не изгонуваме? И не - во Твое ли име многу чуда правевме? И тогаш Јас ќе им кажам: никогаш не сум ве познавал, бегајте од Мене вие што правите незаконски дела“ (Матеј 7, 22-23). Како е страшен овој одговор! И колку е ужасна ваквата пресуда! - Да се устремиме да ја придобиеме љубовта и нејзините сојузнички верата и надежта, повеќе од дарот за правење чуда, та добро да поживееме според нивниот дух, та да бидеме признати како вистински ученици на Господа и да го наследиме царството небесно.
322
Времето брза, смртта се приближува: зошто се бунтуваме? -Следува изобличување на среброљубието кај монасите. (4, 120)
Деновите минуваат како часови, седмиците - како денови, а годините - како месеци. Така брза времето и ги гони сите кон последниот ден на јавувањето на Господа наш Исуса Христа, кога ќе биде „сѐ голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме“ (Евр. 4, 13), како што говори Светото Писмо. Зошто човекот попусто се измачува? Зошто царот се надева на златото и на својата војска? Зошто великопоседникот се фали со својот имот и со своите пасишта? Зошто богатиот се надева, на своето богатството? Зошто сластољубиецот потонува во тињата на гревовните сласти? - Секој ден треба да плачеме и да жалиме и, колку што имаме сили, да се чистиме, пред да ни дојде смртната пресуда, за да го избегнеме гневот против синовите на противењето. Светото Писмо вели: „Овие хулат на она, што не го знаат, а она што го знаат по природа како неразумно животно, во него се распаѓаат. Тешко ним оти тргнаа по Каиновиот пат, се фрлија во корисната заблуда на Валаама, и загинаа во буната Кореева“ (Јуда 1, 10-11).
Се плашам да не би овие зборови, со кои ги напаѓаме, да не се допрат и до вас, кои сметате дека сте нешто. Зашто оној кој се грижи за наследството на татковиот имот, презема натамошни одлуки, а друг, за да го зголеми она што го насобрал, употребува големи усилби, а трет - за да спечали тоа и тоа - дејствува алчно и среброљубиво и не дејствува монашки, не заслужува ли прекор, како и тие? Тие можат уште да наведат некакво оправдание за своето вакво однесување, дека тие треба да се грижат за своето семејство - за жената и за своите деца. А вие што сте се распнале за светот и во крстот го гледате сето свое сокровиште, какво оправдување можете да имате за вашето вакво однесување? Зар не сте достојни и за најтешки маки затоа што дејствувате вака? Зашто е напишано: „Зашто малиот заслужува милост, а силните ќе бидат силно измачувани“ (Мудр. Сол. 6, 6) и: „Он ќе се јави страшно и набргу, а строг е судот над управниците“ (Мудр. Сол. 6, 5); и: - „Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него, а кому е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него“ (Лука 12, 48). „Синови човечки, до кога ќе бидете со тврдо срце; до кога ќе сакате суета и ќе барате лага?“ (Псал. 4, 2); изнаоѓајќи оправдувања за своите страсти. „Погледајте ги поранешните поколенија и видете: дали се посрамил некој што верувал во Господа? Дали некој живеел во Неговиот страв, а бил изоставен? И дали некогаш бил презрен оној, што барал помош од Него?“ (Мудр. Сир. 2, 10). Зар патријархот Авраам не бил, според Божја заповед, преселник од својата земја? И, сепак, тој станал татко на многу народи? А патријахот Јаков не отишол ли во Месопотамија само со својот бастун? И, сепак, оттаму се вратил богат. Јосифа не ли го одведоа за да го продадат во Египет? А, сепак, тој станал таму втор човек по фараонот. Пророкот Илија, гонет од безбожната царица Језавела, избегал без пари, но, сепак, него го хранел гавран. И светите апостоли не излегле ли на проповед без ништо и без оружје? Но, сепак, не ја покориле ли целата вселена?
И ние самите не претрпевме ли во изминатите години гонења и разграбување? Но, и по однос на нас треба да ги признаеме Божјите ветувања вистински. Па, откаде е ова зло? И каква е оваа суета? Јасно е, ние сме ги заборавиле добрините Божји, слично на древните Израилци и Го искушуваме Бога, како што Го искушувале некои од нив? - Но, што се говори за нив? - „Четириесет години негодував против тој народ и реков: овие луѓе се заблудуваат во срцето свое и не ги познаа патиштата Мои, па затоа се заколнав во гневот Свој, дека тие нема да влезат во Мојот мир“ (Псал. 94, 10-11). Гледајте да не ни се рече тоа истото и нам затоа што се докажуваме неблагодарни спрема нашиот Добротвор, и што не сме задоволни со тоа што го имаме. И затоа нозете наши немаат спокој, талкаме таму ваму; затоа и кај нас има спорови и караници, како и кај мирјаните; затоа и ние сакаме да живееме сами и осамено, а не заедно со нашиот брат, ако сме и заедно со братот, ние сме неискрени и лицемерни, зашто како може оној, што го има среброљубието за свој сопатник, - да живее во искрена едиодушност со братот свој? Се разбира, дека не може. Но, тешко им на таквите неразумни и неискрени браќа!
Но, браќа мои, ова не го говорам за вас, и не за вас што сте тука, а не и за оние што живеат таму богоугодно, туку за оние што живеат лошо, што не живеат според заповедта што им е дадена, кои ги молам, најпосле, да одат право и да станат подобри, така што никој од нас да не загине, туку сите заедно и неразделно да се спасиме.
323.
1. Се упокои еден старец со возвишен живот. Откако ги пофалил неговото подвижништво и неговото претрпување на маките од иконоборците, - 2, им дава поука на браќата - преку спомнувањето за смртта да отфрлаат од себе сѐ што е светско и ја возбудува ревноста за придобивање на сите добродетели. - 3. Ги поттикнува кон ова со добрите плодови на таквото дејствување, а со лошите - она што е спротивно. - 4. Напомнува дека братот, кој се вратил од Ерусалим, пак бил испратен таму, за да се моли за нас. (4, 121)
1. Иако има многу раскази, од кои се разгалува душата, доаѓа во умиление и сокрушение, но ни еден од нив не е толку поучен, како оние што ни говорат за смртта, бидејќи смртта е за нас страшна тајна, и кога слушаме и кога размислуваме за неа. Бидејќи сега почина еден чесен старец, треба да се каже нешто кратко за општа поука. - Особено, сакам да кажам дека тој од својата рана младост до длабоката старост Му служел на Господа со своето монашко живеење. Самото ова на упокоениот старец му служи како дополнителна пофалба. Освен тоа, тој беше еден од храбрите исповедници за нашата вера. Него го фатил нечестивиот Лав и многу го измачувале: му удриле триест стапови по грбот и по градите и илјадници шлаканици му удриле по лицето негово; му избиле два заба. Потоа, неколку години го држеле в затвор и најпосле, по неколку години го ослободиле. По ослободувањето, тој го обновил својот начин на подвижнички живот и го продолжил својот подвиг како столпник. Се заклучил во својата ќелија и останал во неа во скудност и притеснетост сѐ до крајот на својот живот и во мир Му го предал својот дух на Господа. Попусто безаконувал бездушниот гонител, храбриот борец се издигна на небесата - украсен со венецот на исповедништвото.
2. А ние, браќа, што да правиме и што да мислиме? Уште колку време ќе живееме? - Многу или малку? И кој знае што ќе ни донесе идниот ден? Но сега, најнапред, да ја примиме поуката, што ни ја дава смртта на старецот. Зашто она што го видовме кај него, по извесно време ќе биде и со нас. Зашто нема ниеден човек, кој нема да појде по патот што се отвора со смртта пред него. Затоа, никогаш да не забораваме за смртта, за да не бидеме грабнати од вечната смрт. Да не почнеме да го сакаме овој свет, за да не станеме Божји непријатели. Зашто е напишано: „Кој сака да му е пријател на светот, Му станува непријател на Бога“ (Јак. 4, 4). Или не знаете дека љубовта кон светот не ѝ дава на душата со желба да се однесува кон својот исход од телото? Зашто како Израилот што се стремел да се ослободи од египетското ропство и да влезе во ветената земја, така силно треба да сакаме и ние да се ослободиме од робувањето на пропадливото во нашето тело и да влеземе „дури зад завесата, каде што Исус влезе за нас најнапред“ (Евр. 6, 19-20), односно во сокровиштето на благата во горниот Ерусалим. Да ја намразиме суетата на светот, со желба да ги придобиваме добродетелите, да се збогатиме со божествената трговија: со молитвите, солзите, очистувањето, просветувањето, бестрастието, кои се неопходни на нашето патување во вечниот живот. А за јадење и пиење, за облека и за сѐ друго што му е потребно на телото, да се грижиме толку, колку што е потребно за да живееме и да ги извршуваме Божјите заповеди.
3. Ако вака го минуваме нашето време, тогаш секој ден ќе ни биде празник, секој ден ќе имаме свеченост. И нека дојде на нас и безбројно мнозинство непријатности и страдања, ништо не ќе може да ја помрачи нашата чиста совест. А, напротив, ако живееме во злоба и завист, во жестокост и секое лукавство, тогаш секој ден ќе умираме и пред Божјиот суд - ќе бидеме судени и осудувани. Тогаш ќе дојде смртта, како лав што рика, и како ќе ја истрпи душата својата вечна несреќа? Зашто е напишано: „Време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од вас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото евангелие? И кога праведникот одвај се спасува, тогаш безбожникот и грешникот каде ќе се јават?“ ( 1. Петр. 4, 17-18). Да бидеме секогаш претпазливи и будни, секогаш храбри и неизменливи, „бидете тврди, непоколебливи, и секогаш напредувајте во делото Господово, знаејќи дека трудот ваш пред Господа нема да биде залуден“ ( 1. Кор. 15, 58).
4. А за братот Сократ знаете, дека дојде од Исток, каде што го извршуваше своето послушание и се извинуваше затоа што доцни. Ние сакавме да го оставиме овде, како искусен брат, но, бидејќи е напишано: „Блажен е оној што има семејство во Сион и роднини во Ерусалим“, размисливме и сметавме дека е подобро да се врати таму, чекајќи преку него да добиеме милост. И треба да се радуваме што еден од нашите браќа е во светиот Сион, кој е мајка на сите цркви, кој е ракоположен за свештеник од тамошниот свет патријарх. Благиот Бог да го запази и него и нас и „да исполни со сила секоја желба на благост и секое дело на верата, та да се прослави името на нашиот Господ Исуса Христа“ (2. Сол. 1„ 11-12).
324.
1. Кога ќе нѐ нападнат невидливите непријатели, да прибегнуваме кон Оној Кој може да нѐ спаси, и Он ќе нѐ заштити. Само да бидеме постојани во служењето на Него. - 2. Не чуди се што те напаѓаат лошите помисли и страсти. Тоа е последица од паѓањето на Адама во гревот. Иако сме обновувани во Христа Исуса, од невнимание пак ја подигнува својата глава. - 3. Впрочем, Божјите светии со помошта на Божјата благодат ги победувале сите гревовни востанија. На нив треба да се угледаме и ние. (4, 122)
1. „Потсилувајте се во Господа и силата Негова; облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство“ (Евр. 6, 11-12), затоа што тој не спие, секогаш е буден во борбата против нас, и е уште поборбен кога ќе види души, што храбро се борат и подвизуваат против него. Па затоа, кога ќе нѐ нападне, а тој нѐ напаѓа и дење и ноќе, да стоиме против него будно и храбро, откако ќе прибегнеме кон Оној Кој може да нѐ спаси од гревовната смрт, да се молиме постојано и да проливаме солзи, и непријателот набргу ќе избега. Зашто во псалмите е речено: „И повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, и ти ќе Ме прославиш“ (Псал. 49, 15). Ако непријателот те ранил, Господ ќе те исцели. А, ако те вознемирил, ако подигнал бура во тебе, но Оној Кој рекол: „Молчи, престани!“ (Марко 4, 39) и веднаш потоа настанала голема тишина, Он ќе ги смири и во нас нашите разбранувани помисли. И колку е голема Божјата сила! Ние само што ќе повикаме кон Него, и Он благиот е веднаш покрај нас со Својата милост и дарежливост; Он му дава молитва на оној што се моли, го разбива облакот на жалоста и преку добрите помисли со светлина го исполнува срцето наше. И што сѐ не прави Он за нас?! Впрочем, ова и не може да биде поинаку. Зашто Он Самиот се предал за нас дури и на смрт, и тоа смрт крсна, и како по сето ова нема да ни подари сѐ? Затоа, да продолжиме да Му служиме со сета наша душа, брзо да стануваме по секое случајно паѓање и усрдно да трчаме по патеката на духовното натпреварување, знаејќи дека на крајот од подвигот нѐ чекаат венци. Најмногу да се користиме со исповедта, затоа што исповедта е узда против грешењето; да ја пазиме во себе смирената мудрост, зашто преку неа се кршат сите нажежени стрели на лукавиот; да ја пазиме верата, затоа што „без вера не е можно да Му се угоди на Бога“ (Евр. 1 1, 6).
2. Можеби некој се вчудоневидува како ние, иако се молиме толку усрдно, сме уловувани од такви лоши и срамни помисли. - Но, ова го претрпуваме поради Адамовиот грев. Ние сме паднале во грев и нашата природа се разболела лошо од сластољубие. Но потоа, со силата на Христовото пришествие, преку Неговото воплотување, во бањата на обновувањето, - во светото крштевање и обновувањето со силата на Светиот Дух, нашата падната природа одново добила сила пак да се издигнува во својата првобитна состојба. Но, бидејќи еднаш се разболела, таа свикнала да боледува, па затоа, при секое невнимание, лесно паѓа во гревовна сласт.
3. Впрочем, светите луѓе толку окрепнале со помошта на стравот Божји и љубовта спрема Бога, така што не само што тие самите биле силни и непоколебливи, туку и на другите им помагале: изгонувале бесови и правеле и други чуда. - Иако сме ние далеку од нив по начинот на живеење и по нашите сили, да се трудиме да се угледаме на нив. И нашиот благ Бог ќе го прими нашиот принос и, како што ги прима нивните големи дела, ќе ги прими и нашите, и заедно со нив ќе нѐ удостои со Своето царство.
325.
Слично на обичните земни патници, кои се поттикнуваат еден со друг да го продолжуваат своето патување, и ние кои сме туѓинци на земјава и се стремиме да пристигнеме во нашата небесна татковина, не треба да се приврзуваме кон ништо земно, да не се пренатоваруваме со непотребни работи, а да се стремиме право таму, каде што сме намислиле да стигнеме, воодушевувајќи се со тамошните неискажливи блага - и плашејќи се од ужасите што нѐ чекаат, ако не успееме да стигнеме таму, каде што сме тргнале. (4, 123)
Обично земните патници се поттикнуваат еден со друг да го продолжуваат патот, да не се оддалечуваат ни десно ни лево, туку да одат право по царскиот пат. И не само тоа, туку и умерено да јадат, да пијат и да спијат, така што со умерената храна полесно да ги совладуваат тешкотиите на патувањето. На што ве наведува овој пример, се разбира, вие и сами гледате, односно дека и ние духовните патниците во овој живот, имаме да преминеме безбројни тешкотии, а и тоа: дека сме и ние должни да се утешуваме и да се поттикнуваме еден со друг, да пазиме да не го загубиме нашиот пат, да се воздржуваме во јадење, пиење и спиење, така што, ако се оптоваруваме, да не станеме мрзливи во натамошното патување, и да не се вратиме одново кон животните пријатности. Исто така, како што обичните патници не се враќаат назад и не се отклонуваат од патот, туку одат само во еден правец, трудејќи се да стигнат до местото на својата починка, и ние треба во оваа смисла да се угледаме на нив.
О како е прекрасно местото на нашата починка! И како е блажено тамошното живеалиште! Тоа не е привремено, туку е вечно. И полно е не со гниежливи работи, туку со негниежливи и вечни. Таму е радоста, мирот и непрестајното празнување: Еве што говори Господ во Евангелието: „Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви подготвам место. И кога ќе отидам да ви подготвам место, пак ќе дојдам. А каде одам Јас знаете, и патот го знаете“ (Јован 14, 2-4). Гледаш ли какво е неискажливо и несфатливо ова ветување! Кој нема да стане и да потрча? Кој нема да посака да стигне до овие вечни живеалишта? Давид пее: „Колку се мили Твоите живеалишта, Господи на силите! Копнее душата моја сакајќи да е во Господовите дворови; срцето мое и телото мое со радост се стремат кон живиот Бог. И птичката си наоѓа живеалиште, и ластовичката - гнездо, каде што ќе ги положи пилињата свои, а јас при олтарите Твои, Господи на силите, Цару мој и Боже мој !“ (Псал. 83, 1-3).
Еве навистина такви живеалишта, кои можат само да бидат посакани! Овде сме како во прогонство, но нашето живеење тука нема да биде долго. А и целиот тукашен живот, спореден со идниот, е како еден единствен ден. Па, зошто да се дружиме со еден ваков свет? Зошто да се восхитуваме со него? Зошто да ги гледаме работите во овој свет, не само на една и друга работа во светот, туку зошто ги гледаме и небото, земјата и морето, сонцето и звездите и сѐ друго во овој видлив свет? - Зашто по малку време сето ова ќе го оставиме, па зошто кон сето тоа да се прилепуваме? - Псалмопејачот Давид говори: „Само за едно Го молам Господа, само тоа го сакам: да останам во домот Господов преку сите денови на животот мој, да ја гледам Господовата убавина и да го посетувам Неговиот свет храм“ (Псал. 26, 4), во кој, ако некој се удостои да влезе, тој ќе се ослободи од она тешкото за кое говори пророкот: „Тешко им на оние, кои го бараат денот Господен! Зошто ви е тој ден Господен? Тој е темнина, а не е светлина“ (Амос 5, 18). Но, и блажениот апостол го нарекол тој ден - ден на гневот, велејќи: „Си собирате гнев за денот на гневот, кога ќе се открие праведниот суд од Бога“ (Рим. 2, 5-6).
За да можеме некако да ја замислиме маката на оној ден, да се послужиме со еден пример на она што станува со нас. Ако сакате да си спомнеме за оној човек, кој пред извесно време дојде кај нас, кој бил опседнат од лош дух, кој го давел и го обгорувал по целото тело; тој викаше и дење и ноќе и во ништо не наоѓаше спокој и олеснение. Што мислите: лесна ли е маката на тој човек? - Се разбира дека не е. А, како тогаш ќе можеме ние да ги истрпиме огнот што не угаснува, црвот што не спие и безбројните мноштва други вечни маки? Но, по Твојата милост, Господи, по молитвите на Твоите светии и нашиот блажен отец, да се избавиме од сите тие маки и да ги добиеме ветените блага за оние што веруваат во Тебе.
326.
Каде можеме да се скриеме за да не бидеме уловени од нашите непријатели? - Во оддалечувањето од сѐ што е грешно, од лошите помисли и порочните желби. - И да правиме така, одушевувајќи се со блаженството, кое доаѓа од мирот во срцето, како и од одвратноста од страстните бранувања. (4, 124)
Плашејќи се да не паднеме во рацете на неверниците, ние избегавме од поранешното место и сега живееме овде. Но, поголем страв треба да чувствуваме да не паднеме во рацете на нашите невидливи непријатели? И колку подалеку и на кое безопасно место треба да бегаме од нив? Во што се состои тоа бегање? - Во оддалечувањето од гревот, со кој ѓаволот се обидува, како со меч, да ја убие нашата душа. - Затоа, највнимателно да бегаме од него, да бегаме дури и од гревовите со помисла, зашто гревот од помисли преминува на зборови, а од зборови - на дела. Тешко е да не се биде уловен од лошите помисли; едноставно и не забележуваме како станува тоа. Но, штом ќе забележиме дека сме привлечени од нив, да побрзаме што побрзо да се избавиме од нив, со помош на молитви, солзи, чувствителни болки и со стравот Божји, зашто тие се победувани со овие духовни средства: ако им дадеме можност да се задржат во нас, тие можат да ѝ причинат смрт на нашата душа, и тоа можат да го направат секој миг. Зашто во нас напрестајно се води војна, - безгласна, а поразот можеме да го избегнеме само преку неотстапно и непрестајно противставување на гревот со умот, со помошта одозгора.
Зар не гледаме во текот на овие три дена какви бранови беснеат во морето? Такво е и бранувањето на страстите; само ова бранување е пострашно, затоа што и бродоломот на душата е пострашен. Но, Бог е причинителот на морското бранување, Кој ги испраќа ветровите тогаш кога е потребно и корисно, а ние сме виновниците за нашите душевни бранувања. За нас е многу подобро да бидеме како мирно пристаниште, да не ги отвораме вратите на нашата душа за страстите; зашто штом ќе навлезат во нашата душа, тие како силни ветрови, со помош на духовите на злобата, во нас настанува големо бранување, и не можеме да се спасиме од него, ако не побрзаме да го смириме ова вриење. Каква потреба имаме да навлегуваме во ваков вриеж, да се изложуваме на вакво бранување и да бидеме во постојан страв да не претрпиме бродолом? Зар не е подобро да им се насладуваме на мирот и на спокојната тишина и доброволно да не се изложуваме на опасност? Зар не ги прекоруваме како неразумни оние, кои за време на страшни бури ги напуштаат тивките пристаништа и се изложуваат на опасност да бидат потопени од налетите на бесните бранови? Но, ние самите треба да се сметаме за неспоредливо понеразумни кога свесно се изложуваме на нашите страстни бранувања. Зар лошата похот не подигнува во нас страшно бранување, кога ќе почне да беснее во нашето срце? Зар ова бранување не нѐ фрла од една на друга страна и не ни се заканува да нѐ потопи? Не изнесува ли умот од себеси завист и не ги ранува ли и срцето и телото? Дали и неверието не ја помрачува душата, правејќи ја немоќна и раслабена? И секоја друга страст не го изведува ли човекот од неговата природна состојба и не го прави ли сосема неразумен?
Да бегаме од погубните страсти, за да не биде речено она што го рекол Бог за луѓето пред потопот: „И рече Господ Бог: ,Духот Мој нема вечно да пребива во луѓето, зашто тие се тело: ете деновите нивни нека им бидат сто и дваесет години““ (1. Мој. 6, 3). Бог ги нарекол телесни не затоа што имале тело, зашто во оваа смисла и Бог „станал тело“ (Јован 1, 14), туку затоа што нивното мислење и мудрување биле телесни, кои биле потонати во срамни похоти и немале ни сила, ниту расположба да се издигнуваат кон Бога. А ние кои сме Му се посветиле на Бога, според она што е напишано „нашето живеалиште е на небесата“ (Филип. 3, 20) и, освен тоа, ќе слушнеме: „Тие не се од светот, како и Јас што не сум од светот“ (Јован 17, 14).
Може ли да има нешто поблажено, не само во однос кон идниот живот, туку и кон сегашниот, од тоа човекот да им биде туѓ на похотите и да не биде управуван од телото, туку да биде воден од Духот. Тоа е блаженство! Тоа е сладост! Тоа е среќен живот! Тоа е ангелско живеење! оној што е ваков, тој по надворешност и видливо живее како и сите други што живеат во светот, но по духот свој - тој е подостоен и од оние што носат царска круна: тој е господар на светот, украсен е со небесни одликувања и секогаш е готов да излезе од овој свет и од смртта не се плаши.
Да се трудиме, колку што имаме сили, и ние да станеме такви: ова е можно, ако потполно го засакаме ова. Ако успееме да станеме вакви, и овде во целиот наш живот ќе се насладуваме на една прекрасна душевна расположба, без оглед на тоа какви и надворешни тешкотии да нѐ среќаваат, а во идниот живот ќе го наследиме царството небесно со сите светии.
327.
Убедува послушноста да биде без приговор: - 1. Со примери докажува колку е послушанието благотворно, а колку е погубно непослушанието, - 2, го споредува братството со тело, во кое секој член ја работи својата работа, а телото живее од тоа, па изведува заклучок и вели: така правете и вие, и ќе ви биде добро. (4, 125)
1. Плашејќи се да не бидам осуден за скривање на својот талант в земја, како оној на кого Господ му рекол: „Лукави и мрзливи слуго, требаше моето сребро да го дадеш на трговците, па јас, кога дојдам, ќе си го приберам своето со интерес“ (Матеј 25, 26-27), и по неопходност ви говорам кратки поученија, а вие треба, како добри трговци, она што ви го говорам да го приведувате во дело, што вие и го правите, со помошта на Божјата благодат, преку вашето добро послушание. - Впрочем, меѓу вас има и такви, кои не само што не го преумножуваат она што им е дадено, туку речеси и своето што го имаат го губат. - А кои се тие? - Тоа се тие што се откажуваат од своето послушание, и за свое извинување велат: „прости“. - Што говориш, брате? Ти си ветил да бидеш послушен дури до твојата смрт, а сега откажуваш да го работиш она за што си способен според Божјата благодат. Зошто говориш: „Се исплашив да го препливам морето?“ - Ова е поради твојата мала вера. Псалмопејачот говори: „Таму ќе се уплашат тие од страв, каде што нема страв, зашто Господ е во родот на праведните“ (Псал. 13, 5). Зашто кога би му бил верен на своето послушание, ти би можел да го препливаш морето во кораб, туку можеш, откако ќе ја соблечеш облеката, и гол да ја препливаш водата, угледајќи се на оној незаборавен послушник, кој по заповед на својот духовен отец ја препливал надојдената река, и кога ја препливал и не пострадал, сите што го гледале тоа се вчудоневидувале. Послушанието и ѕверовите ги скротува. Како доказ за ова служи случајот со послушникот, кој врзал, според заповедта на својот старец, хиена. Послушанието прави чуда и во мртвите, што се потврдува со Акакиј, кој се одгласил од гробот. Но, зошто да говориме едно и друго? Самиот Единороден Син Божји, Кој Самиот се смири, „откако стана послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст“ (Филип. 2, 8), го извршил домостројот на спасението на светот. Такви се чудни делата и плодовите на послушанието.
А сакаш ли сега да ги дознаеш погубните последици на непослушанието? - Спомни си за Адама, кој, откако не Го послушал Бога, и вкусил од забранетиот плод, ја вовел смртта во светот; спомни си за Саула, кој не го послушал светиот Самуил, не само царството, туку и својот живот го загубил на Гелвујските планини; спомни си и за оној човек Божји, кој, измамен од некој лажен пророк, не ја послушал заповедта на својот старец, и затоа бил изеден од лав. А Петар, блажениот апостол, кој со најдобра намера откажал да му бидат измиени нозете, од Господа: „Ако не те измијам, нема да имаш дел со Мене“ (Јован 13, 8). Така и говедарот, кој не го послушал свети Ефтимија, поради оправдани причини, како што му се чинело, не бил ли веднаш нападнат од демон и почнал да исфрла пена? Таков е судот над оние, кои не ја послушуваат заповедта што им е дадена, над оние што се противставуваат: „Будалиот бара само зло, затоа жесток ангел ќе биде испратен против него“ (Изрек. 17, 11).
2. Општо речено. „ние сме едно тело во Христа, а еден на друг сме му органи“ (Рим. 12, 5): еден има место на очи, друг - на уши, трет - на нос, четврти - на јазик, петти - на раце, шести - на нозе. И, ако членовите не си ја извршуваат секој својата работа и почнат да се караат, барајќи очите - да слушаат, увото - да мириса, носот - да говори, јазикот - да допира, раката да оди, нема ли тогаш целото тело да се растрои, и да погине? А, ако е така, тогаш секој своето послушание да го извршува: нека се служи со оној дар што го примил од Бога и со тоа да служи и да придонесува за општа корист, имајќи секогаш на ум, дека нашиот крај е во Божји раце. Затоа, ако некој плови по море, не значи дека и неговата смрт ќе биде таму, и дека оној што останува на копно, - дека и смртта ќе му биде таму, но ќе биде така, како што нашиот преблаг Бог одредил уште од создавањето на светот: така како што Он му одредил време, место и начин на смртта на секого, таков и ќе биде крајот на секого од нас.
Ова го изложив не само за оние, за кои станува збор, зашто јас ги примив заради нивната покорност, - туку и за сите што слушаат, за да бидат многу внимателни спрема себеси и какви сме пред Бога и со Неговите избрани ангели сме дале завети, дека ќе извршуваме сѐ што ни е заповедано, дека нема да се отклонуваме, дури ако она што ни е заповедано претставува смртна опасност. Вака заповедаат светите оци, а особено и пред сите нив - свети Василиј Велики. Ако живееме вака, нема да потпаднеме под гревовната смрт, туку ќе поживееме според правдата и вистината и ќе се удостоиме да го наследиме царството небесно.
328.
1. По воплотеното Слово смртта на христијаните е радосна, ако се добро подготвени да ја пречекаат. - 2. Да се подготвиме како што треба. (4, 126)
1. Се чувствувам изнемоштен: срцето ми чукаше силно и ми се чинеше дека ќе ве оставам. - Уште колку време ќе живеам јас смирениот? Гледате, дека и староста веќе ми се приближи и врсниците мои веќе отидоа и редно е веќе крајот мој да биде близу. - Па што? Треба ли да се жалостам? - Не, никако. Нека се жалостат, ако сакаат, оние што живеат според телото, затоа што тие ќе треба да се разделат со жените, со децата, со слугите, со имотот и со сите наслади од овој живот, кој што единствено и го сакаат. А за нас, за кои светот е распнат и го имаме само крстот, кои сме се откажале од светот и сме се заветувале дека ќе бидеме послушни, не се жалостиме од ништо, туку смртта за нас треба да биде радосна. И зошто велам за нас? Таа треба да биде радосна и за сите христијани. И тие треба со радост да го чекаат своето излегување од телото.
Пред пришествието во тело на нашиот Господ Исус Христос, смртта, поради Адамовиот грев, царувала над човечкиот род; таа им била страшна дури и на светите. А, откако Христос, животот на сите, „вкуси смрт за сите“ (Евр. 2, 9), ни го отворил одново патот „низ завесата, односно преку Своето тело“ (Евр. 10, 20), како што е напишано: „Победата ја проголта смртта“ (1. Кор. 15, 54), па кога умираме не слегнуваме веќе во царството на адот, туку се издигнуваме во царството небесно, и не сме „положени во подземен ров, во мрак и во смртна сенка“ (Псал. 87, 6), туку се издигнуваме во непристапна светлина и бескраен живот, кој им го ветил Бог на оние што Го љубат. Па така, смртта сега не е така страшна, за да треба да бегаме од неа, туку треба искрено да ја сакаме, се разбира, ако срцето наше е подготвено да ја пречека. - Зашто, без ваквата наша подготвеност, таа е и сега страшна, ако за време на смртниот час треба да си спомнуваме за изминатите години или да бараме дополнителни денови од животот, - за да прибереме добри дела за себе. Ова е страшно и ужасно, зашто оној што е зафатен со ваквата состојба - ќе се вознемири во срцето свое и ќе страда ужасно, зашто ќе биде свесен дека преминува таму не за награди за подвизи, што ги немал, туку за казна заради своите гревови. О, колку е страшно да се сретнеме со нешто слично!
2. За да не пострадаме и ние вака, ве молам и ви напомнувам, да бидеме секогаш подготвени за блаженото излегување на нашата душа од телото и секој ден од нашиот живот да го сметаме за последен, како што нѐ учи свети Антониј Велики. Зашто, ако почнеме ова да го правиме, тогаш никогаш нема да бидеме неуредни, неработливи, мрзливи, непослушни, незауздани, готови за смеа, туку, напротив, ќе бидеме послушни и покорни, кротки, мирни, искрени, постојани во доброто и, по углед на светиите, секогаш готови за добри дела, кои, откако поживеале така, се удостоиле да ги придобијат неискажливите духовни блага. - Сето ова ви го изложив не само заради вас, туку и за себеси, трудејќи се да се утврдам во доброто, така што, откако ќе го изминам животот во вакво подготвување за последниот час, за излегувањето на мојата душа од телото, да не бидеме опфатени со страв и трепет, во збунетост, туку заедно со Давида да извикуваме: „Господ ги пази слабите: бев во мака и Он ми помогна“ и: „Бидејќи душата моја ја истргна од смрт, очите мои - од солзи, и нозете мои - од сопнување“ (Псал. 114, 6, 8). Да ни помогне Бог, вака да биде со сите нас!
329.
Отсечувањето на својата волја е најголемиот подвиг. Тоа е угледање на Христа и на апостолите, макар што сите уште не ја гледаат неговата возвишеност. (4, 128)
Поучителното слово ги тера да жалат оние што ги немаат добродетелите, а заедно со тоа ги учат да ги лекуваат своите немоќи. Зашто самата оваа жалост заради недостигот на добродетелите незабележливо ја расположува душата да почне да се грижи за самоисправувањето, како што говори апостолот: „Бидејќи скрбта по Бога предизвикува неопходно покајување за спасение“ (2. Кор. 7, 10). Но, да видиме што е тоа што нѐ жалости. Дали се состои во тоа што нашите лоши помисли се подигнуваат и, слично на непријателска војска, ја опсадуваат нашата душа? - Напишано е: „И полк ќе се крене против мене, нема да се исплаши срцето мое; дури и цела војска да се дигне против мене, и тогаш ќе се надевам на Него“ (Псап. 26, 3). Или е во тоа што е тежок јаремот на послушанието? Но, пак е напишано: „Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја“ (Плач. 3, 27); и уште: „Јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11, 30). Или е во тоа што овој живот под јаремот на послушанието не дозволува да се има ништо свое? Но, еве ги зборовите на апостолот: „Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме: што ќе стане, пак, со нас?“ (Матеј 19, 27). И на нив им е дадено ветување, кое колку е страшно, толку е преславно. - Па зар и ние не сме оставиле сѐ и не сме тргнале по Господа? Нели оставил некој родители, друг - браќа и сестри, трет - жена и деца, четврт - дом и ниви? И она што е повеќе од сѐ - ние сме ги напуштиле и својата волја и своите желби, а тоа е она што човекот може најтешко да го исполни.
Зашто, ако ми се наложи тежок пост, или бдеење, или спиење на гола земја, или да не се капам, или да живеам во пусто место или нешто друго од нашите божествени работи, - сето ова може да се извршува и со нашата слободна волја. А, она што го правиме по наша волја, макар и да е тешко само по себе, но сѐ е лесно кога се извршува со желба, иако се врши со голем труд. Ваквото дејствување светите оци го нарекле изливање на крвта, а тоа не му е својствено на никој друг, освен на послушникот, и тој може заедно со апостолот да говори: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во Мене“ (Гал. 2, 20). Бидејќи тој не живее според својата волја, туку според волјата на својот игумен, живее за Бога и се угледа на Оној, Кој рекол: „Слегов од небото не за да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме пратил“ (Јован 6, 38). - Ја гледате ли возвишеноста на нашето живеење? Зар тоа не е угледање на Христа? Или не е угледање на апостолското живеење? - Или јас ви говорам вака за да ве измамам? - Не, самата вистина говори за нелажливоста на моите зборови.
Ако луѓето не им плетат похвали на оние што вака го завршуваат својот живот, со тоа никако не се намалува нивната слава, зашто Бог не гледа така, како што гледаат луѓето. Еден е судот Божји, а друг е човечкиот. И колкумина од непознатите во овој свет се пред оние, што се чинат познати во овој свет, во денот на Божјиот суд ќе се покажат попознати и пославни од сите, како што е напишано: „Мнозина први ќе бидат последни, а последните први“ (Матеј 19, 30). И така, радувајте се и треперете: и поради Божјиот дар и заради изменливоста на нашиот ум, затоа што не сме секогаш еднакви. „Да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела“ (Евр. 10, 24), да не ни биде тешко да ја отсекуваме нашата волја, туку да бидеме ревносни, да не бидеме мрзливи во извршувањето на нашето послушание, да си помагаме еден на друг, носејќи ги взаемно тешкотиите, како еднодушни и како сотелесни. Ако вака се подвизувате ден по ден, ако вака трчате, несомнено ќе го добиете несвенатиот венец на славата.
330.
1. Во духовната невидлива борба секогаш одржува победа неплашливото и воодушевеното противставување на непријателот; од ваквите духовни борци непријателот бега. - 2. Во борбата со еретиците не треба да се стапува во општење со нив; јас ова сум го забранил. (4, 129)
1. Иако сум немоќен и на зборови, како и на дела, потребата ми наложува да ве утешувам и да ве возбудувам духовно, толку колку што имам сили. Зашто како што оној кој војува има потреба од поттикнување од страната на своите соборци, не треба ли уште повеќе и вие, кои водите духовна војна со невидливите непријатели, да ја чувствувате потребата да бидете намачкувани со ободрувачки совети и со духовни поттикнувања со зборови, зашто и вашата борба не е еднодневна, туку продолжува во текот на целиот ваш живот, а притоа, ако победите, ќе бидете наградени со вечен венец, а ако бидете победени вечна мака на неизмерен срам? - Но, да не го доживееме ова и да не се посрамиме во нашата надеж! Напротив, да не се сомневаме, дека со Божјата помош ќе го победиме ѓаволот со нашето постојано внимание спрема себеси и со непрестајната борба против непријателот. - Вам ви е познато, дека и обичните војници пред да навлезат во борба се во големо возбудување, се изменуваат во лицето и изгледаат сосема поинакви, отколку пред тоа: во тој час не си ги спомнуваат дури и имињата на своите жени, деца, ниту на родителите и браќата и сестрите, па и на никој друг, туку и умот нивни, и срцето, како и целото нивно тело, се устремени кон претстојната борба. Исто така, и ние сме должни, по нашиот внатрешен човек, да бидеме духовно подготвени и расположени, без да имаме ни најмалку страв од нашите противници, туку да се нафрламе смело на нив и со горлив дух, како добри Христови војници. А нашите непријатели, кога ќе не видат такви, се повлекуваат и не смеат да нѐ нападнат, а кога ќе видат дека нашата храброст е намалена, дека ни се намалени и силите и вниманието, тогаш ги оптегнуваат своите лакови и ја опсипуваат нашата душа со мнозинство стрели, односно со грешни помисли. Но, ние и во таков случај не треба да очајуваме, туку, сознавајќи ја својата погрешка, веднаш да се покаеме и пак да ги напрегнеме сите наши сили и да навлеземе во внимателна и неплашлива борба. - Така секогаш да постапуваме.
2. Но, сега е раширена по целиот свет друга борба, борба со еретиците. Ако сакате, подигнете ги вашите очи, и ќе го видите целиот свет со ранети во оваа борба. Зашто не само неверните еретици, не само блудниците и прељубодејците, како и другите што прават слични беззаконија, сатаната ги собира под своја власт, туку и оние кои се невнимателни и стапуваат во општење со нив, зашто точни се зборовите: „Кој катран допира, од него ќе се извалка; кој со горди се дружи, ќе стане како нив“ (Мудр. Сир. 13, 1). Поради ова, иако ме прекоруваат, јас им имам забрането на православните христијани да ги спомнуваат неправославните на светата божествана Литургија, како и на другите молитвени спомнувања на оние што се противат на Православието и да немаат никакво општење со ереста и со еретиците. Само, ако таквите дури и на смртниот час го исповедаат својот грев и се причестат со Светите тајни, тогаш православните можат да се молат за нив и можат за нив да служат света Литургија. Но, ако некој од нив умрел без покајание, исповед и причест, како можат православните молитвено да ги спомнуваат и да бидат во општење со нив? Апостолот говори: „Чашата на благословот, која ја благословуваме, не е ли општење со крвта Христова? Лебот, што го кршиме, не е ли општење со телото Христово? Бидејќи еден леб, едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб“ (1. Кор, 10, 16-17). Судејќи според ова приопштувањето на еретичкиот леб и еретичката чаша, го прави оној од православните што се приопштува со нив, да биде приопштен на едно тело, кое му е туѓо на Христа. На едно друго место истиот апостол говори: „Какво општење постои меѓу правдата и беззаконието? Што општо има меѓу светлината и темнината? Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијара? Или, што општо има меѓу верникот и неверникот?“ (2. Кор. 6, 14-16). За ваквите треба да плачеме. За оние што се уште живи, да се молиме да бидат ослободени од мрежите на ѓаволот, а за себеси да благодариме, „затоа што од почетокот, преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината, нѐ избра за спасение“ (2. С од. 2, 13), за да Му служиме и да работиме за Него до ова исповедништво, за кое, ако го извршиме чисто и беспрекорно, да нѐ удостои со Своето небесно царство.
331.
1. Сите други работи имаат свое одредено време, а делото на спасението треба непрестајно да се извршува. - 2. Да не ја одложуваме грижата за нашето спасение, гледајќи како смртта ги жнее сите; при ова да си спомнуваме и за мудрите и за неразумните девојки. - 3. Да се разбудиме и да почнеме ревносно да се подготвуваме за пречекот на Младоженецот. (4, 130)
1. За сите други работи има одредено време: едно е времето за сеидба, а друго за жетва: едно е времето за тргувања, - а друго - кога не се тргува. А за делото на спасението - секое време е погодно и, ако сакаме, секој ден може да биде благопријатен. Да бидеме секогаш подвижни за доброто; да бидеме секогаш добро расположени и полни со младешки сили да ги приведеме во дело Божјите зборови: „Пред Бога не се праведни оние, што го слушаат Законот. а ќе бидат оправдани само оние, што го исполнуваат Законот“ (Рим. 2, 13). Па затоа, ако ни претстои духовна борба, борба невидлива, треба да се бориме храбро и, со Божја помош, да ги победуваме демонските помисли, за да не се задржат во нас и да не ни причинат духовна смрт: кога ќе настане време за духовна жетва, усрдно треба да жнееме, за да собереме доволно богатство во нашите житници за вечниот живот, за да не умираме вечно од глад. Секогаш е време за молитвата, за очистување од гревовите и за придобивање на царството небесно.
2. Зошто се размислуваме? Зошто се задржуваме? Зошто секој ден го одложуваме нашето исправување? - „Зашто преоден е обликот на овој свет“ (1. Кор. 7, 31). Не се ли многубројни оние што секој ден нѐ напуштаат? Дали гробовите што непрестајно се отвораат не празнуваат победа над нашата природа? Не торжествува ли и земјата, примајќи ги составните делови од нашето тело? А зар ние ќе останеме овде до крајот? Зар не гледаме веќе колкумина од нашето братство отидоа? Каде се нашите блажени оци? Каде се нашите духовни и телесни браќа? Каде се нашите пријатели и соработници? Каде се оние со кои работевме и пеевме псалми заедно? Колку сме заборавени? Кога умре некој од оците и браќата, веднаш се освестуваме и се скрушуваме, и даваме завет дека во иднина ќе живееме подобро, но не поминува многу време и ние одново забораваме и на нашата скрушеност и на нашите добри намери. Но, нашите свети оци не постапувале така; во текот на целиот свој живот тие мислеле за смртта, секој ден умирале, се распнувале на светот, секој ден доброволно излегувале пред Бога, а сега живеат таму блажено во животот што ќе нема крај. И не се плашиме ли од примерот на десетте девојки? Мудрите девојки Го пречекале Младоженецот кога дошол на полноќ, а неразумните, затоа што немале доволно добри дела не Го пречекале, и кога дошле потоа и викале: „Господаре, господаре, отвори ни!“ Тие го слушнале одговорот: „Вистина ви велам: не ве познавам“. Па така и останале надвор, а кон ова Господ додал: „Бидете будни, оти не го знаете ни денот, ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки“ (Матеј 25, 6, 10-13).
3. Па така, треба да бидеме будни, треба да ја разбудуваме од сон нашата душа, да бидеме трезвени, да ја пазиме нашата непорочност и чистота, да одиме во светлината, за да не нѐ снајде смртта ненадејно и да не биде пред нас затворена вратата на милоста, па да нема никој што би ни отворил и кој би ни помогнал. Затоа, да побрзаме да се подготвите за нашата смрт, та излегувањето на душата од нашето тело да Му биде угодно на Бога. Затоа, мрзливецу, стани да работиш; ти што не си послушен, почни да бидеш послушен: ти што се издигнуваш над другите - смири се; ти што имаш срце жестоко - омекни го; ти што си непокаен, - скруши се; ти што не си исповедан - почни да се исповедаш; ти што седиш без работа - почни да работиш. Сите поправете се во сѐ и зафатете се да правите добри дела. И ќе додадам уште нешто: ти што ги сакаш жените - вразуми се и не биди често со жени, не останувај долго со нив, зашто од тоа се разгорува огнот на гревот, како што слушаме и од Светото Писмо: „Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова? Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои? Истото тоа станува и со оној, кој влегува кај жена на ближниот свој: кој и ќе се допре до неа, нема да остане без вина“ (Изрек. 6, 27). Но, и мажената е девица, ако се замонашила, како и онаа што како девица дала завет монашки. И на едната и на другата Господ на славата им е Младоженец. Ова им го говорам на оние, кои се расеале насекаде и живеат како што сакаат и измислуваат оправдувања за своите гревови, а не паметат дека Господ заповедал дека и окото што нѐ соблазнува треба да го ископаме и да го фрлиме од себе (Матеј 5, 29), а не само нешто друго. А на вас, еве, што имам да ви кажам: „Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоќите на слабите“ (Рим. 15, 1) и да бидеме образец за добри дела за неутврдените. Вие сте веќе такви со благодатта Христова, но и понатаму останете такви, - и ќе се спасиме во нашиот Господ Исус Христос.
332.
1. Укажувајќи на тоа дека целите и задачите на монаштвото се над сите други состојби и призванија, и - 2, дека тоа ги привлекува кон себе сите, без оглед на тешкотиите, - 3, па ги повикува да се радуваат и да Му благодарат на Господа затоа што се удостоиле да бидат монаси, како и да се трудат и понатаму да бидат вистински монаси. (4, 131)
1. Да Му благодариме на Бога што сме се удостоиле да го избереме добриот дел и „да седиме при нозете на Исуса и да го слушаме словото Негово“ (Лука 10, 39). Другите луѓе се грижат и се трудат за многу работи: за жена и за деца, за имот и за пари, а ние имаме само една грижа: како да Му угодиме на Господа. Другите му служат на земниот цар, за него војуваат и за него ја проливаат и својата крв, а ние доброволно Му служиме на нашиот цар Христос, за Него војуваме, со надеж оти ќе го добиеме вечното небесно царство. Другите преземаат долги и тешки патувања за да спечалат ништожно и преодно богатство, а нам ни останува и дење и ноќе да доаѓаме во Божјиот храм, за да ја прославуваме Божјата величина, и преку тоа да придобиваме не злато и сребро, кои загинуваат, туку духовни и вечни сокровишта, кои никој не може да ги украде.
2. Иако понекогаш среќаваме нешто жално и тешко, било по надворешна положба или внатрешна состојба, но, бидејќи ова е за Словото Божјо и за наша надеж, лесно го поднесуваме, зашто умееме да се радуваме и во страдањата и да не се чувствуваме тешко ни во тешкотиите. Таков е нашиот живот, така што со најтажните свои работи ги привлекува оние што имаат ум. - Кој не ги сака родителите и не е расположен спрема нив? Но, ние сме ги оставиле од љубов спрема Бога и сме дошле овде. Има ли потесна врска од брачната, кога, според зборовите на Господа, две тела стануваат едно? Но, и таквите евангелскиот меч ги расекува и ги испраќа овде. Властодржецот се откажува од својата власт; богатиот го смета за ништо своето богатство; сиромавиот ја заборава својата сиромаштија; бедниот престанува да биде беден. Ќе го додадам и ова: царот ја остава својата круна и им се придружува како еднаков на другите. Зашто братството наше е како чесното тело Христово и манастирот наш општо пристаниште на спасение, кое е за сите еднакво спасително. Кај нас е сѐ поинаку, а не е како што е во светот. Така, кога некој ќе умре, овде нема плач и ридање, како оние што го сакаат животот; во тишина се свршува погребот на починатиот, зашто ни женски глас се слуша, ни плач на деца, ниту роднините тажачки погребни редат, во кои се спомнуваат различни работи. Кај нас смртта е настан радостен и погребот го правиме со добра надеж. Иако плачеме, плачеме од духовна љубов по починатиот, во што нема ништо неумесно, зашто и Господ плачел кај гробот на Лазара, според својството на нашата природа (Јован 11, 35). Дали некогаш имало живот поблажен од нашиот? Имало ли друг начин на живеење, кој луѓето ги приближувал до Бога? Затоа во свое време и псалмопејачот Давид извикувал: „таму Господ дал благослов и живот вечен“ (Псал. 132, 3).
3. Да се радуваме и да сорадуваме еден со друг, да не престанеме да Му благодариме на Бога, бескрајно да Го љубиме нашиот Бог, затоа што нѐ повнкал од темнина во светлина, од униженост во слава, од неизвесност - кон познатост. Секој од вас знае од кого произлегува, од каде дошол овде, со кого тогаш стапил во општење, кого сега браќа нарекува и со кого заедно живее. А сите овие предимства се само предворие на идните ветувања, па така, ако добро го завршиме подвигот што е пред нас, ако се трудиме со сите наши сили и плодови принесеме, плодови на послушноста, според уредбите и правилата на нашиот манастирски типик, тогаш, најпосле ќе го добиеме она што око не видело, што уво не чуло и што на ум на човекот не му паднало - она што Бог им го подготвил на оние што Го љубат (1. Кор. 2, 9). Дај Боже, сите ние да го добиеме ова.
333.
1. Честите умирања го утврдуваат сеќавањето на смртта, сеќавањето на смртта и допирот со неа го засилува стравот Божји, а стравот Божји го очистува срцето од страстите. - 2. Да чекориме по овој пат кон блажената бестрасност. (4, 132)
1. Сѐ почести се вестите за смртните случаи, кои ги слушаме и од близу и од далеку, а особено оние за смртта на нашите браќа и оци. Еве не остави, меѓу другите, и братот Григориј; и неговиот живот беше достоен за пофалба, а и крајот негов е блажен, зашто почина во прогонство за Христа. - Значи, најпосле и ние треба да преминеме од другата страна, и малите и големите, и старците и младите. Зашто смртта е еднаква епитимија за сите: еден порано, друг подоцна, еден по еден сите си одат од овој живот. Па тогаш, како можеме да не мислиме за смртта и за тоа што ќе сретнеме таму, по излегувањето на душата од телото? Како ќе го издржиме стоењето пред ангелите, ако не сме се облекле во оружјата на светлината? - Како ќе појдеме по тој пат, ако не ја понесеме со себе попатнината на вечниот живот? Како ќе го одминеме кнезот на овој свет, за кого Господ рекол: „Иде кнезот на овој свет, и во Мене нема ништо“ (Јован 14, 30), ако не бидеме слободни од страстите, кои нѐ заробуваат? Господ говори: „Блазе на оној слуга, кого, кога ќе дојде господарот, го најде да постапува така; вистина ви велам, дека над целиот свој имот ќе го поставам него“. Еве го толку саканиот глас! „Ако ли пак тој слуга, бидејќи лош, рече во срцето свое: господарот мој уште за долго нема да дојде, на почне да ги бие другарите свои, и да јаде и пие со пијаниците, господарот на тој слуга ќе дојде во ден, кога тој не го очекува, и во час што не го знае; и ќе го пресече на половина, и ќе му даде еднаква награда со лицемерите; таму ќе биде плач и крцкање со заби“ (Матеј 24, 4651). Зар не нѐ исплашува оваа парабола? Зар нејзиното застрашување не ги истоштува нашите тела? Зашто ова не е измислена приказна и овие зборови не се празни и без значење; напротив, овие зборови ни од далеку не го искажуваат сето она што ќе биде таму, зашто и тој плач не е како овдешниот, ни тоа крцкање со заби не е како ова овде: меѓу нив има голема разлика, како што е разликата меѓу сонот и будната состојба. Потоа, и тамошниот оган не изгаснува, како овој овде што изгаснува, и црвот тамошен не умира, како овој овде што умира. Но, кој мисли и размислува за ова? Кој го гледа и кој го слуша ова? Зашто е можно и да се гледа и да не се види, и да се слуша и да не се чуе, поради скаменетоста на душата и острастеноста на срцето. - Кој го има плачот што го ублажува Господа, кој секојдневно се очистува од осквернувањата од сите страни, без да го одложува очистувањето за утрешниот ден? Зашто е речено: „На секој ден доста му е неговото зло“ (Матеј 6, 34). Оној кој сѐ повеќе копнее кон Бога, тој се ослободува од страсната приврзаност кон тукашните работи до толку, што може заедно со Давида да рече: „Кон Тебе се приближи душата моја, Твојата Деснида ме поддржува“ (Псал. 62, 8). О, блажена бестрастност! Еве, браќа, какви треба да бидеме! Божјите зборови бараат од нас вака да се чувствуваме! Духот наш да гори! Да бидеме облечени во оклопот на верата, окрилени со надежта и подготвени за излегување од телото!
2. Затоа, ве молам, да се трудиме да умираме секој ден, да се приморуваме на сѐ што е добро, колку што имаме сили, знаејќи, дека добродетелта според својата природа е самопринудување, но затоа таа нѐ издигнува горе, додека гревовното самоугодување нѐ турнува дури до дното на пеколот. Да ги придобиеме солзите што чистат, што водат кон скрушеноста на срцето и кон смиреното мудрување. Со нашиот бестрастен живот, ангелите да ги направиме наши пријатели, така што и тие, при нашето излегување од телото, пријателски да нѐ издигнат до Господа. - Ова ви го говорам не како јас нешто добро да сум направил, туку како оној кој сака и самиот да го правам доброто заедно со вас; ви говорам затоа што сум должен да ви говорам, а не да молчам, бидејќи ве љубам со љубов божествена, така што сите ние да го извршуваме доброто и да станеме наследници на вечниот живот.
334.
1. Ги прекорува што престанале да ги откриваат помислите. - 2. Потоа наведува примери на страшни Божји казни за оние што не се каеле; ги поттикнува да се исповедаат. (4, 133)
1. Ожалостен сум јас дниве од вас: жалоста моја е преголема и не можам да ја истрпам. Престанавте со вашето обично исповедање, кое е особено големо и спасоносно во нашиот живот. И кога би видел дека сте станале подобри и посовршени, јас би се радувал многу, како да ми се олеснети работите: зашто не мала работа е потребна за исцелението на немоќите на другите. Но, кај вас забележувам противставување и се прашувам која е и каква е причината за ова. Откаде е оваа појава и расположбите што се појавуваат кај вас? Нели е сето ова оттаму што не се исповедувате и што ги скривате вашите грешни и погубни помисли? Зашто, лошите помисли се коренот и почетокот на нашите гревови, а ако ги откриете навреме, со Божја милост, се прогонувани, а ако ги скривате, малку-по малку преминуваат во дела на темнината. Оттука е и душевната смрт, оттука е и разделеноста еден од друг, оттука се и зборовите на самооправдување, кои се раѓаат од незнаење и заблуда.
2. Но, о, човеку, животните, што немаат разум, како што гледаме сами од себе знаат кои јадења се штетни за нив, и ги одбегнуваат; не треба ли уште повеќе ова да се очекува од човекот, кој е обогатен и со самото крштевање со секое знаење за тоа што е добро?! Зар не си слушнал што говори Светото дисмо дека Бог „не го поштеди првиот свет, туку, кога нанесе потоп на безбожниот свет, го запази само осмочлениот Ноја, проповедникот на правдата“ (2. Петр. 2, 5). Зар не си читал, дека Бог „градовите Содом и Гомор ги осуди на разурнување и ги претвори во пепел, па ги остави како пример на идните безбожници“ (2. Петр. 2, 6). Зар не си слушал често како апостолот извикува: „Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ниту блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците, ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо“ (1. Кор. 6, 9-10). Па како, слушајќи го ова, говориш дека не знаеш што е добро и што е зло? Ова е притворство и одбегнување. Зар немаш страв? Зар не трепериш од Оној, пред Кого треперат сите негови созданија? - Браќа, ве молам, никој да не се отстранува од исповедта.
335.
1. Откако рекол дека ги љуби браќата и дека е уверен, дека и тие го љубат него, ги повикува да Му благодарат на Бога за таквата врска и за таквиот меѓусебен сојуз, напомнувајќи им, дека ги моли да го истрпуваат кога ги прекорува строго. - 2. Потоа, советува доброволно да ги поднесуваат трудовите и страдањата во врска со делото на спасението, бидејќи поинаку не може и да биде; имајќи ги, пак, предвид големите ветувања, кои се соединети со ова, ги уверува дека тоа нема да им ја наруши радоста, која им е својствена на светиите. - 3. Да одиме верно по Божјиот пат, а ако се случи да се препнеме и да паднеме, да брзаме веднаш да стануваме. (4, 134).
1. Светото писмо говори: „Ги сакам оние што мене ме сакаат, и кои Ме бараат, ќе најдат добрина“ (Изрек. 8, 17). А на друго место тоа укажува и на белегот на љубовта, велејќи: „Кој ја жали прачката своја, го мрази синот свој; а кој го сака, го казнува за да го поправи“ (Изрек. 13, 25). Бидејќи јас смирениот сум поставен да ви бидам настојател, по неопходност во претходното мое поучение ве прекорив и изобличив, но се осмелувам да ви кажам со зборовите на апостолот: „но не за да ве огорчам, туку за да ја познаете преголемата љубов, што ја имам кон вас“ (2. Кор. 2, 4), жалам заедно со вас кога сте жалосни и се радувам заедно со вас кога сте радосни. Зашто кого друг да го гледам? И за кого друг да жалам и со кого друг да се радувам, ако не за вас? Вие сте мои браќа, чеда, оци, пријатели, роднини, сакани, моја радост и мој венец, и сѐ друго, со што можам да го изразам моето искрено општење со вас. Ја искористувам мојата увереност, дека и вие сте такви спрема мене, и дека ни кон родители, ни кон браќа, ни кон роднини, ни кон татковина, ни кон што видливо не сте толку приврзани, туку само спрема Бога, а заради Бога и спрема моето смирение.
И, благодарејќи Му на Бога што нѐ соединил вака во Светиот Дух, да се сакаме вака взаемно, како да сме „едно тело и еден дух“, „повикани кон една надеж на нашето звање“ (Ефес. 4, 4). Да се радуваме и да сорадуваме еден со друг; а тоа што се случува некогаш да ви говорам прекорно, да не се отуѓуваме еден од друг, бидејќи тоа бива од љубов и за општа корист да ја поднесуваме казната трпеливо. Зашто е напишано: „Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој, што го љуби“ (Изрек. 3, 11-12). А, апостолот на ова додава: „Ако трпите казна, Бог со вас постапува како со синови. Зашто кој е тој син, кого таткото не го казнува? Ако пак останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови“ (Евр. 12, 7-8).
2. А потоа, богатството и власта и другите работи, што ги сакаат луѓето, не се даваат на дар, туку се бараат големи и тешки трудови и многу пот, па можеме ли да претпоставиме дека придобивањето на Бога и на Божјата награда е лесна работа и дека за ова, исто така, не се потребни големи трудови и многу пот? И зар ваквата претпоставка не би била сведоштво за нашата крајна простота и ограниченост? - Затоа слушаме, дека „во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки“ (Дела 14, 22) и дека „тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот, и малкумина го наоѓаат“ (Матеј 7, 14). А зошто? Затоа што не сме сакале во почетокот да живееме во живот без жалости и во бескрајна радост, туку според нашата несовесност сме избрале како нешто што е подобро за нас: да паднеме во сегашниот многустрадален живот, кој е полн со жалости. Па затоа не можеме пак да се вратиме таму додека не поминеме низ училиштето на тешкотиите и страдањата, угледувајќи се на нашиот Господ Исуса Христа, Кој „поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји“ (Евр. 12, 2).
Впрочем, бидејќи тешкотиите поради Бога ни стануваат полесни со надежта на вечните блага, тие обично не се премногу страдални, па затоа за светиите овој живот се именува празник. За ова сведочи божествениот Давид, велејќи: „Радувајте се, праведници, во Господа: на праведниците им прилега похвала“ (Псал. 32, 1), укажувајќи дека радоста треба да биде непрестајна. Истото го потврдува и блажениот апостол кога вели: „Радувајте се секогаш во Господа!“ (Филип. 4, 4). А овие зборови им ги говорел на оние, кои тажеле и плачеле, кои се подвизувале и се наоѓале во борба, без да ја занемаруваат борбата со ѓаволот и со неговите стапици; тие страдале на најразлични начини, затоа што жалостите и страдањата за Бога, за добродетелните се извор на радост.
3. Ние, кои секојдневно со богослужби презнуваме празници, добродушно да ги поднесуваме тешкотиите заради Бога и да не попуштаме пред ѓаволските замки и препреки. Кога, пак, ќе се случи понекогаш да задремеме и ќе ни се вовлече нешто непотребно во умот, во зборот или во делата, веднаш да побрзаме да станеме и да се вратиме на претходното добро настроение, и повторно, со топла срдечност, да започнеме да соработуваме со Господа, знаејќи дека и од царот почести добива оној војник којшто се бори и се противставува, а не оној кој бега од бојното поле; и ќе се удостоиме за вечните награди, според милоста Божја и ќе влеземе во царството небесно на Христа Исуса, нашиот Господ.
Светиот преподобен Теодор Студит