Од житието на нашиот преподобен отец Максим Капсокаливит

Божествениот Григориј Синаитски, кога се сретнал со свети Максим Капсокаливит, разговарајќи со него, го прашал меѓу другото, и ова: „Дали имаш умствена молитва?“ А тој, откако одмавнал малку со главата, му одговорил: „Не сакам, чесни отче, од тебе да го сокривам чудото на Пресвета Богородица, кое стана со мене. Уште од младоста јас имав голема вера во Пресвета Богородица и со солзи ѝ се молев да ми ја даде оваа благодат на умствената молитва. Еден ден, откако дојдов во храмот, како што имав обичај, јас ја молев за ова со преголема топлина на срцето, и кога потоа со љубов ја целивав нејзината света икона, веднаш почувствував во моите гради и во моето срце некаква особена топлина и некаков пламен, кој излегуваше од светата икона, нешто што ме печеше, оросуваше и насладуваше, а сето тоа внесуваше во мојата душа голема душевна радост. Од тој миг, отче мој, моето срце однатре почна да се моли и умот мој да си спомнува за Господа Исуса Христа и за Пресветата моја Владичица Богородица и секогаш да биде во ова спомнување во нив. И од тоа време не престанува молитвата во моето срце, прости ми.“

Свети Григориј пак го прашал: „Кажи ми, свети отче, дали ти се случуваше во тоа време да ја изговориш молитвата: „Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!“? И дали ти се случувала некаква божествена промена, вознесување или некој друг плод на Светиот Дух?“

-Божествениот Максим му одговорил: „Да, свети отче, и затоа сум се оддалечувал во пусти места и повеќе од сѐ го сакав потполното безмолвие, за да можам да се насладувам во најголема мера со плодот на молитвата: со преизобилната љубов спрема Бога и со издигнувањето на умот кон Господа.“

Свети Григориј пак го прашал: „Те молам, отче, кажи ми, го имаш ли ти тоа за што говориш?“

-А свети Максим, откако погледна надолу, му одговори: „Не прашувај ме, оче, за моите прелести“.

Тогаш свети Григориј му рекол: „О, отче свети, кога и мене би ми дал Господ таква прелест, како тебе! Впрочем, ти се молам, кажи ми: во кој час и како твојот ум е издигнуван кон Бога и што гледа тогаш тој со своите умствени очи? И може ли тогаш умот заедно со срцето да ја вознесува молитвата?“

-Свети Максим му одговорил: „Не, не може. Зашто кога благодатта на Светиот Дух ќе дојде во човекот преку молитвата, тогаш се прекратува молитвата, зашто тогаш умот е сосема завладеан со благодатта на Светиот Дух и не може веќе да дејствува со своите сопствени сили, туку останува во дејствување и Му се покорува на Светиот Дух; и каде што сака Светиот Дух, таму го води, или во нематеријалниот воздух на божествената светлина или во некое неискажливо соѕерцание, или, како што бива често, во божествен разговор и, да кажеме накусо, така како што сака Утешителот. Светиот Дух така и ги утешува Своите слуги; според потребите на секого од нив, Он им ја дава Својата благодат. Ова што го говорам јас, може секој да го види јасно кај пророците и апостолите, кои се удостоиле да имаат секакви виденија, иако луѓето се подбивале со нив, сметајќи ги за прелестени и пијани. Така, светиот пророк Исаија Го видел Господа на престол висок и превознесен, окружен со серафими. Светиот првомаченик Стефан ги видел небесата отворени и Господа Исуса оддесно на Отецот. - На ист начин и сега Христовите слуги се удостојуваат да гледаат разни виденија, во кои некои не веруваат и никако не ги признаваат за вистински, туку ги сметаат за прелестени и оние што ги гледаат и сметаат дека се наоѓаат во прелест. И јас се вчудовидувам многу и се прашувам какви се тие луѓе, како заслепиле нивните очи, така што ни гледаат, ни веруваат, ниту сакаат да поверуваат во она што го ветил нелажливиот Бог преку устата на светиот пророк Јоил, дека токму тоа ќе им го даде на оние што ќе поверуваат во Него, велејќи: „И, ете, по тоа ќе излеам од Мојот Дух врз секоја плот, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија“ (Јоил 2, 28), каква благодат Господ им испратил на Своите ученици, а и сега ја дава и ќе им ја дава до крајот на светот, според Своето ветување, на сите Свои верни слуги. Па затоа, кога оваа благодат на Светиот Дух ќе слезе на некого, тогаш не му покажува нешто обично од она што станува во видливиот свет, туку му покажува нешто што тој никогаш не видел и не може да си вообрази. Тогаш умот на таквиот човек е научуван од Светиот Дух на возвишени и скриени тајни, кои, според божествениот Павле: „Око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна она, што Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат“ (1. Кор. 2, 9). А за да разбереш како нашиот ум ги гледа овие работи, потруди се да навлезеш во ова што ќе ти го речам. Восокот, кога е далеку од оган, тврд е и можеме да го земеме в раце и да го држиме, но штом го ставиме до огнот, веднаш се растопува и таму се распалува и гори; целиот станува светлина и на тој начин завршува среде огнот. Така е и со човечкиот ум, сѐ додека е сам, додека не се сретнал со Бога, тогаш, како и обично, го разбира она што го окружува, според своите сили, но штом се приближи до божествениот оган и кон Светиот Дух, тогаш целосно станува светлина, и таму во пламенот на Светиот Дух се разгорува, се разлива во божествените помисли, и тогаш среде божествениот оган, никако не може да мисли за она што ќе посака.

Потоа свети Григориј му напомнал: „Има нешто друго, драги мој Капсокаливите, кое е слично на ова, но тоа е дејство на прелеста .

-На ова великиот Максим му одговорил: „Да, има, но за нив има посебни причини, - едните се белези на прелеста, а другите - на благодатта. Кога лошиот дух на прелеста се приближува до човекот, тој го возбудува неговиот ум и го прави див; срцето негово се онечистува и помрачува; се исполнува со страв, трепет и гордост; очите му се извртуваат, мозокот е вознемирен, целото тело му трепери, пред очите гледа некаква нечиста и призрачна светлина, црвеникава, умот му станува избезумен и побеснет; устата негова почнува да говори лоши и хулни зборови. Оној што ќе го види овој дух на прелеста, се исполнува со лутина и со гнев; тој воопшто не знае за смирение, ни за плач, ни за солзи, туку секогаш ги истакнува своите добри особини и се фали со нив; секогаш, без воздржување и без страв Божји, им се предава на страстите, а најпосле се лишува и од умот и потполно се загубува и пропаѓа. Од ваквата прелест да нѐ избави Господ по твоите молитви пречесни отче.

-А признаците на благодатта се следниве: кога благодатта на Светиот Дух ќе влезе во човекот, таа го собира неговиот ум и го прави внимателен и смирен, му напомнува за смртта и за неговите гревови, за идниот Суд и за вечните маки; душата негова ја исполнува со скрушена духовна радост и ја поттикнува кон плач и солзи; очите негови се кротки и исполнети со солзи; и што повеќе се зближува со човекот, повеќе ја смирува неговата душа и ја утешува со страдањата на нашиот Господ Исус Христос и со Неговата бескрајна човекољубивост, а умот негов се исполнува со возвишени соѕерцанија: 1) за несфатливата Божја сила, за тоа како Он привел во битие сѐ само со Своето слово; 2) за безграничната сила, со која одржува сѐ, управува со сѐ и промислува за сѐ; 3) за несфатливата Света Троица и неиспитливата бездна на Божјата суштина, и друго. Тогаш, умот се восхитува со божествената светлина и се просветува со светлинско знаење; срцето станува тивко и кротко и изобилно ги источува плодовите на Светиот Дух: „љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, благоста, милосрдноста, верата, кротоста и воздржливоста“ (Гал. 5, 2223), и душата негова ќе прими неискажлива веселба.“

Откако го ислушал ова, свети Григориј Синаитски, се исполнил со преголема радост и вчудовиденост од сето она што го кажал свети Максим Капсокаливит, и веќе не го нарекувал човек, туку земен ангел.

Преподобен отец Максим Капсокаливит