Свети Григориј Синаит

Светиот наш отец Григориј, кој бил замонашен на Синајската Гора, затоа е и наречен Синаит, дејствувал со голем успех за време на владеењето на византискиот цар Андроник Палеолог, во ХIV век.

Кога пристигнал во Света Гора, таму видел многу манастири и ќелии на безмолвници, нашол многу свети подвижници и духовници, кои биле украсени и со богати духовни знаења и со чист живот, но се труделе само за дејствителниот живот, за запазувањето на умот, а малку знаеле за безмолвието и соѕерцанието, не знаеле дури и за самите именувања на истите. Сретнал само тројца, во скитот Магула, кој се наоѓал спроти Филотејскиот манастир. Тоа биле испосниците Исаиј, Корнилиј и Макариј, кои знаеле нешто сосема малку за соѕерцанието и малку се занимавале со него. Кога го видел тоа, тој се разгорел со силна ревност и почнал да учи за трезвеноста, за запазувањето на умот и за духовната (умствената) молитва. Ги учел не само безмолвниците, кои живееле отшелнички, туку и оние што живееле во манастирите.

Освен тоа, тој основал и три големи лаври во пределите на Македонија; посетил многу епархии и многу места и сите воопшто ги учел на духовната непрестајна молитва со своите божествени поуки. Преку својата учителска работа обратил многу грешници и од недостојни ги направил достојни; им помогнал да се удостојат да бидат меѓу спасените.

Неговото житие го напишал цариградскиот патријарх Калист, неговиот некогашен ученик.

Но, како што за време на својот живот тој им бил учител за свештената трезвеност, така и по својата телесна смрт нѐ раководи нас духовно кон светата трезвеност, со помош на своите списи, што ги печатиме во овој Зборник.

Во овие списи тој ни дава прекрасен раководен прирачник, раководство за тоа како можеме да ја научиме духовната молитва или молитвата на умот и на срцето; нѐ учи како да живееме добро и како да се бориме со страстите; ни дава добри објаснувања за белезите на демонската прелест и на благодатта. Затоа, овие негови поуки се корисни и за почетниците во духовниот живот, како и за оние што се на средината, а и за совршените. Во овие поуки се крие големо духовно богатство, за тоа што е тоа богатство и какво е, може да се увери секој, кој нема да го чита од љубопитство, туку оној што ќе го чита со голема духовна радост, затоа што се удостоил да го најде и да се користи со него.

Свети Григориј се упокоил во 1360 година. Се празнува на осми август.

Во грчкиот минеј и во Атонскиот Патерик, се вели дека се упокоил во Господа на шести април.

Свети Григориј Синаит