Собрано од светите отци

1. Сета грижа на подвижникот треба да биде свртена кон тоа: повозвишениот дел на душата да не биде унижен со напади од ниските и сластољубиви похоти. Зашто како би можела душата со слободно око да гледа на духовниот свет, кој ѝ е сроден, ако се прилепи кон ниските сласти, кон сластите на телото? Затоа, пред сѐ, потребно е подвижникот да го одржува воздржувањето, ова безопасно засолниште на целомудрието, и да не му дозволува на владеачкиот ум да се враќа кон нечистите помисли. Исто така, неопходно е потребно да се грижи за внатрешниот човек, за да може умот да не биде расејуван и да биде прилепен кон Божјата слава, како кон своја последна и крајна цел, ако сакаме да го избегнеме судот на Господа, Кој рекол: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија; така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие“ (Матеј 23, 27-28). Затоа е потребен голем подвиг, и тоа според правилата на духовниот живот, и во срцето, и во зборовите и во делата, за да не ни биде попусто благодатта што сме ја примиле.

2. Како што восокот ја прима формата на садот во кој се влева кога е растопен, или обликот на печатот, што се става на него, кога е мек, така и ние нашиот внатрешен човек да го образуваме според учењето на нашиот Господ Исус Христос, на дело извршувајќи го она што го рекол светиот апостол Павле: „Откако веќе го соблековте стариот човек со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се обновува во познатото, според образот на својот Создател..„“ (Кол. 3, 9-10). Апостолот ги нарекува „стар човек“ сите гревови и осквернувања. И затоа вели дека треба да го обликуваме нашиот внатрешен човек „во обновен живот“ (Рим. 6, 4) до самата смрт, за да бидеме достојни да можеме со право да речеме: „Јас веќе не живеам туку Христос живее во мене“ (Гал. 2, 20). За тоа се потребни голема ревност и грижа, така што, ако постапуваме спротивно на оваа заповед, да не бидеме лишени од таквиот и толкавиот плод и да не потпаднеме под страшните застрашувања заради тоа. А кога ѓаволот ќе се осмели да нѐ нападне и почне со голема сила, пуштајќи ги со голема сила против нас своите нажештени стрели - своите лукави помисли во безмолвната и спокојна душа и ненадејно ја распалува, причинувајќи да си спомнува за она што одамна го отфрлила и што успеала веќе да го избрише во себе, тогаш е потребно да се противстави со сила, трезвеност и со голем напор на сите овие напади, сѐ додека не успее потполно да ги одбие, слично на борач, кој со големо внимание и движења на своето тело - ги одбива сите напади на противникот. Но, првенство во ова треба да ѝ се дава на молитвата и барање помош одозгора во оваа борба за одбивање на противничките стрели и конечна победа. На ова нѐ учи светиот апостол Павле, велејќи: „Над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги угаснете сите вжештени стрели на лукавиот; земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кое е словото Божјо! Со секаква молитва и просба молете се со духот во секое време и грижете се за тоа со постојанство и молба за сите светии“ (Ефес. 6, 16-18).

3. Кога душата, откако ќе ја загуби својата прибраност и напрегнатост на мислите, ќе почне да внесува во себе спомени за нешто од минатото, тогаш помислата, необучена и неискусна, се устремува кон предметите за кои си спомнува и занимава само со тие работи и, најпосле, се предава потполно во срамни и лоши помисли. Ваквата невнимателност и несреденост на душата треба што побрзо да биде доведена во ред, издигнувајќи го својот ум напрегнато и внимателно, принудувајќи го веднаш да се зафати со вршење на добри работи. Зашто вистинскиот филозоф или некој од мудрите луѓе на Исток, имајќи го своето тело како седиште на својата душа, и како безопасно место за свое засолнување, било да е на пазариште или некоја празнична свеченост, на планина или в поле, среде толпа на многу луѓе или седи сам во својот манастир, - својот ум го собира внатре во себеси и размислува за она што е добро. Можно е и кога е човек во својата ќелија мислите да не му се прибрани и да талкаат, а оној што е среде пазариште може да има внимателен ум и да биде трезвен, како да е во пустина, да биде целиот во себеси и да Му се моли на Бога, без да прима впечатоци од надворешниот свет, кои во голем број паѓаат на неговите сетива, од надворешните предмети.

4. Оној што пристапува кон телото и крвта на Господа Исуса Христа за Негов спомен, Кој умрел и воскреснал за нас, треба да биде чист не само од телесна и туку и од духовна нечистотија, за да не јаде и да не пие за свој суд и осудување, туку да покажува дека ја извршува волјата на Оној, Кој умрел и воскреснал и дека не само што е чист од гревот, туку и дека умрел за гревот, и за светот, и за себеси и дека живее само за Единиот Бог.

5. Некои од порочните помисли никогаш не влегуваат во нашата душа ако се оградиме со силна ограда. Некои од нив се раѓаат внатре во нас тогаш, кога сме мрзливи и брзо растат, но штом ќе ги сознаеме, тие брзо слабеат и исчезнуваат. А некои се раѓаат, растат, стануваат лоши дела и го растројуваат сето здравје, а тоа бива кога сме потполно мрзливи и кога сме невоздржливи. Блажени се оние што воопшто не ги прифаќаат лошите помисли. Блажени се и оние, кои, кога ќе влезат во нив лоши помисли, веднаш ги изгонуваат, не им даваат подолго да се задржуваат во нив, за да не ги осквернат пасиштата на нивната душа и да не ги направат штетни. Но, ако нашата мрзливост дојде и до таму, сепак, не треба да се очајуваме, зашто и во таквиот случај човекољубивиот Бог приготвил лекарства за лекување и на овие духовни рани.

6. Те молам, сѐ додека си во твоето тело, да не го правиш она што го сака твоето срце.

Зашто како што земјоделецот не може да има доверба во секое растение, кое ќе никне во неговата нива, зашто не знае што ќе се случи со него, пред да може да го собере и да го смести во својата житница; исто така, човекот не може да прави сѐ што сака, неговото срце сѐ додека е жив, зашто не знае каква страст може да настане од тоа и дали ќе може да ја совлада. Уште повеќе, пак, монахот ова не треба да си го дозволува, туку секогаш треба да вика кон Бога, да бара милост, ако сака да го добие царството небесно.

7. Нашиот лукав непријател знае дека оној што се моли нерасеано може да направи многу, па брза да употреби секакви начини и средства, за да го расее неговиот ум. Но ние, знаејќи го тоа, да се наоружаме што можеме подобро против нашиот непријател, така што, кога се молиме, кога се молиме, стоејќи или коленичејќи, да се трудиме на ниедна помисла да не ѝ дадеме да влезе во нашето срце, ни бела ни црна, ни десна ни лева, ни напишана ни ненапишана, освен нашето молење кон Бога и она што следува одозгора во нашиот ум како просветување и озарување.

8. Потребен е многу голем труд и многу време да се задржиме на молитвата, за да не дозволиме да се расее нашиот ум, кој е како небо во нашето срце каде што престојува Христос, како што говори апостолот: „Или не сте свесни дека Исус Христос е во вас?“ (2. Кор. 13, 5). Ако некој сака да го види својот ум во ваква состојба, тој треба да се пази од сите помисли, и тогаш ќе го види својот ум како небесен сафир. Умот нема да го види Божјото место во себе, ако не се издигне над сите свои помисли за работите, ако не се соблече и ослободи од страстите, кои го врзуваат со видливите предмети преку помислите. Страстите ќе ги изгони преку добродетелите, а бестрасните помисли за работите - преку духовно соѕерцание, а ова се постигнува кога ќе се појави во него Божјата светлина.

Собрано од светите отци