Од житието на свети Григориј Палама, Архиепископ Солунски Чудотворец

Браќа мои, христијани, никој нека не мисли дека само свештенослужителите и монасите се должни непрестајно и секогаш да се молат, а не и мирјаните. Не, не, сите христијани сме задолжени постојано да се молиме. Зашто, гледајте што зборува светејшиот Цариградски патријарх Филотеј, во житието на свети Григориј Солунски. - Овој светител имал сакан пријател, по име Јов, човек прост и многу добродетелен. Еднаш, зборувајќи со него за молитвата, свети Григориј рекол дека секој христијанин е должен секогаш да се подвизува во молитвата, непрестајно да се моли, како што им заповедал светиот апостол Павле на сите христијани, велејќи: „Молете се постојано!“ (1. Сол. 5, 17), како што говори за себеси и светиот пророк Давид, иако бил цар и бил обврзан да се грижи за целото свое царство: „Секогаш Го гледав пред себе Господа “ (Псал. 15, 8), односно секогаш духовно Го гледам пред мене, во мојата молитва. И свети Григориј ги учи сите христијани и им говори, дека почесто треба да го спомнуваат Божјото име во своите молитви, почесто отколку што вдишуваат воздух. Говорејќи му за ова на својот пријател Јов и, додавајќи уште и многу други работи, особено му говорел дека, покорувајќи им се на светите заповеди, ние сме должни не само ние самите да се молиме секогаш, туку дека сме должни и да ги учиме другите, сите воопшто - и монасите и мирјаните, простите и учените, и мажите и жените, и старите и децата и да ги поттикнуваме кон непрестајна молитва.

Кога старецот Јов го чул ова, нему му се чинело како нешто ново, па почнал да му говори на својот владика, дека непрестајната молитва е само за аскетите и монасите кои живеат далеку од светот и од неговите суети, а не е и за мирјаните, кои имаат толку многу грижи и работи. Светителот навел сведоштва за потврда на оваа вистина и нови непобитни докази, но старецот останал и од нив неубеден. Тогаш свети Григориј, за да ги избегне многуте зборови и љубовта спрема препирките, замолчел, и така обајцата си пошле во своите ќелии.

Кога потоа Јов се молел во својата ќелија насамо, му се јавил ангел, испратен од Бога, „Кој сака да се спасат сите луѓе и да ја познаат вистината“ (1. Тим. 2, 4), и го прекорил затоа што спорел со свети Григориј и се противставувал на очигледната вистина, од која зависи спасението на христијаните; известувајќи го од името на Самиот Бог: во иднина да внимава и да се пази да говори против оваа вистина, која е толку корисна за спасението на луѓето и да ѝ се противставува на Божјата волја, па дури и во умот свој да не ја задржува оваа помисла и да не се обидува да мудрува и да му се противставува на свети Григориј. Тогаш, овој прост и неучен монах побрзал да отиде кај светиот владика и паднал пред неговите нозе и му се молел да му прости затоа што му противречел и што имал љубов спрема препирањето, и му открил сѐ што му рекол Господовиот ангел.

Ете, браќа мои, сега гледате, дека сите христијани, од најмали до најголеми, се должни да се молат непрестајно со умствената молитва: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“, така што и умот и срцето да свикнат да ги изговараат овие зборови. Уверете се, колку Му е ова пријатно на Бога и колку големи добрини произлегуваат од ова, кога Он, од Своето неизмерно човекољубие, го испратил небесниот ангел, да објави никој да нема сомневање во оваа вистина.

Но, што говорат мирјаните? - Тие велат: „Ние сме пренатоварени со светски работи и грижи, па како можеме непрестајно да се молиме?“

А јас им одговарам дека Бог не ни заповедал ништо што е неможно, туку само она што можеме да го правиме и да го направиме. Па затоа и ова може некој да го направи, ако се труди ревносно за спасението на својата душа. Зашто, ако тоа беше неможно, тогаш би било неможно за сите мирјани воопшто, тогаш не би се нашол некој од христијаните што живеат во светот, како што треба, а такви луѓе имало и има; меѓу многумината што живееле во светот и имале непрестајна молитва е свети Григориј Солунски, оној прекрасен Константин, кој, иако живеел и се движел среде дворскиот царски бурен живот, се нарекувал татко и учител на царот Андроник и секојдневно се занимавал со царски и државни работи, иако имал голем имот и многу робови, жена и деца, и покрај сето тоа, тој бил нераздвоен од Бога и толку приврзан кон непрестајната умствена молитва, така што многупати заборавал што му говорат царот и високите царски службеници, и повеќепати за една иста работа. Многумина од дворјаните, без да знаат каква била причината за тоа, се наоѓале во непријатна положба и го прекорувале за тоа што толку го обременува царот. Но царот, знаејќи ја причината, го заштитувал и говорел: „Константин има свои мисли, кои понекогаш не му даваат со сето свое внимание да се однесува кон нашите работи“.

Преголемо е мноштвото други, кои слично на него, живееле во светот, а биле сосема предадени на умствената молитва. За ова нѐ уверуваат историски записи за нив. - Па затоа, браќа мои христијани, ве молам и јас заедно со свети Јован Златоуст, заради спасението на вашите души, не бидете невнимателни спрема оваа и ваква молитва. Угледајте се на оние, за кои ви говорев, и колку што ви е можно - следете ги. Во почетокот ова може да ви се покаже тешко, но бидете уверени, како од Самиот Седржител Бог дека самото име на нашиот Господ Исус Христос, кое непрестајно го повикувате, ќе ви помогне да ги совладате сите тешкотии, па со текот на времето ќе свикнете со ова и ќе вкусите колку е слатко името на Господа. Тогаш и лично ќе признаете дека ова не само што не е неможно и тешко, туку е и можно и лесно. Затоа, светиот апостол Павле, кој знаел многу подобро од нас колку е големо доброто, кое го добиваме преку оваа молитва, ни заповедал непрестајно да се молиме. Тој не би нѐ обврзувал да го правиме ова, кога тоа би било извонредно тешко и неможно, зашто однапред би знаел, дека ние, ако немаме можност да го извршиме тоа, би станале непослушни спрема неговата заповед, па, според тоа, и достојни за осудување и казна. А таква не можела да биде намерата на апостолот. Затоа, внимавајте и на тоа каков е начинот на оваа молитва, за тоа дека е можно непрестајно да се молиме, ако се молиме умствено. А ова можеме да го правиме секогаш кога ќе посакаме. Зашто и кога седиме и ја работиме нашата рачна работа, и кога одиме и кога правиме храна, и кога пиеме, секогаш може со умот наш да се молиме, и да ја извршуваме умствената молитва, оваа вистинска молитва, која Му е угодна на Бога. Со телото ќе работиме, а со душата ќе се молиме. Нека нашиот надворешен човек ги извршува своите телесни работи, а внатрешниот нека Му биде посветен на Бога, на служењето на Бога, и никогаш да не отстапува од оваа духовна работа, од делото на умствената молитва, како што ни заповедал нашиот Господ, Богочовекот Исус Христос, во Светото евангелие, велејќи: „Кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата своја, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Он што гледа тајно, ќе те награди јавно“ (Матеј 6, 6). Собата на душата е телото; а вратите се петте телесни сетива. Душата влегува во својата соба кога не талка ваму-таму по работите на овој свет. Нашите сетива се затвараат тогаш кога не им даваме да се прилепуваат кон видливите работи и нашиот ум, на тој начин, останува слободен од секаква страсна приврзаност кон овој свет, а преку скриената умствена молитва се соединува со Бога, со својот Отец.

„И твојот Отец, Кој е во тајност, ќе те награди јавно“ (Матеј 6,6), додава Господ. Ете, гледаш, Бог, Кој знае сѐ што е скриено, умствената молитва ја наградува со големи јавни дарови. Зашто, оваа молитва е вистинска и совршена; таа ја исполнува душата со божествена благодат и со духовни дарови, слично на мирото, кое го проникнува сѐ повеќе садот во кој се наоѓа, доколку е тој посилно и подобро затворен. Така и молитвата, колку е посилно заклучена во срцето, толку повеќе изобилува со божествената благодат.

Блажени се оние кои свикнуваат на оваа божествена работа, зашто преку неа го победуваат секое искушение од лошите бесови, како што Давид го победил гордиот Голијат. Со неа ги изгаснуваат срамните телесни желби, како што трите момчиња го изгаснале пламенот во разгорената фурна. Со оваа умствена молитва се скротуваат страстите, како што Даниил ги скротил дивите зверови. Со неа ја спуштаат росата на Светиот Дух во своето срце, како што светиот пророк Илија симнал дожд на планината Кармил. Оваа умствена молитва издигнува дури до самиот Божји престол и се пази во златна чаша и како кадило издава пријатна миризба, како што го видел ова светиот апостол Јован Богослов во Откровението: „Дваесет и четирите старци паднаа пред Ангелот, држејќи секој од нив гусле и златни чаши, полни со темјан, кои се молитвите на светиите“ (Откр. 5, 8). Оваа умствена молитва е светлина, која ја просветува душата на човекот, а срцето негово го распалува со огнот на љубовта спрема Бога. Таа е верига, која ги држи во единство Бога и човекот - Бога со човекот и човекот со Бога. Благодатта на умствената молитва не може да се сподели со ништо! - Таа го поставува човекот во положба на постојан собеседник со Бога. Ова е работа, која е навистина пречудна и прекрасна! Да бидеме телесно меѓу луѓето, а умствено да разговараме со Бога.

Ангелите немаат телесен глас, но со умот свој Му принесуваат непрестајно славославие на Бога. Во тоа се состои целата нивна работа и на тоа е посветен целиот нивен живот. Така и ти, брате, кога влегуваш во твојата соба и ја затвориш вратата, односно, кога умот твој не талка ваму - таму, туку влегува во твоето срце, а твоите сетива се заклучени и недостапни за работите од овој свет, и на овој начин се молиш секогаш, тогаш ти си сличен на светите ангели, и твојот Отец, Кој ја гледа твојата тајна молитва, која Му ја принесуваш во скриеноста на твоето срце, те наградува со два големи јавни дарови.

А што сакаш повеќе од ова кога, како што реков, кога секогаш духовно се наоѓаш пред лицето на Бога и непрестајно разговараш со Него, разговараш со Бога, без Кого никој човек не може да биде блажен ни во овој, ниту во идниот живот.

На крајот, брате мој, кој и да си ти, кога ја земаш оваа книга во твоите раце и, откако ќе ја прочиташ, ќе посакаш лично да ја испиташ користа за душата што ѝ ја дава умствената молитва, тогаш, не заборавај, најискрено те молам, кога ќе почнеш да ја правиш оваа молитва, уште со самото изговарање на зборовите: „Господи помилуј!“ придонеси Му на Бога просба и за грешната душа на оној, кој се потрудил да ја напише оваа книга, како и за оној што се потрудил за нејзиното издавање и печатење, зашто тие имаат голема потреба од твојата молитва, за да ја придобијат Божљта милост за својата душа, како и ти за својата. Амин.

                     Нека биде така!

Од житието на свети Григориј Палама, Архиепископ Солунски Чудотворец (второ поглавие)