Патријарх Калист и неговиот соподвижник Игнатиј Ксантопул

Калист светејшиот патријарх Цариградски и Ксантопул дејствувале за време на Андроник II Палеолог во 14 век. Откако се научил на подвижнички живот кај свети Григориј Синаит, а потоа го напишал неговото опширно житие, Калист се подвизувал најпрво во Света Гора Атонска, во скитот Магула, кој се наоѓа близу до манастирот Филотеја. Таму живеел со својот собрат Марко цели 28 години, но со Игнатиј, кој го имал истото презиме Ксантопул, бил во такви извонредни пријателски врски, така што се чинело дека имаат една душа. Откако станал патријарх, тој тргнал во Србија, во придружба на повеќемина клирици, со цел да внесе мир во тамошните црковни пригоди. Тогаш ја посетил и Света Гора каде што Максим Капсокаливит му ја претскажал скората смрт, велејќи: овој старец веќе нема да си ја види својата паства, зашто по него се слуша погребната песна „блажени непорочни...“ Откако стигнал во Србија, тој навистина го разменил својот привремен за вечен живот.

За овие двајца големи подвижници Симеон Солунски, размислувајќи за Исусовата молитва, говори вака: „За оваа молитва, во наше време, пишувале, водени од Светиот Дух, богоносните отци Калист, патријархот на новиот Рим и со него еднодушниот негов соподвижник преподобен Игнатиј, во книгата што ја составиле богомудро, во која го изложиле потполно и совршено сето она што се знае за оваа молитва. Тие израснале и своето образование го стекнале во царскиот град. Откако напуштиле сѐ што е световно и земно, во почетокот живееле монашки и во послушност во манастирска заедница, а потоа, заедно живееле небесно подвижништво, живеејќи само во Христа, онака како и Самиот Господ Исус Христос, што се молел: ,Оче Свети, запази ги во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние“ (Јован 17, 11) и го запазиле мирот меѓу себе, каков што им посакал светиот апостол Павле на своите ученици, велејќи им: ,мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христаʼ (Филип. 4, 7), тој мир го запазиле до совршенство, мирно преминале и во другиот живот, каде што се насладуваат со вечниот мир, соѕерцавајќи Го уште почисто Христа, Кого Го засакале и барале со сета своја душа, со Кого единствено живеат и со Неговата преслатка светлина се насладуваат, за што придобиле залог уште за време на својот земен живот, откако се очистиле преку соѕерцание и дејствување, се удостоиле со небесно просветување, од што се гледа одблесок и на нивните лица, како што се гледало на лицето од архиѓаконот Стефан“ (гл. 295).

Патријарх Калист и неговиот соподвижник Игнатиј Ксантопул