ИСПОВЕД НА СИБИРСКИТЕ ЗАТВОРЕНИЦИ

                На редакцијата ѝ ги приложувам моите записи „ Христијанско четивоˮ, по кажувањата на нашиот руски монах-мисионер во Сибир, за она што го видел и доживеал во тој зафрлен дел на нашата татковина. Запишував сѐ, од збор до збор, чувајќи ја, по мое мислење, возвишената едноставност на кажувањата на отецот-мисионер.  Тој не предлагаше неговите спомени да се печатат и, воопшто, тој на нив не им го придаваше она значење кое, по мое уверување, тие несомнено го имаат.

                ... Во нашето време се разбуди интересот за религиозно искуство, за тоа како човекот ја прифаќа религијата со срцето, како религиозните уверувања влијаат на неговата волја, како во човекот се подигаат и спуштаат брановите на религиозниот занес. И, за да се запознаат со ова искуство, луѓето одат, во најголем дел, далеку наназад, или во страна, внимателно проучувајќи разноразни фантастични раскажувања, носат заклучоци, колку категорични, толку незасновани. Низ кажувањата на отецот-мисионер, пред нас искрснува, за нас близок живот, душата на нашиот современ руски човек, во сета сложеност на неговите религиозни преживувања. Доволно е да се каже дека раскажувачот повеќе од десет години бил мисионер – проповедник во нашите затвори, ги посетувал, разговарал со политичките затвореници и со криминалците, умеел да ја разбере сложеноста на нивниот духовен живот, пламено да ги засака тие несреќни луѓе, и што е најтешко и најзначајно – да ги привлече кон себе и да ја заслужи нивната огнена љубов и доверба. Најголемиот дел од спомените се однесува, всушност, на изнесувањето  на драмата на религиозното спознавање кое го доживуваат нашите осуденици. Ако Записите од мртвиот домˮ на Достоевски го подигнал крајчето на завесата на нивниот општествен живот, спомените на нашиот подвижник-мисионер претставуваат силно сведоштво за тоа дека во душата на човекот останува светлина која и во темнината свети. Најголема вредност, по мое мислење, имаат забелешките на отецот-мисионер во врска со животот и верувањата на нашите сибирски иноплемици, руските јуродиви и т.н. Со еден збор, овде, во овие спомени, пред нас се открива живиот живот на нашата татковина, и притоа не ретко се осветлуваат оние негови страни кои обично се скриени од нашите погледи. Можеби, книжевна обработка, овој материјал би го направила попривлечен за читателот. Но, јас сум длабоко уверен дека потполната точност на записот повеќе им содејствува на важноста и вредноста на забелжувањата за животот на човечката душа и нејзините религиозни доживувања. Затоа си дозволив целосното кажување да го изложам во прво лице, како што говореше раскажувачот.

                                                                                        Уредникот на руското издание