Свети Григориј Синаит

1. Како треба да се молиме

Уште од изутрина натерај го твојот ум да слезе од главата во срцето и непрестајно викај, умно и душевно: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“. Вака извикувај сѐ додека не се измориш, а кога ќе го измориш твојот ум, тогаш прејди на втората половина и говори: „Исусе, Сине Божји, помилуј ме!“ Откако повеќепати ќе ја изговориш и втората половина, пак прејди на првата. Но, не треба често да ги менуваш овие извикувања, не менувај ги од мрзливост изговарањата на овие две половини, зашто, како што растенијата не фаќаат корен, ако често се пресадуваат, така е и молитвените раздвижувања во срцето - ако често ги менуваме зборовите на нашите молитви.

Кога ќе забележиш дека ти се приближуваат лоши помисли, не загледувај се во нив, макар и да се грди, туку издигнувајќи го својот ум кон Господа, викај кон Него, и набрзо ќе ги отстраниш лошите помисли и ќе ги одгониш бесовите - нивните причинители, обгорувајќи ги и бичувајќи ги невидливо со ова божествено име. Така нѐ учи свети Јован Лествичник, велејќи: „Бичувај ги противниците со името Исусово, зашто нема против нив посилно оружје од ова, ни на земјата, ни на небото“.

2. Треба да внимаваме на себеси и да Го спомнуваме Бога

Свети Исаиј Отшелник говори: „Држи го незадржливиот ум, кој е расејуван од непријателските сили, кои и по нашето крштевање, поради нашата мрзливост, пак се вратиле во нашата душа со други полоши сили, како што вели Господ: „И последната состојба на тој човек станува полоша од првата“ (Матеј 12, 45). А, еден друг отец, учи вака: „Монахот, спомнувањето за Бога, треба да го има место дишењето“, а еден друг, вели: „Монахот треба да ја има Божјата љубов место дишењето“. - А свети Јован Лествичник, додава: „Спомнувањето за Исуса да се соединува со твоето дишење, и тогаш ќе ја дознаеш каква е користа од безмолвието“.. Свети апостол Павле, пак, нѐ уверува, велејќи: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20), зашто живеел и божествениот живот го вдишувал. А и нашиот Господ Исус Христос говори: „Ветрот дува каде што сака“ (Јован 3, 8), земајќи пример од природното дување на ветрот. Откако сме биле очистени во светото крштевање, ние сме го примиле обручението на Светиот Дух, Кој ги обожува оние што се соединуваат со Него. Но, бидејќи не сме се труделе околу извршувањето на заповедите кои се пазители на благодатта, затоа пак сме паднале во страстите и место со дишењето на Светиот Дух, пак сме се исполниле со ветрот на лошите духови, од кои произлегува секоја неуредност во нас. А оној што го запазил Светиот Дух и што добил преку Него очистување - се разгорува од Него и бива движен од Него, според Господовите зборови: „Не сте вие што ќе говорите, а Духот на вашиот Отец ќе говори во вас“ (Матеј 10, 20). Исто така, и оној што го има спротивниот дух на Него, бива совладуван и потчинуван од него и го прави и говори она што е спротивно.

4. Како треба безмолвниците да пеат

Свети Јован Лествичник говори: „Кога ќе се умориш, стани и помоли се, а потоа седни и пак бори се храбро со помислите во врска со твоите некогашни дела“ (Слово 27, 23). И, ако го рекол ова за умствената работа, односно за тоа како треба да работиме, кога треба да го запазуваме нашето срце, но, не е правилно ова истото да се рече и за пеењето на псалмите. - Свети Варсонуфиј Велики, кога го прашале во врска со пеењето, за тоа како треба да пеат безмолвниците, одговорил: часовите и песните се црковни преданија, и добро е што ни се дадени за нас кога се собираме на заедничка молитва. А оние што живеат по скитовите, тие немаат ни часови, ни пеење, туку имаат рачна работа, се поучуваат преку умствената молитва и малку и преку молитвословијата“ (Одговор 74). „А кога стоиш на молитва, треба да ги изговараш: Трисвето и Оче наш, и потоа ќе Му се помолиш на Бога да те избави од стариот човек. Но, не треба долго да се задржуваш на овие молитви, но твојот ум секогаш треба да биде во молитва“. - Со овие зборови старецот покажал дека, кога сме осамени, нашето поучување е нашата умствена молитва или молитвата на срцето, а малку по неа - тоа е стоењето кога се пеат псалмите. Ова истото го кажува и великиот Јован Лествичник, велејќи: „Делото на безмолвието е немање грижа за ништо, молитва без мрзливост, односно, пеењето на псалмите и трето, нерасеаната дејност на срцето“ (Слово 27, 46). Ова е престолот на молитвата и, истовремено и на безмолвието.

5. Прашање: Од каде е таа разлика: што едни учат да се пее

многу, други - малку, а трети - никако

Одговор: Одговорот на ова прашање е ваков: оние што живеат дејствителен живот, тие во текот на многу години и со многу труд - придобиле дејство на благодатта. Тие се поучуваат и себеси, а ги поучуваат и другите. Тие не им веруваат на оние што говорат за себе дека, според Божјата милост, за кратко време го постигнале тоа што го имаат, со помош на својата искрена и топла вера, како што вели свети Исак, дека се тие измамени преку незнаењето и високото мислење за себеси, а што и другите ги уверуваат дека е така, а со тоа потврдуваат дека се во прелест и дека во нив не дејствува благодатта. Ваквите луѓе не знаат, како што вели Исус Синот Сирахов: „Лесно Му е на Господа брзо и ненадејно да го збогати сиромавиот“ (Мудр. Сир. 11, 21). Апостолот ги прекорува тогашните ученици, затоа што не ја распознавале благодатта, велејќи: „Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас? Освен, само, ако сте недостојни“ (2. Кор. 13, 5), - дека поради вашата мрзливост не успевате. Поради тоа таквите, и покрај прекрасните својства на молитвата, кои се очигледни кај некои, под дејство на Светиот Дух, не ги признаваат за вистински, затоа што немаат вера и што високо мислат за себеси.

6. Кажи ми ти, што размислуваш вака, ако некој пости, ако се воздржува, ако прави бдеење, ако стои кога пее псалми, кога прави поклони, ако плаче, ако не е алчен за богатеење, - зар сето ова не е труд и дејствување? - Но, ние го признаваме сето ова неопходно за безмолвниците. Тогаш, како ти мислиш и говориш, дека ние предлагаме преуспевање во молитвата без дејствителен живот? Ние не го тврдиме ова, туку тврдиме дека, освен дејствителниот живот, потребна е и умствена дејност, без која е неможно преуспевањето во молитвата. - А сега слушај. Каква корист има оној, кој со својата уста ја изговара молитвата, а умот негов талка наоколу? Кога еден гради, а друг урива, од тоа нема ништо, освен труд (сп. Мудр. Сир. 34, 23), Но, како што работиме со телото, така треба да работиме и со умот, така што да не се покажуваме телесно праведни, а во срцето свое да бидеме исполнети со секаква неправда и нечистотија. Токму ова го потврдува и апостолот кога вели: „Ако се молам на непознат јазик, се моли мојот дух; умот, пак, мој останува бесплоден...ќе Му се молам со дух, ќе се молам и со ум; ќе Го фалам Бога со дух, ќе Му пеам и со ум...но, в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик“ (1. Кор. 14, 14, 15, 19). А сведок за тоа дека апостолот овде говори за умствената молитва е свети Јован Лествичник, кој говори во своето Слово за молитвата: „Големиот во молитвата и во дејствителниот живот, светиот апостол Павле, говори: ,Сакам да кажам пет збора разбирливи...“ Има многу трудови, но тие се одделени, а молитвата на срцето е голема и сеобемна, како извор на добродетелите, зашто да се добие ваквата молитва е големо богатство“ (Слово за молитвата, точка 21, 1). Свети Максим говори: „Нема ништо пострашно од помислата за смртта и попрекрасно од спомнувањето за Бога“, посочувајќи го превосходството на ваквата молитва. А некои во денешно време дури не сакаат да слушаат за тоа - дали има благодат, зашто поради својата нечувствителност и поради своето незнаење се заслепени и маловерни.

7. Мислам дека добро прават оние што не пеат многу, кои се умерени, зашто мерката е прекрасна во сѐ, за да не ја истоштат сета своја душевна сила во трудот за време додека ги пеат псалмите, а потоа умот да се покаже малку усрден во молитвата, не наоѓајќи во себе доволно сили за неа; затоа е потребно покусо време да ги пееме псалмите, а подолго да се молиме. Од друга страна, кога умот ќе се презамори од честите мисловни и покајни извикувања, од неговото непрестајно усилено внимание врз молитвата, право е да му се даде извесен одмор и да се премине на пеење псалми и да се одмори, на тој начин, од тивката молитва. Вакво е учењето на нашите премудри отци.

8. А добро прават и оние кои воопшто не ги пеат псалмите, ако преуспеваат во духовната молитва. Таквите и немаат потреба од пеењето псалми; тие се должни секогаш да молчат и да бидат во непрестајна молитва и соѕерцание, ако се веќе просветени. Зашто, тие се соединети со Бога и не треба да го одвојуваат својот ум од Него, и да го фрлаат во толпата на помислите. Свети Јован Лествичник вели: „За послушникот, за оној што живее во манастирско братство - значи паѓање кога тој се раководи според својата волја, а за безмолвникот е паѓање - коа ќе ја прекине и напушти својата молитва. “Затоа нивниот ум прави прељубодејство кога отстапува од спомнувањето за Бога, како од свој младоженец и ќе се зафати со некои од последните работи.

Не е можно да ги научиме сите на ова. Можеме да ги научиме простите и неписмените, поради нивното смирение, кое е способно за секоја добродетел. Оваа наука не може да им се предаде на непослушните, па биле тие неучени или учени, зашто самоволните секогаш имаат високо мислење за себеси, по што обично следи прелеста, како што вели свети Исак. А некои, без да помислуваат за она што може да нанесе штета, учат дека треба да се прават усилби околу одржувањето на спомнувањето за Бога, за да свикне умот на тоа и да го засака, а тоа е неможно особено за оние, кои свикнале да живеат на свој начин. Зашто, бидејќи нивниот ум е нечист од мрзливоста и од високото мислење за себеси и дека не е претходно очистен со нивните солзи, тие повеќе гледаат срамни слики на своите помисли отколку што имаат вистинска молитва; во нивното срце се загнездени нечистите духови, кои чкртаат со своите заби, затоа што се вознемируваат со спомнувањето на Божјото име, сакајќи да го убијат оној што им причинува болка. Ако самоволниот слушне за ова или научи од книга и посака да се раководи според него, тој, ако почне да се принудува, или ќе падне во прелест или ќе остане неизлекуван; или, ако не преземе ништо, во текот на целиот својземен живот, нема да има никаков успех.

9. И јас ќе кажам нешто од она што сум го дознал од моето лично искуство. Кога седиш во безмолвие дење или ноќе, непрестајно моли Му се на Бога, со смирение и без помисли, а умот твој да се замори од извикувања, па да почне да те боли и телото и срцето од непрестајното повикување на Исуса, без да чувствуваш топлина или развеселување, од кои се раѓа и поткрепува ревноста и трпението на подвижникот, тогаш стани и почни да пееш псалми, или ти сам или заедно со твојот ученик, кој е со тебе, или занимавај се со некои зборови од Светото Писмо или воопшто со богомислие; или потони во мисли за твојата смрт; или зафати се со твојата рачна работа; или читај или слушај го со внимание она што се чита; за сето тоа време - стој, за да го измориш твоето тело. - Кога стоиш додека ги пееш псалмите, прво прочитај го „Трисвето“, а потоа моли се душевно и умствено, при што умот твој нека внимава што станува во твоето срце. - Ако те нападне униние, читај псалми, два или три, како и умилните тропари, но не гласно, зашто таквите не пеат гласно, како што говори свети Јован Лествичник. За нив е доволно само срдечно и побожно размислување и духовна топлина, како што рекол свети Марко, од кои се добива духовна радост и веселба. А по псалмите, моли се умно или душевно, без расеаност, а на крајот заврши со „Алилуја“. Овој ред го препорачуваат свети Варсонуфиј, свети Диодох и други. Според светиот и божествен Василиј, псалмите треба да ги менуваме секој ден, заради зголемување на усрдноста и заради тоа: умот, ако пее сѐ едно исто, да не ја губи сладоста од пеењето. На нашиот ум треба да му даваме слобода, и тој уште повеќе ќе се утврди во својата ревност и усрдност. - А, ако стоиш на молитва заедно со твојот верен ученик, тој нека ги чита псалмите, а ти, внимавај на своето срце и моли се и пази се. А сите помисли, чувствени или духовни, кои излегуваат од твоето срце, победувај ги со твоите молитви. Зашто, безмолвието е отстранување на помислите, кои не се од Бога и не се божествени, за да не, сметајќи ги како добри, го загубиш она што е поголемо.

10. За прелеста

Ти што Го љубиш Бога, внимавај грижливо и разумно, кога, трудејќи се во својата духовна работа, ќе видиш во себе или надвор од себе светлина, или оган или некаков лик, на пример, лик на Христа, на ангел или на некој друг, не прифаќај го како вистински, за да не претрпиш штета. А и ти самиот не прави слични вообразби, не свртувај го твоето внимание кон нив и на умот свој не дозволувај му да се отпечатуваат во него. Зашто, сето ова, бидејќи се случува надвор напечатувано и вообразувано, служи за прелестување на твојата душа. - Вистинскиот белег на молитвата е нејзината топлина во срцето, која ги изгорува страстите, леснината и радоста, која вселува во срцето непоколеблива љубов и несомнено верување. Сѐ што влегува во твојата душа, говорат отците, чувствено или духовно, штом се посомнева твоето срце во него, не примај го, зашто не е од Бога, туку е испратено од непријателот. Исто така, кога ќе го видиш твојот ум да биде влечен надвор од тебе настрана или кон висините, да биде влечен од некаква невидлива сила, не верувај во ова и не дозволувај му на умот да биде влечен, туку веднаш принуди го да си ја извршува својата работа. - Она што е од Бога, тоа доаѓа само од себе, говори свети Исак, тогаш кога ти и не знаеш кога се случува тоа. Макар врагот да се обидува како призрак да го претставува духовното дури и во твоите долни органи, кога ти предложува едно, место друго, кога место топлина, ти наведува некаква одвратна жештина, место веселба те поттикнува кон некаква безумна и мокра сласт, и успева да се сокрива од неискусните зад овие прелести, но по извесно време, опитот и чувството обично го открива, и ти го распознаваш како познато демонско искушение. Светото писмо говори дека вкусот ги разликува јадењата. Така и духовниот вкус јасно ни покажува што е што, нѐ претпазува да не паднеме во прелест.

11. За читањето

Свети Јован Лествичник говори: „Ако живееш дејствителен живот, читај ги често списите на отците. Ако тоа што го читаш го применуваш во твојот живот, тогаш читањето на други работи ќе ти биде непотребно“ (Слово 27, 78). Секогаш читај за она што е напишано за безмолвието и молитвата кај свети Јован Лествичник, кај свети Максим исповедник, кај свети Симеон Нов Богослов и кај неговиот ученик Ститат, Исихиј, Филотеј Синајски и кај другите кои пишувале за овие работи. - Другите списи остави ги за извесно време, не затоа што не можеш да ги поднесуваш, туку затоа што тие тогаш не се соодветни за твојата духовна состојба, со твојата желба да навикнеш на молитвата. Кога читаш, читај насамо и не читај гласно за да не ти се случи да се погордееш пред себеси: или со својот глас или со убавото и уметничко читање или да не замислиш дека се наоѓаш на братско собрание и сите ти се восхитуваат на убавото читање и изговарање. Исто така не читај и многу ненаситно зашто во сѐ е потребна мерка и таа е најдобра од сѐ друго; не читај ни многу брзо, ни многу мрзливо и невнимателно, туку со побожност, внимателност и со разбирање. Умот, окрепуван со корисни читања, почнува да се моли поразумно и позасилено. Неуредното читање го помрачува умот и го раслабува; тогаш тоа бива неугодно и некорисно за твојата молитва.

12. Обрнувај внимание на намерата на твојата волја, набљудувај на каде се наклонува: кон Бога, кон самото добро и самата корист од твоето безмолствување; дали ги пееш псалмите, ги читаш молитвите или сѐ друго што правиш, да не бидеш заробен од ништо, без да забележиш, за да не се случи - според твојата схима да бидеш Божји работник, а по твоето срце - човек што не сака да Му угодува на Бога. Зашто, лукавиот има многу искушенија и внимателно и тајно настојува да ја придобие нашата слободна волја, да ја поткраде нашата работа, без да сме свесни за тоа, за да не Му биде угодно на Бога она што го работиме. - Иако тој непрестајно војува против тебе, ти имај намера да Му угодуваш само на Единиот Бог, тогаш тој нема да може да те поткрадува, и покрај тоа што ќе се обидува да ја напаѓа и расколебува твојата волја. - И, ако некој, по немоќ и против својата волја, биде победен, Бог, Кој ги знае и намерите и срцето, брзо простува и пофалува. - Суетата не му дава на монахот да преуспева во добродетелта, така тој само се измачува, а на крајот не покажува никакви плодови. Суетата им се приближува и на почетниците и на средните и на совршените, и ги поткрадува плодовите од нивните трудови.

13. Еве што уште сакам да ти кажам врз основа на мојот личен опит. Монахот никако не може да напредува без следниве добродетели: постот, воздржувањето, бдеењето, трпението, храброста, безмолвието, молитвата и смирението, - кои се раѓаат една од друга и една друга се хранат. Непрестајниот пост, исушувајќи ја похотта, го раѓа воздржувањето; воздржувањето - бдеењето; бдеењето - трпението; трпението - храброста; храброста - безмолвието; безмолвието - молитвата; молитвата - молчењето; молчењето - плачот; плачот - смирението; исто така, смирението - плачот и така натаму, одејќи по обратен пат, ќе најдеш како ќерките ги раѓаат своите мајки.

14. Овде е потребно да ги наброиме трудовите на овој подвиг по ред и да ги покажеме точно како треба да ги минуваме овие трудови, за да не се случи некој да оди по овој пат само по она што го слушнал од нас и да не добие плод, па потоа да нѐ обвинува нас или некој друг, дека не сме го научиле како што треба, дека не е така како што сме му кажале. Зашто, тие покајанието во своето срце и телесните трудови, обично, ги прават како што треба. Преку нив се пројавува дејството на Светиот Дух, кое му се дава на секој верник во светото крштевање, но поради тоа што не ги извршува заповедите и што не се труди е погребуван од своите страсти. Бог, според Својата голема милост, очекува покајание за нашите гревовни паѓања, така што на крајот да не чуеме за нашите гревови: „Земете го од него талантот и дајте му го на оној што има десет таланти... а кој нема (плод), ќе му се одземе и она, што мисли дека го има“ (Матеј 25, 28; Лука 8, 18) и да не бидеме испратени во пеколот, та вечно да бидеме измачувани. Секоја духовна или телесна работа, која не е поврзана со болка или со труд, никогаш не му дава плод на оној што ја извршува, зашто како што говори Господ: „Царството небесно насила се зема и силните го грабаат“ (Матеј 11, 12). Под зборовите: „насила се зема“, треба секогаш да го разбереме секое телесно измачување. Многумина, во текот на многу години ги извршувале своите трудови без напори и болки, се покажувале и се покажуваат лишени од секоја чистота и не соединети со Светиот Дух, токму затоа што не ги претрпеле тешките маки на телесните трудови. Се чини дека оние што се трудат многу, но не со особена грижа, туку мрзливо, се трудат попусто и никогаш не берат плодови од таквиот свој труд, затоа што не се труделе со сета своја сила и што нивниот труд не бил поврзан со телесни напори и болки, што сето тоа го правеле без вистинско чувство. Сведок за вистинитоста за ова ни е и свети Јован Лествичник, кој говори: „И кога би имале најголеми подвизи во нашиот живот, ако немаме сострадално срце, тогаш сите наши трудови би ни биле пусти и бесплодни“ (Лествица, слово 7, 64). За истото сведочи и свети Ефрем Сирски, велејќи: „Кога се трудиш, труди се со сите свои сили, труди се до болка, за да ја избегнеш болката заради попустите трудови.“ Зашто, ако, според пророкот, телото наше не се истошти од испосничкиот труд, ако не нѐ опфатат болки, слични на тие што ги има онаа што раѓа, тогаш нема да го зачнеме духот на спасението во земјата на нашето срце“ (сп. Иса. 21, 3; 26,18). Но, ние се фалиме само со долгите години на нашето престојување во неплодната пустина и со нашето мрзливо безмолвие, мислејќи дека поради тоа претставуваме нешто. А тогаш кога нашата душа ќе се одвои од телото, тогаш ќе дознаеме каков е плодот на нашиот живот.

15. Никој не може самиот да ја научи уметноста на добредетелите, иако некои се ползувале со својот опит како со учител. Зашто, ако се раководиме сами, а не според советите на оние што самите успеале во својот живот, доведува или подобро раѓа - високо мислење за себеси. Ако Синот не прави Сам од Себеси, туку прави онака како што Го научил Отецот (сп. Јован 5, 19-20), а и Духот не ни говори од Себеси (сп. Јован 16, 13), тогаш кој може да помисли, дека достигнал до таква височина на добродетелта, на која веќе нема потреба од таинственото духовно раководење? - Причината за ова треба да се бара во безумието и самоизмамата. Затоа треба да ги слушаме оние, кои во својот личен живот ги доживеале болките и трудовите на дејствителниот живот, и под нивно духовно раководство да ги минуваме: постот, кој значи гладување, неслаткото воздржување, трпеливото бдеење, изморувачкото коленичење, неподвижното стоење, непрестајната молитва, непрестајното и искрено смирение, постојаната скрушеност и непрекинливото воздигнување, мудрото молчење и трпението во сѐ, како што се вели во Светото писмо: „Ти ќе јадеш од плодовите на рацете свои“ (Псал. 127, 2) и уште: „Царството небесно насила се зема и силните го грабаат“ (Матеј 11, 12). Оној што се труди со сите свои сили секој ден да ги извршува спомнатите работи, тој собира со Бога и тој во свое време ќе бере плодови од нив.